Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Death in Solun

II ДЕЛ - Part 01

Par Јован Парлапанов · Partie 6 sur 28 · Environ 21 minutes

Lire en English

II ДЕЛ

I

1. Бојмица. Мало гратче. Куќарките ниски. Улиците тесни и калливи. Понекаде имаше вирови од снегот што се топеше. Железничката станица, приземница со кат, обоена со сива боја, осамена го очекуваше возот од Солун. Неколкуте патници цупкаа под стреата и си ги криеја главите од капките што капеа од покривот. Перонот мал собираше одвај дваесетина патници. Првиот човек на железничката станица облечен во железничарска униформа и капа на главата излезе на перонот и згазна во вирот. Чевелот му потона во водата и тој направи смешна гримаса. Го собу чевелот и ја истури водата од неговата внатрешност. Повторно го обу. Никој од патниците што чекаа под стреите да се појави возот од Солун не се насмеа и помести. Сите се туткаа во зимските палта и се заштитуваа од студот. Првиот човек на железничката станица застана до колосекот и ја подигна високо главата.

“Сега”, промрморе и се сврте налево, потоа надесно и викна радосно. “Возот од Солун пристигнува. Сите на перонот подготвени. Возот стои една минута и не чека никого”.

Луѓето излегоа од под стреата и им се приближија на релсите. Големата парна локомотива се покажа на свијокот. Испушташе голем бел облак. По миг застана пред првиот човек на железничката станица.

“Добре дојдовте”, им викна на машиновозачите првиот човек на железничката станица и мирно ги поздрави, допирајќи си ја капата со прстите на десната рака.

Машиновозачите му отпоздравија и се навалија на валканото пенџере.

“Што има ново, Јорго?”

“Се е мирно. Како да немало војна”, им одврати Јорго, првиот човек на железничката станица.

Молчеа. Кондуктерите излегоа од вагоните и вдишаа од студениот воздух. Беа облечени во униформи на железницата. Преку градите имаа тенок кожен ремен на кој висеше кожна торба со средна големина. Кондуктерот што излезе од првиот вагон запали цигара и го врати кибритот во џебот. Пафна неколку дима од цигарата и вдиша свеж воздух.

“За тебе е животот, Јоргосе, можеш да се капеш во убавиот планински воздух”,му рече кондуктерот.

“Така е, Стефанос. Животот е во дивината подобар. Се шегуваш со постар човек”.

“Планината е животот, Јоргосе... Проклета цигара”, се закашла кондуктерот и ја фрли цигарата во блискиот вир.

“Качувајте се!”, им викна Јорго на кондуктерите. “Во ова проклето место никој не слегува”, потоа ја подигна палката високо и свирна со свирката.

Кондуктерите се качија во вагоните. Возот еден миг мируваше . Машината испушти голем облак пареа и тркалата зашлајфуваа во релсите. Потоа настана синџирест тресок на вагоните еден во друг и полека возот тргна. Јоргос се насмевна. Стоеше омагиен и зачуден што никој не слезе од возот.

2. Возот измина. Големиот чад и пареата се издигнаа високо кон небото и исчезнаа. Јорго сакаше да се врати во станичната канцеларија, но го задржа на на перонот необичната фигура на Ставре Наковски и нежното лице на Евангелија Гаспарова. Се израдува.

“Сепак некој слезе од возот”, се насмевна Јорго. “По толку години некој слезе од возот”, умуваше и не го симнуваше погледот од Евангелија и Ставре. Размислуваше што ги довело во гратчето. Стоеше опиен од нивното присуство.

Ставре Наковски не му возврати на погледот. Ја фати под рака Евангелија и полека поминаа преку релсите. Поминаа покрај

збунетиот Јорго. Го поздравија со кимнување на главата и заобиколувајќи го вирот во кој згазна Јорго влегоа во станичната зграда. Внатре топлина им ги олабави телата. Ставре се сврте да види дали Јорго се уште стои на перонот и кога го забележа како стои приковано за калливата земја се насмеа. Повторно ја фати под рака Евангелија и излегоа низ тесната врата на станицата што водеше во чекалната каде што се купуваа и билети за воз во сите правци.

