Macedonians and the Greek Civil War
ГЛАВА ПРВА - ЕДНОСТРАНА ГРАЃАНСКА ВОЈНА - Part 02
масовниот и сенароден политички штрајк, како решително народно оружје, се налага денеска за да се спречат масовните и значајни терористички фашистички манифестации; г) сите демократски луѓе треба да се готови да го бранат својот живот и да се спротивстават со СИТЕ СРЕДСТВА НА СЕКОЈ ФАШИСТИЧКИ ПУЧ. Народот да биде буден”.
Централната парола која се издигаше од моментот на потпишувањето на спогодбата во Варкиза и првиот налет на десницата против демократските маси и нејзината авангарда – борците од отпорот, беше паролата “масовна народна самоодбрана со сите средства”. Но токму затоа што не достигаа “сите средства” стана фатална по судбината на демократското движење во Грција, затоа што не само ја исклучуваше, ами и ја осудуваше борбата со оружје, ја предаваше судбината на демократското движење во земјата на милост и немилост на разузданата реакција, која од своја страна напаѓаше со сите средства, а во прв ред со насилство и силата на оружјето. Во тоа се состои една од основните грешки на раководството на КПГ во поваркизниот период.
Како што се гледа од самите констатации на Резолуцијата на XII Пленум на ЦК КПГ, во Грција фактички пламтеше една крвава војна од страна на десницата против демократските сили во земјата.
Решенијата на XII Пленум на ЦК КПГ и констатациите внесени во горецитираната Резолуција, главно беа становишта изнесени од тогашниот генерален секретар на КПГ – Захаријадис во неговиот реферат одржан на Пленумот. Така, на пример, осудувајќи ја појавата и приврзениците на потребата од непредевање на оружјето и оружен отпор против десницата и странските интервенции, Захаријадис во својот реферат го рече следново:
“Преминувањето од ослободителната војна во борба за Република, го доведе целото наше движење од повлекувањето после декември на еден свиок. Една нова ситуација се појавуваше и бараше брзо приспособување на линијата, тактиката, методите и паролите, иако може овде да се говори во овој случај за криза само од таа страна дека пред свиокот кон новото, се најдовме идеолошки малу неподготвени, нешто што доведе до извесна збрка. Многу членови и кадар не можеа веднаш да расчистат – што бараме и каде одиме во новите услови. Оваа збрка имаше за резултат извесни малограѓански колебања внатре во партијата. Некои од тие, како она на Велухиотис, можеа да бидат опасни, но Партијата ги пресретна решително.
До колку таквите манифестации не ги предизвикуваше непосредно класниот непријател се должат на идеолошките слабости. На пример, манифестациите на партизанштина во движењето се должат на тоа што извесни другари не разбраа дека Варкиза беше една последица на поразот во декември и го наложи преминувањето од “лесната” партизанска борба, на масовна политичка борба, сакаа да ги задржат пушките и да ја продолжат партизанската борба (Захаријадис ја наречува со грчкиот израз “клевтополемос” – качачка војна м.п.). Тоа значи со вчерашниот билет да минат и денеска. Партијата удри и бие таква помисла затоа што води до последици катастрофални за целата борба. Но Партијата ги премина бргу сите овие колебања и решително се фрли во новите борби и новите задачи”.
Многу се значајни овие Захаријадисови искажувања, затоа што го откриваат приодот кон политичката линија, врз инаку една правилна оцена на ситуацијата. Се осудува појавата на вооружен отпор. Меѓутоа, ако го анализираме ставот за потребата од вооружен отпор во светлината на ситуацијата која владееше во земјата, ќе можеме да расчистеме едно основно прашање – дали ситуацијата по Варкиза беше револуционерна ситуација или не и во врска со тоа, каква форма на борба се налагаше?
Каква е ситуацијата и односот на силите по декемвриските настани и спогодбата во Варкиза 1945 година?
