Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

(UNSCOB) - Part 12

By Стојан Кочов · Part 16 of 18 · About 17 minutes

Read in English

Татко одвреме навреме ќе рече: сега говедата си одиа, изгуреа за вода, а мајка ми беше субрана кату дуждова капка.

Но, почна во вагоните да мириса на лајна и мочка па нели луѓе сме, некои кога ќе ги стегнеше дури неспастрено ќе се напинаа по долгото стегање, нужда е, не се крие. Ние поголемите еднаш кога на една станица ги одлостија вратите, истрчавме како одврзани загари и ги отпуштивме шопурките околу вагонот, мочката свири како од продупчено каче полно со вино, што од машко шуркање што од женско, исто. Потоа задоволно пак влегуваме во вагонот, но во умот пак лошата мисла си рти, се подлабоко како подивени корени од смоква.

Корените од дрвото смоква и куќата можат да ја урнат, тоа е моќно дрво, велеше народот.

Попот пак одвреме навреме ќе го подаде крстот на бацување, оти и на него почна да му биде се поголемо шубе, кога заминавме од Белград за север. Така секој со својот ум понешто ќе рече: можеби не носат во некои логори, оти имало и такви работи или во голема Русија од кај дошле нашите предци, а Мице Пурдов ја дума скутлен(стутулен), па нешто ќе клепне со малечките итри очи и чиниш ја проколнува цела Македонија и целото раководство, што си дозволи да не одродат, кату да не сме и ние синови на оваа Македонија, ебате у врагот, велеше Мице Пурдов. Но во руменилото на зората се одзва Дурдубак зацрвенет во образите, со глас што не скорна сите: “Луѓе, тука ќе не слезат...”, а ние сите “дај боже” и слушаме пак одлостување на широката врата...

Поле, дува ветре. Ние со тие посатките од нашето Пожарско ги стискаме, небаре блееме како изгубено стадо и род по род тргнавме од Сомбор за Ѓаково. Ебате у врагот, пусти наш ксмет, тука да ги оставиме коските, повторуваше татко.

Војводина кату тепција, ја нема пожарската планина Килиндерка, кога пекаш по вода ќе те удри умот на чешмата Солуна. Никогаш човек не знае каде ќе го одведе времето и животот. Уште првата година во Ѓаково му умре чупето Софија, немаше наполнето ниту две години.

Татко Димо, така си поплакуваше, ми се гледа дека го јаде јанѕа, а ми велеше: покори го стравот и ќе си живееш подолго, синко. Така ми велеше.

На поменот од девет дена, пулиме крстот од чупето го снема, а и од другите гробови беа ги собрале луѓето за оган, живите бараа спас од студот, и тогаш тоа си го кладов во умот и кога умре татко, наместо крст како на другите му кладов еден рабник, цеметиран што ги клават на патиштата, длабоко го закачив, можеби стигна до главата на татка, ама се осигурив за да не го загубам гробот на татка и чупето.

Војната одамна се беше остинала во нашиот крај и во педесетите се разнесе глас, пак ќе ги креват Егејците, и така пак со тие наши излитени посатки стигнавме во Штип кај местото “Трите чешми”. Господе боже, си велам, така со задоволство, ако сме на оваа дувоветрина, барем сме на македонска земја, ама глас не вадам, не велам ништо, баеги се ми е по ќеф, но навечер не спијам, оти се така ми текнува по нешто за поминот со татка, тој беше стаменит, усталија човек, човек од збор, а со него пораснав и Пожарско ми го кажа од дрмка до дрмка, што се вели, а сега чувствувам само по некоја трпка: ми лази и цело време низ солзи ги поминувам; чупето и татка. Жена ми ќе рече: “...спиј бре Петре, веќе петли пропеаја”, а јас ќе и речам, непара ми се спие..., ама и таа не е рамнодушна , оти со голем мерак се имаме венчано, а сега ова погано време ја победува и љубовта, но Мара не ми се лути, ми прави голем истибар како на стопан.

