Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912

ОСЛОБОДИТЕЛНИТЕ БОРБИ ВО ПЕРИОДОТ ОД - Part 03

By Ристо Поплазаров Крсте Битоски Глигор Тодоровски · Part 4 of 11 · About 10 minutes

Read in English

И други големосрпски политиканти се занимаваа со овие работи, а според В. Кариќ “најголемиот дел од нив полудеа за Душановото царство”. Во служба на големосрпската пропаганда во Македонија се ставија и некои научници и писатели, како Ст. Новаковиќ, Ст. Станојевиќ, Д. Јовановиќ, Ст.

Гопчевиќ, Ј. Цвијиќ и др. Тие изнапишаа купови хартија за да ги оправдаат завојувачките стремежи и акции на големосрпската буржоазија во Македонија.

Во акциите за освојување на Македонија големосрпските владеачки кругови беа поттикнувани од Австро-Унгарија, која по склучувањето на тајниот српско-австриски договор од 1881 год. понастојчиво ја насочуваше српската политика кон Македонија со цел да го одврати вниманието на Србија од Босна и Херцеговина и од Србите во Австро-Унгарија. Освен тоа, Виена сметаше дека пропагандите на Србија, Грција и Бугарија во Македонија ќе предизвикаат такви мешаници, што таа ќе ги искористи да навлезе самата во Македонија.

Во периодот по 1881 година, српската влада, поттикнувана од Виена и од засилувањето на големобугарската и големогрчката пропаганда, презеде низа акции и мерки за да ја засили својата пропаганда во Македонија. За таа цел таа работеше за назначување српски владици во Скопје, Прилеп, Дебар, Велес, Битола и Охрид. При остварувањето на овие барања, српската влада соработуваше со грчката Патријаршија и со турските власти. Истовремено, таа ги зголеми паричните суми дадени за пропаганда. Во спроведувањето на големосрпската пропаганда беа ангажирани разни органи. Од 1886 година, на пример, во нејзина служба беше ставено белградското друштво “Свети Сава”, кое дејствуваше меѓу македонските печалбари во Србија, отвараше српски училишта во Македонија, ширеше разни пропагандни публикации итн.

За засилувањето и проширувањето на големосрпската пропаганда, големо значење имаше дејноста на српскиот пратеник во Цариград Стојан Новаковиќ. Тој успеа да добие дозволи од Портата за назначување српски конзули во Солун, Скопје (1887) и во Битола (1888). По изградувањето на железницата Скопје – Врање (1888), големосрпската пропаганда започна да испраќа во Македонија не само учители, туку и книжари, лекари, трговци и разни други агитатори, кои беа дадени во нејзини служби.

Во 1890 година, беше реорганизирано ценралното раководство на големосрпската пропаганда. Дотогашното раководно тело – Одделението за училишта и цркви на Министерството за просвета беше заменето со Политичко-просветното одделение на српското Министерство за надворешни работи, во чие располагање беше еден советодавен одбор, составен од три члена. Паричните средства се покачија од 200.000 во 1890 на

300.000 динари во 1891 година. Спроведувањето на пропагандата во теренот на Македонија место српскиот пратеник во Цариград, го раководеше српскиот генерален конзул во Скопје, а во Битолскиот и Солунскиот вилает српските конзули во Битола и Солун. Потоа, во Скопје беше назначен за српски митрополит Фирмилијан. Во Велешко-Дебарската епархија големосрпската пропаганда имаше српски архиерејски намесник, а во неколку црковно-училишни општини српски попови итн. Српските митрополити и свештеници во Македонија ја признаваа грчката Патријарија, но работеа за големосрпската пропаганда.

Најсилен соперник на големогрчката и големосрпската пропаганда во Македонија беше големобугарската пропаганда, која во последните децении на 19 век имаше пуштено најжилави корени и беше најраспространета. Таа започна да дејствува уште пред создавањето на Егзархијата (1870).

Нејзините почетоци појасно ги согледуваме во акциите на бугарската буржоазија и на нејзините претставници во Цариград, групирани околу П. Р. Славејков. Тие уште тогаш дејствуваа со разни средства за задушување на нашето самостојно македонско движење. Тие презедоа повеќе акции против македонските учебникари, воведување на македонскиот јазик во училиштата, против обновувањето на Охридската архиепископија и др.

По 1870, и особено по формирањето на бугарското кнежевство, Егзархијата стана главен спроведувач на големобугарските завојувачки и асимилаторски планови и акции во Македонија.

Големобугарската пропаганда преку неа си ги потчини училиштата и црковно-училишните општини и ги прогонуваше сите пројави на македонската национална свест и самостојност.

Во 1897 година, во тие акции беа вклучени и бугарските трговски агентства (еден вид конзулати) во Солун, Битола и Скопје, кои покрај егзархиските митрополии, станаа раководни центри на големобугарската пропаганда, која со сите средства и особено преку училиштата и црквата всадуваше бугарската национална свест и “докажуваше” дека Македонците беа божем Бугари. Така таа подготвуваше терен за приклучување на Македонија кон Бугарија.

