Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ПРВ ДЕЛ НАПУШТАЊЕ НА РОДНИТЕ ОГНИШТА - Part 01
ПРВ ДЕЛ НАПУШТАЊЕ НА РОДНИТЕ ОГНИШТА
- евакуацијата на децата е добро смислена, добро организирана и уште подобро реализирана акција за етничко чистење на Егејска Македонија ЕВАКУАЦИЈАТА НА ДЕЦАТА Истакнатиот македонски историчар д-р Ристо Кирјазовки во еден свој ракопис, меѓу другото пишува и за причините за евакуацијата на децата бегалци од Егејска Македонија. Како познавач на историските збиднувања во овој период во Егејска Македонија под Грција, тој за егзодусот на децата и нивното откорнување од родните огништа, го пишува следното:
- Пролетта 1948 година двете завојувани страни: ДАГ и силите на атинската влада, во рамките на нивните планови за претстојната меѓусебна пресметка во 1948 година, одзедоа од родителските прегратки повеќе десетици илјади деца, претежно од Егејскиот дел на Македонија и ги одведоа едни преку граница, а други во внатрешноста на Грција и на грчките острови.
И двете страни тврдат дека акцијата што ја презеле била мотивирана од хумани причини и дека таа дала позитивни резултати. Децата се спасени од виорот на Граѓанската војна и таму каде беа евакуирани им беа создадени услови да се стекнат со сите степени на стручно образование. Кај нас, евакуацијата на децата се претставува како егзодус што не е точно. Тоа е добро смислена, добро организирана и уште подобро реализирана акција.
Неспорно е дека децата се спасени од ужасите на Граѓанската војна и стручно се оспособија, но нивното отстранување од родното огниште, придонесе за етничко чистење на Егејскиот дел на Македонија.
Во продолжение на својот текст д-р Кирјазовски уште истакнува:
- Една од суштинските причини за евакуацијата на децата е создавањето услови за решавање на проблемот на резервите на ДАГ со нови борци. Ослободувањето на родителите од грижата за децата овозможи тотално мобилизирање на неселението за претстојните тешки и решавачки битки во Западна Егејска Македонија. Тоа и се случи. Непосредно по евакуацијата на децата, беше извршена мобилизација на сè уште невклучените граѓани во редовите на ДАГ и во нејзините помошни единици.
Во текот на големата офанзива на Грамос, летото 1948 година и по неа целата слободна територија беше претворена во работилница во која сето население, неспособно за носење на оружје, работеше за потребите на ДАГ. Беа формирани екипи од жени за пренос на ранети, екипи за пренос на оружје, муниција, копање на ровови, месење на леб, во Преспанското Езеро екипа за ловење на риба и др.
Раководството на КПГ во рамките на подготовките за пресметка и за реализација на своите планови во 1948 година го дискутираше, односно размислуваше за евакуација на децата.
На 30 јануари 1948 година претставникот на КПГ Петрос Русос доби задача да побара од југословенските власти помош за прифаќање на децата од слободната егејска територија, кои за жал, страдаа од глад, облека и сл. Телеграми со слична содржина се испратени и во другите земји од народната демократија.
На 15 февруари 1948 година, потпретседателот на Привремената демократска влада на Грција Јанис Јоанидис допатува во Белград, каде со надлежните југословенски фактори дискутираше околу евакуацијата на децата. Откако Јоанидис ја доби принципиелната согласност од Југословените и од другите земји, на 21 фервруари 1948 година, ПДБГ одлучи да ги евакуира децата во странство од подрачјата каде се водеа и се очекуваше на се водат жестоки и решавачки битки меѓу владините сили и силите на ДАГ. Раководството на КПГ оваа своја одлука ја мотивираше и ја образложување со потребата за спасување на децата од ужасите на војната, а по молбено барање на нивните родители.
Д-р Кирјазовски уште додава:
- Министерството за внатрешни работи на Привремената демократска влада на Грција на 7 март 1948 година, го издаде следното соопштение: “Народните и други организации за грижа и заштита на децата во слободна Грција, како и илјадници родители и старатели одамна се обратија со апели до хуманитарните организаци и на народно-демократските земји и побараа од нив да ја згрижат и да ја заштитат грчката детска младина што се наоѓа во опасност од глад и од варварството на монархофашизмот. Хуманитарните организации и организациите за заштита на детската генерација, како и другите младински организации на тие земји, со извонредна радост и задоволство ги прифатија тие апели и презедоа да ги згрижат Грчињата, за време колку што е потребно”.
