Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
(UNSCOB) - Part 05
Долго гледав во огнот. О, боже мој, дури ќе заборавам кој ме донесе на свет. Да беше тука мама ќе речеше: “Зарем, веќе си избрала момче! Го сакаш?” Мама ќе се радуваше. Таа умееше да им каже на сите, на целиот наш род.
Најпосле се повлеков во студеното легло, ѕиркајќи низ параванот во Александар, кој уште се измачуваше како изморен јунец. Но како одминуваше времето, тој се повеќе се вгнездуваше во мојата потпукната корупка на животот. Таа вечер за Александар станав диво непристапно цвеќе.
Се обидував да заспијам, а некои чудесни цветови се отвараа под моите очи. Понекогаш, додека си гледав во рацете, мислев дека денот се измешал со ноќта. Ѕидовите од земјанката, лигави, развлажени никој не ги погалува. Повеќе од шест месеци сум во земјанката број два или како што ја знаеја сите “земјанката на комесарот Ликургос”. Навечер сите околу огнот, седат додека не им дојде дремката. Машките расчепатени, така по навика, а од топлината на сите машкоста им се забележува...
Животот ми стана една чудна тешка алка што ми го стегаше здивот околу вратот. Можеби тоа ме натера да побарам заштита. Овие луѓе живееја едноставно, секој ден на ист начин.
Тие, впрочем, беа едноставни луѓе, а сега сум и јас една од нив.
Ах, Боже, животот ќе те научи да бидеш сама со своите лоши мисли. Соништата најмногу ме измачуваа. Тие и добри и зли, ми ја разголуваа и му ја стегаа душата во земјанката. Во длабоките ноќи, веројатно поради мојот беспричински страв дека некој не слушна, ја земав матарката и до капка ја истурив сета вода во сувото грло. Се смирував и најпосле чувствував како сосема се стопувам, се до доцниот миг на ноќната тишина.
Бадник, по старо - шести јануари. Надвор пак беше осамнал бел ден, авионите летаа над нас под ведрото небо.
Величествено и смирено. Сонцето се отсликуваше од нивните крила. Небото беше исполнето со нивната бучава, а во нашите земјанки тлееја последните гламенчиња. Авионите истурија куп бомби, а снегот се издигаше како од вулкан. Сите се разбегавме по дрвјата како вомјазени гонети дивинки. Осетив шурки крв.
Се плашев од крвта, што ми гргаше. Стравот ми го истисна сознанието, сум паднала во снегот.
Сум се пробудила, мамејќи ме некаков сон. Бев во долга ноќна кошула. По навика ја пуштам раката кон јаката, но не можам да ја насетам иглата. “Ја нема…” Ме облеа пот.
Силната возбуда ме разбуди. Чувствувам мирис на крв и лекови. Фрлам опул, ту налево, ту надесно, ама не сфаќам.
Како да сум заборавила на многу работи. Боже, зарем сум заробена од спротивната војска? А од каде толку исполегнати жени? Се поткренав и пак повтев да ја најдам иглата, а мојата војничка облека ја нема. Во безредието на мислите, пред мене се појави Партена, потпрена на две грубо изделкани патерици, убава и надмена, похотлива и полна со живот; се смешкаше Партена.
- Мелина! - викна и се струполи над мене, да ме гушка, но јас се уште се чувствував како во некоја самотија, а и полската болница беше сместена во длабока шума во заднината на фронтот, во пазувите на суровиот Грамос.
Кога ми раскажуваа дека Александар ме носел на раце се до стационарот на штабот, се повратив. Брзо од сестрите си ја добив облеката која беше удавена во крв. Ја зедов само иглата, а се друго вратив. Партена се насмевна и ми рече: “Ти брзо ќе оздравиш”.
