III ДЕЛ - Part 01
III ДЕЛ
1. Пено Попгонев газеше цврсто по калдрмата, но се до големата улица. Наиде на голема група луѓе со транспаренти на кои пишуваше:
“ДОЛУ ТИРАНИЈАТА” “СЛОБОДА НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ” “САКАМЕ ДЕМОКРАТИЈА”.
Луѓето со голема врева се движеа меѓу големите згради. Толпата го повлече кон центарот на градот Пено Попгонев. Често им се загледуваше во лицата на луѓето и се чудеше што бараат. Го израмни чекорот со нивниот, но не успеа да ги следи.
“Вие имате сосема поинакви желби од мојата. Вашата е непривлечна за мене”, помисли Пено и застана до една поголема железна врата. Почека толпата да изврви и се упати кон кејот.
“Морам да го најдам тој пансион “Македонија” за кој зборуваше Кољо Бочваров. Пријателите на Ставре Наковски ќе ми помогнат. Ќе ме вработат”, мислеше. Не застануваше. Измина неколку улички и повторно излезе на големата улица.
“Се движам во круг, мајчината му”, помисли и се испоти од немоќ. Му пријде на еден брадест човек и го фати за ракавот. Човекот си ја тргна раката од неговата.
“Што е момче, каква е оваа шега?”
“Го барам пансионот “Македонија”. Не го познавам градот и тешко ми е да се снајдам. Помогнете ми!”
“По онаа улица одете до првата раскрсница, потоа свртете лево и одете по неа се до морскиот брег. Таму прашајте некого. Сите го знаат пансионот “Македонија”. Одете!”, му рече човекот и зачекори полека по улицата.
Пено Попгонев не му заблагодари. Потрча по големата улица. Само што излезе од последната улица и се најде на кејот, во редицата згради, залепени една до друга забележа голема лимена фирма со натпис:
ПАНСИОН МАКЕДОНИЈА.
Влезе во пансионот. Пријде до шанкот. Му се внесе во лице на Стојос Панајопулос.
“Го барам Пондилаки. Ме испрати Ставре Наковски”, му рече Пено. Беше нервозен и одвај стоеше на нога.
“Велиш те испраќа Ставре Наковски!? Од кое село си?”, праша сомничаво Стојос Панајопулос.
“Од Костанерија. Ќе ми помогнете ли? Знам дека во овој пансион сите му се пријатели на Ставре Наковски”, замоли Пено.
Стојос Панајопулос се насмеа. Момчето му се стопи чесно.
“Седни на онаа маса! Кажи му на човекот дека јас сум те испратил. Ќе ти донесам нешто за јадење”, му рече Стојос весело и го чукна по главата нежно.
“А, Пондилаки?”, се побуни Пено.
“Седни таму и чекај! Слушај што ти вели Стојос. Биди умен!”
“Значи, ти си тој Критјанин што се борел во нашите планини?,” со воодушевување му рече Пено.
“Седни таму! Подоцна ќе зборуваме”, му рече Стојос строго.
2. Пено Попгонев седна на масата на која се беше навалил Туши Гонев, триесетгодишен маж, со крупни очи, широки раменици, разбушавена коса префрлена на патец на левата страна од главата, со соборен поглед и истоштеност што му извираше од
закоравените плускавци на обете дланки, со кои, во поинакви времиња, со еден удар би можеле да усмртат мечка. Туши не беше брзозборник, тешко испушташе збор од устата. Пено беше нервозен. Подолго време молчеа. Потоа Туши ја подигна главата и му се вгледа во костенливите очи кои нервозно му играа.
“Судејќи по облеката не си од Солун. Од каде си момче?”
“Од Костанерија. Го барам Пондилаки. Го познаваш?”, му светнаа очите од љубопитност.
“Велиш од Костанерија си!”, испитувачки го погледна Туши.
“Од Костанерија сум”, рече гордо Пено. “Планинец”.
Туши Гонев замижа на левото око.
“Ме мамиш, момче!”
“Не, се колнам во најмилото, господине”, поцрвене Пено.
“За да стигнеш во Солун си морал да поминеш низ селото Тановци”, го праша Туши. Сакаше да слушне за Тановци, за своето родно село.
