Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

(UNSCOB) - Part 04

By Стојан Кочов · Part 8 of 18 · About 21 minutes

Read in English

- Тука, во овој наш крај, пред собирање на летината, на сам ден Петровден се прават свадбите-рече татко ми и полека се упативме кон црквата што беше изградена над една висорамнинка. Пред убавата црква имаше многу народ и во тој миг зетот и невестата излегуваа по венчавањето. Сите не плени кога видовме како милозливо излегува невестата. Беше на врвот на совршена и блескава убавина; се на неа, почнувајќи од распуканите алови усни, покажуваше живот и здравје во нејзината чудна руба и се што ја правеше убавината беше соединето во вонреден сооднос, во толку хармонична рамнотежа, што човек одвај можеше да поверува дека тоа е можно, дека таа убавина ја гледа пред очи. Таа додека излегуваше пред сватовите, имаше величествена и кралска става, а подоцна, кога, речиси, срамежливо се фати за рака со својот вечен при-дружник-изгледаше сосема малечка и миллава и мила.

Секое нејзино движење беше исполнето со милосливост, со кроткост.

Чекореше со сета ревност и зрелост на една идна жена. Кога ги даруваше сватовите, зборуваше со тивок и нежен глас. Главата беше накитена со прекрасна, разнобојна срма, беше милолика и горда како планински цвет. Случајно се загледав во мама и видов како таа сронува солза радосница.

- Зар ти не си била таква невеста? - ја прашав. Татко ми се сврти кон неа и ја прегрна преку рамо.

- Не, нашата свадба... - рече мама и подголтна. Во тој миг музиката ни го сврти внимањето. Сега невестата чекореше со ситни чекори, одвај допирајќи ја земјата со прстите на стапалата и со филигрански изливи го водеше невестинското оро. Потоа се наредија сватовите што ги играа ората:

“Старското”, “Женското”, “Ситното”, “Машкото рамо за рамо”, “Бајрачето” и сега татко ми беше на чело на орото. Тој сам го нарача: - Свирете ми го - “Пуштеното”!

Мама и јас плескавме со рацете. Потоа ни се придружија и другите. Свирачите го спотинаа орото. Мама им лепеше пари и пак плескаше со рацете. Му се радуваше на тате.

Кога заврши орото, мама ги рашири рацете и почна да го бакнува. Јас со нескриено задоволство го гушнав и му реков:

“Стари, научи ме и мене на овие твои роднокрајски македонски ора!” Тој се насмевна со задоволство. Потоа гласовите не стивнуваа: “Море луѓе, зарем не е ли овој Божин?

Божин е! Галиба и Неделко е тука, живи се. Живи се, луѓе! Се вратија...” Во тој миг пред нас минуваа зетот и невестата, зошто тие одеа по некаков ред од човек до човек. Невестата се наведна и им бакна рака на тате и мама. Мама побрза да ја дарува со паричка, благословувајќи ја милозливо, а зетот му се обрна на тате.

- Јас сум синот на Неделко...

Мама се вангелоса и ги прегрна младоженците, спомнувајќи си на стрико Неделко. Потоа истото го направи и татко ми.

- А, ти, чиј си? Убавино... - го праша татко ми детето што го држеа за рака младоженците, потштипнувајќи го за румените обравчиња. Тоа беше облечено во народна носија, а бушавата коса и игривите очи го правеа толку милосливо, што секој посакуваше да го погали.

- Јас сум кралот на баба Трендафилка! - му одговори, подавајќи му го каленичето* со вино.

- Ти да не си колупчија** ? Како се викаш?

- Божин!

- Божин? Па ти си ми имењак! - и татко ми некако се стаписа.

- Ова е синчето на Симона твој. Симон ми е побратим.

Како што бевте вие со татко ми. Ене ги, таму! – му покажа кон насобраните сватови кои се веселеа. Татко ми веќе го имаше во својата прегратка детето.

