Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)

(UNSCOB) - Part 08

By Стојан Кочов · Part 12 of 18 · About 22 minutes

Read in English

“Ете, мајка ми е будна, ме чека. Само јас го погрешив татковото огниште”.

Таа ноќ, тој солзите не си ги сокри. Во пресрет му дотрча една стара подивена кучка која го натера да се брани со исчадени камења.

- Мирна, мирна! Зар не гледаш дека е човек. Не е лиот.

Што си се залајала толику... Кој си, бре, синко? И од каде доаѓаш - одејќи кон него го праша една старичка.

- Герман сум... Одвај те пронајдов...

- Герман? Ох, кутрата Јана, не те дочека, синко, - рече старицата испуштајќи ги от грбот купот суви дрвја. – те чекаше со години; - го прегрна.

Старицата се задржа за првиот дирек што ја сретна и му се обрна на Германа:

- Тука е вујкот ти, влези.

Од стаиот кревет во аголот се слушна слаб и пригушен глас, кој како да доаѓаше од некој процеп на длабока визба.

Герман дојде поблизу за да се поздрави, но старецот не ја забележа неговата рака и не се поздрави. Тој лежеше на сламарникот. Беше сосема исушен како да нема ништо под тешката ресеста черга.

- Како си, вујко? - го праша.

Тогаш старецот живна и потстана.

- Кој си?

- Герман, - му одговори со засипнат глас.

- Дојдовте? Каде е Даме? Даме? Даме? Сине?... - стана да види колку се во собата. Старицата потрча до него и го смири. А тој полека седна.

- Добро, пак ве нема сите..., - проговори старецот.

- Ете, внуче, ве чекам... Животот си оди по својот ред.

Дните си одат по малку, а јас и вујна ти Цвета, си чекаме радост да ни донесе нашата судбина. Старата е секогаш крај мене. Ми подава вода и уште нешто. Останавме стражари. А сега не е како тогаш. Никој ништо не вели... Од нас не се плашат да не го зародиме родот наш во нашата земја... Слушај, Цвето, затни и ја муцката на кучката што лае! Речи и човекот е наш...

Герман му го додаде настисканото пакетче што го имаше за мајка си, но тежината му ги собори жилестите, суви раце. Го држеше во скут како дете и над него пророна неколку солзи.

- Едно сакав, - рече старецот, - Да си дојдат луѓето, да се зароди пак нашиот род... Да го снема пустошот. Пустошот, урнатините и немот. Тие се убијци, синко, за човекот што ќе се сретне со нив. Гледаат да го локнат. А ние што се најдовме и живееме со нив, ќе не глодаат полека. Но по мое, внуку, убаво е човек да си умре во својата земја. Ние не дојдовме во оваа земја преку планини и реки, родот на нашите прадедовци, тука со векови се раѓа и умира. Ако тие што не изгонија мислат да ни ја земат земјата и јас да бидам последниот што ќе ја предадам, ќе сакам да се запише во тестаменот дека секој што ќе се осмели да ја гибне со рака оваа земја, го прогласувам за крадец... - зборуваше стариот.

- Кому ќе му остане земјата, кога мене и тебе, ќе не нема, - му дофрли старицата.

- Мојата земја никому не му припаѓа! Таа му прпаѓа на мојот син. Таа му припаѓа нему, иако е сега отпишан и прогонет од оваа земја! Цвето, оди и копни со дикелот земја подлабоко, па донеси ми ја и онаа, најбелата, шамија што ја чуваше за свекрва. А ти, Германе, ќе го бараш по светот мојот син и ќе му го однесеш овој подарок!

- Земја?! - праша Герман.

- Да, земја, синко. Оваа земја ќе му ја дадеш и ќе му речеш дека е негова! Тоа нека му биде најголем доказ пред луѓето дека оваа земја е негова...

Герман ја зеде грутката и сакаше да заплаче, зашто знаеше дека Даме никогаш нема да ја прими.

