The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 02
И покрај тоа што, поради пропагандни цели, во многу македонски села и градови Грчката патријаршија и Бугарската егзархија имаа отворано училишта, неписменоста, особено по селата, беше огромна. Меѓу населението царуваа разни суеверја, штетни обичаи и традиции. Таквото културно ниво, таа примитивна положба во која се наоѓаше пред се нашето село, не беше штетна само за интересите на народот, туку негативно се одразуваше и на правилниот тек на ослободителното дело. Организацијата не можеше да ја толерира таа положба и беше принудена да се меша и да се бори, во границите на можностите, да придонесе во општокултурното издигнување на масите.
Како што веќе спомнавме, поголемиот дел од нашиот народ, кој порано ја признаваше религиозната власт на грчката патријаршија, во времето на револуционерниот период ја признаваше веќе бугарската егзархија, која, поради словенскиот карактер, му беше поблиска отколку грчката црква. Според тоа, поголемиот број од црквите и училиштата во Македонија се наоѓаше во рацете на Егзархијата, која преку нив спровдувала националистичка – големобугарска дејност. Од таквата политика на Егзархијата кон Македонија беше условена и нејзината политика кон Револуционерната организација, која, борејќи се за “полната политичка автономија” ги засегнуваше создадените интереси во Македонија на големобугарската, големогрчката и големосрпската буржоазија.
Односот на Бугарската егзархија кон Организацијата во основа беше непријателски. “Дејноста на Егзархијата по својата длабока сушност беше чисто врховистичка – констатира еден автор. Егзархиските органи, изразувајќи ги настроенијата на чорбаџиските и заможните буржоаски елементи, беа наполно лојални во однос на турските власти, а го пројавуваа јавно своето непријателство кон Внатрешната организација.” Таквиот став на Егзархијата кон Револуционерната организација всушност беше во полза на турските власти. Тоа го констатира и еден весник од 1899 година, кој, меѓу другото-пишуваше: “Владиците, рамнодушни набљудувачи на страдањата што нивното паство ги поднесува од турскиот нож се јавуваат како потпора на тешкото турско владеење... Тие се глуви за болките и стенкањата што излегуваа од измачената душа на тој народ...” Штом се знае тоа лесно ќе може да се сфати зошто Егзархијата ги прогонуваше прогресивните учители меѓу кои и Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев и многу други учители – револуционери и раководители на Организацијата. Дури плашејќи се од вистинското народно просветно дело во Македонија и од самите учители, Егзархијата некаде и го пречеше отварењето училишта по селата.
Поради сето тоа, културно-просветната политика на Организацијата пред се беше управена против таквата дејност на Егзархијата, а за ослободување на училиштата и црквите од конзервативното и штетното влијание на Егзархијата и Патријаршијата и сл. Со таа цел Организацијата се стремеше кон заземањето на црковно-училишните раководства во свои раце, кон отворање неделни училишта за возрасни и привлекувале за работа во училиштата прогресивни учители, кон отворање училишта таму каде што немаше такви и др. За постигнување на целта, Организацијата често беше принудувана да употребува застрашувања и сила.
Карактеристичен во врска со тоа е случајот што го раскажува Русински: Охридскиот егзархиски владика не само што не сакаше да го усвои барањето на реонското раководство на Внатрешната организација за назначување некои учители што требало да ја шират Организацијата, туку лиши уште 14 села од дотогашните учители. Во ноември 1901 година, Русински со сила влезе во Митрополијата и со оружје в раце бараше од владиката да назначи учители во селата. “Не е ваша касата која ќе го издржува народниот учител. Народот вас ве издржува, а не вие него”. – му рече Русински на владиката.
Организацијата енергично се бореше против суеверјето, штетните традиции, развратот и друго. Славејко Арсов пишува како во Ресенско луѓето само бараа да се забрани употребата на некои излишни и скапи луксузни предмети во носијата: кадифе, коприна, срма, парични накити, црвенило, белило.
“Во црквите, пишува Арсов, се раздаваа многу излишни работи:
јадење, со случај на мртовец, на задушница, на служба, на празнични денови; се колат овни и се готват манџи, вино, ракија и друго. Таму често се пијанеа и тие помени (“раздавања за душа”) завршуваа со тепаници. Тој обичај го чинело не помалку од 10-15 гроша секое семејство, покрај тоа и пијанство и тепанции”. Со една наредба на Организацијата, се беше сведено на разумна мера, што беше во интерес на самите селани.
