VIII - Part 02
2. Пондилаки ја затекна Ника Марија како седи на железниот кревет од кој се чадеше пареа од напластената прашина. Вратата на приземницата за која секој што поминуваше покрај неа мислеше дека ќе падне при првиот налет на ветрот што дуваше откај големата солена вода, беше ширум отворена и се лулееше и ја разбиваше тишината што царуваше со куќата. Внатре се мирисаше на смрт. Го налегна такво чувство.
“И нема спас”, помисли.
И Ника Марија не го препозна Пондилаки. Само мафташе со рацете, не испуштајќи глас од устата, иако широко ја отвараше, но кога Пондилаки се доближи до неа, забележа дека и е отсечен јазикот. Сакаше да и помогне, но се повеќе се уверуваше во нејзината скора смрт. Ника Марија седеше счучулена скоро собрана во куп коски и кожа со неизмиена, измрсена, долга коса што и го покриваше целото тело. Ни одблизу не го потсети Пондилаки на девојката со мазна, мека кожа што сјаеше при допирот со светлината. Смртта како да ја беше зграбила сосема и ја влечкаше во своето царство. Пондилаки и ја поткрена црната коса што ширеше мирис на одамна умрена мачка и за малку неповрати од она што го забележа. Ника Марија наместо очи на истото место имаше згуросани дупки. Беше без очи. Пондилаки си спомна на нејзините зелени разиграни очи од кои извираше топлина при секоја нивна средба. Еднаш пред да почне војната, бегаше од полицијата. Се скри во куќата, оваа иста куќа. Се двоумеше дали да остане со потемнетата кожа на голотијата што се испречи пред него и му ја разбудинка душата, или да побара некое посигурно место кај некој негов познаник а не кај извајаното тело кое го покриваа две долги нежни раце со зашилени нокти кои се простираа скоро до бистрите зелени
проѕирни очи од кои извираше недоверба, топлина и покорност. Тогаш успеа да го смири нејзиното разиграно срце кое забрзано ги креваше и спушташе јадрите гради со високо подадени пуполки под кои се ширеа црни дамки што предизвикуваа страст, онаква каква дотогаш не беше почувствувал и посакувал зошто и самиот подоцна призна оти за него тоа било непознато. Не ја напушти трошната приземница и одајата. Се нурна во мазната кожа што му замириса тогаш, на расцутен трендафил и остана во неа цели седум дена. Тие денови црвениот фенер не висеше пред вратата на Ника Марија. Се раздели од неа и повеќе не ја сретна, иако ја бараше насекаде во Солун.
Сега кога ја пронајде кожата му се наежи, се уплаши да не го најавне смртта и него, но сепак реши да и врати за помошта и сладоста што му ја даде Ника несебично и со љубов. Иако Ника наликуваше на чумосана, ја искапе и откако ја исчисти собата, ја стави во креветот. Потресен од изгорениците на нејзиното тело, ископаните очи од кокалите и отсечената дојка, побрза да го врати долгот што го чувствуаше спрема Ника. Од пансионот “Македонија” донесе храна и ја нахрани. Потоа ја препушти на сонот. Излезе од куќата зашеметен. Зачекори по улицата замислен. Стигна во пансионот “Македонија”. Пријде до шанкот. Се навали да не падне!
“Каде е Фоти?”, праша.
“Зар не знаеш?! Го нема веќе неколку дена. Сите го бараме”, му одврати Стојос Панајопулос зачуден што Пондилаки го бара Фоти во пансионот. Му налеа во една чашка ракија и му ја подаде.
“Напиј се, заприлегаш на споменик”.
Пондилаки ја турна чашката настрана. Се сврте и полека излезе од пансионот.
3. Надвор нозете му се зарија во снегот. Почна да дува ветер. Водата што капеше од покривите, носена од ветерот, му се залепуваше за образот. Се замота со јаката на палтото и го
забрза чекорот. Сврте во една уличка, потоа смени уште неколку и се најде во куќата на Ника Марија. Не разговараше со неа. Молчеше замислен. Наеднаш стана и без да се поздрави со Ника ја напушти собата и излезе на улица. Одеше по калдрмата и намерно си го внесуваше лицето под стреите за да се разлади со водата што капеше од покривите. На крајот од уличката застана и одеднаш сврте лево. Потрча. На лицето му се појави црвенило. Трчаше и се задиша. Излезе кај црквата Света Катерина. Го заобиколи големиот камен и се упати кон куќата на Доне Биндов.
