The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 01
ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
1896 година претставува гранична етапа во ослободителното движење на македонкиот народ. Есента 1894 година во Ново Село – Штипско, каде што беше учител Даме Груев, пристигна и Гоце Делчев. Со пристигнувањето на Гоцета во Македонија, се измени и карактерот на организационата дејност и социјалниот состав на членството, кое стапуваше во редовите на Организацијата. Во Ново Село беа создадени повеќе групи од средината на бедното население, се засили револуционерната агитација и сл. Гоце, заедно со Туше Делииванов ја прошири организационата мража и во Дојранско, Гевгелиско, Кукушко и на други места. На другата страна од Македонија, во Битолскиот вилает, Ѓорче Петров и Пере Тошев, исто така, ја ширеа Организацијата и тоа и надвор од градот, по селата.
Тоа проширување на Организацијата, во простор и состав, ја наложи потребата од свикувањето поширок конгрес, кој ќе даде нова организациона форма и ќе изработи јасна политичка програма на Внатрешната организација. Тој поширок конгрес се одржа во Солун, летото 1896 година. На него за првпат присуствуваа највидните раководители на Револуционерната организација како Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев, Петар поп Арсов и други. Покрај другото на овој конгрес, по опстојните дискусии, беше решено проектуставот на Организацијата да го изработат Гоце и Ѓорче. Решението да им се наложи на Гоце и Ѓорче да го напишат уставот на Организацијата има големо значење. Имено со тоа конгресот признаваше дека овие двајца револуционери најдобро ја познаваат ситуацијата во Македонија и можеа најточно да ги изразат стремежите на поробениот народ за слобода.
Во Уставот, напишан од Гоцета и Ѓорчета, кој инаку е познат како втор Устав на Организацијата, дефинитивно и наполно јасно беа формулирани целите и задачите на Организацијата.
Со стапувањето во сила на овој Устав, започна нов период, од некои наречен период на Гоцевата Внатрешна македонска револуционерна организација. Еве ја содржината на еден дел од Уставот, за чие реализирање се бореа и умираа најдобрите синови на македонскиот народ:
УСТАВ НА ТАЈНАТА МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА Глава I Цел Член 1. – Тајната македонско-одринска револуционерна организација има цел да ги обедини сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за извојување, преку револуција, полна политичка автономија за тие две области.
Член 2. – За постигање на таа цел, Организацијата се бори за премавнување на шовинистичките пропаганди и националните караници, кои го разединуваат и го обесилуваат македонското и одринското население во неговата борба против заедничкиот непријател, работи на внесување револуционерен дух и сознание меѓу населението и ги употребува сите средства и усилби за побрзо и благовремено вооружување на населението со се она што е неопходно за едно општо и заедничко востание.
(Извод од Уставот)
Како што се гледа од член 1 од Уставот, основна цел на Организацијата беше преку револуција да извојува полна политичка автономија на Македонија.
Поимот “Автономија”, како програмско барање на Македонското национално ослободително движење, беше толкуван различно. Некои сметаа (и сметаат) дека Организацијата, борејќи се за автономија, всушност се бореше за извесно самоуправување на Македонија во рамките на турската држава. Таквото толкување не одговара на социјално-економската содржина на ослободителното движење, кое, предизвикано од дадената политичко-економска ситуација, не би можело ниту да се шири, ниту да фати корења меѓу народот, ако не се стремеше кон уништување на султанската господаречка система и на се она што беше гнило и што го пречеше натамошниот развиток на производните сили и односи. А една автономна Македонија во рамките на Турската империја не значеше ликвидирање на чифлигарскиот систем, не значеше давање земјата на оние што ја обработуваат, со други зборови не значеше целосна слобода. Според тоа, Организацијата и поробениот народ не се бореа за таква автономија, туку за полна политичка автономија, во која султанскиот апсолутизам не би бил во состојба да го пречи уништувањето на омразениот и коруптиран државен апарат и изградбата на нов и не би можел да го пречи ослободувањето на селаните од беговската зависност.