- О, боже! колку е мило - рече мама. Настана тишина.

Сите луѓе ги вперија очите на кај нас.

- Бабо Трендафилке! Тате, мамо го најдов дедо ми! - извикуваше со писклив глас детето. Татко ми се сврти кон нас со очите полни солзи, а детето се радуваше и викаше:

- Бабо! Бабичке, Трендафил о о о! Го најдовме дедо наш!

Во тој миг го видов татко ми како се струполува наземи.

*** Закопот беше величествен.

Сите стоеја стутулени еден крај друг, што поблиску до ковчегот. Со горди чекори се приближи детето со кралска става држејќи го украсеното калениче. Се поклони и го положи крај рацете на мртовецот. Од убавите сини игриви очи му се тркалаа крупни солзи.

Настана тишина и плач. А кога гробарите го спуштаа ковчегот в гроб, музикантите го засвирија омиленото оро на татко ми.

ТАЖНИТЕ РОЗИ НА ПЕНЕЛОПА Чекорев замајан низ алеите на гробиштата “Бутел” со голем букет цвеќе во рацете. Го барав гробот на Филип Долински, мојот комесар од војната. Талкајќи така зачмаен, се присетив на трите деноноќија кога непрекинато се одвиваше борба.

Бурандарите понекогаш се искачуваа дури до самиот врв на Вичо, оставајќи зад себе трупови и тенкови да горат.

Само што ќе се загнездеа, ние повторно влегувавме во атака.

Потоа сосема ќе молкнеа нападите. И така, од ден на ден - цели три деноноќија. Жалосна беше сликата на патот до врвот.

Всушност, пат и немаше, туку нешто што прилегаше на ораница. Гореше скрвавената земја: железо и трупови на убиени млади луѓе. Тешко ги разликувавме своите од туѓите...

Тогаш последен пат го видов Долински. Беше тешко ранет и не изусти ниту збор…

Утредента времето беше убаво. Ден што се посакува, да се дреме на сонцето по тешка непреспиена ноќ. По снагата ти се излева неразбирлива милина и како нешто длабоко да те уверува во желбата дека ќе живееш долго, долго...

Во таквите, мигови, Долински сакаше да запееме...

Многу негови другари и пријатели веќе не беа меѓу живите.

Жално, некого во четата бараш, а него го нема. Понекогаш ќе сретнеш пријател кого не си го видел од поодамна, ќе се израдуваш со него, ќе си спомнеш по нешто добро или лошо, што сте го преживеале заедно. А потоа, тој ќе си замине на една, а ти на друга страна. И, размислуваш: “Ќе се сретнеме ли уште еднаш?”...

Ете така заробен од таквите мисли го барав гробот на Филип Долински, еден од тие неволни војници.

Се доближив до гробницата и здогледав жена со убава лика, облечена во свечен фустан од светлосина боја, со бела заттилка.

Имаше малку побелена коса, собрана и подигната во кок, со по некое перче од страните, а врзаната свилена индиска шамија околу вратот даваше посебен шарм и милозливост.

Се стаписав меѓу силата и покорноста, небаре се најдов пред некаква вина. Над гробот гореа свеќи со пламенчето свртено кон убавите рози. Пријдов поблиску и ја видов сликата на Филип Долински. Ме обзеде возбуда. Беше во партизанска униформа. Ја голтнав плунката и молкум се ракував со жената.

- Пенелопа - ми одговори и го впери строгиот поглед во мене.

- Вие госпоѓо, на Филипа сте...?

- Јас сум Деспинис Пенелопа, почитуван господине.

На Филипа сум му соборец. А Вие? - љубезно се насмевна со белите убави заби.

Жената беше на возраст од околу четириесет години, но си велам се е можно...

- Исто соборец и пријател од тешките години – реков возбудено, барајќи најпогодно место да го оставам цвеќето.

Уште еднаш дискретно забележав како совршено фустанот.

