Tragedy and Wrath (In the Shadows of Exile)
(UNSCOB) - Part 06
По извесно време кога се стиши брмчењето на колата која се оддалечуваше, Костадин Василевски се смири и така остана скутлен над парчето земја што го зачува непрегазено.
“Ох, чувствувам нешто масивно. Да не ме прегази?
Нешто како да ме израмна со земјата, но што беше? Не знам точно...”, рече и остана скаменет, гледајќи во сликата што ја држеше во раце. Костадин Василевски, мислеше тука ќе беде тивко. Луѓето ќе зборуваат на полуглас или ќе молчат, докрај предавајќи се на далбоките чувства и мисли. Ќе има посетители: татковци и мајки, сестри и браќа, вдовици, деца и внуци, пријатели кои им го почитуваат делото. Очекуваше да настапи минута на молчење. Тишината да ги распространи своите крилја на долината, а луѓето да одат и одат, не криејќи ги своите солзи, не скривајќи ја незгаснатата бол. Му се чинеше дека ќе види венци и букети свежо цвеќе. Цвеќе, цвеќе...
Очекуваше да ги чуе возбудливите зборови на минатото кои на човекот што тоа го знае му доаѓаат одсрце... сакаше да се распраша за се, да му раскажат за таа лавина од туѓи војници што ги протера луѓето од своите огништа. За тие горки дни, кога грозеше непрочуената беда. Тогаш за тука секој ден го носеа камионите својот страшен товар... Умираа.
Немаше спуштени копја, ни проштални залпи, ни венци, ни надгробни зборови... И сега скутлен ги затвара очите над сликата и се обидува да размислува што е со тие луѓе... Ја гледа глангосаната земја и чувствува под неа коски...
Стана, го присобра цвеќето, раздаде неколку стебла на помладите од наседнатите и полека отиде да седне на клупата.
Никој ништо не му прозбори, им изгледаше нешто необично.
Но од крупните солзи што се ронеа над овенатото цвеќе, некои трогнати и веќе ги напуштаа своите места несакајќи да узнаат зошто старчево така ги прошива со мачниот поглед. Во почетокот на некој им се пристори дека се поклонува пред луксузните лимузини, пред луѓето што се додетарани со брадулиња, бакенбарди, келави глави, пред дамите со обеси накити. Не знаеја дека го повикува минатото, па затоа дојде Костадин Василевски дури од Австралија да положи цвеќе, да срони неколку машки солзи, да се растовари од горчилата. Сега тој пак сронува, но уште погорко се поклонува пред баталисаните гробови. Колку убаво ќе беше ако имаше и Костадин Василевски, ете таа мала желба - гробница и епитаф.
Но војна беше. Сега не е војна, но зошто нема надгробна плоча?
Колкава му беше желбата на Костадин Василевски, кој може да пресуди што е поболно да се гледа-гробови или делови од смртта тука таму расфрлани по реката. Ете, што сакаше, старчето, едно мало место да застане и да му се обрати на својот син: “Мило мое сине, ти го донесов она што го сакаше како млад”. Но ете му остана в раце. Не знае каде е, да го фрли, не може. Тоа беше ветено за неговиот син.
- Да, болката била исто толку неизбежна колку и смртта, - рече човекот што седеше од спротива и за цело време го следеше Костадина Василевски. Гледаше во овенатото цвеќе и му се чинеше дека ги слуша глесовите на изминатите времиња. Тој не сакаше да навлегува во длабината на расказов, само го предизвикуваше овенатото цвеќе, го дразнеше како да ги гледа тие луѓе пред него.
“Проклет да бидам, не можам да ги заборавам.
Анатемисан да бидам, уште колку ќе живееме со такви болни мисли...”, размислуваше човекот.
- Ти што остана со мене, да не си од нашите местиња?..., - го запраша старчето.
Човекот пак молчеше. Слушајќи го Костадина Василевски му се пристори дека се враќа во тие проклети дни.