Старицата само ја тресеше главата и плачеше, така што беше страшно и тажно да се гледа во неа.

Герман се збогуваше со се. Цветовите како да му зборуваа.- Е, догледање, нишајќи со главите ниско. Ти повеќе не ќе го видиш одблизу родното катче и езерото, татковиот дом. По хоризонтот пак полазиа тешки и црни облаци.

Крајпатниот извор пак блика. Тој се присети: Еднаш тука му го подадов буклето полно со вода на мојот дедо. Тој го крена со двете раце и се напи. Дедека пиеше, капките му се тркалаа по неговата брада како мониста, не оставајќи траги. Го гледав како ја гасне слатко жедта. Потоа го избриша наросеното од пот чело и ми рече: “Сполај ти, синко”. Се сврте кон долината и рече:

“Лека ти земја, стари рибару...” И пак стана темно. Во вагонот беше сам. Тркалата на возот силно трескаа. Тој ја стегаше грутката земја што му ја даде старецот, како да ја прегрнал целата земја за последен пат. И прозорците на неговото купе беа темни. Му се чинеше како да патува низ некоја пештера.

Герман патуваше, се враќаше во Австралија.

Најпосле возот се скроти и застана.

- Солун!- Тесалоники!-викна кондуктерот.

Герман не го чу. Лежеше на подот од празниот вагон, стегајќи ја цврсто грутката земја врз градите.

Неговите деца останаа да го чекаат во туѓа земја...

ВОЈНАТА КАКО ДА БИЛА ПОЗАВЧЕРА Костадин Црноденов, чиниш одеднаш го загуби животот, како крупен камен што се слизнува од рацете на изнемоштен маченик кој станува немоќен да го фати. Само го гледа како се тркала пред него се до дното на недостапната бездна, а џелатот бесно го фраска... Така и војната го фрасна Костадина Црноденов и му остави лузни што сега го тераат да гледа на својот живот како на душман...

Црноденов остана во туѓина сосема сам. Тој само со чувствата понекогаш до очај загребува во животот и во времето попрскано со својата крв во илјададеветсотини четириесет и седмата година.

Костадин Црноденов по војната остана неколку години на лекување во болницата на градот Згожелец. Таму му беа извршени неколку пластични операции, зашто на лицето му беа останале длабоки белези од силната експлозија во суровата војна. Тој ја носи лузната со себе, ја чувствува и болката му ја прави се поголема кога ќе се присети на својот живот, на својата жена - Румена Црноденова, на нејзината младост, која ќе и се сруши пред ова искрпено грдо лице.

Кога заврши војната Румена Црноденова се прибра и си живееше во очекување... Но никако не можеше да верува дека војната носи толку зло, пустош и вечна болка. Таа до последниот миг заедно со други служеше во единиците “Травматофоринки”, пренесувајќи ранети од фронтот до болницата.

Румена беше убава, стројна, со румени образи, вистинска мома за селска куќа. Така и ја памети Костадин Црноденов.

Еден ден судбината го повика Костадин да се врати. Со разбудени стари копнежи, присетувајќи се на животот, пристигна во градот, каде беше сместен во прифатилиштето

“Чаир”.

Кога пристигна го пречекаа луѓето со кои живееше во Полска.

На тие луѓе им стана како навика да пречекуваат, да прашуваат, да се инетересираат, што станало со овега или онега што ги познаваа.

- Дојде Костадине? - му се обрна еден од најстарите жители на бараката број 4.

- Дојдо, Јоше. Во туѓина не се живее сам... Гледаш целиот живот не газат и понижуваат, таму сме туѓинци.

- Тука се сите наши. Има од целиот свет: од Полска, од Русија, од Романија, од Чехословачка, од Унгарија и од секаде ги има...

- Мило ми е Јоше...

- Ти, Костадине, не се сретна ли со некој од твоите. Јас барем сум жива пустелија.

- Не, Јоше. И јас немам никого од моите.

