Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia

ВТОР ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА - Part 03

Par Мишо Китаноски и Ѓиорги Доневски · Partie 7 sur 20 · Environ 20 minutes

Lire en English

Со одењето на грчките учители, воспитувачки и негувателки од детските домови во Бела Црква, се создала сосема нова клима за децата бегалци. Веднаш била отворено основно училиште и нижа гимназија, во кои наставата се изведувала на мајчин, македонски јазик. За таа цел, Владата на НР Македонија упатила повеќе квалификувани учители во овие две воспитно-образовни институции. Управник на училиштето бил Коста Марковски, а за воспитната работа во домовите се грижела Ружица Бура, инаку помошник на управникот на Централната управа на детските домови на Црвениот крст во Бела Црква.

Меѓутоа, интересно е да се напомене дека информбировската кампања што ја форсирале грчките партиски личности и Комитетот за помош на детето (ЕВОП) ниту бирале срества за тоа, ниту пак придонесувале за кажување на вистината. Па така, тие не само што вршеле притисок врз децата, подбуцнувајќи ги да бараат да заминат во тогашна Чехословачка, туку користеле и севозможни начини за притисок и закани врз македонските кадри, односно “мајките” што работеле во детските домови во Бела Црква.

Осознавајќи ја ваквата неповолна ситуација по децата бегалци и по самите себе, одбивајќи ги сите информбировски лаги и клевети што се ширеа преку пропагандните средства, 15 “мајки”, односно учителки и воспитувачки испратиле писмо до Југословенскиот Црвен крст во Белград.

Еве ја неговата содржина:

“Овие денови ни јавија од Булкес дека со децата треба да одиме во Чехословачка. Ние тоа не го сакаме по никоја цена. Меѓу нас и децата владее страв. Ние доста се движевме и мачевме. Овде имаме мир и добар живот. Југославија родителски се грижи за децата и за нас. Нам, родителите во Грција лично, на рака ни ги дадоа, и ни ги доверија децата да ги доведеме во Југославија.

Затоа, ние сме единствено овластени да зборуваме во име на децата и нивните родители. Ве мокиме да не нè испраќате во други држави, туку и понатаму да останеме тука и да им овозможите на децата школување на нивниот мајчин јазик, со децата да останеме само ние кои имаме свои групи деца и да не им се дозволи на неповиканите со децата и со нас да располагаат, освен Црвениот крст. Ние овде ќе останеме со децата и ќе си одиме, единствено ако Југославија не сака повеќе тука да бидеме.

Молиме за одговор за да ги смириме децата и себе и да се реши нашето прашање како што сакаме. Со оваа наша молба согласни се и сите жени и девојки од останатите домови”.

Писмото е датирано на 27 август 1949 година во Бела Црква.

Во име на родителите и децата следуваат овие потписе:

Стоја Јанковска Крста Ташевска Олга Здравковска Ката Миланкова Фанија Терзиевска Василка Делова Елена Ефтова Тронда Петкова Томанија Божиновска Јана Јанчова Василка Грозданова Цила Мишевска Елена Шулевска Цела Кулеова Елена Делова Во основното училиште “Гоце Делчев” и нижата гимназија “Лазар Колишевски” и во детските домови, како што погоре истакнавме, постоеја и со успех работеа повеќе ученички секции. Во нив членуваа децата бегалци, а имаше фискултурна секција, секција за хигиена, интелектуално и естетско воспитување, хорска, музичка и фолклорна секција, потоа ритмичко балетска секција, драмска и ликовна секција, моделарска секција и историска, географска и биолошка секција и кружоци.

За истакнување е дека членовите на фискултурната секција во 1950 година одиграле 4 пријателски фудбалски натпревари и 3 натпревари во шах меѓу децата бегалци и учениците од средношколскиот интернат во Бела Црква.

Членовите на историската секција со свечени програми го прославувале Илинден и Нова Година, а повремено одржувале и литературни читања.

Во хорската секција во 1950 година имало 74 членови, кои настапиле на повеќе свечености. Тие на својот репертоар имале 14 хорски песни, 4 соло песни 4 дуети, а песните ги пееле на македонски јазик.

И членовите на фолклорната секција чиј број во 1950 година бил 42, подготвиле 14 македонски народни ора. За потребите на играорците во кројачката работилница биле изработени народни носии од Егејска Македонија, со кои членовите на секцијата настапувале на приредби. Тие исто така, гостувале во Скопје и Белград, а на повеќе наврати се претставиле и пред граѓанството на Бела Црква.

