Macedonians and the Greek Civil War
ГЛАВА ВТОРА - РЕСТАВРАЦИЈА НА МОНАРХИЈАТА - Part 01
ГЛАВА ВТОРА - РЕСТАВРАЦИЈА НА МОНАРХИЈАТА
1. Парламентарните избори и Плебисцитот Откако контрареволуционерните сили во земјата со помош на англиските окупациони војски им беа задале силен удар на демократските сили, ги подготвија фалсификуваните изборни списоци, а ги придобија на своја страна и либералите на Софулис (кон крајот на 1945 година беше формиран кабинетот на Темистоклис Софулис) контрареволуционерите се почувствуваа подготвени да ги одржат изборите на 31 март 1946 година. Борбата на демократските сили, а во демократските партии и организации за ревизија на изборните списоци, за прекинување на теророт и меѓународната контрола на изборите од четирите големи сили: САД, СССР, Англија и Франција останаа без успех. Не обѕирајќи се на огорчените протести на демократските сили во земјата и демократското јавно мислење, контрареволуционерните сили во Грција, со помошта на империјалистичките кругови од странство, ги одржаа изборите и изораа парламент кој им беше нужен за натамошната борба и зацврснување на своите позиции. Од изборните списоци беа исклучени илјадници демократски граѓани. Во земјата владееше беззаконие и насилие на оружените органи на власта и десничарските организации.
Спроти изборите теророт се засили и десетина илјади граѓани беа затворани или прогонувани.
И навистина, грчката десница својата замисла ја постигна. Од изборите апстинираа коолицијата на ЕАМ (со тоа и КПГ, партијата на Цудерос, на Кафандарис, групата на Карталис, групата на левите либерали и ЕЛД на Зволос). Апстиненцијата овозможи многу полесно да се изврши фалсификацијата. Не треба и да се докажува дека апстинираа над 55% од бирачите и покрај теророт, но тоа не им попречи на фалсификаторите да го преиначат резултатот зашто немаше кој да ги контролира.
Имаше контролна комисија и тоа делегирана од ООН, но таа комисија поправо им беше од помош на фалсификаторите.
Комисијата за контрола на изборите беше составена не од четирите ами од трите големи сили: Англија, САД, Франција.
Советскиот Сојуз не се согласи да учествува во комисијата, истакнувајќи дека е тоа “мешање во внатрешните работи на Грција”. Се разбира дека би било смешно неколку екипи од луѓе да можат во целата земја да ја контролираат слободата на изборите или уште повеќе да го докажуваат процентот на гласовите или да тврдат дека не е направена фалсификација. Но ете, комисијата од претставници на САД, Англија и Франција “најодговорно” и најавторитетно ги потврдија резултатите од изборите и го легализираа режимот кој дотогаш беше на власт.
Парламентот избран на тие избори го имаше следниот состав:
Популисти – 131, либерали – 84, социјал-демократи – на Папандреу – 30, национал-либералите на Гонатас – 22, националната партија на Зервас – 21, партијата на Маркезинис – 18, национал-унионистичката партија на Конелопулост – 12, Национални сили – 10, независна парламентарна група – 5, независните – 15, сегрчка национална партија 1, Реформистичка партија – 1, Патриотски сојуз – 1, работничка партија – 1 Сојуз на земјоделските партии – 1 и независен либерал – 1 пратеник.
Освен либералите со 84 пратеници, кои беа камуфлирани монархисти, сите останати беа монархисти. Ете зошто и појде од рака на популистичката партија да формира влада, да организира во текот на 1946 година и плебисцит и го врати кралот.
Плебисцитот кој се одржа на 1 септември 1946 година беше спроведен во ситуација на уште поголема анархија и терор во земјата. Прво, поради тоа што добивајќи “законско” овластување со изборите од 31 март 1946 година, контареволуционерните сили со уште поголема жестина се нафрлија против демократските сили. Беа ликвидирани сите провинциски бира на организациите ЕАМ и КПГ и демократските весници. Второ, по парламентарните избори и засилувањето на теророт граѓанската војна навлезе во нова фаза. Имено, почна отворен вооружен отпор во земјата, така што плебисцитот фактички се одржа во услови на граѓанска војна.
