Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
(UNSCOB) - Part 01
(UNSCOB):
“Дека грчки деца се движат под притисок од партизаните подалеку од границата, во Албанија, Бугарија и Југославија, исто така и во други држави на источна Европа и се задржуваат во овие земји.” Подврдено, исто така, дека од “Предатели на Генерал Маркос имале почнато попис на околу 28.000 децата на возраст од 3 години до 14 години, во Северна Грција.” Целта на оваа акција може да се објасни со следното:
Да се заплашат грчките семајства и со тоа да помогнат на партизаните.
Да се обучат грчките деца со комунистичка идеологија.
Да им се уништи грчкото сознање и да се одалечат децата од својата нација.
Да ја напуштат обработката на земјата и да се пренудат фамилиите на избегат од внатрешноста кон градовите за да ги згрижат своите деца.
НА МРТОВ ДЕН Сурова магла се постелуваше по острите карпи, завиткувајќи ја долината во студенило и непровидност.
Неведнатите стебла како да се жалат на времето, дремејќи излетуваа од нив по некој нездрав жолт лист. Скриено плачат и одвај може да се долови тој нивни плач од сувиот ветар што ги бие.
Булуците ги нема да пасат по стрништата, не блеат по белите плочи, каде што лижеа сол уште како јагниња. Го нема младешкиот, ѕвонлив и свеж глас... Троската се простира над изриениот селски пат и се преплетува. Стапалки нема.
Тишина...
А животот, сепак, како да продолжува, иако човекот е сосема отсутен... Многу води ќе истечат и векови ќе одминат и многу ќе се измени, но никој не ќе може да ги спречи птиците да летаат високо низ розовите купови облаци над бескрајно разлеаниот Вардар. А луѓето кога и да е, постои надеж, ќе ја испеат својата судба со зборовите на новите години.
Замислена, престегната со шајачен елек чии рабови се опшиени во три ката со гајтан на винска боја и испреплетени со срма-старицата чекореше сосема сама. Подзастана и го фрли погледот кон планината; опалените стабла се сторија небаре луѓе кои одат по 'рбетот нејзин. Пресушениот јаз како да ја фати за рака и кога стигна до меѓата таа ја подисправи старечката снага, собра малку сила и рече:
- Добар ден градино.
- Добор ден, Стопанко. Дојде, а си остарела, уште повеќе.
Косите ти побелеа сосема. На стапче се крепиш.
- Поминаа години, градинке. И ти си огрдела, има толку години да дадеш род. Денес така наминав, овој ден е на мртвите.
Дојдов да соберам цвеќе.
- Знам, Божано, те чекав, но ти гледаш дека сум гола.
Питомото цвеќе одамна го нема. Тоа си замина со младите...
- Тогаш, барем да ве видам сите; нивата, ливадата, коријата..., оти побегнав од пустите мрачни мисли. Го оставив немот и тргнав низ полето. Во куќата сé ми молчи. Само јас разговарам со нештата кога ги употребувам, а и ги колнам, плачам над нив, ги подредувам, а некои ги чувам како очите...
Нивјето стегнати и голи се простираат низ полето и уште меѓите бележливо означуваат поделено парче земја...
Старицата го фрли погледот во широкото поле. “Земјата сега се одмара, таа одамна го даде својот род.” - прошепоти старицата.
Стои скаменета пред нивата, а на лицето се појави скришна насмевка која и ги растегна начичканите брчки.
- Седни, Божано, не стој! Нозете те болат. Седни на каменот! Ти ретко доаѓаш само кога се овие тешки дни, што ги празнуваш.
- Дојдов, оти уште како девојче бевме заедно, си спомнуваш?
Колку бев палава, тогаш! Што бев, едно босоного девојче. Дедо ми ли беше тој, што ти ги стави меѓите или прадедо ми;
старост, не си спомнувам, но знам, ми рекоа ова КОБА И парче земја е наше. Бев чудна девојка, имав 19 години кога се сретнав со Донета. Тој беше вратен од овчарче, замовченото лице му беше румено, српот му блескаше во рацете, прибирајќи ракојатка класје, ме погледнуваше накосо... И сега, кога ги затварам очите, го гледам како тогаш. Кошулата ја носеше наметната на рамото под српот, а градите испечени како тврд камен. Насмевката негова ме правеше да бидам позабележлива...