Во балетската секција во 1950 година членувале 72 члена, кои заедно со членовите на музичката и фолклорната секција и хорот настапиле на приредби во Белград и Скопје.

Драмската секција во 1950 година броела 75 члена, кои подготвиле 6 претстави, 18 рецитации на македонски јазик и 10 на српскохрватски јазик и др.

Во ликовната секција во која членувале 36 деца бегалци во 1950 година биле изработени 100 слики, со кои членовите учествувале на повеќе детски изложби, а некои ликовни творби биле испратени и во странство.

Што се однесува до културно-забавните приредби, може да се рече дека на тој план се постигнати завидни резултати. Така, на пример, во јануари, февруари и март 1950 година во Бела Црква членовите на повеќето секции од детските домови дале 11 приредби.

Како резултат на постигнатиот квалитет во мај 1950 година членовите на неколкуте секции од детските домови во Бела Црква организирале турнеја при што ги посетиле Белград и Скопје, каде што приредиле културно-уметничка програма.

Бројот на учесниците бил 116, а турнејата траела 15 дена.

Во Белград на 13 и 14 мај 1950 година, на Коларчевиот универзитет биле изведени две приредби, при што бил снимен документарен филм, а една од приредбите била пренесувана преку радио.

Од 18 до 22 мај 1950 година, членовите на културно-уметничкото друштво на деца бегалци од Бела Црква гостувале во Скопје, каде што дале 4 приредби.

Исто така, членовите на повеќето секции учествувале и во бројните приредби по повод некои празници што биле организирани во Бела Црква за сите години од нивниот престој.

ПОЧЕТОК НА РЕПАТРИЈАЦИЈА Што се однесува пак, до активностите на вработените, може да се каже дека тие учествувале на 9 работни акции, при чистењето на главниот одводен канал во градот, уредувањето на паркот, чистењето на улици, сечење на шума во Делиблатската Пештера и на економијата од детските домови.

Децата бегалци и вработените биле членови на Црвениот крст во Бела Црква.

На почетокот од април 1952 година од детските домови во Бела Црква биле испратени во Гаково 17 “мајки” и тоа:

Олга Ничова Ката Миланкова Ристана Лазарова Василка Мишевска Софија Колева Крста Ташева Пенелопи Атанасиу Дафина Филкова Марика Горчилова Елена Ефтова Елена Шулевска Доста Курти Софија Аргирова Марија Донева Василка Делова Махи Палева Вана Кочова Со нив исто така, отишле и 44 деца бегалци.

Од домовите во Бела Црква си отишле уште и:

Васил Јованов Лазо Ангеловски Киро Донев Ѓорѓи Донев Петар Пашинов Ване Ранелов Тошо Божанов Како што може да се види детските домови во Бела Црква работеле од 1948 до 1958 година.

Според официјалните податоци бројот на згрижените деца бегалци во детските домови во Бела Црква е следен:

-Во 1948 година 212 штитеници.

-Во 1949 година 570 штитеници.

-Во 1950 година 537 штитеници.

-Во 1951 година 492 штитеници.

-Во 1952 година 455 штитеници.

-Во 1953 година 395 штитеници.

-Во 1954 година 354 штитеници.

-Во 1955 година 326 штитеници.

-Во 1956 година 266 штитеници.

-Во 1957 година 103 штитеници.

-Во 1958 година 80 штитеници.

Што се однесува до репатријацијата на децата бегалци со нивните родители, од расположливата документација може да се види следното: од ноември 1950 до месец март 1952 година, од детските домови во Југославија се репатрирани 469 деца кај родителите во Грција.

Бидејќи во април 1952 година беа укинати сите детски домови за децата бегалци од Егејска Македонија во НР Хрватска и НР Словенија тоа репатријацијата на децата се вршеше само од детските домови во Бела Црква. Така, од октомври 1952 година до септември 1958 година од детските домови во Бела Црква се репатрирани 163 штитеници.

Од мај до ноември 1950 година, 70 деца и 50 возрасни заминале во Австралија.

Од мај 1953 до јуни 1956 година, од детските домови во Бела Црква отишле кај родителите во Австралија 8 деца.

Во јули 1950 година со транспортот на децата за Австралија отишла и Јордана Јанчова од село Трсје – Леринско со своите 4 деца.