Привремената демократска влада, гледајќи дека со катастрофалната политика што од 1945 година е спроведена во Грција од туѓинците и месните експлоататори и со перманентните катастрофи што систематски ги спроведуваше и ги спроведува монархофашизамот на товарот на народот и неговиот имот, намалени се можностите за соодветна исхрана за која има потреба детската возраст.
Со цел да се убедат родителите да ја прифатат одлуката и акцијата да се претстави како резултат на нивни барања е организирана широка политичка активност меѓу населението, која резултираше со писмено барање на родителите за евакуацијата на децата.
АКЦИЈАТА ДОБРО ПЛАНИРАНА, УШТЕ ПОДОБРО – РЕАЛИЗИРАНА Во својот текст, тој ги наведува уште и овие аргументи:
- Претседателот на ПДВГ Маркос Вафијандис на 20 февруари
1948 годниа, со радиограма го известува својот потпретседател Јанис Јоанидис во Белград, дека подготовките за евакуацијата на децата добро течат, дека од Леринско ќе бидат евакуирани 2500, од Костурско 3500, додека за подрачјата на Коњица и Загорија, Епир, се уште нема податоци.
Акцијата за евакуацијата беше добро планирана и организирана. За нејзиното реализирање беа вклучени сите политички организации – НОФ, АФЖ, Народната милиција, народните одбори и единиците на ДАГ. Беа формирани посебни комисии и собирни центри, организирана исхрана и др. На секои 20-25 деца имаше по една придружничка која имала задача да се грижи за децата. Таа беше наречена “мајка” и таа навистина одигра голема улога во згрижувањето и намалувањето на траумите кај децата.
Евакуацијата на децата започна на крајот на февруари и почетокот на март 1948 година, и траела сè до јуни истата година.
Децата од Епирско и дел од Костурско беше предвидено да се евакуираат во Албанија, од Западна и Централна Егејска Македонија во Југославија и од Источна Егејска Македонија и Тракија во Бугарија.
Обврската за прифаќање на децата од Западна и Централна Егејска Македонија и оние евакуираат во Албанија и нивното транспортирање во земјите од т.н. народна демократија, ја презеде Југославија.
Д-р Кирјазовски подвлекува:
- Во врска со донесената одлука за евакуацијата на децата и за постоечкиот договор за нивното прифаќање, Извршниот одбор на Југословенскиот Црвен крст на 16 март 1948 година издаде соопштение во кое меѓу другото се вели дека последните акции и незапамтениот терор на монархофашистичката војска над демократското население во Грција, горење на села, апсења, убивања и други насилства, предизвика бегалски бран преку југословенската граница. Меѓу бегалците има голем број деца, кои поминуваат голи, боси, гладни и до крајна граница исцрпени, на кои им треба итна и што поголема помош. Поради тоа, Југословенскиот Црвен крст веднаш стапи во акција и организира помош и згрижување на бегалските деца. Со цел позитивно да се реши пролемот, ЦК на КПГ до националните организации на Црвениот крст испрати апел да помогнат во згрижувањето на децата кои се принудени да ја напуштат својата родна грутка и да побараат спас надвор од својата татковина.
Од соопштението на ЈЦК се гледа настојувањето на југословенската влада да го претстави поминувањето на децата во Југославија како резултат на теророт, а не на планираната акција.
На 23 март 1948 година, изнесен е званичниот став на ПДВГ околу проблемот на децата наменет за балканската јавност и народните републики: монархофашистите во областите под нивна контрола ги грабаат децата и ги одведуваа. Населението упорно се бори да не им ги отстапи децата и ги упатуваат спрема границите на соседните демократии, со молба “спасете ги нашите деца. Напоредно со нив и населението од нашите слободни територии ги пренесуваат своите деца спрема границата. Нашите сили се принудени да им го олеснат преминувањето. Ве молиме да го забрзате приемот на децата”.