Недалеку од каменот каде седеше старицата, растеше клен.
Божана го гледаше. Полето го осветлија жолто-розови сончеви зраци и го покрија лесни прозражни облачиња што се испарија од раната магла.
Селото, притаено покрај присојот, даваше жива слика иако таму сега немаше човечки живот.
- Доне беше работлив, ја жнееше 'ржта мајсторски, не успеав никогаш покрај мене да му го слушнам српот, ракојатките една по друга и полозите ги распостелуваше како налегнати дечиња.
Одевме секогаш први на работа. Сите други спиеја кога ние кинисувавме за в поле. Еднаш бевме легнати тамо кај дрвото, на крајот, над посланата ѓурдија на Донета.
Ни беше прва ноќ. Тешката рака на Донета ми ги галеше образите, челото, косите и од внатре од дланката слушав колку радосно и силно чукаше неговото срце. Го прашав: - “Доне, ти веруваш ли, ќе живееме среќни”. Одговори.
“О, верувам, верувам, среќа има”.
“Ако се подели земјата и водата на сите по токму и ако си ја имаме и ние нашата нива, ако ораме и сееме, ако ја жнееме нашата ‘рж, да, ќе бидеме среќни...” Поголема радост човекот не бара. Среќата за орачот е да го жнее она што си го посеа.
Погледни, за сите има место, земјата за сите им ги отвори своите гради - живејте луѓе! Гледаш ли, какви зрна ‘рж ни дава...
- Не знам зошто, но тие зборови ги засакав премногу, ми дадоа голема радост.
Го прегрнав и му го целував сонцеопаленото топло лице. И сега уште, кога си припомнувам, плачам. Не знам зошто. Еднаш ме прегрна и ме отркала над ‘ржта, ме стисна силно и извика на сонцето:
- Еј, сонце! Погледни, ова е жена ми: види ја, и затоа плати ми, сонце со твоите зраци, со своето силно светло.
Не можев да се воздржам од радоста што ми ги поплави градите... Старицата го фрли погледот далеку и долго остана нема.
Божано, ти кога доаѓаше, запаметив, ти носеше лулка, со снопјето правше сенка; ти ништо не велиш за тоа..., каде ти е родот? Старицата како потресена стана од каменот и го притегна елекот, со шамијата се забради.
- Душманко, знам, немам солзи, седум лулки беа, затоа избегав од дома. Смртта нивна тешка е, јас сум мајка која ги испита страшните удари на судбината. Кој ќе ја измери мојата горчина? Многу пати го замолив господа да ми ја прати смртта.
Господе..., Немам во мене повеќе сили... не можам јас..., прати ми ја смртта, те молам, тебе, боже..., - викаше старицата.
Погледна на кај присојот и се присети: “Сите тие куќи над брегот некогаш гореа, колебајќи ги ветерот, косите јазици од пламенот кој проникнуваше низ црниот чад, и кон небото летаа црвеникави искри”.
Сега во душата нема смирување. Ете, селото е толку старо што само еднаш запамти дека околу него не зеленеат градините, не белеат нивите, а на присојот само урнатини...
Срцето на Божана заклокоти, рацете се стресоа.
- Нивичке, ти, досега одмараше од жнеењето. Ти го знаеш целиот мој живот. Сега сме сами, ти и јас. Денес е денот на мртвите. Кажи нивичке, кажи ми родна земјо, во кои времиња и која мајка се намачи толку, од седум да немаш да видиш ни еден? Стопанот го закопав редно, а Георѓи, Петре, Васил, Елена, Ристо и Велика...
Доне додека беше жив одеше по коските, насетуваше по крвта, се распрашуваше и ги донесе коските на Георѓи и Ристо. Тој умре и коските останаа неприбрани.