Речиси секој ден ја терав Партена да ми раскажува за тоа наше ранување, за патот до штабот. Боже понекогаш ми надоаѓаа луди мисли. Размислував, дури како би ја преуредила земјанката за семеен живот... Кога си припомнувам на зборовите од Александар: “Сакам да имаме син...” можеби тоа го велеше поради мене, жените не се за војна. Леле, си велам: да не сум луда, што толку ме преовладуваат проблемите со мојата рожба, а војна е...
Се обидувам да заспијам, ја допирам иглата по врвот и се подбуцнувам, ама благо, а понекогаш и до болка, дури вреснувам. Ах, тие мали боцки надеж, кои одвреме навреме ми поминуваа низ срцето... Така изминаа повеќе од четири месеци.
Пролетта беше насекаде. Почнав да чувствувам набрекнување на моите гради. Боже колку посакував, да знае Александар.
Се сеќавам на времето. Тој ден беше ветровито, студено, облаците се движеа брзо, а огромните дрвја крцкаа како да сакаа нешто да ми соопштат. Повеќето од земјанките беа срушени и полни со вода од пролетните дождови. Низ дрвјата среќавав нови ликови и се распрашував за нашата единица.
Кога од далеку му го здолгедав козјото лице на Васил Клечовски - Побратимот - што си го викавме.
- Побратиме! - извикав силно. Си велам: “Ех, сполај му на господ, ги најдов”.
Малку се вцрвив, оти помислив на Александар. Си велам:
“Зарем може ли пред сите да ме бакне?”, да ја пречекориме воената дисциплина и да направиме лудост. Па, си велам -женско сум, на што треба сега да мислам, ако не на мојот Александар, па си ја потстегнувам војничката облека, вјасајќи кон Побратимот. Но тој, го избегнуваше мојот поглед. Ми се виде остарен, косата му беше побелена и одеше со наведната глава, да го остави ранецот и пушкомитралезот. Настана молк, сите нови војници гледаа во мене со полна напрегнатост.
Вријавел од гордост и сомневање, небаре на мене се истураа рафали. Нему, не гледајќи во никого, само му се откинуваше по некоја болна воздишка. Го сврти лицето кон мене со толку тага што дури немаше сила да го изговори името на Александар, туку одвај ми рече: - Мелина... Мелина, земи го двогледов, а јас ќе ти го покажам гробот на Побратимот.
Александар беше тешко ранет, му беа отсечени двете нозе и левата рака. Лицето му беше обезличено. Живеше во ужасни болки. Долго го носев на рамо, но тој не престна да ме моли да го застрелам... Не можеше да ги издржи болките. Ме преколнуваше и ми велеше: “Не сакам таков да ме види Мелина. Те молам застрелај ме.”
- Молчи! Молчи! Не е вистина... Вистината за него ја носам во утробава... - го прекорував со глас што ечеше низ падините на суровиот Грамос.
ЛЕНА Очите на Меглена Василевна сега беа јасни и претпазливи.
Само пустеж лежеше зад нејзината снага - светлиот и празен свет, чијашто надеж сега се чуваше во оваа кротка жена, бевме само ние, младите од Црнчишта. Живееше во гимназијата, без челад, тука и се вгнездила љубовта, и ете истрајува, не воспитува нашата сакана професорка Меглена Василевна.
Минува меѓу редовите, застанува крај секого, но како мене повеќе да ме сака. Ја чувствувам нејзината лесна рака кога ми ја гали косата, некаква љубов повеќе од мајчинска, можеби затоа најмногу ме гризе совеста ако не и го погодам составот. А сакам да ја прераскажам историјата за партизанката Лена, што ја имав слушнато од кашличавиот Василко Јовановски, побелен, ковчест човек, кој бил курир во штабот, а јас се повеќе се соживувам со нејзиниот лик, како да сум дел од неа, од Лена.
Оти тој, стрико Василко Јовановски, раскажуваше за многу случки и небаре сакаше да се искаже кога виде дека се повеќе го подјадува болеста, а на неговото слинато тело лузните од војната, чиниш, му беа како удрени жегови за секогаш. Така прегорен во револуцијата раскажуваше:
Тоа беше во четириесеттите, дамнешни времиња.
