Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ
ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ
1. ПРОУЧУВАЈЌИ го извештајот поднесен од страна на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвото на Црвениот крст по прашањето за репатријација на грчките деца и одавајќи признание за заземањето на двете меѓународни организации на Црвениот крст поради олеснување на спроведувањето на резолуцијата 193, III Ц на Генералното собрание;
2. КОНСТАТИРАЈЌИ дека грчките деца сè уште не се вратени во своите домови, како што тоа го препорача резолуцијата на Генералното собрание и сметајќи дека би требало да се преземат нови чекори за целосна примена на Резолуцијата;
3. СТАВАЊЕ ВО НАДЛЕЖНОСТ на Генералниот секретар да ги повика Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвата на Црвениот крст и понатаму да настојуваат да ја остварат оваа хумана цел и да им дадат секаква помош која ќе биде потребна во извршувањето на нивната задача;
4. ГИ ПОВИКУВА сите држави – членки на Обединетите нации и други држави, кои им обезбедиле сместување на грчките деца, да ги преземат сите мерки, во договор и соработка со меѓународните организации на Црвениот крст, за да се олесни брзото репатрирање на грчките деца, врз основа на гореспоменатата Резолуција;
5. СЕ ПОВИКУВААТ меѓународните организации на Црвениот крст да го известуваат Генералнито секретар за напредувањето на спроведувањето на оваа Резолуција поради информирање на членките на ОН.
(ОН, 288 б/ IV /1949)
УСЛОВИТЕ НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ЦРВЕН КРСТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДЕЦАТА НА РОДИТЕЛИТЕ Југословенскиот Црвен крст од почетокот на 1950 година во врска со примената на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 27 ноември 1948 година која се однесува на репатријација на грчките деца, зазема одреден став и постави услови под кои ќе ги предава децата на родителите и за тоа ја извести Лигата на друштвата на Црвениот крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Условите на Југословенскиот Црвен крст, начинот и процедурата на репатријацијата, се состојат во следното:
1. Сообразно со Резолуцијата на Генералното собрание на ООН
288 (IV) Б од 18 ноември 1949 година, репатријацијата на грчките деца ќе се одвива со посредство на Лигата на друштвата на Црвениот крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст. При тоа, Грчкиот Црвен крст целата потребна документација ќе ја доставува до Лигата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кои пак, ќе ги заверат и ќе ги достават до Југословенскиот Црвен крст, а овој пак, од своја страна, сите потребни документи ќе ги доставува до Лигата и Меѓународниот комитет па оттаму до Грчкиот Црвен крст.
2. Документите кои Грчкиот Црвен крст треба да ги поднесе се следните:
а) од надлежните власти заверено писмено барање на родителите, детето да им биде вратено со посредство на Црвениот крст;
б) уверение за сродство, заверено од грчките надлежни власти.
3. Покрај барањето на родителите, Југословенскиот Црвен крст врз основа на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН 193 (III) Ц од 27 ноември 1948 година, ќе бара изјава од детето за тоа дали сака да се врати во Грција или не сака. Ваква изјава ќе се бара само од дете кое е зрело за донесување на таква одлука;
4. Примопредавањето на децата ќе се врши на југословенско- грчката граница во присуство на претставниците на Лигата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Во таа прилика ќе биде составен и потпишан записник со сите потребни податоци за примопредавањето на децата, во кој ќе бидат внесени и лекарските наоди за состојбата на детето;
5. Југословенскиот Црвен крст бара од Лигата со посредство на Грчкиот Црвен крст да добие гаранција од грчката влада дека предавањето на децата на родителите ќе биде извршена веднаш без задржување на децата во карантин, логори, прифатилишта и др.
Како што се гледа од овој прилог, Југословенскиот Црвен крст сакаше целата работа околу репатријацијата на децата во Грција да ја изврши со помош на Лигата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а не директно и само во контакт со Грчкито Црвен крст.
Тоа е направено, затоа што таква процедура предлага и споменатата Резолуција на Обединетите нации. Но, ако се има во предвид големата информбировска кампања, која во тоа време се водела против Југославија и при тоа како предмет за напад на нашата земја и Црвениот крст се користело и прашањето за репатријација на децата во Грција на тој начин што е изнесен податокот дека југословените ги предаваат децата на грчките фашисти и овие ги ставаат во логори, а родителите на децата не се во Грција, потоа дека Југославија прави политички спогодби со Грција на сметка на децата итн.
Тогаш овој предлог на Југословенскиот Црвен крст, децата да се предаваат со посредство на Лигата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст може да се смета за сосема умесен.
