Macedonians and the Greek Civil War
ГЛАВА ШЕСТА - ОТПОР НА НОВИОТ ПРИТИСОК
ГЛАВА ШЕСТА - ОТПОР НА НОВИОТ ПРИТИСОК
1. Положбата на Балканот, по Втората светска војна Уште пред завршувањето на Втората светска војна, физиономијата на Балканот во однос на општественото уредување беше јасно изразена. Никој не можеше да се сомнева во победата на Народната револуција во Југославија, победата на истата во Албанија, а исто така и за крајниот исход на работите во Бугарија. Грчката десница беше свесна за тежината на тој факт. Но покрај тоа, од исто толкава важност за грчката десница беше и фактот што на Балканот имавме и една нова појава: Народната револуција во Југославија не донесе само ново општествено уредување, туку ја создаде и Народната Република Македонија, факт за кој грчката десница, доследна на своите империјалистички аспирации, уште како водеше сметка. Македонскиот народ од Егејска Македонија кој во минатото не заостана во националните борби за слобода и независност на македонскиот народ, со нескриени симпатии го дочека чинот на конституирањето на македонската република во новосоздадената Федерација на југословенските народи. Од друга страна, внатрешните услови во Грција говореа, дека во земјата постои револуционерна ситуација со реални демократски сили кои можат да ја победат контрареволуционерната буржоазија и националното прашање на Македонците од Егејска Македонија да се реши како составен дел на демократските задачи на Револуцијата. Значи, ситуацијата на Балканот и во самата Грција, создадена уште пред крајот на Втората светска војна, беше основа кај Македонците од Егејска Македонија да преовладее убедувањето дека дошол денот и тие да ги оставарат своите национални права. Тоа убедување кај Македонците беше онаа морална сила која ги вдахнуваше да пројават така масовен хероизам, да земат масовно учество и да поднесат тешки жртви за време на Граѓанската војна во Грција. Така може да се објасни појавата односно конституирањето на политичката и организациона платформа на Народно-ослободитлниот фронт – НОФ за Егејска Македонија пролетта 1945 година и огромниот авторитет што оваа организација го уживање во Егејска Македонија, сред македонскиот народ и малцинствата.
На 23 април 1945 година беше одржан состанок на Политичката комисија, (но не во избраниот состав, бидејќи беа извршени промени) за Егејска Македонија и на основа дотогашната активност на теренот и новата ситуација, се постави проблемот за конституирање на единствена организација – бидејќи до тогаш политичките агитатори и организатори на македонското движење во Егејска Македонија поставуваа основи на организацијата без единствен формален назив. (Во Костурско организацијата се викаше СНОФ по називот на македонската организација од времето на НОБ, додека во Воденско се викаше ТОМО – тотална ослободителна македонска организација). На тој состанок беше решено организацијата да добие назив Национално-ослободителен фронт на Егејска Македонија.
Горниот датум, 23 април 1945 година, е земен како ден на основањето на НОФ на Егејска Македонија. Меѓутоа, НОФ е продолжение на СНОФ, и можеби е поправилно НОФ да се смета продолжение на Славомакедонскиот ослободителен фронт од времето на Народно-ослободителната борба за време на II Светска војна.
НОФ на Егејска Македонија беше израз на истите идејни, идеолошко-политички и национални тежненија за кои македонскиот народ тежеше да дојдат до израз со барањето за создавање сопствена организација, сопствен орган на борбата за време на германската окупација. Треба да се одбележи дека НОФ се раѓаше не само како орган на борбата на македонскиот народ наспроти на националниот и класен непријател олицетворен во атинскиот режим и контрареволуцијата во Грција, ами и како антитеза на погрешните ставови и однос на раководството на Комунистичката партија на Грција по националното прашање. Во конкретните околности се градеше и како организација која се разијдува со раководството на КПГ и во оцената на ситуацијата за формата на борбата која треба да се поведе во Грција.
Формирањето на организацијата НОФ, нејзината политичка и организациона активност, а подоцна усвоените Програма и Статут, покажуваат како се поставуваше прашањето на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.
Ситуацијата по спогодбата во Варкиза и погазувањето на сите одредби на таа спогодба од страна на атинската буржоаска влада и усилбите за разбивање на демократското движење во земјата со воени сили и средства на терор, создаваше револуционерна расположба. На територијата на Егејска Македонија тоа можеше да се види со далеку поголема јасност.