- Никого Костадине. За нас војаната како да беше вчера. Овие прифатилишта судбината ни ги подари како вечни домови.

Костадин се упати по долгиот ходник, не сакајќи повеќе ништо да каже.

Живееше осамен, отуѓен. Постојано го гризеше една мисла: “Ќе и ја оцрнам младоста на Румена. Таа треба да си најде убав човек. Сигурно го има добиено писмото и верува дека сум мртов. Можеби, ако и се јавам, таа ќе ме прими од сожаление и животот ќе и го направам мачен. Ќе посака да излезе пред народ, а јас со ова лице... Нека се омажи, па потоа ќе му се јавам на детето...” Тој се распраша за својот син и дозна дека учи во основното училиште “9 Мај”. Од децата дозна кое дете се вика Црноденов.

Одеше да го гледа оддалеку. Не можеше да издржи да не го види секој ден. Купи големо чоколадо со желба да му го подаде, но не сакаше никој да види. Еден ден му се доближи. Ја испружи раката и му го подаде. Момченцето уплашено го гледаше!

- Како се викаш, момче? - го праша.

- Митко Црноденов - одговори детето.

- Митко?

- Да.

- Имаш ли родители, Митко?

- Само мама.

- А татко? Каде е татко ти?

- Не знам. Мама вели дека ќе си дојде... А една жена и рече:

можеби е мртов, штом досега не се јави.

- Мртов?...

- Така рече жената...

Во тој миг ѕвончето заѕвони. Детето веднаш се стрча кон училиштето.

Костадин Црноденов се врати во бараката број 4.

Кога се врати, Митко и кажа на мајка си за средбата и разговорот со грдиот човек.

Румена се возбуди. Затрепери. Се уплаши да не го изгуби и детето.

“Кој може да биде тој проклет човек... Зошто само по моето дете се вртка?...” Еден ден реши да се скрие, да види кој е тој.

Што сака тој човек?

Костадин одвај чекаше да дојдат децата, да се сретне со малиот Митко, да поразговара со својот син, да го погали...

Оддалеку ја виде Румена, но не сакаше да и се јави. По она писмо што и го испрати, не сакаше...

Румена со лутина и љубопитност чекаше скриена да види кој е непознатиот и кога виде, срцето лудо и зачука: “Зар може да биде... Не тоа не може да е Костадин!?” Но тој беше. Висок, русокос човек, кој несмасно се вртеше околу себе, и кога погледна - лицето му пламна.

- Румено! - извика и и потрча во пресрет. Се сретнаа во училишниот двор. Секој нерв им беше напрегнат. Румена никако не успеваше да се прибере.

- Румено!... Што ти е - ја праша загрижено. Потоа како да се сети. “Да, не требаше да дознае. Таа се разочара од мојата грдост” - си размислуваше и сакаше да побегне.

Отстапи неколку чекори.

- Тој е! Тој е, Костадин!

- Не бегај! Ти си. Зошто бегаш од мене?

Тој подзастана, ја наведна главата и стоеше свртен со грбот.

- Те очекував! Сите ми велеа дека си мртов. Кој беше проклетникот што ми напиша дека си мртов?

- Јас, Румено. погледни ме каков сум... На што прилегам Румено?- ја праша вомјазен. - Ти Румено, не ме очекуваше ваков?

Таа молчеше. Го гледаше и чиниш сакаше да му каже:

“Не знам ни сама што да правам... Невозможно! Ох Костадине!

Ова да не е само лош сон? Што се случува? Што сака животот од мене... Треба да кажам “Да” или “Не”...” Молчеа.

Костадин ја гледаше замислено. Румена чувствуваше неодолива потреба да дознае за што размислува. На Костадин не му се допаѓаше кога го сожалуваа. Тој беше горд, но секогаш не можеше таа гордост да се види на неговото лице.

Румена беше страдалничка. Костадин ја сожали и милно и се насмевна, па таа веќе беше готова да му се фрли во прегратка.

