Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912

Front Matter

By Ристо Поплазаров Крсте Битоски Глигор Тодоровски · Part 1 of 11 · About 10 minutes

Read in English

НАЦИОНАЛНО- РЕВОЛУЦИОНЕРНИТЕ БОРБИ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД 1876-1912 Ристо Поплазаров Крсте Битоски Глигор Тодоровски НАЦИОНАЛНО-РЕВОЛУЦИОНЕРНИТЕ БОРБИ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД 1876-1912 rstefov@hotmail.com All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.

Почнувајќи од еден бурен период во историјата на македонскиот народ, од познатото Разловечко востание отпочнато 1876 година во селото Разловци, во непосредна близина на Делчево, трудот дава јасен преглед на најбитните историски настани, од борбите и настојувањата на македонскиот народ за ослободување од ропството под отоманската власт, опфаќајќи ги настаните се до 1912 година.

Покрај вооружените буни и востанија, накусо се дава увид и на другите форми на борбите на македонскиот народ, посебно на планот за културно-просветно и црковно осамостојување.

Разловечкото и другите востанија и буни не успеваат во прв ред поради недоволната политичка подготвеност. Излагањата во трудот даваат јасна претстава со какви проблеми се борела Внатрешната македонска револуционерна организација позната како ВМРО пред крајот на XIX и почетокот на XX век за политички да се организира. Иако таа успева да го опфати и организира целиот македонски народ, со години да го подготвува за вооружено востание, како единствен пат за ослободување од отоманското ропство, истовремено Организацијата грчовито се бори и против странските пропаганди – на големобугарската, големогрчката и големосрпската буржоазија, чија основна цел беше да го разбијат единството на македонскиот народ, за полесно да го поробат. Во овој период, особено тешка беше борбата против подмолните методи на врховистичката организација, како експонент на големобугарскиот двор – на Кобуршката династија. Со својата подмолна работа врховистите успеваат да заведат извесен број чесни Македонци. Тие со истите методи успеваат да се вовлечат во највисоките раководства на Македонската револуционерна организација и одвнатре да ја разбијат, а едновремено и да влијаат во донесувањето на битните решенија и во градењето концепцијата на стратегијата и тактиката на Македонската револуционерна организација.

Илинденското востание, организирано од Македонската револуционерна организација (ВМРО), иако недостатно подготвено, претставува посебна епопеја во историјата на македонскиот народ. Во Востанието македонскиот народ, покрај херојството и упорноста, ја покажа и полната готовност, по цена и на големи жртви, за борба за национално ослободување.

Крушевската република, создадена во Илинденското востание, ги изрази стремежите на македонскиот народ за самостојност, за своја демократска и народна државност. Но, истовремено Крушевската република го истакна и карактерот на таа нова државност која гарантираше полна слобода и рамноправност на сите други народи и народности што живееја во Македонија.

Познатиот Крушевски манифест ова многу видно го истакнува.

Трудот ни дава и преглед на тешките и поразни резултати од крвавото задушување на Востанието. Истовремено во трудот е даден преглед и на другите многу значајни настани по Илинденското востание, за Младотурската револуција, за Федеративната партија и други настани се до 1912 година, односно до Балканската војна која е катастрофална за судбината на македонскиот народ.

Според карактерот на публикацијава и начинот на пишувањето, се надевам дека трудот ќе ја постигне својата цел и ќе им помогне на сите заинтересирани да се запознаат автентично и документирано со најбитните настани на еден период од историјата и борбите на македонскиот народ за својата слобода.

Академик Михаило АПОСТОЛСКИ МАКЕДОНИЈА ОД 1876 ДО 1892 ГОДИНА (Ристо Поплазаров)

Македонија, како посебна географска и стопанска целина, со својата централна положба на Балканскиот Полуостров, претставува значајна раскрсница на повеќе меѓународни сувоземни и поморски патишта, што поврзуваат многу држави и мориња. До почетокот на XX век, Македонија, и покрај тоа што беше составен дел на Отоманската империја, според исказите на Ѓорче Петров, се оформи во одделна морално-политичка единица со своја специфична идеологија и стремеж изразен низ напорите за изградување државна самостојност, која најде посебен израз во ослободителните национално-револуционерни борби на македонскиот народ.