“Заборавив на состанокот! Зар мораат да држат состаноци! Целиот полуостров врие а тие состаноци. Главите ќе ни ги пресечат – ние леб бараме. Глупости! Власта ни излета од рацете. Сега можеме само да жалиме што се однесовме како деца...”, мислеше и така замислен влезе во зградата во која живееше Доне Биндов. Во собата го дочека млада девојка со пријатен изглед и бенка на голиот врат.
“Те очекуваат во гостинската соба”, му рече девојката.
“Тебе те викаат Јана Чакаларова?!”
“Јана Чакаларова, да, така ме викаат”, му одврати девојката.
“Го познавав твоето момче”.
“Влезете, ве очекуваат”, му рече Јана и го потурна да влезе во гостинската соба. По него и самата влезе внатре. Му се насмевна нежно на Доне Биндов и му покажа на Пондилаки каде да седне.
Пондилаки им кимна на присутните поздравно и седна на столот што му го понуди Јана Чакаларова. Ги прифати дискретните поздрави на присутните и и се насмевна на Јана. Потоа ги начули ушите.
“Можеме да почнеме со состанокот”, рече Доне Биндов. “Со Пондилаки сме комплетни”.
“Да почнеме”, промрмореа присутните.
“Мој предлог е состанокот да има само една точка на дневниот ред и тоа: Политичката и економската положба во земјата и улогата на македонската организација во остварувањето на политичкиот и економскиот живот со осврт на решавањето на македонското прашање што како цел си го зацрта нашата организација... Се согласувате?”, направи пауза Доне Биндов.
Присутните кимнаа потврдно со главите.
“Тогаш да поминеме на првиот дел од првата точка на дневниот ред. Си земам слобода да ве информирам за политичката и економската положба во земјата. Некој да е против?”, праша Доне Биндов и почека некој од присутните да се јави за збор.
“Морам да речам дека уморина се забележува кај народот. Воспаничен е. Несигурност се чувствува насекаде. Војната однесе многу животи и ако победивме, проблемите не ги отстранивме. Гладта ни е првиот непријател. Владата не прави никакви напори да не заштити. Беше договорено да спроведува демократија во земјата. Да преземе акции за обновување на националното богатство. Наместо акција таа се повеќе ни ги покажува своите ројалистички, проанглиски настоенија и со секиој изминат ден го зголемува својот успех на тој план, смалувајќи го бројот на демократски настроените наши сограѓани, ја уништува нивната улога како сила со која треба да се договори за формирање на нова политика во земјата. До сега работите стојат лошо. Наша задача е да го спречиме уништувањето на демократските сили во градот. Ние како македонска организација не остануваме издвоени од целокупниот политички живот во земјата. Ќе останеме во борбата и заедно со целиот прогресивен демократски народ во земјата ќе бараме владата да го реши нашето национално прашање. Ќе ги положиме животите доколку борбата го бара тоа од нас, но нема да попуштиме... Толку, ако сака некој збор слободно нека се произнесе”, се накашла Доне Биндов.
“Ако те разбрав добро, војната е на прагот”, сериозно забележа Пондилаки. “Без борба македонското прашање нема да биде
решено. И што е поважно ќе мораме да победиме инаку црно ни се пишува. Господата во Атина ја започнаа офанзивата против се што е прогресивно во земјата. Добив информации кои укажуваат на потребата за формираше на заеднички одбранбен систем на се што е демократски расположено... Мислам дека ќе ги нарамиме пушките повторно”.
“Планините се близу и пушките ги имаме. Да се молиме да не дојде до крвопролевање”, рече Јана Чакаларова возбудено.
“Пушките ги предадовме со договорот во Варкиза. Сега ќе пукаме со стапови”, рече Пондилаки и стана. “Ако немате ништо против ќе ве напуштам. Имам некои неодложни обврски. Мојот состанок е борбата а не конференциите. Не ме бидува за муабети. Ќе се видиме на следниот состанок”.
“Замини, Пондилаки”, му рече Доне. “На организацијата и се неопходни луѓе каков што си ти, храбри и бескомпромисни. Ти благодарам што дојде. Довидување и поздрави ги твоите докери”, му дорече Доне.
