Macedonians and the Greek Civil War
ДЕЛ ВТОРИ - МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ГЛАВА ПЕТТА - СИСТЕМАТСКИ ПРОГОН - Part 02
Во текот на II Светска војна и народноослободителните борби на Балканот 1941-1945 година, сознанието кај Македонците дека се работи за историски момент созреваше, поради тоа и дојде до многу судрувања ушт во текот на 1941 и 1942 година со КПГ. Првото пак отворено судрување дојде после расформирањето на СНОФ и партизанските единици СНОВ во Костурско и преминот во мај 1944 година на еден партизански баталјон во редовите на Македонската партизанска војска. Тој конфликт беше решен на тој начин што беше постигната заедничка спогодба меѓу Главниот штаб на Македонија (поправо претставникот на Врховниот штаб, делегат при Главниот штаб на Македонија, Добривое Радосављевиќ) од една и Главниот штаб на ЕЛАС од друга страна. Според таа спогодба споменатиот баталјон се враќаше во редовите на ЕЛАС со право на мобилизација и формирање на нови Македонски воени единици. Но по кратко време (горната спогодба беше остварена во јули 1944 год.) во октомври 1944 година доаѓа до нови расправии меѓу Македонците и раководителите на КПГ и ЕЛАС, што доведе до повторно одделување на споменатиот партизански баталјон, на еден македонски партизански баталјон од Воденско и еден партизански одред од Леринско и нивното повлекување на територијата на слободна Македонија. Од овие единици, во ноември 1944 година, беше формирана I ударна Егејска бригада (која ќе биде расформирана со победата над Германија
– мај 1945 година). Покрај формирањето на оваа бригада, во исто време во Битола беше организирана конференција со делегати од Егејска Македонија и избрано политичко тело од 29 членови на чело со комисија од 10 членови. [4. Политичката комисја се состоеше од десет членови и тоа: Атанасов Ѓорѓи, Керамитчиев Михаил, Митревски Паскал, Николов Тодор, Пејов Наум, Поплазаров Лазар, Туруџов Ѓорѓи, Раковски Павле, Урдов Џоџо и Шупурков Наум.] Барањата поставени при овие акции се состоеја во признавање правото на самоопределување. Раководителите на КПГ, меѓутоа, не сакаа нити да чујат за такво прашање. И според тоа, потфатот за извршување на таа задача со сила до истерувањето на окупаторот можеше да најде отпор и кај ЕЛАС, а по истерувањето на окупаторот и на отпор кај Англичаните, со оглед на нивното присуство во Грција по истерувањето на германските окупатори.
Кога избија декемвриските настани во Грција (декември 1944 година), Првата ударна егејска бригада беше спремна да притекне во помош, но под услов да учествува како таква и со право на мобилизација на нови сили. Меѓутоа, на тоа не сакаа да се согласат раководителите на КПГ. На крајот, текот на настаните во Атина и воопшто во Грција, не беше во состојбата да го измени една бригада. За тоа беше потребна поинаква стратегија и тактика на Народноослободителното движење, како што видовме при анализата на декемвриските настани и спогодбата во Варкиза.
Во новата ситуација создадена по судрувањата во декември и спогодбата во Варкиза, што се состоеше во разоружувањето на ЕЛАС и проширување власта на буржоазијата и буржоаската влада во Атина на целата територија, македонскиот народ го очекуваше соочувањето лице во лице со вооружениот непријател. Владата од Атина, проширувајќи ја својата власт на територијата од Егејска Македонија, отпочна со масовен истребувачки терор против македонското население, како резултат на што почнаа првите емигрирања на мирното население од Егејска Македонија во соседните демократски земји и отпорот на прогресивните македонци.
2. Теророт 1945-1946 година За македонскиот народ од Егејска Македонија, како историјата да се повторува секогаш кога треба да се соочи со пречекот на неговата земја на грчката власт и армија. По спогодбата во Варкиза пролетта 1945 година, со самото проширување на својата власт во Егејска Македонија почна остер натисок над голоракото македонско население. Но како што е нагласено и во првиот дел, грчката десница немаше доволно сили да ја воспостави власта во целата земја непосредно по спогодбата во Варкиза. Затоа во подрастична мера, токму тука во Егејска Македонија, ги мобилизира соработниците на окупаторот – четите на Коларас, Пападопулос, Антон Чауш и други и ги пушти во разуздан терор да го убиваат и го плачкосуваат македонското население. Тоа беше таков поход (1945/1946 година), кој идните историчари ќе треба навистина да го одбележат како еден, колку злобен, толку и вешт маневар на грчката буржоазија да создаде јас и омраза меѓу Грците и Македонците и да направи своја опора кај грчкиот елемент.
