Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ВТОР ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА - Part 02
Во една од зградите беа сместени децата од предучилишта возраст (3-7години), а во останатите три пак, децата бегалци од 7 до 14 години. Објектите во кои тие се сместени, веднаш се преуредени, односно адаптирани, со што се создале добри услови за живот на децата. Редот и хигиената во објектите го одржувале дојдените “мајки”, кои во исто време извршувале повеќе работи и активности. Тие работеле без определено работно време, а тоа значи предпладне и попладне и навечер, сè со една единствена цел – откорнатите деца од родните огништа и од родителската грижа, да не се почувствуваат осамени...
Покрај четирите објекти, исто така, една зграда во Бела Црква била определена и опремена за амбуланта.
Првиот бран на деца бегалци што изнесувал 912, веќе пристигнал во април и мај 1948 година во Бела Црква, кадешто се добро прифатени и веднаш сместени во 4 уредени објекти.
Грижата за детскиот дом ја водел Црвениот крст на Југославија, а децата бегалци што пристигнаа и беа сместни тука, се од следните места:
Арменско Мокрени Баница Неоказ Бапчор Нивице Боровница Овчарани Баово Ошчима Буф Песочница Габреш Псодери Герман Рудари Горно Котори Роби Долно Котори Сакулево Д’мбени Света Недела Желево Стрниште Желин Трново Косинец Трсје Крушоради Турје Лаген Чеган Лудово Чука Медово Штрково Миколини Цакони На крајот од септември 1948 година беа затворени сите детски домови за децата бегалци во НР Србија и АП Војводина, а сите деца бегалци беа донесени во Бела Црква.
За управник на детскиот дом во Бела Црква избран е учителот Станоје Обренов, на кого му се паднало да изврши најголем број од работите (адаптација на објектите и градежните работи, организација на работата, остварување на воспитно-образовната активност во училиштата, вработување и др.).
Покрај постоењето на економијата од која се добивале многу земјоделските производи, што се користеле во мензите за исхрана на децата бегалци, на крајот од септември 1948 година, управата на детските домови на Црвениот крст во Бела Црква донела одлука за формирање кројачка работилница. Во неа веднаш биле вработени 10 квалификувани шивачи и шивачки, а за работоводител бил поставен Трајко Терзиевски, бегалец од Желево.
Во своите записи за работата на детските домови во Бела Црква нивниот тогашен управник Станоје Обренов, во врска со работата на шивачката работилница го има запишано следното:
“Во тоа време конфекција немаше, ниту можњше од некаде да се купи. Затоа, отворањето на оваа работилница беше колку економично, толку и неопходно. Благодарејќи на Трајко Терзиевски, којшто скрои многу стотини капути, мантили и одела и негоите вредни соработници, сите шивачи и шивачки на оваа работилница за релативно кратко време, сите штитеници и штитенички на Црвениот крст во детските домови во Бела Црква можеа да бидат многу убаво облечени и снабдени со алишта и останати работи, а домовите со постелнина, убави пердиња, чаршави и др. Тука се шиеја и народни одела со егејски крој за потребите на детските фолклорни групи, како и облека за фискултурните и балетски игри”.
Во средината на септември 1948 година е формирана чевларска работилница, која била сметена во истата зграда во која се наоѓала и шивачката работилница. Во неа се изработувале готови обувки за децата бегалци, но најмногу таа служела за поправка на истите. Тука се изработувале и колани за пантолони, опинци за потребите на детската фолклорна група и др.
Покрај двете работилници, исто така, а во состав на детските домови била формирана и столарска работилница, каде што се поправале или изработувале нови клупи, столчиња, поправка на врати и прозорци и др.
Исто така, а за потребите на детските домови формирана е и земјоделска економија. За оваа цел, Народниот одбор на околија Вршац, на Управата на детскиот дом во Бела Црква му доделил 26 хектари добра, обработлива земј покрај реката Нера, а Народниот одбор на градот пак, и доделил уште 2 и пол хектари лозја и повеќе згради. На земјоделската економија се произведувале повеќе земјоделски производи, во свињарската фарма се одгледувале околу 100 свињи, а биле вработени постојани и сезонски работници.