“Јас, старче, ако не можам и немам сили да го задржам сопственото минато, можам ли да зборувам со себе? На што јас сега повторно да се надевам, на името - Егеец, што го носам од тоа море како и ти?...” Човекот почувствува дека му станува гнасен со неговото здодевно климање... Пребиен од неговата болка, од спомените, од овенатото цвеќе, стоеше како обвинет човек од она време што не значи ништо. Стана и тој да си оди.
- Да не е нем? - помисли старчето.
“Ех, дури од Австралија доаѓам за овој гроб!... Да сега видов што значи; ако се урне од бурата едно моќно дрво, тоа веќе не се подигнува... се увери ли, Костадине, дека коските на син ти се цената на земјата во која е роден и ништо друго, оти?” Костадин Василевски остана сам, денот веќе прекрши и жештината не беше толку силна. Сонцето не успеа да се отркала зад хоризонтот, така огромно, блескаво, го покрија темни облаци и преку сето небо јачеше со моќни татнежи грмотевица. Модрите молскавици една по друга кршејќи се забиваа по долината на брегот.
Луѓето почнаа да бегаат. Човекот што се исплаши од сопствените мисли се оддалечуваше полека, но желбата му беше посилна од стравот. Погледна во стебленцето и проговори:
- Проклето наше, зар толку да бидеме анатемисани!
Времето беше тажно и мрачно се слушаше само лизгањето на водата што иташе накај југ. Се сврти човекот тагосливо назад и виде како Костадина Василевски го обвиткува мрак...
Катлановска Бања, 1968 година.
СОБИРАЧ НА РАКОВИ Сеедно му беше на Крсто Билчуровски каде ќе го осамне или стемни. Едно утро, уште од рани зори, тој по реката ги превртуваше студените лизгави камења под кои беа испикани ракови. Многу мајсторски ги фаќаше тие животинки.
Тој ден имаше фатено доста. Кошничката вриеше од многуногите животинки, а Крсте се радуваше за богатиот лов.
Нозете му беа модри и сета крв, чиниш му беше под колената.
Но, стрвно ги фаќаше раковите, оти тоа му беше неопходно...
“Доста е за денес”, рече погледнувајќи кон брегот, оти веќе беа стигнале излетници и се распоредуваа под дебелите сенки, секој како ќе се снајдеше. Во градот беше наплотила несносна горештина, а и во весникот пишуваше дека ова лето сонцето ќе излачува ултравиолетови зраци штетни за човекот и така луѓето бегаа во ладовината... Но, Крсте Билчуровски не знаеше ништо за тоа, оти за него тоа беше секојдневна работа, едноставно да собира ракови.
Покрај неговите работи, што ги имаше оставено под високата врба, тукушто наседнуваше едно семејство, без да забележи дека некој седи тука под сенкава. Но и останатите шеи од Крстета не даваа белег, оти го има зафатено местото, зашто тој ги имаше оставено високите подлижани чевли и една салосана торба во која го носеше секојдневниот прибор за јадење.
Крсте Билчуровски излегувајќи од реката се доближуваше до своите работи и кога забележа жената што беше во моден костум за капење рече: “Уште со ова аро требаше да се сретниме...”, а пак маж Трпо, слушајќи ги овие зборови, се поткрена на лактите сакајќи да го види човекот.
Крсте Билчуровски се поблизу доаѓаше, чинејќи им нив впечаток, зашто така дрско се упатува, токму направо кон нив.
“Зар и тука ќе треба да се нервирам...”, рече жената.
Трпо се притаи земјаќи уште поготовна позиција за да го спречи човекот да ја пикне главата под сенка што денеска им стана сопственост на Трпо и Трпејца. Но Крсте Билчуровски си чекореше слободно кон нив, оти па за него да не е сопственост кога уште најрано ја зафати, а таму веќе тој имаше испланирано и огниште за печење на ракови...
Кога веќе стигна, молчаливо, одеднаш тивко ги поздрави со еден меланхоличен свев.
- Тука седам и јас...
- Баш тука? - праша Трпо.
- Да. Па јас тука имав свои работи, - му одговори барајќи со погледот околу коренот на старата врба.