Тогаш младината пееше руски романси, убави песни: Каќуша, Широка страна моја роднаја, Солдати идут, а стиховите на Есенин, Лена ги знаеше наизуст, исто како и Борис, кога ги рецитираше Мајаковски и Пушкина и така со тој занес Бистрица се повеќе прилегаше на мала Москва. Дури се поздравуваа со тупаница - стар болшевички манир, што го имаа пренесено старите револуционери.
Лена најубаво ја пееше “Русијо мајко мила” при што руските зборови чиниш ги изговараше како Русинка, но кога сите ја пееја “Млада партизанка да станам” небаре во сечие срце беше Лена.
А во неа беше вљубен Борис, убаво, стројно момче со бујна коса, и тој доселен од Герман - Мала Преспа.
Лена беше висока, слаба, имаше цврсти и бујни гради, долга руса коса, едноставна уста и очи, во кои постојано стоеше нестрпливо искрено чувство. Меѓутоа карактерот и беше нешто повеќе отколку се друго: убавото лице и се што имаше на неа.
Велеа дека личела на баба и Марија Герова, сестра на војводата Наум комесарот на Долна Преспа (така го викале за време на турско) и со тоа се чувствуваше горда за она што го правеше како младинка за слободата, та тоа било по традиција, се терало од баба, од дедо, се така да се гине за Македонија.
Во четириесеттите болшевизмот сите млади ги прегрна како облак, машките играа казачок, а женските мазурка, но сите најлудо го играа орото “Елено моме...” Така беше тогаш, во тие години...
Така и сите отидоа во партизани, вљубени, распеани се пријавија во Штабот. Беа распоредени во разни одреди.
Партизански живот: само пушката ти е најблиска, ти служи за зглавје, за потпирање, за спас и гориш од желба да се сретнеш со најблискиот. Војник - доброволец, чекориш по беспаќа, денизден глодаш од злото, гладен, но духот те храни, те тера да запееш во најтешките моменти, дури и кога го губиш најблискиот. Но, од се најмногу средбите беа најсакани.
Еден ден, одредот на Борис се сретна со одредот на Лена; мрак беше, борците се довикуваа, се бараа еден со друг, се прегрнуваа, незаборавни средби, очекувани, да се чуе за најблискиот...
Во ноќта се слушна глас:
- Лено! - Викаше Борис. Лена скокна како препалена срна, се стрча и викна:
- Борисе! Борисе!
Стоеја возбудени, среќни што се најдоа...
- Многу сакам вакви денови - рече Лена.
Милувајќи ја, Борис се обиде да се доближи до нејзиното тело.
- Мислам дека не би требало, Борисе.
- Зошто не?
- Не сум помислувала вакво нешто од тебе. Не ли сме заколнати... Нејзините усни, но нивните тела не се допреа, останаа меѓу клетвата и љубовта. Борис нем од разочарување, ја галеше малихерката.
- Ти всушност ме тераш - и рече.
- Не туку го правам она што е разумно за двајцата. Не сакам да не прогласат за неморални, Борисе...
Лена ја потпре целата своја тежина врз автоматот и пак прозборе:
- Ти се обидуваш да ми нанесеш болка.
- Жал ми е, но јас сум ти свршеник...
- Борисе не јадосувај се толку. Вака е најпаметно.
Победата е наша. Ќе има време за се. Ќе имаме и деца, сега е револуција. Нели така учевме за моралниот лик на борецот...
Тоа ни го велеа и Стив и Богоја, тие беа вистински болшевици...
- зборуваше со сериозно лице. Зарем не е доволно што се видовме?
- Ама, јас те љубам - рече Борис.
- Би умрел ли за мене? - Лена ги отвори очите и се насмевна.
- Само ако е навистина потребно - рече тој и цврсто се прегрнаа и се насмеаја.