Борбата на Внатрешната организација за полна политичка автономија на Македонија ја вклучуваше во себе и борбата против стремежите на соседните држави за нејзино заграбување и распарчување. Бугарската буржоазија своите погледи ги имаше свртено кон цела Македонија, српската – кон Вардарската долина и Солун, а грчката буржоазија – кон поголемиот дел од Македонија.
За реализирање на тие аспирации владите на бугарското, грчкото и српското кралство развија интензивна националистичка и шовинистичка пропаганда меѓу македонското христијанско население. По таков начин тие не само што го пречеа историскиот процес на формирањето на македонската нација, туку го рушеа и единството на народот, без кое тешко можеше да се замисли успешна револуционерна борба. Затоа, борбата на Организацијата против надворешните и туѓи пропаганди и влијанија беше неопходен предуслов за ослободување на македонскиот народ и создавање слободна македонска република. Затоа потребата од таква борба најде место и во Уставот на Организацијата.
Со Уставот од 1896 година беше дефинитивно потврдена и структурата на Организацијата. На чело на Организацијата стоеше Централен комитет, избиран според член 9, од околиските и окружните комитети, т.е. од Конгресот. Според тоа, Конгресот се јавуваше како највисок орган на Револуционерната организација. ЦК ја раководеше дејноста на Организацијата преку окружните раководни тела (комитети).
Беше создадено и посебно тело, т.н. Задгранично претставителство од 2-3 члена, кое ја преставуваше Организацијата во странство.
Окружните раководни тела (комитети) по директивите на ЦК ја раководеа работата на околиските раководни тела (комитети).
Околиските комитети ја раководеа работата на градските и селските комитети. Некои поголеми околии, подоцна, беа разбиени во однос на раководењето на помали реони, односно маали, по градовите.
Селските раководни тела (комитети) ги раководеа групите по селата и беа најниските раководни органи на Организацијата.
Сите членови на Внатрешната организација беа организирани во групи (десетки) на чело со десетари.
СОЗДАВАЊЕТО НА ВООРУЖЕНИ СИЛИ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА Многу важно место во структурата на Организацијата односно во целото национално ослободително движење на македонскиот народ, заземаа вооружените чети. Првите чети беа создадени од членови на Организацијата, кои мораа да преминат во илегалство, поради прогонување од страна на властите. Тие чети не беа постојани, но беа сврзани со одделни реони и избегаваа да се откријат и да стапат во борба со турската војска или полицијата. Меѓутоа, подоцна, по Винишката афера од 1897 година, ситуацијата се измени.
Оттогаш брзо почна да се зголемува не само бројот на четите, туку и бројот на четниците. По винишката афера, кога организационата мрежа во овој дел од Македонија беше сериозно разнишена и револуционерната дејност речиси наполно замрена, четите изникнати на месна база како последица на турските жестокости или организирани на друго место, беа речиси единствени носители на организациониот живот. Нивната појава во селата го окуражуваше населението, тие помогнаа да се приберат распрчканите сили на Организацијата, со еден збор тие помогнаа да оживи и одново да се активизира дејноста на месните комитети.
Уставот од 1896 година предвидуваше секој околиски револуционерен реон да организира своја чета, но дури кон крајот на 1898 година, откако веќе четите на дело беа формирани, Централниот комитет во Солун издаде директива од 14 точки, со која го озакони четничкиот институт и нареди да се формираат насекаде околиски чети на чело со војвода и секретар. Меѓутоа, дури кон крајот на 1900 година од Гоце и Ѓорче беше изработен правилник за четите. Во исто време, беа формирани и чети – школи, за подготвување војводи за околиските чети и друго. Такви беа четите на Михаил Попето, Христо Чернопеев и Марко Лерински (Георги Иванов).
ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМИРАЊЕТО ТАЈНИ ЧЕТИ ВО ТРИТЕ ВИЛАЕТИ И ВО ОДРИН I глава Во секоја околија, било кога, се формира чета со револуционерна цел, и тие чети се сметаат за составни делови на целокупната организација. Овие чети, секоја во границите на својата каза, ќе преземаат тајни четувања, со знаење на соодветниот Местен комитет, а со оглед на потребите.