Па после друг ум ќе ме клоцне, море седи Петре, кај што си се нашол, ќе си речам, а само што ќе завенам во сонот и татко ќе ми се јави. Така недоветно, некаде во сонот, а јас пак низ солзи ќе ги поминам и татка и чупето. Животот небаре е цвеќе, а накрај ќе ти остане страк - сува тревка. Никој не ја знае тежината на туѓиот товар, велеше татко. Едноставно, си велам какви луѓе сме, ќе те заварди некој лош пес и ќе тапкаш во место како булук овци, без искуство живееме само со сегашноста вудвосани во некое егејско живеалиште, но си велам своите мисли не ги ставај на јазикот, оти не оти така брзо поминува лошото, погани времиња беа педесетите, што вели народот и плитката река минувај ја внимателно.

Болно беше враќањето од “Трите чешми” до Ѓаково, по дождливите патеки на судбината, дамка што не се чисти, бегалец - секој преку сенката ти гледа во душата, а стража на гробиштата - Ристојца Манкина, уште тука, се храни од задушница за мртвите, но тука го закопа и стопанот, сега каде да оди во матната ми вели. Меглена само со вреќа, се плаши од мене и барам лопата или мотика, а Ристојца Манкина ми ја подава со страв и ме прашува: а бре Петре, крстови нема – да не откопаш некој недотопен војводинец, па што ќе го правиме, пуста наша судбина, а јас и лафам полека, не плаши се, јас на татка и момичето имам ставено голем белег и не е мрднат, ама зората како шупелка се буди, дени веќе. Копав и вадев коски од чупето, од татка, а Ристојца ја полни скутата, ми помага и плаче, род сме, но си велам: боже, дај ми сила да не не фати бледоста на денот и копам, фрлам земја пред нозете на Ристојца Манкина. Гледам жената плаче, за татка, го гали черепот, свива некакво ридание и олеснува, небаре стравот и испарил, а јас го подигнувам скелетот, тукуречи цел, но го кршам да се носи, долг пат, туѓа земја, а ветрот дува, ќе не однесе со Ристојца Манкина.

Не знам да ли се збогував, ја оставив сама пред отворениот гроб, а јас си велам: ајде Петре низ пченките... а, кал, ти глибат нозете, но тука е посигурно - како дивинка од страк до страк се клатам, ме турка некаква невидена сила, дури веќе ме фати и сонцето, па ме удри една лоша мисла и си велам, подобро да излезам на патот, оти може секој да рече дека крадам. Додека нозете ми тонеа заглибени во калта, телото смрцлавено, со мака излегував на патот што го оградуваа високите пченки. Излегов од пченките, а калта по нозете се налепила како краста, вреќата крцка небаре е полна со полжави, се тријат коските, додека изналегнати во вреќата и се така штипе некаков страв, но веќе се добрав до станицата, а имаше толку патници, дури не ми се фаќаше умот дека ќе ги собери во вагоните, ама пуљам да се пикнам и јас. Се метнав до една врата и се стискам, ме јаде јанѕа, ако наиде некој редар ти бара се да му покажеш, дури може да ми рече: ајде отворија ја вреќата, па си мислам, најубаво е да се втерам во нужникот.

Неоти ми олесна на душата, туку ете сам си разговарав со коските, де со татка, де со чупето, а слушам тата - так, така - тук и си потсвирнува возот, народ врие, му се јаде, му се моча, тропаат, ја клатат рачката од вратата, слушам пцујат и одат во друг вагон, ги тера нуждата, а мене ми олеснува. Смрди на мочка, ме тера на повраќање, но ништо со денови не сум јаден и велам подобро е така што сум сторил. Така загосподарив со нужникот, но при квечерината решив да излезам, ми фати умот оти нема многу навала...

Се мушнав во ходникот и чекам како загубен пес, смрдам на мочка, гледам на дрвените седишта луѓето дремат, некои ќе ме погледнат тромо под око, но не со злоба, туку си ги вардат шејовите и пак ќе подзадремат под бледото светло.