- Не знам, Божано. Такви лоши времиња најстрашните стебла не паметат.
- Ох, нека сум јас последната мајка, која ги чека така своите синови. Нека не даде бог, никоја мајка така да чека, оти, секој поглед во зорите кон ’рбетот од планината ме тера да викам, деца побргу дома... Ми остана само едно крајче од животот.
Кога гореше оваа земја, таа се спаси одејќи во туѓина.
Отидов да го видам, тој ми е најмалиот син, живее во туѓа земја, отпишан е и не е син на оваа земја, а е мој син... мој!
- Знам, Божано, не плачи, јас сум крива што те потпрашав...
- Јас не знам дали е ова светлост или е мрак, и гледајќи кон сонцето ти извика: - Ах, сонце, ти што грееш топло и ја гледаш земјата, зборни им на луѓето!
И ти мајко земјо, ти што ги храниш луѓето кои се заселени на сите твои краишта... ти драга земјо, зборни им на луѓето. Јас имам уште еден син и тој беше син на оваа земја, оти тука го родив, на ова тло.
- Не, Божано, такви гласови има многу, зборни им ти.
И ти си човек. Ти си на твојата земја. Ти на ова земја излула седум лулки.
Старицата полека, стапка по стапка киниса...
Сега пак студенило во душата и во долината!
- Одиш, Божано.
- Одам, ме викаат мртвите, ако останам жива, пак ќе дојдам. Но силите си одат денизден... Вчера на сон беа собрани околу мене и ми зборуваа: “Зошто мајко, не сакаш да се поодмориш малку, ти си толку слабичка и уморна... Остави ме да ти ги стоплам рацете. Ох! Рацете... Колку ти се студени и жилави!
Што повикуваш така, што ги рашируваш безочајно...
Оди мајко... Оди и живеј кај Борче, ако е далеку од нас, тој беше и најмал нека те гледа...”
- Си разотидоа расплакани, ги испокарав. Им реков:
сакам да бидам со нив на земјата што ги родив...
СЛЕДОТ НА ИСЧЕЗНАТИОТ РОД Како на денешен ден ја закопавме нина Пандојца.
Беа само гробарите, стрико Пандо и јас. Дуваше силен ветар, ни се напикуваше дури во коските. Лош ветар, небаре ќе не однесеше некаде пустелијата со мртовецот. Тоа го рече и еден од гробарите што личеше на џин. Силен маж, со малку одземен глас, но тој најмногу заслужи за закопот на нина.
Необично брзо ја спуштија во гробот, само стрико Пандо нé задржа кога пријде кон отворениот ковчег и ги бакна рацете, челото и усните на нина, и рече: “Нека ти е лека земјата, ти ми беше верен сопатник”, и потоа сите немо ја буричкавме ископаната земја, фрлајќи бучно над ковчегот, се додека не се прибра сета ровка земја, што беше извадена од ископаната дупка. Најпосле, тој, џинот го зеде крстот и го забоди силно, така што, на сите им се пристори, како да го допре мртовецот, кога се слушна тапиот удар на ковчегот.
Потоа сите си ги истресовме рацете со нечујно плескање, чиниш извршивме некакво тајно дело и ги повторивме зборовите на старецот: “Нека е лека земјата”.
Никаков обичај не се изврши, како кај другите покојници, само старецот Пандо, извади едно шише и ни се обрна: “Да се напиеме за душа...” и сите по ред голтнавме од ракијата, но најпојќе тој џинот. Подавајќи му го шишето на старецот му рече: “Стари, ракијата добро ни дојде, против овој ветар” и остатокот од шишето стрико Пандо си го допи пред куќата, кога се вративме.
Сега ја гледам сликата на нина и ме прави да плачам, оти така едноставно ја испративме. Таа пред умирањето се научи да се смее на глас кога ќе го видеше човека да ја сожалува и да биде кроток со погледот. Многу ги сакаше луѓето кои пред неа беа горди, чиниш со тоа таа причинуваа некакво задоволство, но одамна имаше минато тоа време кога нина не сакаше никого, а при крајот на животот како да се враќаше радоста, изгубената младост, стануваше сé погорда. А тој, стрико Пандо, во младите години подмамен од некое исконско чувство кое му ги разгоруваше неостварените желби, ретко се свртуваше околу нина.