- Никогаш не сум те бакнала ваков со брада. Убаво е, не грижи се, имаме цел век пред себе. Ајде да појдеме во одредот. Тука е и Вангел на Меглена, Аврам, Тале и Јаким, ќе ја запееме руската - или онаа нашата..., а Борисе?
Ја бакна, а таа ја подотвори устата. Неговиот јазик се протна, но со врвот и ги допре само белите заби... Немаше смелост да и го сретне погледот, па ги затвори очите и го запрета лицето во длапката од нејзиниот врат, спомнувајќи си ги предавањата за моралниот лик на борецот.
- О, боже, колку те љубам - рече Борис.
- Борисе, биди цврст револуционер, само така ќе бидеме горди...
Гледаш сите не почитуваат. Убаво е што се сретнавме...
Се ракуваа цврсто и се разделија. Лена остана по наредба да работи во штабот, назначена во “Агитпропот” во партизанската печатница: преведуваше, пишуваше за жената во револуцијата, за нејзиниот лик, за рамноправноста и за се што беше содржано во болшевичкиот кодекс на еден револуционер, вербата и почитувањето кон кадрите на револуцијата, што ги создаде народот што се вели, ги обдари со скромност, а главната одлика им беше кожното палто. Таква облека носеа и полит -комесарите во Октомвриската револуција, можеби затоа и кај нас така се облекуваа.
Откако го разгледа полит - агитациониот материјал, во земјанката настапи тишина, а полит - комесарот и предложи на Лена да остане уште малку, насамо да вечераат во романтична атмосфера при виделината на свеќата, па малку и да се напијат во чест на успешната работа. Лена ја насети намерата, па одеднаш стана да си оди. Но полит - комесарот и се доближи љубезно и побара да се смири.
- Ги открив твоите намери... Нема да успееш... Отвори ја вратата и пушти ме да си одам.
Земјанката беше задимена од цигари. Токму во тој миг тој се сврте и тргна пак кон неа.
- Боже, никогаш срцето толку не ми чукало!... И се приближуваше вознемирен со смуртен поглед. Лена отстапу -ваше со вперен поглед кој се одби од неговата цврста снага, а телото и затрепери како на исплашена срна.
Таа ноќ полит - комесарот не заспа. Кроеше разни планови. Му се моткаше некое чудно чувство, кое предизвикуваше некаква верба дека Лена покажува верност само спрема линијата на партијата, а дека целата нејзина глава, снагата, секое движење лесно би му се покорила... и таа ќе биде подготвена да го облече идеолошкиот венчален фустан...
Зашто тој може да и вети дека утре ќе стане министерска жена...
Така тој науми да отидат на извидување, ама со нив да го земат и аѓутантот Вангел. Тргнаа и одеа до една одредена цел, а можеби само Лена ја знаеше намерата на полит - комесарот, но се плашеше пред Вангела да го искаже своето чувство... Вангел беше испратен на извидување, но кога слушна пукотници во бујната папрат, веднаш се врати и остана стаписан. Ја крена пушката, но пред него беше коњското лице на полит -комесарот, разјарен како подивен лав. Беше нерешителен, само набљудуваше и си припомнуваше на Борис, на Меглена и на сите руски песни, на стиховите, на револуцијата, на агитаторите, на покојните другари... Вчасот се смрамори и остана вечен сведок...
А полит - комесарот, плашејќи се од заслужената казна поради насилството, одеднаш ја засака Лена. Повти силно и искрено да ја прегрне, та неговата љубов да проникне до срцето и таа да му прости за се и да се согласи да му стане жена. Лена за сето време се опираше, не му се даваше, стана и се обиде да избега.
Меѓутоа, тој набргу ја стигна. Уморена и исцрпена Лена се испружи наземи во папратта. А сепак собра сила и го фати за гуша, кога беше под неговата тежина, кога и ветуваше дека ќе му биде вечна сопатничка, министреска жена, бидејќи ја сака.