Од ноември 1955 до јули 1958 година, од детските домови во Бела Црква, репатрирани се кај родителите 12 штитеници во Романија.

Од февруари 1955 до јули 1958 година, 73 штитеници се репатрирани во Полска.

Од февруари 1955 до март 1958 година, 68 деца бегалци се репатрирани кај родителите во поранешниот Советски Сојуз.

Од март 1955 до јануари 1956 година, кај родителите во Бугарија се испратени 6 деца.

Од декември 1955 до август 1957 година, се репатрирани кај родителите 15 деца во Унгарија.

Од август 1956 до ноември 1958 година, 94 деца се репатрирани кај родителите во поранешна Чехословачка.

Детските домови на Црвениот крст во Бела Црква за децата бегалци од Егејска Македонија под Грција постоеле и работеле од почетокот на април 1948 до крајот на август 1958 година.

ПИСМО ОД ДОМОТ ВО БЕЛА ЦРКВА ДО “ГЛАС НА ЕГЕЈЦИТЕ” Што уште пишуваше весникот “Глас на Егејците” што излегуваше во Скопје, за детските домови во Бела Црква, поточно што од таму пишуваа децата бегалци до читателите?

Еве, едно такво писмо:

- Драги другари, Ние пионерите од домот Бела Црква, сместени во III павиљон ве поздравуваме со топли братски поздрави.

Иако бевме мали сепак се сеќаваме за маките и страдањата на нашите родители и народот, како и нашите маки. Многу од нашите браќа и сестри беа мачени и убивани во затворите само затоа што се бореа за своето право, за слободата на својот поробен народ. Борбата што ја водеа нашите браќа и сестри, татковци и мајки против монархофашистите беше жестока. Таа борба ги принуди нашите родители да се одделат од нас и да нè испратат во Југославија, за да ни го спасат животот.

Еден дел од нас сме сместени во домот во Бела Црква.

Животот тука ни е многу добар, имаме силна храна и убаво облекло. Секое дете си има свој кревет и сè друго што му е нужно...

Прв пат тука во Југославија ние научивме да пишуваме и зборуваме на нашиот јазик. Во Грција ние немавме вакви услови за развиток, не затоа што немавме способност, туку затоа што немавме никакви права. Нас ни беше забрането да зборуваме на мајчин јазик, а моравме да учиме грчки. Ако некој од нашите постари прозбореше на македонски, жандарите го фаќаа и го затвораа.

Ние не можеме да ги заборавиме маките и страдањата што ги претрпевме во нашата поробена земја од нашите непријатели.

Затоа ви ветуваме дека никој пат нема да ја згазиме крвта на нашите браќа и сестри, татковци и мајки, што загинаа во лутата борба против монархофашистите.

Ви праќаме топли поздрави и ве молиме ова да им го пренесете преку весникот “Глас на Егејците” на останатите братчиња и сестричиња.

Слични писма беа испратени до редакцијата и од многу други пионери и пионерки, како и од пионерките Гона Поцова и Лена Јотевска.

Грижата за децата бегалци од Егејска Македонија, постојано била во центарот на вниманието на редакцијата на весникот “Глас на Егејците”. Така, на повеќе наврати објавени се исцрпни новинарски прилози за престојот на децата бегалци во домовите во Бела Црква.

ПАТНИЦИ ПО БЕСПАЌА – ПАТАЛЦИ ЗА НАВЕК Од повеќето стотини “мајки”, кои тргнале во вистинска неизвесност од Егејска Македонија, да ги водат со себе непрегледните колони и да се грижат за децата бегалци, таму каде што ќе продолжат да живеат, е и “мајка” Стоја Јанковска.

Спомените во нејзе не згаснуваат, тие сè така тлеат и вилнеат, но и трагите од каде што тргнала со децата бегалци, никогаш нема да бидат завеани. Кога зборува за “патот на детските солзи” што го поминала, од Рудари до Бела Црква, таа како повторно да ја доживува бегалската голгота, зашто не само во нејзината душа, туку и во сите други, има безброј лузни, многу гребнатинки, што не ги напуштаат...