Прилега на убавото тело, јасно истакнувајќи ги градите, колковите. Почувствував како ми тупка срцето.

- Јас првпат доаѓам, Деспинис Пенелопа. Живеам во Канада.

Сега сум на минување... Ние сме една невина војска, па уште се пронаоѓаме...

- Јас доаѓам почесто. Живеам во Атина. Чувствувам некаква вина и не можам да си најдам прошка. Ја доживувам тајно неговата судбина, но таа, ете, стана и моја. Девојките секогаш повеќе му веруваат на саканиот, отколку на мајката - велеше мојата баба Деметра. Мојата храброст, можеби, е несреќа, но тоа секогаш ќе остане тајна и речиси не ќе се обелодени. Ох, таа пламена и недопирлива свирепа болест, таа младешка сладост...

Тоа е трогателен доказ за почитта кон Филипа. Тој блескаше од младост и убавина. Тој имаше благородно срце, силни мускули, раце, широки раменици, зелени очи... и она што го прави машкото тело убаво и привлечно. Тој беше смирен, доверлив, несебичен, зеленоок, со бујна кадрава коса, човек со благ дух.

Ми се умилкуваше, а тоа постојано ме тераше да мислам на љубов. Ми ја разнежуваше душата, не можев, а да не му верувам. Но ете, од сето тоа ми останаа страдањата. Немам сили да ја откријам историјата на нашата љубов. Во воените мајски денови на Грамос, се зацврсти како вечен бигор. Сега си припомнувам: постепено доаѓаше есента. Во утрата над Грамос паѓаа такви думани од маглишта, што не можеше да се види спротивниот брег.

Навечер, во нашите земјанки почнуваше животот. Доаѓаа интендантите и делеа леб, конзерви и вода. Медицинските сестри мирисаа на лекови. Некои кашлаа, се жалеа што не им донеле цигари. Одеднаш ќе молснеше некоја ракета и тогаш сите движења се прекинуваа, луѓето бегаа под дебелите борови стебла. Ќе угаснеше ракетата и пак сите како мравките, ќе се прибереа, ќе се раздвижеа... преку денот одевме во рововите на сонце, водевме истребувачка војна со вошките. Некој размислуваше да си ја избричи главата само за да им го сотре засолништето на гадинките. Ме опфаќаше тага, да не го стори тоа Филип, тој имаше убава руса коса. Со подигнат дух, срцето ни го полнеше со некаква верба во победата. Човека го влечеше навиката праведно и искрено да верува и да простува, небаре тоа се некои закони на војната... До ден-денес никој не може да ми ја задуши страста, дури и сега си припомнувам како Филип ми велеше: “Кралице моја, чувај се за најсреќниот миг на нашиот живот...” Тоа ме храбреше... Љубовта е чудесен цвет.

Душата ми стана изморена и истоштена од толку жестоки чувства. Ми го затоплуваа срцето нијансите на наклоноста негова, а сето тоа ми го заматуваше умот... Да уживаш и да трепериш е многу интересно. Потребна беше храброст да одгледуваш цвеќе на работ на ужасната бездна.

Тогаш се стрелаше... При една разделба, се приближив кон него. Чувствата ме понесоа, па којзнае како пред борците му го возбудив срамот... Долински искрено знаеше да сака, во својата љубов уживаше и трепереше...

Пенелопа потклекна, го заобли убавото тело и ја разврза свилената индиска шамија што и даваше чудна елеганција и женственост. Сега можев слободно да и го видам убаво негуваниот врат. Ми подаде локум, донесен дури од Атина. И јас клекнав од спротива на гробот.

- Потоа и вие знаете. Долински со ранетите отиде во Полска, а јас во Ташкент. Брзо го пронајдов преку писма.

Неговите писма одново ми ја закрепија душата, но тоа е трогателен доказ. По повеќе години ме посети во Ташкент.