Јорго стоеше неколку мига замајан и наеднаш се стрча кон станичната зграда. Влезе во чекалната. Прошара со очите. Не виде никого внатре. Застана до пенџерето. На улицата далеку кај средината на големата вода ги забележа Евангелија и Ставре. Се насмевна задоволно.

“Ова не е повеќе проклета железничка станица. По две години слегоа првите патници. Сега сум вистински управник на станицава”, рече гласно и не се тргна од пенџерчето.

3. Ставре Наковски со едната рака ја држеше Евангелија под рака а во другата носеше голем куфер. Нозете му пропаѓаа во калта. Лицето му спотнуваше од горештината. Одеше и молчеше. Честопати погледнуваше во Евангелија. Не забележуваше умор на нејзиното мазно, бело лице и задоволно ги развлекуваше симпатичните усни во насмевка. Очите му шараа по ниските куќи со избледена боја на ѕидовите. На некои забележуваше дупки од куршуми. Полека одминуваа од улицата што го делеше гратчето на два дела. Од левата страна на улицата имаше мали дуќани со мешана стока. Сите на кои наидоа беа затворени.

“Гратчево како да потонало во длабок зимски сон. Има ли народ во овие куќи?”

“Луѓето се се уште потресени од војната и затоа седат дома. Се плашат”, му одврати Евангелија.

“Ѓаволот знае што се случува. Ние да побрзаме. Не чека долг и напорен пат. Костанерија е далеку”, и рече мирно и го забрза

чекорот. Евангелија запруса. Свртеа кај последната куќа и тргнаа по патот што водеше во големата густа шума што се покажа пред нивните очи. Молчеа. Патот беше каллив, неразгазен и нозете им пропаѓаа длабоко во меката земја. Ставре и помагаше на Евангелија повешто да го совладува тешко проодниот пат. Не застанвуваа. Иако беше угорнина и калта им го отежнуваше чекорењето не покажуваа умор на лицата. Го искачија првиот рид и се спуштија во долот. Почна да врне снег. Ставре Наковски се насмеа гласно.

“Зимата не поздравува, Евангелијо, и ни посакува добредојде во родниот крај”.

“Студено ми е”, се пожали Евангелија и се замота во зимското палто. Усните и беа помодрени, нозете замрзнати, од носот почна да и капе солена водичка и често шмркаше. Очите и солзеа.

Ставре Наковски застана. Го спушти куферот на едно големо стркалано стебло и го отвори. Извади одвнатре една бела поткошула и ја скина на две парчиња. Потоа и ги соблече скорните чевли на Евангелија и и ги замота нозете со топлата памучна ткаенина.

“Облечи си ги чевлите! Сега е подобро нели?” и рече и ја бакна. Го затвори куферот.

“Си спомнуваш ли на нашето прво патување низ планинава?”, праша одненадеж Евангелија.

Ставре Наковски се насмевна. И помогна на Евангелија да ги обуе чевлите.

“Барем нема да поминеме покрај куќата на Лефтер Ципурјазовски”, промрморе тивко.

“Ќе одиме по друга патека?”

“Не ми кажа што се случи во куќата на Ципурјазовци. Нив ги пронајдов убиени, масакрирани во дворот. Иако беше невреме те барав насекаде... Не си ми раскажала.”

“Помина војната и ужасот со неа. Живи сме и здрави и тоа е важно во мигов. Не потсетувај ме на деновите на војната. Ги мразам, зашто ми внесуваат немир во душата и не можам да спијам.”

Ставре не настојуваше да слушне нешто повеќе за настанот. Го подигна куферот и ја фати под рака Евангелија.

“Да одиме! Планината знае да приреди изненадување. Ќе останеме во шумата со заледени души”, и рече нежно и ја повлече за раката. Повторно згазнаа во калта. Воздухот им влегуваше длабоко низ дишникот и неговата чистота им ги полнеше градите. Ставре Наковски почна да кашла. Евангелија се доближи до него. Молчеа. Погледот им го мамеше непрегледната костенова шума. Подувна ветре и им ги штипна образите. Евангелија се засолни зад Ставре. На нозете не чувствуваше студ. Снегулките и се лепеа на носот и таа невешто ги симнуваше од него.