Во својот реферат одржан на XII Пленум на ЦК КПГ во јуни 1945 година, Захаријадис ја дава следнава оцена за основната карактеристика на политичката ситуација во земјата:
“Реакционерната десница и оние кои ја следат, поддржуваат или толерантно се однесуваат, ја одреди по позициите што ги зазеде со странска помош и по настаните во декември, оваа линија:
а) со еден див терор кој надминува секој преседан во историјата на нашата земја, да го принуди народот да свитка глава, да напушти секој отпор;
б) со еден клеветнички поход и една нечуена фалсификација на стварноста да ја изолира КПГ, народната авангарда од народот, да ја извалка како партија на “убици”, “предавници”, “предадени”, за да ја изолира и уништи;
в) со еден шовинистички патетички аларм да го скрше вниманието на народот од животните внатрешни прашања и го сврти кон надвор, за да може на тој начин со една антинародна еконмска политика да ја стовари целата тежина на ситуацијата врз народот и да ја удесетстручи мизеријата и безизлезноста”.
Оваа констатација на Захаријадис е точна. Таа јасно говори за тоа дека во времето по декемвриските настани и Варкиза дотогаш се води една еднострана граѓанска војна. Тогаш се поставува прашањето: што во таков случај треба да се прави?
Фаталната грешка на раководствата на КПГ се состои токму во тоа, што откако констатира дека се води немилосрдна, уништувачка војна против демократските сили во земјата, кога не со политички, туку во прв ред со воени средства десницата сака да расчисти со демократските организации и прогресивната мисла во земјата, КПГ спротивстави само политички средства и го исклучуваше вооружениот отпор.
Меѓутоа, што покажуваше практиката до половината на 1945 година.
Во оцената на декемвриските настани на XII Пленум се вели:
“Со востанието во декември се затвора една и се отвора друга страница во нашата историја. Тоа е преодот, свиокот, кризата.
Востанието не победи, но ни двиижењето не беше поразено.
Тоа е основната специфичност на поразот во декември”.
Тоа е точно. Ова го потврдува и фактот што по декември беше потпишана спогодбата во Варкиза, а движењето не беше безусловно совладано. Но десницата беше свесна за своите сили. Имено, дека силите на страната на движењето на отпорот беа толку јаки што ако бара совладување на движењето ќе биде поразена, та затоа и таа се согласи со спогодбата во Варкиза, со која “вети” дека ќе спроведе демократизација во земјата. На Десницата и беше потребен здив, еден маневар и тоа го оствари.
Значи, грешката на раководството на КПГ е во тоа што борбата во декември беше ограничена само на Атина, а не беше проширена во целата земја. И во тоа што, откако беше изгубена битката во Атина, наместо да се повлече од Атина и да продолжи да се бори, дојде до спогодбата во Варкиза која не даваше ни најосновни гаранции дека може да осигури демократски развиток во земјата.
Втора грешка е што навреме не се согледа споменатата прва грешка и на време да се избегнат катастрофалните последици од спогодбата во Варкиза, која навистина беше една голема победа на десницата. Наместо тоа, од раководителите на КПГ беше прогласена како голема победа.
Грешка е и тоа, што по Варкиза, и тоа тогаш кога се здоби толку искуство што можеше да се донесе правилен заклучок за линијата на Партијата, за тоа дека како средство за борба треба да се организира вооружен отпор во земјата, се залажуваше членството со илузии за политичка борба, а вооружената борба се осудуваше како организирана од “класниот непријател” како “дело на правокатори” итн.
Благодарејќи на таквата политичка линија на Партијата, десничарската влада можеше со успех да ги остварува своите замисли. При спогодбата во Варкиза, владата фактички ја имаше власта само во Атина и околината и неколку поголеми центри во земјата, одржувајќи ја со помошта на англиски сили.
По спогодбата и предавањето на оружјето од страна на ЕЛАС, веднаш пристапи кон мобилизација на свои сили. Веднаш, штом ги прифати од ЕЛАС затворените во логори, соработниците на окупаторот, ги вооружа и ги пушти разуздано да делуваат против голоракото движење на отпорот. Од националистичките единици што ги доведе од Африка и остатоците на Наполеон Зервас и некои други националистички формации направи езгро на идната армија. Енергично пристапи кон организирање на полицијата и војската. За формирање на војската го спроведе системот на самостојни единици, таканаречени баталјони на националната гарда. Овие баталјони се формираа на територијална основа, а за кадар се земаа осведочени антидемократски офицери. Овие баталјони подоцна беа организационо порврзувани и создавани поголеми формации. Но тоа веше дури во текот на 1946 година.