За тоа беа основа и наброените елементи: спремноста на целокупниот македонски народ да ги реализира своите тежненија, поволната балканска ситуација и истребувачкиот терор од страна на реакционерните сили. Но одлуката за курс на вооружена борба, подготовката и водењето на истата не можеше да биде само дело на НОФ. Тоа требаше да биде дело на КПГ – на организацијата што можеше да делува на целата територија на Грција. Ние, меѓутоа, го видовме ставот на раководството на КПГ по тоа прашање. Тој се состоеше во оцената, дека постојат услови за парламентарен живот и политичка борба, и неговата политичка линија беше подредена на таа оценка. КПГ беше легална организација, а НОФ иглегална и неговата оцена беше дека ситуацијата е револуционерна и формата на борбата треба да биде вооружена борба. Покрај тоа, меѓу НОФ и раководството на КПГ постоеше јазот по македонското прашање, создаден уште во текот на НОД. Затоа НОФ, речиси, се до крајот на 1946 година делува во несогласност со раководството на КПГ, иако контакти се одржувани и порано, движејќи се во склопот на гореспоменатите противречности.
НОФ не можеше, поради наведените причини, да биде слободен, да развие полна политичка и организациона иницијатива, како до спогодбата, така и по спогодбата, поради местото кое го зазеде во односите со КПГ, што се одрази врз неговиот политички и организационен живот. Следејќи го развојниот пат на организацијата НОФ, лесно можеме да се увериме во наведените противречности, зависноста на организацијата од ставовите на КПГ.
2. активност на НОФ во периодот 1945-1946 год.
НОФ политички се разијдуваше во своите сцени и организационо беше одвоен од КПГ се до спогодбата од октомври 1946 година. Но тој, сепак, не беше слободен и независен во своите акции и ставови. Своите акции и ставови требаше во голема мера да ги сообразува и усогласува со ставовите и линијата на КПГ. По потпишувањето на спогодбата во Варкиза, разоружувањето на ЕЛАС и проширувањето реакционерната власт на атинскиот режим врз цела територија од земјата, буржоаската влада од Атина се повеќе го засилуваше теророт над демократските организации, нивните припадници и институции во земјата. Тој факт се повеќе говореше во прилог на тоа, дека во Грција десницата која дојде на власт, не само дека не мисли да ги исполни обврските за мирен и демократски живот, туку, напротив, од ден на ден стануваше се појасно дека и парламентарните борби се исклучени.
Организацијата НОФ, својата организациона активност ја развиваше токму под горната претпоставка. На тоа ја тераа и специјалните истребувачки мерки на грчките власти спрема македонскиот народ и нејзиниот статус на илегална организација. Речено е дека организацијата на НОФ, уште пред да го добие своето формално име, во времето кога делуваше како “Политичка комисија за Егејска Македонија”, имаше свои заднински организатори и разви жива организациона активност.
Но по потпишувањето на спогодбата во Варкиза и проширувањето власта на атинскиот режим на целата територија на Егејска Македонија и воедно со тоа на преземање истребувачки мерки во однос над нашиот народ, организационата, политичката и воената активност на НОФ силно се зголемува и добива поодредена физиономија. Во тоа време, всушност се одржува и споменатиот состанок на Политичката комисија за Егејска Македонија од април 1945 година и конституирањето на НОФ. Во Воденско, Леринско и во Костурско во текот на 1945 година се формирани одбори на НОФ речиси во сите македонски села и по градовите. Исто така поставени се организациони бази во многу села во Ениџевардарско, Гуменичко, Негушко и во одделни реони во Источна Македонија. Во споменатите окрузи во Воденско, Леринско, Костурско и Гуменичко организациите располагаат и со свои раководства и доволен број илегални професионални работници на организацијата. Извршена беше организациона поделба и формирани организациони комитети не само на НОФ, туку и на НОМС и АФЖ.
Правилна претстава за цврстината, авторитетот и влијанието на НОФ не може да се има ако таа се сфати само како фронтовска организација. Таа кај Македонците беше единствена организација која со своите политички ставовои се спротивставуваше на ставотите на КПГ и успешно ја ширеше својата организациона мрежа и политичко влијание.
Основа за тоа и даваше моралнополитичката расположба на масите и неуморната и самопрегорна борба на нејзините организатори на теренот, кои не жалеа труд и жртви. Во текот на 1945 и 1946 година до спогодбата со КПГ, организацијата беше во состојба на свој повик да го крене во борба целото членство. Но, како што ќе видеме, ако за таков повик организационо и политички беше подготвен НОФ, не беше КПГ. Просто неприродно организацијата мораше да го запира развојот на вооружената борба, токму поради усогласувањето на својата политичка линија и акции со линијата и акциите на КПГ.