Трпејца потстана и го измери со погледот убаво, а Трпе се сепна.
- Кошула и чевли бараш?
- Да - рече потврдно Крсте, - ете тука ги имав.
- Ене ги - рече Трпо покажувајќи му во капините, и киниса за да му ги донесе, извинувајќи се оти ги фрли трпејца кога почистуваше.
- Јас помислив дека се неупотребливи-дообјасни трпејца постелувајќи го удобно мазното гоено тело.
- Повели - му рече Трпо држејќи ги со двата прста како да држи нешто од кое многу се гнаси.
Трпејца му намигна на Трпо како да сакаше да му рече:
“Витосај го!” Крсте Билчуровски седна смирено и почна да ги потстегнува сиџимките од чевлите, а потоа ја префрли кошулата над потното тело.
Го фрли погледот кон кошничката и забележа дека неколку од раковите излегле и разлутено се разбегнуваат.
Крсте рече: “Ќе ги убијам!” Еден крупен рак и се приближуваше кон неосончаните делови на Трпчејца. Таа скокна исплашена. Трпе подналутен сакше да го истера човекот сосе раковите, оти тој дојде да се одмори, а не да го обеспокојува некој си бездомник! Некој си раколовец.
- Јас овие ги јадам, госпоѓо, а ти се плашиш од нив!
Ги усмрти раковите удирајќи ги со една не многу дебела прачка.
- Трпо, да се преместиме - Трпејца налутено, гледајќи го напреку Крстета Билчуровски.
Не, седете си госпоѓо! Јас ќе си одам. Ќе одам да ги приготвам, рече Крсте, - Само извини - му се обрна на Трпе.
- Ти да не си Трпо Дунимагловски. Трпо остана така подмекнувајќи од својата лутина која го имаше навасано и го тераше да му се стопори што му ја исплаши женичката со своите ракови. Трпе, направи подналутена насмевка и ги покажа своите ретки заби, а тогаш се увери Крсте дека е тој.
А ти, кој си?
- Јас? Хмм. Гледаш..., собирач на ракови...
- Не се шегувај, но кој си? - му се обрна сериозно Трпе, не обрнувајќи внимание на Трпејца што фучеше како поскок.
- Сети се, другар Трпе!
- Не можам...
- Билчурот сум...
- Зар си ти, Крсте!?
И така онеме: “Не, немој да се шегуваш човеку. Крсте, зар на ова дереже ќе дозволи да дојде. Тој да се најде. Не, не, тој беше убав, уреден маж. Зарем само една кошничка и оваа скината облека ја спечали во животот. Билчуровски беше храбар и достоинствен... Тој не би дозволил така...” му се прекршуваа мислите. Крсте го гледаше човекот како се намачува и не може да се реши да каче: “ Ти си Кртсе” или “Не”.
- Јас сум! - одговори гордо Крсто Билчуровски.
Трпе некако се збрка, но кога ја погледна жена си, пак се прибра. Крсто ја поткрена ногавицата и му се покажа длабоката лузна. Трпе пак се вџаши и му се пристори, како сега да ја гледа крвта како блика.
- Да, Крсте, си! Навистина ти си! Десетарот Билчуровски- Билчурот.
- Седни, седни Крсте. Магдо, запознај се, соборец ми е. Тој беше храбар и добар борец.
Магда се поздрави студено и со скришен поглед го загледа Трпе: “И ти мажу ми изгледаш недокрстен како Крсте. Ти сега после толку години соборец и...”.
Седна прво Трпе, па Крсте. Се погледна срамежливо, а кај Трпета никнуваа и гаснеа морници...
- Ти Трпо се спаси. Повторно не дојде во нашите краеви... А и добро стори, нели, оти, ете, ме гледаш. Човекот понекогаш нема вредност ни за пет пари. Не му требам никому. Ќе треба да си одбереш патека во животот по која ќе одиш и не ќе им пречеш на луѓето. Но ете, денес тебе несакајќи ти ја фатив порано сенката. Сега ќе се одмараше. Ве вознемирив, простете ми...
Сакајќи да стане, пак повтори: простете ми, да одам, одмарајте си.