Можеби, нина премногу го сакаше. Тој, омилен меѓу луѓето, умееше да им објасни што е тоа слобода, ропство, пониженост и им читаше реферати, потсетувајќи ги на сето наше минато.
Им донесуваше примери за слободоумноста на човекот и неговото опстоење.
Повеќето му веруваа, а некои се плашеа да не ги досотрат платениците на бандитот Статис Хондрокукис.
Тогаш, трепереше и нина по него, но тој беше храбар.
Врталиште не му се знаеше. Така и го разбираше нина: “Дека тој му служи на народот...” Можеби со таа мисла, сакаше нина сега гордо да го заврши животот. Умираји му порача на стрико Пандо да не биде од свештеник опеана и да ја закопат без поп...
Нина веруваше во господа, но повеќе си го сакаше мажот кого таа сиот живот го сакаше и остана да му верува, па и сега заради нејзе да не биде грден од луѓето што тој во тоа време им агитираше против религијата и сé што го заслепува човека, околу непотребните обреди.
Сами сме на овој помен, јас и стрико Пандо. Тој пие и си потпевнува, а јас си припомнувам на онаа крвава мугра кога, зедно со силниот ветер, се појавија околу нашите домови наоружани бандити со долги бради, што ги носеа за да бидат пострашни. Многупати доаѓаа, но сега го бараа стрико Пандо.
Ја тепаа нина, силниот ветар ги запретуваше долништата, а тие се наблазнуваа како чопор од волци. Ја одвлекоа подалеку од нас, помисливме дека ќе ја убијат. Сите очекувавме истрел, но по малку ни застана здивот кога се појави силен пламен и боботеше во куќата на нина. Гледавме вџашени. Тогаш ја видовме како трча нина со разголени гради и без здолниште да го гаси огнот, а тие брадестите седнати како сватови подалеку, ручаа конзерви и се кикотеа, мазнејќи си ги брадите. Нас ни беше дозволено да гледаме. Нина викаше: “Помош, луѓе, браќа!!” викаше нина, колку што имаше сила по нас народот:
“Народе е е е!!!” Пред нас притрча баба ми Велика, но еден од брадестите ја удри со кундакот по глава и таа умираше полека пред нас.
Нина, кога почувствува оти не може да му се спротистави на високиот пламен секнаа солзите, па почна со невиден бес да фрла што ќе најдеше околу себе. Се обидуваше да влезе низ големата врата, но чадот и пламенот ја соборуваа.
Тетеравејќи се избезумена трчаше околу куќата викајќи: “Јано о о!, Гоц е е е!!, мајќи ни... Пандо о о о!!”. Тоа го правеше сé додека не се слушна струполувањето на ѕидовите и во тој миг надваса прашината која создаде огромен облак пред нина и од тогаш таа остана нема сé до пред смртта кога почна да се смее на глас.
Највознемирена беше кога дуваше силен ветар, гледаше во виорот од прашината и остануваше немоќна, трчајќи низ урнатините, задржувајќи некои греди што стрчеа.
Нина правеше врвки од облеката и ги врзуваше цврсто. Тоа го правеше и дење и ноќе, само ако ја пробудеше ветерот.
На почетокот, ја мразеше ноќната светлина, огнот ја тераше да плаче, но водата правеше задоволство што везден ги поливаше урнатините и дворот. Сé повеќе се оттуѓуваше од сите нас и храна примаше само од сестра ми, која тогаш одвај имаше заодено во третата година и за сето време повторуваше: “Нино, кој ги изгоре Јана и Гоце и баба, а нино, каде се сега? А, нино?
Кадесе нино?” Нина ја земаше во раце и ја стискаше во извалканите гради, а сестра ми плачеше на сиот глас.
Од мене со задоволство примаше зрели сливи, што ги нудев со грст од моите длабоки и широки џепови. Ги јадеше со задоволство, но никогаш не сакаше помалку од два грста.
