Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ШЕСТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР МАКЕДОНИЈА - Part 01
ШЕСТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР МАКЕДОНИЈА
- Битола
- Браилово
- Скопје
- Прилеп
- Куманово
- Матка
- Петровец
- Валандово
- Љубојно
- Струга ВО СЛОБОДНИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА Од документацијата со која располагаме се гледа дека од 1 април до 10 мај 1948 година од Егејска Македонија во НР Македонија пребегале 912 деца. Истите ги презел Југословенскиот Црвен крст и ги сместил во детските домови во Вршац, Банатско Пландиште, Стража и Бела Црква во АП Војводина. Исто така, во 1948 година низ НР Македонија поминале 11.934 деца кои се испратени во источноевропските земји. Во оваа година уште 3.184 деца бегалци со нивните родители, заминале и се населиле во Гаково и Крушевље во АП Војводина.
Во НР Македонија во првата половина од 1948 година имало околу 5 илјади деца бегалци, а од тој број околу 4.080 деца биле заедно со своите родители сместени во повеќе места од Републиката. Точно поради пристигнувањето на нови и нови групи деца бегалци од Егејска Македонија, Црвениот крст на НР Македонија и Министерството за социјални грижи, биле принудени да отвораат нови домови и прифатилишта, како што е тоа случајот со домовите во Матка и во селото Петровец кај Скопје.
Како што погоре истакнавме, прифаќањето на децата бегалци од Егејска Македонија во НР Македонија беше организирано и координирано од народната власт, а се изведуваше со неискажана љубов кон децата бегалци, што беа толку многу пропатиле, пешачејќи и по стотина километри и криејќи се од постојаните бомбардирања.
По приемот и по лекарските прегледи што задолжително се вршеа над нејаките деца, истите беа распоредувани во неколку отворени прифатилишта и детски домови.
По избивањето на Резолуцијата на Информбирото, во 1949 година, грчките партиски раководители што дотогаш живееја во Булкес, поттикнувани и поддржувани од кампањата во источноевропските земји се обидоа на секаков возможен начин да внесат раздор меѓу децата бегалци од Егејска Македонија.
Тие во тоа успеаја кај грчките деца бегалци и кај сосема мал и занемарлив број македонски деца бегалци. Овие деца во домовите во коишто беа згрижени почнаа да го реметат куќниот ред, да внесуваат нетрпеливост меѓу штитениците, да ги поттикнуваат на отворено незадоволство и бунт и др. По согледувањето на овие состојби беше решено 248 деца од детските домови на Црвениот крст во НР Хрватска и НР Словенија, меѓу кои имаше и младинци и младинки да бидат упатени во Скопје. Најголем број од оваа група учеа одделни занаети и живееја во домовите за ученици од стопанството.
По нивното доаѓање во Скопје оваа мала група деца и понатаму продолжила да создава немири, па така истата е разделена на два дела. Македонските деца што сакале да учат или да се стекнат со некој занает се задржани во Скопје, а грчките деца и младинци што се изјасниле дека не сакале да учат се однесени во Боговаѓа во НР Србија. Поради нив тука е отворен детски дом. Исто така од оваа група на 22 октомври 1949 година се одвоени 29 младинки, 4 младинци, 2 помали деца и 3 жени – Гркинки и се упатени во прифатилиштето во Куманово, за кое се грижело Министерството за социјални грижи на НР Македонија. Но, и тука оваа група продолжила со своите негативни испади и изјаснувајќи се дека не сакаат да учат или да се стекнат со некој занает, упорно барајќи да бидат испратени во тогашна Чехословачка. Тие исто така, на 15 јули 1950 година до Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија во Белград, упатиле претставка во која барале да се здружат со останатите грчки деца што во тоа време биле сместени во Ковиљ или Чуруг. Претсавката ја потпишале со ЕПОН (Организација на грчката младина). Ситуацијата во овој дом станала драматична кога на 17 август 1950 година, штитениците предизвикале нереди во домот, упорно барајќи да бидат упатени во Чехословачка, тврдејќи дека таму им се родителите. Бидејќи југословенскиот Црвен крст дотогаш немаше добиено никакви молби од нивните родители за соединување, врз што можеше да ги испрати, до тоа не дојде.