“Ќе се одмориме ли? Уморна сум.”

“Погоре има чешма и таму ќе одмориме малку. Мораме да поитаме инаку ќе другаруваме со волците”, се пошегува со неа Ставре.

“Зар има волци?”, рече уплашено Евангелија.

“За градските луѓе има. Ние селаните сме навикнати да другаруваме со нив.”

Евангелија се вознемири. Очињата почнаа да играат по околината немирно.

“Не грижи се, будалче. Волците се плашат од луѓето”, и рече за да ја смири и ја повлече по себе.

“Каде?”, се изненади Евангелија што ја одвлекува од патот.

“Под онаа бука има изворче. Таму ќе одмориме малку.”

“Ти ми рече дека има чешма.”

“Во оваа планина нема чешма. Има само една и таа е во Костанерија”, воздивна и седна на костеновото дрво полегнато на земја. Го отвори куферот и извлече леб и суво месо замотани во бел чаршав. Ги стави на дрвото.

“Ќе каснеме малку. Ќе ни треба душичката. Не чека долго и мачно патување низ планинава”, скрши од лебот и и подаде. “Земи си месо”, и рече и гризна од лебот поголем залак.

Евангелија зеде помало парче месо и почна покроце да џвака.

“Планината ме плаши”, рече вознемирено.

“Ќе навикнеш. Јади!”

4. Два часа подоцна. Ставре Наковски застана. Евангелија ги рашири очите од изненадување. Пред нив се покажаа згуросани греди покриени наместа со снег.

“Каде ме доведе?”, се вознемири Евангелија.

“Во Костанерија”, и рече весело Ставре.

“Селото е пеплосано и во него нема живот. Зар ќе живееме како дивјаци?”, се побуни Евангелија.

“Не грижи се! Куќата е изгорена, но нешто понатаму е старата семејна куќа и неа пожарот не ја зафати. Ќе се сместиме во неа додека не ја подигнам татковата куќа.”

“Ставре, мил мој, зар во пустелијава? За два месеци ќе родам. Кој ќе им помогне? Ти!?”, заплака Евангелија.

Ставре ја гушна. И ги провлече своите тенки прсти низ косата и ја бакна во челото.

“Да одиме!”, и рече и ја поведе. Снегот беше прилично длабок. Се пробија до старата семејна куќа на Ставре. Влегоа внатре. Малите соби со ниски тавани и со земјани подови беа влажни. Насекаде имаше пајажини. Некои ситни животинки се разбегаа. Влегоа во пукотините по ѕидовите.

“Ќе им биде добро”, и рече Ставре и го спушти куферот на земјаниот под. “Имаме кревет и постелнина. Тоа е доволно да почнеме да живееме како сиот свет.”

Евангелија седна на креветот и си ја спушти главата во дланките. Заплака.

“Ке разгледам наоколу”, и рече Ставре и излезе. Набрзо се врати со нарамник вејки. Ги спушти на подот покрај буџакот и ги нареди една врз друга. Извади од куферот стар весник и го пикна меѓу гранчињата. Потоа чкрапна со кибритот и ја запали хартијата. Се појави пламенче. Наскоро одајата се стопли. Огинот баботеше среде одајата. Пламенот му допираше до црното бакарно котле што висеше над него закачено за една од гредите што го сочинуваа и го крепеа покривот да не се урне.

5. Евангелија плачеше. Не се помести од креветот. Ставре се смешкаше. Молчеше. Излезе од одајата и низ тремот се дограби во дворот. Зачекори по патеката што водеше на селската улица. Потоа го забрза одот и стигна на селеските гробишта. Пријде до еден од гробовите и долго стоеше немосан покрај него. Лицето му потемни. Вилиците му се стиснаа. Ги искорна со раце нараснатите тревки на гробот и го поднамести кандилото што се беше накривило од неверемето. Ги напушти гробиштата нем. Повторно се најде на долгата селска улица. Застана пред татковата куќа. Срцето му затрепери од возбуда. Ги гледаше јагленосаните греди и молчеше, стискајќи си ги забите да не рикне од болка. Потоа ги расчисти гредите од снегот и го ослободи влезот до она што беше останало од куќата. Горниот кат беше наполно изгорен. Влезе во внатрешноста и ја разгледа.