Кон крајот на турското владеење, Македонија беше поделена на три административни области, односно вилаети, што беа поделени на санџаци, а санџаците на каази. Трите македонски вилаети (Солунскиот, Битолскиот во кој влегуваше и дел од Албанија и Скопскиот во кој влегуваше дел од Јужна Србија)

всушност претставуваше една административно-државна единица, која од 1902 година беше управувана од генералниот гувернер Хилми паша.

Во последните децении на XIX век (според статистиката на В.

К’нчев) Македонија имаше околу 2,260.000 жители, од кои мнозинство беа Македонци. 20% од населението живееше во градовите. Над 80% од целокупното население се занимаваше со земјоделство и сточарство. Градското население работеше во индустријата, занаетчиството, трговијата, земјоделството и во други стопански дејности. Огромниот дел од селското и градското население живееше во беда, лишено од секакви национални и политички права. Освен тоа, Османлиската држава, која се наоѓаше во процес на распаѓање, го имаше оставено христијанското население на милост и немилост на странските просветно-верски пропаганди, кои, уживајќи привилегии, вршеа раздор меѓу населението и се трудеа да го претворат во “Грци” “Бугари”, “Срби” и “Романци”. Со тоа, политичката, па и економската положба во Македонија, уште повеќе се влошуваше. Големите сили, од друга страна, преку разни договори и друго ја претворија Отоманската империја во полуколонија.

Скоро секоја година Турција се повеќе се задолжуваше кај европските банки, така што нејзината зависност од странскиот капитал стануваше се поголема. Кога турските долгови станаа поголеми од нејзиниот државен буџет, нејзините кредитори, односно големите сили, ја принудија Портата да го издаде во 1881 година т.н. “Мухаремски декрет”. Според него се формира една меѓународна комисија, која го контролираше стопанството во Отоманската империја и наоѓаше средства за отплата на долговите. Така се зајакна полуколонијалната зависност на Империјата од големите сили и се создадоа нови можности за експлоатација на народот и земјата. Во последните 20 години на XIX век, тие извлекоа од стопанството во Империјата 125,000.000 турски лири како исплата на турските државни долгови направени пред и по 1881 година.

Странската експлоатација на стопанството во Империјата се вршеше и преку разни друштва и банки. Кон крајот на XIX век странскиот капитал имаше во Отоманската империја околу 54 друштва во капитал од две милијарди златни лири. Од нив десет друштва ги експлоатираа железниците кои, почнувајќи од 1873 година забрзано се градеа. Такви друштва во Македонија имаше повеќе. Во Солун, Битола и Скопје работеа по една до три банки. Западноевропската индустрија ги пласираше своите производи во Империјата со голема печалба и истовремено го уништуваше домашното индустриско и занаетчиско производство, кое поради заостанатоста беше скапо и нерентабилно. Занаетите и другите стопански дејности во Македонија, кои не можеа да ја издржат конкуренцијата на странските производи, пропаѓаа секојдневно, а народот мизеруваше и заминуваше во туѓина на печалба. Внатрешната трговија се упропастуваше. Познатите македонски панаѓури пропаднаа.

Во последните децении на XIX век, кога капитализмот стапи во својата империјалистичка фаза, во рамките на борбата за нова прераспределба на светот, Македонија стана предмет за освојување од страна на големите сили и балканските монархии. Првите преку реформите се трудеа да ја претворат во кондоминиум (заедничка колонија) а вторите со своите пропаганди подготвуваа терен за нејзино разграбување. Сето тоа и самиот државен и стопански систем на Отоманската империја го запираа нормалниот развој на стопанството во Македонија и не му овозможуваа да ги користи сите природни и географски можности.

Положбата на македонскиот народ во последните четири децении на XIX век беше многу тешка. Посебно тешки беа страдањата на македонските селани, кои распрчкани по селата беа оставени без каква и да е заштита. Беговите и злосторничките банди вршеа против нив безброј злодела, без да бидат казнувани од турските власти, кои честопати соработуваа со нив и за тоа добиваа пари и разни други награди. И социјалниот гнет беше многу тежок. Тој произлегуваше од заостанатиот стопански и државен систем на Отоманската империја. Голем дел од македонското население спасот почна да го бара во масовното одење на печалба или во емигрирањето.

Селското население беше поделено на неколку слоеви.