“Селото Тановци!?”
“Ќе ми кажеш или не?”, ги собра веѓите Туши.
Пено се стресе. Помисли дека земјата се превртува наопаку.
“Селото Тановци е срамнето со земјата, господине. Кога поминав низ него, видов само една коза врзана за единствената ограда што не ја зафатил огинот. Ја одврзав козата и ја пуштив да се загуби во планината и покрај тоа што не сакаше да се одлепи од мене. Се плашеше од самотијата. Тоа беше се што видов во селото Тановци, господине.”
Туши Гонев замолча. Немаше желба да прашува. Зборовите на Пено му одекнуваа во главата и тој си ја бушавеше косата. Како да онеме. Потоа, воопшто не погледнувајќи во Пено скокна небаре во неговите проѕирни очи ја виде својата смрт. Седна повторно на столот. Молчеше. Им пријде Стојос Панајопулос. Пено не знаеше грчки, а Стојос Панајопулос, освен грчкиот не разбираше друг јазик. Туши Гонев молчеше. Стојос му ја подигна главата од масата.
“Сакам да разговарам со момчето”, му рече Стојос.
“Разговарај!”, му рече Туши и ја спушти главата на масата.
“Момчето не разбира грчки а јас не знам македонски. Треба да преведуваш”, го подигна повторно Стојос.
Туши Гонев кимна со главата.
“Ти благодарам. Ставре ми остави убав впечаток. Знаеш, тој беше овде за време на војната и одржа убава претстава. Највпечатлива. Единствена... Почекај, момче, ќе ти донесам јадење. Од силно брзање заборавив”, му рече Стојос. “Преведи му!”, му рече на Туши.
Туши Гонев му преведе. Пено Попгонев се насмеа. Беше задоволен.
“Најпосле и мене среќата ми се насмевна”, промрморе Пено.
Стојос Панајопулос му донесе од кујната полна чинија ориз низ чии омекнати зрна се појави поголемо парче месо.
“Добар апетит!”, му рече весело. “Кажи ми за Ставре!”
Пено Попгонев гледаше во јадењето и молчеше.
“Кажи му за Ставре”, му викна Туши.
“За Ставре? Ох, секако”, се насмеа Пено. Добар е. Праќа поздрав за сите. Се весели во новата таткова куќа. Има близначиња. Живее скромно и целото село го почитува.
Туши Гонев преведе. Стојос Панајопулос му покажа со раката да почне со јадењето.
“Сигурно си гладен?”
Пено не му одговори. Туши Гонев не преведе. Стојос го удри нежно во слабината. Туши Гонев скокна.
“Преведи!”, му рече Стојос заповеднички.
“Јади!”, му рече Туши.
“Благодарам”, рече Пено.
Стојос Панајопулос се насмеа. Му покажа на манџата. Потоа се оддалечи од масата. Крај шанкот ја боцна Софија со прстот за да ги истави градите од очите на гостите кои зјапаа во нив. Софија мрзоволно ја искриви устата. Стојос ги подигна веѓите и се загуби во кујната. Пено Попгонев јадеше. Туши Гонев помисли дека ќе се задави од големите залаци. Ја крена главата и го виде Пондилаки. Му мавна со раката. Пондилаки не беше сам. Со него беа Јана Чакаларова и Стојан Џавалеков. Седнаа до Туши и сите тројца се вгледаа во Пено.
Пено мирно јадеше.
Крај шанкот, Софија се насмевна заводнички. Зграби едно од шишињата што стоеја на рафтот зад неа и три чашки. Ги однесе на масата кај Пондилаки и ги стави пред него. Долго гледаше во Јана Чакаларова. Се восхитуваше на нејзината убавина. Почувствува како про’ртува никулец на завидување. Благо руменило нафрли по лицето.
“На таков човек му приличи да има до себе таква убавица”, и пролета низ главата и вознемирена од присуството на Јана
Чакаларова одвај го пронајде седиштето на сопствениот задник крај шанкот.
“Девојката си замина. Не и се заблагодари”, рече Јана.