Од плебисцитот не апстинираа демократските организации и воопшто левицата. Но кој можеше сега да сомнева во успехот на монархијата? Ако фалсификацијата можеше да успее во парламентарните избори, тогаш зопто таков успех да не постигнат при плебисцитот? И навистина, на очиглед на целиот свет на 1 септември 1946 година во Грција е извршен втор масовен фалсификат и одново е реставрирана монархијата.
Најкарактеристични моменти за овој период се следниве:
- Контрареволуционерните сили систематски го засилуваат теророт врз демократското движење;
- Граѓанските партии, во овој број и либералната на Софулис, како претставник на либералната буржоазија, преминува на страната на монархистите. Тоа го потврдува нивното десолидаризирање со левицата-коалицијата на ЕАМ, Кафиндариса и некои други групи, учеството во изборите и држењето при плебисцитот за реставрација на монархијата.
- Кај левицата провејува колебање за можните патишта за развој на работите во Грција. Поради теророт во планините се повеќе одметнуваат прогонувани борци на отпорот.
- Грчкото прашање се поставува пред ООН и станува предмет на меѓународни расправи.
2. Ставовите на левицата Доаѓањето на кабинетот на Темистоклис Софулис на власт во ноември 1945 година, како што се гледа и од ставот на Политбирото на ЦК КПГ заземен непосредно по неговото доаѓање, беше неосновано оценето како победа на демократските сили и неосновано се полагаше надеж дека тоа ќе доведе до смирување во земјата, слободни избори итн.
Софулис неколку месеци откако дојде на власт лавираше како што им е својствено на либералите во таква ситуација така што тоа сееше уште поголема неизвесност и илузии. Но во исто време, теророт од органите на власта не само што не престануваше, туку стануваше се посистематски и посеопфатен.
Сепак, Софулис успеваше да лавира непосредно се до изборите, кога мораше отворено да застане против демократскиот табор и да изјави дека изборите секако ќе бидат одржани. Затоа дури тогаш можеме да прочитаме во партискиот печат, наспроти комуникето на Политбирото од 24 ноември 1945 година, написи како овој: “За сојузничките наблудувачи. Во нашиот град пристигнаа сојузничките наблудувачи што ќе ги наблудуваат изборите што сака да ги одржи Софулис на 31 март”. (Ники од 16 март 1946 година орган на ЕАМ за Леринско). или: “Никој на избори. Секој демократски граѓанин од градот и селото треба да се крени и апстиненцијата да стане гроб на изборниот пуч”.
(Ники, од 28 март 1946 година). Треба да се одбележи дека овој весник во тоа време се издаваше илегално. Истиот весник од 16 февруари 1946 година објави статија (тогаш легален) под наслов: “Под кои услови ќе учествуваме во изборите”, а потоа во статијата ги набројува тие услови.
На 12 февруари 1946 година, на Вториот пленум на ЦК КПГ, Захаријадис меѓу другото рече:
“... Без никакво сомнение ќе треба денеска да истакнеме уште еднаш дека договорот во Варкиза беше правилен зашто наполно одговараше на националните, демократските и народните интереси”.
Јасно е дека со таквиот став се стоеше на становиште за “мирен развиток”. Но релефно состојбата се гледа и од еден извештај на партизанската група на планината Пајак-Кајмакчалан:
“Јануари: народот на Пајак се бори за чесни и слободни избори, се бори против плановите на Англичаните и САД, кои со сите средства подготвуваат изборен пуч. Се поставуваше недложно задачата за одбрана со сите средства од плановите на монархофашистите. Месецот измина без никаква организациона работа и без акција, чекајќи на развитокот на ситуацијата.
Февруари: Ситуацијата во реонот останува иста и истите проблеми го интересираат народот. Се врши извесна организациона подготовка за дочекување на секој евентуален пуч. Во последните десет дена се формира комитет за народна самоодбрана во Воденски округ и зема живо учество во движењето за организирање на самоодбрана. Тешко е комитетот да се движи колку е потребно, поради условите кои владеат, а основно поради тоа што не можеше да осигура врска со раководството.