Ваквото образложение на управникот на домот Киро Пешевски грчките штитеници не го прифатија, по што уследи донесување на одлука од страна на Централниот одбор на Црвениот крст во Белград со која прифатилиштето во Куманово се затвора, а групата бегалци се упатува во детскиот дом во Чуруг, АП Војводина.
Прифатилиштето во Куманово е затворено на 25 август 1950 година.
Детскиот дом во Матка крај Скопје го отвори Црвениот крст на Македонија во соработка со Министерството за социјални грижи, во мај 1948 година. Во домот беа сместени 332 деца бегалци од претшколска возраст и деца до 14 години. Со нив беа и 10 жени “мајки”, кои придружувајќи ги децата од своите села ја напуштиле Егејска Македонија и ја преминале југословенската граница.
Детскиот дом во Петровец кај Скопје е отворен на почетокот од октомври 1948 година. Во него биле сместени 208 деца бегалци од училишна возраст. Меѓутоа, децата сместени во овој дом не го посетуваа основното училиште во Петровец затоа што зградата беше мала и со недоволен простор да ги прими децата бегалци, а во неа работеше само еден учител, кој што исцело беше зафатен со селските деца.
УШТЕ ЕДЕН ДОМ ЗА БЕГАЛСКИТЕ ДЕЦА За отворањето на детскиот дом во Петровец наоѓаме уште едно сведоштво во весникот “Глас на Егејците”. Во текстот се вели:
- Минатиот месец во 1948 година, во село Петровец скопско, се отвори детски дом исклучиво за бегалски деца од Егејска Македонија. Домот е предвиден за 60 деца. До сега се испратени 16, а наскоро ќе бидат испратени и другите деца.
Домот беше отворен со грижите на Народната власт, односно на Министерството за социјални грижи на НРМ, кое го осигури со потребниот инвентар како кревети, ќебиња, чаршави, маси, кујнски инвентар и др. Освен тоа министерството дополнително му додели, поголеми количини јајца и млеко во прав, како и кашкавал.
Со доаѓање во домот на секое дете му беше поделено по едно ново облекло, чевли, кошули и др. Целиот персонал се бегалци Егејци со исклучок на воспитачите. За управник е поставен Аргир Кузовски, офицер од бившата ДАГ.
Егејчињата навикнаа веќе на домскиот живот и затоа ни говорат со радост и задоволство. Заинтересираноста и топлата љубов на персоналот има толку длабок одраз кај децата што нив ги сакаат како свои родители.
Меѓу персоналот на домот се наоѓа и Јордана Лебанова од село Сетина, Леринско. Нејзината црна шамија и меланхоличен образ издаваат некоја болка. И навистана, таа е тешко ранета.
Нејзиниот маж загина како борец на ДАГ. Надеж и радот и беа нејзините деца, 11- годишната Вангелија и 10 - годишниот Ѓорѓи. Пред граѓанската војна во Грција за да ги спаси своите деца, таа беше ги испратила децата заедно со децата на другите мајки во Унгарија. Сега тие се наоѓаат далеку од неа. И кој знае како живеат таму, мисли кутрата мајка. Колку ќе сакаше и таа како мајка да си ги има до себе своите деца, да си играат и учат тука, заедно со децата во домот! А колку има такви егејски мајки, на кои информбировците насилно им ги држат децата далеку од нив, игнорирајќи го мајчиното право спрема своите деца, задавајќи им таква тешка болка! Но, еден ден тие ќе мораат да им ги вратат децата на своите родители и да положат сметка пред погодените мајки.
Децата бегалци од Егејска Македонија што беа сместени во детските домови во Матка и Петровец, беа од следните места:
Жупаниште Рудари Д’мбени Штрково В’мбел Лок Старичино Ошчима Мокрени Бесвина Езерец Статица Лобаница Аетос Крчишта Герман Дичишта Крушоради Света Недела Оровник Трсје Котори Лудово Бидејќи во НР Македонија бројот на децата бегалци од Егејска Македонија постојано се зголемуваше, а имаше недостаток на простор за сместување беше побарано од Централниот одбор на Југословенскиот Црвен крст да овозможи прифаќање на деца бегалци од НР Македонија во другите републики. Така, на 13 ноември 1948 година од детските домови во Матка и Петровец се однесени 421 дете бегалец со 13 жени “мајки” во НР Хрватска и се сместени во новоотворениот дом на Црвениот крст во Цриквеница. Исто така, една мала група грчки деца бегалци од овие два дома е однесена во Булкес, АП Војводина и сместени во тамошниот детски дом.