ОДГЛАСИ ВО СВЕТСКИОТ ПЕЧАТ ЗА ПРЕСТОЈОТ НА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ ВО БЕЛА ЦРКВА Ќе го прекинеме следењето на активностите во домовите во Бела Црква, со една единствена цел, во времето на жестоката информбировска кампања и притисокот што го вршела самата Грција, да и се вратат децата, југословенските власти, на безброј начини се обидувале да го убедат јавното мислење пред сè, во источно-европските земји, дека децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија се добро прифатени и дека се добро сместени во детските домови, дека учат и убаво напредуваат на радост на разделените родители. За тоа, најдобро сведочи следниот настан.
По одобрение на Југословенскиот Црвен Крст, на 10 и 11 август 1948 година децата бегалци од Егејска Македонија и детските домови во кои тие беа сместени во Бела Црква, ги посетија Хандлер Маир, дописник на весникот “Њујорк тајмс”, Омер Бигарт, дописник на весникот “Њујорк Хералд Трибјун”, Озгорд Карутерст, дописник на новинската агенција АП Интернационал како и дописниците на Асошијатед Прес Дејли Воркер и некои други весници.
Новинарите – дописници објавија текстови за својата посета на децата бегалци и за детските домови во Бела Црква.
Во весникот “Њујорк Тајмс” од недела 11 април 1948 година, е објавен текст под наслов “Грчките девојки го демантираат извештајот за крадење на децата” со поднаслов “Групата од Македонија вели дека побегнале во Југославија поради воздушните напади”.
Специјално за “Њујорк Тајмс” од Бела Црква, Југославија, 8 април:
Девојките од грчка Македонија кои стигнале во Југославија на 4 април со група од 240 деца, го раскажаа денес нивниот марш низ планините до границата. Тие демантираа дека биле киднапирани од страна на грчките партизани и дека се истерани од својата земја, туку дека побегнале од воздушните напади.
Двајца американски и еден британски дописник со дозвола на југословенската влада, отидоа со автомобил до Бела Црква, село во Банат, каде Југословенскиот Црвен крст привремено сместил неколку групи деца од грчка Македонија. Групата која што овие дописници ја посетиле е еден дел од 5.000 деца од грчка Македонија за која е јавено дека ја поминала југословенската граница на почетокот на овој месец.
Поради состојбата на патиштата и заради кусото време одредено за посета, дописниците виделе само една група од 240 деца сместени во една обновена зграда која порано била употребувана за детско забавиште. Една друга група од 290 деца сместена е околу 3 милји од Бела Црква. Тоа се деца меѓу 3 и 17 години. Повеќемина имаат 5 до 7 години. Една мала група девојки од 13 до 17 години ги оставиле своите родители во југословенска Македонија и дошла да се грижи за најмладите.
Во продолжение на текстот уште е истакнато:
ЈУГОСЛОВЕНИТЕ ЈА ОБЛЕКОА ОВАА ГРУПА Југословенскиот Црвен Крст ја облече оваа група. Секое дете има пар солидни нови чевли, иако некои чевли се доста големи.
Фустаните, панталоните, пуловерите и марамите за глава се нови или во добра состојба. Децата се прилично слаби и со добро однесување.
Постарите девојки се посилни и повесели. Им поставувавме прашања преку нивниот 60-годишен грчки селанец – водич Георгијадис Димитриос со посредство на преведувач.
Југословенските власти ни ставија на располагање едно лице кое зборува англиски. Тој се обрати на еден југословенски Македонец кој му ги преведуваше прашањата на грчки на Димитријадес и на девојките. Одговорите беа преведувани на српско-хрватски па на англиски.
Според кажувањата на Димитријадис (Никола Георгијадес, учител), и на девојките ова е нивната историја:
Целата оваа група доаѓа од селата Тригоно, Андартико, Агиос, Германос, Лемос, Псодери и од околината на Лерин. Некои од овие села биле окупирани од страна на грчките владини трупи.
Деноноќното бомбардирање некои села ги срамниле со земја, а некои ги разорало.
Еден дел од населението побегнало во планина. Пред да побегнат им ги довериле своите деца на другите старешини на семејството. Некои деца биле предадени на лицата кои доаѓале кон границата. Оваа група дошла под водство на Димитријадис, селанец кој има своја сопствена земја.
Децата одеа ноќе од село до село низ планините за да ги избегнат воздушните операции. Месното население на одредени села ги хранеше, но децата поминуваа и низ некои села во кои немало население.