На територијата на Југославија беа организирани прифатни пунктови. Такви пунктови имаше во Битола, Матка кај Скопје и во Белград.
Првата група деца-бегалци од Егејска Македонија во Белград пристигна на 30 март 1948 година.
Според непотполните податоци од 30 март 1948 година до септември 1949 година, од Грција во земјите на народните демократии се транспортирани 14.028 деца, а во Југославија беа прифати околу 11.000 деца, од кои 2.000 беа сместени во посебни, за таа цела, формирани домови. Од десетина специјални домови поголемиот број беа сместени на територијата на Србија (во прв ред во Војводина), Хрватска, Словенија и во Македонија. Грижата за нив ја водеше Југословенскиот Црвен крст, борејќи се со огромните тешкотии во обезбедувањето простор за сместување, исхрана, облека, лекување, организирање на здравствената заштита, образование и др. Тоа, во она сиромашно време, во првите повоени години, беше голема и сложена задача.
Проблемот на децата бегалци од Егејска Македонија, се појави пред меѓународните организации и јавноста на почетокот на студената војна и стана еден од сегментите во идеолошката, политичката и пропагандната војна меѓу грчката кралска влада и нејзините соседи. Тоа прашање е инструментализирано и користено во поширок контекст при заострувањето на односите на Запад и Исток.
Избивањето на судирот меѓу Југославија и Советскиот Сојуз и останатите земји “на народната демократија” во летото 1948 година, наскоро доведе до прекинување на односите на југословенските и грчките комунисти. Во тој, како што изгледаше во првиот момент, “судир во семејството”, судбината на децата бегалци од Грција, исто така, доби свое место. Некои од тие деца беа преместени во други земји.
Прифаќањето на Југославија, по поразот на ДАГ, да ги следи резолуциите на Обединетите нации, и да почне со репатријацијата на децата на нивните родители во Грција, и оние кои во меѓувреме емигрирале во Австралија, Канада, САД, предизвикаа во источниот блок и во редовите на грчката емиграција, бран обвинувања на сметка на југословенскиот режим дека ги користи децата за “политичка трговија со монархофашистите” и за “додворување на Запад”. Успешната репатријација на неколку стотини деца во Грција во почетокот на педесетите години во многу помогна за нормализирање на односите меѓу Атина и Белград.
Бранот бунтови по детските домови, кои ги воделе групи на незадоволни штитеници, мотивирани од отпуштањето на учителите, условите за живот, желбата да бидата префрлени во источноевропските земји, а често и од неодмереното реагирање на југословенските власти на тие изливи на младешки гнев, фрустрации и разочарување, исто така, има своја политчка и идеолошка заднина. Нивното смирување траеше долго, и покрена, во прв ред во раководството на Југословенскиот Црвен крст бројни морални дилеми и доведе до обраќање на највисоките претставници на југословенските власти, кои укажуваа на сите пропусти во работата со децата бегалци и на последиците од тоа незадоволство.
На децата бегалци од Егејска Македонија под Грција кои останаа во Југославија, дадена им е можност – исто колку и на југословенските деца кои живееја во истите услови – да стекнат образование, да најдат работа и место во југословенското општество.
Главните актери – децата – беа вистински, но и симболични жртви како на внатрегрчките противречности, така и на целиот комплекс на повоените меѓународни односи. Тоа имаше големо влијание врз нивните животи. Беа изложени на бројни трауматски искуства, кои оставија трајни траги поради одвоеноста, изгубаната емоционална заштита на семејството и растење во нормални услови.
Разните податоци за бројот на евакуираните деца не се идентични. Според статистиките на ООН и на грчката влада, бројот на евакуираните деца изнесува околу 28.000, а според КПГ околу 25.000 деца.
ВКЛУЧУВАЊЕ И НА ПРОПАГАНДИТЕ Авторот д-р Р. Кирјазовски, осврнувајќи се на евакуацијата на децата од Егејска Македонија во Југославија и во другите источноевропски земји, го наведува и следното:
- Многу деца, впрочем , што беа испратени во другите источноевропски земји, не останаа во првата земја во која беа згрижени, туку беа преместени во друга земја каде се наоѓаа нивните родители или роднини. Некои деца што ја напуштија Грција на 16-17 годишна возраст, многу брзо престанаа да се водат во детските списоци, факт што ги менува бројките од година во година. И на крајот, околу 5000 деца до 1954 година се вратија кај своите родители во Грција, Канада и Австралија.