- На, напи се малку лута! Поседи малку!
Крсте држејќи ја чашата се збуни. Благосовите одамна ги беше заборавил. Па во невдоап рече: - Ај, за минатото!
- Наздравје!- рече Трпо.
- Толку години каде го помина животот-го запраша Трпе.- Имаш семјство? Гледам, се заниваш со спорт. Раковите да ги приготвиш добро тоа е прочуен специјалитет. Таа е полувитаминска храна, дава машкост и борбеност...
Крсте Билчуровски, го гледаше јадосливо, голтајќи ги последните капки. Оти тој во последните години не сакаше никому да му ги повтори неговите патила, бидејќи чувствата одамна му откажаа.
Но пред него е еден соборец колку и да го чуваше тоа скривалиште ќе треба да одговори.
- Го протркалав животот - рече. - Кога човек ќе го распарчи животот потоа не може да го присобере во една целина. Ќе виси минатото како партали по него и ништо... па и никој не ти верува дали е тоа парче твое или не.
Трпе ја почувствува неговата несреќа. Не му одговори, само му дотури уште ракија.
- Ти си среќен - рече Крсте. - Мило ми е, Трпе, што те гледам така убаво. Да не си некој големец?
- Сум нешто...
- Убаво. Ете, тоа ти е кога некој ти го признае животот.
Ех, колку сакав де не навраќам со мислите во во тие глуви години. Но ти Трпе, сакаш да знаеш нели? Јас се испустив. И сам не знам, зашто така ме накажа животот.
Можеби требаше да тргнам по тој пат, но ги имаше доста скоро сите од нашиот крај, освен вие неколкумина... Јас тогаш на тебе бев многу лут. Те нареков дезертер. Прости ми, Трпе.
Сега гледам дека ти работите ги гледаш подалеку... А ние слепјаците сакаме да останеме верни на револуцијата и народот... Таква беше паролата, де...
- На народот... рече Трпе иронично, - аман, бре Крсте.
Е, така беше тогаш.
- Убаво си сторил Трпе, си го одбегнал суровиот живот, оти кој влезе во борба со него, ете... Јас по ликвидацијата на војната се најдов со инвалидите во Полска.
Живеев таму четири години и пет месеци. Работев во една инвалидска задруга. Потоа не префрлија во Унгарија по налог на одборот на бегалците. И таму проживеав три години и седум месеци. И како што гледаш јадри парчиња од животот, што никој не вели да се мои...
Воздивна и пак продолжи:-Ти знаеш дека жена ми остана во нашите краеви и со неа нема повеќе видување... А едно дете имав во Чехија. Решив да одам кај него. Таму проживеав четири години и девет месеци. А потоа се случи најстрашното...
Срона неколку солзи и со мака рече: - Ми погина... Се прибра, го стегна јазикот и пак продолжи.
- Кога се разлабавија работите, решив да дојдам тука.
Жена ми ми пишуваше да се вратам на огништето, оти она никако не сакаше да го остави. Мене не ми се одеше победен, оти ти барем знаеш каква клетва зедовме кога излеговме за слободијата на нашиот крај... Долго ме мачеше таа гордост.
Сега ја немам, но таа ми одзеде се... и така, Трпе, дојдов тука.
Убаво е, се радувам што гледам наше... Во туѓината да ти пукне душата. Ми се смирува душата кога размислувам подлабоко...
- Сега како ти е животот, Крсте, добро нели?
- Добро, Трпе, ете и се погледа во кошничката...
- Ти, Трпе, каде работиш? Да не си некој од оние што решаваат...
- Не, сега имам боречка пензија. Пишувам мемоари, Крсте.
Крсте остана замислен: “Значи пишуваш мемоари? А мене живото ми се слизна како рак во бистра вода. И го изгубив...”
- На едно место ти имам посветено неколку реченици и тебе, оти те знам каков храбар беше, си припомнувам таму на Бигла...
Ти да не имаш пензија, Крсто?
- Немам. Одговори суво.
- Немаш?... Зошто така?