ИЗЈАВА НА Д-Р ОЛГА МИЛОШЕВИЌ НА СОСТАНОКОТ НА ИЗВРШНИОТ ОДБОР НА ЛИГАТА НА ДРУШТВАТА НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ВО ЖЕНЕВА Генералниот секретар на Југословенскиот Црвен крст д-р Олга Милошевиќ зборуваше на 10 мај 1950 година на состанокот на Извршниот одбор на Лигата на друштвото на Црвениот крст во Женева за ставот на Југословенскиот Црвен крст по прашањето за репатријација на грчките деца.
Југословенскиот Црвен крст - изјави д-р Олга Милошевиќ – повеќепати го изнесе својот став во поглед на враќањето на грчките деца на родителите. На минатото заседание на Извршниот одбор делегацијата на Југословенскиот Црвен крст подвлече дека Лигата на друштвата на Црвениот крст требало своето залагање и својот авторитет неподелено и еднакво да го ангажира и во поглед на враќањето на сите деца во цел свет на родителите, со тоа и на југословенските деца од Германија, Чехословачка, Советскиот Сојуз и др.
Што се однесува до ставот на Југословенскиот Црвен крст по прашањето на репатријацијата на грчките деца, тој се заснова на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации која им препорачува на заинтересираните земји да преземат мерки со цел предавање на децата на нивните родители, а во нивното отсуство, на нивните роднини.
Во смисла на оваа Резолуција на Обединетите нации, Југословенскиот Црвен крст пристапи кон решавање на ова прашање и во таа насока досега презеде цела низа конкретни мерки. Така, им ги одобри барањата на грчките родители кои живеат во Австралија и Франција и подготви сè што треба за враќање на бараните деца на нивните родители во тие земји.
Југословенскиот Црвен крст подготви една група деца за праќање на нивните родители во Чехословачка. За тоа Владата на ФНРЈ ја извести амбасадата на Чехословачка во Белград за прифаќање на овие деца. Бидејќи Чехословачката Влада не одговори на ова барање, Министерството за надворешни работи на ФНРЈ уште четири пати инсистираше во амбасадата на Чехословачка во Белград по повод ова прашање. Чехословачка Влада до денес ништо не одговори. Со исто молчење се премина и преку молбите на родителите – бегалци од Грција, кои сега се наоѓаат во ФНРЈ да им се вратат децата од Романија, Чехословачка и Унгарија.
За таа цел – за враќање на децата – грижливо биле испитани и спроведени податоците со кои располагал Југословенскиот Црвен крст како и списоците на децата, кои ги барал Грчкиот Црвен крст, а кои се доставени до Југословенскиот Црвен крст преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвото на Црвениот крст.
Според собраните податоци, во Југославија на 4 мај 1950 година се наоѓале 9.506 деца бегалци од Грција. Од тој број со своите родители живееле 7.812, а во домовите на Црвениот крст живееле 1.224 деца. Бројната состојба во домовите постојано се намалува како резултат на предавањето на децата на родителите кои живеат во Југославија така што во оваа година од домовите на родителите се предадени 151 дете.
До сега е заклучено дека меѓу децата во домовите живеат 218 деца чии родители се наоѓаат во земјите на источна Европа, 15 кои имаат родители во Австралија, едно дете чии родители живеат во Франција како и деца чии родители живеат во Југославија, а сакаат нивните деца и понатаму да останат во домовите. Може да се смета дека бројот на децата чии родители живеат во Југославија или се наоѓаат во некоја земја од Источна Европа не е дефинитивен затоа што идентификацијата на децата, врз основа на барањата на родителите кои живеат во Југославија сè уште не е завршена, како ни пронаоѓањето на родителите во земјите на Источна Европа.
Во понатамошното решавање на прашањето за враќање на децата, тешкотија претставува и фактот што списоците, кои се доставени до Југословенскиот Црвен крст, не даваат доволно сигурност за решавање на тоа прашање. Така, врз основа на списоците на децата кои ги побара Грчкиот Црвен крст, а кои ни се доставени преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвото на Црвениот крст, утврден е иденитетот на 123 деца. Меѓутоа, за 12 деца е утврдено дека родителите им се во Југославија, за пет дека имаат родители во Австралија, а за едно дете дека има родители во Чехословачка.
Исто така, имињата на некои деца со македонско потекло се појавуваат и како македонски и како хеленизирани, што може да доведе до заблуда дека се работи за две деца, додека, всушност, се работи за едно исто дете со променето презиме.