Еве што изјавуваат живите сведоци на таа недогледна трагедија низ цела Егејска Македонија. [5. Во личната архива на авторот се наоѓаат изјавите кои лично или други другари ги собираа од бегалците за да се евидентира теророт на грчките власти и башибузук над населението во Егејска Македонија. Некои изјави се дадени во врска со работата и истрагата на Анкетната комисија на Обединетите нации, која анкетираше на Балканот за време на Граѓанската војна. Но, уште еднаш треба да се подвлече, дека ни оддалеку не се изнесени сите неизмерни страдања на кои беше изложен македонскиот народ од грчките монархофашисти по Бтората светска војна.] Прв со новата трагедија се соочи нашиот напатен народ од Источна Македонија. Тука беа четите на Андон Чауш, кои дејствуваа во служба на Германците и можеа да се зафатат веднаш со работа.
“На 18 април 1945 година, ноќта, една чета владина војска на чело со капетанот Кукатис од село Алистрати, го опколи селото Зрново, Драмско – опишува Коста Кундаков од истото село.
Штом се раздени, нападнаа на куќите да вршат претрес и плачка, за да го исплашат населението, истовремено пукаа од митролески оружја. Тој ден пребија со ќотек повеќе селани-мажи и жени и убија двајца селани. Димитар Богоев и Пандо Сулов на 65-годишна возраст”.
За настанот на 18 април, делегацијата од селани, дојде кај англиските воени власти. Но тие смеејќи им одговорија: “Е, па вие сте Бугари, треба да си одите”! Но и кога си отидоа, кога си одеа од своето родно огниште, требаше да платат крвав данок.
Натоварувајќи го на коли преостанатиот имот, селаните, но повеќе жени од селото Зрново, зашто мажите мораа да ја префрлуваат границата преку планините, се упатија кон бугарската граница да ги спасат своите голи животи. Бегајќи селаните Катерина Божова и Јана Савова, наидоа на една вооружена чета. Ги симињат од коњите двете жени, им ги плачкосуваат сите предмети, па дури и облеката и голи, избодени со ножеви ги остават да лежат на патот, каде од раните умираат.
Истата судбина тие денови ја доживе и селото Старчиште. Тука покрај плачкосувањата и масовното малтретирање, беа убиени и селаните Георги Киров, Ванчо Имиров и Димитар Загинов.
“Во месец април 1945 година, една ноќ, грчките владини војски ни го убија 95-годишниот татко – раскажува Велик Ѓеорги Печаров, од село Плевна – Драмско. Истата вечер војските извршија претрес во целото село и оплачкаа што им дојде до рака, запалија три куќи и ја ранија жената на Јани Божиков”.
Бегалецот Димитар Богданов, го раскажува истото за селото Просачани – Драмско, а бегалката Магда Иванова за селото Горенци, Дедото Димитар, вака ги опишува своите маки: “Јас, како стар човек, си седев дома без да се мешам во ништо. По договорот во Варкиза и откако партизаните го предадоа оружјето, најдоа владини војски и почнаа да не мачат сите нас Македонците, да бараат од нас оружје – пушки и бомби. Една ноќ, беше април 1945 година, во селото дојдоа бурантари [Бурантари ги викаа грчките владини војски, по името на злогласниот командант на Атина за време на окупацијата – Бурантас, познат по своите редовни рации и злочини над населението.] и упаднаа во мојата куќа. Ме фатија и откако ми ја затнаа устата да не викам, почнаа да ме тепат и да ме влечат по земјата, ми зедоа 243.000 лева и ме однесоа во шталата, каде што ме затворија. Потоа ја фатија мојата 70-годишната стара, ја малтретираа да им даде пари. Бидејќи немаше што да им даде, со ножеви и ги избодеа двете раце. Бо меѓувреме, дури едни тепаа, други ја плачкосуваа куќата. На крајот ни викаа “да ве снема од тука оти ќе ве убиеме”.
Слична трагедија се гледаше ширум цела Македонија и токму затоа во пролетта 1945 година имаме масовно бегање. Села со илјадици жители беа опустеле пред опасноста да бидат ликвидирани од уништовачкиот терор.
