Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Macedonians and the Greek Civil War

ДЕЛ ВТОРИ - МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ГЛАВА ПЕТТА - СИСТЕМАТСКИ ПРОГОН - Part 01

Par Наум Пејов · Partie 10 sur 19 · Environ 18 minutes

Lire en English

ДЕЛ ВТОРИ - МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ГЛАВА ПЕТТА - СИСТЕМАТСКИ ПРОГОН НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

1. Положбата на Македонците под грчка власт За да се свати ставот на Македонците во Граѓанската војна, нужно е да се знае во општи црти положбата на овој народ во границите на Грција.

Македонскиот народ по направи и обичаи, јазично и етнички и е туѓ на Грција. Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент кога ја прошири својата власт над Егејска Македонија, изгради политика на физичко истребување на нашиот народ и менување на етнолошкиот состав во своја корист. Тоа го прифати како основно средство до толку повеќе што обилните материјални средства дотогаш растурани преку Патријаршијата и училиштата во Македонија не го дадоа бараниот резултат. Ете каде треба да бараме објаснение, поред останатото, за истребувачките мерки спрема македонскиот народ и целата политика на грчката буржоазија спрема Македонија.

Со самото настапување во времето на Балканската војна, грчката армија ја опустоши Централна Македонија и десетици илјади Македонци принуди да ги напуштат своите огништа и да бегат во соседните земји.

По Првата светска војна и Грчко-турската војна од 1920/1922 година, Грција направи неколку чекори во служба на нејзината основа цел: - истребување на македонскиот народ. Во ноември 1919 година меѓу Грција и Бугарија беше потпишана конвенција за “Доброволно иселување на бугарите од Грција” – тоа се однесува на нас Македонците кои им служевме како пара за поткосурување. Ова конвенција ја продолжија неколку пати со цел да се реализира што поголем број иселеници. Во резултат на тие конвенции и воените дејствија од Балканските и Првата светска војна во Бугарија се иселија околу 95.000 Македонци.

На 30 јануари 1923 година, по поразот на грчката армија во Мала Азија од страна на Турците, во Лозана е потпишана конвенција меѓу Турција и Грција. Во резултат на ова конвенција 538.000 Грци и други христијански припадности се населија во Егејска Македонија и заедно со порано уселените (во текот на војните и после тоа) други 100.000 или вкупно 638.000 лица се населија во Егејска Македонија. (Според необјавениот труд “Миграционите движења во Егејска Македонија од Балканската до Втората светска војна” на Тодор Симовски, соработник на Институтот за национална историја – Скопје). Впрочем изнесените констатации за миграционите движења во Егејска Македонија и измената на етнолошките услови се слични на сите истражувачи на овој проблем.

Тоа се познатите меѓународни акции на Грција да го измени етнолошкиот состав на Егејска Македонија во своја полза.

Меѓутоа, грчката буржоазија не се запре на ова. Таа презеде и други мерки со намера да го уништи, истреби или денационализира македонскиот народ. На Македонците во Егејска Македонија за целото време под грчка власт не им е признато право на посебна националност. Секогаш биле малтретирани, омаловажувани и жестоко експлоатирани и прогонувани.

Грчката буржоазија во намера да го избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Егејска Македонија, во ноември 1926 година донесе закон за измена на имињата на селата и градовите, називите на планините, реките итн. со грчки. Тој закон е објавен во службен лист на грчката влада

“Ефимерис тис кивернисеос” бр. 332 од 21 ноември 1926 година, а во истиот лист бр. 346 објавени се новите грчки имиња. (стр. 231 од книгата на Лазар Мојсов “Ококу прашањето на македонското национално малцинство во Грција” – Скопје

1954 година).

Во 1929 година, за време кога на чело на грчката влада стоеше познатиот политичар Елевтериос Венизелос во Грција е донесен закон “за мерки за безбедност на општествениот поредок и заштита на слободата на граѓаните” (Идионимон).

Тој Закон всушност беше исто што и Законот за заштитата на државата во Југославија. Според овој закон за големопредавство се сметаше секој оној кој се бори за самоопределување на туѓите националности. Фактички овој закон беше насочен против Комунистичката партија и Македонците.

Кога на власт 1936 година во Грција дојде германскиот воспитаник генералот во пензија Иоанис Метаксас, незадоволен од тогашните мерки против Македонците, со закон го забрани македонскиот јазик и го праќаше во прогонство секој што ќе прозбори и еден македонски збор.