На 15 декември 1948 година е укинат детскиот дом во Петровец крај Скопје, додека домот во Матка продолжил и понатаму со работа.
Во детскиот дом во Матка во април 1949 година биле сместени 40 деца бегалци од 6 до 12 години. Во домот покрај управникот и административниот службеник уште работеле и еден учител, готвач и две собарки, исто така, дојдени од Егејска Македонија.
Но, во мај 1949 година по налог на Министерството за социјални грижи на НР Македонија, децата од овој дом се преселени во детскиот дом во Прилеп, така што домот во Матка престанал со работа во јуни истата година.
Прифатилишта за децата бегалци од Егејска Македонија во 1948 година имаше и во Љубојно, Браилово и во некои други места во НР Македонија. Постарите деца од овие прифатилишта се упатени да учат занает, 60 деца во детскиот дом во Цриквеница, а 120 деца во домот во Булкес.
Детскиот дом во Прилеп е отворен на 12 мај 1949 година, под патронство на Црвениот крст и Министерството за социјални грижи на НР Македонија. Во домот најпрво се сместија 40 деца што дотогаш беа сместени во детскиот дом во Матка, а беа преземени нови деца бегалци од прифатната станица во селото Браилово. Збор станува за 65 деца дојдени во Прилеп, а уште 25 деца бегалци дојдоа од Скопје, Велес и Кочани. Исто така, во детскиот дом во Прилеп беа сместени и деца бегалци,чии родители веќе беа сместени и живееја во Галичник.
На крајот од ноември 1949 година во детскиот дом во Прилеп беа сместени 110 деца бегалци, од кои 20 деца беа од 3 до 7 години, 74 деца од 7 до 14 години и 16 деца постари од 14 години. Од нив 88 ги имале и двајцата или еден родител, веќе дојден во НР Македонија, 17 деца бегалци ги имале двајцата родители останати во Егејска Македонија под Грција, додека 4 деца бегалци ги имале двајцата или еден родител што живееле во Полска, а само 1 дете било без родители.
Децата бегалци од Егејска Македонија сместени во детскиот дом во Прилеп беа од следните места:
Аетос Загоричани Апоскеп Кромни Буф Кула Герман Мокрени Горничево П’пли Гуменџа Трсји и Желево Чеган Забрдени Односно од Леринската, Воденската, Костурската, Драмската и Солунска околија.
Но, во средината на 1950 година Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија решил да го расформира детскиот дом во Прилеп. За согледување на состојбите формирал своја комисија и 2 нејзини членови Димитрије Гончаров, началник на финансиското одделение и Милица Памучина, службеничка во Централниот одбор на југословенскиот Црвен крст, дошле во Прилеп и на 26 август одделиле 33 деца на школска возраст и ги испратиле во детските домови во Бела Црква. Исто така, истиот ден, од Прилеп се упатени уште 11 деца од претшколска возраст со придружба во детскиот дом на Црвениот крст во Стара Гора, во НР Словенија. Исто така, 10 деца биле предадени на своите родители, додека повеќе родители поради немање на поволни услови за сместување и средства за живот не се одзвале на поканата од детскиот дом во Прилеп да си ги земат своите деца. Ова особено се однесува на родителите што биле сместени во Галичник.
Точно поради ваквиот став на некои родители, Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија донесол одлука според која децата ги давал доколку утврдел дека им се живи и двајцата родители и живеат во Југославија, додека пак ако детето бегалец имало само еден родител кој живее во Југославија, во тој случај тоа било задржувано и понатаму во детскиот дом.
Но, со ваквиот став и со разрешувањето на прашањето за децата бегалци и нивното составување во семејството, не се сложил повереникот за социјални грижи при Околискиот народен одбор во Прилеп, како и главниот одбор на Македонците од Егејска Македонија во Скопје, истакнувајќи аргументи дека сè уште не се создадени поволни просторни и материјални услови за составување на семејствата и преземањето на децата од детските домови.
Од детскиот дом во Прилеп на крајот од јануари 1951 година 30 деца биле упатени да учат занает од нив 10 деца биле преместени и сместени во “11 Октомври” во Скопје, а 20 во интернатот “Томе Железарчето” во Битола. Со ова на овие деца им било овозможени да се образуваат во стручни школи и да се стекнат со занает. Овој потег бил максимално поддржан од тогашниот министер за просвета Димче Мире и од министерот за социјални грижи Реис Шаќири при владата на НР Македонија и од Димче Делевски, началник на управата за бегалци при Министерството за социјални гриижи.