Си велам, сега ми фаќа умот да седнам и така се сместив до еден што рчеше како во утрински жабјак, целиот небаре беше разглобен, уморен беше човекот, дури ми се извинуваше кога се разбуди, беше добродушен, насече сланина, лук, кромид и ми понуди прв да тргнам од препечената сливова: “...попи си буразеру”, ми вели, а во гласот што се вели благ човек, ама таа ракијата љута, ебате у врагот, ми ги изгоре џигерите, но да не му ја лафиме, се напив и за живи и за умрени, а човекот се насмевна некако толку убаво и ми поттурна од сланината и кромидот: “...еди буразеру...”, а јас муцам и пикам во устата како во инка, кога жените полнат црева за луканици. Си велам, имало господ и јадам со апетит, пак си потпивнуваме од ракијата и тој и јас, ама мојата снага кревка, сум се стутулил во седиштето и како напасено ждребе сум дремел до сабајлината...

Се разбудив кога - пак ги гледам ридовите наши, небаре ми се открија едноставните тајни, ми се пристори цел тој предел како да е проѕирен, така ме тераа мислите и ми се пристори дека ќе можам да ја прелажам судбината... Љубовта е тиранин, те тера на долга болка. Ти ги отвора сите мутли во душата...

Пак си го спомнувам татка: синко Петре прави го она што си должен да го правиш, а за туѓи работи не грижи се... и така веќе првата должност си ја исполнив, го победив стравот.

Можеби омразата што го закопав татка во туѓи гробишта ме тераше на одмазда да го совладам стравот... Станицата “Бакарно гумно”, ја запамтив, оти од тука не натоварија, а говедата мукаа по нас... дури уште ми идеа некои мукања.

Море погано време, си велам и стрежам над вреќата како волчица, а пекам по вода, но од тоа не се умира и тргнувам додека забели денот по дирите од каде што дојдовме со имањето. Од врвот на ридот кај Мрежичко слушам шумоли реката, а близу е до нашите места, но неоти точно знаев кај треба да излезам, но што се вели љубовта победува се, каде било да го одведе времето и животот. Трчам прудолу што побргу да ја навлажам устата, а по едно стрмно лазам назад -газум, чемер ми ја разјадува душата, да не дај бог да ја загубам вреќата. Неоти бев со сите, што се вели свесен, шлапав по реката, ту до колена, ту до газот, некаква невидена радост, но брзо се смирив, ја пуштив вреќата, се изнапив вода, ги измив испуканите усни, ми се опулија очите убаво, седам и думам, ниту глас, ниту смеа... и така се до развиделината.

Ги отворив убаво очите, гледам пред мене нашата планина -Килиндерка, така си ја викаме. Чувствувам само по некоја трпка ми лази, а и по некоја солза за чупата и за татка, кога бегавме наваму сите живи, и што ти е животот како цвеќе, ќе расцути, ако успее ќе даде плод, ако не пак останува коренот в земја. Го напрегам мозокот, размислувам, брзо ми се вртат мислите, па после друг ум ќе ме удри: ги запретав ракавите и со ред ги извадив коските, прво ги подредив од чупата, па од татка и зедов со ред ги измив и ги редев, на чупето ги завиткав во бела шамија и напишав Софија Кировакова, а од татка во шамија како нашето знаме само без лавчето и напишав - Димо Кироваков, а многу работи заборавив да допишам, останав како стаписан пред овие две полни шамии кои ми ги искамчија последните солзи. Откај високата спила во бранови фучеше ветрот. Виеше меѓу високите борје. Крцкаа и стенкаа стеблата, а јас меѓу нив се приближував кон планината Килиндерка, каде што требаше да ја минам границата. Боже, дај ми сила да стигнам до шумата, тукушто си помислувам и се искачувам пругоре, ја носам вреќата. Од недоапица слушам чекори од цврсти мажи, а гледам и куче со крената рилка ги влечи накај мене, а удолнина што одвај ја искчив и само малку да зачекорам во моето Пожарско, кај “Железна врата” на врвот Козјак, низ високите буки - коруби, за кај чешмата Солуна, а дожд истура како од кабла. Таа вечер, дожд, дожд, а можеби тоа ме спаси.