Исто така, голема тешкотија претставуваше и пишувањето на списоци со различна ортографија. Со оглед на тоа, се разбира дека списоците поднесени од Грчкиот Црвен крст до Југословенскиот Црвен крст може да се земат како појдовна точка за решавање на овој проблем. Но, и покрај сите овие тешкотии, Југословенскиот Црвен крст ќе ги преземе сите потребни мерки за да се решат сите прашања и децата да се вратат на своите родители и блиски роднини, затоа што тое е и во духот на хуманитарните цели според кои, во овој случај, се раководи Југословенскиот Црвен крст, како и во духот на исполнувањето на обврските преземени со Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации – изјави д-р Олга Милошевиќ;
1) Овој дел на изјавата на генералниот секретар на Југословенскиот Црвен крст се однесува на децата од разни земји кои воените настани ги одвоиле од родителите, но со прашањето за овие деца не се занимавале ни Обединетите нации ни Меѓународниот Црвен крст. Тоа прашање е препуштено на самите родители тие да си ги бараат децата на разни начини, преку националните организации на Црвениот крст и преку разни служби за барање. Југословенскиот Црвен крст веднаш по војната почна да се занимава со барање на децата и нивно враќење на родители. Таа работа траеше со години и беше проследена со големи тешкотии. Така, службата за барање при Југословенскиот Црвен крст уште во 1951 година обработила барање за 761 дете, разделено од родителите. 294 деца чии родители се во Југославија, а тие се наоѓаа во разни земји, и тоа во Западна Германија 72 деца, Австрија 115, Италија 31, Франција 4, Белгија 2, Швајцарија 1, СССР 3, Унгарија 43, Романија 10, Полска 3, Чехословачка 6, Бугарија 2, Албанија 1 дете. 96 деца чии родители се наоѓаат во Југославија се наоѓаа во странство, но не се знаеше точно во кои држави се наоѓаат, па тие барања се упатени во разни земји. 69 деца се најдени во Западна Германија, Австрија, Италија, СССР и Бугарија, но не се знаеше каде им се наоѓаат родителите па се барани во Југославија и другите земји. Три југословенски деца се упатени во Бугарија во 1945 година, но до 1951 година не се вратија така што за нив ништо не се дозна. Непријателот, во својата земја од многу логори во Југославија однесе затвореници заедно со децата. Таму децата ги оддели од родителите. Преживеаните родители по војната трагаа по своите деца. Имаше уште многу слични барања на деца и родители како кај нас, така и во многу други земји. Барани се на сите страни, а нивната судбина не ги заинтересира ни Обединетите нации, ни Меѓународниот Црвен крст. Според податоците на Југословенскиот Црвен крст, во 1953 година деца од Југославија се пронајдени и тоа во Западна Германија 484, Австрија 268, Италија 54, Швајцарија 1, Англија 3, Турција 1, Франција 1, Белгија 3, Израел 1, Мароко 1, Австралија 2, САД 4, Трст 8, Аргентина 2, сè на сè 836 деца. Понатаму, во Унгарија имаше 234 деца, Бугарија 11, Романија 11, Албанија 2, Чехословачка 10, Полска 2, вкупно 1106 југословенски деца.
Според податоците на ЈЦК во 1953 година странски деца во Југославија имаше и тоа: унгарски деца 277, германски – фолксодјчерски 804 и грчки 788. До 1953 година Југословенскиот Црвен крст репатрираше во Западна Германија 889 фолксодјчерски деца, во Австрија 261, Франција 9, Англија 3, Швајцарија 1, вкупно 1163 германски деца. Комитетот за социјални грижи на ФНРЈ репатрирало 337 деца во Западна Германија, 211 во Австрија се на се 548 германски деца. До 1953 година вкупно се репатрирани 1711 деца. Југословенскиот Црвен крст и понатаму работи на пронаоѓање на изгубените деца или нивните родители.
(Архив на Централниот одбор на ЈЦК)
РЕПАТРИЈАЦИЈА НА ГРЧКИТЕ ДЕЦА Ова прашање, со кое веќе одамна се занимава Унијата, беше на дневен ред на полугодишната Конференција на Црвениот крст отворена на 10 мај 1950 година во Женева.
Госпоѓа Молиер, претседател на Извршниот одбор на Унијата, му напиша на господинот Басил Оконор, претседател на Советот на гувернерите на Лигата при тоа молејќи го да го употреби целото свое влијание ова прашање да се расправи “во духот на добрата волја и меѓународното разбирање”, овозможувајќи тоа да се стави во областа во која припаѓа, а тоа е областа на хуманоста и семејството.
Познато е дека Обединетите нации на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвото на Црвениот крст му ја довериле грижата за организацијата за репатријацијата на овие деца.