Во Кукушто и Солунско ситуацијата не беше подобра. Но онаму каде македонското население беше покомпактно, таму нападот беше понасочен, а теророт пожесток. Во Кукушко и Солунско таа сметка ја расчистија башибузукот од 1913 година сега тоа требаше да се стори во останатите реони.
Бегалците од селата Баровица – Гуменичко, ја преживеаја истата трагедија на белиот терор. По спогодбата во Варкиза и разоружувањето на ЕЛАС затворениците беа преземени од владините војски и Англичаните. Така беше преземен и затворот во град Бер, каде, покрај останатите 50-60 соработници на окупаторот, беше и лицето Мицо Дујамов, од село Баровида. Затворениците од Бер, откако во март ги презедоа Англичаните, наскоро потоа ги ослободија и ги вооружија. Во јуни 1945 година се појави во својата околија Мицо Дујамов, на чело на една вооружена чета почна да крстосува по селата, да плачкосува, пали и убива, исто онака како што тоа го правеше за времето на окупацијата. Марија Ајдова од село Баровица, која есента 1946 година беше принудена да пребега во Југославија, раскажуваше како мајките од село Баровица ја преживеаја трагедијата на 9-те свои синови:
Под знакот на терорто, немаше само бегалци преку границите.
За да го избегнат бесот на Бешибузукот што упаѓаше ноќе по селата, мажите дење работеа на своите ниви, а ноќта остануваа во шума. Имаше и млади луѓе кои како припадници на организацијата и учесници во борбата против окупаторот, исто така седеа в шума за да го избегнат бесот на новиот окупатор.
Така беше и со младинците од село Баровица кои еден ноемвриски ден 1945 година беа предадени и опколени од монархофашистичката војска и ликвидирани.
Георги Евангелос Кехајов, од село Баровица, на следниов начин го опишува својот случај и случајот на некои негови соселани:
“По договорот во Варкиза, кога му се гарантираше на секого да живее слободно, ние учесниците во движенњето на отпорот бевме жестоко прогонувани. Секојпат кога слушневме дека идат војници требаше да бегаме за да го избегнеме теророт.
Летото 1946 година мојот братовчет Ѓорѓи Тантов, учесник во борбите против окупаторот на пат за пазар во Гуменџе го убија без и каква причина. Истиот ден убијците на братовчедот ми, владините чети, дојдоа во селото и откако направија неколку зулуми кренаа во планината да ги гонат партизаните. Бидејќи партизани не открија, тогаш недалеко од селото убија две мали деца што си ги пасеа свињите. Тоа беа Јован на 14 години и Пено Даутов на 20 годишна возрааст, им ги отсекоа главите и кога се вратија во селото ги носеа в раце. Ги свикаа селаните в црква и со главите в раце им се закануваа: “така ќе ви ги отсечеме главите на сите”! И како дивјаци се нафрлија врз мирните селани да ги тепаат. По овој терор голем број селани го напуштија селото и преку границата дојдоа во Југославија”.
Марија Бету од село Карпи, Гуменичко, мајка на 4 деца, вели дека и таа била принудена заедно со други селани да бега, зашто не можело да се издржи теророт од монархофашистите.
Кога првпат дојдоа во селото владините војски, ја уапсиле и неа, а ја ослободиле одкако неа и нејзиното најмало дете ги држеле и малтретирале цела седмица. А кога втор пат дошле во селото владините војници го уапсија нејзиниот свекор Георги Бетов заедно со неговота жена Велика и ги интернирале на островите, а куќата ја плачкосале и разурнале до темел.
Малиот бегалец Проди Петар Ристов, од село Купа, Гуменичко, на својата 12-годишна возраст со неговите четири помали браќа и сестри ја доживеја трагедијата на бегалец. Една ноќ во месец октомври 1946 година селото Купа пак го посетила една владина чета. Тие секој пат кога го “посетувале” ја посетувале и куќата на малиот Проди го застрашуваа барајќи од него да го поткаже својот татко. Но овој пат тие постапиле уште пожестоко. Ја уапсиле неговата мајка Маса и ја одвеле пред училиштето. Децата од жал оделе но неа и плачеле, но џелатите не обѕирајќи се на детскот плач, пред нивни очи ја претепале до смрт. После неколку дена мајката умрела, а бидејќи во меѓувреме запалиле повеќе куќи, меѓу кои и куќата на петте сирачиња, тие станаа мали бегалци.