“Да, тој е.” Ех, неволнику! И по овие мисли на се одеднаш му дојде крајот.

- Зар за тоа се криеш толку години? За мене си убав, јас ти го сакам срцето, а тоа ти остана исто и верувам дека во него уште има место за мене. Нели Костадине?

Тој се насмевна и ја прегрна. Румена ги отвори усните да го бакне, но во устата почувствува празнина, суви лузни, сурови траги на железните парчиња.

Румена го притисна кон срцето и гордо заплака. Го бакнуваше по главата, по челото, во очите и размислуваше: “Каде ти е убавината, Костадине? Сите ти завидуваа на личотата, на мојата среќа”. Го гледаше и се обиде да го праша:

- Зошто сакаше да ме одбегнеш?

- Се вратив Румено. Се надевам дека и за мене тука ќе има место? - одвај изусти, кога ја виде со насолзени очи.

- Да, Костадине, ти си пак мој. Тебе војаната те казнила лошо, но мене пак ми ја врати радоста...

Костадин ја прегрна и се и раскажа за писмото и за тоа со колкава болка се решил да и го испрати.

Го фатија за рака и малиот Митко и си отидоа дома.

Кога малиот Митко ги виде двајцата како седат еден до друг, а мајка му толку весела, на детето му остави посебен впечаток, се доближи, го гледаше и како да сакаше да му рече:

“Извини тато што бегав од тебе...” СЕ ВРАТИВ ДА УМРАМ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА Се разнесоа гласови дека Лабро Линин, мажот на прочуената убавица Лина се врати од Америка. Тој без никаква врева се прибра до селото Габреш, припиено за планината Мали-Мади.

Беше пустеливо. Се чинеше дека тој беше единствениот жител на Корештата. “Кога одиш сам, патот се чини подолг”, си помисли Лабро и седна во затревеното гумно да се нагледа на ширното поле или како што велеше тој:

“Мојата мила Корешта”. Така си ја викаше и за неа тагуваше и боледуваше. Седеше скутлен, цврст, но одеднаш се разнежи и небаре ќе го совладаше некаков плач, што му извираше како понор од длабината на душата и во еден момент му допреа солзите и песната од минатото. Се присети како момите се враќаа од вода со разнобојните стомни, кокетирајќи пред ергените. Го однесе мислата далеку, како заробеник, па заборави на се и запеа сосема сам, со силен треперлив глас:

Лино мори севдалино Лапка (јаболко) ќе фрла по тебе мори чупо Ти ќе се врниш да глендаш Ќе ти го видам лицето Лицето бело, Лино, мори чрвено...

Стана и се фати за стожерот, го сврти погледот кон плевната, вратите зјапаа. Под нозете сети испогазена млада трева, немаше мирис од премаз на лепешка, вилите беа изгниени, се беше оставено како од војска која логорувала и отишла...

Тоа предпладне небото над Корештанската рамнина беше шарено, со бели сини облаци. До него допираше шумот од реката и песната на птиците. Се вртеше силно околу стожерот.

Му се сврти и свеста, го врати во младоста, мислата му посака да ѕирне што повеќе во спомените што ги носеше избледени, потиснати и уништени од патилата. Но, човекот кој страсно си го сака татковото огниште, ги чува спомените најдлабоко во тајното скривалиште на душата - се до смртта.

Му се пристори дека ја гледа Лина на бел коњ, во невестинска руба, со бело венче и спуштени телови од бела срма, покриена со бел проѕирен дулбен. Лицето беше бело како снег и сега на Лабро му се губеше низ болните солзи. Небаре Лина му се поклони како на стопан, по нашински, но тој не издржа и ги рашири рацете, а Лина грациозно, како да не згазнува и така му се предава во прегратка... Ја милува... и ја губи за вечно како сопатник во Граѓанската војна, кога беа отсечени од граната двете нозе на планината Мали-Мади. Лина беше голем македонски војник... умирајќи го бараше Лабро, не сакаше лесно да се предаде на смртта. Го молеше за разделба, но ете по таа голема љубов, Лабро доаѓа доцна, но не по негова вина.