II глава Член 1 Видејќи четите се делови од повисока целина, по време на своите четувања тие ќе го поучуваат населението за основната идеја, целта, должностите и содржината на статутот на целокупната организација.
Член 2 Во такви места, каде што е спроведена организацијата, четите ќе поработат на тоа да ги изградат членовите на оваа организација во сериозни првоборци за нацијата и да настојуваат да ги подготват нив за настаните, за чие учество организацијата им дава можност, и нив да ги поучува на послушност, како на главна задача. Во места каде што организацијата не е спроведена, но таа постои само во основни линии, четите ја спроведуваат оваа организација, и ова има да биде изведена на начин, што одговара на правилникот и на статутот! Четите го известуваат за своите претприемања соодветниот Околиски комитет и од него бараат објаснувања и наредби со случај на потреба.
Член 3 Со убедување на населението и со морално влијание врз духовите ќе ги поттикнат луѓето на доброволно вооружување.
III глава Член 4 Со посилна поткрепа од околиските и селските комитети, четите ќе уредат полиција и тајни поштенски врски и освен тоа ќе подготват списоци на членовите од селските комитети, заедно со краткиот опис на нивниот живот. Накратко, тие ќе ги спроведуваат точно сите одредби од правилникот и досега неостварените одредби од него има да ги спроведат.
Правилникот има 45 члена во кои детално се одредуваат правата и задолженијата на четите.
Околиските чети играа многу значајна улога во ослободителното дело на македонскиот народ. Тие се занимаваа со агитационо – организаторска работа, ги обучуваа организираните членови да ракуваат со оружје, го помагаа снабдувањето на Организацијата со оружје, се бореа против разбојничките банди, ги извршуваа пресудите против предавниците и шпионите и друго.
Врвно место во формирањето и изградувањето на четничкиот институт му припаѓаше на Гоце Делчев. Гоце се сметаше за прв учител на четничките војводи и како прв легендарен четнички војвода. Љубовта што народот ја одгледуваше кон четите е овековечена во многубројни и разновидни песни. Еве една од тие песни:
Што ми е мило, мила мале, и драго, Да ги гледам, мила мале, комитите, Како носат, мила мале, капчињата, Како солунските моми кавраците...
Како носат, мила мале, пелерините, Како туркините, мила мале, фереџињата...
Како носат, мила мале, патрондашите, Како кочанските моми коланите...
Како носат, мила мале, малихерите, Како скопските моми чадрчињата...
Како носат, мила мале, револверите, Како пиринските моми чапразите...
Како носат, мила мале, калцуните, Како битолските моми чорапите Четничкиот институт брзо се развиваше, така што неговата дејност ги мина рамките предвидени со Правилникот. Четите си присвоија повеќе и пошироки функции и си ги зголемија нивните права. Тие почнаа сами да ги решаваат сите појавени проблеми на теренот, почнаа да судат, да се занимаваат со проблеми од стопански и просветен карактер и слично. Улогата на четите толку порасна, што во доста околии тие фактички ги потиснаа на втор план околиските раководни тела и станаа центар на организационата дејност.
Дефинитивно, во предилинденскиот период, четите ја имаа следнава структура.
1) Ревизиона чета, обично една за цела Македонија.
2) Околиска чета – една за секоја околија.
3) Центрова чета – се формираше во поголеми околии за неколку соседни села и и беше потчинета на околиската чета.
4) Селска чета – една за секое село, составена од селани – легални членови на Организацијата, кои се мобилизираа во случај на потреба, како на пример за давање помош на редовната чета или друго. Во некои околии селската чета, составена пошироко, се викаше селска милиција.