“Навикнат сум на Софија”, и одврати Пондилаки. Беше љубопитен. Ги наполни чашите со ракија и ги понуди Јана и Стојан. Тие ги прифатија чашите. Потоа се напија ракија. Пондилаки се смешкаше. Ги следеше големите залаци што ги пикаше во устата Пено.
“Твој роднина?!”
“Не, доаѓа од Костанерија. Ми донесе такви вести кои ме турнаа надвор од овоземието. Умот ми го смеле. Очите ми се затвораат. Господи боже, во кое време живеам јас?”, рече Туши Гонев.
Пондилаки се насмеа. И упати мил поглед на Јана Чакаларова и ги чукнаа чашите.
“На здравје!”, рече Јана.
Пено црпеше од манџата и го полнеше стомакот. Набрзо ја дојаде манџата и појде во кујната кај Стојос. Се врати оттаму придружуван од него. Стојос застана пред Пондилаки.
“Момчето тебе те бара”, му рече Стојос.
“Седни!”, му рече Пондилаки.
“Морам во кујната”, се извини Стојос. “Седни!”, му рече на Пено. “Тоа е Пондилаки”, и се врати во кујната.
“Седни!”, му рече Пондилаки.
“Како сум уморен не би можел долго да издржам на нозе”, му рече Пено и седна на столот.
“Како е Ставре?”, праша Јана.
“Добро се снаоѓа во Костанерија”, и рече Пено. Му се приближи на Пондилаки. “Морам да најдам работа. Ќе ми помогнете ли? Многу слушав за вас.”
“Секако, момче. Пријателите на Ставре Наковски се и мои пријатели. Не грижи се!”, му рече Пондилаки.
“Се можам да работам. Каква било работа да најдам ќе бидам задоволен. Нема да ве посрамотам”.
“Ќе најдеме работа. Не грижи се... Ќе се напиеш ли една ракија со нас?”
“Не, ракија не пијам. Но, ако вие кажете готов сум да се напијам и отров.”
“Тогаш, немој да пиеш! Ќе го правиш тоа подоцна”, се насмеа Пондилаки.
3. По два часа Пондилаки го однесе во својот стан на Игнатиа. Во станот ги затекоа Христо Сотировски и неговата ќерка Параскева. Двајцата чудно го погледнаа Пено. Пондилаки се насмеа.
“Ова е Пено Попгонев. Од Костанерија е. Пријател на Ставре Наковски. Молам, да го примите да живее со вас додека го сместам во друг стан.”
Христо Сотировски му ја подаде раката на Пено.
“Добро дојде, момче! Ќе ми биде мило”.
Пено Попгонев се збуни. Потоа ја прифати подадената рака на Христо.
“Јас сум Параскева”.
“Седнете!”, им понуди стол до масата Христо. “Одамна не си свратил да испиеш едно кафе во нашиот дом”, му рече на Пондилаки.
“Во друга прилика, Христо. Морам да одам”.
“Зар толку бргу?”
“Одам и останете со здравје. Вардете го Пено!”, им рече Пондилаки и се загуби низ вратата.
Пено Попгонев стоеше среде собата и молчеше. Му беше непријатно.
“Ќе поставам за вечера. Седни! Сигурно си гладен?”
Пено седна на столот крај масата. По неколку минути вечераа. Потоа Параскева го смести во засебна одаја. Легна со насмевка на усните.
II
1. Пондилаки седеше на масата во пансионот “Македонија” и си ја допиваше ракијата. Одвреме навреме ги набљудуваше неколкуте гости кои сркаа рибина чорба. Се смешкате гледајќи во Софија. Не забележа кога во кафеаната влезе Кољо Бочваров.
“Здраво, Пондилаки”, му рече Кољо и седна. Мафна со раката по Софија и кога таа се заврте и се насмевна умилкувачки.
“Ракија?”
“Ракија, кукло, ракија”.
Пондилаки ја крена главата.
“Што има ново во планината, Кољо? Многу често си во градот.”
“Немаме храна во селото. Маџирот ни ја дере кожата. Десетпати е поскапо да пазаруваш кај него отколку во Солун. Што да трошиме толку? Опинците не се кинат лесно. Нозете ќе навикнат”.
