Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Macedonians and the Greek Civil War

ГЛАВА ВТОРА - РЕСТАВРАЦИЈА НА МОНАРХИЈАТА - Part 02

Par Наум Пејов · Partie 7 sur 19 · Environ 13 minutes

Lire en English

За време делувањето на Анкетната комисија, КПГ организираше по градовите и селата истапување пред Комисијата на поединци и групи со разни меморандуми и жалби. Мислењето кое преовладуваше тогаш во редовите на партијата беше дека созреале условите во меѓународен однос за мирно решение на грчкото прашање.

Со доаѓањето на Наполеон Зервас за министер на јавната безбедност во март месец 1947 година и со воведувањето на масовен свиреп терор, организациите на КПГ и ЕАМ престанаа потполно јавно да делуваат во градовите. Вооружената борба и партизанските единици како објективна потреба постојано растат; доаѓаат нови борци од редовите на демократските организации, од оние што можеа и сакаа да го избегнат апсењето од државните органи. Особено замав движењето добива по април 1947 година, кога кралскиот генералштаб издаде наредба за повлекување во центрите и организација за одбрана на истите. Но и ако бројчено Демократската армија во тој период порасна и ги одбиваше од време на време нападите на владините сили против слободните реони, таа не разви потребен револуционерен замав за наполно да ја земе иницијативата во свои раце и да премине во општа офанзива.

Кралската армија пролетта 1947 година во востанатите реони на Македонија, Тесалија и Епир беше принудена да се повлече во градските и комуникационите центри (бидејќи повеќе пати спомнав “комуникациони центри”, треба да се има предвид дека во Грција не беа обновени комуникационите железнички врски разурнати во текот на војната. Така, на пример, не работеше линијата Солун-Лерин, Солун-Цариград и тн.). Во овие центри немаше одбранбени објекти, па моралот на кралската армија опадна, додека моралот на борците од ДАГ беше на високо ниво. ДАГ, меѓутоа, не го искористи тој период кој даваше многу поволни услови силите решавачки да превагнат на страната на револуцијата. Не знаеме што мислеле тогаш раководителите на КПГ кои уште можеа слободно да се шетаат низ Атина, ниту пак што мислеле раководителите на ДАГ кои беа во планина. Но факт е дека условите беа најповолни за премин во офанзива и проширување на слободната теритрорија на целата област од Северозападната Грција – Западна Македонија, Епир и дел од Тесалија.

Тоа што Левицата не капитализира на оваа ситација може да се објасни ако се имаат предвид овие моменти:

- на вооруженото востание се уште се гледаше како на средство не за одлучна победа над непријателот, туку како на средство непријателот да се принуди на компромис;

- иако се повеќе тежиштето се префрлуваше на вооружена борба, се уште раководството на ЕАМ, во тој број и на КПГ живееше легално. Со тоа силите на револуцијата беа поделени;

нејзиното раководство не беше единствено на позициите кои го бараа потребите на револуцијата;

- поради овие моменти, линијата на борбата не можеше да биде јасна во смисла таа да стане сознание на масите и на вооружените востаници;

-во редовите на ДАГ во прилична мера провејуваше духот и тактиката на ЕЛАС на штедење на силите.

Затоа периодот од летото 1947 година измина без оние одлучи удари кои можеше да и бидат зададени на државната машина од страна на силите на револуцијата. Всушност од тогаш се наѕираа белезите на позициона борба. На блокадата, на пример, од страна на атинската влада на слободните реони, Демократската армија одговори со контра-блокада, а од тоа можеше да има штета само револуцијата. Оваа грешка беше согледана по неколку месеци. Но токму тие неколку месеци му беа потребни на противникот солидно да ја организира својата одбрана во некои критички пунктови на неговите позиции. Во овој период, кој беше најповолен за применување на тактиката за прибирање партизански сили за одлучна надмоќност над непријателот и напад во неговите центри, не беше применета, а ДАГ во летото 1947 год. имаше доволно сили да може на непријателот да му задава такви удари.

Еве зошто владината криза во август 1947 година, која траеше преку 10 дена (во услови на граѓанска војна Грција беше без влада) не предизвика дезорганизација. За ова има заслуга и странскиот фактор што сестрано го помагаше атинскиот режим.