РАСТЕЖ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА По т.н. детски период на Организацијата, кој траеше до 1896 година, доаѓа време на брзо растење и ширење на македонското револуционерно движење. Додека во првиот период основниот елемент кој ги пополнуваше редовите на Организацијата беше пред се градската интелигенција и еснафите, по 1896 година, во нејзините редови започнаа да навлегуваат масовно бедните селски маси. Брзо потоа Организацијата од предимно градска ќе се претвори во предимно селска. Селаните ќе бидат основната армија на македонското ослободително движење.
За еден релативно краток период до Илинденското востание беше создадена густа мрежа од револуционерни комитети и групи во сите градови и села. Насекаде се појавија револуционерни чети, земјата ја крстосуваа курири, Организацијата се снабдуваше со оружје, луѓето се вежбаа да ракуваат со него, накратко народот се подготвуваше за востание.
Во тие подготовки најбрзи чекори направи Битолскиот револуционерен округ, а значајна заслуга за тоа пак му припаѓа на Гоце Делчев. Имено, неговата позната обиколка низ Западна Македонија во 1901 година се смета за историска и во извесна мера претставуваше пресвртница во развитокот на ослободителното движење во овој крај. Таа обиколка на Делчев беше една од најдолгите и најплодни во неговиот револуционерен живот. Преку Кочанско, Малешевско, Радовишко, Тиквешко стигна во Прилепско и во Битола, каде што го посети Дамета во затворот, отиде во Леринско за да заврши во Костурската каза.
Гоце умееше брзо да се ориентира кон поважните потреби на дадената околија и се зафаќаше со решавањето на најболните проблеми. Во својата мисија се среќаваше со многу месни револуционери и посети многу села. “Во Кономлади Делчев им даде слобода на сите селани да се жалат пред него за се што има, за сите неволи дури и против четата, и се јавија сите селани: имаше дела за развод, за кражби, за расправии меѓу жени...” – вели Славејко Арсов, еден од придружниците на Делчева. Сите дела беа решени беспристрасно. На крајот им се забрани на селаните да се судат на турските судови, се забранија кражбите, неморалот, пијанството и сл. Беше свикано и општо собрание на мажите, на кое зедоа клетва сите дотогаш неорганизирани. На таков или на сличен начин постапуваше Гоце по сите села што ги посетуваше. А посети доста села:
Смрдеш, Д’мбени, Загоричани, Вишени и други во Коструско, Ракита (Кајларско), Екшису, Пателе, Острво и други. “По доаѓањето на Делчев (во Битолскиот револуционерен округ, б.
м.) веднаш се почувствува засилување на револуционерниот живот во округот. Нарасна борбеното расположение и вооружувањето многу се засили...” – пишува Ѓорѓи Попхристов, еден од раководителите на овој округ.
Гоце во својата обиколка низ овие краишта беше придружуван од четата на познатиот војвода Марко Лерински.
ТЕРОР НА ТУРСКИТЕ ВЛАСТИ Растежот и бурниот развиток на револуционерното движење, и колку да се настојуваше, не можеше да остане наполно тајна за турските власти. Првото откривање стана во 1895 (според некои
1896) година во Битола. Властите случајно открија бомби во вреќи со ориз пренесувани од Штип во Битола од кираџијата Доне Стојанов (Дончо Штипјанчето). Дончо беше затворен во долап, во кој можеше само да се стои и беше изложен на страшни маки, но ништо не издаде. Неговото име, во Организацијата и меѓу народот, стана симбол на херојско држење пред непријателот. Восхитувањето од неговото примерно држење народот го воспеа во една од најубавите песни испеани за Илинденскиот период.
Случајот со Дончо мина без последици за Организацијата.
Меѓутоа, почнувајќи од 1897 година, беа предизвикани многубројни провали (афери), кои многу штетно се одразуваа врз развитокот на ослободителното дело. Една од првите, што му нанесе најтежок удар на Организацијата беше Виничката афера, предизвикана кон крајот на 1897 година. Турската полиција, барајќи ги виновниците за убиството на еден богат Турчин во Виница, извршено од една пљачкашка банда дојдена од Бугарија, откри склад со оружје, кој и припаѓаше на Организацијата. Во врска со тоа, а преку терор и насилства, властите успеаја да ја откријат мрежата на Внатрешната организација во околиите: Кочанска, Штипска, Паланечка, Кумановска, Малешевска и Радовишка од Скопскиот револуционерен округ. Беа уапсени над 500 души, а околу 300 луѓе избегаа во Бугарија. Многу од уапсените беа жестоко мачени, од кои 5 души убиени, 5 умреа од мачењето, а 10 беа испратени во Малоазиската крепост Подрум Кале.