Кога почнаа потрчуваат накај мене, кучето силно намрштено ги тегне, се повеќе и поблиску. Ами сја? - си велам и јас прудолу, тие по мене, а гледам пред мене голем камен му се стопорив и го откорнав и колку што сторив десетина чекори полево се потскрив во едно подјадено труло дрво, а тие ги гледам трчаат по шумот на каменот, надолу фатија, џенемот, се оддалечија доста, се прекрстив и тргнав нагоре, ама слагам како да мине лошото и пак пругоре, се префрлив прку Катревата дабица, накај Филин камен, а пуљам во нивите еден козар свири на шупелка, свртив накај “Свети Ѓорѓи” и седнав да пијам вода од Бостанската чешма.

Козарот не ме виде, занесен во шупелката, ама квечерина е, се прибира накај селото. Беше на зајдисонце, задобив чекор, одам накај гробиштата, брзешкум талкам од гроб на гроб и решив да копам гроб, до гробот на мојот дедо Петре - Илинденецот, така го викаа во селото, а седам и думам на адетите, но пак чемер ми ја подјадува душата, молкума ги погребувам и ми заронува по некоја солза. Останав со една балтијка в раце, решив да влезам во црквата “Свети Иван” да најдам миросано масло и свеќи, се искачив на камбанаријата и легнав како претепана ѕверка, ама вреќата ја чувам подглавје. Утредента ме разбуди камбаната, удираше на сам Петровден, да си ја кажам вистината се прекрстив и за живи и за умрени. Збраден бев, ја стегам балтијката и слегувам од камбанаријата, а долу стои Лина Јачева - Катрева. Лина се крсти и се тресе, а јас и велам Лино, мори! Таа бега во олтарот и ѕирка преку цепнатините. Дур ме позна и отиде половина од животот, а пусто род сме. Потоа ми раскажа се... Чекаме да се затемни и Лина стори се по нашите адети; на коските им турила миросано масло, вино, темјан, крстот го ставила цела ноќ, па гледам фрлила еден питрахил, свеќи за сите што знаела дека се мртви... Нафрлив многу земја, како за два гроба, си думав дека мојот живот ќе биде уште еднаш во Пожарско.

Лина со полудогорена свеќа, се крсти го повикува севишниот, а јас си останав со една балтијка... Ебате у враго, што не сме виделе, но пак го тераме животот по непознат пат. Во Ѓаково ги чува црквата и гробиштата Ристојца Манкина, во Пожарско Лина Јачева - Катрева, во Австралија и Америка ниту знам кои се, мажите останаа по планините и така дур не има...

Петиците ми се окрвавени, но уште на завстрата, кога почнаа да се спепелуваат жарчиња, гледам накај границата.

Лина се јадосува, ми вели поздрави до секого, а јас што можам да паметам меѓу мртвите и живите, отпоздравувајќи ја Лина тргнав, а небото како козинен ложник легнало над Кајмакчалан, што се вели и одам низ селото со балтијката в раце, и пуљам само диви мачки на вратите, стојат, чекаат да им отвори стопанка, мјаукаат, а не знаат дека стопанките им се на некоја дувоветрина во Ѓаково или “Трите чешми”... Ја кревам главата накај секоја куќа, ама глас не вадам, не велам ништо, ја загледувам нашата куќа, толку убава и лична ми се виде што очите не можев да ги отчепам (отргнам). Еднаш си велам да ги намамам со мене сите овие мачки, но пак си го споменувам татка и одам низ пожарската планина Килиндерка, а ноќ дожд, кату од тенекија да истура. Море погано време си велам и се пикнувам во Дурдубаковите колиби. Нејсе, пак од дрмка на дрмка, но пак си пуља накај нашите места оти тоа ми зема од болката, а веќе сум близу до мртвата зона, мислам на кладената граница што ни ги дели пожарските ниви и планини, ама тогаш што пцости му удрив, а тоа беше останато уште од нашите стари, арно ама ништо од тоа наше лелкање, Грците си ја тераат работата вов нашите куќи надонесоа Маџири, Пондии од мајчинаму, а ние кату уплашени песови по дувоветрината...