По предавањето на 31 дете на родителите на крајот од јануари 1951 година, детскиот дом на Црвениот крст на Македонија во Прилеп е заворен.
Исто така, детски дом беше отворен во Валандово во 1952 година и за истиот се грижеше Министерството за социјални грижи на НРМ. Во 1953 година во домот престојуваа 238 машки и женски деца од 8 до 16 години. Тие беа главно собрани од другите детски домови, и тука престојуваа пред да бидат дадени на родителите, што живееја на разни места. Ова беше потребно, затоа што родителите се уште ги немаа потребните услови за живот што требаше да им ги обезбедат на своите деца за живот и развој.
Управници на детскиот дом беа: Глигор Тодоровски и М.
Павловски. Згрижените деца во овој дом побегнати од Егејска Македонија под Грција беа од следните места:
Арменско Неокази Асано Село Нивице Баница Овчарани Бапчор Ошчима Буф Попожани Герман Прокопана Горничево Раково Горно Котори Р’би Долно Котори Рудари Емборе Секулево Желево Сетина Крушоради Трново Кула Чеган Негочани Штрково Сите од Леринска околија. Потоа од селата:
Габреш Невин Жиговиш Пљашчишта Косинец Прешчани и Личишта Четирог Мокрени Од Костурска околија, како и од следните села:
Бахово Југунци Пожарско Родиво Тушима и Чернишево од Воденска околија.
Во детскиот дом во Валандово беа сместени децата бегалци кои од 1948 до 1952 година престојуваа во детските домови на Црвениот крст во Бела Црква, Цриквеница, Стара Гора и други домови. Децата сместени во домот во Валандово покрај редовното школување развиваа и бројни вонучилишни активности. Во домот постоеше хор, фудбалска секција и библиотека, а децата редовно беа водени да гледаат кино престави.
На 7 октомври 1952 година домот за деца бегалци во Валандово го посети Бент Оман, делегат на Црвениот крст од Шведска. Тој во својот извештај посветен на работата на детскиот дом во Валандово меѓу другото, го има напишано и ова: “Од пооделното испитување на поголем број деца утврдив дека во овој дом се наоѓаат поголем број на деца кои имаат родители во Југославија, потоа мал број деца чии родители не се во Југославија како и некои фолкдојчерски и српски деца”.
Бројот и структурата на децата бегалци во домот во Валандово во 1953 година изнесуваше 229 македонски деца од Егејска Македонија, потоа едно дете од Србија како и 8 германски, фолкдојчерски деца од Војводина.
ДЕТСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА Отворањето на детскиот дом за децата бегалци од Егејска Македонија беше одбележано со посебен текст, објавен во весникот “Глас на Егејците”. Во текстот си вели:
- Од први јануари 1951 година е отворен детски дом во Битола со цел да се прибераат децата од оние семејства на бегалците кои се многу многудетни, како и децата сирачиња без еден родител. До сега домот има 92 деца, а наскоро бројот на децата ќе се зголеми на 120. Тука децата ги имаат сите услови за својот сестран развиток. Еден дел од децата учат во основното училиште “Свети Климент Охридски” а поголемите одат во гимназија. Управата на домот ги снабди сите деца со книги и друг школски прибор и по една школска чанта. Децата имаат фолклорна и играорна група, а припремаат пиески. На љубителите на фудбал им е купена топка. На децата им е обезбедена облека, како и добра храна. За правилната нега и воспитување на децата, домот располага со персонал од 14 души. Раководителот на домот е Егеецот Спиро Лезовски од село Жупаништа – Костурско, кој полага особена грижа за децата и се грижи како за свои.
Со отворањето на домот народната власт на НРМ решава уште еден проблем за децата и покажува на дело колку е голема нејзината грижа и помош за бегалците. Родителите и децата што се наоѓаат по домовите се длабоко благодарни затоа што на нивните деца им е осигуран сестран развиток без никакви трошоци на родителите.
Во интернатот “Томе Железарчето” во Битола биле сместени:
Гоче Банушевски, Мице и Пецо Брзовски, Крсте Василев, Митко Глуиевски, Вангел Димитров, Васил Јапрановски, Стево Кирков, Крсто Кирковски, Ставре, Фоте и Сотир Кондовски, Мице Кроневски, Герман Ланговски, Цоне Мангаров, Васил Наумовски, Ахилеј Папанаумов, Коста Пишеларов и Типе Тоцев.