Еве примери за таквите настојувања, судрувања со раководителите на КПГ и движење во склоп на овие противречности.
Поради објективните услови во кои се одвиваше организационата активност во Егејска Македонија, а заради потребата од интензивна организациона активност со цел за кратко време да се опфати целиот терен и да се зацврсти организацијата, беше неопходно да се ангажираат голем број организатори. Бројот на кадрите во секој окург, во текот на
1945-1946 година на професионалната заднинска работа изнесуваше 20 до 30, па и 40 души. Сите овие работници-илегалци беа вооружани, и тоа не само со пиштоли, туку во повеќето случаи со шмајзери и пушки. Покрај нив, за сузбивање на теророт од вооружените регуларни и нерегуларни чети на грчкиот режим, организацијата се најде принудена да формира вооружени групи. Такви групи постоеја во Лерински, Костурски, Воденски, Гуменички, Ениџе-Вардарски округ. Но, специјално по прашањето на вооружените групи, нивната задача и перспектива се доаѓаше до најголеми расправии со раководителите на КПГ. Самите групи тежеа да растат за полесно да ја извршуваат својата задача и да се пресметаат со непријателот. Наклоноста на Организацијата НОФ и нејзиното членство беше за истото становиште. Но, тука недостигаше согласноста одозгора. Групите не можеа да вршат мобилизација на нови борци, поради тоа што тоа беше сврзано со општиот став за перспективите на движењето во општогрчки размери, во склад со ставот на раководството на КПГ. Оружје, пак, на теренот иако имаше, тоа беше во рацете на организациите на КПГ и не им беше достапно на групите на НОФ и воопшто на нивните организации. Ете зашто вооружените судрувања на партизанските групи на НОФ со непријателот во текот на 1945 година беа ограничени. Заднинските организатори на НОФ на теренот, беа за решителен замав на вооружената борба и во своите извештаи постојано укажуваа на тоа. Во еден свој извештај до Главното раководство на НОФ, секретарот на Леринскиот округ со псевдоним Сандански на 6 јули 1945 година во врска со тоа го пишува следново: “Мое мислење е дека треба да удриме порешително ако сакаме тоа што направивме во тек на еден месец да го удесетостручиме.
Грчката влада по укажување на месната реакција има намера да ги окупира најрасфрлените населени места. Затоа сега се подготвува да ги фати и граничните линии, со намера потоа да почне со општи истребувачки акции, а со цел да ги уништи нашите групи, да воспостави полициски станици во овие планински села во кои такви постоеја пред војната, за да го заплашат и оплачкаат населението како би го натерале да подлегне на маките, или да бега во Вардарска Македонија.
Ситуацијата сега станува многу покритечна. Треба бездруго да ја спречиме грчката влада да ја оствари оваа цел, во спротивно ќе имаме голема загуба.” Но, поради споменатите причини – за усогласување ставот на НОФ и КПГ не само не се даваше директива ниту се преземаа мерки за јакнење на вооружената борба, туку, напротив, во август 1945 година на партизанските групи им се даде директива да ги избегнуваат вооружените судрувања со непријателот. Како резултат на таква директива имаме засилени акции на непријателот, а опаѓање борбениот дух кај населението. Еве што во врска со тоа можеме да прочитаме во еден извештај од Џоџо од 25 август 1945 година, за положбата во Леринско.
“Од писмени и усмени излагања на Окуржниот одбор на Леринско, таму положбата во последно време е многу тешка поради големиот терор кој се врши по зголемувањето на непријателската војска и џандармеријата и воспоставувањето речиси во сите села станици, што ги храбри и најстрашливите шпиони, чиј број доста се зголеми”. Во истиот извештај на крајот се вели: “Овој момент дојде Лефтер, кој ни ги даде следнити податоци: бројот на бурантарите во Леринско изнесува 2.000 и повеќе Црнци, општо околу 6.000.
Вооружување: митролези, минофрлачи, артилерија, тенкови – заседнати се од Даулот до Кајмакчалан, каде што се закрепуваат и ги прават патиштата.
Невозможно е минувањето и затоа нема да го пратиме Ивана и Живко, но ни јас нема да одам. Ќе го чекам овде Тане, кој осум дена е одвоен и се очекува да дојде идниот ден. Имаат забрането секакво движење на Македонците. Овците ги симнаа од планините и не дозволуваат никому да се движи по планината, а истовремено ги горат и шумите. Ноќта ги запечатуват куќите на Македонците за да не излегуваат. Оној што успева да извади дозвола да оди на нива, му го мерата лебот.