За возрасните кои не знаеа грчки отворија вечерни училишта каде на стари години требаше да го учат грчкиот, а да го заборават мајчиниот јазик. Активноста за сузбивање на македонскиот јазик која беше систематски, за бришење на секаков белег што потсетува на македонскиот карактер на Егејска Македонија, грчките властодршци ги одведе толку далеку што дури ни мртвите во гробиштата не ги оставаат на мир “Ги бришат словенските написи по крстовите, и ги вадат коските од гробовите и ги спалуваат”. [3 Лазо Мојсов во својата книга “Околу прашањето на македонското национално малцинство во Грција” – Скопје 1954 на стр. 235-236 го цитира Англичанецот В. Хил, кој патувал во Егејска Македонија 1928 година, а во врска со односот на грчките власти спрема Македонците го напишал следното: “Грците ги гонат не само живите Словени, коишто еднаш ги наречуваат “бугарофили”, вторпат “славофони”, туку и сите мртви Словени чии гробови се растурени по цела Македонија. Тие дури во гробот не им даваат мир: ги бришат словенските натписи по крстовите, ги вадат коските од гробовите и ги спалуваат”.] Тие и таквите мерки го оставија нашиот народ во економска немаштина, во културана и национална заостанатост.

Македонската младина беше воспитувана, колку-толку само во грчки дух што услови во минатото и сега масовно емигрирање во туѓина.

И покрај сите споменати истребувачки и дискриминаторски мерки на Грција против Македонците од Егејска Македонија сообразно со условите, во текот на три десетилетија од Балканските до II Светска војна, тие жилаво се бореа и опстанаа, се сочуваа и во Централна и во Источна Македонија и како компактна маса во Демирхисарско, Ениџевардарско, Гуменичко, Воденско, Леринско и Костурско. Тие не само се сочуваа во живот, туку успеаја да го сочуваат својот национален бит иако национално-ослободени не заживеаја, бидејќи петвековното отоманско ропство го наследи грчкото, уште поварварско. Македонците само во две работи беа рамноправни во Грција: да служат војска и да се борат на фронтовите во сите војни што ги водеше грчката владеачка класа и да плаќаат даноци.

По поделбата на Македонија во Балканските војни, борбата на Македонците за национална слобода стана далеку посложена и потешка. Во условите на поделена Македонија, национално- ослободителното движење на македонскиот народ се поставуваше во поинакви – балкански рамки. По Првата светска војна кога на меѓународната сцена, со победа на Великата октомвриска револуција во Русија, работничкото движење израснува како решавачки фактор, национално-ослободителното движење на национално поробените и колонијални народи, станува составен дел на борбата на работничката класа и сиромашното селанство.

Национално-ослободителното движење на Македонците поради поделеноста на Македонија, степенот на општествениот развој на Македонија и развојот на работничкото движење на Балканот, тесно се поврза со работничкото движење.

Национално обесправените и експлоатирани работнички и широки селански маси во Македонија поучени од дотогашното искуство од политиката и практиката на балканските буржоазии, не можеа да сметаат како на свој сојузник ни на една друга општествена сила, освен на работничката класа. Еве зошто можеме да забележиме една општа карактеристика на сите три дела на поделена Македонија – ориентацијата на Македонците кон работничкото движење и нивните организирани одреди-комунистичките партии.

Ниедна друга политичка партија во Југославија, Бугарија и Грција немаше запишано во својата програма она што тежеа да го остварат Македонците освен комунистичките партии и III-та Интернационала. Тука може да се најде објаснение и за односот на ВМРО (обединета) со III-та Интернационала и комунистичките партии на Балканот. Но, како што е познато, не се остварија до крај програмските цели истакнувани во III-та Интернационала и комунистичките партии на Балканот.

Доследно го оствари, во новосоздадени услови во текот на Народноослободителната војна, програмското ветување само Комунистичката партија на Југославија под раководството на Тито и како резултат на Народната револуција се конституира националната република на Македонците – како Федерална единица на југословенската федерација.

Раководството на Комунистичката партија на Бугарија имаше променлив став по македонското национално прашање. Како и останатите комунистички партии таа го подржуваше ставот на III Интернационала. Меѓутоа, во текот на народноослободителните војни на Балканот и по заземањето на власта се уште не најде сила да остане доследна на револуционерните позиции по тоа прашање очигледно подлегнувајќи на великобугарскиот национализам. Исклучок од тоа прави времето кога на чело на ова раководство беше големиот Ѓорѓи Димитров. Како виситнски револуционер тој можеше уште во текот на војната да ја согледа огромната преломна улога на Народната револуција на југословенските народи за општествениот и политички развиток на Балканот.