-Во црни зори, пред разденувањето на дваесетичетвртото мартовското утро од 1948 година, стотини мајчини гнезда останаа празни и студени, веќе за навек нестоплени. Испрвнаа пиленца недораснати, оставија ука недоучена, љубов недоречена, солза недоплачена... Оставија мајка мајчина, огниште татково, грижа бабина, станаа саѓи и горчина човечка, свидетели на совеста нечиста, патници по беспаќа, паталци за поколенија за навек, вели една од тие “мајки” – Стоја Јанковска од село Рудари, и додава: Се собра јато нејако средсело рударско, средсело преспанско, в’утрина студена пред разделба мајчинска. И, тогаш: ден беше – да не беше, ден видов – да не видев, дете од мајка да не појдеше, на мајка збогум да не речеше... О! Има ли ширина поширока, висина повисока, од мајчина болка поголема, кога чедото ѝ го заемаат од колена...

Ристо , Лена, Хрисула, Сондра, Гоче, Коста... стотина дечиња, срцулиња мајкини, рударски, уште толку желески, уште повеќе од Герман, Штрково, Лак, Д’мбени, Медово, Раби... Петстотини и уште повеќе во тие мугри тргнаа в лет, без долет...

- А причина за евакулација на над 500 деца (во првата група) од неколку преспански села беше секојдневното бомбардирање на училиштата и другите позначајни објекти. Кон крајот на април или првите денови на март (не се сеќавам точно) 1948 година до темели беше разурната, тогаш, најголемата училишна зграда во селото Герман. Веднаш потоа одржавме неколку состаноци на Секретаријатот на Младинската организација и по налог на привремените народни одбори и ДАГ почнаа интензивни подготовки за евакуација – раскажува “мајка” Стоја Јанковска.

- Кога беа готови списоците на децата стари од една до 10 години и кога секој миг демнеше опасноста монархофашистите повторно да ја заземат слободната територија што го опфаќаше скоро целиот преспански дел на Егејска Македонија, моравме да делуваме многу брзо. Така дојде и тој црн ден – 24 март 1948 година. Во вечерните часови почна драмата на разделба. Кај училиштето во моето село Рудари собравме околу 100 деца, поделени во групи од по 25, а на едно од нив одговорна бев јас.

Меѓу овие дечиња беа и моите две помали братчиња – Васил и Гоче. Ги натоваривме на запреги и тргнавме...

Токму овој миг, по запрегите трчаа мајките и им ги кажуваа последните пораки на своите чеда... Сондра, запамети ја мајка...

Хрисула, ќерко, немој да ми плачеш ќе се вратиме... Коста, внимавај на себе, сине.

Како да ја опишам Лена, кога плачеше малечка, слинава, преплашена, одвај имаше три години, како да ги опишам Ташко, Ристо, Сотир, Вангелија... Срцето ми се кинеше, очите сами ми плачеа, а другарите ме бодреа: Стоја не смееш солза да пуштиш, ти си партизанка, мора да си храбра... А, сешак не издржав при разделбата со татко ми, посебна преболна.

Подоцна, слушнав дека е ранет на фронтот, се мачел неколку години и од последиците умрел во Полска во 1952 година, а тогаш во Рудари останаа и сестра ми и мајка ми, црна од болка.

Некаде кон полноќ стасавме во Герман, а на 25 март изутрина, тргнавме кон Бела Вода на југословенско-грчката граница, каде се состанавме со другите групи од селата Герман, Медово, Рабин, Штрково... и цел ден се криевме од авионите. Тука не стасаа и водичите Стојо Гелин, Сондра Попова и Лазо Ангеловски. Ни донесоа погачи и сирење, последен поздрав од мајките.

Квечерината кога веќе немаше црни птици по небото, што цел ден безуспешно не бараа, тргнавме кон границата кон прагот на толку саканата слобода! Стасавме на една широчина, децата ги собравме во куп ги легнавме и ги покривме со што можеме и имавме – партали, шума, гранки. Јас и некои други од групата водичи, тргнавме да ги бараме нашите граничари...

Со стегнати срца и страв, проткаена во возбуда, недоспиеност и неизвесност, нашата група задолжена за средба со граничарите најпосле стаса во грмушките – до државната меѓа со црвена петокрака, што толку многу потсетува на свежа крв, а толку убава и мила. Во еден миг на напрегнато исчекување и потполна тишина, екна строгиот граничарски глас - “рацете горе”.