Виничката афера претставува крупен настан во историјата на револуционерното движење. Таа го открива пред турската владеачка класа и пред Европската јавност постоењето на едно внатрешно добро организирано конспиративно ослободително движење, а за раководителите и членовите на Организацијата таа претставуваше сериозно предупредување за тешкотиите и опасностите на кои беше изложена претстојната ослободителна борба.
Турските власти, по Виничката афера, работеа системно за откривање на мрежата на Организацијата. Во тоа често и успеваа.
Секоја афера, повеќе или помалу, ги отвораше широко вратите на турските зандани за револуционерите, голташе поголем или помал број од најборбените сили на Организацијата, ја прекинуваше мрежата на нејзината конспирација и сл.
Просторот не ни дозволува да ги опишеме сите афери и нејзините тешки последици. Извесна претстава ќе се стекне ако се каже дека во петте години од Виница до Илинден, во секоја околија станаа по неколку провали. Во Струмичко, на пример, од 1897 до крајот на 1902 година, станаа пет провали со 740 уапсени и 240 мачени; во Костурско од септември 1899 до мај 1903 година станаа 14 провали предизвикани од убиства на Турци, предавства, судири на чети и др., при што околу 230 души беа мачени, околу 220 уапсени повеќе села опљачкани, изгорени итн. Најнегативни последици имаше познатата Иванчова афера.
Честите провали, му нанесуваа силен удар на ослободителното движење, но треба да се признае, дека во мегувреме тие придонесуваа за афирмирање на борбата на поробениот народ пред светската јавност и ја јакнеа неговата револуционерна отпорност.
ПЛЕНУВАЊЕ НА МИС СТОН Внатрешната организација, во својот развој, постојано се судираше, покрај другото, и со проблеми од финансиски карактер. Во прво време потребите на Организацијата се задоволуваа од средствата што ги даваа основачите и од членски влогови. Потоа се собираа доброволни прилози од побогатите граѓани. Во Кукуш, на пример, граѓаните собраа 320 турски лири помош и му ги предадоа на ЦК. Средства се прибираа и на разни други начини, основно ги даваше народот, но секогаш беа недоволни. Обидите преку пленувањето на богати Турци или истакнати странци да се изнуди и откуп, не успеваше. Исклучок во тоа прави случајот со американската мисионерка Мис Стон.
На 21.VIII.1901 година, Јане Сандански, на чело на една чета облечена во аскерска униформа, на патот меѓу Банско и Џумаја ја заплени Мис Стон со нејзината другарка Цилка. Од тоа Организацијата имаше двојна полза: 1) светскиот печат беше предизвикан да пишува за положбата во Македонија и да ја популаризира борбата за слобода и 2) беа добиени на име откуп за ослободувањето на Стон 14.000 турски лири, со кои можеше да се купи значително количество оружје.
Се разбира таа акција не беше ни најмалку лесна. Турските власти ги мобилизира сите можни сили, со цел што поскоро да се ликвидира аферата, која многу ја компромитира турската држава во светот. Од друга страна, агентите на бугарскиот двор
– врховистите праќаа чети во Македонија со намера да ја одземат Мис Стон од Сандански. Така малата чета на Јане, прогонувана од турскиот аскер и врховистичките чети, беше принудена често да се сели по македонските планини. И покрај тоа, акцијата на Јанета заврши успешно.