Решението на националното прашање во Југославија претставуваше фундаментална содржина на нова Југославија.

Конституирањето на Федерална Република Македонија беше основата за нови односи меѓу балканските народи, односи врз демократска и рамноправна национална основа на сите балкански народи, а во тој број и Македонците како народ дотогаш обесправен од балканските династии и балканските буржоазии. Правилното согледување на овој голем чии на Балканот остварен со победата на Народната револуција на југословенските народи најде израз во Бледската спогодба од 1947 година. Таа спогодба означуваше нова ера во односите на Балканот и со најголемо воодушевување го поздравија балканските народи. Годините кои уследија по резолуцијата на Коминформ и смртта на Ѓорѓи Димитров, раководството на Бугарската комунистичка партија ги искористи во основа да го измени својот став по македонското национално прашање.

Подлегна на притисокот од големобугарската идеологија и дозволи одново да добијат право на граѓанство великобугарските сфаќања по националното прашање. Се повампири старата буржоаска историографија и се негира постоењето на македонската нација, не им се признаваат националните права на Македонците во Пиринска Македонија, отстапија од спогодбата во Блед и Евксиноград како сигурен пат на трајна соработка и дружба на јужнословенските и сите народи на Балканот. Македонскиот народ е огорчен на таквиот став и политика на бугарското раководство, посебно се огорчени Македонците од Егејска Македонија кои водат тешки борби за своите национални права во Грција, борците кои заради тие права со оружје во рака се бореа за време на II Светска војна и за време на граѓанската војна во Грција. Во годините на граѓанската војна БКП во одреден период имаше поинакво гледање. Еве ги становиштата на БКП во резолуцијата на X Пленум на ЦК од август 1946 година по македонското прашање:

“1. Бугарската работничка партија (комунисти) смета дека основниот дел на македонскиот народ се организира државно и национално во рамките на ФНРЈ како Народна Република Македонија. Обединувањето на другиот дел на македонскиот народ претстои да се изврши врз базата на македонската народна Република и во рамките на ФНР Југославија.

2. Бугарската работничка партија (комунисти) смета дека приготвувањето на неопходните услови за тоа обединување, а имено, присоединување на Пиринскиот крај кон НР Македонија, пред се, е работа на самите Македонци, но е општа задача и на отечественофронтовска Бугарија и Федеративна Република Југославија.

3. Бугарската работничка партија (комунист) смета за неопходно, во периодот до присоединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија, систематски да се работи на културното зближување на македонското население од тој крај со НР Македонија, на популаризирањето во нивната средина, работата и постигањата на македонската Народна Република, македонскиот јазик и македонската литература, на запознавањето со историјата на македонскиот народ како што се предава во Македонија, да се олеснат граничните услови помеѓу Македонија (Југославија) и Пиринскиот крај за широко взаемно општење на македонското население од едната и другата земја, и воопшто да се преземат мерки по линија на културна автономија, кои што би придонеле за развојот на националната свест на македонското население и би го олесниле неговото обединување со основниот дел на македонскиот народ во НР Македонија.

4. ВРП (к) смета дека при соединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија треба да биде врз базата на сојузен договор помеѓу Југославија и Бугарија, кој што ќе ги одреди точните граници на присоединувањето на Пиринскиот крај, земајќи ја предвид земјата и општите интереси на македонскиот народ како и правото на кооптирање бугарско државјанство за жителите на Пиринскиот крај, кои што сакаат да го искористат тоа право. Со тој договор ќе се реши враќањето на западните покрајни на Бугарија кои што сега се наоѓаат во Југославија.

5. БРП (к) смета дека е во интерес на македонскиот народ, како и на Бугарија и Југославија, присоединувањето на Пиринскиот крај кон Македонската Народна Република да се изврши на таков начин што фактички да не постои царинска или друга граница помеѓу Македонија и Бугарија, како што таква не постои помеѓу НР Македонија и другите единици на ФНРЈ.

Присоединувањето на Пиринскиот крај треба не само да не ги отежи стопанските и културни врски помеѓу присоединетиот дел и Бугарија, туку напротив, уште повеќе да ги зацврсти тие врски помеѓу Македонија (Југославија) и Бугарија.

БРП (к) ги задолжува сите членови на Партијата, пред се членовите од Пиринскиот крај, најстрого да ја исполнуваат и практички да ја спроведуваат таа директива на Партијата по македонското прашање и упорно и препорачува на македонската емиграција во Бугарија сестрано да соработува во зацврстувањето на братската македонска република, како и во подготовките за обединување со неа на македонското насление од Пиринскиот крај врз базата на сојуз меѓу Отечествено-фронтовска Бугарија и ФНРЈ Југославија”. (Од книгата “Пиринска Македонија во борба за национално ослободување” стр. 302 до 304 од Димитар Митрев, Скопје, 1950 година.).