“Велиш дере? Копилиња, се радуваат на туѓата несреќа. Како е Ставре Наковски.”
“Лошо. Нема глас да ни дошепне. Се мачи Евангелија со дечињата. Голема рана стави власта на неговата душа. Го нема!”
“Како го нема!? Нели ми кажа: изградил куќа и се вселил во неа. Пиевме заедно за новороденчињата. Како го нема!?”
“Три месеци не се појавил во Костанерија. Можеби се појавува, но само кај Евангелија. Таа молчи. Којзнае?”
“Зашто не се појавува? Се случило нешто?”, се вознемири Пондилаки.
Кољо Бочваров се почеша по увото. Ја прифати чашата со ракија што му ја подаде Софија и испи голтка ракија. Си ги навлажи усните со ракијата.
“Донеси ми уште една ракија!”, и рече на Софија. Се загледа во нејзината задница што се кашкаше лево десно.
“Те прашав: што се случило со Ставре?”, удри по масата со тупаница Пондилаки.
На масата им се придружи Туши Гонев. Нарача ракија. Софија му донесе и се врати крај шанкот.
“Ќе ми кажеш ли што се случува со Ставре?”, викна бесен Пондилаки.
Кољо Бочваров се вознемири. Го погледна в очи.
“Полека. Се ќе ти раскажам. Вие во градот секој ден ги гледате. Ние во селото немаме што да видиме. Тоа не е правда.”
“Не те прашувам за задникот на Софија туку за Ставре Наковски”, нервозно му рече Пондилаки.
“Едно момче од Костанерија исчезна. Можеби дошло во пансионов”, наместо одговор праша Кољо и му се внесе в лице на Пондилаки.
“Момчето е во Солун. Работи, има љубовница, наскоро ќе стане татко. Ако му даде господ деца”.
“Ме прашуваш за Ставре? Тешко ќе ти кажам повеќе од она што веќе ти го реков. Не знам”.
“Како се случи, зборувај Кољо!”
“Во селото имаме поп, некојси Зинда Нијархос. Гад. Ставре му згазна на ногата. Се заинати попот и му врати со зло. Еден ден зашто не сакаше Евангелија да ги однесе децата в црква и да ги крсти-попот ја силуваше. Ставре не беше дома. Селото се крена против попот и тој заедно со полицаецот побегна. Се врати доцна вечерта со џандарми. Отидоа во куќата на Ставре. Во дворот ги дочека Ставре со секира во рацете. Заповедникот на полицијата го рани во ногата. Го врзаа за дебелиот костен во дворот. Потоа ја поведоа Евангелија со децата в црква да ги крстат децата. Ставре го оставија во дворот. Кога се вратија го немаше во дворот. Од тогаш со месеци не слушнавме ништо за него. Дали е жив или го јадат кучињата, не знам.”
“Значи, почнува војната”, воздивна Пондилаки.
“Што велиш?”
“Твојот Пено е на сигурно место. Порачај на неговите да не се грижат за него.”
“Ќе им порачам”, рече Кољо. Ја допи ракијата и стана. Се поздрави со Пондилаки и Туши и го напушти пансионот.
Излезе од градските улици со забрзан чекор. Набргу беше во шумата. Вечерта стигна во селото и скришум влезе во куќата на Донка Попгонева.
“Синот ти е во Солун. Ќе имаш внуци”, и рече весело Кољо.
Донка Попгонева скокна од креветот. Коста слезе по скалите од горната одаја. На вратата се појави Гоне Сливаров со Хрисанта и нивната ќерка Агапи. Седнаа околу софрата.
“Треба да честиш, Донке! Ќе имаш внук”, и повтори Кољо весело.
Коста Попгонев се изненади.
“Кој ќе и подари внук на мајка ми, стрико Кољо?”, буфна Коста.
“Како кој? Твојот брат Пено. Ајде, изнеси ракија да прославиме. Што си се здрвил како костенова лушпа. Вади ја ракијата!”
Агапи Сливарова пребледе. Се вкочани. Коста ја погледна за миг, но не ги вкрстија погледите. Хрисанта Сливарова си го покри лицето со тенките прсти. Коста се вознемири. Донка седеше мирно на креветот.