- Не знам... така се подредија работите...
Полјаците ми одгорија: “Ако немате пет години активен труд во Полска не ви следува пензија”. Се обидов кај Чесите, исто. А Унгарците не ми ни одговорија.
А за боречка, треба да докажувам, не ми сечи умот...
Тие што ме знаеа јас не ги знам кај се. Се мачам да го избришам од умот сето тоа, оти кога ми навираат спомените ми е мачно...
- Работиш некаде?
- Да, ги чувам имањата на неколку стопани. Има и еден од нашите местиња. Има големо лозје со виличка. Оваа година му го ископав убаво, па ми рече: “Браво нашинец, убаво работиш...”, ми фрла по некоја паричка, но не му кажав од каде сум и кој сум... Јас, некако, го познав по муабетот ми се чини и тој беше долу во почетокот.
- Со нас? Кој да е? Адвокатот Митре, не. Историчарот,... А, да!
Знам, рече Трпе. Па тоа е оној што постојано го болеше слезинката... Јас тука го најдов. Тој пред мене...
- Да тој е, потрди Крсте. Но сега да го видиш...
Господин. Доаѓа на имањето и од ќошот ме прашува: “Како е мајсторе? Ми се чини дека подлабоко треба да се копа. Не? И внимавај на лозите да не ги оштетиш. А една женичка што има нежничка... Убави, учени луѓе...” Крсте, замолкна и остана со лицето празно без желби...
- Да се подместиме - му рече Трпејца.
- Не, не госпоѓо, останете си вие под оваа убава ладовина, јас ќе одам.
Ја зеде кошничката, се поздрави и отиде да ги пече раковите.
- Ти знаеш ли Магдо, каков борец беше Крсто таму долу.
- Се гледа недокрстен. Ти беше потребен муабетот, толку време со тоа твое минато, веќе ме пукна! Колку пати ти реков со такви ни збор... Кому му треба тоа минато, ете ти го Крсто твој - жива историја.
ПРОДАВАЧКА НА КАРАНФИЛИ Рано утро на скопската станица застана возот. Од вагонот излезе висок сув маж. Никој не го очекуваше.
Роднините му живееа во костурско. Познати во Скопје немаше.
Филип Маленков тукушто пристигна.
Одеше весел по улиците на градот за кој одмна мечтаеше и се надеваше дека еден ден ќе се вработи. Обземен од чувството на размеженост, се раѓаше за него љубопитство за напишаното на мајчин јазик, па ги читаше бегло фирмите.
Се упати до бирото, да се пријави. Да ги достави сите белешки што ги собираше со години. Потврди на “ис” - и друго. Чукна на вратата и кога слушна “Да” влезе. Со сите се поздрави срдечно, им се обрати - “Како сте браќа?”. Некој со потсмев одговорија “Добро, добро”, и се погледнаа еден со друг. А еден набиен, млад референт, соопшти преку телофон за новодојдениот, “ослободител” и праша во кое прифатилиште да го смести.
На Филип Маленков не му појде од рака да отвори муабет со сите оние што првпат ги сретна, да си поразговара како со свои, да се растовари малку од носената носталгија, од навредите во туѓината. Се чудеше: оти никој не го прима тоа, кому треба тоа да го каже, или никому. “Можеби, Филипе, никому...” и, си помисли да не е сомнителен, та никако не можеше да си го објасни тој збор “Ослободител”. Дали тоа е ирончно, или ете...
Ох, Филипе...
Филип Маленков маж на четириесет и пет години се врати пак во татковата земја. Тој си дојде со диплома од некој “Исторически универзитет” и со таква диплома не беше едикојси, туку историчар и беше убеден дека ќе си најде место во татковата земја. Па што толку се разнежуваш, Филипе, во тие чувства и се лутиш на луѓето што те нарекоа
“Ослободител”.
Размислуваше.
“Сега ќе се вратам и треба да се смирам, плукни Филипе на минатото. Ако немаш диплома, да те жалев, а сега што?...
Можеби таков е редот, но со луѓато не верувам толку да се измениле.