Но и фактот што револуционерните сили не беа во офанзива, па монархофашистичкиот режим можеше да ја преживее оваа, можеби, најтешка криза во граѓанската војна.

Во време на владината криза во Грција, август 1947 година.

Главниот штаб на Демократската армија издаде свое комунике со кое ја прогласуваше Грција за “независна Република”. Во комуникетето натаму се соопштува дека Главниот штаб ја врши врховната, законодавна и извршна власт до формирање на демократската влада.

4. меѓународна интервенција Меѓународната интервенција во Грција всушност почна уште во текот на II светска војна, кога Англија под изговор на помош на движењето на отпорот во земјата го помагаше колаборационистот Зервас, а го запираше масовизирањето на вооружениот отпор под раководството на ЕАМ. Но, тоа сепак беше скриена интервенција, додека не дојде откриената англиска немера во декември 1944 година. Тоа беше кулминацијата која непобитно потврдуваше, дека грчката десница се наоѓа во крајна нужда и пред опасност наполно да ги изгуби своите позиции, да биде симната од власта.

Декемвриските настани беа во својот разгор кога во Атина пристигна претседателот на англиската влада Черчил во придружба на министерот за надворешни работи Иден, командантот на силите на Средниот Исток Александар и министерот за Средниот исток Макмилан. На 26 и 27 декември 1944 година во Министерството за надворешни работи на Грција, под заштита на англиските тенкови, се одржа конференцијата на која присуствуваа претставници на политичките партии, претседателот на грчката влада во оставка Георгис Папандреу, кандидатот за регент атинскиот архиепископ Дамаскинос и Николаос Пластирас (кандидат за претседател на грчката влада). Од страна на КПГ и ЕАМ присуствуваше секретарот на ЕАМ и член на Политбирото на ЦК КПГ Димитриос Парцалидис. На состанокот исто така присуствуваа и претставници на двата големи сојузници:

амбасадорот на САД во Атина, Мак Ви и претставникот на Советскиот сојуз, полковникот Попов.

И самото доаѓање на Черчил говореше дека со интервенцијата која ја презеде, англиската влада беше доведена во крајно незгодна ситуација, како во својата земја исто така и во светот кој живееше во атмосферата на коалицијата. Од друга страна ова говори и тоа дека грчката десница беше во крајна опасност;

ако борбата се развие во сегрчки размери би имало опасност да ја изгуби битката. На овој состанок не се постигна согласност, па борбите и натаму продолжија и завршија, како што е речено, со спогодбата во Варкиза.

По оваа меѓународна сцена во грчкото прашање, работите тргнаа по патот на еднострана граѓанска војна со морална и материјална помош на грчката десница од англиските воени сили, кои останаа во Грција по завршувањето на II Светска војна.

Во текот на целата 1945 година грчкото прашање не стана предмет на меѓународни расправи.

Во намера да и се помогне на коалицијата на ЕАМ, која се наоѓаше во тешко прогонство во земјата, уште во почетокот на 1946 година на 21 јануари советската делегација во ООН го покрена грчкото прашање во Советот на безбедноста со барање да се донесе резолуција за “повлекување на англиските окупаторски сили во Грција”. Но таквата резолуција наиде на огорчен отпор како кај англиската, исто толку и кај американската, француската и други делегации од западните сили. Покренувањето на грчкото прашање од страна на советската делегација по долги дискусии во Советот за безбедност, заврши на 6 февруари 1946 година со една неодредена резолуција во која меѓу другото се вели: “Советот за безбедност ги зеде предвид изјавите што ги изнесоа делегациите на Советскиот сојуз, Велика Британија, Грција, како и изразените мислења од делегациите на другите сили по однос присуството на британските војски во Грција. Изјавите се внесени во документите на Советот, кој на тој начин го смета прашањето за завршено”.

Непосредно по оваа, односно додека уште се одигруваа овие настани на меѓународен план, во Грција беа распишани парламентарните избори, кои се одржаа на 31 март 1946 година.

Од изборите апстинира коалицијата на ЕАМ и некои мали буржоаско-демократски странки. Но изборите беа одржани.