Маршот до границата траел 8 дена. Групата ја преминала границата кај Прилеп (а треба да стои Битола) каде што ги собрале југословенските стражи и ги однеле до најблиското село каде Југословенскиот Црвен крст ја презел грижата за нив.
Родителите кои ги следеле децата, останале во југословенска Македонија, додека децата со воз се донесени до Бела Црква.
Девојките од грчка Македонија изјавија дека се задоволни од постапката на Југословенскиот Црвен крст и изгледа дека се задоволни што се надвор од воената зона. Тие изјавија дека воздушните бомбардирања предизвикаа многу жртви и страв и дека грчките владини трупи немилосрдно постапуваат со лицата за кои постои сомневање дека им помагаат на партизаните или се нивни симпатизери”.
Еве уште еден новинарски прилог од споменатата група новинари од посетата на детските домови во Бела Црква.
Асошијатед Прес јавува:
Бела Црква, 10 април 1948 година Југословенскиот Црвен крст, во ова мало село во Банат остави 240 грчки деца кои побегнаа од својата земја и кои најодлучно порекнуваат дека се однесени со сила. Нивната старост е од 3 до 15 години. На југословенската граница стигнаа после една недела пешачење низ планини, повеќе ноќно време, од нивните села кои се наоѓаат во близина на Лерин. Овие деца ги следеа 5 грчки селски девојки и извесен број постари лица.
Преку 5.000 деца бегалци се примени во Југославија и за нив се грижи Црвениот крст, кој има два милиони членови кои го дадоа својот прилог за помош на овие деца и кои сега се обраќаат до организациите на Црвениот Крст во целиот свт да помогнат во извршувањето на оваа задача.
Југословенската влада, која минатата недела остро протестираше на обвинувањата дека овие деца се со сила однесени тврдејќи дека тоа го прави токму грчката “монархо-фашистичка војска” и дека ги употребува децата како пиони во грчката граѓанска војна, му даде одобрување на дописникот на агенцијата Асошијатед Прес, “Њујорк Тајмс” и лондонскиот “Дејли Воркер” да ги посетат овие деца и слободно да ги испрашуваат.
Децата изјавија дека единствена работа која ги принудила да ги напуштат своите домови било секојдневното бомбардирање на нивните села. Многу од нивните браќа и сестри загинале од бомбардирањето или од глад или измрзнале од зимата. Нивните роднини се борат во редовите на генералот Маркос, а некои од нив се погубени заради нивната работа.
Со лекарско испитување по нивното доаѓање е утврдено дека овие деца се недоволно хранети и дека се слабокрвни, дека нивната облека е во очајна состојба. Штом случајно ќе се појавеше авион, овие деца се фрлаа на земја или почнуваа да вриштат. Дури и појавата на еден орел на небото го имаше истото дејство. Овие деца беа толку исцрпени што за време на игра паѓаа во сон, но сега се опоравуваат во ова српско село во близина на границата со Романија, каде што се сместени во една чиста школска зграда. За многу од нив ова е прв мирен дом кој некогаш го имале”.
Њујорк Хералд Трибјун од 12 април 1948 година го објави Бигартовиот извештај од Вршац, под наслов:
“Југославија добро се грижи за избеганите деца од Грција” со поднаслов: “Дописникот ги посети селата во близина на романската граница, ги слушна изјавите кои ги побиваат атинските обвинувања за киднапирање на децата и сам како сведок видел дека децата одлично се хранети и дека се здрави”.
Слични дописи од Бела Црква упатија и останатите дописници на странските весници и агенции подвлекувајќи ја посебно изјавата на децата дека не се со сила одземени од родителите и одведени во Грција, туку дека во емиграција биле засолнети од воените грозотии.
Во тоа време, за жал, за децата кои побегнале од Егејска Македонија во западниот печат се изнесени многу невистини, од тоа дека со сила се одземени од родителите, дека живеат во логори и во лоши услови итн.
Оваа прва посета на децата бегалци од страна на дописници на странски весници, придонесе во западната јавност, за прв пат да се објават објективни извештаи за состојбата на овие деца и причините за нивната емиграција.
Со избивањето на Резолуцијата на Информбирото во средината на 1948 година, односот на грчките учители, партиските раководители и грчкиот персонал, значително се променил не само кон македонските деца што биле сместени во домовите, туку и кон вкупната тогашна југословенска политика во земјата.
