Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
(UNSCOB) - Part 07
“Земете си господине, одберете си од овие поразвиените... Ајде однесете радост дома. Ова е благородно цвеќе.” Таков ти е животот, Филипе. Видиш, воздивна Цана: - Пред неколку години се вратив, но сега годините биле пречка, јас не ќе бидам така плодна во работата... Но, ете се решив да поработам малку сезонски, додека трае цвеќето. Тое ме одржува... Таму, во туѓината, се вработив во една фабрика и планот го исполнував повеќе од стопосто. Бев пофалувана, арно ама, ете, работникот само толку може да постигне во животот.
Можби од се што можев го дадов во туѓина, а сега...
Си припомнувам на лекциите што сум ви ги читала...
Тие не ја кажувале вистината на животот Филипе. Ти работиш, нели, на некое високо место?
- Да, Цано, историчар сум. Сакаше да каже: “Цано кога ќе ја пишувам таа историја, сигурно ќе те спомнам, ќе напишам многу за тоа време, Цано, тебе ти припаѓа, а сега што...” Тој не и кажа ни за хонорарите, но размислуваше:
“Ех, Цано, би го отстапил едниот хонорар, но само да имаш школо. Тоа би го сторил оти те познавам, затоа што си ми била командир. Но, чекај Филипе, го штрекна една мисла: зарем сите требаше да имаат школо...” Но замолче: “Остави го Филипе, минатото дома те чекаат од пазар...”
- Цано, да одам, ти си на норма.
- Не, од парче, Филипе. Со здравје. Да не си сретнал некој друг од нашите?
- Не, Цано. Не дружам со никого.
- Каранфили, повелете, земете си од ова благородно цвеќе што носи во душата радост, што е украс во домот.
Граѓанине, повели...
ПОСЕТА Ефтим Каменковски работеше во комитетот како началник на одделението за агитација и пропаганда и имаше приемен ден.
Беше на четириесетина години, малку здебелен, со пријатна надворешност, во обноските умерен, иако се чувствуваа траги на некакво салонско воспитание, малку примитивност, нешто од оној наш крај. Умееше Ефтим да истура цели купишта поучни зборови, та оставаше впечаток на ангажиран човек во акциите што беа насочени во дневниот печат. И, што е најважно, кај луѓето важеше како еден од проверените кадри, па никој не можеше да го обвини или да му се противстави.
Кога дозна дека сум син на загинатиот легендарен комесар, се погрижи да се запознаеме.
Ефтима неизмерно го засакав кога ми кажа дека е соборец на мојот татко, оти ете, поминаа дваесет и пет години, а никој толку вистинити работи не ми раскажа за Револуцијата, за “онаа нашата”. Тој ми рече дека сака да се види со мајорот Гаврил.
По неколку дена, пред да влезам во де-лукс колата, дојде тој кокетирајќи и ми рече:
- Точно знам каде живее мајорот.
По сугестија на Ефтима купив руска вотка, а тој носеше богата закуска. Кога стигнавме до полјанката мајорот веројатно не не виде. Ефтим, се стрча кон него да го прегрне и да му честита за високото одликување, а јас останав да чекам додека не ме претстави.
- Се плашев дека нема да те најдеме - му се обрна Ефтим.
Мајорот Гаврил се збуни, а потоа се сврте кон мене.
Почувствував непријатност. Колку се сеќавам ништо не му реков, само му ја стегнав раката, а тој ме прегрна и ме бакна со подотворени усни.
Во тој момент го видов Ефтима како си ја брише муцката.
Мајорот, откако ги ослободи рацете од моето тело, ме праша:
- Значи ти си синот на мојот комесар?
- Да! - реков.
Мајорот се чудеше на нашата посета. Тоа му го читав во движењата. Ефтим продолжуваше да го измачува. Го потсетуваше, но малку заобиколено. На крајот мајорот како да се сети, па изусти:
- Аха, ти си од оние момчиња... што... - ги спушти бујните веѓи.