Веќе ги имав завршено студиите по музика и свирев убаво на виолина. Се оддадов на музика, Филип беше надарен со некаква нежна убавина, а ми пишуваше и љубовни стихови.

Тоа ме инспирираше.

Го пречекав на перонот, ми се стори дека го згмечив во прегратката. Ми се чинеше дека никој не може да ми ја задуши страста, барем сега кога војната заврши...

Жената се сврте, со вродена претпазливост за своето достоинствено држење, небаре солзите беа скриена насмевка.

- Љубовта може да се прекине само во зачетокот.

Потоа оној што сака да ужива во нејзината среќа, треба сосема да се откаже од себе - велеше баба ми Деметра – продолжи таа.

- Посакав да му се приближам и да го извлечам од долгата осаменост. По вечерата, Филип секогаш се издвојуваше, ја земаше книгата и читаше. Си помислив: зар може уште да живее со војничка морална дисциплина мојот Филип?

Една вечер го прегрнав, почнавме да разговараме, за борбата, за другарите. Тој беше многу љубезен и од таа вечер нашите чепкања станаа како навика. Зборуваше за се и сешто, најмногу за овој негов крај, но и понатаму ја чувствувам неговата машкост резервирана. Некаква чудна срамежливост излегуваше од него. Тоа понекогаш ми беше тешко да го разберам. Како намерно меѓу мене и него да се издигаше граница, која небаре ни остана од војната и како преку таа граница ни сега не смееме да поминеме.

Филип се повеќе ми се допаѓаше, ме интересираше неговото воспитание и култура. Беше историчар. Неговата физичка стројност ме привлекуваше, а со своите обноски и со виртуозното танцување, ме освојуваше.

Не се заборава; бев многу среќна еднаш кога во Бољшој Театар имав солистички концерт, свирев со мојата милна виолина, публиката ми аплаудираше. Тогаш мојот Филип најмногу ме трогна. Се качи на сцената со букет бели рози и ме бакна. Во салата грмеше од ракоплескања. Тие денови сите ми завидуваа.

Филип оставеше впечаток на крал; толку мажествен, толку моќен, што многупати посакував...

Ама еднаш дури му реков: откопчај ме... А тој ме прегрна и заплака како дете... кога ми ја откри вистината, се стаписав.

Почувствував како некој да ме удри по глава. Така жално се почувствував во тој момент што ме обзеде тага и плач. Ме вратија мислите пак во војната, поради него, но и поради себе, бидејќи тоа беше грев спрема нас двајцата. Го очекував во емиграција со години, во најубавата младост, страдна да доживеам вистински чувства, уште жива жена , која посакува да има род... носам болка од тој нежен и топол глас кога ми рече:

“Кралице моја, Пенелопо моја верна, љубена моја, гледаш дека мојата машкост ми ја одзеде куршумот при борбите на Вичо.

Другите рани толку не ме болат, но оваа со години ме пече во душата поради тебе... Кралице моја, дојдов да ти ја кажам вистината и да те замолам да си побараш среќа со друг”.

Тие зборови и денес ме задушуваат, оти знам: ако човек е достоен на љубовта, тогаш ќе биде љубен... Тој, најпосле, умре од очај во цветот на младоста, а јас решив да се доверам на себеси, да сонувам за среќата кога го минувам времето покрај гробот на Филипа.

Почувствував дека грев ќе носам за оваа жена што помислив да облечам бел, долг фустан. За црномурестата Пенелопа, висока, ладнокрвна и стрплива жена што ја нареков

- горда принцеза, која уживаше да ја покаже својата претерана гордост и верност. Ја гледав и слушав како смраморен. Од неа можеше да се научи дека среќата се собира секојдневно по малку... Ми ја натажи душата, оваа совршено загорчена жена, анѓел на чистотата. Не можам да и ја изразам едноставноста на движењата, со длабока сериозност кога погледнува во мене со толку справедливост и наивност... Молчев скопчан во душата оти знаев дека кај таквите жени навредата се отвора како амбис, но си реков: зарем можела толку да ме љуби и мојата покојна Елена...