Извршниот одбор на Лигата на својата седница на 11 мај 1950 година изгласа резолуција по ова прашање со која се известуваат Обединетите нации дека “ако не бидат совладани пречките над кои Црвениот крст нема контрола, овој последниот нема да може да ја изврши мисијата која му е доверена!” Извршниот одбор со длабоко жалење изјави дека “И покрај непрекинатите напори ни едно грчко дете не е вратено досега во Грција и дури ни најнеопходните претходни елементарни технички податоци за решавање на овој проблем не биле испрени од страна на заинтересираните влади”. Меѓутоа, Лигата уште еднаш ја изрази “својата волја да продолжи со извршувањето на задачите, примени во потполна согласност со Меѓународниот комитет на Црвениот крст.” Еден нов факт во планот на Црвениот крст, рече господин Васил Оконор, се состои во тоа што претставничката на Југословенскиот Црвен крст изјавила пред Извршниот одбор дека Југословенскиот Црвен крст решил да ги преземе сите потребни мерки за што поскоро решавање на ова прашање и за враќање на децата на нивните родители.
На конференцијата на Егејците одржана на 2 јуни 1950 година во Скопје упатена е телеграма до Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и другарот Тито во која меѓу другото се вели:
“Со голема радост го прифаќаме ставот на југословенската делегација во Организацијата на Обединетите нации за предавање на децата на нивните родители, затоа што меѓу нас има многу мајки и татковци кои чекаат да ги видат своите деца.
Овој акт е високо хуман и принципиелен и сакаме да се спроведе во живот – да ни се уважат молбите и да ни се дадат децата кои се наоѓаат во Чехословачка, Унгарија, Романија и Полска. Ја поздравуваме мирољубивата југословенска влада и нејзиниот принципиелен став по прашањето за нормализирање на дипломатските односи со Грција...” (“Глас на Егејците”, 1 септември 1950 година)
ТРЕТА РЕЗОЛУЦИЈА НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ На Петтото заседание, одржано на 1 декември 1950 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја донесе својата Трета резолуција за грчките деца. Тоа е всушност поранешна резолуција, проширена со тоа што опфаќа барање од страна на двајцата родители, потоа образование на комисијата од претставниците на Перу, Филипини и Шведска како и влез на претставникот на Лигата на друштвата на Црвениот крст и во земјите во кои се наоѓаат грчки деца со цел нивна репатријација. Секој пат, кога тоа ќе биде потребно, овие земји ќе им одобрат пристап на својата територија.
Резолуцијата од 1 декември 1950 година гласи:
ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ А 1584/С ГИ ПРИМИВМЕ НА ЗНАЕЊЕ со голема загриженост извештаите на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на Црвениот крст, како и на Генералниот секретар, а посебно изјавата според која “ниедно грчко дете не е вратено во Грција со исклучок од Југославија и дека ниедна земја во која се наоѓаат грчките деца не преземала одлучни мерки сообразно со едногласно прифатените резолуции на Генералното собрание на двете последователни седници”.
ПРИЗНАВАЈЌИ дека треба, во духот на човечноста, без оглед на политичките и идеолошките убедувања, да не запрат напорите за враќање на децата во нивните домови.
ОДДАВАЈЌИ ПРИЗНАНИЕ на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвата на Црвениот крст, како и Генералниот секретар, за нопорите кои ги вложиле да ја спроведат во дело резолуцијата 193 С (III) и 288 В (IV) кои ги прифати Генералното собрание.
1. СЕ МОЛАТ Генералниот секретар, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвата на Црвениот крст да ги продолжат своите напори сообразно со наведените резолуции;
2. СЕ ПОВИКУВААТ државите, кои им даваат заштита на грчките деца, да ги преземат сите потребни мерки во соработка со Генералниот секретар и меѓународните организации на Црвениот крст за да се забрза враќањето на децата на нивните родители и секој пат, кога тоа ќе биде потребно, да се одобри пристап на нивната територија на меѓународните организации на Црвениот крст;
3. СЕ ФОРМИРА една постојана комисија, која ја сочинуваат претставници на Перу, Филипини и Шведска, кои ќе работат во согласност со Генералниот секретар и кои ќе пристапат кон размена на гледиштата со претставниците на заинтересираните земји во врска со брзата репатријација на децата;
4. СЕ МОЛИ Меѓународниот Црвен крсти и Лигата на друштвата на Црвениот крст да соработува со споменатата постојана комисија;
5. СЕ МОЛИ Генералниот секретар од време на време да поднесува извештај за напредувањето и спроведувањето на оваа резолуција на државите членки и ги моли меѓународните организации на Црвениот крст и Генералниот секретар да поднесат извештај на шестото заседание на Генералното собрание.
(ООН бр. А 1584/С – 1950 година)
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/16 le 29 octobre 2026