Иако фалсификувани, тие ја легализираа власта на контрареволуционерните сили. На грчката буржоазија и беше потребна меѓународна закрила за тоа “дека изборите се слободни”. Така помош доби во лицето на комисиите за изборите составени од трите големи сили: САД, Велика Британија и Франција. Овој пат, значи, меѓународната интервенција дојде од Англо-американците, бидејќи ја сметаа како неопходна за да ги сочуваат своите империјалистички позиции во Грција. Откако на изборите од 31 март беше избрана “легална” влада и со плебисцитот од септември 1946 година вратен на престолот кралот Ѓорги II, а едностраната граѓанска војна во Грција со постепениот отпор на масите се претвори во вистинска граѓанска војна, грчката влада се обраќа одново кон ООН за помош. Така, на 3 декември 1946 година грчката делегација при ООН (овој пат таа) “одново го покренува грчкото прашање со едно свое писмо до Советот за безбедност со мотивација дека: “борбата која ја водат во Грција бунтовниците ја помагаат северните соседи на Грција и со тоа е повредено меѓународното право и е доведен во опасност мирот на Балканот”. Оваа жалба на грчката влада беше набрзина ставена на дискусија во Советот за безбедност и со поткрепата на Англо-Американците на 19 декември беше донесено решение за формирање на Анкетна комисија, која на лице место ќе ја испита ситуацијата. Анкетната комисија се состоеше од 11 претставници на Советот за безбедност, а како застапници на заинтересираните страни беа делегати на четирите балкански земји – Југославија, Албанија и Бугарија од една и Грција од друга страна. Анкетната комисија започна со работа на 29 јануари 1947 година, кога пристигна во Атина. Таа имаше право да анкетира на лице место и за таа цел, откако од 19 јануари до 15 февруари се задржа во Атина, се префрли во Солун а поодделни екипи престојуваа како од едната, така и од другата страна на грчката северна граница. Од 24 март комисијата замина за Софија и Белград, а една нејзина екипа во Скопје, каде остана до 2 април 1947 година и главно се задржа на испитување на сведоци. Пред комисијата истапија делегации на КПГ и ЕАМ, а една екипа дојде во контакт и со командантот на Главниот штаб на Демократската армија генерал Маркос. Од 17 април до 23 мај 1947 год. Анкетната комисија се повлече во Женева за да го подготви извештајот. Се разбира, извештајот не можеше да биде непристрасен, затоа и не беше едногласно примен. Но со мнозинството од 8 гласови во извештајот беше внесена констатацијата:

“На основа фактите кои Комисијата ги констатира – прави заклучок дека Југославија и во помала мера Албанија и Бугарија, ја потпомагаат бунтовничката војна во Грција”.

Таа констатација им беше потребна на носителите и заштитниците на грчкиот режим за да ја мобилизираат ООН да и помогне на грчката влада, односно да го оправда натамошното стационирање на британските сили и помошта на Американците од една, а од друга страна да ја спречат помошта на партизанското движење како “опасност по мирот на Балканот” и “повреда на меѓународното право”. Додуша со работата на Анкетната комисија, се чу гласот и на демократските сили и во голема мера се мобилизира демократското јавно мислење. Зашто навистина имаше на што да се згрози кога се изнесоа фактите за неизмерниот терор, бројот на затворениците од 70.000 души, кои не само што не соработувале со окупаторот туку биле борци на движењето на отпорот, стотици стрелани, испретепани и тн. И во таа смисла демократските сили однесоа морална победа.

На основа споменатата констатација на Анкетната комисија, во името на таа констатација и закамуфлирани зад неа, уште пред да ја заврши својата прва анкета, беше одредена нова анкетна комисија, позната под името “Балканска комиција”. Оваа комисија никогаш не беше признаена од балканските земји – Југославија, Бугарија и Албанија, земјите обвинети за тоа дека ја “помагаат бунтовничката војна”, и никогаш не беше пуштена на нивните територии. Но, без оглед на тоа, Комисијата постојано прибираше “факти” за тоа дека “северните соседи на Грција ја загрозуваат нејзината независност”. Оваа комисија претставуваше морален фактор на грчката буржоазија, која во текот на 1947 година преживуваше голема криза.

Но моралната подршка не беше доволна за да се задуши партизанското движење беше потреба и материјална помош.

