Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
Front Matter - Part 02
На Павле, се сеќавам многу малку, во тоа време не гледаше нина, а сите други беа во партизани, но тоа траеше малку, набргу останавме без нина и потоа и нас не собраа сите во логорите по наредба на кралицата Фридерика. А бевме толку мали со Павле, си припомнувам уште тогаш се загубивме. Тој најверојатно е жив, но... За него носам вина, а тоа го знае само нина, а можеби затоа таа не ми зборува, како да ме проучува до дното на душата, но којзнае дали и Павле ми има простено за нашата злокобна игра, кога во процепот на вратата му ги отсеков двата прста од десната рака. Тој трчаше по мене, а јас му ја треснав вратата да не ме фати. Нина најмногу боледуваше, но таа, можеби, ја чува тајната пред стрико Филипа, оти тој сé до денденес не знае, не боледува барем за тоа.
Сега в куќи сме тројцата: стрико Филип, Нина и јас.
Живееме сложно, можеби ни се враќа среќата, помалку сите тоа го чувствуваме. Стрико Филип многупати се загледува во нина кога нешто делка, чиниш поново се вљубени, а и таа си ги подлупува струпјето, некако срамежливо, но и таа го погледнува. Многуте брчки што уште длабоко се всечуваат меѓу јаболчниците и го прават милосливо напатеното лице.
Избраздено е со неверојатна мрежа од брчки, но со својот поглед како да нé проучува сите.
Еден ден нина проговори, кога стрико Филип насмеан, посака од копнеж и тага како да се наоѓа клекнат под виножито и ја моли: “Кажи ми нешто, Бисеро! Прозбори ми, јас не сум виновен за сé... Колку што ти боледуваш за Павле, толку и јас и сите ние...” Тука ме спомна и мене и од тоа бев задоволен, дури тоа го забележа и нина.
Со голема зачудувачка тага, речиси со восхит, нина замавна со главата. Во тој миг погледот на стрико Филип Калинев му засветка. Но нина и натаму молчеше како да држи чедо на гради и го дои, та тагата и се збигорила во градите.
Уплавот на нејзиното пеплосано лице, врз кое паѓаа неколку ретка безбојни влакна, зборуваше за горчината со која си припомнува на шумот на морето, на мирисот на солта и ветрот кој на затворениците им го навеваше човекот и моќник, командантот Циримокос, со шише пиво, пеејќи со своите големи усни, смешно покриени со пена, за чие лудило никој не ја знаеше причината. Си припомнувам кога им се обраќаше на затворениците: “Ти!” и не ја испушташе од очи, а тие гледаа со отапени погледи. Можеби затоа уште зјапа страв од нејзините очи.
Еден ден нина, отсечно, со растревожен глас, со јадри гравушки солзи ни ја раскажа својата судба. Како ситно да везе и се губи во шарата, во црнобелата боја на судбината. Таа, пред да се случат чудата во пролетта 1948 година била многу религиозна, но поради стрико Филипа и дури учествувала во собрањето на жените во организацијата како илегалка. Била поканета лично од Наумка Камењарска да членува во АФЖ. Тешко ми е да ги слушам нејзините раскажувања, затоа што таа цело време додека раскажува плаче, велејќи дека тешко и паѓа кога се присетува на крикот на жените кога им ги земале децата, а нив ги облекувале во униформа и ги праќале во Маркосовата војска.
Сега таа се измачува, а луѓето тоа не го сфаќаат.
Во пролетта 1948 година, еден ден била во градината и наеднаш како да слушнала нечиј глас кој сасема јасно и рекол:
“Бисеро, слушај што ќе ти речам и кажувај им го тоа на луѓето”, почнал гласот, а Бисера останала вкочанета: “Децата што им ги земате од прегратките на мајките, тоа е најголем грев на човештвото и на својата татковина што сте ја обездетиле куќата. Бисеро треба да знаеш дека нема татковината да го напушти човекот, туку со тоа што го правите вие во АФЖ - то, човекот го туркате да ја напушти татковината. Тоа било напишано и во Светото писмо, дека никоја татковина не го напуштила човекот...” Се вратила назад дома не можејќи да се соземе, но сепак, никому не кажала за она што и било речено, можеби, затоа што самата не можела да верува дека токму нејзе е речено, ниту дека е можно тоа што го слушнала. Сето тоа посакала да го раскаже на Наумка Камењарска со која требаше утредента да се сретне и да заминат со една голема група одземени деца и однесени во слободната територија на Маркосовата војска.