Свеќите догоруваа, а над тажните рози, од убавите очи на Пенелопа како кристали се распарчуваа нејзините солзи.

НОВА ГОДИНА ВО ЗЕМЈАНКИТЕ НА ГРАМОС Надвор беше осамнал сосема бел ден, но во земјанката темницата се уште цврсто лазеше по ѕидјето.

Погледнав уште еднаш во војничките шејови во земјанката.

Како да сум сред безимени предмети; сама, без зборови, без одбрана тие ме опкружуваат и не бараат ништо, не се наметнуваат. Земјанката, како да е место за одземање на животот. Војна е и јас се вклучив во неа, не знаејќи зошто. Таа е машка работа, но ме вклучија оние што ме отргнаа насилно од мама. Знам, жената не е родена да убива. Сега сум со овие луѓе, кои ми дадоа и пушка, а не знам да ракувам со неа. Сите тие храбро ја поднесуваат судбината. Секој посакува да ја одбегне смртта; се се прави по наредба на комесарот кому секој му е верен. Комесарот пак правилно ги дели храната, одморот, сонот, водата, па дури и сонцето.

Во земјанката секој го свртува погледот од мене, за да не го забележи комесарот. Тој е престрог, дури и повеќе од војничкиот кодекс. Еднаш забележав кога Партена стана заруменето откај големото огниште и кога нејзините колкови грациозно се заклатија, врз неа се обесија очите на влашето Виорели. Збиток, во плеќите набиен како селска перница, а секогаш со некоја развлечена весела влашка песна на усните, што, речиси, многупати ја оставаше недовршена. Велеа, дека влашките песни немале крај. Којзнае, можеби, јас со такво чувство останав. Слични пееше и Цолакидис. Неговите свиреле на ќемане со една жица. “Така пееме ние, од Пондија” - велеше Партена.

Боже од каде се нема луѓе во оваа земјанка. Шаренило од народ...

Низ окното се гледа белината и овиснатите гранки натоварени со снег. Стрпливо ја чекаа пролетта и сонцето да им го симне белиот товар. Во тишината небаре им ја слушам тежината:

крцкаат, се опираат, а некои пукаат од големиот студ. Ноќта ја минувам крај окното. Баба ми ме имаше научено да гледам во ѕвездите и оттогаш ги засакав и им ги следам патеките и не се плашам што ми навираат некакви глупави фантазии. А можеби и баба ми е виновна што ми остави аманет: “Тоа прави го и кога си во невола, кога сеуште не си врзана за маж, а жената треба да се врзе за маж, оти таа и затоа е создадена” - велеше. “А кога ќе се врзе за тој што го сака, тогаш нека се држи до заклетвата за верност”.

Често на сон се онесвестувам од несреќа. Останувам стаписана со сета болка на светот во очите. Не сакам да поверувам дека со некој од овие мажи ќе треба да се обврзам со клетва за верност.

Пушката е крај мене како студена змија.

Ја подгибнувам, ама се плашам да земам човек на нишан. Знам само песот во таков момент може да те гледа в очи кога нишаниш во неговото чело, а кај луѓето не е така... Комесарот ми вели: “Треба да знаеш дека и противникот го прави истото...” Окното е стеснето накај излезот од цевката на пушкомитралезот. Така биле правени сите окна, по урнек на големите војни. Понекогаш земјанката ја викавме и “руска куќичка”. Во такви живееле болшевиците на Црвената армија.

Само од окното доаѓаше светлина. Но таа не беше обична светлина како онаа што затрчано влегува наутро низ прозорецот. Оваа светлина минува небаре со страв покрај цевката и нишанот и стрмоглаво се губи во разлигавените земјени ѕидови, црвеникави како расечено дебело месо.