Муров Дионис Анастасов, од село Бресловци, Караџовско, ги опишува маките на своите селани и како неговиот брат од многу ќотек останал сакат.
Андонија Личева од с. Лугонци, Гуменичко, зборува за тоа како неколку пати во нејзиното село владините војски извршиле рации од пролетата 1945 годниа, до есента 1946 година, кога го запалиле селото и таа заедно со останатите селани била принудена да пребегне во Југославија. При една рација, пукајќи со митролеско оружје за да ги исплашат селаните, го раниле младинецот Христофор Балцов. Истиот ден сред село ги собрале сите селани – мажи, жени и девојки и со митралези насочени кон нив барале да им дадат податоци за партизаните.
Бегалците од Црна Река, Гуменичко, кога ја преминуваа границата еднодушно изјавува: “бегаме и си го оставаме родното место, куќите и имотите, за да го избегнеме дивјачкиот монархофашистички терор”. Јован Бечов вели: “Се принудив да го оставам родното место и својот имот, затоа што не можеше да се издржи монархофашистичкиот терор. Го бараа сина ми, но знаев ако им се јави ќе го интернираат во пустите острови.
Заради тоа постојано ме тероризираа мене и мојата другарка. На крајот ми претстоеше интернација и тогаш решив да бегам”.
Вангел Жаров, од истото село, пребегна затоа што владините чети не можеа да го уапсат сина му, кој беше учесник во движењето на отпорот и му определија рок во кој или да го пронајде синот или во спротивен случај ќе биде интерниран. На 29 септември 1946 година група војници му ја запалија куќата со сета покуќнина и тогаш беше принуден да бега.
На 1 октомври 1946 година беше извршена рација во селото Црна Река уапсени голем број селани кои ги одведоа во затворот во Гуменџе.
Во селото Лумница Гуменичко, веднаш, по договорот во Варкиза беше воспоставена џандармериска станица и седиште на воена единица. Селаните немаа право без полициска дозвола да одат на пазар или во поблиските села, па дури и на своите ниви. Во ноември 1946 година беа уапсени 8 души, меѓу кои Димостени Меши, Тома Пифа и др. Во текот на ноември 1946 година беше нападната од партизаните џандармеријата и воената единица. Тогаш изгореа повеќе од сто куќи и селаните беа принудени да бегаат, едни преминаа во Југославија а други во гратчето Бојмица.
На 8 мај 1945 година англиски и грчки војници извршија рација во селото Радомир, Енџивардарско, изапсија голем број селани, ги одведоа надвор од селото крај реката и ги подложија на нечовечки маки. Меѓу уапсените беа и селаните Атанас Капасузов, Ристо Козаров, Божин Стаменковски и Сотир Жупов.
Во јули 1945 година англиски и грчки војници извршија рација во селото Црна Река, Гуменичко, откако ја претресоа планината барајќи партизани, во близината на селото сретнаа четворица селани и тоа: Мино Чатков, Ристо Жаров, Ѓорѓи Дурчов и Иван Попов, кои со својата волска кола возеа греди в село. Ги уапсија, ги однесоа во селото и ги затворија во една селска крчма, каде ги подложија на страшни маки. Откако направија и други зулуми во селото, кренаа за Гуменџе, а со нив ги однесоа и споменатите селани. Во октомври 1945 година, селото Црна Река беше повторно блокирано од грчки војници и џандари. Георги Танов и Атанас Танов, кои беа кренале на пазар во Гуменџе, ги уапсија и ги одведоа в сред село. Веднаш Ѓорѓи го слекоа гол и пред очите на другите селани почнаа да го тепаат. Го тепаа до онесвестување. Истиот ден покрај другите злодела и тепања, тешко беше тепана и девојката Лиса Дурчева.
Во месец април 1945 година од англиски и грчки владини војници беше блокирано селото Мачуково, Кукушко. Откако извршија претрес во селото, уапсија и одведоа во затовор повеќе луѓе, меѓу кои: Ѓеорги и Митко Безирови, Париз Толев, Ристо Ристачев и Ристо Делиџаков.
Во октомври 1946 година, при една блокада на селото Карпи, Гуменичко, војниците пукаа во насобраните селани, при што е ранета Марија Настева, а на Вангел Божинов му ги отсекоа рацете.