До половината на 1945 година владата во Атина својата власт успеаја да ја воспостави, главно, во градските-околиски и поголеми општински центри. Но со своите слаби воени и полициски сили, разурнат железнички и патен соовраќај, беше далеку од тоа ефикасно да ја контолира провинцијата. Меѓутоа, како што е погоре нагласено, таа ги вооружа бившите соработнци на окупаторот и тие разуздано почнаа да крстарат низ провинциите.
Едновремено со воспоставувањето и проширувањето на власта, се ширеа и мерките за задушување на демократското движење и по селата. За да се има поправилна претстава за тоа како можеше така брзо да ја консолидира колку-толку својата власт контрареволуционрерната влада во Атина, треба да се земат предвид следниве моменти: прво, дека Грција беше земја која до војната имаше фашистичка диктатура во траење од полни пет години и со консолидиран фашистички државни органи, а рехабилитацијата на соработниците на окупаторот и даваше исто така предани на нејзиното дело луѓе, решени да се пресметаат со демократското движење и демокраските маки за да не одговараат како предавници; второ, дека ставот на Партијата беше против вооружениот отпор и за потчинување на обврските спрема власта. Ако не беше ставот на Партијата, на пример, да се оди во војска, владата тешко ќе можеше така успешно да си ја постигне својата цел во однос на создавање на воени формации.
Времето беше судбоносно и тоа секој член на Партијата, член на ЕАМ или симпатизер, учесник во движењето на отпорот, добро го чувствуваше. Го чувствуваше затоа што ударот на уништувачкиот терор му висеше над главата како Дамоклов меч. И затоа беше готов да се спротивстави – обичниот член, масите и средниот кадар, кои јасно увидуваа дека со “политичка борба” не можат да се спротивстават на уништувачкиот терор.
Но тоа нивно убедување, неопходен револуционер елемент за едно востание, го убиваше раководството на КПГ со својот став. Масите беа свесни за големината на своите сили, ако се заземаше курс за одбрана со сите средства, за организирање на вооружен отпор во земјата.
За потврда на горното, карактеристични се уште некои од оценките и ставовите изнесени на XII пленум на ЦК КПГод 25-27 јуни 1945 година, оценките и ставовите донесени на VII Конгрес на Партијата одржан во октомври 1945 година и нешто од активноста на раководството на КПГ во текот на 1945 година спротивно на десницата која во текот на 1945 година усилено работеше на консолидирање на својата власт.
Пред враќањето на Захаријадис од прогонство (Захаријадис, генерален секретар на КПГ уапсен уште од Метаксасовата полиција во време на Втората светска војна, по окупацијата на Грција беше предаден на Германците, и одведен во логорот Дахау во Германија) беше одржан XI пленум на КПГ, на кој е направен осврт на НОД во Грција, но не беше направена сериозна анализа на грешките кои доведоа до поразот на движењето. XI Пленум беше одржан во почетокот на 1945 година, кога Захаријадис не беше уште ослободен. Целото членство очекуваше дека враќањето на Захаријадис ќе има решително влијание за исправување на грешките, осудување на дотогашните грешки итн. Меѓутоа, на XII Пленум не беше дадена сериозна анализа на грешките на движењето што доведоа до победата на десницата, туку под едно подзаглавие “што е вината” во реферат на XII Пленум за развојот на НОД се вели:
“… Но тогаш во што е вината? Со ова прашање доаѓаме до јазелот. Да ја земеме конкретната стварност во Грција во годините на окупацијата. Во внатрешноста, всушност, владееше ЕАМ кој решително војуваше со окупаторот. ЕАМ го собираше мнозинството, решително мнозинство од народот. Другите групи, како ЕДЕС, по однос на своето влијание во масите играа второстепена улога. Политички беа изолирани од народот. Во странство беше Глигзбург и неговата влада што ја претставуваа, како самите велеа, Грција, но без никаква врска со Народно-ослободителното движење и нацијата што се бореше Бившите политичари, всушност, се движеа во дворот на владата во бегалство во Каиро или во границите што им ги допушташе окупаторот, во земјата, каде соработуваа со него предавајќи ги врвните интереси или имаа став на очекување, на двоумење.