Замелушена, се уште вомјазена, рече:
- Беше околу полноќ, на третиот ден на Велигден, четириесет и осмата година. Силен тресок ја откорна вратата и, гледам, навлегоа во одајата брадести жандарми, со автоматите вперени во нас. Децата се притискаа во мене и се тресевме како лисја, не знаејќи што не чека. Не ни дадоа време да си дојдеме на себеси.
Одеднаш ги турлосаа децата кон ѕидот, а мене со тупаници и кундаци ме удираа по глава, по грб, по сето тело и ме истуркуаа надвор од куќата. Потем се така до сред село. Таму имаше многу жени. Не натоварија во еден камион и утрото не однесоа во Лерин.
Ги поткрена вегите и си припомна на другите жени.
- Ех, видов работи што нема никогаш од умот да ми излезат.
Тоа беше на островот Ѓура. Нас жените не плашеа и не мачеа.
Бараа од нас да се откажеме од мажите. Од тебе, Филипе... - се загледа во нас, како да бараше признание.
- Таму видов работи што целиот мој живот не ќе ми се избришат од сеќавањето. А тие што не мачеа викаа дека сме во “грчкиот рај”. Видов жени како ги стават во вреќа и ги спуштат в море. Тие беа оние кои не сакаа да носат мртви од логорот до “гробиштата” кои беа наблизу во едни скрки. Се плашев да не ја дочекам смртта врзана во вреќа, се принудив да носам мртовци, но еднаш, тој моќникот Циримокос ми нареди да носам една пулумртва, недоумрена, но јас не знаев...
Нина како нешто да проголта и молкна, остана недоискажана.
По малку како да ги истера лошите мисли па продолжи:
- Таа беше белокоса. Напред имаше големи перчиња.
Не беше стара. Лицето и беше долго и пеплосано. Имаше долг нос. Ја носев до “гробиштата” но таа по патот се освести... Ја пласнав на земи и оттогаш повеќе не знам што стана со неа, и со мене... Таа ти беше била Нумејца Ристујчина... Стрико Филип, слушајќи ја нина, покажа некаква машка агресивност на одмазда. Нина го гледаше долго и повеќе не сакаше да кажува за минатото
- Војна беше, Филипе мој - рече нина, но останавме живи, а брат ти Алексо и снаа ти Ангелина гнијат на Грамос.
Нина ме трогна, кажувајќи повеќе работи од младоста за мама и тате. Но сега ни се враќаше животот. Таа, дури посакуваше да зборува за весели работи и се повеќе ме сакаше.
Многу пати ми велеше; “Ти си сега наш син! Те имаме само тебе...” По војната се растурија сите логори и секој си го бараше најблискиот, луѓето пееја, се веселеа, се сретнуваа, тагуваа кога се даваа разни концерти од деца што со години живееа незадомени. Тие беа деца на ужасот на овој свет. На сите полека им се враќаше животот, трагите на војната се бришеа. Нина сега имаше желба да оди на молитва, да гледа нечија свадба, изговараше нежни зборови, но и натаму на лицето се оцртуваа сувите дамки и строгоста, но кога ќе се подисчешлаше прилегаше на стара расцутена јаболкница.
Тогаш на стрико Филипа како да му дареше некаква искра која благо му го расветлуваше тој темен простор што го носи во душата.
- Колку убав ден - рече нина, слушајќи ја вревата на улицата, а тоа беше на самиот ден Велигден, по обичај нина ни меси погача. Тој ден заедно појдовме на плоштадот, а наближуваше приквечерината. Пред насобраниот народ веќе пееја млади, кои на далеку беа познати со убавиот репертоар на народни песни.
Внимателно го сосредоточив погледот кон пејачот врз кого паѓаше сноп светлина. Се стаписав. Ми запреа и здивот и срцето. Сакав да викнам, но музиката засилено го поткрепуваше гласот на пејачот: “Песно, пронајди ја мојата мајка...” Луѓето ракоплескаа со неодолива милосливост и разгаленост на душата, а некои дури и плачеа. Уште еднаш добро му ја забележав раката со која го држеше микрофонот.