Храната ја сместуваше во стари грниња, оштрбени, што ги имаше присобрано од отпадоците низ кои сега се меткаа глувци. Со неверојатен бес се однесуваше кон лимените конзерви што имаа етикета. Ги ставаше помеѓу два камења и ги толчеше одмазнички. Така удирајќи, заскитуваше по долот низ трњето сé додека не ќе ја изгубеше обезличената лименка.
Се враќаше изморена, немајќи сила спиеше каде што ќе најдеше.
Еднаш надојде многу војска за да ги запоседне ридовите над нашето живеалиште, поради некаква стратегија; ридовите биле важни, но кај сите жители завладеа таков страв што сите мислеа ќе не изгорат како глувци. Нина не се исплаши, се нафрли на војниците и почна да ги каменува.
Фрлаше со сé по нив, ги навредуваше и ги грдеше. Им велеше:
“Ете, пукајте, моите гради ништо не ги пробива. Тие се јаки.
Сакам да умрам за сите овие луѓе што се плашат, јас сум дел од нив и оваа е нивно што го чувам...”, покажувајќи на урнатините.
“ Пандо мој ме научи да умирам за народот, за овие... и за вас...
Пукајте, зошто ги носите тие пушки, да им се мочам во цевките.
Ха а а, ха а а и во машкоста ваша”.
Многу од војниците ја зедоа на нишан, но кога ја виде главатарот им рече: “Не, оставете ја... Оставете ја за да ја запамети и поколението, оти тешко се убиваат тие луѓе што сакаат да умрат за народот... Подобро човек да ги убие овие, плашливците”, покажувајќи на нас, главатарот со презир рече:
“Таа и како неа ќе му објаснат на светот за сé што секој направи во војната. Оставете ја. Храбра си ти, жено!”.
Потоа си ја прибра војската и ги запоседна ридовите, а нина победнички се врати во дворот. Седна над еден камен и питомо гледаше во мене и во сестра ми, и почна мирно да се треби од вошките, гмечејќи ги одмазнички помеѓу двата големи прсти.
Понатаму од нас стоеја жителите, чиниш чувствуваа некаква вина. Се слушаа зборови: “Проклети сме, изигруваме човечност, ја жалиме, а Пандојца изгуби се заради нашата чест, сега е одредено да се брани сама...” Но, нина не им обраќаше никакво внимание, само кога ќе фатеше низ косите голема вошка се насмевнуваше и продолжуваше да прави патеци по косата сé додека не се здодееше со прошчењето, потоа продолжуваше да ја преместува храната од едно грне во друго. Но најмногу сакаше да ги полива цвеќињата што во урнатините слабо вирееја. Така си живееше нина сé до тој ден кога присилно не иселија од нашето живеалиште.
Сега го гледам стрико Пандо, тој веќе ја допи ракијата.
Ме загледа и тогаш му ги видов очите со колкава болка ме гледаат, како нешто во него да се крши, ми рече: “Не требаше да ја испратам, така нечујно...”
*** По закопот на нина Пандојца, од родот останавме јас и стрико Пандо. Тој сега за никого не води грижа. Се облекува од оние излитени шеј што на луѓето им се отповеќе, но од некоја причина не сакале да ги фрлат, туку од сожалување сега му ги даруваат нему.
И храна прима од секого. “Питомста го одржува”, велеа тукашните луѓе што сакаа да го распрашуваат за сé, дури и тоа од кај му е коренот. Но, повеќето велеа дека не му се знае потеклото. Па и за срамни работи го опитваа, но за тоа повеќе го задеваа дечиштата и вдовиците што шетаа натутулени во Паркот на “Жената”.
Катаден стрико Пандо, тука, низ луѓето, си минува итајќи некаде да стигне, чиниш небаре некого од најблиските бара. И по дожд и по студ, стрико Пандо си шеткара гологлав, а понекогаш ѕирнува љубопитно во некоја полничка жена, што влечка со себе палави дечиња. Застанува, ја вади пожолтената слика од длабокиот џеп што допира по гола кожа и гледа, ту во жената, ту во сликата на која што е тој и нина Пандојца, со дечињата во скут.
