The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 05
Во декември 1905 година, големите сили приредија демонстрација со својата флота во Солунското пристаниште.
Таа поморска демонстрација имаше цел да ја натера Турција да ги прошири и забрза реформите во администрацијата, финансиите и судството. Од посебен интерес беа планираните проекти за реформи во Македонија, донесени меѓу англискиот и рускиот монарх во Ревал од јуни 1908 година. Во нив се предвидуваше автономија на Македонија. Но, Младотурската револуција од 1908 година го попречи остварувањето на овие реформни проекти. Во 1909 година реформните сили престанаа да ги изведуваат реформите во Македонија.
Иако реформната Мирцштегска програма не придонесе нешто значително за подобрување на општествено-економските и политичките прилики во Македонија, таа сепак придонесе Европа поодблизу да се запознае со вистинската состојба во Македонија. Таа всушност придонесе за афирмација на национално-ослободителната борба на македонскиот народ.
При ова треба да се истакне дека Мирцштегските реформи имаа меѓународен карактер, во што е и нивното значење.
ГОЛЕМОГРЧКАТА ОРУЖЕНА ПРОПАГАНДА Грчките владеачки кругови уште во втората половина на 19 век организираа оружени акции, со цел да ги остварат заграбувачките планови на “мегали идеја” во Македонија. Во првата деценија на 20 век и особено по Илинденското востание, големогрчките оружени акции имаа таков карактер и размери, што преставуваа еден вид воена интервенција, организирана и изведена од грчката држава против македонскиот народ, кој настојчиво се бореше против големогрчката и другите странски пропаганди, кои подготвуваа терен за разграбување и распарчување на Македонија.
Уште во првите години на 20 век, големогрчката пропаганда под раководство на грчките митрополити и конзули во Македонија организираа и употребија против македонското ослободително движење неколку вооружени чети или групи, кои истовремено служеа на турските власти. Во 1903 година, кралството Грција и Патријаршијата зазедоа непријателски став спрема Илинденското востание. Тие се солидаризираа со слутанот и организираа против востанието низа непријателски акции. Тогаш (во јуни 1903) од Атина беа испратени во Македонија и првите вооружени чети, кои заедно со турска војска војуваа против македонските востаници.
По востанието, воениот крус на големогрчката политика спрема Македонија и македонското револуционерно движење достигнаа врв со организирањето на големогрчката оружена пропаганда. За таа цел грчката влада и дворот, летото 1904 и во наредните години испратија во Македонија околу 10 дипломати, (конзули), над 100 офицери, околу 110 вооружени чети наречени андарски, неколку стотици пушки, големо количество оружје итн. Во грчките конзулати во Солун, Битола, Серес и Кавала работеа како службеници по неколку одицери, кои под раководство на конзулите ја раководеа големогрчката вооружена пропаганда во дадената област. Едни од нив беа задолжени да водат грижа за андарските чети, други за шпионажата итн. Во грчката шпионажна служба во Македонија беа ангажирани над 200 шпиони, кои истовремено им служеа и на турските власти.
Грчката влада и дворот сметаа дека македонското револуционерно движење, кое го претставуваше пред светот како “бугарско”, требаше да биде ликвидирано зашто беше непримирлив противник на поделбата на Македонија. За таа цел тие склучија со турската влада договор за соработка. Во рамките на таа соработка грчките андарски чети избегаваа да се судираат со турските власти, а овие првите години формално преземаа потерни акции против нив. Големогрчката оружена и легална пропаганда дејствуваше против македонското национално ослободително движење. Поради тоа уживаше од турските власти разни олеснувања и привилегии. Турските власти, особено самиот генерален управувач на Македонија Хилми Паша, не дозволувале македонските села да се отргнуваат од Патријаршијата. По барање на Хилми Паша, со согласност на Султанот, грчките четници не беа судени од вонредните воени судови, што беа формирани да ги судат припадниците на македонското револуционерно движење.
Така турската држава место да ги заштитува своите државјани – Македонците, првите години ги толерираше странските интервенти – грчките четници, кои според зборувите на грчките офицери, колеа како да сечат трева, а не луѓе. За таквите злосторства тие добивале инструкции од атинските раководители и од грчките митрополити. Последните, односно Костурскиот митрополит Каравангелис, битолскиот митрополит Форопулос, гребенскиот, драмскиот и др.
митрополити бараа од андарите со терор да и го потчинуваат населението на Патријаршијата.