Ликот ми препсаше на нина. Таа притаено ја забележа мојата вознемиреност, но помисли дека ми е од песната... Извикав колку што можев и неможев:
- Павле - е - е! Бате - е - е!
Тој се сврти кон рефлекторот, а јас уште подобро го видов. “Тој е” реков во себе уверливо, зашто по мојот извик, тој направи чекор накај нас. Нина се поткрена, потоа и стрико Филип.
Забележав како нина ги оџари зелените очи, и стрчувајќи се по мене падна шамијата. Низ музика, сега се слушаше треперливиот глас на нина. Мајкината љубов во неа се креваше гласум кон изгубениот син.
- Павле - е - е - е! Сине мој! Тука сум! Павле, сине мој!...
Забележав јадри радосни гравурки солзи од очите на нина. Го стискаше синот во своите гради. Ние со стрико Филипа не знам дали се прегрнавме со Павле. Најверојатно ние во тој миг сакавме да ја препуштиме сета радост на нина. А си споменувам: така со музика не испратија до дома, свирејќи ја песната: “мајко, синот твој те бара насекаде...”, но Павле сега не пееше, туку радосно плачеше, гледајќи во нас, во нина.
Таа, пак, милувајќи му ја раката без двата прста, разбрадена, без шамија чекореше како стар ветеран со насмеано лице. Од препатеното зло, на лицето сега беа останеле само уште неколку подгорени струпје.
ТУЃИНЦИ ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА Ја зеде в раце излитената капа и се сврте сожаливо, чиниш сака да каже: “Погледни ме, човеку, и следи ме во мислите, сакам да видиш какви се патилата на моите земјаци, да се увериш сам, кога ќе го слушнеш шумот од врвежот на патилата. Ќе поминеме со мислите низ она што се дишело во јамите на веков, да видиш дали тие патила имаат мерило... Оти таа тајна ќе ја однесам в гроб. Тоа сега ме мачи во остатокот на годините...” Чекаше извесно време, да не кажам јас, па ме праша:
- Што забележувате, мистер, во вашето патешествие? - клепкајќи со избледените сини очи и пак продолжи без да чека одговор.
- Дали гледате дека од оваа земја и веков капнат, испепелен, кинисува и си оди. Кинисуваат луѓето по светот и си одат, а на крај кога си оди сé од едно живеалиште и птиците одлетуваат.
Остануваат бреговите голи и нешто од човекот на тие векови...
Останува просторот нем и подивен, останува жилавиот живот за сите нив кој се уште стражари на својата земја, што ги имаат сите достоинства и недостојни на елински чувства и свест...
И сега, кога гледам дека сé повеќе заронувам во длабината на веков, чувствувам сé поостра болка од вешта рака. Кога велам вешта рака, мислам на онаа рака што замавнува и го прогонува човака. Оти, за да се уништи човекот воопшто не е потребно тој да се убие. Се постапува така, чиниш му се подронува животот, изгонувајќи го од својата земја и тој почнува полека да умира.
По извесно време, како да му го подјадува нешто и неговиот род и така сé си умира. И ако се подразмисли човек, само малку ако се размисли, ќе почувствува во тоа прогонство едно копнеење, а тоа не е така осетно, но е мошне жестоко.
Сигурно многу пожестоко, отколку кога би се убил човекот со пресуда. Тоа би било убитство. Ама оној другиот начин, тоа е еден вид бавно задушување, тоа е осудување на изгонетиот човек на подолга и поболна носталгија...
Ете, за тие луѓе, за таа земја, сакам да ти отворам муабет.
Му ја подадов раката и му реков: - “Маи неим ис Џим”.
Си ја наведна главата и како да ме замоли:
“Ајде, Џиме, ако сакаш да ѕирнеш низ пукнатините на нашиот живот. Ќе видиш дека за сите нив тој единствен живот е изгубен... Оти што и да зборуваат Историодифистите, во мојата престава толку е зацртана оваа земја, тие изгонети луѓе, што не можам да ги избришам од мислите.” Го почувствував неговиот бол и знаев од татко ми, дека тие луѓе ги понесе некаква бура и, чиниш, се истуркани камења од надојдена вода што лежат покрај брегот на реката, така и тие луѓе катадневно ги истуркува некаква сила и така остануваат немоќни, неможејќи никогаш да влезат во текот на животот.