“Како мислиш, внук!? Не се шегувај, Кољо, стара сум!”
“Што ви е на сите?! Пено е оженет во Солун. Значи, имате снаа. Жената е трудна и тоа значи ќе имате внук. Добро, може да биде внука! Но, тоа не ја менува работата. Ќе бидеш баба!”
“Ќе го убијам!”, викна Коста и се искачи по скалите во собата.
Кољо Бочваров ги изгледа сите со ред. Почна од Донка. Се замисли. Не му се допадна нивното молчење. Погледот му застана на Агапи Сливарова. Го забележа нејзиниот надуен стомак.
“Господе боже, што направив?”, си ја гризна горната усна, потоа замислено се повлече до вратата. “Простете, но морам да си одам”, им рече и излезе низ вратата.
III
1. Пено Попгонев го напушти докот. Уморен се врати дома. Не ручаше. Легна да се одмори. Околу зајдисонце стана. Подготви кафе.
“Ќе се напиеш ли, татко?”.
“Секако. Задоволство е да се пие кафе со зетот. Беше најубавиот младоженец. Така ми рече попот Иракало. Не венчал поубава двојка од вас. Тури ми кафе! Ќе се напијам”, му рече Христо Сотировски и седна на столот крај масата.
Пено му тури кафе во чашката. Потоа си стави и за себе си. Седна на столот спроти Христо и ја фати чашката со дебелите прсти. Голтна од црната течност.
“Напиј се, татко! Кафето е убаво додека е топло.”
Христо Сотировски се напи кафе. Се накашла грубо.
“Сува кашлица, лоша. Треба да внимаваш на здравјето!”
Христо Сотировски си ја избриша устата со марамче.
“Мене не ми гори под нозете. Внимавајте вие со вашата политика. Не сме гладни. Среќни сме. Што ќе ви е таа политика? На Параскева не смеам да и спомнам, но со тебе е поинаку. Разбран си, умен. Сакам да милувам внуче. Денот е долг и одвај го минувам. Животот се состои од убавини кои се многу далеку од политиката. Во мое време многумина ги загубија главите заради политиката. Сега...”, се напи кафе.
“Не грижи се! Секое време си има и своја значка...”
“Ако престанеш да одиш на тие состаноци и Параскева ќе си седне дома. Ќе роди. Сакам внуче да ми ги измочка пантолоните, синко. Со некого морам да доодам до смртта. Самотијата ќе ме убие предвреме. Седам како ут во куќава и чекам до доцна во ноќта да си дојдете дома.”
“Параскева не сака да имаме деца, татко”, му рече Пено и ја наведна главата засрамен. Потоа ја подигна. Во очите му се всели отворената врата и Параскева на прагот. Вратата се затвори. Параскева му пријде и го бакна во образот. Потоа го бакна и татка си.
“Се забавувате?”, праша љубезно и се насмевна. Влезе во другата соба и го соблече палтото. “Каде си ти на состанокот?”, му довикна на Пено и се врати во собата. Седна на масата.
“Сигурно си гладна како кучка?”, и рече Христо.
“Многу гладна, татко”, го зграби лебот од дрвената кутија и си тури манџа од тенџерето. “Васул?”
“Сакам да ми родиш дете”, и рече ненадејно Пено.
Параскева севна со очите. Го остави лебот и му се опули.
“Не, само тоа не! Детето ќе ме исфрли од борбата. Сакам да сум полезна за мојот народ. Зар сте слепи и не гледате? Новата влада им ги поништи дадените жртви и им го одзеде правото да си го земат ветениот подарок. Наместо среќа, владата ни понуди ропство. Не прогонува насекаде. Убива. Тоа ме доведува до лудило. Вечерва им реков на сите да одат во мајчината. Каква влада!? Па тоа се кловнови. Ја доведоа Англија во земјата за да ги штити нивните интереси. Верувам во победата на демократијата, но во тоа, во таа победа, ќе одиме заедно, целиот народ, организирано и секој со својата среќа а не како досега сите заедно во еден кош, а после ќе видиме. Ние, Македонците ќе се бориме за својата слобода.”
“Заврши состанокот?”, плесна со рацете Пено.