Малку се стресовме, потекнавме изненадени, но кога ги видовме луѓето со синомаслинести униформи, почувствувавме олеснување и пригушена радост. Кога им објаснивме дека водиме толкава група деца, едноставно нè разочараа – рекоа дека немаат никаква наредба да пуштат таков збег. Настана мачна ситуација, бевме збунети, незнаевме како да реагираме, дали во името на тие петстотини нејаки маченици, да плачеме, да молиме... раскажува Стоја Јанковска.

Граничарите, во кои гледавме единствени спасители, не се збунија – ни рекоа да се вратиме кај децата и ни објаснија како да се движиме покрај границата кон селото Долно Дупени, а да не бидеме забележани од никого. Охрабрени и радосии ги послушавме советите на нашите спасители и со децата, првин се искачивме на една височина, потоа низ една шумичка се приближивме кон селото Долно Дупени, каде и стапнавме на толку саканата слободна земја. Едноставно бевме спасени, се радувавме заедно со децата, пашавме на земја, ги бакнувавме камењата, тревата, дрвјата, што беа околу нас...

Овде се почувствувавме како да сме дома, нè пречека целото село, без исклучок, а меѓу толпата луѓе беа и наши роднини.

Плачеа, сите по ред нè бакнуваа, се грабеа луѓето кој повеќе деца да земе кај себе, да ги стопли, нахрани, охрабри во својот дом, под својата покривка. Тука беа и другарите од Народно-ослободителните одбори и од АФЖ, кои посебно се грижеа околу сместувањето и организирањето на натамошното наше паутвање.

Утрото, на 26 март 1948 година, прво утро на слобода, подалеку од злокобните железни птици, колоната од над 500 деца тргна кон соседното село Љубојно. И овде повторно наидовме на топол пречек, меѓу свои познати и роднини.

Народноослободителниот одбор и Антифашистичкиот фронт на жените ни беа обезбедиле топол оброк и распоред за сместување по куќите.

Ова им беше веројатно прв топол и обилен оброк по толку месеци, што не можеше да го прекине страшниот звук на авионите од кого и плунката ни застануваше во грло. Меѓу групите дечиња, малку повеќе одморени, од време на време можеше да се чуе џагор, довикување по име па и по некоја песничка за партизаните, што ги учевме со толку љубов и жар, таму во училиштата. Но, и натаму неизвесноста им давеше посебна боја на нашите чувства, надвисната како градобиен облак пред бура, длабоко во душата ја поткопуваше нашата моментна радост. Не знаевме што се случува таму, од другата страна на ридот и границата, дали сè уште паѓаат бомби врз главите на нашите најблиски, колку и кои се веќе мртви... Па сепак, секој во себе потајно веруваше дека на неговите неможе ништо лошо да им се случи, дека се живи, здрави... И токму тоа успеваше во мигот да ги пригуши солзите што многу често ќе ја надвјасаа радоста и ќе се обидеа да се искачат дури до очите на малата армија страдалници.

Од Битола стасавме во прилепското село Браилово. Тука останавме само два дена. Пак беа формирани нови групи деца.

Јас добив 54 дечиња. На пат за Скопје долго размислував за неизвесноста што ни претстои. Како ќе нè примат во Бела Црква? Каков е народот? Какви се условите за живот? Пред мене беше тешка задача и огроман одговорноста – практично, бев “мајка” на 54 дечиња на возраст од 3 до 11 години.

На перонот на старата железничка станица во Скопје ни беше приреден топол и срдечен пречек за дечињата од Егејска Македонија. Тие слегуваа од возот на куса починка, а тетките во бело, жените во Црвениот крст и од АФЖ, им даваа на дечињата бонбони, првпат во нивниот живот.

Каква радост беше тоа! Малите мои, не знаеја дека треба да се одвитка бонбоната од хартијата...!

Потоа пак долги часови во преполнетиот воз, преку Ниш до Белград. На Белградската железничка станица, повторно топол пречек, а дечињата се изначичкале околу мене и секое сака да биде што поблизу до мојот скут.

Луѓето од Црвениот крст ги избањаа моите дечиња, ги нахранија, им дадоа комплетно нова облека. Се одморивме, преспавме ноќта, а сабајлето нè качија во камиони. Во Бела Црква нè пречекаа со широко отворена прегратка. Беше 3 април 1948 година. Ќе го паметам додека сум жива. Од тој ден Бела Црква стана нашиот втор дом.