Ефтим вешто го прекина и побрза.
- Да, да. Но по изразот на лицето сфатив дека Ефтим се обидува нешто да скрие. Мајорот, сакајќи да побара објаснување, се насмевна и рече:
- Вие сте мошне весели. Мило ми е! - рече и не покани да влеземе во куќичката, која мене ми се виде како наклонета.
Собичката, каде што не внесе, беше приземна и не многу голема. Со низок таван, испукан и наплуен од разни инсекти. А ги имаше насекаде: по ѕидовите, на подот, лазеа, летаа, брмчеа...
Мајорот свитка една стара кошула и гневно замавна по неколку муви на ѕидот. А тие, тромо летаа ту на таванот, ту на спротивниот ѕид. Ефтим ме погледна итро и се насмевна:
- Кабинетот на мајорот.
Седнавме околу масата што беше допрена до ѕидот.
Столовите крцкаа како кога на нив се клатат деца. Над масата беше фрлена тврда поливинилска покривка, а врз неа приборот за јадење на мајорот Гаврил.
Мирисот на мувла делумно го надвиваше парфемот “Лорд”, кој цело време ми удираше в нос додека седев во колата на Ефтима.
Во ќошот на една приклештена штица имаше неколку книги покриени со прав, кои човек кој имал работа со нив веднаш може да ги препознае дека се од областа на марксистичката литература.
Домаќинот потсуправаше некои работи низ собичката, како да се срамеше што го затекнавме во таков неред.
Напукнатите и одлушнати чаши од дебело матно стакло на дното имаа запечена течност и траги од инсекти што се исподавиле во неа.
Мајорот седна до нас и со благородна насмевка гледаше ту во Ефтима, ту во мене.
- Мајоре ти честитам! - му рече Ефтим.
- Честито мајоре! - наздравив и јас.
Тој не погледна љубопитно и ја голтна последната капка.
Ефтим ја затресе главата од жестокоста на вотката и рече:
- Ова значи, “по рускоом”?
Мајорот потврди и продолжи да зборува.
- Кога стигнавме во Русија првпат се напив една ваква винска чаша што ми ја понуди полковникот Василиј Коновалов, велејќи ми: “За Сталин”. Кога видов дека ја испи докрај, тоа го сторив и јас, оти сакав да му кажам дека не мислам поинаку.
-Потем три дена ми се вртеше цела Русија – рече смеејќи се од се срце. - Зар не ви се случило и вам да испиете чаша вотка на сличен начин.
Потврдивме дека не доаѓаме од таму.
Беше топло. По лицата ни се слеваше пот. Мајорот ја соблече кошулата од грубо басмо и прв пат видов толку лошо здробено рамо; раката веќе му имаше атрофија.
Кој знае зошто во таквите моменти човек се враќа во минатото?
Спомените стануваат свежи. Ефтим погодуваше некои работи случајно, па затоа мајорот стана и од еден стар сандак извади пожолтен тефтер.
- Овој, се точно ќе ни каже - рече мајорот. - Тоа е дневникот на нашиот баталјон.
Прво ги прочита имињата на загинатите и малку се опре, небаре сакаше да им оддаде почит. Потоа ги прелистуваше старите листови, на кои мастилото беше избледено. Се задржа на една страница и ме погледна со навлажени очи.
- На 15 Мај 1948 година загина твојот татко! – читаше со испрекинат глас.
Јас се збунив, одвај успеав да ја земам чашата. Мајорот продолжи да раскажува, но јас никако не можев да го погледнам в очи. Тој како да проникна во моите чувства и пак ми дотури без мера.
- Во такви моменти се пие вотка. Јас постојано го споменувам татко ти. Тој беше човек од кого научив многу. Тој велеше дека животот и по Револуцијата за нас ќе биде суров!
На крајот од дневникот извади неколку слики, документи и признанија. Татко ми и тој беа сликани на бели коњи пред баталјонот. Ефтим залудно се бараше меѓу фотографиите.