Март: Објективната ситуација на Пајак се влошува.
Монархофашизмот води кон изборен пуч. Народот се бори под најтешки услови на терор. Комитетот за самоодбрана доаѓа во врска со раководството, се поставуваат задачи и настојуваме да дадеме содржај на масовна народна самоодбрана. Почнува со проучувањето на проблемот за пренесувањето и осигурувањето на оружјето. Се анализира проблемот на евентуален пуч.
Добивме врска со селата и работиме за подигање духот за самоодбрана и во селата го средуваме оружјето.
Април: Со резултатите од изборниот пуч збеснетиот монархофашизам со неизмерна суровост се нафрла против демократските организации и демократскиот народ...”.
Од изложеното, ми се чини, јасно се гледа ситуацијата која владееше, а исто така и двоумењето и исчекувањето на “развитокот на ситуацијата”. Не е случајно и тоа што не се презема никаква вооружена акција пред изборите, заправо се чекаше “пуч” или како што се вели во анализата “изборен пуч”, дури тогаш да влезе во дејство “масовната народна самоодбрана”. Формално пуч значи, антипарламентарни и вонпарламентарни решенија за заземање на власта. Но, ете така грчката буржоазија, иако е искусна и во тие игри, не го стори тоа, туку направи “парламентарен пуч”, го освои парламентот по пат на фалсификувани избори.
Како што се гледа од извештајот на партезанската група на Пајак-Кајмакчалан, подготовки за вооружен отпор во земјата се вршени уште од почетокот на 1946 година, поточно: поради прогоните на борците на отпорот илегални групи има ширум цела Грција. Но се до крајот на изборите не се презема никаква вооружена акција.
На 31 март 1946 година, не само што се апстинира од изборите, туку една вооружена партизанска група врши вооружен напад во Литохоро на Олимп и со што се означува објавувањето на вооружената борба од страна на припадниците на левицата, кои се наоѓаат во состојба на постојано прогонство и терор.
Во наредните месеци зачестија вооружените судри во сите реони на земјата и постојано растеа партизанските групи. На 28 октомври 1946 година формиран е Главен штаб на Демократската армија. Но и при оваа положба тешко е да се определи што мислеше раководството, која форма на борба ја сметаше за главна: вооружената или политичката т.е.
парламентарната иако не беше во парламентот, бидејќи сметаше дека ќе дојде до поништување на одржаните парламентарни избори и одржување на нови “слободни”.
Впрочем тоа го потврдува и ставот по блебисцитот, на кој е заземен став да учествува и левицата иако плебисцитот фактички се одржуваше во услови на граѓанска војна.
Фактички двоумењето ќе продолжи до октомври 1947 година. Затоа може да се заклучи дека политичката борба се сметаше основна форма на борба, а вооружениот отпор средство за притисок врз десницата да се согласи на компромис, на повлекување итн. Така може да се објасни и фактот што вооружената борба му е доверена на кадар кој беше гонет, без да се почувствува раководната улога на КПГ. За ставот према вооружената борба, може да се суди и по следниов податок: “Во октомври 1946 година, кога излегов во планина, вооружените групи кои дејствуваа беа: во Грамос една група од 65 борци на чело со Г. Гјанулис и 350 борци на Вич. Во сета останата Грција имаше уште 1.200 борци... За формирањето на Главен штаб, што се изврши на 28 октомври немаше никаква директива. (Според искажувањата на генерал Маркос на седницата на VII Пленум на ЦК КПГ во 1957 година, објавени во списанието “Неос Козмос” од април-мај 1957 година стр. 53).