Теророт во Воденско не заостануваше зад оној во другите места. Грчките “цивилизатори” и тука си го покажаа своито вистинско лице. Од Воденско ќе наведеме само неколку примери, бидејќи целосен преглед на тие ѕверства немаме.
Во месец мај 1946 година беше блокирано селото Саракиново.
Откако варварите го оплачкаа селото и пребија со ќотек кого што стигнаа, почнаа да ги напаѓаат жените. “Пред опасноста да биде погазена нашата чест, ние бевме принудени да бегаме во Југославија” – раскажуваат бегалките од село Саракиново Гица Терзиева и Тина Манолчева. Старата бегалка Нуша Манолчева од селото Саракиново, раскажува дека варварскиот терор ја натерал да стане бегалка на стари години. Селото Саракиново беше блокирано и во месец август 1946 година и плачкосано од грчката владина војска. Оплачканата стока ја натовариле на коњи, а селаните ги натерале да ги водат до Соботско. Сите оние што ги воделе коњите биле затворени. Истиот ден умреа како последица од тепањето Ване Манолчев – сопруг на бегалката Нуша Манолчева, Стојан Крајнов, од село Саракиново имаше мобилизирано син во грчките владини војски. Но тоа не им пречеше на грчките џандари кога одеа во селото да го тепаат и Стојана. Тие едноставно прашуваа “каде е твојот син”?, а одговорот не им беше бажен. Иако одговорот гласаше дека синот му е во војска, тие и спрема Стојана постапуваа исто така како и спрема другите селани, поради што бил принуден и тој да стане бегалец.
Селото Волкојаново повеќе пати беше блокирано и плачкосано од единиците на грчката војска и џандармерија на чело со офицерите Бафас и Талаганис.
На 6 јули 1946 година, блокирано е и плачкосано селото Ошин, а беа уапсени петмина селани: Јорго Иоани, Делис Мора, Димо Мурџов, Бошана Самара и Васил Самара. Од неиздржливиот ќотек умре Јорго Иоани.
Во јануари 1946 година една џандармериска чета водена од офицерот Комајнус, го блокира селото Кронцелево. Ги собраа сите селани во училиштето и почнаа да вршат сослушување. Тој ден претепаа повеќе луѓе, меѓу кои и Ефтимија Атанасова и нејзината золва Гица Атанасова. Теророт во селото Кронцелево го преживеаа и бегалците: Сава Димитрова Стојанова и Лена Ристова Георгиева. Тие со одвратност ги опишуваат монархофашистичките терористички методи.
На 15 април 1945 година група од 40 вооружени грчки војници, меѓу кои и тројца Англичани, го опколија селото Струпино-Воденско испукувајќи неколку митролески рафали, за да го заплашат населението. Во моментот кога се блокираше селото
55-годишниот Ристо Качаров излегуваше од својата куќа.
Војниците кои крстареа низ селото испукаа во него еден рафал и тешко го ранија. Откако цел ден вршеа претрес и терор, вечерта се повлекоа во селото Пожар, а со нив одведоа осуммина селани. Пред опасноста да бидат уапсени и малтретирани, група млади селани, учесници во движењето на отпорот, беа принудени веднаш на 17 април да емигрираат во Југославија. Бегалката Елефтерија Христова Чапова, која во селото остана до крајот на 1946 година, доживеа многу поголеми страданија. “Беше августовски ден 1946 година.
Група од 15 грчки џандарми крстареа во околината на селото Горно и Долно Пожарско. Недалеку од селото, 17-годишно момче Кољо Митрев Јанчев го пасеше добитокот. Група вооружани цандари се добраа во близината и му викнаа “горе рацете”! Коле ги крена рацете и чекаше да го уапсат или извршат претрес, кога еден од џандарите му извикува “бегај ќе те увијат”! Детето исплашено почна да бега, а џандарите испукаа неколку рафали и детето падна мртво. Ова раскажува Петре Кацаровски од село Пожарско, кој ја гледал целата таа сцена, орајки на својата нива. Истиот ден споменатата група го уапси Ѓорѓи Ристов Кацаров од село Горно Пожарско на 20-годишна возраст, во моментот кога си работел на својата нива и на пат за Соботско го стрела.