Тој се врати за да им бидат коските заедно. Лабро знаеше дека Лина го очекува.

Престана да му се врти свеста, си го избриша оросеното чело и лежеше како ранета ѕверка се до зајдисонце, а кога го покри сенката од планината, не- баре му се пристори дека е покривка од дебело валано црно веленце, воздивна “Ех, љубовта е како црв, гризе по малку, подјадува катадневно, ти одронува од животот... Љубовта е тиранин...” Лежеше така замислен за животот што бил во таа земја кога беше полна со луѓе, со песна, со плод и здравје.

Според раскажувањето на старите луѓе од селото, Лабро Линин, беше скромно и убаво момче, одвоен од секаква политика и неук. Тој се интересираше само за своето парче земја на кое израсна како ластар, од старите длабоки корени на неговите Бочкаровци. Сега Американец, мистер Лем, дојде да умре на тоа парче земја. Тука да подигне светилник. Така и стана.

Плановите ги имаше скроено одамна и на селаните им објаснуваше како ќе изгледа сето тоа, а тие гледаа вчудено во него. Некои од нив дури велеа дека е врлав (нетокму) и дека за него ќе биде спас ако оди и се фрли во ’дмбенското дуло. Но, кога почна да гради му се придружија и оние кој беа на подбивање. Мистер Лем, се разбира им плати за трудот двојно, но повеќето од нив сакаа да работат доброволно...

Градителите ги облече во бела руба, а и светилникот го обликува со бел гранитен камен. “Моите црни патила, сакам да ги претворам во бело... Нашиот корен е тука, во оваа земја. Тој е длабок и бел. Способен е пак да даде род”, им зборуваше Лабро Линин.

Темелите ги ископаа длабоки. Полека веќе се наѕираше обликот на градбата што ја градеа макотрпно само ноќе. “И мора да изникне од темнината”, објаснуваше тој. Се извишуваше, тоа необично здание, а никој не можеше да одгатне точно што ќе биде; дали црква или музеј, споменик или хотел. Некој, велеа, дури дека може да биде и вселенска станица. Така нагодуваа, се додека не почна да се крева највисоката кула, со три ќошиња дури и над врвот на планината Мали-Мади. Мајсторите работе неуморно. Еден ден јавија дека од горе веќе се гледаат планините Пелистер и Пирин. Мистер Лем посака сам да се увери во тоа што беше наумил пред да почне градбата. Кога се искачи на највисокото, извика на сиот глас:

- Луѓе! Браќа! И од ова црнило сега можеме да ги видиме нашите браќа. Кој сака да си ја види судбината?-се загледа во длабочината кон Југ и викна: - Сега може човек во оваа земја да го види пустошот, гробовите.

Се му беше обезличено, подивено...

- Кој сака да им соопшти за сето ова на своите браќа, на светот, нека се искачи!-им викна на оние што го чекаа долу да слезе.

- Ете, тоа е нашава земја! Гледајте! Таа самата пред очите ти се предава тажна. Но, е најубава земја на светот.

Родна земјо! Лабро е твој... Гледај какви луѓе сме! Како мравките-пак сме собрани на куп. Ние сме со тебе, и дење и ноќе и кога сме далеку од тебе... Ние се грижиме за тебе, те галиме со мислите како наша мајка. Земјо! Твоите луѓе се нападени по светот, но тие плачат по тебе.

Слезе возвишен и горд. Ги покани сите што сакаа да се искачат.

Не помина многу време доаѓаа: орачи, косачи, овчари, стари и млади. Свеченоста ја отвори Лабро. Всушност тој се искачи на високата кула и го запали вечниот пламен. Тоа беше сета церемонија. Луѓето очекуваа говор, но тој кога слезе заплака од радост.