Мајорот му рече:
- Тука се само борците...
Кога бевме сами, Ефтим ми раскажуваше многу страшни настани, при што ми ја опишуваше својата храброст, па јас имав впечаток дека бил меѓу главните.
Потоа, мајорот стана и пак почна да ги брка мувите во собичето. Се извинуваше што ете такво е неговото живеалиште.
Ефтим не обрнуваше внимание кога го навјаса вотката, лакомо поткаснувајќи од закуската.
Јас ги набљудував соборците на мојот татко, а и мајорот од време на време ме погледнуваше крадешкум, под око. Беше очигледно дека му е незгодно што го најдовме во вакви услови.
Речиси беше заборавен од луѓето. Си живееше во најголемата човечка слобода. Можеби, ние со Ефтима го откривме?...
Ефтим беше градски функционер и добро заработуваше. Имаше уреден живот и луксузна кола за која долго ми зборуваше.
Раскажуваше дека се движи во високо друштво и дека е во Сојузот на ветераните. За се му верував.
Мислев дека тие се луѓе на минатото. Ефтим умееше да рече:
- Ние борците... - што кај мене возбудуваше чувствона почитување.
Го прелистував дневникот што беше пишуван на колено и ја барав страницата на која пишуваше за татко ми. Наидував на други имиња. На разни случаи, убиени, дезертери, пофалувани, шпиони и предавници. Можеше да се види состојбата на баталјонот, подреденоста на нижите офицери, војници и бројните борби. Потоа во еден ред борците, кои беа предложени за високи одликувања. Таму го барав и Ефтима.
Мајорот постојано ни дотураше од вотката, а Ефтим нестрпливо го очекуваше моментот кога ќе му ги покаже добиените ордени.
- Гавре, ти некако не им се радуваш на овие, а! – рече покажувајќи му две одликувања - едното за храброст, а другото за заслуги за народ.
Мајорот ги зеде в раце и долго остана нем. Не знам зошто, но не му честита на Ефтима. Јас помислив дека мајорот е суров човек.
Потоа со очигледно задоволство рече:
- Значи по дваесет и пет години се призна нашето дело...
Ефтим си ги закачи ордените на левата страна од градите и му се обрна:
- Мајоре, што велиш, а? Ајде стави ги и ти твоите ! Да се потсетиме на она време...
- Јас немам, Ефтиме. Оние старите, од таму, не се вакви.
- Немаш? Како немаш!? Зарем е можно?! На некои им дадоа по три...
- Тука е иронијата - рече мајорот и како да сакаше да го одбегне овој разговор, па продолжи да ни го покаже лозјето.
Ефтим настојуваше да дознае зошто е тоа така.
Седнавме повторно, а мајорот продолжи:
- Пријатели мои, што има да се зборува за тоа? За мене е големо задоволство што луѓето добија признанија. Ти, Ефтиме, не знам дали цениш уште по она време. Денеска времето си донесе свои херои. Јас не сакам да им пречам.
Мене, ми се чини, дека секој треба да даде кога времето од него бара. Јас можеби таму бев добар командант, но... ете по Револуцијата, ти стана функционер. Од тебе, си спомнувам, не баравме ништо. Ти на општеството му требаш сега, а јас - што?
Јас, едноставно, бев обичен мајор. Сега понекогаш ги превртувам мислите во главата и мислам само на смртта.
- Знам, мајоре, знам. Ужасно постапија со тебе, но разбираш, тогаш тоа беше период на грешки, на изопачувања...
И двајцата замолкнаа. Јас прв ја нарушив тишината. Им го дотурив остатокот од вотката. Им ја понудив, а тие уште стоеа со наведнати глави.
Помислив: ако човек не ги запознае овие луѓе, ќе остане сиромашен за една значајна целина од својот живот.
Излеговме од колибата и пред нас лозите стоеја како војници, наредени за парада. Мајорот со чувство на задоволство го очекуваше збогувањето со нас.