ЕКОНОМСКАТА И ПРОСВЕТНАТА ПОЛИТИКА НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА Како што веќе рековме, крајна цел на Внатрешната организација беше преку револуција да се извојува полна политичка автономија на Македонија. Но за постигнување на таа цел беше потребна долготрајна организациона и вооружена подготовка на населението. Се разбира, Организацијата во тој подготвителен период, не можеше да не води сметка за вонредно тешката положба во која се наоѓаше народот, одделно македонското село. Корените реформи можеа да се очекуваат по ослободувањето на Македонија, но дотогаш беше потребно да се направи нешто, односно да се води перманентна борба за делумно подобрување на положбата на жестоко експлоатираните и обесправени маси. Акциите на Организацијата во таа насока се изразуваа: 1) борба за заштита на селаните и нивниот имот од разни насилници, експлоататори, собирачи на десетокот и сл., и 2) борба за ослободување на селаните од несносната ангарија, за зголемување на платите на аргатите и момоците и сл.
Непосредни носители на економската политика на Организацијата беа четите. Дејноста на организационите чети за придобивањето и организирањето на македонските селани за револуционерна борба, обично беше тесно поврзана со акциите за подобрување на нивниот живот. Тоа беше така и затоа што агитацијата на четите можеше да има поголема вредност ако, по можност, биде придружена и од конкретни акции во интерес на угнетените. Значи, и самото придобивање и подготвување на масите за оружено востание ја тераше Организацијата да се јавува во улогата на заштитник на населението и на неговите интереси. Таквата политика на Организацијата, се разбира, произлегуваше и од самиот карактер на движењето, кое беше народно и кое се стремеше да ги реши проблемите на широките слоеви од македонскиот народ.
Во центарот на економската политика на револуционерната организација стоеше борбата против чифлигарството и воопшто против беговската експлоатација. Познатиот војвода Никола Петров – Русински во една опширна декларација, прочитана пред неговите четници во јуни 1901 година, меѓу другото вели:
“Неопходно е вие да се запознаете и со материјалната изградба, за која често ќе слушате од мене во селските организациони собранија, особено во селата заробени од некои големи властелини... за чии имоти утре Организацијата ќе рече: стој, тоа е на народот што ја работи таа земја. Вие сте само крлежи што ја пијат неговата крв. Работниот народ ќе стане владетел без да му даде ниту стотинка на довчерашниот господар...” Интересни податоци за тоа како Внатрешната организација се бореше против беговската експлоатација ни остави и познатиот ресенски војвода Славејко Арсов: “Организацијата презеде мерки, вели Арсов, да се укине ангаријата и работењето во празнични денови. Им се забранува воопшто на нашите да им работат дури и со пари на Турците... Турците тоа го почувствува силно и сфатија дека тука се работи за некоја “ѓаволска работа”, дека Комитетот тука нешто чепка.” Познато е дека лихварството беше едно од најголемите зла што ги упропастуваше бедните селани и граѓани. Организацијата се бореше и против тоа зло. Луѓето “гледајќи дека делото се труди да им помогне, пишува натаму Арсов, почнаа да се обраќаат кон четата со молба да им помогне и против некои експлоататори – граѓани, на пример лихвари и друго, за да се ослободат од економското поробување. Во таков случај четата им даваше упатства на пример, да не даваат повеќе од 20 проценти лихва (земале со 60% па дури и 100”)... на такви лихвари и трговци ние им јавивме... дека ќе одговараат пред нас, ако почнат да ги прогонуваат преку судови своите должници.” Организацијата водеше интензивно борба и против даночната система, особено против зголасните собирачи на данокот десеток (ушур), се бореше и ги уништувала разбојничките банди што пљачкаа и сееја пустош, особено во Западна Македонија итн.
Целата економска политика на Организацијата мошне позитивно се изразуваше по материјалната положба на поробеното население. Покрај тоа, таа придонесе и за револуционизирање на масите и нивно активно вклучување во борбата за национално и економско ослободување на македонскиот народ.
Внатрешната организација беше ставена во ситуација да се бори и против големата културна заостанатост на населението.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/revolutionary-struggle-mac/5 on October 29, 2026