Човекот наш, тој треба да си остане. Таман работа ако и ние правиме така во туѓината.
Се припомнуваше на тие дни, на едно парче весник од - Нова македонија - што го препрочитуваше неколкупати додека да стигне новиот број. Им објаснуваше на колегите Руси за прекрасната земја во која еден ден ќе се врати и пак ќе си го има тој изгубен вкус. Оти, тој, Филип Маленков, не беше човек без одредена животна, цел неговиот живот си имаше постојано корито, како и сите луѓе со кои се најде во – скитништво -. Но му остана тешко; оти луѓето, човекот наш не остана така близок, расприкажан. Ние сме мал народ, во нас тече иста крв и никој не може и не можел досега да ја помеша... Тие таму што доаѓаа од оваа земја многу умееја да ни ги разгорат чувствата и на соборите весело се прегрнувавме, како браќа.
Но, Филип Маленков, сега вратен, дури смешно го изговараше мајчиниот јазик. Уште го носеше презимето на “ИС” - и сите чинеа дека е некој друг, од оној јужен крај, а не тој, Филип Маленков, изгонет од своето огниште, од своето родно врталиште.
“Филипе, остави ги тие чувства. Скрпи си ја душата, заседели се. За животот се потребни две нешта: куќа и работа”.
Благосостојбата на Филип Маленков стануваше се подобра и за неколку години, веќе мебелот го смени по вторпат. Си купи и кола. Саботите и неделите ги распореди за одмор, рекреација и лесни прошетки во околината или внатрешноста на земјата.
Едно утро одиде на пазар да купи нешто посвежо, а на излегувањето го фати подлактот една рака и лабаво го држеше, а кога успеа да се сврти виде едни очи како играа вперени со љубопитство во него и кога веќе ги загледа убаво, помисли дека нешто сторил, па така смело во него тие очи, што бараа одговор од минатото од некое си време...
Со другата рака тие две очи му подадоа каранфил, а на подгорените усни се разлеваше блага насмевка.
Филип Маленков се обидуваше да остане прибран, со некакво госпотско височество, па скржаво се насмеа, но уште така тврдо остануваше и се прашуваше: “Што сака оваа продавачка на каранфили? Јасс ништо не сторив...”, Стоеше со торбите полни со овошје и од тој товар што го издржувае тие негови оптегнати раце, прстите му имаа посинето во подноктите. “Што сака?
Зерем ми е потребен овој каранфил? Остави ме, жено со товарот. Пуштиме во мир да живеам...” Но тој се реши да го купи, оти продавачката беше мошне упорна.
- Колку чини?-праша. Само да не ја одбие. Нака заработи и таа.
Има семејство, си помисли Филип.
Ти го подарувам, - му рече жената и на нејзиното лице огреа насмевка. Со раката се повеќе го стегаше.
- Ти го подарувам Филипе!-а тој остана како втесен, скаменет.
Мислите му претрчаа по роднините, по пријателите, по сите што ги познаваше. Потоа по оние што ги фрли во заборавот, што веќе почнаа да му се редат како лента, но тие тогаш беа млади, без лузни, со убав ѕвонлив глас.
Ја здогледа убаво: “О, колку тага, колку неизмерна жал и најнежен копнеж имаше во тие сини, а многу изморени очи...” Кога се поздрави, почувствува здрава тврда рака. “Леле, што може да стори времето...”, одеднаш се штрекна кога му застана во мислите таа лента од заборавот. Некои белези на оваа жена ги успоредуваше: “Таа е? Не! Или која е ова со таква смелост?!
Што ќе ми е тој нејзин каранфил? Ќе го вратам. Не, Филипе”.
Една мисла повјаса па го задржа неговото достоинство.
Не можеше да се прибере. “Но што сака оваа жена, со овој каранфил? Ме држи пред минувачите како фатен арамија.” Но пак скротено со мислите сакаше да ја праша: “Ајде жено, што сакаш. Не ме мачи, кажи која си. Сигурно си мајка на некоја од учениците, да?” Продавачката му ја држеше меката рака и му се обрати:
- Ајде, Филипе, сети се, а?