Се разведри во лицето. Се спушти низ гредите во визбата и се насмеа задоволно. Наиде на негибнато. Излезе од визбата и тргна пругоре по улицата. Наеднаш застана и наслушна . Ушите му ги наполни чкрипење на селска запрега.

“Некој доаѓа”, помисли и не се помести од улицата.

6. Стоеше како омагиен. Кон него идеше бавно запрега натоварена со покуќнина. Воловите што ја влечеа колата застанаа пред него.

“Што си застанал среде улица?”, му викна човекот од колата и слезе. Му појде во пресрет.

“Здраво, Димитар, добре дојде во Костанерија”, му рече Ставре мирно.

Димитар Попгонев се вчудовиди.

“Зар не си во Атина?”, се зачуди Димитар.

Ставре Наковски се насмеа гласно. Го гушна Димитар.

“Дојди кај мене да испиеме по една лута”, му рече и го поведе во старата семејна куќа. По нив тргна колата што ја влечеа двата вола. На прагот ги пречека Евангелија. Се уште беше тажна. Ги покани внатре. Се собраа околу буџакот. Огинот им ги топлеше телата. Задоволство се оцртуваше на нивните лица.

“Бидете мои гости додека не ја направиш куќата”, му рече Ставре.

“Ќе ти бидам благодарен”, му одврати весело Димитар. Голтна неколку голтки од шишето што му го подаде Ставре и направи задоволен израз на лицето.

“Одлична е”, рече и покажа на Евангелија. “Ќе не запознаеш?”

Ставре Наковски се насмеа.

“Тоа ми е сопругата. Се вика Евангелија. Наскоро очекуваме и нови членови на нашето семејство”, рече весело и фрли неколку суви дрва во огинот.

“Нека ти е со среќа. Господ да ви подари долг и среќен живот. Благословени да сте”, им рече Димитар Попгонев и си ги почеша долгите побелени мустаки.

7. Седеа околу огинот и молчеа. Ноќта навлезе длабоко. Ставре го симна котлето од ченгелот. Го стави на софрата.

“Имаме само леб. Лажици немаме. Кашата е готова и кој е гладен нека повели”, ги покани на вечера.

“Ние имаме лажици”, му рече Димитар и седна на софрата. Се прибраа околу котлето и другите. Почнаа да сркаат од топлата каша. По вечерата не се задржаа многу. Беа уморни. Легнаа. Никои на подот а некои на креветот. Сите спиеја во една соба. Брзо потонаа во длабок сон. Огинот угасна и во собата завладеа темнината.

II

1. Ставре Наковски сечеше дрва во планината. Пено Попгонев ги закачуваше со ченгел и ги врзуваше за големите ремени, кои беа прицврстени за вратовите на воловите. Ги удираше воловите со тенка прачка и тие ги повлекуваа дрвата.

“Не сечи повеќе! Има доволно за два покриви”, му рече Пено.

Ставре Наковски ја спушти секирата на тревата. Се насмеа. Набрзина ја облече кожната виндјакна и му се придружи. Пено ги потера воловите. Се спуштија низ падинката. Набрзо беа на селската улица. Во пресрет им доаѓаше висок човек и се смешкаше. Ставре Наковски се насмеа. Човекот им се доближи сосема. Се ракуваа.

“Добре дојде во Костанерија, стрико Гоне. Со тебе селото ќе живне”, му рече Ставре весело.

“Неколку семејства пристигнаа со мене. Костанерија ќе биде повторно големо село.”

Пено Попгонев ги потера воловите. Ставре Наковски тргна по него.

“Кога ќе се вселиш во татковата куќа?”, праша Гоне.

“За неколку дена. Повели во нашата стара семејна куќа на чај”, го покани Ставре.