Велика Британија тежината на зголемените потреби во Грција не беше во состојба да ги поднесе и тогаш прискочија и САД.

Во март 1947 година тогашниот претседател на САД Хари Труман, отворено изјави дека е решен “да ја помогне Грција во очувањето на нејзината независност”. Оваа Труманова изјава пред американскиот Конгрес позната под името “Труманова доктрина”, беше спасителна даска на грчката буржоазија. На основа таквиот став на американската влада, почна отворена американска интервенција во граѓанската војна на Грција.

Испратена е воена помош од 300.000.000 долари за 1947 година и таа практика продолжи за целото време на граѓанската војна во Грција, па и по неа. Покрај материјалната помош во воена опрема, грчката армија беше потпомогната и со американски воени експерти. Есента 1947 година беше формиран еден вид заеднички генералштаб под командата на американскиот генерал Ван Флит, а во сите поголеми оперативни единици беа доделени американски офицери. Но, оваа интервенција имаше “легален” карактер. Таа доаѓаше да ја помогне “законитата” влада “законитиот режим во Грција” против “субверивните елементи”. Американската помош дојде во време кога грчката буржоазија запаѓаше во тешка ситуација. Пред доделувањето на споменатата помош, дел од грчката буржоазија почна да се колеба во успехот на една динамична политика што ја спроведуваше владата на Популистичката партија со својот шеф и претседател на владата Константин Цалдарис.

Темистоклис Софулис шеф на либералите со своите пратеници во парламентот беше во опозиција и ја критикуваше владата и партизанското движење како две крајности и се залагаше “за спогодба”, “за мир” итн. Американската помош имаше такво дејство што целата либерална буржоазија, откако ја поздрави помошта во септември 1947 година, стапи во коалиција со владата, по тоа застана на чело на таа коалициона влада и ја поведе војната против Демократската армија со многу поголема умешност.

На основа два извештаја на Балканската комисија “со факти за намесата на северните соседи”, грчкото прашање остана на дневен ред на Советот за безбедност во текот на целото лето 1947 година. Но поради постоењето на вето што го бложуваше советската делегација, секогаш кога за тоа сметаше да е нужно, на 20 август 1947 година, американската делегација со писмо до генералниот секретар на ООН бараше грчкото прашање да се внесе на заседанието на Генералното собрание, кое требаше да се свика на 17 декември 1947 година во Њујорк, со тема “загрозување националната независност и територијалната целост на Грција”. Покренувањето на грчкото прашање од американската делегација во август 1947 година имаше големо значение претставуваше и охрабрување на контрареволуционерните сили во земјата. Во текот на август 1947 година во Грција избувна владина криза, но благодарејќи на меѓународниот, а во прв ред, американскиот фактор, постигна е согласност и е доверен мандатот за состав на владата на шефот на дотогашната парламентарна опозиција, Темистоклис Софулис, кој за Американците како во земјата така и на меѓнароден план беше последен, но доста добар адут.

Резултат од одново покренатото грчко прашање во Генералното собрание на ООН во текот на октомври 1947 год. беше да се донесе решение за определување Балканската комисија со задача да и помогне на грчката влада во задушувањето на движењето. Оваа комисија, составена од претставници од САД, Велика Британија, Франција, Австралија,Бразилија, Мексико, Пакистан, Кина (куоминтанг) и Холандија, во текот на ноември 1947 година се истовари во Грција и откако неколку дена се задржаа во Атина, се настани во Солун, а свои поткомисии и екипи парќаше на разни пунктови на самата гранична линија.

Комисијата во Грција се задржа се до мај 1948 година, кога се повлече во Женева. Балканската комисија стана добар закрилник на грчката буржоазија. Таа редовно настоујваше да не дојде до поефикасна материјална помош на демократското движење од демократските земји, делуваше морално-политички во корист на буржоаската влада како во земјата така и на меѓународниот план. Кога на 24 декември 1947 година беше објавено формирањето на Демократската влада, со генерал Маркос на чело, Комисијата прва притрча да ги предупреди балканските земји дека “секое признавање на Демократската влада е спротивно на одлуките на ООН”, и тн. Така “меѓународната интервенција” во грчкото прашање фактички се разви во корист на грчката контрареволуција.