Тоа се тие Македонците, што ги нарекуваат Славјано -Македонци што не станале Турци, што добиле сега нови имиња и комплетна топоономастика, јазик и со илјадници послужиле за размена за еден заскитан Грк по таа нивна Пондија и Црно-морските брегови, а подоцна, тој Грк треба да го докаже неговото постоење во оваа земја...
И сега, по логиката на законот, “Елинската држава ќе опстане само ако е национална чиста”. Тогаш многу од нив кои не сакаат да се елинизираат, кинисуваат во страдања и несреќи по светот. Кинисуваат по својата патека по која животот не им бележи ништо.
И, ете, секој од нив има животна приказна, проткаена од патилата на животот, та сега ја носи, излитена, проѕирна, испарталена...
Тие трагаат по животот како слепите самоилови војници и некој допрва го почнува тој живот, ќе прашаш, зошто?
Строг е законот што им налага да си ја остават својата земја.
Строг дотолку што тој народ стана скитачки, одделен од другите луѓе и секој момент животот може да им суди како што сака.
Ете, живеачката нивна, далеку од нивната земја, пушта корени, длабоки и широки сé повеќе, а сега на старост се враќаат како преморени птици да умрат на својата земја.
Така ми рече и Мистер Крис Корин, “Дојдов да умрам на својата земја” и сето ова ми го зборуваше на англиски.
Сакав да го прашам, но тој веќе се сврте кон шалтерот да слуша.
- Така, така, си го барате селото, а него го нема! - му рече човекот од полицијата во Лерин, пред сите нас што чекавме за разни инфорнации.
- Што барате таму? Таму нема што да се најде, освен урнатини и пустелија, -продолжи.
- Не, не, тоа постои! - настојуваше старчето.
- Тоа се вика В’мбел. Акого нема, тогаш, вие сте го прекрстиле.
Тоа имаше македонско име како и јас, - одговараше престрашено Мистер Крис, а човекот од полицијата продолжи да бара низ црвеникавите линии на картата. Во главата на Мистер Крис рој мисли:
“Ох, сега веќе сум на татковата земја. Одамна сакав да се најдам тука под тие покриви... Си припомнувам кога ќе се рашуркаше тој пролетен дожд и тој ѕун излиен како од илјада ведра, подгонен од ударите на громот и шумниот тресок од бурната струја, нé успиваше на рогозината мојата мајка, а кога ќе станевме по слабините ишарени од дебелите р’жанични плетенки.
Колку сакам да влезам уште еднаш во мојот двор: ќе бидам опкружен со она што го добив при раѓањето, со интимноста на набабрените ѕидови, а на крајот на ѕидот да ја видам таа престара фурна од каде го вадеше мајка ми топлиот леб и не ситеше.
Покрај летниот чардак кага јаболкницата, чиниш, е натоварена со снег со своите гранки истурени во просторот.
Колку е убаво човек да се зарие во тој цут и да се засити за миг од медениот вкус, од вкусот на својот двор, оти тој е негов и само негов и за тоа дојдов.” Гледајќи на неговото избраздено лице, сфатив дека тагата што го принудила на ова доаѓање во својата земја е многу голема.
Веков го поминал во очекување и како орел со скршени крилја сака уште еднаш да го поздрави сонцето; живееше во надеж дека еден ден ќе се врати.
И туку, одеднаш, човекот од шалтерот извика:
- Но-о, Мистер Корин, тоа да не е во Југославија или Бугарија или Албанија, оти таму има такви имиња, а вие го барате во Грција.
- Јес! - малку налутено одговори старчето.
- Јас тука сум роден, но вие го викате сега М о с х о х о р и.
- Па така кажи човеку! - му одговори полицаецот.
Посакав да го придружувам, оти ми остави впечаток, тој Мистер Крис што се радуваше како дете. Ми причинуваше задоволство, а сето негово држење ме потсетуваше на мојот татко и кога стигнавме во селото В'мбел ми рече:
- Јас тука имам покојни родители, -рече вадејќи од колата надгробни плочи на кои пишуваше:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/2 on October 29, 2026