Најбогатите селани – чорбаџиите беа сопственици на поголеми површини земја. Некои од нив се занимаваа со лихварство и ја претставуваа месната турска власт. Како луѓе поврзани со Турскиот режим, тие повеќепати истапуваа како противници и непријатели на револуционерното движење. Освен чорбаџиите, имаше извесен број селани, кои беа сопственици на земја до два хектари. Имаа своја куќа, добиток и земјоделски алат. Овие ситни земјоделци живееја пред се во планинските области и главно во Западна Македонија, значи во области недоволно поволни за земјоделство.

Мнозинството од македонските селани немаа своја обработлива земја и живееја обработувајќи ја чифличката земја. Тие се делеа на три категории: јаранџии (наполичари), кесимџии (арендаши)

и ајлакчии (надничари, момци). Јаранџиите беа селани кои немаа, или кои имаа само малку земја, така што беа принудени да ја обработуваат чифличката земја, за што им даваа на чифликсајбиите една половина, а во некои случаи и две третини од добиеното земјоделско производство. Тие беа задолжени да им вршат на чифлик-сајбиите разни услуги бесплатно – ангарија, т.е. да им носат дрва, да поправаат патишта и сл.

Ќесимџиите, исто така ја обработуваа чифличката земја. За таа цел беа склучувани договори, според кои ќесимџиите им даваа на чифлик-сајбиите одредена годишна аренда (ќесим), т.е.

одредена сума од добиеното земјоделско производство во натура или во пари. Обично оваа аренда не беше помала од една половина од производството што им ја давале јаранџиите.

Разликата меѓу двата начини се состоеше во тоа што ќесимџиите даваа еднаква сума и во плодородните и во неплодородните години, а јаранџиите една половина или две третини од тоа што ќе се роди во годината.

Третата категорија безземјаши беа ајлакчиите, кои беа гонети да работат најповеќе, а живееја најбедно. Тие и возрасните членови на нивните семејства вршеа во чифликот одредена работа (жнеење, копање, вршење...) за една бедна плата во пари или во натура. Годишната плата на ајлакчијата – момокот во пари изнесуваше околу 12 турски лири, а во натура неколку стотини килограми жито, десетина килограми грав, зеленчук и друго. Тој добиваше бесплатно стан, кој се наоѓаше најчесто во нехигиенски колиби, полоши и од шталите.

Во втората половина на XIX век во Македонија продолжи заграбувањето на плодородната земја и создавањето чифлици.

Истовремено продолжил и процесот на откупување на чифличката земја од страна на селаните. Во почетокот на XX век во Македонија имаше околу 180.000 земјоделски стопанства, од кои 15.000 беа поголеми и средни, а 10.000 беа ситни стопанства. Се смета дека 70% од овие 180.000 стопанства, односно домаќинства, воопшто немаа или имаа сосема малу сопствена земја. “Огромното мнозинство од македонското селанство – пишува проф. Д. Зографски – не располагаше со доволно земја... За него прашањето за земја беше основно и најглавно прашање што го интересираше и што го поттикнуваше на борба за добивање сопственост врз земјата што ја обработуваше”. Овој факт е една од главните причини, поради кои нашето селанство стана главна движечка сила на македонското национално-револуционерно ослободително движење.

Даночниот систем претставуваше посебен проблем за угнетените маси. Десетокот, кој беше најважен данок, го собираа закупците што го откупуваа од државата. Најчесто тие беа Турци и Албанци, а подоцна се појавија Македонци, Власи и др. Обично закупувачите пронајдувале вооружени банди, составени од разни разбојници. Со нивната сила и помошта на турските власти и месните чорбаџии, тие го застрашуваа и тероризираа населението со цел да грабнат двојно повеќе отколку што изнесуваше десетокот. Се случуваше, закупувачите да бараат повеќе и од тоа што изнесуваше производството од една парцела.

Покрај економскиот гнет, постоеше и физички гнет и политичка бесправност. Разни разбојнички и пљачкашки банди крстосоуваа по земјата, особено во Западна Македонија, грабејќи и убивајќи се што ќе најдат пред себе. Се смета дека во 1895 година имаше околу 150 такви банди, кои извршија над 400 убиства. Турската држава ниту сакаше, а изгледа ниту можеше, да го заштити народот од тоа зло.

Се разбира, целокупната таа тешка положба во која се најде македонскиот народ во втората половина на XIX век и посебно по Берлинскиот конгрес од 1878 година, предизвика револуционерно вриење, што се јавуваше во разни форми.