Но таа и натаму даваше отпор, бараше помош од Вангела, а кога виде како тој гледа во неа со ужас, се стори дека гледа со очите на Бориса и се предаде. А Вангел, со чувство на вина, остана нем и вџашен.
Се нижеа денови, и недели, месеци, исполнети со секојдневна работа во печатницата. Лена премалена веќе не запеа, се криеше од погледот на Вангел, беше бледа и речиси ништо не јадеше.
- Не сум гладна – велеше
- Што треба ова да значи? - ја праша политкомесарот.
- Проверувам дали си верен - рече Лена.
Ја повикуваше на посета само навечер. Еднаш, откако влезе во земјанката му се обрати со посебна нагласка:
- Ви честитам, другар полит - комесар, јас сум бремена!
- Се шегуваш!? - рече тој.
- Со сериозни работи немам намера да се шегувам - му одговори таа.
- Остави ме намира! - и одговори.
- Убиј ме! Животот повеќе ништо не ми значи без тебе. А ова што го носам е твое и бездруго ќе го родам!
- Никаквице! Молчи! Ќе ми ја засениш кариерата... и рече строго.
По неколку дена Лена беше испратена на работа во импровизираната болница, по заповед на полит - комесарот, кој сметаше дека така ќе биде најдобро. А тој лично се погрижи случајот и натаму да остане строга тајна, според прописите за револуционерните ликови.
Лена плачеше и настојуваше случајот да се обелодени, зашто таа повеќе не му припаѓаше на Бориса, иако не по нејзина вина... За тоа знаеше само Вангел, но веќе во штабот него го немаше, зашто веднаш по случајот доби прекоманда.
Лена се грижеше за ранетите и за тифусарите во болницата и го чекаше денот на породувањето. Си го замислуваше првороденчето, но се плашеше од раѓањето, зашто беше сама и неопитна.
И тифусарите се радуваа и го очекуваа новороденчето, при што му измислуваа име, па додека едни ја сожалуваа, други се шегуваа, зашто навистина беше чудно во вакви околности тука да се вртка трудна жена - борец.
Еден ден дојде курир и рече:
- Имам наредба да те однесам в село. Таму има бабици. Тука на војниците им го урна моралот...
Лена на брза рака присобра нешто во ранецот и ја исполни наредбата. По целиот пат не проговорија ништо.
Курирот имаше инструкции да ја предаде на месниот одбор во селото и ништо повеќе.
По три дена Лена се породи, женско дете, се радуваше, го доеше, го повиваше во пелените што и ги дадоа жените од селото.
Не поминаа неколку дена, а Лена беше изведена пред партизанскиот суд. Пресудата и беше прочитана во моментот кога излезе пред егзекуторниот одред. Застана мирно да ја ислуша пресудата, која гласеше:
“За неморал и предавство се осудува инфилтрираната во нашите монолитни редови, неморалната и непријателски расположена спрема нашата света револуција, Лена Методиева.
Се осудува на смрт, без да има право на жалба, со што ќе ги зацврстиме нашите редови во морален поглед.
Иста пресуда му беше изречена и казната извршена пред неколку дена и на Ковкаловски.” Лена извика на сиот глас :
- Мајко - заштитнице, света Богородице!...
Офицерот се обрна:
- Нема тука богови и богородици, туку чесни и предани револуционери!... Смрт на фашизмот - Слобода на народот!
Стрелај!
Ја пронижаа само три куршуми, но падна од третиот. Ја отвори устата со желба нешто да каже за соборецот Вангел, за сведокот и за неа, но зборовите и останаа удавени во топлата крв.
Кога завршив со читањето, ја кренав главата, училницата мрамор се стори, од молкот дури се уплашив. Во пресрет ми идеше професорката Меглена, жолта како смил.
Оденаш ме зграпчи во својата прегратка и силно ме стискаше, а на вратот ми капеа нејзините солзи. Се оддели од мене, ме бакна силно и изусти со болка:
- Мила моја, Лена ти беше мајка, а Вангел мој свршеник! Драго дете...