“Довидување на сите и главите горе”, им рече Пондилаки и придружен од Јана Чакаларова ја напушти гостинската соба.
“Како е Ставре Наковски”, праша Јана кога се најдоа во кујната.
“Од кога го познаваш?”, се изненади Пондилаки.
“Утре ќе го венчаме со Евангелија Гаспарова. Јас сум поткумникот”, му се пофали.
“Прекрасно. Сега дозволи ми да заминам”, и рече Пондилаки и излезе низ вратата.
4. Темните улици ги помина брзо. Влезе во пансионот “Македонија” и пријде до масата на која седеа докерите. Ги поздрави и седна на столот што му го понуди Никос Зајкопулос. Порача ракија.
Стојос Панајопулос му донесе чашка. Ја стави пред него.
“Еве ви го шишево, сами турајте си ракија во чашите. Нозете ми паднаа доаѓајќи до вашата маса”, им рече низ насмевка и го стави шишето на масата.
Пондилаки го зграби шишето и си тури ракија во чашата.
“Кој сака нека си тури”, им рече и голтна неколку голтки. Ја спушти чашата на валканиот шарен чаршав. Ги отвори широко очите од изненадување.
“Да не си споулавел?”, се пошегува со момчето што му доаѓаше во пресрет.
“Готово е”, викна момчето. “Атина гори!”
“Седни, одмори се и кажувај!”, му рече Никос и му понуди стол до себе.
“Гори престолнината”, им рече момчето и седна.
“Покроце, Лазарос, потивко”, го прекори Пондилаки.
“Не можам. Душата ми пее. Ќе падне и оваа влада. Атина гори! Последниве неколку дена престојував таму. Се гори. Народот се крена против владата и Англичаните. Излезе на улица. Џандармеријата не беше моќна да ги спречи. Пукаше во нив. Секој ден иста слика”.
“Значи војна”, грмна Никос. “Ќе ја имаат”.
Пондилаки му подаде чаша на Лазарос. Му ја наполни со ракија.
“Напиј се! Измиј си го грлото! Ти си добар новинар. Доне Биндов ти ги бендисува текстовите. Удри со словата по фашистите. Ние ќе држиме пушки зошто не не бидува за молив. Напиј се!”
“Благодарам, Пондилаки, почестен сум. Голема чест е за мене да седам и да разговарам со тебе”.
“Напиј се и грижи се за моливот”, му рече Пондилаки и се загледа на полуосветлениот подиум на кој се појави човек што голташе пламен. Потоа го врати погледот на масата.
“Ќе ми простите што морам да ве напуштам”, им рече.
“Каде брзате?”, се изненади Лазарос.
“Имам обврски, момче”, му рече Пондилаки и стана од столот. По него стана и Стојан Џавалеков.
“Одам и јас. Ќе се видиме утре”, им рече Стојан и се насмевна нежно.
“Довидување”, им рече Пондилаки, се проби низ масите и следен од Стојан Џавалеков излезе од пансионот.
“Лазарос намириса голема работа”.
“Ќе има ли војна, Пондилаки?”, праша загрижено Стојан.
“Неизбежна е, побратиме. Побегна од една братоубиствена војна што не започна, но налета на друга која само што не почнала”.
“Ох господи, ќе има ли мир за мојава душа на земјинава топка. Кому толку му згрешивме и не накажува строго. Можеби нема да има војна?”
“Ќе има, Стојане, и ќе биде жестока, крвава, братоубиствена. Кој ќе ја преживее долго време нема да прогледа. Ќе живее во темница и душата ќе му биде исполнета со горчина. Најлоша војна исто како онаа во Шпанија. Полоша од чумата”.
Замолчаа. На следниот агол се раздвоија. Пондилаки замина кон Ептапиргон а Стојан се упати кон пазарот.
XI
1. Попот Иракло кому никој не му го знаеше вистинското име и презиме, ниту на кој народ му припаѓа, им пријде на Евангелија и Ставре и им ги намокри косите со водичка.
“Бакнете се!”, им рече.
Евангелија и Ставре се бакнаа. Одекна силно ракоплескање. Евангелија поцрвене. Ставре се насмевна.
“Ве прогласувам за маж и жена. Бидете заедно до гробот”, им рече Иракло и уште еднаш ги попрска со водата.