Групите имаат стигнато до положба да напаѓаат за да се снабдат со леб. Јас испртатив курир и им јавив да не напаѓаат по никаков начин”. (подвлекол Н.П.).
Значи оценката во извештајот на “Сандански” од јули за намерата на грчката влада, се обистинува. Но, исто така од цитираниот извештај на Џоџо гледаме дека на партизанските групи им беше забрането да напаѓаат, па дури и по цена да останат гладни.
Во еден свој извештај од 22 август 1945 година на Тане Наумовски до Главното раководство го пишува следното за ситуацијата на теренот:
“Во Кајларско цели фамилии – мажи и жени Македонци секојдневно ги одвлекуваат за Тесалија, а од таму не знаеме каде ги носат. Во Соровичка околија е забрането слободното двиижење на луѓето. Во планините е тешко да остане човек, а во Леринското поле исто така. Ве молиме да донесете решение што ќе биде до 1. IX. 1945 година. Затоа што не можеме да останеме тука. Населението почна да се плаши од големите сили и од шпионите – шпионите зедоа голем кураж.
... Секој ден ни поставуваат заседи, затоа што шпионите се организирани. Ние по нив не пукаме, затоа што немаше право, а тие тоа го знаат и почнаа дури по планините да не гонат. Кога пукаме по нив, тие бегаат”.
Низ сите извештаи од теренот во овој период блика едно исто:
“Оружје и знак за јакнење на вооружената борба”. Тоа беше резултат на објективната ситуација. Но недостигаше усогласување на ставовите на КПГ и НОФ. Но независно од тоа, вооружените судрувања на македонските партизански групи со оружените сили на атинскиот режим датираат непосредно по нивното доаѓање во Егејска Македонија по спогодбата во Варкиза, уште од пролетта и летото 1945 година.
Таквите судрувања ги одбележуваа и режимските весници во Грција. Така, на пример, во солунскиот весник “Македонија” од
18 јули 1945 година читаме: “Бугарска банда со митралез нападна на сојузнички автомобил. Ранети се четири лица”.
Лерин, - вооружена банда Бугари од заседа, на патот Лерин – Солун до селото Горничево, со митралез пукаа на сојузнички автомобил, при што беше убиен еден Англичанец, а тројца беа ранети. Исто така ранета е и Марјанти Сиому, која со истиот автомобил патуваше за Солун.
Сите бандити беа Бугари, вооружени со автоматски пушки и носеа руска ѕвезда”.
Понатаму во написот се донесува изјавата на управителот на Лерин, кој за нападот ги обвинува “лошите соседи.” Во солунскиот весник “То фос” од 21 јули 1945 година читаме:
“Во Западна Македонија почна систематски напад на бугарокомунистички банди против џандармериски станици.
Во Западна Македонија бугарокомунистички банди почнаа страшна акција против грчката џандармерија.
Така во селото Кономлати – Руписко, банда од повеќе групи го опколи селото и со минофрлачи ја бомбардира џандармериската станица. Истовремено побараа да го напушти селото. На џандармеријата и појде од рака да ги одбие бандитите.
Друга банда ја нападна станицата во село Загоричани Костурско. Џандармеријата ги изгони бандитите кои се повлекоа во блиските планини”.
Такви написи можеа да се сретнат во сите грчки режимски весници, кои намерно ја изопачуваа вистината. Вооружените групи од месното македонско население кои се кренаа со оружје во рака да ја бранат честа и достоинството на својот народ од варварските напади на грчките монархофашисти ги нарекуваа “Бугари”, за да ја обманат и заблудат грчката и не само грчката јавност. Меѓутоа, како што е напред изнесено, теророт над македонското население не ја остави незасегната и најзафрлената селска колиба, каде што грчките монархофашисти можеа и ја прошируваа својата власт. Отпорот дојде како резултат токму на тој терор и на стремежот на македонскиот народ да осигура услови за снослив човечки живот.
Од изнесеното до сега може да се извлече заклучок дека вооружената борба како претходник на вооружената борба на Демократската армија, ја поведоа македонските партизански групи на НОФ, како резултат на една објективна потреба – “особен вид на политичка борба”. Ова треба да се истакне поради две причини: прво, за демократската јавност дека на македонскиот народ вооружената борба му беше наметната во одбрана на своите легитимни права на слобода и човечки живот. Второ, за историската вистина, дека вооружениот отпор не почна во Литохоро 1946 година, како што тоа сака да го прикаже раководството на КПГ.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/13 le 29 octobre 2026