И покрај извонредниот прием што им е приреден со прифаќањето и сместувањето, тие отворено ја напаѓаат Југославија и со лаги и измислици ги подбуцнуваат децата бегалци не само Грчиња, туку и Македончињата да прават нереди во домовите, да се однесуваат недолично и да ја напаѓаат земјата домаќин. За жал, наспроти сите укажувања, оваа ситуација продолжила и во 1949 година, така што тие се отстранети.
Во исто време и прашањето за учење на мајчиниот, македонски јазик во некои детски домови е решено на најдобар можен начин. Имено, грчките учители се заменети со македонски, а такво нешто беше направено веќе на почетокот на учебната 1949/50 година, во Бела Црква.
Така , во домовите во Бела Црква останаа 15 Македонки “мајки”, заедно со 51 дете и тоа:
Елена Ефтова со 10 деца Парашка Панова со 1 дете Ката Миланкова со 2 деца Томанија Божиновска со 4 деца Дафина Филкова со 3 деца Елена Шулевска со 4 деца Крста Ташева со 4 деца Василка Делова со 1 дете Марика Горчилова со 3 деца Василка Кулеова со 2 деца Вана Кочова со 4 деца Јордана Јанчова со 4 деца Стоја Кизова со 2 деца Нада Спирова со 1 дете Василка Мишовска со 4 деца.
Исто така, на барање од Централната управа на детските домови во Бела Црква, на крајот од 1949 година од Здружениот на Егејците со Скопје се испратени бегалци, со задача да работат во детските домови. Во Бела Црква дошле следните:
Михаило Атаносов Лазо Ангеловски Ташо Божинов Благоја Булев Ѓорѓи Донев Киро Донев Васил Јованов Лазо Карајованов Димитрија Пецев Петар Пошинов Ване Ранелов Атанас Решевски.
УСПЕСИТЕ НА НЕПОЛНАТА ГИМНАЗИЈА “ЛАЗАР КОЛИШЕВКИ” ВО БЕЛА ЦРКВА Една од многуте победи во Бела Црква е и отворањето на основно училиште за децата бегалци од Егејска Македонија и изведувањето на настава на мајчин македонски јазик. За ова, може да се прочита во весникот “Глас на Егејците”, следниот текст:
- Со решение на Министерството за наука и култура на ФНРЈ во учебната 1949-50 година во Бела Црква се отвори неполна гимназија што го носи името на заслужениот син на македонскиот народ и претседател на Владата на НРМ другарот Лазар Колишевски.
Бројот на учениците во неполната гимназија е 221 ученик во шест паралелки, од кои четири во први клас и две во втори клас. Вкупниот број на учениците заедно со оние од основното училиште изнесува 522, сите деца на бегалци од Егејска Македонија. Бројот на учителите кон крајот на годината се зголеми на 12 души, вклучувајќи го тука и директорот.
И покрај разните тешкотии со кои се бореше управата на гимназијата, благодарејќи на упорното залагање на наставниците предвидениот материјал по програмата од Советот за просвета, наука и култура на НРМ, е предаден во целост, и совладан од учениците.
Во споментиот новинарски текст, е забележено и ова:
- Неодамна од просториите на неполната гимназија “Лазар Колишевски” во Бела Црква, беше одржана свеченост по случај завршувањето на учебната година. На свеченоста беше истакнат успехот во учењето и поведението на учениците-деца бегалци од Егејска Македонија, кои се наоѓаат под закрила на Југословенскиот Црвен крст.
Со упорно залагање на учителите и воспитувачите, кои што работат со децата-бегалци од Егејска Македонија во Бела Црква, потстигнатиот успех на крајот на учебната година е доста задоволителен. Во споредба со минатогодишниот, знатно е подобар. Успехот во минатата учебна година беше 3,65, повторувачи имаше 45, а оваа година општиот успех во гимназијата е 3,90, а во основното училиште 4,07 или општо 3,98 со 12 повторувачи.
Покрај другото за добриот успех на децата придонесе и нивната дисциплина која е на добра висина.
Исто така, според покажаниот успех во учењето и поведението, сите одлични ученици беа наградени со по една книга. Во текот на учебната година, учениците од гимназијата дадоа една богата приредба за граѓанството од Бела Црква, која беше масовно посетена.