Од искажувањата на редица современици и од документи се гледа, дека културно-просветната политика на Организацијата во најширока смисла на зборот даваше позитивни резултати и имаше големо значење во борбата против туѓите влијанија и штетните обичаи. Таа, како и економската политика, изигра значајна улога во издигнувањето на авторитетот на Внатрешната организација за привлекување на масите во нејзините редови и за превоспитување на населението, особено во селата.
МАКЕДОНСКИТЕ СОЦИЈАЛИСТИ ВО НАЦИОНАЛНО-ОСЛОБОДИТЕЛНОТО ДВИЖЕЊЕ Бавниот разбој на капиталистичките производни и општествени односи во Турската империја го условуваше и развојот на работничкото класно движење во Македонија. Македонија во втората половина на XIX век одвај се наоѓаше во почетниот стадиум на капиталистичкиот развој. Индустријата само што почна да се развива. Поради тоа, работничката класа која се раѓаше, нормално, уште не беше осознаена за своите класни интереси и задачи. Меѓутоа, постепено ќе почне ширењето на социјалистичките идеи сред неа и ќе почне нејзиното организационо поврзување.
Првиот носител на социјалистичките идеи во Македонија, беше македонската економска емиграција, на прво место таа во Бугарија. Во Бугарија Васил Главинов, дрводелец, роден во Велес, во 1893 година формира Македонска работничка социјалистичка група, која својата социјалистичка просветна дејност ќе ја прошири и во Македонија. Во 1894 година Главинов во Велес формира читалиште, во кое се зачленија 65 души и кое претставуваше прво просветно работничко друштво во Македонија. Формирањето на тоа друштво всушност претставуваше почеток на организираното шерење на социјалистичките идеи во Македонија.
Македонската социјалистичка група изигра значајна улога во развитокот на национално-ослободителното движење на македонскиот народ. Таа го истакна принципот на самостојноста и незвисноста на ослободителното движење, фрлајќи ја паролата “За независна македонска република”.
Органот на социјалистичката група “Револуција” постојано укажуваше дека “македонскиот народ не треба и не може да очекува од никого ослободување, тој сам треба да се ослободи...” Се разбира, македонските социјалисти не само што не беа против помошта на прогресивната балканска јавност, туку неа ја сметаа за неопходна. “Освен што треба сите револуционери на Полуостровот да го помогнат македонското движење, тие треба да поведат смела борба против сите шовинисти, кои сакаат присоединување на Македонија. Таа не им припаѓа ниту на Бугари, ниту на Срби, ниту на Грци, туку припаѓа сама на себеси”, се велеше во в. “Револуција”.
Идеите на македонските социјалисти по однос на средствата и начинот на ослободувањето на Македонија извршија силно влијание врз изградбата на идејните основи на Организацијата.
Тоа влијание се гледа пред се од Уставот од 1896 година, а и во други акти и акции на Револуционерната организација. Од 1900 година, кога македонските социјалисти директно беа вклучени во Организацијата, нивното влијание стана уште понепосредно, поконкретно и поблаготворно. Никола Карев, Русински, Веле Марков, Димо Хаџи Димов и редица други македонски социјалисти, раководители или борци во редовите на Револуционерната организација, се истакнаа како најдоследни изразители на стремежите на македонскиот народ за национална и социјална слобода.
Според тоа, со право може да се констатира дека прогресивните идејни основи на Внатрешната организација во голема мера беа резултат и на позитивното влијание на македонската социјалистичка група, чиј приврзаник беше самиот Гоце Делчев.
ГОЛЕМОБУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА – ВРХОВИЗМОТ Бугарската црковно-училишна пропаганда, за бугарските владеачки кругови претставуваше само едно средство во нивната политика на подготвување терен за завладување на Македонија во даден момент. За реализирање на таа крајна цел бугарските буржоаски влади исползуваа и други средства. Едно од тие средства беше т.н. Македонски врховен комитет во Софија.
Создавањето на Внатрешната организација, нејзиното релативно брзо ширење и манифестирање на антиегзархиско расположение, не им се допаѓаше на владеачките кругови во Софија. Тие особено беа незадоволни и огорчени од чисто внатрешно – македонската национална и социјална насока, која на Организацијата им ја даваше Гоце Делчев и неговите другари.
Од друга страна, бугарската влада осети потреба за еден инструмент, со чија помош би вршела притисок врз турската влада во интерес на големобугарската пропаганда во Македонија. Таков инструмент беше создаден во 1894 година, кој што подоцна беше наречен “Македонски комитет” на чело со Трајко Китанчев, со седиште во Софија. Тој всушност беше Македонскиот врховен комитет (ВК), кој во почетокот декларира дека целта му е да ја помага со оружје, пари и др.
Организацијата.