Во почетокот на 1905 година, атинскиот “Македонски комитет”, кој ја раководеше големогрчката вооружена пропаганда во Битолскиот вилает, им издаде наредба на грчките чети да го засилат теророт против македонскиот народ. Во наредбата, меѓу другото, се велеше: “Гонете ги и истребувајте ги барбарите...” Веднаш потоа раководителот на андарските чети на Битолскиот вилает Цонтос-Вардас, во соработка со Каравангелис и грчкиот конзулат во Битола, решија да го уништат село Загоричани, Костурско. Пред нападот на многубројните андари, Вардас им прочита една наредба во која се велеше: “Херои осветители, вие сте повикани да го извршите уништувањето на Загоричани и на неговото население... Вие сте потомци на боговите и полубоговите... За да биде казната целосна, потребно е да станете убијци. Ќе станете не само убијци, туку и ѕверови. Притоа убивајте без оглед на никого и на ништо!” И така стана. На 25 мај 1905 година, грчките чети го извршија најголемиот масакар за време на оружените пропаганди во Македонија. Заклале или убија 78 жени, мажи, деца и старци. Изгореа куќи, грабеа имоти итн. Турската војска можеше да интервенира против андарите, но не го стори тоа.
Во периодот 1904-1908 година, слични масакри и многу поединечни убиства беа извршени во разни места во Македонија, но најповеќе во Костурско, Леринско, Битолско, Мориовско, Ениџевардарско, Серско и во други области.
Грчките чети бараа од народот да се откаже од револуционерното движење и да и се потчини на Патријаршијата. Во писмата што ги испраќале грчките војводи до селаните, најчесто го бараа следново: “Потрчајте што побрзо кај митрополитите да изјавите дека сте и ќе бидете Грци, зашто за кратко време ќе биде доцна да се каете и во пеколот. Имајте предвид дека за кратко време не ќе имате ни деца, ни куќи, ни ништо, зашто се ќе уништи ножот и незадржливиот грчки огин... Ние ќе ве ликвидираме вас и вашиот подвижен и неподвижен имот и ќе донесеме во овие места чиста грчка крв.” Овие заканувања беа често исполнувани, така што во повеќе случаи теророт на големогрчката пропаганда, организиран од грчката држава, имаше масовен и геноциден карактер. Во споредба со другите пропаганди, големогрчката оружена пропаганда ги изврши најмасовните колежи и убиства. Тогаш во Македонија четите на пропагандите, турските воени сили и разни разбојнички банди убиваа просечно околу 100-150 души месечно. Такви убиства најповеќе од сите извршија четите и агентите на големогрчката пропаганда.
Македонскиот народ, предводен од левицата на ВМРО, даде силен отпор против големогрчката и другите оружени пропаганди. ВМРО на Рилскиот конгрес (1905) ги осуди оружените пропаганди како непријателски за македонскиот народ и се трудеше да ја организира борбата против нив. Една од главните задачи на македонските револуционерни чети беше борбата против големогрчката оружена пропаганда. Така, на пр., четата на Митре Влаот во Костурско, за време од четири години изведе повеќе успешни борби против грчките чети, а Митре Влаот стана страшилиште за андарите и нивните војводи
– офицери. Во Ениџевардарско пред се во истоименото езеро, најповеќе се прослави во тие борби четата на Апостол војвода, која одби повеќе заеднички напади на грчките и турските воени сили. Оваа чета со поможта на народот, го имаше претворено Ениџевардарското Езеро (Блатото) во нешто како државичка во држава. Селската милиција одби многу андарски напади и изведе такви успешни борби против грчките чети, што и некои андарски војводи беа принудени да признаат дека македонските селани се борат вешто и храбро. Долгогодишниот андарски војвода Г. Диконимос – Макрис, зборувајќи за отпорот на селаните, истакнува дека “И жените учествуваа во борбата и не напаѓаа со камења – пишува тој – а некои порешителни со секири в раце се нафрлаа против нас.” Тој пишува за една борба во која турската војска отстапи, а селската милиција победи и ги принуди грчките андари да отстапат. Селската милиција ликвидира повеќе андарски чети и нивни војводи. Така, македонскиот народ, и покрај тоа што беше напаѓан од повеќе страни, покажа вонредна воена способност и храброст, која мораше да ја признаат и неговите непријатели.