Влажноста се отплискува пред распламтените цепеници, потоа се стегнува во мраз; но и тогаш се забележливи трагите од копачките и лопатите. Има расечени корени, кои уште долго излачуваат некаков сок што капе како од изморени очи, се додека коренот не прими облик на крастава рана. Речиси по цел ден поминувам, легната над сувиот папрат што врие од вошки.

Ги има најразновидни, но сите се агресивни кога посакуваат да изнанесат што повеќе гниди во влакнестите предели. Потоа се растрчуваат по “храна”. А тие знаат само да цицаат крв.

Најмногу одат по чисто тело. Тоа ме лути дури до полудување.

Не знам зошто но, на Партена и недостига основна чувствителност кога сме сами покрај огнот. Се поведува според случајот; ја нурнува раката меѓу нозе и нешто зграпчува, па го вади на видело со стисната дланка. “Вошка е, машка вошка!

Одамна ме јадеше, бараше гнездо да снесе...” дрдореше одмазнички и со лутина ја фрлаше сосе влакна во разгорените цепаници. Кога сакаат да снесат, вошките се шетаат низ влакната, со некаков бес. Тоа го знаеше секој од нас. Но Партена беше интелигентна и понекогаш посакуваше да исполни нечиј живот. Се чешлаше, над некое вирче вода се дотеруваше, дури сакаше да биде и намирисана со некакво ливанто или борово масло, но повеќе се намирисуваше со мискиот сапун што ни го делеа само нам на жените.

Во земјанката немаше провев и не се очекуваше да тресне прозор или врата. Вратата беше направена по нечиј изум, од пластови папрат и добро се опираше на злобниот ветар што змиулеше низ окопите до нашата земјанка. О, боже мој, навистина почнав да си ја викам “мојата” или “нашата земјанка!” Понекогаш размислувам, дека во овој свет владее некакво лудило, но не можам кај овие луѓе да забележам некаква закана, злоба или грчење на усните со некаква желба за убивање. Човекот по природа е добар или зол. Ах, подобро да молчам. Но чудна е и нашата женска мистерија. Одамна забележувам, кога Александар влегува во земјанката, ми се насмевнува, но погледот отврднува од страв да не биде откриен.

Слаба сум и осамена. Сонот не ме остава. Размислувам, се обидував да навлезам во психологијата на војната и на човекот кој нечујно станува воин. Еден ден низ бледилото ги гледав војниците од спротива, се довикувавме со големите инки, се грдевме во името на нашите убедувања. Гласот на Партена ѕунеше низ високите борови дрвја. Еден и возврати:

“Ти си курва, затоа си со партизаните. Чесните војски немаат војници - жени...” Настана тишина. Посакав да ја одбранам, но си велам - тоа нека го сторат машките.

Студот ме собра во леглото. Лежев и размислував за разни незгодни работи, што можеа да ми се случат. Видов нова цивилизација. Полека ги примав сите неволји, лежејќи во самракот и во студенилото. Во себе немав никакви документи.

Никој не ти бара ни извод од книгата на родените, просто си го имав само името - Мелина, а кај комесарот бев запишана Мелина Пападиму од Патра. Поминаа шест месеци. Не умрев, напротив, почнав да живеам со војната и таа како сите војни си имаше своја најубава неиспеана песна.

Така дојде и илјада деветстотини и четириесет и деветтата. За пречекот добивме додаток на храна: млеко во прав, печени компири и сите не исполнуваше некаква чудна волја за живот во земјанката наша - во таа земја под ветровите на Грамос. Сите си ја честитавме новата година и наздравуваме за сигурна победа. Војна е, можеби нема повеќе да се видиме пак така собрани.

Вистината за исихазмот ја научив, лежејќи со ноќи.

Најарно заспиваа тие што страшно грчеа, но јас таа вечер решив да го чекам Александар. Тој беше со извидниците од другата земјанка. Сакав да му ја честитам новата година.

Неговата порција стоеше негибната. Партена се припиваше кон мене, ја будеше студот.