Во тој длабок џеб стрико Пандо има собрано сé што му остана и сé најмило што го чувствува, сé што му ја топли душата. Но, сега кога ја гледа сликата ги замижува очите и прави така, чиниш не знае да заплаче. А никој не може да му забележи за нешто алчно. Луѓето, се разбира, по некој од нас, сакаме да знаеме сé, особено кога нé напуштаат грижите, ни станува многу убаво на душата да си ја напикаме нашата вродена љубопитност во нечија судбина. Тогаш нашите чувства дрочат кога ќе им најдеме духовно поило, што не ни го чепка болот и сакаме тие мигови да си ги минуваме отпуштени, задевајќи ги оние што сакаат да го закопат тоа што ги прави да имаат помалку радост од сите нас, што живееме среќни, насмеани, загрижени затоа што немаме поголема љубопитност, што им се потсмевнуваме на старомодните модели и сé повеќе ни се раѓа желба да се пречкаме.
И тој, стрико Пандо, ми стана неподнослив кога постојано ме распрашува за баба ми Велика. Јас стопати му кажав, а тој пак истото ме прашува.
“Ти кажав, бре стрико Пандо”, му велам. Ја закопавме по сите наши обичаи, што ни ги оставија старите.
Но, тој пак: “Ама дали имаше и поп?...” и... “и, што” му велам налутено. “Закопот траеше цели два дена. Ноќта ја чувавме со запалени свеќи и кандило. Мајка ми постојано дотураше масло и ги колнеше бандитите што ги изгореа Јана и Гоце”.
Му кажувам на нина што тогаш многу плачеше. Му кажувам како нас децата ноќе нé тераа, но ние цела ноќ ја сонуваме нашата баба што ѕверски ја уби бандитот Хондрокукис, барајќи го него, стрико ми Пандо.
Многу сака да ги слуша тие подробност, но јас ете налутено му велам: “Што туку се распрашуваш! Ти знаеш дека баба ми беше обична баба. Таа не беше некоја позната жена!” Строго го укорувам и мислам со тоа ќе престане да ме опитва, но тој мирно ми вели: “Ти, внучко, не лути се. Таа ми беше мајка...” Но, сега, во последно време, стрико Пандо заборави на баба ми Велика, ја загуби сликата со нина, не погледнува во никого, а и мене не ме прашува ништо. Јас, пак го гледам како шеткара и се одродува, а поминот на тој стрико Пандо, чиниш го однесоа ветриштата, па и затоа тукашните луѓе со право велат дека не му се знае коренот...
Но тој сега шеткара и се така, нов - помин. Глув, банален, неспособен да ја носи во мислите ни нина ни баба ми Велика, ни Јана, ни Гоце, бега од нас луѓето, а јас кога си припомнувам и ја видам сликата на татко ми, плачам и поради тоа нема да бидам никогаш спокоен.
Но, ете, сега ја примив и веста за смртта на стрико Пандо и не знам како тоа се случи. Но сигурен сум, умирајќи тој патеше, бидејќи од пред повеќе години знаев дека така ќе биде, оти нему му беше одземено повеќе, отколку на сите нас и остана ранливо да шеткара и раскажува.
Јас многу сакав да го слушам кога тој сакаше луѓето да го слушаат неговиот помин, раскажуваше за се. Затоа и чувствуам вина, но не знам дали за сето тоа јас од неговиот род сум виновен, за тоа што стрико Пандо остана недоискажан.
Но, кога тој знаеше да зборува едноставно, почнуваше вака:
“Мене и дедо ти Ристо не фатија подалеку од селото.