“Прво да го добиеме нашето право на живот а потоа ќе раѓам деца. Доста му е на светот еден роб. Не вознемирувај ме повеќе!”
“Дали сум будала што сакам деца или глупав, па не можам да видам појасно откаде изгрева сонцето?”
“Премногу си патеничен”, му рече Параскева и почна да срка од гравот.
“Животот е навистина тежок, но ние сепак преживуваме. Не се сите будали што раѓаат деца! Ни војната не го спречи светот да се размножува. И Ставре Наковски има деца!”
Параскева почна да крцка со забите.
“Ние двајцата сакаме дете. Ти велиш дека не е време. Двајца против еден. Со кревање на рака те надгласуваме. Со тоа сметам...”
Христо Сотировски се зарадува. Параскева збесна.
“Тоа не е демократски, треба сите тројца да се согласиме за да го задоволиме демократскиот принцип на одлучување, а не со надгласување. Така однапред во секакви околности битката ја губи оној што не е склон на групаштво и расипност. Но, кога веќе решивте, премногу ве сакам за да ве напуштам. Сметајте на мене!”, рече потиштено и продолжи да јаде.
Христо Сотировски од силната возбуда само што не се онесвести. Пено сакаше да се насмее за да го ублажи нејзиниот пад, но помисли дека е подобро да не ја гиба.
“Можеби ќе се премисли. Секој ден е се поинаква...”
Параскева го погледна под око. Се насмеа.
“Те знам јас тебе. Би го дал животот за мене, но не и за идеалите на демократијата...”
IV
1. “Вечерва ќе се задржам подоцна.”
“Добро, синко, само внимавај!”
“Не грижи се, татко, возрасен сум.”
Пено Попгонев го испрати Христо Сотировски стотина метри понатаму од бродот што го растовараа, го поттчукнаа по рамото и го пушти да замине пред себе.
“Довидување, татко!”
“Чучвај се синко!”
Христо Сотировски бавно зачекори по докот. Пено се врати и ја нарами првата вреќа. Ја понесе од бродот кон бараката. Потоа уште многу вреќи понесе на грбот. Бродот го растоварија доцна вечерта. Со истите алишта со кои растовараше тргна дома. На Игнатиа се премисли и го смени правецот на движење. Набргу се најде во пансионот “Македонија”. Седна на масата со докерите кои пред него стигнаа во пансионот.
“Ние, работниците, сме чедата на оваа земја. И не само на оваа. Насекаде во светот со нашата пот си го купува лебот секој напудрен газда. Треба да се бориме. Да водиме класна борба. Има луѓе кои сметаат дека постојат и други вредности за кои треба да го положиме животот. Ние не сме го добиле животот за да му го подариме некому кој ќе направи од нив мека столица и ќе си го топли газот во неа. Се боревме еднаш за земјата. Го покажавме својот патриотизам! Но, за чиј патриотизам? На кралот и неговата свита? Ние, работниците, треба да ја имаме власта, но не за да ги уништиме другите туку за да живееме малку подобро и да не мислиме со страв за иднината. Секој нека се бори за своето кога не сакаат монархистите да ги соединиме силите и да живееме во благосостојба. Кога ќе имаш пари тешко некој да те собори. Можеш да правиш што сакаш па дури и да бидеш депутат во
владата”, зборуваше Пондилаки. Се напи ракија и ја остави чашата на масата. Го погледна Пено.
“Мораме да се бориме за да го симнеме ропскиот синџир од нас”, рече Туши Гонев.
Пено седеше замислен. Не сакаше да пие. Почесто гледаше во наредените шишиња со пијалоци на рафтот.
“Параскева се труе со политика во Македонската организација. Овде ме тепат со класната борба. Христо сака внук. Мене ми се живее. Млад сум и способен за работа. Би живеел добро, па нека биде тоа и во некоја непозната земја... Ќе заминам јас во Америка. Таму е животот. Ми се смачи од политики”, мислеше Пено. “Зборувајте вие и сечете глави! Се ќе ви биде попусто. Секогаш ќе има газди и робови.Таков е светот. Тоа е природата на човекот. Можеби грешам, но едно знам: сакам да живеам растоварен од мислата како ќе го поминам утрешниот ден: со политика и гладен; со крвави рани по телото и гладен; сит и весел; навистина како... Америка”, воздивна Пено и на изненадување на докерите, без поздрав замина. Улиците беа пусти. Чекореше полека. Се најде на докот. Гледаше долго во бродовите.