Гоне Сливаров се насмеа гласно.

“Стана домаќин. Ќе дојдам”, му рече и продолжи по патот.

2. Пено Попгонев ги откачи гредите од ремените и ги потера воловите дома. Ставре Наковски тргна по него. Потоа скршна од патот и влезе во дворот на својата семејна куќа. Почна да ги клоца големите треви што беа израснале на каменестата почва и како не успеа да ги згмечи влезе во куќата. Во одајата ја затече Евангелија легната на креветот.

“До каде стигна со изградбата на куќата?”

“Утре ќе ја покриеме. Ќе се вселиш во нова куќа, убава, чиста и сува.”

“Вечер ќе дојдат Попгоневи на гости.”

“Извонредно! Го поканив Гоне Сливаров. Одлично раскажува случки од минатото. Ќе биде забавно”, воскликна Ставре и ја соблече виндјакната.

“Ќе ми потуриш ли со ѓумот да се измијам?”

“Веднаш”, му одврати Евангелија. Го зема ѓумот и излезе во дворот. Ставре побрза по неа.

“Кога ќе родиш?”

“Кога ќе посакаат да излезат”, се насмевна Евангелија.

“Зар се повеќе?”, се зачуди Ставре. “Како знаеш?”

“Ми кажа Донка. Познавала по големината на стомакот”, поцрвене Евангелија и му потури вода од ѓумот врз рацете.

3. Ставре Наковски се изми и се врати во собата следен од Евангелија. Седна на софрата и чекаше Евангелија да постави ручек. Си ги триеше дланките задоволно.

Евангелија му принесе чинија со грав и топол пченкарен леб. Ставре Наковски го зграби лебот, скрши парче од него и го стави во уста. Потоа сркна со лажицата од гравот.

“Вкусно е, многу”, и рече и свирна од задоволство.

Евангелија се насмеа. Стана од софрата.

“Ќе го наместам креветот да си прилегнеш. Уморен си”, му рече весело. Пријде до креветот и ја крена постелата. Под јамболијата се покажа бел чаршав.

4. Ставре Наковски заврши со јадењето. Се напи вода. Беше задоволен и тоа не го криеше. Си ги соблече чевлите и панталоните и легна во креветот. Евангелија му ги смести чевлите во ходникот и се врати во одајата. Го слушна ‘рчењето на Ставре и се насмеа гласно. Потоа и самата се пикна во креветот...

5. Пред зајдисонце Евангелија се разбуди. Излезе во дворот. Си потури вода од ѓумот и си го изми лицето. Се врати во одајата.

Тргна кон креветот да го разбуди Ставре, но се премисли и влезе во другата соба. Потоа излезе и го разбуди Ставре. Му потури со ѓумот да се измие и двајцата задоволни и весели се вратија во одајата. Евангелија го намести креветот. Ставре седна на софрата. Силен тресок на вратата го натера да потскокне од столчето.

“Сигурно се Попгоневи”, рече Евангелија и потрча да отвори. Вратата се рашири и пред неа се покажа постар човек со ведро лице и остар поглед.

“Повелете, влезете”, му рече Евангелија и се потргна настрана да влезе човекот.

“Не плаши се, снао. Мене ме викаат чичко Гоне а ова е мојата сопруга Хрисанта. Имаме и дечиња. Господ не не заборавил. Дома ли е Ставре?”

“Јас сум Евангелија, сопруга на Ставре. Влезете, тој ве очекува.”

Гоне Сливаров влезе во одајата. Ставре Наковски стана од столчето. Се ракуваа.

Во одајата влегоа Хрисанта Сливарова и нејзините три деца. Евангелија ги смести да седнат на креветот. Гоне седна на софрата. Нов тропот одекна и портата сама се отвори. На вратата на одајата се појави Димитар Попгонев со домаќинката и неговите две деца, Пено и Дино. Ставре Наковски весело ги поздрави.

“Донеси ракија, жено!”, и викна нежно на Евангелија. “Седнете!”, им понуди место на софрата на Гоне и неговите два сина. Донка Попгонева помина покрај нив и седна до Хрисанта Сливарова на креветот. Се поздрави со Донка и ги помилува дечињата.