Евакуацијата на децата од страна на ПДВГ беше остро осудена од грчката влада. Таа ја искористи евакуацијата како повод за бурна и немилосрдна кампања против грчките комунисти како виновници за грабењето на децата, геноцид и дехеленизација, создавање на јаничарски одреди и слично.
Во пропагандата се вклучија и Американците. Американскиот историчар Лоренс С. Втнер евакуацијата на децата ја оцени како “една од најгадните акции во психолошката војна во грчкиот судир”. Американскиот дипломат Ранкин евакуацијата на децата ја оцени како “голема психолошката грешка” која може да се употреби во САД и во странство како “корисна антикомунистичка пропаганда”. Како резултат на американската и грчката пропаганда во светот, беше создадено мислење дека децата се киднапирани.
По барање на грчката влада, во ООН и Меѓународниот Црвен крст беше покренато прашањето за враќање на децата во Грција, независно каде моментално се наоѓале нивните родители. ООН го одби ова барање на грчката влада и одлучи да им се вратат децата на родителите или нивните роднини.
Грчката влада бараше да ѝ се вратат на Грција, врз основа на барање на родителите, 9837 деца. Раководството на КПГ го одби горното барање на грчката влада, оквалификувајќи ги барањата на родителите за фалсификат.
За следење, грижа и образование на децата, КПГ и ПДВГ во мај 1948 година ја формираа Комисијата за помош на детето – ЕВОП. Прво седиште на ЕВОП беше Будимпешта, потоа Букурешт. Во ЕВОП од страна на Македонците влегоа прво Андон Сикавица, а потоа Ставро Кочев.
Во залудните напори на раководството на КПГ за решение на проблемот на резервите на ДАГ, презеде потег со кој во голема мера беше девалвиран прокламираниот хуманитарен карактер и мотив на евакуацијата на децата. Иметно, во април-мај 1949 година, ГШ на ДАГ и ПДВГ решија да извршат регрутација на нови борци од редовите на евакуираните деца во источноевропските земји. За таа цел, беа издадени соодветни наредби и директиви и беа испратени специјални емисари.
Регрутацијата на децата се вршеше со широка пропаганда и со примена на притисок, не по возраст, туку по висина, и на тој начин беа регрутирани деца на возраст од 12-15 години. Од Романија и тогашна Чехословачка беа регрутирани неколку стотини малолетни деца. Во селото Штрково, Леринско, беше организиран центар за обука на децата, каде по неколку дена обука се испраќаа во единиците на ДАГ, на првата борбена линија.
Исто така, д-р Кирјазовски се осврнува на таа одлука донесена од страна на највисоките раководства на КПГ и на ДАГ:
- Оваа одлука, односно акција на КПГ-ДАГ предизвика големо разочарување и остро негодување кај родителите. Триесет и три мајки на евакуираните деца од с. Кономлати, Коструско, на 18 мај 1949 година, испратија остар протест до ГШ на ДАГ, барајќи или да им ги вратат децата во домовите, или да им се вратат на нивните родители.
На 14 април истата година, раководителот на организацијата НОФ и министер во Привремената влада Паскал Митревски испрати писмо до ПБ на ЦК на КПГ, во кое ги изнесува тешките последици што ги предизвика регрутацијата на деца од детските домови. Тој бара акцијата за мобилизација да прекине и мобилизираните деца на 12-15 – годишна возраст да се демобилизираат и да се вратат во детските домови.
Под силен притисок на родителите и на јавноста, грчкото партиско раководство на 22 мај 1949 година, нареди да се прекине мобилизацијата на деца до 15-годишна возраст, а пак, мобилизираните деца до таа возраст, да се вратат во домовите.
Меѓутоа, наредбата целосно не беше извршена. Повеќето од мобилизираните деца, необучени беа фрлени во борбата и загинаа. Трагичен е случајот на 130 деца, кои на пат кон Тесалија, паднаа во заседа во Хаши и сите се убиени од владината армија.