Затоа, во прво време Комитетот не само што ја доби поткрепата на македонската емиграција во Бугарија, туку и самиот Гоце и Ѓорче се надеваа дека со негова помош ќе можат да ја снабдат Организацијата со повеќе средства, особено со оружје, кое и беше многу потребно. Меѓутоа, брзо на чело на Врховниот комитет застанаа луѓе (како ген. Николаев, Борис Сарафов, генерал Цончев и други), верни слуги на бугарскиот двор и буржоазија, со чија помош тие се стремеа да ја реализираат својата завојувачка политика кон Македонија. Најпрвен Китанчевиот комитет беше исползуван за вршење притисок врз турската влада за изнудување отстапки во интерес на Егзархијата, односно во интерес на целокупната бугарска пропаганда во Македонија.
Со таква цел беше предизвикано т.н. “Мелничко востание” во 1895 година, кога чети, организирани и вооружени во Бугарија, на чело со бугарски офицери, меѓу кои важна личност беше Борис Сарафов, навлегоа во Источна Македонија и се судрија со турскиот аскер. Оваа оружена провокација и помогна на бугарската влада да извлече ветување од турската влада за спроведување некои мерки, кои во краен случај водеа кон засилување на големобугарската пропаганда во Македонија.
Резултатите од “Мелничкото востание” беа задоволителни за бугарскиот двор и влада. Покрај другото, со тоа тие постигнаа бугарската држава да се прикаже во Европа дека е таа која божем има право да се грижи за Македонија и за нејзиниот статут и оти во поставувањето и разгледувањето на македонското прашање треба да се води сметка за нејзините интереси. Се разбира, правото да се грижи за Македонија и за положбата на македонскиот народ бугарската влада сама си го присвои. Такво право си присвоија и грчките и српските буржоаски влади.
Натаму, особено по 1900 година, бугарската влада често бараше спроведување реформи во Македонија, односно применување на чл. 23 од Берлинскиот конгрес, но Портата не беше склона да ги прифати тие барања. Поради тоа, започнаа да се засилуваат врховистичките провокации во Македонија, а во септември 1902 беше прогласено т.н. “Горноџумајско востание”. Оваа врховистичка провокација не ги дава очекуваните од бугарска страна резултати.
Последиците од врховистичките “востанија” во 1895 и 1902 година за населението во Мелничкиот и Горноџумајскиот крај беа мошне тешки: се засили теророт од страна на турските власти, убиства, палежи, плачкања и емиграции. “Востаниците” што доаѓаа од Бугарија по извршената “мисија” се враќаа пак назад без и најмалу да се грижат за штетните последици по народот од нивните акции.
Како што веќе спомнавме, Внатрешната организација, со својата наполно јасна формулирана цел за “полна политичка автономија”, најсериозно ги загрозуваше создадените интереси на соседните балкански монархии во Македонија. Затоа, грчката буржоазија нема да избира средства за да ја компромитира Организацијата, прогласувајќи ја за орудие на бугарската влада, за разбојничка, која божем се бори да го уништи грцизмот во Макеоднија и сл. Во основа непријателски став кон неа имаа и српските владеачки кругови.
Бугарскиот двор и боржуазијата пак имаа интерес и работеа на тоа Организацијата да се третира и во диплотматијата и во светската јавност како бугарска, но знаејќи дека таа е најопасен противник на нејзините аспирации кон Македонија, реши најрано од сите да и објави војна, со цел да биде потчинета или ликвидирана. Се разбира, носители на политиката за потчинување на Организацијата и нејзиното исползување за големобугарски цели беа врховистите. Врховниот комитет доби задача во борбата против Внатрешната организација да не избира никакви средства. Врховистите со клевети, интриги, лаги и други ниски средства се стремеа да ги компромитираат водачите на Организацијата и да ги одвојат од масите. Но кога се уверија дека таквата политика не ги дава саканите резултати, тие ги избраа оружјето и предавствата.
Започнаа да организираат вооружени чети, составени пред се од најниски елементи – разбојници, арамии, предавници – и да ги праќаат во Македонија да се борат против ослободителното дело. Еден од најпознатите разбојници кој беше исползуван од ВК беше Дончо Златков. За да ја осветли македонската емиграција во Бугарија во врска со антимакедонската политика на врховистите, Организацијата реши да го издава весникот “Дело”. Во “Дело” број 6 од февруари 1902 година, меѓу другото, го читаме и следново:
“Во Македонија навлезе една чета, која освен разбојнички намери, има цел да ја преземе и разбие Тајната револуционерна организација внатре. За постигнвуање на првата цел сведочат грабежливите инстинкти на војводата – познатиот разбојник Дончо, а за реализирање на втората се ангажирани средствата и помошта на онаа врховна квази македонска установа, која се реши по секоја цена да ја деморализира и изроди револуционерната борба на македонскиот роб до степен на една меѓусебна расправија преку која би можело само да се заграби командувањето на македонското движење. А последново е неопходно, зашто само по тој услов можат да се спроведат пеколните државнички планови на овој престапен триумвират, центарот на кој го држи дворот, (бугарски, б. м.) а двете крила му се владата и Врховниот комитет.
