VIII ДЕЛ - Part 02
1. Пандура Наковска пристигна во Ташкент сосема ненајдено. Ја придружуваше една постара жена. На железничката станица се качија во еден од многуте такси возила. Пандура му ја подаде адресата што беше напишана на едно ливче и возачот појде. По половина час застана до една еднокатница со двор. Пандура и постарата жена слегоа од автомобилот. Постарата жена му плати на возачот и тој замина. Влегоа во куќата. Во собата седеше Евангелија Гаспарова Наковска и везеше чаршав за малото масиче. Рипна од креветот попарена.
“Ќерко, злато мое мајкино!”
И потекоа солзи. Ја гушна Пандура и ја стисна цврсто на градите нејзината убава малечка глава. Заплака и Пандура. Постарата жена стоеше отстрана и молчеше.
“Мајкино дете!” викаше Евангелија и почна да бара со погледот низ собата. Исплашено се тргна од Пандура.
“Каде е Пено?”, праша уплашено.
“Пено остана во Будимпешта. Не го пушти учителот по музика. Но немој да се грижиш! Тој е добар. Мене...”
“Тебе мајка не те пушта никаде. Ќе останеш со мене овде. Ќе го викнеме и Пено. Како можел тој учител да му забрани да си ја види мајка си?”, се лутеше Евангелија. Солзи и течеа од очите. Повторно ја гушна црвсто Пандура.
“Простете!”, и рече Евангелија на постарата жена и се тргна од Пандура. “Заборавив на вас. Повелете, седнете! Ќе ви сварам кафе.”
“Се викам Анастасија. Ви ја донесов ќерката. Прекрасно дете. Умно и бистро. Благодарам за поканата, но морам да одам. Моите ќе ме чекаат.”
“Не ве задржувам. Како милувате”.
“Одам. Довидување!”, им рече постарата жена и излезе од собата.
“Која е женава ќерко?”
“Не знам, мајко. Заедно патувавме. Се понуди да ми помогне. Не знам”.
“Проклета судбина! Не се ни запознавме со жената”.
“Гладна сум, мајко.”
“Сега мило мое, сега”, збунето рече Евангелија. “Седни на масата ќе ти ставам манџа да каснеш”.
Пандура седна на столот крај масата.
“Не ми кажа за Пено. Што прави тој. Учи, ми велиш! Проклет учител, не ми го пушти детето да си го гушнам. Проклета судбина! Други станаа стопани на нашите деца”.
“Не лути се, мајко! Пено е добар. Учителот го задржа за негово добро. Ќе дојде следната година”.
Евангелија и стави манџа во чинијата.. И даде леб.
“Јади дете мое, касни!”, и рече Евангелија и седна спроти неа. Не ги симнуваше очите од неа. Ќе летнеше од радост.
Пандура заврши со јадењето. Седна на креветот. Се гушнаа. Плачеа заедно. Вечерта излегоа да прошетаат. Евангелија ја однесе во менза-клубот и ја запозна со многу колешки. Се вратија дома уморени. Долго не заспаа. Утредента спиеја до доцна. Беше недела. Излегоа на прошетка. Евангелија ја одведе во зоолошката градина. Се радуваа двете на малите животни затворени во кафезите. Потоа се вратија дома. Ручаа. Легнаа да се одморат.
“Вечер ќе одиме в театар”, и рече Евангелија. “Ќе гледаме опера”.
Пандура се насмевна нежно и и го сврте грбот.
“Спиј, чедо мое! Мајка нема да се раздели од тебе цела војска да дојде по тебе за да те одведат назад во Унгарија”, и рече и нежно ја гушна.
Пандура ја почувствува мајчината рака и повторно се насмевна нежно. Ја стегна мајчината рака и задрема.
Евангелија не можеше да заспие. Се загледа во една точка на таванот и така остана.
VI Пандура во Ташкент го заврши основното училиште. Потоа и средното. Се запиша на Технолошкиот факултет и по четири години дипломираше. По завршувањето се вработи во големиот завод, каде што работеше Пондилаки. Отпрво помагаше во лабораторијата, потоа почна самостојно да врши експерименти. Вешто ги вртеше во тенките долги прсти епруветите. Иако Пондилаки неколку пати ја посети во лабораторијата, никако не му влезе во главата каква работа врши Пандура. Но, не си ја цепеше главата заради непознавањето на технолошките процеси. Често ги посетуваше и дома. Понекогаш ги придружуваше во кино. Еднаш го поканија да гледаат некоја многу фалена претстава во “Театар новој” и се согласи, но ги остави сами да влезат внатре кога разбра дека претставата е опера. Им помагаше во се, дури кога беше во прашање и поправка на електричната и плинската печка. Поретко почна да се сретнува со докерите. Туши Гонев и Лазарос Пападоглу, мораа да наминат неколку пати во неговиот стан за да се поздрават пред заминувањето во Москва.