ЕГЕЈЧИЊА ОД ДЕТСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА НА ЛЕТУВАЊЕ ВО БУКОВСКАТА ШУМА Уште еден новинарски текст објавен во весникот “Глас на Егејците” сведочи за напорите што ги вложувала тогашната власт да им овозможи на децата бегалци не само пристојни услови за живеење и школување, туку и да ги испрати на летување за време на летниот распуст. Така, и овој пат весникот пишува за летувалците од детскиот дом во Битола, кои престојувале во Буковската шума.
- Деведесет и седум деца од Детскиот дом на бегалците од Егејска Македонија во Битола, од 23 јуни се наоѓаат на летување во буковичкиот манастир “Свети Сотир”.
Јаката храна и чистиот планински воздух ги јакне децата телесно и им дава нови сили. Веќе тие се поправени по повеќе килограми, а своето време го посветуваат на фискултурни и други игри и учење.
На сите деца при доаѓањето во манастирот им се доделени летни патики и куси панталончиња. Домот располага со разни фискултури реквизити, а децата имаат организиран свој фудбалски тим, што често го победува фудбалскиот тим од СРЗ-Буково.
Во шахот се истакнуваат најповеќе Кузман Мицевски, Васил Шапаков, и др.
Наутро, од 8 до 10 часот, децата слушат разни предавања од наставниците како по историја, географија, физика, и друго.
После се слободни а од 1 до 4 часот спијат или се одмораат, и од 4 до 6 продолжуваат со предавања. Слободното време го посетуваат на игри и развивање на нашиот фоклор, на народни ора, песни, рецитации, и друго, како и организирање на приредби. Организираат исто така и весели вечери што траат до
9 часот.
Колку е голема грижата на народната власт се гледа од тоа што на децата им е овозможено да го проведат летото на чист воздух во планина, повеќе од 70 дена, и за секое дете народната власт определила месечно по 4.000 динари.
Децата издаваат и свој ѕиден весник во кој посебно внимание посветуваат на чистотата, дисциплината и потребата од совладување на предавниот материјал. Тие имаат и своја поштенска кутија. По ѕидовите на салите каде спијат децата имаат напишано пароли: “Да живее Политбирото на ЦК КПЈ на чело со другарот Тито”, “Да живее Југословенската армија – буден чувар на нашите граници” и други. Високо се веат македонските и југословенките знамиња, а сликите на другарот Тито и Лазо паѓаат на прв поглед на секој посетител.
ДОМ ЗА УЧЕНИЦИ ВО СТОПАНСТВОТО “11 ОКТОМВРИ” Еден од многубројните детски домови формирани во НР Македониј по ослободувањето, со цел да се приберат сирачиња од војната како и деца без родители е домот “11 октомври” во Скопје. Домот е формиран 1947 година по иницијатива на ГНО.
Во овој дом од вкупно 93 штитеници има и 69 Егејчиња меѓу кои и 40 девојчиња.
Другарот Душан Павлов воспитач во домот, млад човек и свесен за својата должност, меѓу другото ни го кажа и следното:
- Децата тука вршат две корисни за нив работи: учат занает и школа. Животот во домот е организиран така што тој им овозможува на децата сестрано да се развиваат. Стануваат рано и после утринската фискултура доручкуваат и потоа секој си оди на својот занает. Обично работат по пет часови. По ручекот се одмораат, а потоа учат. Управата на домот им помага на децата да го совладаат предаданиот материјал, полесно и подобро. Потоа одат во вечерно училиште.
Трошоците за секој ученик-чка кои изнесуваат од 2.500 до 2.800 динари паѓаат на товар на ГНО – Скопје. Од нашата заработувачка децата добиваат 20% во готово, а останатата сума оди во касата на домот. Годишно децата добиваат по 3 чифта кондури. Годинава секој доби по едно одело и две кошули, а лани по едно работничко одело. Секој има свој кревет и две ќебиња, јорган, душек и по два чаршафа. Редовно одат на кино и на бања.
Управата со помош на народната власт лани ни ги испрати сите деца на летување во село Тресонче, Дебарско, цел месец, а годинава исто така, ќе бидат испратени на летување. За 1 мај се организира излет во околината на Скопје и им се подарија нови алишта. Управата е задоволна од општиот успех на учениците.