Исто така, во весникот “Глас на Егејците” е објавена подолга репортажа под наслов “Бела Црква – центар за воспитување на нашите деца”, во која е опишан животот на децата-бегалци што се сместени во неколкуте згради-домови, а се раскажува за изгледот на работната соба, за залагањето на жените-негувателки и “мајки”, за работата на ликовната секција и изложбата, за работата на хорот, како и за љубезноста и ангажираноста на управникот на сите домови во Бела Црква – Станоје Обренов. Во репортажата пишува:
- На влезот нè пречека жена на околу 40-годишна возраст. Ми се стори како да ја познавам. Но, таа ме позна поскоро и срдечно ми ја стисна раката.
- И тука е борба, друже – весело прозбори Пандовица од с.
Турје.
- Многу од децата во борбата си изгубија и татко и мајка. Сега јас сум мајка – јас татко, скромно зборуваше Пандовица и внимателно ѕирна во капалната да праша дали се готови децата што се капеа.
Во репортажата уште е истакнато:
- Тука се изложени слики изработени со сина боја, разни играчки, кукли, мачиња, слонови, петли, зајци, и што не... На еден крај од претставеното море заградено со палми, а внатре пливаат лаѓи од разни размери. На ѕидот е наместена слика на маршал Тито во убаво направена рамка... Ластовичките на Лета Димова се обесени со врвчиња, инаку одамна ќе летнеа за топлиот југ. Ташната на Рина Понсирова и Цена Понова направена од лика го привлекува вниманието на секој посетител. Популарните детски приказни “Снежана” и
“Црвенкапа” и тука го зафаќаат своето место. Ленка Сидерова, која замина далеку во Австралија, Ристана Костадинова од Турје, која свиреше со четири прста на клавир, Тинка Спирова, Тена Бамова, која одлично играше балет, се наоѓаат многу далеку од својот сакан дом и се сеќаваат на своите ракотворби на изложбата. На нежните детски очи ќе им навираат жешки солзи, во споменот на радосниот живот во Бела Црква. Но, сега тие се далеку, многу далеку...
Надвор во коридорчето со плетило во рацете седеше “мајката” на групата Елена Шулевска од Горно Котори. Нејзиниот маж падна како борец на Демократската армија на Грција во Гревена. Таа го слуша разговорот на децата и им се радува.
- Од забите на волкот ги извадивме децата. Седум дена и ношје патувавме во планините – вели Елена, и на очите и се појавија две крупни солзи. Таа со ужас се сеќава на оние тешки денови кога монархофашистите и бомбардерите ги уништуваа нашите села и убиваа изнемоштени старци и деца. Тоа никој противник не ќе може да го одрекне, зашто уште грозно зјаат разурнатите куќи во Бапчор, Бесвина, Рудари, Оровник и каде не!
Училиштето во село Герман беше најубавата зграда во целата околија. Денеска е половина разурната од бомбардирањата. Ако половина час подоцна излегоа учениците од ова училиште, во оној пролетен ден 1948 година, повеќе нема да се радуваа на животот преко 300 нежни суштества.
Во споменатата репортажа објавена во “Глас на Егејците”, уште може да се прочита и ова:
Искусните движења на диригентот Ставре Џигоманов, петнаесет-годишното дете, му придаваат изглед на зрел уметник-музичар. Ставре ни засвири неколку творби на клавир.
Тоа е селанче од Леринско. После него ни го покажа својот талент на клавир и малиот Вангел. Кога ги запрашав да ли и во родното село свиреле на клавир, децата ми одговорија со горчлив смев... Заедно со хористите пееше и Стојанка од с.
Личишта – Костурско. Тоа девојче нема видело на обете очи, но научи да пее и да свири дури и на клавир.
Што се однесува пак, до воспитувањето на децата во објавената репортажа, е истакнато:
- Воспитувањето на децата-бегалчиња е во склад со принципите на воспитување на децата во една социјалистичка земја. Тие треба да станат чесни граѓани, пламени патриоти и вистински интернационалисти, противно на штетниот повинизам. Од учителите и воспитувачите голем труд се посветува на тоа, македонските деца да се осетат дека се Македонци, дека постои македонска нација и македонски народ. Се внимава многу кај децата да се култивираат најдобрите намики, кои што утре во општеството ќе им обезбедат чесно место.