“Летнавте во високо друштво”, се пошегува Пондилаки. “Убав помин во престолнината”.
Тоа беше нивно последно видување. Му останаа во очите нивните сериозни лица. Го потсетуваа на црвениот комесар Пјотр Семјонович Габиров. Ги испрати дури до крајот на улицата. Се разделија со ветување повторно да се видат.
2. Следниот ден намина во менза-клубот и го затекна Маноли Стрезовски. Додека го допиваа кафето им се придружи Стојан Џавалеков. Во рацете држеше весник. Пондилаки се насмеа. Му беше чудно што Стојан купил весник. Кога погледна подобро успеа да прочита неколку збора и скокна од столот.
“Па тоа е “Нова Македонија”, рече Стојан Џавалеков. “Ја добив од Скопје”.
Пондилаки го грабна весникот и долго гледаше во големите црни букви, со кои беше испишано: “Нова Македонија” и како да не им веруваше на сопствените очи.
“Значи не било лага дека Македонците имаат своја држава”, рече Пондилаки.
Го прелистуваше весникот и повремено свирнуваше од чудење.
“Вистински весник и се напишано на македонски јазик”, мрмореше задоволно.
3. Есента го чекаше ново изненадување. Пондилаки беше замислен. Стигнаа и првите учебници од СР Македонија, наменети за учениците. Но четивата ги голтаа и возрасните. Ги вадеа буквите и се богатеа со сознанијата за сопственото потекло. Историските текстови најмногу ги читаа. Не затоа што беа напишани како приказни, туку зашто во нив се раскажуваше за македонските маки и големите подвизи на комитите. Така, Пондилаки со помош на Стојан Џавалеков и Пандура Наковска научи да чита и пишува македонски и по две години со сопствената рака ја напиша молбата и го пополни формуларот што го прими од југословенската амбасада во Москва, во која изразуваше желба да се пресели во Скопје. Во истиот плик ги ставија документите и на Евангелија Гаспарова Наковска, Стојан Џавалеков и Пандура. Ги испратија по пошта до амбасадата и со нетрпение ги чекаа.
Не беа први што сакаа да се преселат во Македонија. Пред нив заминаа повеќе семејства а многу се готвеа да поднесат барање за враќање во татковината. Се радуваа како мали деца. Евангелија Гаспарова Наковска доби писмо од синот Пено. И се јави од Канада. Радосна отрча да му го покаже на Пондилаки. Во неговиот стан ги затекна Стојан Џавалеков и Маноли Стрезовски. Не беа многу за разговор. Нешто ги мачеше. Не чекаше да се смилуваат и да отворат уста за добредојде. Намириса дека нешто се готви.
“Кога заминуваш? ”, праша Маноли Стрезовски.
“Не сум ги добила документите”, рече Евангелија. “Ми се јави синот Пено од Торонто”, потоа се вознемири. “Каде е Пондилаки?”
“Отиде во пошта. Поднесе нови документи. Заминува за Грција”, рече Стојан Џавалеков.
“Како?”, се зачуди Евангелија. “Нели оди со нас во Македонија?”
“По повлече носталгијата по пансионот “Македонија” и Белото Море. Негово е каде ќе оди. Убавина со сила не бива”, рече Стојан Џавалеков. “Ќе патуваме заедно. Скопје е мој град. Ќе те запознаам со се што е вредно во него. Имам пријатели, соседи. Не грижи се!”
“Не сум загрижена за сместување”, рече Евангелија. Се насмевна. Ги помести брчките по лицето на кое се уште беше присутна убавината.
“Нека ми се јави кога ќе дојде”, и ги напушти. Ги остави вчудовидени еден во друг.
4. По еден месец се поздравија со Пондилаки кој замина за Грција. Кога замина возот Евангелија се сети на Ставре. Илјадапати го проколна денот кога господ ги расели Македонците по сите држави во светот и им го зеде умот. Се прекоруваше што не му порача на Пондилаки да го побара Ставре и да и јави, но беше доцна. Возот бревташе кон Москва. По петнаесет дена кај Евангелија дојде Стојан Џавалеков и и ги покажа документите што му ги испрати југословенската амбасада. Очите му светкаа од радост. Успеа да и каже дека Маноли Стрезовски замина за Софија, разочаран што доби негативен одговор од владата во Атина.
5. Пандура Наковска му пријде на претпоставениот раководител во фоајето на управната зграда и му се насмеа.