“Задоцни, попе”, викна Јана Чакаларова. “Требаше да ги прогласиш за венчани па потоа да се бакнат. Сега се богохулници”.
Попот Иракло се насмеа гласно.
“Нека се здрави и живи. Ќе се бакнуваат колку што ќе посакаат. Важно е да не ја загубат љубовта”, и одврати попот.
2. Пондилаки стоеше понастрана и се смешкаше. Беше задоволен што успеа да им ја исполни желбата на Евангелија и Ставре. До него стоеше Јана Чакаларова. Пондилаки ја буцна со прстот со слабината и таа потскокна уплашено.
“Се плашиш”?
“Ме скокотна. Се шегуваш со мене”.
“Среќен сум што ги гледам заедно Евангелија и Ставре. Треба и ти да си најдеш момче”.
“Можам самата да се грижам за себе и за синот”, му рече мирно. Сепак не успеа да го скрие треперењето на гласот.
“Твојот живот е твоја среќа и троши ја како милуваш”.
“Те канам на ручек. Ќе дојдеш?”, одненадеж му рече Јана.
Пондилаки се збуни. Не знаеше како да и возврати. Се накашла за да се прибере.
“Убава си. Вистинска убавица. Ќе дојдам”, и рече Пондилаки и се навали на столбот до неа.
“Да пријдеме поблиску до младенците”, му рече Јана и се одлепи од столбот. Го фати Пондилаки за ракавот и го повлече по неа. Се доближија до младенците. Молчеа.
3. Доне Биндов му пријде на Ставре Наковски. По миг го прифати во ушите сопствениот баритон кој се огласи во внатрешноста на црквата како задоволство на боговите и светците што беа нацртани по ѕидовите и сводот. Извади од внатрешниот џеб на палтото ќесе од козја кожа што се собираше на врвот со тенко сиџимче, му го тутна на Ставре во рацете.
“Не бројам зашто знам дека ќе ти донесат среќа”, му рече. Го прегрна. Потоа ја бакна Евангелија. “Ви пожелувам долг и среќен живот”, и рече и се тргна за да примат младенците честитки и од другите присутни.
4. Ставре Наковски молчеше. Евангелија се смееше задоволно. Ги поведоа гостите на мала закуска дома. И се траеше кратко. Пондилаки и Јана Чакаларова ги допратија до железничката станица. Извадија билети и им ги дадоа на Евангелија и Ставре. По неколку мига излегоа на перонот. Возот не доцнеше. Влезе во станицата со силна бучава. Евангелија и Ставре се качија и одбраа место во едно од многуте полни купиња. Ставре се појави на пенџерето.
“Знам дека сакаш да останам во Солун. Паметам што ми рече пред година и половина. Си спомнуваш. Ми испрати писмо во базата”, му рече Ставре.
Пондилаки се насмевна. Ја погледна Јана Чакаларова нежно и ја помилува по косата.
“Чувај се, Ставре. По селата на Пајко има секакви луѓе. Го погрчуваат македонското население. Биди внимателен! Ако ти затребам, знаеш каде можеш да ме најдеш!”
Ставре Наковски не му одговори. Забележа тага во неговиот глас. Не знаеше дали е тоа поради нивното заминување или поради погрчувањето на македонското население по македонските села.
“Готов сум да се соочам со животот што го нуди владата во Атина. Од мене Грк не бидува”, му рече весело за да го разведри и му ја подаде раката.
Се поздравија. Возот тргна. Си мафтаа со рацете се додека возот не се загуби зад првите куќи.
“Дедовата лулка не е панаѓурска мустра, туку сопствен печат што стои вечно во срцето”, и рече на Јана Чакаларова. Ги извади очилата кои повремено ги носеше, и ги избриша со белото шамивче кое постојано го држеше во внатрешниот џеб од костумот. Потоа ги стави на носот. Ја повлече нежно Јана Чакаларова, влегоа во големата чекална и молкум излегоа на другата врата.
“Ќе те допратам до дома”, и рече на Јана.
Јана Чакаларова се насмевна нежно и го фати под рака.
“Те канам на чај. Прифаќаш?”
“Зошто да не, со задоволство ќе го пијам”, се насмевна Пондилаки и го забрза чекорот.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/5 le 29 octobre 2026