Напорите што беа направени за да се оствари единството помеѓу ЕАМ и владата во Каиро, завршија со договорот во Либан и ЕАМ зеде учество во владата. Се создаваа, всушност, све власти: власта на ЕАМ на чело со ПЕЕА која фактички е вистинска влада, затоа што таа ја имаше силата и власта во Грција, и “власта” на емигрантската влада во Каиро, во која учествуваше и ЕАМ, чија сила беше минимална. Особено по бунтот на војската на Средниот Исток, што имаше за резултат, речиси, потполно растураше на вооружените сили во странство.
Согласно овој внатрешно-грчки однос на силите, проблемот на власта во Грција во суштина беше решен, ако во играта учествуваа само грчки фактори, грчки сили. И навистина, кога со напредувањето на Црвената армија на Балканот и ударите на ЕЛАС внатре во Грција, Гермаците почнаа да се повлекуваат и да бегат подгонети, власта преминуваше автоматски, природно во рацете на ЕАМ. Штом вака стоеја работите, грчкиот внатрешен проблем ќе беше решен поскоро, полесно, понародно и подемократски од која и да е друга земја во Европа што се ослободија, БЕЗ ДУРИ ДА ИМА ПОТРЕБА НИТУ ЕДЕН СТРАНЕЦ ДА СТАПИ ВО ГРЦИЈА. И со враќањето на владата (од Каиро) од странство, пак фактички не би се изменило ништо. Ќе требаше да се изврши реорганизација на владата, која би била вистински одраз на волјата на нацијата.
Дури да останеше и таква како што беше дошла, ќе требаше во рок од 2-3 месеци да се одржат избори и така ќе можеше целосно да се реши внатрешниот проблем. Во Грција имаше ред, имаше полиција, имаше народна армија, дисциплинирана и јака, испитана, ПОБЕДОНОСНА, со солиден кадар и добро вооружање. Во рок од 3-4 месеци таа војска ќе можеше да ги удвостурчи и утростручи своите сили ”.
“Тогаш во што беше вината, та работите се развија токму обратно? Напразно се мачат оние кои сакаат да ги откријат причините во малите грешки и линијата во Народно-ослободителното движење. Такви грешки се неизбежни во една таква голема, широка и оригинална усилба. Но тоа не повлијае врз апсолутно правилната основна линија. Како што е нагласено и погоре, ЕАМ во основа од почетокот до крајот на окупацијата застана на правилниот пат. Тука не е ништо грешно. Ниту Либан е виновен. Затоа што, иако не постоеше или ако беше полош, договорот на хартија не ќе можеше да измени ништо суштествено во тоа време во дадениот однос на силите внатре во земјата. Во што тогаш беше вината?” Се запрашува на крајот Захаријадис, и откако говори за тешката задача на ЕАМ, “правилно да го постави движењето во меѓународните рамки”, го дава следниов одговор:
“Да се обидеме сега да ја поставиме Грција во меѓународните рамки. Економски и политички Грција значително зависи од странскиот капитал, всушност од англискиот капитал.
Економско-географски и следователно и политички му припаѓа на Балканот и Европа и не може да живее и да се развива надвор од таа нејзина природна средина. Природно дека економската содржина Грција ја наоѓа во Балканот и Европа. Не може да остане туѓа и без влијание од економско-политичките и општествени преобразби на Балканот и Европа. Ако сака да го стори тоа, ќе биде неприродно и ќе има за последица изолација од природниот потпир, со сите економско-политички последици и денеска, кога на Балканот дува ветерот на републиката и во југоисточна Европа се манифестира живо и творечки влијанието на големата социјалистичка република од север, една таква изолација ќе ја наведеше Грција на сериозни сплетки, опасности и опаѓање. Но до овде не завршува поставувањето на Грција во денешните меѓународни рамки.