Петиците ми крварат, а и гладен сум, малку подзапирам, се опирам на балтијката и ми текна дека кога се кренавме, од Пожарско, татко носеше две конзерви од Унра и тогаш ми ги даде да ги скријам, а јасно ми беше како ден и одам до карпата и алкам по дупките, ја пуштам раката во дупката и чувствувам нешто чудно замотано околу конзервата. Набрзина ја извлеков раката, а гледам сосе конзервата извлеков и змија, после неоти ми текна за јадење. Така, по нас се лошотилак, никогаш човек не знае каде и на што ќе го одведе времето и животот, да се плаши и од плитката река.

Пљачките ми се ѓол - вода и одам полека, а веќе е границата -Папрадник, тука ги имаа убиено Ѓорѓи Пејчов и Стојан Грудев и уште малку ќе излезам на пресеката “Кравица” ама не пуља ни жива душа, ни од едната ни од другата, а сја си велам и се прекрстувам и само чекам да ми засвири некој проклет куршум, да ми ја издупат снагата, но сполај му на господ од кај таква сила ми ја даде, засилив чекор и скокав како ранета ѕверка, само ми е жал немав време да се збогувам убаво, човечки со родниот крај, бегав вјаскум и плашкум. Ја кревам главата наназад господе боже, си велам, а како да ми се мерна нешто наназад и пуља ме зема на нишан, или така ми се стори и јас мешечки веќе влегов од оваа страна, а тие зборуваа, се јадеа живи по мене, а најтешко ми падна помислата дека можеа тука да ме убијат. Цел живот се бориш за својата земја, а да те убиваат туѓинци... и ние сме некои човеци, што имаме држава ебате у врага, шо народ сме ние, цело време бегаме со раскрвавени петици.

Се стркалав во реката Црна, стопанката и, како мраз и гледам пред мене се гледа Добро Поле кату тепција.

Ме удри умот да пододморам, да се закрепам малку, а гол сум како дивинка, но татко ми велеше; тајната на маката е во самата волја и со таа балтијка насекув гранки со густа шума, на самиот припек изнапослав и со остатокот се изнапокрив, кату со дебело веленце, оти се плашев од ливот, така под гранките сум спастрен, а бааги гранки нафрлив над мене.

Болката ми идеше само од петиците, ама срцето веќе ми заспа, можеби и од мирисот на шумата, можеби од тоа што сум го исполнил завешатнието на татка и така сум спиел, се до сонот за кој и денденес не можам да си го објаснам, а неоти има објаснение како и сега да ми се пред очи тие тројца луѓе. За средниот знам дека беше “Свети Илија” оти тој ме благослови, ми даваше прическа, нафора и ме попрска со нешто, а тие другите двајца, беа толку убави како ангели и само ми се насмевнуваа и ме благословеа, небаре да сум направил таков подвиг на земјата што заслужувам да ме однесат во рајот.

Сетне селидбите. На јаве пак ме прогонуваа живите и се до ден

- денес сум следен, ме имаа на ум можеби се плашат да не ги однесам и моите коски во Пожарско.

Ние Пожарени сакаме да бидеме заедно, но никогаш не бевме сите на едно огниште, гробовите ни остануваа насекаде.

Сегде оставивме по некој. Секогаш ми се чинеше дека тоа ќе биде последна селидба, а се повеќе се одалечувавме еден од друг и секаде остававме немоќни старици кату стражари, некој од болест, некој од инает, кој ги знае зошто не раштркаа толку далеку, но нека бог ги прости и Ристојца Манкина во Ѓаково и Лина Јачева - Катрева во Пожарско се изнаплакавме тие ноќи...

* ЗАБЕЛЕШКА:Расказот е напишан според вистински случај, кој ми го раскажа самиот Петре Кироваков(пренесувачот на коските), во неговата куќа во Битола и е објавен во рубриката “Фељтони” во “Нова Македонија” на 2 - 5 фебруари 1992 година под наслов “Поединечната трагедија како општа судбина”.