ВО ОДБРАНА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Д-р Ристо Кирјазовски, исто така, ни нуди доволни факти и показатели за резултатите што беа остварени не само на планот на згрижувањето, туку и на планот на школувањето на децата бегалци. Тој бележи:
- Од вкупниот број деца од школска возрат 60% беа неписмени,
17,5% имаа завршено прво одделение, 14% второ одделение, 5% трето, а повеќе од трето одделение само 3,5%.
На децата им беше овозможено да посетуваат основни, средни, виши и високи училишта. Во сите детски домови, функционираа македонски училишта во кои се учеа предметите: македонска граматика, читање и пишување, македонска литература, историја на Македонија, македонски песни и ора, географија на Македонија и Грција.
Наставата во македонските училишта се изведуваше на македонски литературен јазик, односно на јазикот да се применуваше во НР Македонија. Меѓутоа, по судирот меѓу КПЈ и Информбирото се направи обид, јазикот да се политизира.
Имено, во 1950 година раководството на КПГ под влијание на Бугарите, донесе одлука да го суспендира од употреба македонскиот литературен јазик со мотивација дека тој е под силно влијание на српскиот јазик.
И покрај тоа Македонците, особено интелектуалците поведоа решителна и упорна борба против горната одлука, а за враќање во употреба на македонскиот литературен јазик. Борбата, која беше долга, заврши со успех. Со тоа беа создадени услови за развој на македонската национална култура и писменост.
Учебниците, школската и друга литература, печатот, прозното, драмското и поетското творештво и другите вредности се пишуваа на македонски литературен јазик.
На крајот, уште нешто. И покрај тоа што македонските деца во ништо не се виновни за тоа што се случи во Грција во текот на Граѓанската војна и за тоа што се најдоа далеку од својата земја и од своите родители, грчките власти во рамките на својата политика за пресметка со македонското национално малцинство, им забрануваат да се репатрираат и ги лишуваат од наследните имотни права применувајќи ги и врз нив антидемократските закони бр. 1068841 од 29.12.1982 за слободна репатријација на политичките бегалци “Грци по род” и законот бр. 1540 од 5/10.IV.85 за враќање на конфискуваните имоти на политичките бегалци “Грци по род”.
Слична акција за собирање деца презеде и атинската влада.
Според мемоарите на кралицата Фридерики собирањето на децата отпочнало непосредно по основањето на Кралското доброволно друштво во јули 1947 година. Меѓутоа, планското масовно собирање на децата, почнало во март 1948 година, кога се одвивала и акцијата на ПДВГ. Со операцијата за собирање на децата, раководеше лично кралицата Фридерики, и во истата беа вклучени армијата, локалните власти, полицијата, училишни и други органи и организации. Планот предвидуваше да се соберат 10.000 до 12.000 деца. Во март беа собрани 6.000 деца. За акцијата се запознати Американската мисија за помош на Грција и Специјалниот комитет на ООН за Балканот.
Во почетокот на март 1948 година владата во Атина соопшти дека се завршени сите подготовки за евакуација на 14.000 деца од Егејска Македонија и од Пелопонез.
Според тврдењата на кралицата Фридерики, беа собрани околу 24 илјади, а според други тврдења 14.494 деца претежно од Егејскиот дел на Македонија. За децата во Лерос, Кифисија, Солун и други места беа организирани 54 домови – “детски градови”, прифатилишта во кои беа изложени на најгруба денационализација, асимилација и деидеологизација.
ПРИЧИНИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА ДЕЦАТА Во својата монографија “И ние сме деца на мајката земја” д-р Фана Буцкова трагајќи по причините за откорнувањето на децата од родните огништа во Егејска Македонија под Грција, истакнува:
- Во повеќе грчки, а и македонски историографски трудови, како основен мотив за евакуација на децата од слободната и полуослободената територија, кои беа под конторла на силите на Демократската армија, се наведува хуманоста. Да го прифатиме тоа како факт, но не и како единствен мотив, бидејќи настаните што дојдоа потоа укажуваат и на други причини. Пред оваа многупати потенцирана компонента има и друг мотив, а тоа е нерешениот проблем со борбените резерви на ДАГ, што КПГ, како водач на ова движење, не успеа да го реши, а и масовниот терор на националистичките сили спрема демократите и Македонците во Грција.