“Ќе заминам во Америка. Бедата ќе ме убие”, помисли и полека се одвлече од докот. Стигна дома доцна. Не вечераше. Беше нервозен. Легна во креветот и го почувствува на себе погледот на Параскева. Се сврте со грбот кон неа за да го одбегне нејзиниот поглед. Не можеше да заспие. Се вртеше во постелата. Заспиваше, но брзо се будеше. Зборуваше неразбирливо во сонот.
“Цел месец сон не те фаќа, мил мој. Што се случува со тебе?”, го праша загрижено.
Пено одмавна со раката.
“Спиј, ноќта е убава за сонување!”
Параскева го гушна нежно. Го помилува по косата.
“Сигурно си уморен?”, му рече и му го сврте грбот.
“Ќе заминам со првиот брод што плови за Америка”, помисли Пено, но не заспа, иако се мачеше да потоне во сонот. Утрото стана и не јавувајќи дека заминува, излезе од дома. Параскева беше изненадена. Христо потајно наслутуваше дека нешто чудно се случува со неговиот зет. Премногу го сакаше за да помислеше дека е поместен со умот.
2. Пено два дена талкаше по докот. Не се врати во станот. Не намина во пансионот “Македонија”. На третиот ден цврсто решен да замине без поздрав, од страв да не го поколебаат, кој било, се искачи на големиот прекуокеански брод “Филаделфија” што пловеше за Америка. Бродот го напушти пристаништето и следен од многуте љубопитни погледи на докерите, кои го товарија со крзна од Костурските работилници, се загуби во синилото на Белото Море. Со него замина Пено Попгонев.
3. Параскева го чекаше секоја ноќ будна. Ослабе. Не можеше да јаде. Секогаш плачеше. Најпосле помисли на најлошото.
“Сигурно полицијата го зграпчила и го одвлекла на некој остров во архипелагот”, мислеше.
Покрај неа секогаш загрижен беше Христо Сотировски. Кога загуби надеж дека повторно ќе го види Пено ја испушти првата солза во животот. Пено го потсетуваше на нешто одамна заборавено.
“Ќерка ми е виновна. Заслепена е од политиката. Заборави на сопругот... Ќерко моја мила”, мислеше често Христо.
Секогаш седеа на масата заедно. Параскева престана да оди на состаноците на Македонската организација. Не зборуваше за политика. Еднаш се расплака. Христо ја гушна и почна да ја утешува. Не знаеше зошто плаче.
“Ќе родам дете, трудна сум”, му рече Параскева и истрча во другата соба.
“Господ не ма заборави”, се израдува Христо. “Ќе имам внук. Ти благодарам, Пено, синко!”
V
1. Коста Попгонев стана од креветот и набрзина се облече. Слезе од горниот кат на куќата и напрсти ја напушти собата во која спиеше мајка му Донка. Излезе во дворот, потоа на улицата и со забрзан чекор излезе од селото. Беше нервозен. Дишеше забрзано. Навлезе во шумата и го напушти селскиот пат. Се пробиваше низ густата шума одвај задржувајќи се да не се сопне на нерамниот терен. По шест часа спуштање низ падините на големата планина стигна во Солун. Се упати право во пансионот на Фоти Стерјов. Ги минуваше улиците на градот како да беше пораснал на калдрмата со кои беа послани. Набргу влезе во пансионот. Застана на шанкот. Очите му играа вознемирено.
“Ракија!”, му рече на Стојос.
“Веднаш, момче”, му одврати Стојос љубезно и му наполни чаша со ракија.
Коста Попгонев ја зграби чашата и испи неколку голтки од неа. Се сврте нервозно и ја разгледа просторијата. Потоа му се опули на Стојос.
“Брат ми Пено, доаѓа во овој пансион?” му рече Коста и испи уште една голтка од ракијата.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/11 le 29 octobre 2026