Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ПРВ ДЕЛ НАПУШТАЊЕ НА РОДНИТЕ ОГНИШТА - Part 03
- Тогаш веќе се собравме околу 20 жени и 500 деца. Тргнавме кон север одејќи само ноќе. Во текот на целиот пат носевме по три деца секоја и тоа две на рацете и едно на грбот. Од селото Кономлади не следеше силен снег и виулица. Им ги масиравме нозете на децата за да не замрзнат. Кога стигнавме во селото Штрково (Плати) да се одмориме, одненадеж селото го нападнаа авиони и тогаш со сите деца и останатото население побегнавме во планината, каде што го поминавме целиот ден.
Децата плачеа од страв и студ, па моравме да запалиме оган.
Но, тогаш повторно наидоа авиони и ние ја фрливме облеката, а децата камења за да го изгаснеме огнот.
Потоа, оган не смеевме да запалиме. Тој ден ни беше најтажен.
Кога падна ноќ, тргнавме понатаму и за два дена стигнавме во селото Герман (Агиос Германос). Следната ноќ ја преминавме југословенската граница, а тоа не го знаевме. Кога се раздени, наидовме на жени од Југословенскиот Црвен крст. Кога не видоа онака јадни и боси, тие почнаа да плачат и не поведоа кон Битола. Не донесоа во Црвениот крст, и тука на децата им дадоа млеко, мармалад и други јадења.
Тешкотиите при патувањето по студено време оставија видливи траги на децата. И по доаѓањето во Битола, нашите деца силно плачеа, исто како и во текот на целиот пат. Поголемиот број од нив повраќаше, на нас жените од носење ни отекоа рацете и вратот, и рамената и имавме темни модрици по грбот и градите.
Децата беа вошливи и валкани, затоа што не беа измиени цел пат, а патот беше долг преку 100 километри и траеше 8 дена.
Очите им беа крвави, а од облека имаа само искинати работи.
Елена Ефтова од селото Турје, исто така, од околија Лерин, која побегнала од селото со 114 деца сведочи:
- Монархофашистите со топови го бомбадираа селото. Целосно уништија 6 куќи, а 34 куќи потполно изгореа. Тогаш упаднаа во селото, го ограбија и притоа отераа 500 овци, а ние сето тоа го гледавме скриени во планината. Наши борци немаше, а бесот монархофашистите го истурија тепајќи неколку затекнати граѓани во селото. При бомбардирањето на селото едно дете по име Лефтерија Донева, стара 10 години беше погодена во градите и ранета во стомакот. Така тешко ранета, ја ставија во подрумот на куќата, додека траеше бомбардирањето. По бомбардирањето го земавме децојчето од селото, но тоа во планината ни умре во страшни маки, и кај селото Рула ја погребавме. Мајката на ова девојченце исто така, избега со нас, но подоцна се изгубивме и не знам каде е сега. По пат, ние жените носевме секоја по 2-3 деца.
Василка Делова од Лаген побегнала со уште две жени и една девојка, водејќи 71 дете. Таа се сеќава:
-Додека траеја нападите на владините трупи, се криевме во рововите ископани надвор од селото. Во селото доаѓавме ноќе, по храна. Кај селото Кономлади се приклучивме на втората голема група, со која побегнавме во Југославија. И по пет месеци децата иако се сместени во дом не можат да се ослободат од стравот доживеан при нападот на селото и тешкотиите и маките при повлекувањето, односно бегството од воениот пекол.
Јордана Јанчова, од село Трсје, кај Лерин, додава:
- По загинувањето на маж ми, останав сама со петте деца.
Постојано бев прогонувана од предавниците на грчкиот народ, бурандарите кои сакаа по секоја цена да ме убијат, како што тоа го направија со маж ми. Кога одлучив да побегнам преку границата, мајките од селото ми ги доверија и нивните деца за да ги спасам од стравичното бомбардирање на американските, англиските и грчките авион.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/4 le 29 octobre 2026