- Нека, нека луѓе! Над нашата Корешта нека гори овој вечен пламен. Нека над сите наши гробови, биде една заедничка светлина.

Сега сета корешта беше залеана со светлина. Некаква ноќна птица прелета над главата на Лабро. Тој ја проследи со погледот, додека таа не се изгуби спрема изгрејсонцето...

- Каде ли брза толку!- се зачуди Лабро и нишна со главата, радувајќи се на нејзината слобода, - Летај, птицо! И кажи му на светот за оваа наша веселба...

Веселбата толку многу се разгоре, што ечеше цела Корешта, сите играа, пееја облечени во носии, што ги чувале за најубавите дни.

Меѓу луѓето се разнесоа гласови дека ги снемало гркоманите:

Синот на куцата Кираца и Ването на Дурови.

Некој ги видел како се смушнале накај Бериќ, трчаа задишани да стигнат во Костур за да јават на власта, но веселбата се распламтуваше се повеќе, дури толку многу, што луѓето паѓаа во некаков транс, небаре им се здиви крвта.

Приквечерината дојдоа наоружани хорофилаци*. Го бараа мистер Лем, Американецот. Жолчниот астоном господинот Мицотакис, со коњско лице нестрпливо тупкаше со ногата и нареди по секоја цена да му го донесат мистер Лем.

Но, кога се врати хорофилакот Парцалакис му рече-имам чест да Ви соопштам, дека мистер Лем, порача Вие да повелете кај него на орото.

Астиномот, сега уште побесен, стана и со војнички чекори се доближи до мистер Лем.

- Кога вие скотови, ќе престанете да се враќате! Вие сте одамна отпишани, согласно декретот број 2536-му се обрна тој на мистер Лем.

- Одговарајте!!

Мистер Лем, потскокна спрема ритамот на орото, се сврте го измери со погледот и не сакаше да му рече ништо, но на другото потскокнување со потсмев го праша:

- Што ве измачува господине! Повелете, веселете се, денес ми е празник на душата. За се јас плаќам... Вилју плис мау... Среќен сум што дојдовте на мојата веселба... господине, еј господине, овој е мој роден крај. Гледате, се ми е мило и орото и јазикот, пријателите, улиците. Сите места ми се...

- Вие сте Американец! Тоа го покажуваат наводите и твојот роден крај барај го таму!

- Господине, јас добро се чувствувам во Америка, но тој крај е избран по моја невола и колку да го сакам, не може да ми биде како овој, вистинскиот. Овој се носи во душава, во срцето, господине!

- Вие сте за нас туѓинец!

- Немојте господине да бидете толку... Што мислите, вие? Сега оваа убавина, толку лесно се брише од сеќавањето...

Не, не! Денес светот има сосема друго разбирање. Тоа од ваша страна е грубо, насилно на човека да муго одземаш најмилото.

Ти, на пример: зошто си го сакаш твојот Крит. Мене, тој твој крај ми е туѓ. Со него ниту сакам да си ги мачам мислите...

- Мистер, Лем! Не ми се потребни... Јас ве прашувам што можете да кажете во своја одбрана.

- Тоа, дека не сум виновен. Јас се вратив да умрам на моево парче земја. Ако ми е вината голема, молам свикајте меѓународен суд.

Мицотакис се втурна врз него со крената сабја.

- А, ете што било!? Ти не ја признаваш нашата власт.

- Вие, господине нас не не признавате во сопствената земја.

Што сакате да ви го признаам вашиот пуштош.

Погледнете ја Корештата!... Но нашиот корен е тука и јас дојдов да умрам тука! Ете, тука!

- Само тое не! Ако останат твоите коски тука, тогаш тоа истото ќе го прави и твојот род...

- Токму тоа ми е целта, господине. За да се бараме вечно во оваа земја. Такви се нашите исконски преданија, како кај Јагулите...

- Тоа не може! Јас сум власт!