“На Крстовден 1946 годниа дојдоа од Соботско џандари и го блокираа нашето село – раскажува Ленка Димова Крстова од село Горно Пожарско. Во селото почнаа да плачкосуваат и да го тепаат народот, затоа што беа антифашисти. Мојот 19-годишен син Трајко си доаѓаше од работа и штом дојде во селото го уапсија и уште истата вечер го однесоа во Соботско. Другиот ден, со другото дете појдов во Соботско да го барам уапсениот син. На пат ме сретна кметот на нашата општина Христо Вецков и ми вели: “Детето го убија, туку да гледаме да се спасиме ние живите”. Јас повеќе не се вратив дома, стигнав во планината и оттаму кренав кон границата и дојдов во Југославија”. Лена Крстева не беше сама. Со неа во Југославија поминаа и други селанки и селани од Горно и Долно Пожарско, од Тресино и другите села на Воденско.
На Камена Христова Трпкова, од село Долно Пожарско не и е подобра судбината. Таа остана вдовица во месец септември 1946 година. Нејзиниот маж едно септемвриско утро како и секое утро излезе на реката која течеше во близината на нивната куќа да се измие. Тоа утро беше блокирано селото од грчките џандари. Веднаш беше уапсен, немилосрдно тепан, од што и умре. Затоа и Камена стана бегалка.
Лена Костадинова Киравакова, од село Пиперја е бегалка со сета своја фамилија, зашто не можеше да го издржи теророт на грчките власти. Летото 1945 година беше задржана 10 дена во затвор со Соботско, каде до изнемоглост беше злоставувана.
Во мај 1945 година ѕверски беше убиен Кириако Мариузани од село Бахово – Караџовско, од вооружана цивилна единица на власта, бивши соработници на окупаторот, во моментот кога си работеше на својата нива.
Георги Жоглевски од селото Жерви, ја остави својата фамилија со 6 малолетни деца и пребега во Југославија, затоа што не беше сигурен за својот живот. Властите сакаа да го уапсат затоа што беше антифашист и учесник во движењето на отпорот. На 25 октомври ја оплачкаа неговата куќа а неговата жена и стариот татко тешко го измачија. Истиот ден од селото Жерви беа уапсени и 10 жени и девојки.
Теророт во Леринско имаше исти размери.
Во јуни 1945 двајца вооружани џандари и шпионот Милтијадис Дунукас, извршија препад во куќата на Ване Русевски во село Пападија. Неговата ќерка Левтерија и сната Катина како и него лично најжестоко ги измачија. На крајот џелатите му се заканија дека кога повторно ќе дојдат, ако не го најдат синот му целата фамилија ќе ја интернираат. Поради тоа целата фамилија на Ване се најде принудена да го напушти своето родно огниште и да пребега преку граница.
На 18 февруари 1946 година една група од 5 грчки џандарми го “посетија” селото Долно Котори, и извршија апсења. Ги уапсија жените: Султана Наумова, Катерина Папа Димитриу, Димитрула Стефаниди, Крста Вељанова и мажите Мите Вељанов, Танас Пападимитриу, Илија Недин и Димитрија Недин. Откако ги одведоа во зградата на селската општина ги подложија на мачење цела ноќ, а утреден ги однесоа во затворот во град Лерин.
Селото Бесвина во Преспа го блокираа повеќе пати грчки џандармериски единици и ги малтретираа селаните. Од многу ќотек полуде шеснаесетгодишната Тодора Кочовска, која ја уапсиле и ја одвеле во џандармериската станица во селото Брезница. Во јуни 1946 година од селото Бесвина уапсија 5 младинци и ги одведоа во џандармериската станица во селото Брезница. Тука ги подложија на мачење, од што младинецот Спиро Каров умрел. Поради неиздржливиот терор, група селани тргнаа кон границата да преминат во Југославија, меѓу кои: Ристана Скендерова и Ставроица Дуковска. Двете беа уапсени и одведени во затвор во Лерин. Андон Грзданов од истото село, кој со својата фамилија пребега во Југославија во јули 1946 година, го раскажува следново за теророт во своето село: “Кога во село Бесвина џандармеријата воспостави седиште, му забрани на населението да се движи надвор од селото, па дури да оди и на работа. Добитокот кој беше по колибите мораше да се доведе во селото и долго време го хранеа дома. До 27 јули 1946 година во селото ги уапсија и малтретираа, а потоа ги одведоа во леринскиот затовор:
Анастас Мичовски, Борис Скендеров, Ламбро Близнаковски.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/11 le 29 octobre 2026