- Не те прашав, како е жена ти Евдокија? Си припомнувам колку лудуваше по тебе - го запраша Ефтим.
- Сигурно и сега е лута, ако разбрала дека сум заборавен и за овие одликувања. Навистина таму лудуваше, но по револуцијата и таа се измени. Убаво е да се биде обичен човек, но... Кога се вратив од Ташкент, таа беше радосна и весела.
Многу мечтаеше, но јас одвај најдов работа во една обична продавница...
Од неговите гради излета воздишка.
- Нашиот брак остана од еден лажливец и еден насилник.
Можеби времето е виновно... Чудно е тоа, зашто во животот има нешто кое не може да се мери со никави норми и правила, но ете, времето ќе покаже каков е човекот. Доаѓа тука кога грозјето е сочно, и ги гледа лозите натоварени со јадри зрна и вели:
- Ти сепак нешто умееш да создадеш за да те засака човек...
КАМЕН Патиштата се како врвки, некаде водат... И кога ќе видеш помешани стапалки, не знаеш каде да го барам животот.
Луѓето бегаа далеку и одеа по светот, од каде подалеку не може и таму, венчани со тагата, им навираа безбројни мисли за родното катче, за тие што останаа околу огништето или како што ми рече старчето: “За пепелиштата”.
Патниците веќе ги имаа зафатено своите места во полуосветлените вагони, а се ближеше возот времето да тргне.
На соседната линија тукушто имаше дотрчано црната локомотива, и патниците што беа за Скопје ги префрлуваа своите куфери дури и преку прозорците, само да успеат да влезат. Под прозорецот здогледав како ја потпираше брадичката едно суво старче, држејќи во изжилавената рака голем елегантен куфер.
Кога влезе во вагонот, случајно се судривме со погледите и му реков: “ Повелете “. Старчето ми се заблагодари со зборовите :
“Thank you very much”, и седна.
Собирајќи ја потта од избразденото лице со длабоко начичканите брчки, ме праша - Да не си нашинец? Јас му одговорив со “Да”, а возот се заниша во правецот за Скопје.
- Тогаш, синко, сполај ти многу!
Ми понуди австралиска цигара и така почна да ми раскажува фрагменти од судбината која му ткаела цели шеесет години убави и потресни помини.
- Трагам по живите, синко, да ги опитам... Имав жена и син, сега ќе беше како тебе, но тие се сега пепел.
Голташе чад од австралиската цигара и очите ги закопа во мене, и за миг не ги отргнуваше. Пепел, да пепел, тешко е да знаеш дека се пепел, а да бараш белег од нив...
- Одвај се откинав од пустошот, сега од таму доаѓам...
Старчето долго ми раскажуваше за пустошот, за гробовите и урнатините. Старечката кожа изгледаше како изрешетена кога сакаше да ми раскаже за тоа што виделе неговите очи.
- Полјаните се запустиле, патиштата се затревиле, но јас по доким одев. Ослободи длабок здив како да го притисна голема карпа и ја одврза вратоврската.
- Поминаа години, синко... И на неговите изглуждени прсти изброи неколку десетици. Тој пак зборуваше тивко и болно.
- Огрдело се... И како да го повикува пустошот, ме гледаше нем, а на лицето како да му се оцртуваше настраданата земја, во која војните огрделе се, му виделе очите неприбрани гробови без епитаф и на секој чекор морници го облеваа кога ќе се сетел дека во секој гроб се закопани еден или повеќе животи. Го гледав во лицето, во брчките, во изглуждените раце, но сакав и душата да му ја видам...
Во неговите старечки гради вриеја со години недоплакани зборови... Оти тој отиде млад, а тогаш остави љубов, семе и срцето во неговото гнездо. И сега подгрбавен од годините што висеа на неговите старечки плеќи, се врати да види и да доплаче.