- Вие, господине Мицотакис, можеби повеќе се разбирате во меѓународното право, но јас сум сопственик на ова гумно...

Колку што знам во светот секаде е така, па и во твојот Крит, зар не? И вие, господине, немате право да ми ги терате гостите од ова мое парче земја. Оваа земја јас сум ја орал. Пред мене ја орале дедо ми и татко ми. Тука во ова земја е закопан дедо ми;прославен Илинденец, покосен од ваш жандармерски куршум. Во илјададеветстодваесетипрвата го облековте татко ми војник за да ги остави коските во мала Азија, за вашата голема Елада! Во илјададеветсто-триесетдеветата ги облековте војници и моите браќа за да ја бранат голема Елада од Италјаните и не се вратија од Тепелени! Ех, мој господине!

Потоа ме изгонивте и мене. Ете, зошто денес ми е празник на душата. Гледате-секој ден ни се заканувате, а каде ви е вашата рекламирана цивилизација? Не слушаш што ти велам, а? Тука се оженив за мојата Лина. Тука ми се родија и децата и од оваа земја вие ги прогонивте во источните земји. Ете, по обој пат што води кон гробиштата моите преијатели ја носеа во бел сандак мојата Лина. Гледаш зошто толку се радувам. Денес од светилникот си ја видов целата татковина... Ме разбираш ли човеку, астиноме? На, напиј се за душа! Остави ја политиката...

- Не зборувајте така мистер Лем. Ќе бидете приморани на...

- Не ми викајте, Лем, туку Лабро Бочкаровски! Јас сум син на Циљо и Веса, внук на дедо Крсто војводата! Роден сум ете туму, во ќошот на урнатините. Присилно иселен! Не сум бегалец па да ми е срам да се вратам, туку изгонет.

Вашите документи, мистер Лем. И ви забранувам да зборувате на славофонскиот јазик. Вие за нас не постоите.

- Немам документи. Ги закопав во темелите. Јас дојдов да умрам на својата земја.

- Тоа не може! Ние ќе треба жив да ве извадиме од нашата Хелада. Не заборавај, ти си Американец, мистер Лем.

- Но јас, господине, таму цел живот работев, само за да го изградам овој светилник и тоа ми причинува големо задоволство да умрам на своето парче земја. Мое човечко право е каде ќе го положам мојот живот...

- Вие уште си земате за право да го наречете светилник?...

- Да, господине, оти досега најтешко ми беше кога требаше да се крстам на туѓи светилници. Не заборавајте! И ние имаме светли ликови. Сакаш да ти набројам? Јас веќе им го одредив местото тука на сите нив. Што мислиш, зарем тие малку сторија за својот народ. Тие и во народот веруваа... и ние имаме светци, господине, родени од нашиот народ, а што лошо сторив јас, само им оддадов почит пред да умрам тоа е човечка должност и наша традиција. Не ме донесоа овде никакви ветрови, туку- срцето...

Вие, значи, се разбирате и во револуција? Вие знаете што ве очекува мистер Лем?

Обајцата стоеја еден спроти друг лице в лице.

- Господине, нашиот народ вели: подобро е да умреш убиен, отколку смртно исплашен. Во мојата земја, сепак, гробот е најсигурно место против мојата судбина…

- Аха, така значи, стари!

Зад нив Ването на Дурови и синот на куцата Кираца ги триеја рацете.

- Пљусни го, кирие астиноме, оти тој ги наврти селаните, да му ја застишат оваа бела лепа к'ашта!

Ете, од тука натаму се одвива историјата на Лабро Линин, сета мака, сета жед за справедливоста, сите страдања на неговите предци, се чинеше се сплотиле во него. Во достоинствен изблик на гордост, облечен во бела руба, Лабро ги крена кон небото растреперените раце и се самозапали.

Гореше без да падне и така го предаде својот живот на саканата земја.

ИСПОВЕД Тој ден Добрин Сувогорски бесцелно делничеше низ градот и така реши да се врати кај родителите во Лерин.