За воспитувањето на децата се организирани разни секции од кои поглавните се: за фискултура и спорт. Децата имаат фудбалски тимови, кошарка, одбојка, лесна атлетика и шах.
Секој ден е воведена утринска гимнастика, игри и тн.
Во училиштето има и хигиенска и интелектуална секција, во која припаѓаат кружоците и индивидуалното учење. Формирани се кружоци за совладување на училишниот материјал, читање на разни книги, кружоци по историја, природознание, а се организираат и литературни вечери и т.н.
За етсетското воспитување на децата постојат: драмска, фоклорна, балетска, музичка, ритмичка, и хорска секција. Само минатата година хорската секција научи 14 нови хорски песни.
Во ритмичко-балетската секција членуваат 172 члена, кои имаат постигнато видни резултати. Во музичката секција 35 члена изучија и клавир, ноти и свирење, и разни творби. Фоклорната секција брои 42 члена. Тие научија минатата година 14 македонски народни ора, а драмската секција има 75 членови.
Во работното воспитување на децата се прифатени домаќинската секција, цртачката работа, и моделарската секција. Само во минатата година со дадени 11 успешни приредби со одбрани програми, а некои ракотворби на децата се испраќаат дури во странство.
Домот има своја библиотека со околу 800 гниги, а библиотека има и училиштето. Децата многу ги интересира и печатот. Тие читаат и Борба, Нова Македонија, Глас на Егејците и Пионер.
Се организираат излети и екскурзии.
Домот има две просветни установи: основното училиште “Гоце Делчев” и гимназијата “Лазар Колишевски”. Сиот персонал во училиштата се состои од 11 учители, но има потреба од уште повеќе наставници. Особено се повикуваат таа мисија да ја исполнат македонските учители од Егејската Македонија.
Општиот успех минатата година во основното училиште беше 4.02, а во гимназијата 3.70.
ПИСМО НА “МАЈКИТЕ” ВО ОДБРАНА НА ДЕЦАТА На почетокот од октомври 1949 година извршена е реорганизација на детските домови во Бела Црква, при што се укинати некои помали домски згради, а децата се разместени во останатите поголеми домови, кои во меѓувреме биле целосно реновирани и преуредени.
Во првиот детски дом-зграда во Бела Црква биле сместени 45 женски деца од 11 до 14 години. Главна воспитувачка била Ѓурѓевка Сииќ, а воспитувачка Стоја Јанковска, домаќинка на домот била Мара Штегер, а детски негувателки Елена Ефтова и Томанија Божиновска, додека домаќин на домот бил Михајло Атанасов.
Во вториот детски дом-зграда биле сместени 71 машко и 81 женско дете или вкупно 152 деца од 9 до 11 години.
Управничка на домот била учителката Добила Јовановска.
Главна воспитувачка била учителката Милица Мичин, а воспитувачки биле Фанија Терзиевска и Катина Маркова, домаќинка Радмила Обренов и домаќин Киро Донев.
Во третиот детски дом-зграда во Бела Црква биле сместени 60 машки деца од 13 до 14 години. Управничка на овој дом била учителката Љубица Угриновиќ, главна воспитувачка Јелена Карановиќ, домаќинка на домот е Емилија Веселиновиќ, а домаќин Петар Пашинов.
Во четрвтиот детски дом-зграда биле сместени 223 машки и женски деца од 9 до 13 години. Управничка на овој дом била учителката Иконија Росиќ, главна воспитувачка учителката Вукосава Јаноковиќ, а воспитувачка Василка Грозданова, домаќинка била Маргита Пауновиќ и домаќин Ташо Божинов.
Во петтиот детски дом-објект биле сместени 90 деца, управничка била Меланија Деспотовиќ, воспитувачка Тронда Петкова, домаќинка Аурелија Васиќ и домаќин Лазар Карајованов.
Во првата амбуланта која располагала со 27 болнички постели домаќин бил Ване Ранелов, а втората амбуланта располагала со 11 соби и 46 болнички кревети.
Од ова може да се согледа дека огромна била грижата за здравствената заштита на децата бегалци, што биле сместени во повеќето објекти – детски домови во Бела Црква.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/6 le 29 octobre 2026