Се дотркалал без надеж до родното катче низ зашумениот пат, а погледот не можел да го задржи, му грабал низ убавините кои со години ги галел неговиот поглед. Пред него се појавуваше високата бујна планина, изјарена пред векот на војната која от секогаш криела во своите пазуви купови од магла, што постојано се точеше низ клисурското грло. Неговиот ненаситен поглед се мачи да ги одвлече мислите во одамна невиденото, но срцето нешто му го стегаше како обрач и душата му останувала во него пак болна. Ја чувствуваше длабоко налегнатата тага како се пои од капките крв што се цедеа од неговото јадосано срце, а исцедените очи во него остануваа уште посуви и кога влегувал во синорот на родното катче. Нешто во длабочината на душата како да му шепотеше:
- Не, ти треба да плачеш, ако во тебе немаш јадри солзи, во тебе имаш крв..., - и кога првата стапалка ја стапнал на родната земја, му протече болна солза како да беше крв. Тој се сретна со старото високо дрво, и се скамени од неговите корени. Под него за сите судбината била иста, оти дрвото се поело со солзи од целиот негов род, а разделбата меѓу нив како сабја... Дрвото и старчето стоеја долго неми и, како тоа да се расплака, прошепотија неговите многубројни лисија од тихото ветерче и го опи со неговиот свеж мирис и како да му ги врати истурените солзи од неговиот род. Старчето ги спушти румените жилести раце над колената и пак ме гледаше во очи.
- Разделбата е лоша, синко, таа може да ти скине од душата...
Старчето пак замолкна. Јас чекав доста долго нешто да каже, а во неговите гради тагата беше толку голема, што му го одземаше здивот. Неговата тага како да се пресели и во мене, чекав долго и ги броев морниците што никнуваа како печурки под мојата кожа.
Тој голташе од цигарата сув чад и како да се смири тагата во него. Кај човекот што царува тагата, радост и болка е да се врати на родната земја. И така старчето, стапалка по стапалка се нишал и го слушал текот на водите кои се тркалаа и како да ѕунеше целата долина со успивен ѕун. Патот како да го фатил старчето за рака, го извади од долината и пред него се појавил долгиот свиок и уште неколку меѓи, па прав пат и требаше да се види неговата куќа.
Тој ја подигнал со камен и кал, а во темелите по обичај ја закопале златната пара со триста молитви. Тоа го чинеа луѓето против маѓии, оти имало и погани по светот...
- По обичај ние ги целуваме камењата што го прават темелот, - рече старчето. Сега веќе на старчето му беше уште потешко кога требаше да ми каже за неговото гнездо. Старчето воздивна.
- Отидов млад и во туѓината останав гол како прстот...
Со години не разменивме писмо, војните, синко, не опитват...
Јас и Ѕвезда го заштишивме седелото од кое сега е само пепел.
Сега кога го видов срушено, одвај собрав сила да сторам чекор над прагот. Во моите жили затрепери јадот и ме скамени...
Разделбата со години гризела од старчето, и ете го изглодала, го исушила. Човекот живее да се радува, но радоста се заборава, а јадот не. Кога ќе клукне мислата во болното срце за тоа што човекот го боли, јадот ќе прошуми низ жилите и ќе го залула човека.
Старчето потпалувајќи ја цигарата ми рече:
- Живеев до млади години и оставив живот и сега наместо живите... ме обезуми грдосијата.
Видот му шетал по урнатините, а на неговото чело му завирувала пот, се обидувал да направи уште неколку чекори и од длабочината на мутлите чврчори малечка птица.
Ја видел и ја погалил со неговиот нем поглед, а срцето му почувствувало како да ја ставил раката над неговото мило покојно чедо, за кое уште не знае за неговиот гроб. Неговото срце ја замоли: - Чекај барем на тебе да ги доближам моите закоравени усти, оти ти си моја, живееш во моето огниште, во овој пустош, - и колку што направи чекор, птицата го остави во урнатините сам. Урнатините разголени и намуртени се смееле на неговата осаменост, а тој чувствувал како се испарувала неговата душа и ете таа во него секнува, се исуши, ја локнале маките и јадовите, но само од желбата кој тлеела да ги види гробовите, останал да се движи со оваа капка живот.