Питомото гратче на реката Нера, на југословенско-романската граница, питомите и добри луѓе, сторија сè за дечињата да ја почуствуваат топлината на домот, им ја вратија секнатата насмевка. Тука потече за нив вистински, безгрижен живот, ослободен од стравот и страдањата.

Нè сместија во здраствениот дом. Имаше 100 деца од Желево со воспитачката Тена Бундева, од Трно и од Ошчима имаше по 50 деца. Павилјоните беа бели, чисти. Јас работев во првиот павилјон, со 46 дечиња.

Макотрпна и тешка беше воспитувачката работа, но јас и другите воспитачки - “мајки” ја вршевме со многу љубов и грижа.

Еве како изгледал еден ден во домот Бела Црква: будење со бакнеж, местење на креветчињата (дечињата ги “мазнеа со лењири” како што вели Стоја), потоа задолжителна гимнастика, појадок. Испраќање и примање од училиште. Потоа ручек, прошетка, попладневен одмор и вечера во 19 часот. По вечерата, слободни активности и читање книги, на македонски јазик.

Учителствувањето одеше тешко. Немавме речиси никакво искуство. Учители професионалци сè уште немавме. Јас водев четврто одделение.

Ситуацијата наметна неопходна потреба ние, воспитувачките од Бела Црква да појдеме на учителски курс во Тулгеш, Романија.

Во август 1948 година јас и 13 мои колешки заминавме на курс за учителки. Ни предаваа наши наставници. Кога се вративме во Бела Црква, одеше полесно, бидејки веќе имавме стручна квалификација. Во учебната 1948-49 дојдоа и првите учители од Скопје, и првиот директор Коста Марковски со жена му Марика, која беше учителка.

И покрај извонредните услови за живеење и за работа, и покрај најголемата грижа што им ја дававме, сепак, дечињата кога ќе потпораснеа, плачеа и ги бараа мајката, таткото, братот, сестрата, најблиските.

Ги баравме родителите на нашите дечиња. Преку амбасади или конзуларни преставништва, преку Црвениот крст и преку прашување. Пишувавме писма, на многу добивавме одговори.

Така почнуваше преписката на дечињата со својата мајка, татко, сестриче, братче. Со невештите рачиња пишуваа топло и со многу љубов. Потоа, доаѓаше до средби, трогателни, цврсти прегратки и солзи радосници, раскажува “мајка” Стоја Јанковска.

Во Бела Црква дечињата се школувале до осмо одделение.

Потоа ги праќале на натамошното школување во Скопје Битола и Кавадарци. За својата работа, учителките – воспитувачки не добивале личен доход. Сè било на доброволна основа.

“Мајка”Стоја уште се сеќава:

- За десетте години од мојот престој во Бела Црква, од 1948 до август 1958 година, кога се расформира домот, развивме и мошне богат културно – уметнички и спортски живот. Имавме балетска, музичка, литературна секција, тамбурашки оркестар.

Во 1950 година дојдовме во Скопје и дадовме две приредби, во Офицерскиот дом и во стариот театар. И ден денес неможам да го заборавам тој спонтан, долготраен аплауз во преполните сали. Скопјани ни аплаудираа од душа и од сè срце.

Исто така, дечињата од Егејска Македонија приредувале и свои изложби, биле добри гимнастичари, одлични фудбалери и ракометари.

Сите разделби се тажни. Така беше и во август 1958 година, кога се расформира домот во Бела Црква. Но, за мене тие десет години ми минаа како на сон. Сите тие дечиња што беа во домот, ги имав како свои. Беспоштедно им ја давав својата мајчинска љубов и тие ми возвраќаа со многу љубов и детска топлина. Кога се затвори домот, се преселив во Калуѓерство, на

10 километри од Бела Црква. Таму останавме четири години. Во 1962 година конечно се вратив и останав во Скопје.

ДВЕ МАКЕДОНСКИ НАСЕЛБИ – ГАКОВО И КРУШЕВЉЕ ВО АП ВОЈВОДИНА Посебна страница од македонската егејска голгота и егзодус претставува доселувањето на македонски семејства од Егејска Македонија во АП Бојводина.

По Булкес, во кого беа населени грчки бегалци уште во 1945 година, подоцна, односно во 1948 година дојдоа нови групи бегалци – Македонци од Егејска Македонија. Така почна и нивното населување во напуштените куќи на германските фолксдојчери во Гаково и Крушевље, кај Сомбор.