News

70 godini vo progonstvo Makedonskite deca-begalci od Gragjanskata vojna vo Grcija
70 години во прогонство: Македонските деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција

Во сабота, 9 ноември 2019 година, Канадско-македонското историско друштво (Canadian Macedonian Historical Society) ѝ оддаде почит на трагедијата на македонските деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција, во Архивот на градот Торонто (City of Toronto Archives). Ова неправедно страдање го одбележавме со галериска изложба на фотографии, краток филм и материјали подарени од Здружението на децата-бегалци од Егејска Македонија (Association of the Refugee Children from Aegean Macedonia).

Над 100 луѓе го посетија Архивот на градот Торонто за викендот на сеќавањето, оддавајќи почит на група Канаѓани кои сè уште чекаат нивната приказна да биде чуена. Илјадници канадски граѓани од македонско потекло биле деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година. Овие деца биле земени од своите домови и испратени во комунистичките земји од Источниот блок зад “Железната завеса” од страна на грчките комунисти (Демократската армија на Грција, Democratic Army of Greece – DAG).

Граѓанската војна во Грција се случи по завршувањето на Втората светска војна, помеѓу силите на кралската влада поддржани од Велика Британија и САД и комунистичките сили поддржани од Југославија и СССР. За време на Втората светска војна, ројалистите избегаа од Грција и формираа влада во егзил во Египет, додека комунистичките движења одиграа важна улога во борбата против германските и италијанските окупаторски трупи.

По завршувањето на Втората светска војна, ројалистите се вратија во Грција очекувајќи да ја предводат земјата, но комунистите сметаа дека, бидејќи останале да ја бранат земјата, треба да имаат збор при формирањето на новата влада. Конфликтот набрзо избувна во крвава граѓанска војна што траеше од 1946 до 1949 година.

Многу Македонци се приклучија на Демократската армија на Грција (DAG) не затоа што биле комунисти, туку затоа што DAG им ветила дека ќе ги признае Македонците како посебен народ со сопствен јазик и култура. Доколку Македонците ѝ се приклучеле на DAG, им биле ветени и училишта на мајчин јазик до шесто одделение и употребата на македонскиот јазик во нивните цркви.

Според Црвениот крст, 28,000 македонски деца на возраст од 2 – 12 години биле масовно преместени во комунистичките земји од Источниот блок, а ројалистите преместувале деца во јужна Грција или во безбедни зони подалеку од борбите. Децата што ги преместиле ројалистите останале во Грција и можеле да се обединат со своите родители/роднини по војната. Повеќето од тие деца биле етнички Грци, но повеќето деца преместени од комунистите биле етнички Македонци и ним не им било дозволено да се вратат во својата татковина и да се обединат со своите родители/роднини.

Ова беше политика на ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ. По војната, поранешните етнички грчки водачи и борци и нивните деца добија дозвола да се вратат во Грција, но на етничките македонски борци, нивните деца и на македонските деца без родители не им беше дозволено да се вратат во Грција. Дури и во комунистичките земји по војната, грчките комунисти, со помош на Сталин, ги преместија македонските борци подалеку од нивните деца, во Ташкент, Узбекистан, за да се обединат дури една деценија подоцна, по смртта на Сталин. Додадете го ова на политиките на асимилација на грчката влада уште од 1913 година (Втората балканска војна – кога Грција ја окупираше Егејска Македонија) и политиката беше толку успешна што дури и денес го негираат какво било постоење на македонско малцинство во Грција. Тоа е завршницата на нивната програма за “културен геноцид”.

Токму овие деца, кои денес се во своите 70-ти и 80-ти години, продолжуваат да се борат за своето право да се вратат во својата татковина по 70 години (1949-2019). Канада е дом на илјадници од овие македонски деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција, на кои, како канадски граѓани, денес дури и им се одбива влез во Грција. Живееме во свет во кој слабите, обесправените, маргинализираните и оние со поинаков начин на живот се признаваат за својата особеност. Исто така, во Канада денес гледаме како федералната влада конечно ги признава последиците од погубните политики на асимилација од минатото врз нашите домородни народи (First Nations). Комисијата за вистина и помирување на Канада (Truth and Reconciliation Commission of Canada) (Привремен извештај) и документот „Дојдоа по децата" (They Came for the Children) (историски документ) ја опишуваат присилната асимилација на домородните деца во канадскиот главен тек.

Би се надевале дека владата на Грција би можела да го следи примерот на Канада, не само со признавањето на своите дискриминаторски политики на асимилација кон Македонците што живеат во Грција, туку и со тоа што конечно би им дозволила на македонските деца-бегалци (канадски граѓани) од Граѓанската војна во Грција да го заземат своето заслужено место како грчки граѓани од македонско потекло.