Урнатините биле осветлени од топлото пролетно сонце, а тој бил целиот во мрак и толку длабоко, што ни еден сончев зрак не можел да проникне во неговата душа. Излегувал, ги местел стапалките кога при излезот дотрчале од осамените улици две дечиња, кога се скопчале за неговата дланка осетил во душата топлина и така го одведоа...
Чекореа низ скршените улици што дремеа во сиромаштија, додека не се сретнал со старците што му ја раскажуваа целата историја... Стоевме загледани во прозорецот, возот трчаше, старчето бараше нешто во неговиот куфер. Тој од куферот извади опламнати камења и со изглужените прсти ги милуваше како живи суштества, потстиснувајќи ги во дланката. Јас за камењата помислив да се ахат, но старчето ми ја пресече мислата.
Кога минував ни урнатините ги зедов овие камења од пепелиштата на катот мој, друг белег не најдов...
И сега веќе старчето го зари погледот во камењата.
- Пепел и камен... - ја поткрена слабата рака и со двата прсти ги стисна капаците од крупните очи.
- Само пепел и пепел од крвта и коските, заедно со животот нивни урнатините локнаа се, но овие останаа и ќе ги чувам до смртта.
Старчето стискајќи ги камењата тие зачегртаа во неговата дланка и како да му проговорија. Камењата беа подгорени, пепелта во нивните пори има и зрнца од крвта на старчето и дел од неговиот изгорен живот.
- Ќе ми ја топлат душата во туѓината.
Старчето веќе липаше над камењата. Ги гледав камењата, тие се трајни, ќе ги однесе преку морето, а луѓето што ќе ги гледаат ќе плачат над нив. Ако се само од едно огниште, тие ќе липаат како на нивни. Таму луѓето се сакаат, па и судбината ги удрила со истата тупаница. Каменот има тврдо срце, ќе издржи пред тажните луѓе на кои ќе им ја раскаже старчето судбината, за родниот кат.
Старчето ги завитка камењата во бела шамија и ги намести во куферот што тежеше како КАМЕН.
ЗЕМЈА НА ВЕЧНА ТАГА Со првата стапка преку превалот, се гледа малото езеро на Преспа како насолзено око. Над преспанската долина од врвот на старата планина Бигла, како истурени снопови, или, чиниш, како вода од притиснато црево се истураат на разни страни непровидни зраци. Малиново-сината и студена езерска долина нестрпливо трепери во очекување на сонцето, а низ брановите играат јата од белвица риба. Летото убаво ја украсува долината со цветови: алови, бели и густи, натопени со мирис на мед.
Воздухот неподвижно лебди над земјата и го пои човака со некој одвај досетен мирис...
Сонцето само што ќе се скриеше зад ридот, остануваат осветлени врвовите на тополите пред меаната на Јоше Секуловски. Потоа настапуваат позлатени проштални зраци.
Настапува белиот мрак. Првин, се затемнува во меаната, а потоа и на улицата. Изгаснува светлоста и до врвот на тополита.
Денот згаснува... Се стемнува. Од рибарскиот оган летаат искри, брановите тивко умираат врз чунот, а во долината се надига синкаста студена вечерна магла.
Доаѓаше пролетта и им даруваше на луѓето нови сили, нов живот.
Рибарите со песна му се радуваа на ловот и нивната песна одекнуваше толку силно, што селаните кои наведнати ја обработуваа земјата, се исправуваа и ги слушаа. Гледаа ту, ваму ту таму, по езерското синило под големиот блесок на сонцето.
Бивало да се пее од утро до мрак, а сега тагата му е сосед на Германа и го гризе како сврдел в срце.
Чекори тој по патот, гледа и подзастанува. Гледа само засушени врби. Песната на натоварените селски коли ја нема.