Дури во октомври 1947 година, кога е одржан III Пленум на ЦК КПГ, заземен е јасен курс за вооружено востание изразен во следниот став:
“Американската интервенција во Грција го затвори патот за спогодба на двете противнички страни, се поставува прашањето за подигање народот на вооружена борба”. Понатаму поставува како цел “ослободување на земјата, осигурување на нејзината независност и демократски развиток” и како непосредна задача “создавање поголема слободна територија и формирање демократска влада. За таа цел Демократската армија да изврши мобилизација и бројчано порасне; да се подигне борбеноста; да се изработи генерален план за напаѓање и да се спроведе тактика на постојани офанзиви; да ги прошири и зголеми ударите; да не се штетат сили како досега”.
Еве зошто е занимлив развојот на настаните до изнесениот став од октомври 1947 година – односот на силите во земјата, борбата и тактиката на спротивните табори и местото на грчкото прашање на меѓународен план.
3. Настаните од септември 1946 до септември 1947 година Со фалсификуваниот плебисцит, кој беше одржан во септември 1946 година, во Грција се реставрира монархијата. На престолот дојде Ѓорѓи II, со лоша репутација во грчкиот политички живот, но со големо влијание во контрареволуционерните кругови на Грција. Ѓорѓи II со владата на Констандин Цалдарис не можеше да помисли на друго освен на едно решение: задушување на движењето на отпорот со сила. Такво решение не можеше да бара со други, освен со насилни средства, со војна. Затоа и својата тактика ја насочи кон пресметување со демократското движење на воено поле. И кога во декември 1946 година се обрна до ООН, токму на тој план ја поставуваше работата, имено дека се работи за “вооружен бунт потпомогнат однадвор” за да ја оправда војната против демократските сили во земјата.
Ставот на КПГ, пак од друга страна беше дека вооружената борба треба да се зајакне, но без намера со сила да ја урне владата и да ја заземе власта, туку да послужи како средство за натисок, да се принуди владата на повлекување и мирно – парламентарно решение. Овој став на раководството на КПГ е во сила до октомври 1947 година и произлегуваше од оценката дека: “односот на силите во земјата дозволува, а и меѓународните услови созреаја за мирно решение на грчкото прашање”. Меѓутоа, меѓународните услови се свртеа против “мирното решение”, затоа што токму во тој период имаме поларизирање на силите на меѓународен план и се повеќе се нарушуваше коалициониот дух од војната.
Определената цел од владата на Цалдарис, по враќањето на кралот во земјата, се повеќе и повеќе се спроведуваше: растеше теророт против демократските сили, а тоа од своја страна дејствуваше за масовизирање на вооружениот отпор во земјата, каде владееше економски хаос и работничките штрајкови беа редовна појава. Есента 1946 година постигната е спогодба за обединување на вооружените партизански сили на грчката левица со силите на НОФ. (Народно-ослободителен фронт на Македонците во Егејска Македонија кој дотогаш делуваше во несогласност со КПГ.) Оваа спогодба имаше многу позитивно дејство за масовизирање на вооружената борба во целата земја.
Од малите партизански групи, по обединувањето израснаа големи партизански одреди и регуларни единици, а ударите против кралските сили стануваа се посилни.
Не можејќи сама да се спротивстави на нападите, грчката реакција во декември 1946 година го покренува прашањето во ООН, во резултат на што во Грција во јануари 1947 година доаѓа Анкетна комисија на Советот на безбедноста. Во времето кога се подготвуваше да дојде и во времето на дејноста на Анкетната комисија во Грција, до извесна мера беше ублажен теророт, во градовите се покажуваше слаба слика на демократскиот живот. Во поголемите градови излегуваа демократски весници, а свои простории има и организацијата на ЕАМ. Со повлекувањето на Анкетната комисија од Грција и доаѓањето за министерот на безбедноста Наполеон Зервас во месец март 1947 година, почнува масовен терор. Сите негови пријатели и приврзеници се поставени на одговорни места.
Сите оние кои сведочеа пред Анкетната комисија беа уапсени и фрлени во затвор; почна да се прогонува и центраното раководство на КПГ. Во малите градови се забранува излегувањето на демократските весници, а во поголемите, со честите провокации, е оневозможено излегувањето на органите на КПГ и ЕАМ.