ГОЛЕМО СРПСКАТА ОРУЖЕНА ПРОПАГАНДА По Илинденското востание, владата на кралството Србија активно се зазеде со формирање, финансирање и раководење на четничка организација, чиешто дејствување беше целосно насочено кон Македонија. Формирањето на Српската четничка организација и нејзината активност претставуваше нова фаза во пропагандната активност на српската влада, за разлика од дотогашната пропагандна активност преку црквите и училиштата. Кралството Србија за краток период создаде една добро организирана полувоена организација. Дејството на Српската четничка организација особено беше забележливо во некои краишта на Македонија како Кумановско, Скопско, Паланечко, Кратовско, Прилепско, Бродско и Кичевско. Во другите краишта на Македонија српската организација се чуствуваше во помал обем или воопшто не се чувствуваше. Ова беше условено и од посебните интереси на Кралството Србија кон одделни краишта во Македонија, како и од создадените услови од порано, од активноста на црковно-просветната пропаганда. Најголема активност Српската четничка организација покажуваше во борбата против така наречените “бугарски чети и бугаризмот во Македонија”, бидејќи Внатрешната револуционерна организација српските политички фактори ја третираа како бугарска организација. Борбата против четите на Организацијата беше основната содржина за Српската четничка организација, додека војувањето против турските власти во Македонија беше сосема споредна. Борбата против македонските чети и села поприми извонредна жестина.
Крвавите судирања меѓу српските, врховистичките, сарафистичките, грчките, како и четите на левицата во македонското ослободително движење, на македонскиот народ му нанесуваше голем број морални и материјални жртви.
Македонија претставуваше вистинска арена на крвави изживувања.
Формирањето на првите српски чети почна во 1904 година. Во почетокот таквата акција беше прикажувана како “приватна иницијатива на неколкумина загреани српски националисти.” Всушност, во заднината на таа акција стоеја најодговорните политички кругови на српската кралска влада. Преку нив, строго централизирано, се одвиваше и раководеше Српската четничка организација во Македонија. Во оваа смисла, српската влада го използува и Борис Сарафов, давајќи му извесна сума финансиски средства. Како противвредност за примените пари, Сарафов и откри на српската влада канал за навлегување во Македонија на првата српска чета, раководена од Глигор Соколовиќ, со што Борис Сарафов грубо се огреши од принципите на Внатрешната организација.
Српската четничка акција започна позасилено да дејствува по 1905 година, кога и доби конечна организациона форма. Покрај формирањето Врховен одбор, како највисоко политичко – раководно тело на српската организација, во 1905 година беше формиран и Главен одбор (и двата со седиште во Белград), кој како оперативно тело ја раководеше српската организација.
Најдиректно поврзан и задолжен со четничката активност во Македонија беше Пословниот одбор во Врање и Извршниот одбор, кој се наоѓаше во близина на српско-турската граница (во околината на Врање). Меѓутоа, набргу се покажа двојство во работата на овие одбори. Поради тоа, во декември 1905 година беа укинати и двата одбора, а формиран само еден наречен Извршен одбор во Врање. Извршниот одбор ги презеде функциите што порано ги имаше Извршниот и Пословниот одбор. При формирањето на Извршниот одбор во 1905 година српската четничка организација располагаше со 11 чети со вкупно 62 четници, кои дејствуваа во Македонија и 55 четници, кои привремено се наоѓаа на одмор во Врање.
Српската организација беше тајна полувоена организација, базирана врз принципи и устав со кои се одредуваше делокругот на работата на сите органи во организацијата.
Организацијата ја сочинуваа месни одбори, пододбори и одбори, формирани во поголеми и помали места во Србија и Македонија. Во Македонија главни одбори беа формирани во Скопје и Битола; пододбори во Куманово, Велес, Дебар, Охрид, Прилеп, Кичево, Крушево, за Поречје и Дримкол, како и месни одбори во селата од подрачјата на одборите и пододборите.
Сиве овие органи беа составени предимно од учители, свеште ници и други лица кои и припаѓаа на големосрпската просветна и црковна пропаганда.
Во јануари 1908 година “заради единство во службата и акцијата и системот што мора да се има во оваа работа,” активноста на српската четничка организација во политичка смисла му беше подредена на српскиот генерален конзул во Скопје. Поради тоа, скопските конзули беа далеку позначајни и повидни во споредба со српските конзули во Битола и Солун.
Директно оперативно раководење со четничките формации беше под раководство на два штаба: Штаб за Источно Повардарје и Штаб за Западно Повардарје. Едниот раководител со четничките сили лево, а другиот десно од реката Вардар.
Четите беа составени од лица со најразлични професии:
егзалтирани студенти, заведени и повикани да го бранат “српството на Југ”, ученици од повисоките класови на гимназиите, а најмалку бедни селани, кои со платата што ја добиваа за четувањето бараа егзистенција за себе и за своите блиски.
По национален состав, српските чети беа составени од Срби, потоа Македонци – печалбари во Србија, кои потпаднаа во мрежата на српската организација, и луѓе на кои четништвото им стана професија. Во помал обем се наоѓаа и отпадници или поради грешки исклучени членови од Внатрешната организација.