Липавме и ме стискаше како споулавена, а другарите од класот вкочанети се собраа како пчели околу матицата.
Така збрани тргнавме, во тој мајски убав ден, во гората Орлова Планина. Професорката одеше напред, кога одеднаш застанавме пред едно паднато дрво, над мала длабнатина, обрасната со трева и со ситни разнобојни планински цвеќиња.
Нашите букети само го дополнија природниот декор. Тука беше гробот на мојата мајка, неволницата Лена.
Професорката Меглена стоеше со наведната глава и молчеше.
Кога собра сили ја исправи главата, погледна во мене и со треперлив глас рече:
- Лено! Ти ја донесов твојата убава ќерка Лена... Таа го носи твоето име.
Ноќта завршуваше, но веселбата не стивнуваше. На свадбата имавме покането многу гости, ама еден стол на кој требаше да седне татко ми, остана празен. И овојпат не се јави, не дојде да ме види како невеста, а јас се уште не го познавам.
Почна да се раѓа новиот ден, распукаа белите мугри, а на небото болскотеа првите сончеви зраци. Некако одеднаш ми се приближи професорката Меглена ме замоли да го заиграме
“Елено моме...” Го водев орото. Меглена цврсто ме стискаше, а по неа се нафатија голем број соборци на мајка ми Лена, согорени од огнот на револуцијата - играа и плачеа... Всушност само тие беа сватови од моја страна. Чув како еден меѓу нив со придушен глас изусти: “Ама го игра! Исто како партизанката Лена...” Но, на свадбата и на орото го немаше стрико Василко Јовановски, кој умре во педесетите години. Велеа му пукнало срцето кога ја слушнал веста: “По предлог на Сојузот на борците, оваа споменица и се доделува на Лена Методиева, која на повикот за борба против фашистичкиот окупатор и неговите домашни слуги, го даде својот живот за слободата и независноста, за братсвото и единството на народите, за власта на работниот народ и за победата на народната револуција.
Вечна слава на паднатиот борец!” Така си беше умрел Василко Јованосвски со отворена уста: “Ех, море, Василко, со такво нечисто минато, каква иднина те чека?!” ВО ДОЛИНАТА НА ЗАБОРАВОТ (Болницата Катланово)
Тоа беше пролетта, на сам ден Втори мај.
Костадин Василевски пристигна во долината, во која одамна мечтаеше да дојде.
Костадин Василевски, тукушто слезе од автобусот и така остана збркан, гледајќи, ту ваму, ту таму, не знаејќи каде да стори чекор, цврсто држејќи ја китката цвеќе.
На сите им изгледаше необично. Но, и Костадин Василевски се зачуди кога виде река од весели луѓе како се движи кон долината. Костадин Василевски застана замислен, на неговото пеплосано лице му се оцртуваше благо чувство на задоволство.
“Знаев дека еден ден ќе дојдам...” си рече и пак зачекори.
Одеше полека по долината на реката поздравувајќи ги по пат елегантните лица кои излегуваа од луксузните лимузини...
Шумот на реката, која го примамува како траурна музика, која го прави да чекори достоинствено...
“Нема…” рече Костадин Василевски кога пребара од крај до крај и потоа се искачи над камењата што беа расфрлани како исушени зглобови. Тој, со избледени очи гледаше по долината, а сонцето истураше толку светло што го заслепуваше човека. Се загледа во прозрачното нежно - сино небо и виде јато диви гулаби. Ја следеше нивната безгрижна игра неолабавувајќи ги своите тагосливи усни. Костадин Василевски одеднаш остана така и нерешително ја заниша главата. Лицето му остана бледо и издолжено. Лице на страдалник, страотно; тоа лице, чиниш нешто му го повикува, без да сака неговата волја.