“Довидување, товариш Саворкин. Примете го мојот отказ”, и си замина оставајќи го замислен и збунет од нејзината постапка. Сакаше да ја праша зошто заминува од фабриката, но Пандура беше излегла од фабричкиот круг. Не знаеше дека момата со попладневниот воз заминува за Москва, од таму со авион за Белград. Кога стигна Стојан Џавалеков во нивната куќа куферите им беа спремни. Му преостана да повика такси. Се пикна во волгата. На железничката станица кондуктерот ги смести во вториот вагон.
“Добар пат!”, им рече Стојан.
Возот тргна и лицата им се разведрија уште повеќе. До Москва не разменија ниту збор. Секој кроеше сопствена приказна за средбата со татковината. Стојан Џавалеков не размислуваше за постапката од пред три дена. Не го интересираше медот што остана на настрешницата на пенџерето. Сакаше да ги види родителите и пријателите со кои порасна. Цели дваесет и пет години го делеа од нив. Кога ја помина границата и се најде во Солун, имаше нешто повеќе од дваесет. Се враќаше со Скопје, со нагрбени четириесет и пет години. Мислеше дека неговите другари се задомиле и имаат куп дечиња. Некои можеби и внуци. Мислата го влечеше се посилно и поблиску до саканите ликови со кои во годините на војната го делеше залакот леб. Често ги разгледуваше разиграните очи на Пандура кој скоро целиот пат до Москва го помина покрај пенџерето, покажувајќи го сето нетрпение што го предизвикуваше во нејзината млада душа средбата со непознатиот град и народот на кому му припаѓа се што е нејзино. Само Евангелија Гаспарова беше чудно збунета. Како да ја измачуваше напозната силна горчина. Седеше замислена до пенџерето, покажувајќи ја сета отсутност од купето.
Возот најпосле влезе во Московската станица. Прва изрипа на перонот Пандура. Ги прифати куферите што и ги подаде Стојан Џавалеков низ прозорецот и почека да слезат од вагонот. Се товарија со куферите и ја напуштија железничката станица.
6.
Утрото им ги заплиска со студенило образите и ги натера да се замотаат подобро со шаловите. Стигнаа на време на аеродромот, но поради густата магла летот за Југославија беше откажан. Тоа малку ја потисна радоста во нив, но по половина час им ја врати средбата со Јана Чакаларова, која како и тие требаше да замине со авионот за Југославија.
Стојан Џавалеков забележа бели влакна на нејзината коса. Длабоки брчки по челото и околу очите. Лицето и беше сосема испосничко, од меките сочни усни немаше никаква трага. Се чудеше каде ја загуби убавината. Кога ја сретна во Костанерија не можеше да се изнагледа на нејзината убавина. Сега пред себе имаше жена со уморно тело, малку подвиткано и со соборен поглед.
Евангелија Гаспарова Наковска се поздрави со Јана Чакаларова, потоа ја престави Пандура.
“Беше цицалче кога ја видов последен пат”, рече Јана Чакаларова и и се насолзија очите. Си спомна за синчето што го остави во домот на Марија Ставридис.
“Сега сигурно е мажиште? Можеби се оженил и има дечиња”, помисли Јана. Му ја подаде кревката рака на Стојан Џавалеков, но како да се премисли. Му се фрли на вратот и долго останаа прегрнати.
“Си поигра со нас времето”, рече тивко Јана. “Како да ни е семето колнато”.
“Подобро молчи!”, и рече Стојан. “Нашата одисеја се уште трае”.
Замолчаа. Само Пандура нервозно шеткаше во чекалната нестрплива да го слушне гласот на спикерот. Седна на удобните фотелји. И се придружија и другите. Го слушнаа гласот на спикерот.
“Патниците за Југославија да се подготват”.
Маглата од аеродромот не беше сосема замината.
Се вивна железната птица во небесната шир и ги понесе кон Белград.
7. Кога се спуштија на аеродромот со првиот такси се најдоа на железничката станица и со вечерниот воз тргнаа кон Скопје. Гласот на кондуктерот го најави Куманово. Стојан Џавалеков излезе на пенџерето. Иако беше неразденето ги препознаваше терените по кои врвеше возот. Срцето почна силно да му чука. Ја разбуди Јана Чакаларова.
“Стигнавме”, рече Стојан.
Јана Чакаларова се насмеа. Возот влезе во железничката станица. Чкрипењето им ги оглуви тапанчињата и ги отворија широко устите за да не им пукнат тапанчињата на ушите. Неочекуваното кочење ги разбуди Евангелија и Пандура. Ги отворија очите и нарасонети се насмеаја.
“Стигнавме во Скопје”, им рече весело Стојан. “На станицата има многу народ. Можеби нашите пријатели се тука?”
Сликата што се покажа пред него му го пресече радосниот врисок во грлото. Се што гледаше за него беше непознато, освен преполовената зграда на железничката станица на која уште имаше нетстранети урнатини и стариот хотел “Бристол”.