Молчев и ги слушав чекорите на Александар. Тој внимателно ја поткрена навалената параван - врата и се почувствува остриот ветар. Прво ги испружи долгите раце, како да сакаше да приграби топлина, со сета кревка грациозност на своето високо тело, ја нагрна шинелата и седна на буковиот балван.

Го развлече погледот по исполегнатите и кога стигна до мене, се задржа за миг, над моите кревки истакнати колкови. Јас го задржав истиот ритам на дишење и ѕиркав под ракавот на мојата шинела.

На неговта офицерска униформа болскотеа светликавите копчиња, како гладни мачкини очи. Не знам што ме удри женскиот улав ум, посакав да го расчепкам огнот, како добра домаќинка, за да се стопли подобро, но си велам: ама сум брлива. Кога ја дојаде порцијата, се протегна машки, небаре нешто повторува. Можеби тоа му беше задоволството од топлината, а јас траев тажна, ѕиркајќи со задоволство во неговото поткренато колено и во бујната коса со благо истурени прамени додека како магнет ме влечеше некаква волшебна еротика.

Со смирена миловидност, Александар се готвеше да си легне, а јас го следев низ претходно направената дупка преку параванот од напластениот папрат што не делеше нас од машките. Се притаив, но не можев да издржам повеќе од неколку секунди.

Кога видов дека тој ги затвори очите, јас полека ја слизнав раката преку параванот и му ги допрев топлите усни. Така му упатив едно: “Среќна Нова година!” Погледна плашливо. Се прибра потресен, а јас и натаму му ја запретував долната усна. Ме гледаше со толку возбуда со таква сериозност што милните сини очи останаа заковани во мене.

“Боже што се случува?” Одвај забележително се подвоуми и како да ми подава суварка, ми ја допре раката. Прошепоти:

“Среќна Нова година и тебе, Мелина” Одвреме - навреме ја подавав раката. Тој исто така беше возбуден. Цутеше од гордост. Ме гледаше, со отворените очи и со стегнатата уста личеше на скаменета фигура. Ама баш сум улавка. Посакував да ме пргрне, да ме стисне, дури коските да ми закрцкаат. Тоа можеби, и на машките им се допаѓа. Со насмевка и со отворено срце чекам да ми рече: “Ми се допаѓаш, Мелина!” Ќе му одговорам “Знам”, а тој не чекајќи ќе рече:

“Знаеш?” Во тој момент, со поглед на вечно тажно дете ми подаде игла.

Ја допрев и како, да ме жегна в срце остриот бодеж кога посакав да и го проверам врвот. Си помислив, зарем со тоа сака да ме удостои за идна домаќинка? Повтев да возвратам со бакнеж, но пречката од шумниот параван помеѓу нас ме остави со натопорени усни. Некој од полегнатите зарка и најверојатно сакаше да се сврти на другата страна. Ми се покажа лицето со остар нос и со русите образи без насмевка.

Тоа беше Васил Клечовски - Побратимот, така го викаше Александар, потоа и јас така го завикав. Понекогаш двајцата околу огништето пееја убави македонски песни. Некои дури и сега ги паметам:

“Една чупа со две игли посребрени и два конци копринени ми плетеше чорапи дали да ги носам или да ги пуљам...” Ја пееја и онаа руската: “Волга, Волга, руска река, широка и длабока...” Така се пееше во глувите ноќи, во земјанката под ветровите на Грамос. Побратимот Васил, зарка и пак заспа.

Настана молк.

Александар се растрепери како млад бор на ветар и од него се откина чудна воздишка. Комесарот рчеше. Претпазливо го лизгам погледот, по телото, размислувам на каков укор ќе бевме изложени, можеби и на најстрогите воени судови.

Законите на војната се чудни. Се ослободувам од вкочанетоста на мускулите. “Колку сум изморена...” Воздивнувам и јас, но чувствувам лизгање на телото по пластовите на сувиот послан папрат.