Тој молчеше, оти тешко му беше да каже: “Не те познавам”. Но тој не сака ништо да знае за минатото, за тие времиња што изрикале низ животот и сега ги ослабија сетилата, го направија одвлечен од тие општествени работи. А можеби од тоа што го нарекоа “ослободител”. Но, Филипе, брате, зарем толку таа шега не можеш да ја разбереш дека тој што ти рече така е еден.
Си поставуваше необјасневи прашања.
Му стана тешко: “Оти не си ги знаеме патилата”.
Во него одмна бунтуваше мислата дека тој е предан барем на својата нација, но што да стори кога времето му налепи се и сега му се чини дека не е грев што не познава никого, подобро никого...
“Досега можеби бев полтрон, а сега обичен индувидуалист, научник од среден ранг што, чинам, си ги има своите хонорари...” и им вели на сите “Оставете ме да живеам, луѓе!
разберете ме...” Но, Филипе, зарем овие луѓе треба да не ги познаваш?
Со нив ја делеше и крвта и смртта. И пак го мачи една мисла:
“Ајде, Филипе, прашај која е. Таа добро те познава, а ти?
Можеби ќе те пуштеше ако го платеше каранфилот?”
- Која сум, Филипе, сети се...
- Не можам не... Но, само на некој црти...
- Јас сум, Цана.
- Цана! Водникот наш. Извини, Цано.
Ги пушти торбите покрај големиот куп цвеќе.
Цана го прашуваше за минатото, а тој само клатеше со главата за се што прелистуваше таа во минатото. Мислите му беа забодени во ребрата на минатото.
“Земете си каранфили, однесете на вашите жени, на вашите мажи. Еј ти госпоѓо, земи си каранфили. Еден црвен еден бел и... колку? Убави се, однесете дома радист. Госпоѓо, обично се зема по три...” и со бела хартија им ги обвиткуваше сочните стебла.
А таа нејзина блага насмевка се разлеваше по нејзиното испечено лице истуркувајќи ги мачните црти од минатото, а проседената коса даваше белег за почитување.
“Цано, зарем тоа си ти? Нашиот водник саканата Цана, пред дваесет и пет години, кога не ставаше во ред нас голобрадите партизанчиња и ни кажуваше како се носи пушката, како се лази по окопите и парчињата леб ни ги делеше по токму”.
Се присетуваше како им читаше лекции, од материјалот на агитпром за напредокот на револуцијата, за сенародниот отпор, оти само големците не ја водат револуцијата. За слободата и за нивните чинови по неа. Се присети и на времињата кога Цана го праша: “Ти, Филипе, што сакаш да станеш по ослободувањето? А Филип, срамежливо го потскриваше голобрадото лице.
Колку стоеше убаво партизанската капа во бујната коса!
Широкиот појас со бронзената петлица, барабелот, везените ѕвездички на водник, униформата, пола руска и пола англиска.
Не учеше на она војничко чекорење, со песна што одекнуваше ѕвонливо од младите грла. Си припомнувам: така јурејќи погинаа многу и нашиот вод се пополнуваше со новодојдени од резервите, со млади невозрасни деца, старци, жени на погинати, религиозници, страшливци, кавгаџии, нереволуционери, вратени дезертери, пленици, тагосници, ентузијасти, градски девојки и занаетчии, фатени при напад на градовите. Тоа беше онаа Цана со сите тие што се справуваше, не по подредуваше и така по таа револуција некаде и таа и јас заминавме по светот, само со својата гола душа..”
- Нели, Филипе, мислеше дека никогаш немаше да се сретниме?
- Да, Цано. Но...
Добро си облечен, си станал големец. Мило ми е Филипе, брате.
Ама баш ми е мило што те гледам. Ти беше и најмал во нашиот вод, нели? Потврдуваше: “Да, Цано, да…” Ти, Цано... сакаше да ја праша за животот, но го прекинаа минувачите кога Цана им нудеше цвеќе...
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/tragedy-and-wrath-koba-i-gnev-e-book-macedonian/10 on October 29, 2026