Костадин Василевски ја префрли китката во десната рака и длабоко вовлече од свежиот мирис, но почувствува оти цвеќето почна да венее. Сокот во стеблата се помалку остануваше и така се губеше по малку и мирисот. “Колку е слично на нашиот живот...” рече гледајќи на ливчињата на кои што им се одземаше неосетно... “Па и крвта го прави човекот јак и румен, а во цвеќето, ете сокот испарува и тоа полека ќе...” Ја извади сликата што ја чуваше во бела здиплена хартија и кога ја загледа почувствува нежен и продорен поглед, како да виде големи сини очи кои бараат нешто...
“Дури сега најмногу почувствував бол...” рече тој. “Да, сега ги видов убаво твоите мили очи...” проговори и пак ја стави сликата в џеп. “Каде да те барам? Знам дека си тука. Нешто и во душата ми шепоти... Но, каде? Воздржи се Костадине!” Си даваше кураж. “ Можеби судбината сака да те измачува.
Или да не сака да те уништи?...” Се запраша Костадин Василевски и посака да слезе накај рамнинката. Тој го прошета плоштадчето и забележа само глангосана земја.
Седна на една клупа и пак го префрли цвеќето во другата рака, и уште еднаш погледна колку се овенати ливчињата кои веќе се наведнаа како главчиња од заспани дечиња. “Ќе издржи ли ова цвеќе? На што да се надевам...” изморен од болката на непостоењето, од она што го бараше во целиот живот, се запраша костадин Василевски.
“Зошто сум дошол тука... Да боледувам повеќе, а?”
- Еј, човеку!...
Костадин Василевски фрли милослив поглед кон човекот што седеше наспроти, оти му се пристори дека тукушто сакаше да му проговори. Но Костадин Василевски кога виде дека доаѓа еден со лимузина, истрча и избра едно место, а тоа беше колку што му се следува на човекот по смртта.
- Ајде, старче тргни се! Гледаш ќе те прегазам, - му рече човекот со бакенбардите и долгата коса подавајќи ја главата низ врата.
- Тука не може! Тука лежи мојот син, а таму неговите другари.
И таму не давав цел ден се борам но стапка по стапка ме истуркаа. А сега тука не давам! Ете ќе легнам, гази ме!
- Назад! - извика решително Костадин Василевски.
- Што ти е човеку: ова е за лимузини, а ти оди, ете таму во шумата до киселата лековита вода.
Тој е луд, легна, - рече едно мажиште од колата туркајќи го старчето. На Костадин Василевски протезите во уста му играа и ништо не можеше да им каже.
- Ако сакаш нешто да кажеш, кажи го гласно! Не ми се допаѓаат мрморењата, - му рече мажиштето.
- Убаво цвеќе, дај ми едно стебленце, - му се обрна русокосата на која што на гуша висеше тежок гердан од брусен руски килибар.
- Не ти дојде бабичката на рандеву, чичо? Види го колку е нежен... дофрли другата дама. Таа предизвика гласен смев кај нивното друштво.
Костадин Василевски се опре на нозе, ја стисна китката и ги погледна со навредени очи:
- Туака е гробница луѓе! Тука се коските на син ми.
Под ова земја се остатоците на една моја судбина! Мојата крв..., им се стопори решително со наполнети очи... Тресејќи се Костадин Василевски пак проговори: -Можеби потаму, но..., а сега ова место колку за еден гроб не го давам!
Костадин Василевски кога осети дека не е моќен да им објасни, легна и плачеше како пребиена ѕверка. Осети како силна рака да го кошна во минатото што тогаш за овој гроб длабоко му ја имаше рането душата и остана џарејќи се во тркалата на колата.
- Ој! Бегате, коски, коски виреат, - извика потресена дамата упаѓајќи високите потпетици во ровката земја.
- Ти си луда, Маја! Си паднала под сугестија на овој дрдорко, - рече мажиштето.
- Гази го, Миле! Исплаши го да видиш како ќе стане, - рече пак мажиштето, кога веќе со колата одеа во рикверц.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/9 on October 29, 2026