Во таа ситуација грчките националисти гледаа уште една шанса за етничко чистење на Македонија, имајќи ја таа цел, тие особено се нафрлија врз Македонците. “Славомакедонците треба да исчезнат оттука, пишува републиканскиот неделен весник “Елефтерос” бр. 28 од јануари 1946 година, тие треба задолжително да се истераат и нека одат во која било соседна земја”.
Монархистите преку паравоените формации доследно почнаа да ја спроведуваат политиката на истребување на македонското население. Патролирајќи низ македонските села, фрлаа пароли дека некои ќе ги убијат, некои ќе ги истераат, така што кога ќе дојде кралот да не најде ниту еден Словен во земјата. Таквите пароли тие ги претвораа и во дело. Од февруари 1945 до мај 1947 година во Костурско, Леринско, Воденско, Ениџеварсарско без судење беа убиени 278 Македонци, имаше 297 силувани жени, 6.456 затворени лица, 4.200 судени, 3.215 осудени на повеќегодишен затвор, 1.449 интернирани, 13.449 малтретирани, 1.191 изгорени куќи, 13.938 протерани селани и
45 иселени села.
За да ги реализираат своите намери во однос на Македонците, грчките националисти ги повикуваа и комунистите да им се придружат во акцијата за протерување на Македонците од Грција. На таквите планови КПГ се спротивстави, наведувајќи дека: “ Македонците заедно со сите антифашисти беа авангарда во борбата против Метаксас, се бореа херојски на албанскиот фронт, одиграа значајна улога и во националниот отпор спрема хитлеро-фашистичката окупација и домашните предавници, затоа наполно се противиме на една таква политика што има за цел прогонување на Македонците”.
Поради теророт што го спроведувала десницата, многу македонски семејства беа принудени да бараат сигурно прибежиште во соседните земји – Југославија и Бугарија, или во прекуокеанските земји. Во таа група бегалци имаше – деца што заедно со своите родители тргнаа по патот на неизвесноста, во туѓина. Тој бран на емиграција на деца со родители траеше низ целиот период на Граѓанската војна, за разлика од оној во март – април 1948 година, кога беше организирана евакуација на повеќе од 20.000 деца без родители, спроведена по иницијатива на КПГ.
ЗАМИНУВАЊЕ ОД УЖАСИТЕ Заминувањето на децата од родните села, како што наведовме и погоре, беше спроведено од органите на народната власт и на другите народно-ослободителни организации (НОФ и АФЖ), со непосредна контрола и заштита на припадниците на Демократската армија. Од селата до граничните премини се одеше ноќе и пеш, со цел да се избегнат евентуалните напади од страна на владината авијација. Се пешачеше со ноќи, а дење се престојуваше во некое од попатните села или во шума. Само за најмалите беше обезбедена по некоја селска кола, додека другите одеа пеш по дожд и кал во долгата колона.
Според официјалните податоци на ЦК на КПГ, објавени во октомври 1950 година, вкупниот број емигранти прифатени во источноевропските земји и тогашниот Советски Сојуз изнесува 55.881 лице, од кои повеќе од 20.000 се Македонци. За пребеганите во Југославија се изнесува бројот 45.000-50.000 лица.
Бројот на сите откорнати и прогонети невини деца, според разни извори, е од 28.000 до 30.000. Првиот податок за бројноста на децата што беа организирано евакуирани е изнесен во 1948 година, во еден извештај на Петрос Русос, висок функционер на КПГ, во кој се вели: “ Поради потребата да се спасат од опасностите на војната, повеќе деца се прифатени и згрижени во Југославија, Албанија, Бугарија, Романија, Унгарија, Чехословакија. Бкупниот број на овие деца се доближува до 20.000, од кои мнозинството се Славомакедонци”.
Во почетокот на 1949 година бројната состојба во домовите во Југославија, беше следна:
-Бела Црква – 544 Македончиња -Цриквеница – 358 Македончиња и 152 Грчиња
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/2 le 29 octobre 2026