Ќе направиш еден саат ако одиш пешки. Беше девети мај, четириесет и шеста година. Местото се вика Крамоло. Таму оравме. Напладне, туку одеднаш гледам брадести луѓе, што личеа на распопени попови, наоружани до заби. Наеднаш се нафрлија на нас како оси. Додека не удираа, не опитваа за браќата ми. Повеќе опитваа за татко ми Мано. - Каде се, предајте ги!... Прво дедо ти го врзаа, потоа мене. Од таму не однесоа во Костур. Не тепаа до смрт и така не турнаа во една мрачна визба. Не извадија пред суд и првото прашање им беше:
- Во каква организација членувате, Ристо и ти, Пандо? И кој ви се организаторите?
- Сами, ние народот, му рече дедо ти, а јас му велам: - Ќе се бориме, ами што, не ќе живееме како робови”.
Не осудија на дваесет години строг затвор и не пратија на островот Ѓура, без да знаеме дека во нашата куќа направиле пустош.
Кога подзастана, чиниш се кажа, па го прашав:
- А како беше таму?
- Таму? Хм, - мавна со рака.
- Ние затворениците го викавме “Островот на смртта , Дахау” на Средоземното море. Ѓура, внуку, е нешто самостојно. Нешто ново. Островот беше концетрационен логор на современото варварство. Тој беше демонски остров, чиниш проколнат и од самата природа. Секој ден ни даваа солена риба. Жедта му го стопуваше телото на човека. Пукаа камењата од горештината, а само на одредено место се даваше вода. Кога одевме да се напиеме, над нас паѓаа стапови, божем сме задоцниле. Островот за цело време беше во облаци со прашина и лопатите и копачките се дигаа и се спуштаа... Се слушаа свиркања, ѕверски викања, пцовки, експлозии, стапови, еден од друг се кршеа. Тој што не успеваше да се напие вода уште повеќе му се распламтуваше жедта. Водата беше лоша, солена, горчлива, одвратна. Еднаш, еден чиниш го фати лудило по вода. Очите му беа впламнати и исфрлени од капаците. Јазикот му трепереше меѓу устата, но во тој момент го удрија со стап и пак не му дадоа да се напие вода. По еден саат умре. Се викаше Јован, беше од леринските села. На островот Ѓура нема ни капка вода.
Над таа стена не живееше ништо. Нема никаков живот, само илјадници скелети.
Има врв од сурови карпи, без пристап. Еднаш за казна ме однесоа со хеликоптер до врвот и ме оставија над еден крш од камења. Останав седум дена. Сам со гладот и жедта. За прв пат се исплашив од човеколиков лик. Тој беше пред мене донесен, но тој не издржа и беше умрел. Така лежев над кршот, а на работ над една остра карпа, тој висеше. Јазикот му беше сув и изваден, очите испупчени, рацете виснати. Орлите го имаа начнато и беше облеан со крв.
Останав седум дена. Толку беше најголемата казна и ако издржиш, те враќаа и те нарекуваа “бесмртен”, а потоа оставаа друг на тоа место. Првиот ден бев цврст, но вознемирен. Ме правеше горд некаква внатрешна сила. Само, од орлите мршојадци чувствував страв што долетуваа и гледаа со итрите очи кога ќе бидам готов...
Јас со сета силина ги каменував, но лошо нишанев. Во најжешкото сонце лежев со заматено сознание. Повеќе се плашев од змии отровници, што патем поминуваа горделиво низ кршот.
Стравот ме совлада во последниот ден и му се предадов како босоног противник... Посакав да присоберам сила и да станам да се фрлам од највисоката карпа, оти знаев дека Сурлас и Хондрокукис, таквата моја храброс не ја сакаа, туку тие уживаа да гледаат со двогледот како полека човек се приближува до стрмнината кон која можеше постепено да исчезнува, да потонува пред нивните очи што беа способни да замислат такво нешто. Тие беа луѓе со напукната совест... Но, во тој миг, мојата желба за одмазда се натрупа во некаква огромна сила за да се вратам, да им ја пресечам како со нож нивната смеа. Се зафатив за неколку исушени коренчиња, но тие се поткинаа, и пак слушам смеа. Не сакав да погледнам во стрмнината зашто за миг ќе бев стркалан. Чувствував како нешто да ме фаќаше за нозе... Лежев подолго. Смеата им секна.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/5 on October 29, 2026