Нашата земја се протега во Средоземјето, речиси, до африканските крајбрежја и владее во западниот дел на источното Средоземје на патот што ја сврзува Англија со мосулскиот петролеј, Суец и Индија и понатаму со Кина и Пацификот. Стоиме на една од стратегиските, невралгични и значајни точки, на една од најосетливите сообраќајни артерии на Британската империја.
Додека постои Англиската империја, ќе постои и оваа артерија и Англија ќе чини се што е во нејзина сила за да ја држи. За оваа артерија војуваше двапати – 1914 и 1939 година; затоа што таа претставува столб на нејзината светска зграда. На еден пршлен од тој столб стоиме ние. Ако им го одземеме, ќе се урне целата зграда. Оваа проста работа не треба да ја заборавиме никогаш, а покрај тоа да не забораваме дека се уште во основа зависиме, економски и политички, од англискиот капитал”.
Спред изнесеното, на XII Пленум се отстапи дури и од благите констатации за грешките усвоени на XI Пленум на ЦК КПГ од април 1945 година, кога беше оценето дека спогодбата во Либан не одговара на соодносот на силите и според тоа не го унапредуваше делото на националното единство и не го обезбедуваше нормалниот демократски развиток; дека погрешно беа оценети силите во декемвриското судирање и не биле искористени можностите за една поповолна спогодба од онаа во Варкиза која дојде како резултат на поразот во Атина.
Захаријадис во неговата анализа целата вина за поразот ја фрла врз странскиот фактор, на англиското ангажирање. Точно е дека англиското мешање и вооружената интервенција беа неопходниот фактор за победа на десницата. Таквата оцена, меѓутоа, колку не даваше одговор за грешките во минатото, уште помалу отвораше перспектива за во иднина – тезата за “грчкиот пршлен” во империјалната зграда и “грчката оска”, за местото на Грција во меѓународните односи и потребата од англиското присуство во Грција. Захаријадис не се осврнува сериозно, без да се потцени странскиот фактор и интервенција, кон сопствените грешки на движењето што доведоа до превласт на така слабите сили на деницата, од што можеше, во тоа време, да се извлечат драгоцени искуства. Така, на пример, вели дека од почетокот до крајот на окупацијата ЕАМ имаше, во сонова, правилна линија. За спогодбата во Либан вели дека договорот на хартија и да бил полош, не би можел да влијае врз односот на силите во земјата. Не го споменува воопшто договорот во Казерта.
Меѓутоа, токму во тоа се основните грешки на раководството на КПГ и ЕАМ. Со договорот во Либан ЕАМ и ПЕЕА за легетимна влада на Грција ја признаа емигрантската влада и во која зедоа учество. ЕЛАС го ставија под командата на таа влада и сојузничката команда. Натаму, со договорот во Казерта се согласуваа со поделбата на територијалното владеење на силите на ЕЛАС, ЕДЕС и владините војски до создавањето на националната војска. А, што е најважно, ЕЛАС беше ставен под заповедите на сојузничката команда на Средниот Исток. Точно е дека договорите не можат да го изменат дадениот однос на силите, но тие договори можеа да влијаат врз натамошниот тек на работите, создаваа легални позиции на емигрантската влада и одврзани раце да истапува во името на “целата нација”, во името на Грција а да делува за своите себични – класни интереси.
Таква анализа на гршките беше потребна за одредување правилна линија за во иднина, за правилната ориентација на членството и масите и перспективите на борбата на демократските сили во Грција.
Со оцените што ги даде раководството на КПГ на својот XII Пленум на ЦК, всушност не даваше одговор на основното прашање кое се поставуваше: имено, дали постои револуционерна ситуација во земјата и каков треба да биде курсот за основната форма на борбата по декемвриските настани.