Владата на Цалдарис, со сите сили и сите средства ја водеше борбата за уништување на партизанското движење, а избегаваше да се согласи на какво и да е компромисно решение и борбата да се пренесе на политичко поле. За таа цел својата дејност ја насочува кон следново:
а) напроти развитокот на партизанското движење, спроведува масовен терор против секоја демократска појава, врши масовни апсења, интернации, смртни пресуди и стрелања за да го обезглави демократското и работничко-селанско движење во градот и селото;
б) на одговорни места во државниот апарат поставува луѓе кои се истакнаа со своите противнародни дела за време на метаксасовата фашистичка диктатура, германската окупација и подоцна;
в) ги ангажира сите средства за јакнење и зголемување на вооружените сили – војската и џандармеријата, а потоа пристапи кон вооружување на единици од население.
Во војската е вршено чистење на офицерите кои и најмалку пројавуваа демократски идеи и на нивно место се поставувани проверени монархисти. Засилена е ЕСА – воената полиција, која ги задушува и најмалите демократски појави;
мобилизирани се и нови сили, но при мобилизацијата се употребува методот на лични покани, а не мобилизација на одредено годиште. Обрнува големо внимание на опремата и вооружувањето на војската. Офицерите и подофицерите се платени добро, а на борците и нивните семејства им е доделувана помош.
Но и покрај овие мерки, во овој период монархистите уште немаа направено од војската сигурен инструмент, зашто преку војската и натаму делуваа демократските елементи, поради што војската не беше опфатена со офанзивен дух. Војниците не преминуваа на страната на Демократската армија, но затоа, пак, и не се бореа упорно против неа. Причините за таквата состојба во кралската армија во овој период лежи во тоа што од неа отсуствуваа најборбените демократски елементи, кои беа во планините или во затворите. Затоа, преовладуваше конзервативен, колеблив дух. Силната владина пропаганда влијаеше врз војничката маса дека не е можна победата на Демократската армија, а присуството на англоамериканците во Грција ја потенцираше таа пропаганда. Покрај, тоа во редовите на кралската армија беше оневозможено организациона работа на КПГ.
Полицијата и џандармеријата беа најсигурната вооружена сила во земјата во рацете на атинската влада. Тие беа привилигирани и добро платени. Од нив се составуваа казнените експедиции за терор во провинциите. Тие вршат масовни апсења по градовите и селата, ги уништуваат демократските институции, весниците, канцелариите и клубовите на демократските организации, тие во борбите со партизаните се бореа најжестоко. Во формациите на полицијата и џандармеријата се вкучени квинслишки елементи и колаборационисти – учесници во “тагмата асвалијас” (баталјонски формации во Грција во услуга на окупаторот). Со доаѓањето за министер на јавната безбедност на колаборационистот Наполеон Зервас во март 1947 година, се разуздува уште повеќе и онака разузданата полиција и џандармерија и тогаш теророт беше најмасовен и најжесток – по изборите и по плебисцитот.
Во текот на 1947 година почна да се форсира вооружувањето на цивилното население. Оваа акција датираше од порано, но тоа повеќе се вршеше преку некои параетатистички организации и под изговор дека “самото население се вооружува за да се брани од партизаните”. Сега веќе вооружувањето организацијата и раководстово, го преземаат отворено државните органи, војската и полицијата и тие стануваат составен помошен дел на вооружените сили на контрареволуцијата. Овие единици познати под името МАИ –
(монадес асвалијас ипетру-единици за безбедност на провинцијата), одиграа важна улога како помошно воено-политичко средство на грчката реакција во текот и по граѓанската војна во Грција. Тие и до денеска во Грција постојат и играат важна улога во задушувањето демократските права.
Монархофашистичката пропаганда – печатот и радиото не бираа средства во нападите против движењето на Демокраската армија. Најомилен, начин беше Демократската армија да се претстави како “оружје на Славјаните” кои “сакаат да ја унииштат Грција” и тн. Натаму, нивната пропаганда се бореше да го зацврсти уверувањето во масите дека Велика Британија и САД се крајно заинтересирани да не дојде до победа на Демократската армија, затоа што губат една многу важна стратегиска позиција, која би паднала под влијанието на СССР.