Македонците од Егејска Македонија беа доследен сојузник на работничката класа на Грција во нејзината борба за едно поправедно општествено уредување, за едно демократско општество и на тој начин да ги оствари своите национални идеали. Раководството на Комунистичката партија не најде секогаш сила доследно во политичката акција и организационата практика да ги мобилизира силите на македонскиот народ, очигледно плашејќи се од владеечката буржоаска идеологија, националистичките и шовинистичките идеи за “Голема Грција” фанатично проповедувана и всадувана во Грција од буржоазијата.

Комунистичката партија на Грција и работничкото движење имаше силна подршка во Македонија и Македонците ја делеа судбината на тоа движење во плимата и осеките.

До средината на триесеттите години, поточно до 1935 година ставот на КПГ по македонското национално прашање беше единствен со ставот на другите балкански партии и III Интернационала т.е. за обединета и независна Македонија и Тракија.

Во решенијата на VI Пленум на ЦК КПГ, од јануари 1934 година “за ситуацијата во Грција и задачите на партијата” стои:

“... национално самоопределување на потиснатите Македонци и Тракијци, полна национална рамноправност на Евреите”. [Стр.

347 од изданието на КПГ – 1918-1958 избрани документи ноевмри 1958 година.] По рефератот на V Конгрес на КПГ одржан 1934 година, за активноста на ЦК “Револуционерниот успех и борбата против фашизмот и војната” прифатен едногласно, во резолуцијата на Конгресот стои:

“Подршката и помошта на национално-револуционерните организации на националните малцинства и зацврстување на нивните организациони позиции внатре во нив, покрај катадневната борба за сите прашања и најмалите, на националните малцинства кои се борат против националното, економското угнетување, буржоаско-феудална Грција и признавање на националните малцинства правото на самоопределување до државното отцепување, ќе овозможи на КПГ да ја здобие довербата на потиснатите малцинства и да ги направи сојузници на пролетеријатот во очекуваната револуција во нашата земја. КПГ треба да се бори решително за сузбивање на грчкиот големонационализам и неговите манифестации во нејзините редови и за интернационалистичко воспитание на Грците работници и земјоделци” [Стр. 363 – Четириест години на КПГ 1918-1958 год.] Но, веќе во решенијата на III Пленум на ЦК КПГ кој се одржа во април 1935 година, стои следното:

“По пучот од март нашата Партија на место на лозинката “обединета и независна Македонија и Тракија” ја истакна лозинката “полна рамноправност на малцинствата”. Оваа промена на лозинката по однос на националните малцинства на нашта земја, не значи негација на марксистичко-ленинистичкото начело за самоопределување на националните малцинства. Замената на старата лозинга “Обединета и независна Македонија и Тракија” ја наложува измената на националниот состав во грчкиот дел на Македонија во тесна врска со промената на условите во кои денеска се развива револуционерното движење на Балканот и посебно во нашата земја, со основна задача антифашистичка борба и борба против војната”.[стр. 426-427 Четрдесет години на КПГ – 1918-1958 година.] Откако ги потцртува зголемените одговорности на КПГ да ја помогне борбата на малцинствата, во истото поглавие на крајот е запишано следново: “Нашата партија не престанува да нагласува дека конечно и дефинитивно македонското прашање ќе се реши братски по победата на советската власт на Балканот, која ќе ги раскине нечесните спогодби за размена на населението и ќе ги преземе сите практични мерки да се ликвидираат империјалистичките неправди.

Само тогаш македонскиот народ ќе најде целосно национално воспоставување.” [стр. 426-427 Четрдесет години на КПГ – 1918-1958 година.] (Впрочем, измената на етнолошкиот состав не може да го замени економскиот принцип и економската национална целина).

Раководството на КПГ за време на Народноослободителната борба на Балканот заборави на истакнатите револуционерни обврски и направи груби грешки во политичката активност и организационите мерки како во времето на НОБ, така и за време на граѓанската војна и потоа – земајќи во предвид: дека работничкото движење не е имуно и од сопствени деформации и дегенерации и дека треба да ги преземе сите мерки од нив да се обезбеди, особено тогаш кога го зема кормилото на судбината на народот во своите раце. Бидејќи тогаш во практиката можат да се проверат ставовите од конгресните и пленумските резолуции. Ниту бугарското ниту грчкото раководство не постапи така, затоа западнаа во сопствена противречност.