Со цел да се засили и прошири бугарската пропаганда, според директивите на софиската влада и дворот, при Егзархијата беше создадна една просветна комисија (попечителство), која работеше под претседателство на егзархот и под контрола на бугарските дипломати. Таа комисија имаше специјална задача да се грижи за школската и просветната пропаганда, да ги држи под своја контрола училиштата и културно-просветната дејност во Македонија. За остварувањето на целите и задачите на големобугарската пропаганда, софиските влади секоја година даваа се повеќе парични средства. Во 1881 тие дадоа 100.000 лева, во 1883 околу 575.000 лева, а во 1890 година 5,5000.000 француски франкови. Се смета дека големобугарската пропаганда во Македонија располагаше со најголеми финансиски средства.

Како резултат на сето тоа, бројот на егзархиските училишта растеше секоја година. Во 1886 година Егзархијата располагаше во Македонија со 306, а во 1888/1889 со 748 основни и 63 класни училишта. Посебна грижа таа водеше за машката и женската гимназија во Солун, за учителските школи во Скопје и Серес, за Богословијата во Охрид итн. Големобугарската пропаганда, исто како и другите, вложуваше големи напори со цел учителскиот и свештеничкиот кадар да го регрутира и воспита од редовите на македонската младина, за да може полесно да дејствува и да ги прикрива своите противмакедонски акции. Како резултат на тоа, извесен број воспитаници на бугарските училишта станаа агенти на големобугарската пропаганда и агитираа за “Санстефанска Бугарија”, т.е. за приклучување на Македонија кон Бугарија.

Такви агенти создадоа и грчката и српската пропаганда.

Големобугарската пропаганда дејствуваше и преку некои македонски емигрантски друштва во Бугарија, кои по потреба на бугарските владеачки кругови организираа разни митинзи и манифестации, или пак испраќаа во Македонија вооружени чети, со цел да дигаат шум или “востанија” (1895, 1902). Но големобугарската пропаганда наоѓаше и на отпор кај македонската емиграција. Меѓу нашите прогресивни емигранти имаше една групација предводена од Димитар Благоев, Спиро Гулапчев и др., која беше против приклучувањето на Македонија кон Бугарија и предлагаше македонското прашање да се реши во рамките на една балканска федерација, во која македонскиот народ доброволно би се изјаснил за својата судбина.

Отпорот на македонскиот народ против странските пропаганди датира оттогаш кога тие започнаа да дејствуваат во Македонија.

Во почетокот тој беше пасивен, но постепено стануваше се поактивен и прерасна во отворени судири и секојдневна борба.

Познат е, на пример, отпорот на народот прво против грчкиот јазик и Патријаршијата, а подоцна и против воведувањето на бугарскиот и српскиот јазик во македонските училишта и против Егзархијата, кои служеа како средства за асимилација и потчинување.Во рамките на тој отпор настана судирот меѓу македонските учебникари и големобугарската пропаганда, со која се судрија нашите луѓе наречени македонски “сепаратисти” и други. Во борбата против Патријаршијата загинаа македонските преродбеници браќата Димитар и Костадин Миладиновци.

Егзархијата и Патријаршијата заеднички истапуваше против католичката и унијатската пропаганда, која, исто така, вршеше расцеп меѓу народот, но за разлика од другите пропаганди, во извесни моменти, го помагаше движењето за обновување на Охридската архиепископија во рамките на Римската црква.

Така, на пример, во 1892 година, Скопскиот митрополит Теодосиј со помошта на унијатските мисионери и австро-унгарскиот конзул во Скопје, покрена една значајна акција за обновување на Охридската архиепископија, која би ги опфатила сите македонски области и би уживала големи автономни права. Поради интервенцијата на Егзархијата, која го затвори Теодосија и поради несогласувањата меѓу Австро-Унгарија и Франција, акцијата пропадна.

Во борбата против пропагандите и во македонската национална преродба значајна улога одигра Ѓорѓи Пулевски од Галичник.

Тој се бореше против бугаризирањето на македонските училишта и против истиснувањето на македонскиот јазик од страна на пропагандите. Во рамките на таа борба, тој напиша на македонски јазик два речника, македонска граматика, една македонска историја, и др. Во нив тој, меѓу другото, ги просветуваше нашите луѓе дека се Македонци, дека нашата татковина е Македонија. За подобро ширење на своите идеи, Ѓорѓи Пулевски ја создаде во 1888 година “Словено-македонската книжовна дружина”.