Таа нивна пропаганда вршеше определено влијание врз масите, бидејќи ја поткренуваа и настаните. Велика Британија упорно се бореше во ООН да го задржи правото за стационирање на свои единици на територијата на Грција, кое, всушност, значеше најбрутална интервенција во корист на десницата;
владата на САД, пак, од своја страна, покрај дипломатско-политичката поткрепа на атинскиот режим во меѓународните односи и ООН, во март 1947 година изјави дека ќе му даде материјална помош, која веднаш потоа и уследи.
Но и покрај сите напори на владата на Константин Цалдарис да го задуши движењето и да ги зголеми своите вооружени сили до таа мера што да се во состојба да го задушат партизанскиот отпор во земјата, тоа не и појде од рака. Под натисокот на се повеќе зголемените партизански сили, зачестените и зголемени удари, кралскиот генералштаб се најде принуден да изработи план за повлекување. Во април 1947 година издава тајна наредба нивните единици да се сконцентрираат во поголемите административни и комуникациони центри, тука силно да се закрепуваат за конечно да го изолираат демократското партизанско движење од градските центри. Со повлекувањето на кралската армија во центрите со сила се евакуирани голем број села. Подоцна е воведена економска блокада на селото и во голема мера е постигната контрола над центрите. Овие мерки беа проследени со максимални напори за организирање одбраната на споменатите центри и комуникациони објекти. Во реоните на партизанското движење градовите се оградени со бодликава жица (некаде таа ја зачуваа уште од времето на окупацијата), поставени се мински полиња, направени се бункери, митралески и топовски гнезда итн.
Тактиката на повлекувањето на армијата на атинскиот режим од многу востанички реони во центрите и насилната евакуација на селата (покрај насилната евакуација извесен број кулачки елементи сами се беа повлекле во градовите), создаде не само паника, но и економски хаос. Бројот на населението во овие градови се зголеми двапати, а некаде и трипати. За одбележување е дека стотици илјади бегалци во центрите живееја на колективни казани од мизерната помош од УНРА.
Токму тоа го користеше атинската влада да вооружи еден дел од овие бегалци или да ги користи за гадење на одбранбени објекти.
Со економскиот хаос и теророт што владееше во земјата од ден на ден се повеќе растеше граѓанската војна. Владата на Констандинос Цалдарис, иако беше поткрепена од шестмина лидери на крајно-десничарски страни, во август 1947 година таа падна. Десет дена Цалдарис настојува да состави нова влада на
“широка коалиција” во која би учествувале и либералите, но во тоа не успеа. На 29 август состави еднопартиска влада исклучиво од популисти, но таа не можеше да се одржи подолго. На 7 септември 1947 година составена е влада под претседателството на Темистоклис Софулис, шеф на Либералната партија.
Демократските сили во овој период борбата против режимот ја водеа на два начини: со политички средства и воено партизанска вооружена борба. Политичката борба ја водеа партиите на левицата, а вооружената борба партизанските единици кои подоцна израснаа во Демократска армија. ЕАМ се бореше против теророт во земјата, за очувување и проширување на демократските права и право на живот и делување на своите партии и организации. Таа борба повеќе се одвиваше на агитационото поле, преку печатот, затоа што со масовното апсење на средниот и најактивниот кадар, режимот фактички ги онеспособи организациите за организациона работа сред масите. Ставот на ЕАМ беше смирување, компромисно решение, учество во владата за мирен развитокот и изградба на земјата, чистење на државниот апарат и војската од фашистичките елементи и спроведување слободни демократски избори (тоа беше ставот и на КПГ).
Ставот на ЕАМ по однос на вооружениот отпор беше дека тој е резултат на непосредниот терор во земјата. Паралелно со тоа директивните од КПГ гласеа: “кого го застрашува опасност од апсење да стапува во редовите на партизанските единици”.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/6 le 29 octobre 2026