Слуша, некаде плачи ноќна злобна птица. Земјата, небото и гората и полето го ловеа тој плач, а птицата пишти до безумие...
И, ете, по многу, многу години, тој глас пак го тревожи...
- Не ме пој, не ме пој! Поштедиме, од далеку доаѓам и така оган ми гори в гради. Вие злобни птици, не знаете што значи да се живее во надеж. Но нашата надеж зависи и од нашата судбина,
-воздивна Герман.
Чекореше герман Трпеновски и туку затрчува преку превалот како туку што заодено дете кое ита во прегратките на својата мајка. Тревожно зашумолеа задивените трски крај брегот. Тој подзастана и се присети: “Пак рибарите пеат”.
Погледна кон езерото што ги хранеше луѓето, што ги штитеше и им ги одземаше грижите. Меѓувреме, шумолењето на езерото го слушна најнапред оддалеку, потоа се поблиску. Му се пристори дека го слуша пак оддалеку. Никаде наоколу немаше ни жива душа; беше полски предел, дрвја и треви стрчеа како суви раце кои ниту зборуваа ниту чувствуваа, па со таа своја нечувствителност тие ја наголемуваа неговата мака.
Ќе излета од радост герман Трпеновски, оти по толку години се враќа во распеаната и убава родна Преспа. Се доближи до брегот, зацрпи вода со дланките, а рибарите се разбегаа во длавочината... Тој ја гледаше земјата, тагосана сиротлива, како некој силно да ја навредил, а врбите плачливо и овиснато стоеја.
О, каква ноќ! Сите ѕвезди, до една, топло и кротко во душата повторно ми горат!
Пак доѓам кај тебе со песна, безволна, можеби и - последна.
Каква среќа - си мислеше Герман:ноќта и јас - сами!
Чувствувам таков прилив на љубов-што не можам и неможам да молчам. О, слушај, -разбери ме, јас страстите не ги кријам. И јас сакам да ти кажам дека те сакам тебе, и само тебе, о, земјо родна!
Кога тргна кон селото, чекореше по калдрмата која беше оштрбена и затревена како испрекршен рбет... А во селото царуваше молк. Гробна тишина како животот да беше глув...
Беше јасна ноќ. Белата месечина силно светеше, на мирното небо блескаа ѕвездите, а во дворот неподвижните црници натоварени со плод ги пресекуваа нежните зраци. Се беше спокојно.
Герман Трпеновски застана спроти синото небо, неустрашлив и растажен пред пустошот. Како да падна нешто тешко од неговите гради... Така и ја осамна таа ноќ. Дишеше длабоко, но го немаше мирисот на животот. Гледаше во длабоките црни урнатини од својата куќа.- “Зар ова не е сон. Зар не спијам?
Што ли е ова? Брегот и реката Што личеше на срмен колан среде полето, се тука, но каде се куќите? Не, не, нема да викам.
Стара е и болезлива мојата мајка. Сигурно е многу стара. Колку е многу стара. Колку ли долго ме жекала? Можеби е тука некаде прибрана. Колку години не ја имам видено? Многу! Таа многу ќе плаче за мене, но јас ќе се воздржам, за да не ја растажам уште повеќе. Сакам да биде среќна...” - си зборуваше Герман сам на себе.
Чекорејќи преку урнатините, здогледа црнила.
Истурени покриви, диреците стрчеа како мртви раце...
Пред очите во падините ја нема бурната бескрајна ‘рж и стадата овци... го забрза одот и потрча низ грамадите. Трчаше избезумен, го обзеде страв од својот кат. Пустошот му се џвареше од секој истурен ѕид.
“Смири се, смири се!”, си нередуваше самиот на себе.
“Можеби уште неколку чекори и ќе ја сретнам мојата стара мајка. Тука ми беше детството... Колку сум страшлив...” Здогледа чад од една подземна колиба.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/11 on October 29, 2026