Слезе од возот возбуден од големата промена на градот. Замајан во новата слика заборави на сопатничките. Бучните гласови на групата што доаѓаше до вагонот и ги подаваше рацете спрема Евангелија го врати од сонот. Дури тогаш забележа дека жените сами ги слегуваат големите куфери. Полета по нив и ги прифати преполнетите куфери. Ги пропушти жените напред и кога тие слегоа виде прегратка на две жени од што му потекоа солзи. Евангелија Гаспарова Наковска цврсто ја стегаше околу вратот Марија Ставридис. Двете жени плачеа. Никој од присутните кои го усмерија своето внимание од нив не можеше да процени дали плачат од радост што се гледаат по толку години, или од
тага по загубените соништа. Се гушкаа и бакнуваа и како да не можеа да се разделат. Најпосле се смирија и Евангелија Наковска и ја покажа на Марија девојката што слезе од возот.
Марија Ставридис ја гледаше девојката и се чуденше која може да биде. Никако не можеше да си спомне дали некогаш го видела нејзиното лице.
Ја погледна Евангелија зачудено, како да бараше од неа објаснување.
“Тоа е Пандура, ќерка ми. Зар не ја препозанваш?”, и рече низ плач.
Марија Ставридис го пушти до небото пискавиот глас и ја гушна Пандура. Ја стегна толку силно што девојката мислеше дека ќе и пукнат коските.
“Чедо на мајка!”, зарида. “Беше бебенце кога последен пат те лулав во лулката. Колкава мома, каква убавица!”
Се одлепи од Пандура и налета на прегратката на Јана Чакаларова.
“Плачи колку што можеш”, и шепна Јана. “Мене ми ги собра солзите студот во московската келија”.
Стојан Џавалеков се ракуваше со Марија Ставридис. Јана Чакаларова се плашеше да праша за синот. Стравуваше да не ја стресе на перонот тешкиот збор. Често ги бараше очите на Марија Ставридис за да го добие саканиот одговор и да си ја смири душата. Најпосле кога тоа не помогна не издржа.
“Зошто Ристо не дојде да ме пречека?”
Марија Ставридис се разведри.
“Не знае дека ќе дојдеш. Ако знаеше, ќе дојдеше да те пречека. Имаш две внучиња. Ќе ги видиш, златни се”.
Јана Чакаларова нафрли насмевка на усните и ја гушна повторно Марија Ставридис. Потоа тргнаа кон станот на Марија во Автокоманда.
Марија Ставридис имаше двособен стан, пристојно уреден со старински мебел. Сите се собраа околу масата.
“Добре дојдовте во татковината!”, им рече Марија. Ги почести со слатко од дуњи и кафе. “Децата се на работа и ќе дојдат полпадне”.
Сите гледаа по големите фотографии врамени и закачени уредно по ѕидовите. Го испија кафето.
“Можете да си прилегнете и да се одморите”, им рече Марија. “Подоцна ќе разговараме. Сега времето ќе работи за нас”.
8. Стојан Џавалеков како да не беше скроен за такви средби. Никако не можеше да се вклопи во нивните разговори. Помисли дека е најдобро да замине дома и да се сретне со родителите. Се поздрави и покрај поканата да остане уште малку побрза дома. Куќата ја затекна неуредна и закатенчена. Му се стегна душата. Ги остави големите куфери пред вратата и појде кај соседот. Не се надеваше дека соседот ќе го препознае, но не наиде на ликот во куќата со шарена порта што го остави во 1941 година. Сосема нова лика се појави зад шарената врата.
“Барате некого?”, праша човекот рамнодушно.
Стојан Џавалеков се насмевна тажно.
“Барате некого?”, повторно праша човекот.
“Соседите”, рече отсутно Стојан. “Соседите од куќава, Митре и Натка, нив ги барам”, одвај промрмори Стојан.
“Умреа пред седум години”, рече човекот мирно. “Сигурно доаѓате од далеку?”
“Од многу далеку. Од Советскиот Сојуз”, одврати Стојан. “Ми беа родители”, му потекоа солзи. Се сврти и без поздрав се најде пред закатанчената врата. Некое време размислуваше што да прави и бидејќи не смисли ништо подобро го откорна катанецот од вратата и влезе внатре. Наиде на стариот добар се уште употреблив креденец од кој како дете ги симнуваше качен на стол, теглите со ајвар. Се беше како што остави оној ден кога замина во партизаните. Дури и светилката му се стори истата од пред триесет години. И завесите на малечките пенџериња. Седна на креветот и си го покри лицето со дланките. Како да исчезна од него сета моќ што му влеваше храброст да истрае во животот далеку од својата земја. Се почувствува многу слаб. Легна на креветот и заспа.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/26 le 29 octobre 2026