6. Во другата соба Евангелија почна да стенка. Ставре Наковски скокна од столот и со два чекори се најде покрај неа. Стигна

навреме да ја придржи да не падне на подот. Ја подигна на раце и ја внесе во одајата. Сите станаа од местата на кои седеа. Евангелија беше бледа во лицето и се гушеше. Ставре ја легна на кревтот и донесе леген со вода. Ја попрска по лицето. Донка Попгонева се насмеа. Пријде до Евангелија и и го избриша челото со бело шамивче.

7. Хрисанта Сливарова се израдува. Ги сакаше децата. Со своите четириесет години роди три деца: две женски и едно машко. Најголемото дете по име Агапи, имаше деветнаесет години, помалата Каљопа, дванаесет, додека најмалото, Коста, немаше полни две години. Беше здрава жена. Сите работи во куќата ги вршеше сама. Ретко му дозволуваше на Гоне да работи нешто, освен да лови и да носи дрва од планината. Хрисанта ги испрати своите три деца до вратата и почека да излезат придружени од Гоне, потоа ги пропушти и двата сина на Димитар да излезат и ја затвори вратата. Се врати кај креветот.

“Стопли вода во големоно тенџере!”, и рече на Донка, “и донеси чисти крпи, сигурно има во сандакот”, и и се внесе в лице на Евангелија.

“Ќе раѓаш, жено!”, и рече низ насмевка, и и го крена фустанот над колената. И ги свлече гаќите. Воздивна длабоко. Се сврте да види дали е водата подготвена. Се насмеа. Го виде тенџерето закачено на ченгелот. Висеше над жарот.

“Сега напни се и терај го детето да излезе од тебе”, и рече нежно на Евангелија и и ги подигна колената. “Ќе родиш две” и рече и се насмеа гласно.

Водата во тенџерето се смлачи. Донка го извлече од ченгелот и го стави до креветот. Од сандакот извлече бели крпи и ги стави на креветот. Почна да ја сили Евангелија да се напрега. Се и беше попусто. На Евангелија и стивнаа боловите и таа се олабави.

“Ќе чекаме”, рече Хрисанта Сливарова и седна на креветот. Донка остана да стои.

8. Ставре Наковски стоеше во тремот. Наслушнуваше. Тишината што настана во одајата го вознемири. Очекуваше да чуе детски плач. Сакаше да влезе во одајата, но се воздржа и остана во тремот. Цели два часа не седна. Во другата одаја се пронесе детски плач и тој се насмеа. Срцето му биеше силно. Чекореше нервозно. Беше возбуден.

“Машко е”, го слушна гласот на Хрисанта Сливарова. “Нека ти е здрав и жив синот!”

“Благодарам”, викна весело Ставре. “Може ли да влезам?”

Хрисанта Сливарова се насмеа гласно.

“Има уште едно дете во стомакот на Евангелија. Почекај, додека не те повикам.”

Шеташе по ходникот. Потоа почна да претура низ камарите, но не најде ништо. Ни самиот не знаеше што бара. По еден час до него допре попискав детски глас.

“Сигурно е второто дете”, помисли Ставре и наслушна.

“Женско, ќерка е Ставре”, викна Хрисанта Сливарова. Почекај уште малку.

“Има уште”, се одзва Ставре.

“Нема. Почекај!”, му викна остро Донка.

9. Донка Попгонева ги стави децата во креветот покрај Евангелија.

“Нека ти се здрави и живи. Да си исчекаш внуци од нив”, и рече и ги покри тројцата со јамболијата. Евангелија и кимна со главата и и се насмевна нежно. Ги помилува дечињата. Вратата

крцна и внатре влезе Ставре. Евангелија го погледна мило. Ставре пријде до креветот и ја бакна во челото.

“Сега сме големо семејство, жено”, и рече нежно. “Среќен сум”.