Во почетокот на октомври 1945 година во Атина се одржа VII Конгрес на КПГ. Овој Конгрес се одржување десет месеци по крвавите настани во декември 1944 година и осум месеци по потпишувањето на договорот во Варкиза; се одржуваше три месеци по XII Пленум на ЦК, а ситуацијата во земјата за демократските сили се повеќе и повеќе се влошуваше. Затоа е од интерес да се види како Конгресот ги поставува работите.
Политички реферат на Конгресот одржа Захаријадис. Откако со две-три реченици се осврна на меѓународната ситуација, првата реченица со која почнува да зборува за внатрешната ситуација е следнава:
“Вооружената насилна иногрчка интервенција во декември 1944 година, што ненадејно го просече нормалниот внатрешен демократски развиток и ја донесе на власт неогрчката реакција, квинслинзите и експлоататорите на народот, ја фрли Грција во длабока политичка криза. И денес, десет месеци после херојскиот отпор во декември, нашата земја пропаѓа во економска катастрофа, во политичкиот хаос и анархија”.
Осврнувајќи се потоа на “новогрчкиот политички проблем” и “политичката криза во Грција”, вели:
“Политичката криза која денес ја разјадува нашата земја, своите корени ги има во фактот што англиската насилна интервенција во декември во Грција ја зеде со сила власата од рацете на народот, им ја даде на експлоататорите, квинслинзите и предавниците. На тој начин создаде една непормирлива спротивност меѓу мнозинството на народот, од една и кликата на плутократите што ја држат власта, од друга страна”. (подвлекол Н. П.).
Под наслов “Односот на класните сили во денешна Грција” во рефератот се вели следново:
“Основно во Грција денес за политичка превласт се борат две странки, два табора, две струи. Прво, странката на плутократите ги собира во своите редови квинслинзите, старите оџаци, коџобашии, и чифлик-сајбиите, сите експлоататори на народот, на чело со финансиската олигархија како владеачка сила.
Политички овој табор се бори под знамето на монархофашизмот. Влијае уште над заостанатите слоеви во градот и селото. Како основно средство за политичка превласт му служи отворениот злочинечки терор кој го спроведува Црниот фронт, САН, Кситосите и останатиот монархофашистички олош. Располага речиси со целиот државен апарат и ги употребува полициските и војните сили, во прв ред офицерите, за терористички операции... Применува од декември наваму режим на еднострана граѓанска војна против своите противници – народната демократија. Оди по следнава политичка линија: тргнува од беспорниот факт дека народот го немаше со себе, ниту некогаш би го имал. Затоа и средствата кои ги употребува за да завладее се сите други, само не политички, демократски, народни”. (Подвлекол Н.П.).
Точно е дека Грција во 1945 година се наоѓаше во “економска и политичка криза, хаос и анархија”.
Точно е дека постоеше “непомирлива спротивност” и дека се водеше “еднострана граѓанска војна”. Но откако се прават горните констатации во заглавието “Смислата на предупредувањето” и подзаглавието “Нова ситуација – нови задачи – одговорностите на Англија”, меѓу другото се вели:
“Новата ситуација која се формира пред нас поставува нови задачи. Не треба да постои никакво двоумење дека во центарот на политичката активност остануваат напорите да постигнеме еден мирен демократски развиток кон избори”.
(подвлекол Н.П.)
Какви избори подготвуваат властите? А уште повеќе какви избори можеа да бидат подготвени во услови на еднострана граѓанска војна лесно може да се замисли. Но за карактерот на претстојните избори се говори и во рефератот. На страна 8 од брошурата “Марксистичка библиотека” посветена на VII Конгрес може да се прочита следново:
“Но со ова не се исцрпуваат средствата за политичка превласт што ги употребува монархофашистичката реакција.
Изолацијата од масите ја принудува и англиската подршка и дозволува да прибегнува и кон други терористички антидемократски средства за политичка превласт. Како што знаеме, приготвена е една огромна изборна фалсификација.
Денеска настојувањето во тој правец зема конкретна форма.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/4 le 29 octobre 2026