Егзархијата, како и Патријаршијата и другите органи на пропагандите, уште по своето создавање правеше се за да го сосредоточи во свои раце раководењето на општествениот живот и да ја уништи самобитноста на македонскиот народ. Тоа предизвика голем отпор. Особено младината и еснафите даваа силен отпор, кој големобугарската пропаганда се труди да го затаи. Во Солунската гимназија овој отпор прерасна во судир меѓу македонските и бугарските професори. Егзархијата ги изгони и ги прогонуваше македонските професори и учители, кои на кој и да е начин и се спротивставуваа на големобугарската пропаганда. Во Солунската гимназија избувнаа и првите ученички бунтови, поради кои беа исклучени од неа 14 ученици. Меѓу нив беше Ѓорче Петров, Пере Тошев и др.

Во друг ученички бунт, кој избувна исто така во Солунската гимназија, учениците бараа да се воведе во наставата македонскиот јазик. За тоа беа исклучени 19 ученици. Такви бунтови имаше во егзархиските средни училишта во Битола и во Скопје. Ова движење против Егзархијата, односно против големобугарската пропаганда, според зборовите на Ѓорче Петров, “неосетно се прероди во револуционерно движење.

Отпрвин во револуционерното дело неосетно први и главно учество зедоа истите луѓе, што ја водеа борбата против Егзархијата”.

Во борбата против големобугарската пропаганда голема улога одигра т.н. македонски “сепаратисти” и пред се “Младата македонска книжевна дружина”, која под раководство на Петар Поп Арсов, Ѓорѓи Балашчев, Иван Хаџи Николов и др. го издаваа (1892) на македонски јазик списанието “Лоза”.

Нејзините членови се познати како лозари. Тие работаа за создавање македонски книжовен јазик и за неговото воведување во општествениот живот. Тие се трудеа да ги сплотат во своите редови сите нивни сомисленици, со цел да работат во Македонија за подготвување терен за револуционерно движење. Нивните напори за создавање македонски книжовен јазик беа продолжени и усовршени од Крсте Мисирков, кој студираше во Русија и во 1903 година ја издаде многу значајната книга “За македонцките работи”, со што ги положи темелите на македонскиот литературен јазик.

Споменатото македонско национално движење, неговите раководители и нивните весници, списанија и книги беа прогонувани и забранувани од големобугарската пропаганда.

МАКЕДОНИЈА ОД 1893 ДО 1903 ГОДИНА (Д-р Крсте Битоски)

СОЗДАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА Темелите на онаа организирана сила, која требаше да ги канализира, обедини и раководи борбите на македонскиот народ за слобода, беа ставени во 1893 година, во Солун. Првите основачи на Организацијата, наречена Тајна македонско-одринска револуционерна организација, беа Даме Груев од село Смилево, Битолско, Д-р Христо Татарчев од Ресен, Петар Попарсов од с. Богомила, Андон Димитров од село Ајватово, Солунско, Иван Х. Николов, книжар во Солун, од Кукуш и Христо Батанџиев од Гуменџе. Од истите овие членови беше формиран и првиот Централен комитет (ЦК) на Организацијата со претседател Д-р Татарчев, а секретар – касиер Даме Груев.

По решавањето на неопходните организациони проблеми, Организацијата започна да се шири. Тоа ја наложи потребата од свикувањето пошироко советување, на кое би учествувале не само основачите, туку и други револуционери. Како повод за еден таков собир послужи осветувањето на една ресенска црква летото 1894 година. Покрај Даме и Татарчев, на тој собир присуствуваа и Пере Тошев, Анастас Лозанчев, Александар Чакаров и други. Ресенскиот состанок, кој од Христо Татарчев е наречен “Прв револуционерен конгрес”, всушност беше продолжеток на состаноците одржани во Солун, а чија основна задача беше изградување и проширување на Револуционерната организација и одредување на нејзините цели.

Првите основачи на Тајната македоно-одринска револуционерна организација (во натамошниот текст Внатрешна македонска револуционерна организација, или Внатрешната организација,) по своите политики сфаќања и припаѓаа на прогресивната интелегенција и ги изразува стремежите на ситно-буржоаските слоеви во Македонија. Во прво време тие немаа јасна претстава ниту за карактерот ниту за целите на Организацијата, што ја создаваа. Тоа се гледа и од првиот Устав, донесен, веројатно, во почетокот на 1894 година, а и од искажувањата на Дамета, Татарчева и други. И покрај тоа, Организацијата постепено но сигурно се ширеше.

Даме Груев не беше само еден од иницијаторите за формирањето на Внатрешната организација туку тој беше и прв кој почна да ја шири мрежата на Организацијата во Македонија.

Во Солун, Штип, Кавадарци, Прилеп, Битола и другите поголеми градови започнаа да никнуваат револуционерни комитети во кои влегуваа потесен круг луѓе и тоа исклучиво од средината на трговците и учителите. Значи, почетниот период од дејноста на Организацијата се карактеризира по тоа што таа беше чисто градска Организација, која ги опфаќаше главно синовите на трговски семејства и учители.