Евангелија се насмевна и ги гушна дечињата. Хрисанта Сливарова си ги изми рацете и седна на софрата. Донка Попгонева донесе од другата соба шише ракија и три чаши. Ги стави чашите на софрата и ги наполни со ракија.

“За здравје на близначињава!”, им рече и ја подигна чашата. Истото го сторија Хрисанта и Ставре.

“Нека се здрави и живи!”, рече Донка и ја испи ракијата во една голтка.

Хрисанта се насмеа.

“Нека се здрави и живи и да си исчекаме внуци од нив”, му рече на Ставре и ја погледна Евангелија. Ги беше замижала очите. Покрај неа мируваа близначињата.

“Да си одиме, Донке”, и рече Хрисанта и стана од столчето.

“Добра ноќ, Ставре и чувај си ја женичката и дечињата. Сега си вистински домаќин”, му рече Донка и и се придружи на Хрисанта. Излегоа низ вратата во тремот и потоа во дворот. Ставре ги придружуваше до улицата.

“Ви благодарам и поздравете дома”, им рече и се врати во одајата. Седна на столот до креветот. Срцето му пееше од радост. Не ја угасна свеќата. Го остави да гори и кандилото. Заспа, седнат на столот.

III

1. Осамна. Кољо Бочваров се подготви за патување. Се поздрави со сопругата и излезе на улицата. Надвор се беше покриено со снег. Зачекори полека. Газеше во снегот и нозете му пропаѓаа

длабоко во белилото. Пред куќата на Ставре Наковски застана. Се зачуди што го гледа Ставре со чеканот во раката.

“Кога ќе се вселиш во неа?”, праша Кољо.

“За три дена. Семејната куќичка е влажна. Се плашам да не се разболат дечињата”, му рече Ставре загрижено.

“Господ нека ти е на помош. Ако не можеш сам викни ги моите синови нека ти помогнат”.

“Нема многу работа. Ќе биде мачно само за покривањето... Ти, каде си тргнал?”

“Одам во Солун. Имам некои порачки од жената. Ќе купам малку облека и некои други работи”, се насмеа Кољо.

“Направи ми едно добро”, го замоли Ставре.

“Секако. Кажи што треба да сторам за тебе?”

“Ќе одиш во пансионот “Македонија” и ќе го побараш Пондилаки. Ќе му кажеш да дојде во Костанерија на крштевка на децата. Им треба кум.”

“Лесна работа, но не го познавам човекот.”

“Прашај во пансионот. Сите го познаваат.”

“Ќе сторам како што велиш”, му рече Кољо и тргна. “Кога ќе се вратам да си вселен во куќата!”

“Да се надеваме, Кољо. Се бидува на овој свет. И јас се надевам да влезам во куќава пред да се вратиш од Солун.”

2. Пондилаки седеше со докерите во пансионот и пиеше ракија. Над својата глава почувствува планински мирис и силна рака му се залепи за рамото. Се сврте. Го виде лицето на човекот. Се зачуди. Не го познаваше.

“Ти си Пондилаки?” праша Кољо.

“Да, од главата до петиците”, му рече Пондилаки низ насмевка.

“Ти носам поздрав од Костанерија”, му рече Кољо.

“Седни!”, му рече Пондилаки, “Донеси ракија, Стојосе!”, викна по келнерот.

Стојос Панајопулос им донесе ракија. Кољо Бочваров ја прифати понудената чаша, отпи голтка ракија и си ги излижа усните со јазикот.

“Ви носам поздрав на Ставре Наковски. Има близначиња, машко и женско и ве кани на крштевка.”

Пондилаки се насмеа гласно. Гостите во пансионот се свртеа кон него. Се вознемирија. Стојос Панајопулос им пријде. Сиот трепереше.

“Ставре Наковски има близначиња, машко и женско”, радосно му рече Пондилаки.

Стојос Панајопулос се насмеа погласно од Пондилаки и ги вознемири уште повеќе гостите во пансионот.

“По една пијачка за близнаците на Ставре, најголемиот уметник на Македонија и Грција”, викна гласно. Појде до шанкот и зграби едно шише ракија. Со ред им тури во чашите на сите гости во пансионот. Го дигна шишето високо.