Собраните парични средства од доброволни дарители, беа сосема недоволни за опстанок на организацијата. Основните парични средства, без кои не можеше да се замисли постоењето и дејствувањето на српската четничка организација беа средствата на кралските влади, кои преку тајни фондови и ги доделуваа, на организацијата. Српската организација, како организација на српската влада, никојпат не чувствуваше недостиг од финансиски средства. Таквото финансирање и овозможило во летните месеци да држи под оружје околу 300 четници, кои дејствуваа во Македонија. Во таа дејност посебно се истакнуваа војводите Глигор Соколовиќ, Јован Бабунски, Јовач Довезенски, Василе Трбиќ, Ѓорѓи Скопљанче, Спаса Гарда, Крста Ковачевиќ, Цане Марковиќ, Петко Илиќ, Јован Пешиќ и други.
Српската четничка организација претставуваше вооружен одред на српската буржоазија, пред јавното мислење правдана како божемна рожба “на самите Срби во Македонија”, што воопшто не одговара на историската вистина. По Младотурската револуција во 1908 година, престана српската четничка активност во Макеонија.
СЕРЧАНИТЕ ВО ЗАПАЗУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ Гоцевите принципи за самостојност и самобитност на македонското национално-ослобдително движење најсигурни следбениците и поврзаници по Илинденското востание имаа во Серскиот револуционерен округ. Истакната фигура во оваа смисла беше Јане Сандански. Во Серскиот револуционерен округ беше изградено најреволуционерно и најпринципиелно јадро на Внатрешната организација. Во овој Округ најенегично се дејствуваше во одбраната на чистотата на Гоцевите принципи за самостојност на македонското национално-ослободително движење. Во прилог на ставотите што овој Округ ги заземаше по многу прашања по Илинденското востание беше и писмото што раководителите на Серскиот револуционерен округ го испратија до групата Грци во Мелник од 26 јуни 1904 година. Во писмото на јасен и недвосмислен начин беа искажани целите на македонската борба и дека македонското прашање не беше бугарско прашање и дека дејствувањето на врховистите во Организацијата и надвор од неа претставуаше најдиректна интервенција и мешање на бугарската влада во македонското ослободително движење. Во писмото натаму беше истакнат интернационалистичкиот карактер на македонската борба.
Сфаќајќи ги реално настаните по Илинденското востание и за да им даде правилен натамошен тек и да ги зачува споменатите принципи од извртување, раководителите на Серскиот револуционерен округ презедоа конкретни акции. Во едно свое излагање од 20 јануари 1905 година, што го испратија до сите реонски и околиски комитети во Округот, Серчаните, како што популарно се наречени во нашата историографија, ги објаснија целите на борбата во новосоздадените услови во Македонија.
Во излагањето беше истакната политиката на балканските држави што тие ја спроведуваа, а која беше одраз на нивните завојувачки планови кон Македонија. Во ова разобличување на завојувачката политика на соседните балкански држави со посебен акцент беше осудена политиката на бугарската влада спрема Македонија.
Во натамоштното излагање беше направена аналитичка преценка на состојбата во Македонија. Остра критика беше упатена кон врховистите и сарафистите и други кои со своите акции и дела по Илинденското востание му нанесуваа непреценлива штета на македонското ослободително движење.
Во таа смисла беше истакната и потребата од преземање конкретни мерки за зачувување на чистотата на македонското национално-ослободително дивжење.
СМРТНАТА ПРЕСУДА НА БОРИС САРАФОВ И ИВАН ГАРВАНОВ На 23 декември 1906 година, во борба со турскиот аскер, на врвот Петлец, над Малешевското село Русиново, загина Даме Груев, еден од најстарите работници во Внатрешната организација. По неговото убиство и престанувањето на едно- годишниот мандат на Централниот комитет и на Задграничното претставништво во Внатрешната организација одново дојде до дезорганизација, така што всушност не постоеше централно раководство и секој револуционерен округ се сметаше за самостоен. Оваа состојба во Организацијата наполно одговара за повторно активирање на врховистите во внатрешноста на Македонија. Борис Сарафов, кому му помагаа некои раководни дејци од револуционерните окрузи, потоа Иван Гарванов и Христо Матов, кои станаа членови на задграничното претставништво на Организацијата, ја засилија веќе познатата врховистичка дејност. Тие почнаа да испраќаат вооружени чети во Македонија, подготвувани во Бугарија, настојувајќи на тој начин да ја оневозможат и да ја минираат дејноста на Внатрешната организација. Во таквата ситуација жестоко се распламна борбата меѓу левицата и десницата во македонското ослободително движење. Во меѓусебната самоуништувачка борба, врховистите имаа посебна тенденција да навлезат во тврдината на Внатрешната организација – во Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ. Против Јанета Сандански, кој беше еден од најголемите противници на врховизмот, тие подготвуваа физичко ликвидирање. Меѓутоа, Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ, увидувајќи ја навреме таа заговорничка акција, ги осуди на смрт Борис Сарафов и Иван Гарванов. Пресудата ја изврши Тодор Паница, во Софија, во ноември 1907 година.