Тие, во првото полугодие постигнаа успех 3,8 и до крајот на учебната година ќе се трудат да го зголемат. На крајот на учебната година, учениците, во прв ред најдобрите, ќе бидат наградени со школски прибор и книги.
Ги прашавме децата како се чувствуваат во домот и каков им бил животот дома. Александар Дурмовски еден од најдобрите ученици ни вели:
- Јас сум од село Герман. Брат ми загина како борец на ДАГ на Грамос за слободата на својот народ, а моите блиски се наоѓаат распрскани во разни информбировски земји. Работам во Радио центар и се трудам да ја совладам тајната на техниката, сакам да станам мајстор. Учам и се развивам онака како што јас сакам, а никогаш немаше да ги имам овие услови за развиток и учење во моето родно место.
Одличниот ученик Коле Михајловски од село П’пли, Преспанско, ни кажа:
- Јас сум длабоко благодарен на народната власт. Потекнувам од бедно македонско семејство. Таму се скапувавме од работа и пак бевме боси, голи, и гладни. Други го пљачкаа нашиот труд.
Никогаш не бев повеќе облечен и нахранет. Учам занает, школо и се воспитувам на мојот јазик.
Во домот има и партизани од бившата ДАГ. Тука е Кољо Гроздановски од село Герман. Тој се бореше во Малимади, Вичо и Снежниќ. Герман Попповски од село Никли – Преспанско, беше курир на штабот и кога тешко се разболе, се лекуваше во југословенска болница.
Стефан Мишков од село Љумница – Ѓумешичко, е партизан од 1946 година, зеде учество во многу бројни борби и беше ранет четири пати. Кога беше тешко ранет, се лекуваше во југословенска болница. Мишков е благодарен на народната власт за грижите што таа ги полага за сите Егејчиња и веќава дека сите ќе се трудат да станат добри мајстори и по тој начин да придонесат во изградбата на земјата.
Во домот “11 октомври” биле сместени: Цана Такова, Ката Голчевска, Фанија Јанкулова, Мара Камшикова, Лена Кронева, Ноца Појтова, Лена Субашева, Лена Танева, Вангелија Фјорова и Мара Шапрданова.
ИСПОЛНЕТИ БАРАЊА Како што истакнавме, а како резултат на информбировската кампања и на партиско политичките грчки фактори во Булкес, тие се обидоа со лаги и невистини да ги подбуцнуваат децата бегалци од Егејска Македонија стационирани во одделни детски домови во НР Хрватска и НР Словенија. Притоа, “ефектите” беа краткотрајни. Децата бегалци по националност Грци и сосема мал број македонски деца бегалци ги прифатија лагите и невистините и демонстрираа негативни постапки (кршење на инвентар, искажување непослушност, подбуцнување на другите деца и заведување и тие да се бунтуваат и др.).
Затоа, Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија донесе одлука одреден број деца и младинци бегалци сместени во некои домови во НР Хрватска и НР Словенија да ги донесе во Скопје. Желбата беше, во новата средина, тие да престанат со ваквите негативми појави и да се вклучат активно во натамошното школување и изучување на занаети.
Така се роди и идејата во Скопје да бидат сместени одреден број деца, младинки и младинци бегалци од Егејска Македонија. Реализацијата на оваа идеја почна со испраќањето на 139 деца од детскиот дом од Цриквеница, како и 21 ученик во стопанството сместени во домот во Герово. Кон оваа група се приклучија уште 21 ученик од Осиек, 50 од Крањ и 15 младинки и младинци од Загреб. Нивниот вкупен број, како што може да се види изнесува 246 штитеници.
Составот на оваа група што дојде во Скопје е следна: 119 деца бегалци беа по националност Грци и стари до 14 години, 3 деца беа Македонци, или вкупно 122 деца бегалци. 49 младинци од 14 до 18 години беа Грци по националност, додека 72 Македонци или 121 младинец и младинки и младинци над 18 години имаше 3 Грци и 2 Македонци или вкупно 5 младинци и младинки над 18 години.
Овие бројки ја покажуваат и следната состојба: во групата што дојде од НР Хрватска и НР Словенија 171 беа Грци по националност, 77 Македонци или вкупно 248, од кои 163 од машки и 85 од женски пол.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/13 le 29 octobre 2026