Втората светска војна, окупацијата и прекројувањето на Балканот, КПГ ја најде со споменатиот став : “Полна рамноправност на националните малцинства”. Борбата против окупаторот, а за национална слобода, стана акциона програма на комунистичките партии од окупираните земји. Објективните услови беа изменети и се поставуваа нови задачи. Условите беа изменети и во Македонија, таа беше прекроена, а со нестабилни и цврсти граници: поради општата окупација на Балканот од Германците, сојузништвото меѓу фашистичка Италија и фашистичка Бугарија, но и нивните противречности околу Македонија; па дури и грчките аспирации околу Македонија, без оглед што со капитулацијата им отстапија дел на Бугарите и тн. Развојот, пак, на Народноослободителното движење не познаваше граници и гранични линии. Ете зошто како од политички така и од организациони причини се наложуваше една ревизија на ставот по македонското национално прашање и неговото поставување во новосоздадените реални и објективни услови. Но, тоа претпоставуваше заедничка согласност на раководствата на сите заинтересирани комунистички партии, или заземање правилен став по македонското национално прашање секоја комунистичка партија поодделно. Како што е извесно тоа не беше случај!

Првото не можеше да се оствари затоа што сите раководства не беа спремни за второто. Не беа спремни да заземат правилен и револуционерен став по македонското прашање и тој став да го поткрепат. Нас сега ни се познати расправиите по тоа прашање помеѓу раководството на КПЈ и БРП (к) уште во текот на 1941 година, што се манифестира по однос на Пиринска Македонија и сега. Раководството на КПГ исто така зазеде крајно опортунистички став. Тоа воопшто не покажа спремност правилно да го постави и решава македонското прашање како неминовно, објективно барање во новите услови.

Раководителите на КПГ очигледно го сопираа природното место и природен развоен пат на борбата на македонскиот народ од почетокот до крајот на Народноослободителната борба, па дури и тогаш кога битката беше изгубена и власта во Грција дојде во рацете на контрареволуционерите. Ете зошто борбата на македонскиот народ во Егејска Македонија не го доби оној револуционерен замав, не ја доби својата независна физиономија, не можеа да дојдат до полн израз тежненијата и тие да бидат остварени.

Раководителите на КПГ користејќи го авторитетот на Комунистичката партија, раководството на Народноослободителната борба и партиската дисциплина на членството, систематски работеа врз тоа, македонскиот фактор да не израсне како независен и македонскиот народ да ја земе својата судбина во своите раце. Тие упорно се противеа на формирање македонска народноослободителна организација, формирање посебни македонски партизански единици и израснување на национални кадрови. И кога ова се има на ум, дури тогаш може да се објасни колку беше тешка задачата на Македонците-борци од Егејска Македонија. Направени беа обиди да се афирмира борбата на македонскиот народ од Егејска Македонија. Но за успехот и за таква афирмација нужен беше позитивен став на КПГ, или максимално единство на волја и акција на македонските комунисти од Егејска Македонија, кое тешко можеше да биде остварено без единствена организација и при постоење на негативниот став на раководството на КПГ. Под притисок на состојбата есента 1943 година создаден е СНОФ (Славо-македонски народноослободителен фронт) и партизански единици СНОВ (славо-македонска народноослободителна војска).

Раководителите на КПГ, меѓутоа, уште во зачетокот ги пресекоа таквите иницијативи. Затоа што во програмските начела на ЕАМ на ПЕЕА и при спогодбите со избегличката влада не ги предвидоа и не ги бранеа правата на Македонците ниту пак им помогнаа на Македонците да создадат сопствени сили сами да ги бранат тие права. Епилогот на таквата политика беше да се лишат од помошта на Македонците при судирите во Атина во декември 1944 година – фактор кој воопшто не беше за потценување, како тогаш така и во текот на НОД.

Објективните услови создадени за времето на Втората светска војна беа такви, какви историјата ги поставува пред еден народ еднаш во текот на една генерација. После неуспехот на Илинденското востание, објективните услови за време на II Светска војна беа навистина такви што го поставија на дневен ред, не само ослободувањето на Вардарска Македонија, туку ослободувањето и обединувањето на цела Македонија. Ако тоа не се постигна, причините треба да ги бараме во субјективните фактори. Затоа што прашањето се решаваше на начин кој бара најмногу жртви – по пат на вооружено востание, но кој е затоа понајкраток и најреволуционерен пат.