Убиството на заговорниците предизвика големо возбудување и загриженост во Организацијата и во јавноста, која не беше достатно запозната со пакосната дејност на Сарафовци, Гарвановци и нивните приврзаници. Поради тоа, Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ го изнесе и го образложи своето становиште по тие убиства во познатите
“отворени писма”, што беа објавени во печатот на Организацијата.
Во писмото од декември 1907 година, беа образложени мотивите што раководителите на Серскиот револуционерен округ ги натера да применат смртна казна над Сарафов и Гарванов. Во писмото, многу јасно и категорично беше изнесено становиштето на Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ по повод надворешните тенденции за мешање во работата на Внатрешната организација. Притоа беше истакнато дека место Организацијата да ги впрегне сите сили во решавањето на проблемите што произлегуваа од внатрешната состојба во Македонија и во самата Организација, таа ги трошеше своите физички и интелектуални сили во непрекинати расправии и крвави и меѓусебни судирања. Во овој контекст посебно беше апострофиран и осуден односот на Бугарија кон макеоднското ослободително движење, истакнувајќи го фактот во настојувањето за искористување на македонското ослободително движење за свои државни интереси.
Покрај другото, во писмото беше изнесена и карактеристика на Борис Сарафов, кој беше окарактеризиран како туѓ на интересите и судбината на македонскиот народ, како човек кој секојпат шпекулираше со неговото револуционерно движење.
Како резултат на настанатите односи во редовите на Внатрешната организација, Ќустендилскиот конгрес од 1908 година, одбележува полн и конечен расцеп во нејзините редови.
На овој конгрес присуствуваа само претставници на десницата, додека претставниците на Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ, како и еден дел од членовите на ЦК на Организацијата не зедоа учество. Во решенијата на Конгресот во целост дојдоа до израз разбирањата на десницата, кои беа во спротивност со донесените решенија на Рилскиот конгрес по најсуштествените прашања на Организацијата. Така, десницата стана јавно приврзаник на една политика, која беше спротивна на интересите на македонското национално-ослободително движење. Левицата, иако, формално во малцинство, цврсто стоеше на позициите за самостојност на македонското револуционерно движење, што и подоцнежните настани во Македонија во 1908 година тоа најдобро го покажаа.
МЛАДОТУРСКАТА РЕВОЛУЦИЈА Османлиската империја во својот економски и политички развиток претставуваше една од најзаостанатите земји во Европа. Задоцнувањето во нејзиниот развиток го условуваа постојните општествени односи во Империјата.
Нерамноправните економски односи меѓу Турција и западните капиталистички држави во голема мера го попречуваа побрзиот економски развиток на Турција, кој од друга страна имаше одраз и врз општествените односи. Големата конкуренција, потоа постојниот турски царински систем и другите привилегии што ги имаа странските капиталисти, го оневозможуваа создавањето и развивањето на домашната индустрија во Турција. Таквата економска политика на апсолутистичка Турција му овозможи на надворешниот капитал да стане сопственик и да го завладее целиот стопански потенцијал во Империјата.
Железниците, покрупните и крупните индустриски и други претпријатија, рудниците, електричните централи, банките и друго беа сопственост на надворешни капиталисти. Ако на ова треба да се додаде и фактот што, речиси, сите реформи во Турција кои беа спроведувани под надворешна контрола имаа цел Турција уште повеќе да му ги отвори вратите на странскиот капитал и да ја постават под целосна зависност. Овие беа основните причини за појавата на Младотурското движење, кое беше насочено кон избавување на Турција од надворешната политичка и економска зависност. Од друга страна, основните општествени односи во Турција го попречуваа развивањето и на домашната буржоазија. На оваа основа младата турска буржоазија, во чиј хетероген состав се наоѓаше интелигенцијата, офицери од Армијата, земјопоседници и други либерални елементи, започнаа да се организираат во борба против средновековниот апсолутистички систем па султанот Абдул Хамид, за создавање модерна и современа Турција по европски начела.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/revolutionary-struggle-mac/9 on October 29, 2026