Разбојникот Дончо се јавува како орудие, преку кое тие планови се ставаат во исполнување. Главатарот на четата не е само разбојник, туку и пратеник на пашите (генералите) од Софија; но тие не се сами, зашто зад нив стои идниот крал на Македонија, а зад грбот на последниов Русија... Така се препорачува Дончо разбојникот, така тој агитира меѓу македонското население. Притоа тој го запишува бројот на оние на кои им треба оружје, им ветува манлихерки, ветува полкови на кнежевските војски па дури и руски дивизии... А кога и овие сугестии не помагаат, разбојничката банда на Донча прибегнува кон насилби, грабежи и убиства, кон разбојнички терор. И сето тоа со единствена цел да го натераат населението за да се откаже од своите раководители револуционери, да ги извлечкаат неговите потписи дека тоа не признава друг водач освен комитетот на пашите, зад кој стои кнезот, а зад него Русија...
Кој вистински патриот нема да се згрози на оваа гнасна деморализација; кое срце нема да се свие, гледајќи го ова оскрнавување вршено на измачените плеќи на петвековниот роб?! И тоа од кого? – Од едно жалосно орудие, кое одвај може да ја разбере улогата што ја игра во рацете на своите инспиратори.
Претставетеси ја за минута, драги читателе, атмосферата на таа измачена и многу страдна Македонија... Погледајте на тоа сосипано и испиено од страдања население, кое дава мили и драго за да биде готово во моментот кога ќе дојде последниот час на неговото искушение. Споменете си најпосле за оние смели, јуначки и решителни синови на Македонија, кои се натоварија со благородната задача да го организираат прекипнатото негодување на робот, да ја подготват македонската револуција... Може ли при овие услови да станува збор за некаква милост или колебање? Револуционерното дело е свето, а револуционерната етика многу јасна. Луѓето што си го клале животот на карта за да и служат на револуцијата, не можат и не треба да допуштаат до своето дело грабачот што сака да го згази... Секое колебањ е престапно.
Македонските револуционери тоа го разбраа многу добро и уште подобро ја сфатија опасноста од секакво развлечување. На 22 јануари (1902 – б.м.) двете соединети чети на Тајната револуционерна организација, на број околу 24 души, нагазија на трагата од Дончовата банда со тврда намера да стават еднаш засекогаш точка на неговата престапна агитација. Нашите херои се запреа во едно петричко село за да дочекаат уште неколку од своите другари. Во тие места се наоѓаше и Дончо со своите 40 души следбеници. Преку своите шпиони, тој разбра за местото кадешто стојат овие што му ја готвеа горчливата чаша на заслужената пресуда... место да излезе гради со гради за да ја одбрани благородната кауза на своите вдахновители, тој претпочитува да изврши уште една подлост за да го спаси животот. Преку ниско шпионирање, тој им ја спротивставува на бестрашните борци турската потера, а самиот побегнува кон Малешевско. Ние нема да ја опишеме херојската борба на тој грст младинци против турската војска, ниту пак нивната ретка смелост, што го принуди противникот да отстапи. За тоа читателите ќе читаат подолу. Овде сакаме да ја одбележиме само едната страна на фактот. А таа ни покажува дека ние присуствуваме на првиот чин на една вештачки подбуцнувана меѓусебна борба, инспирирана од мистериозните но многу провидни намери на Врховниот македонски комитет. Таа покажува уште дека Македонија има достојни синови, кои се готови да го заштитат делото на револуцијата еднакво како од бесните налети на турските војски и полицијата, така и од јудинските бакнежи на своите патентирани спасители.
Значи борбата започна!
За борбата и смелоста на македонските револуционери во таа двофланговска нерамна борба, ние им го испраќаме својот најискрен поздрав. Македонија не би била достојна за слободата на својот народ ако нејзините пионири не можат да ја смачкаат главата на една хидра, која, обиколена овде од полицијата и пограничната војничка стража, ги протерга своите престапни раце кон македонските полиња; зашто тие многу убаво знаат дека овие безмилосни раце се испраскани со крвта на паднатите за кнежевската круна во 1895! Зашто тие многу добро се сеќаваат дека овие исти раце сакаат од крвта и пепелта на македонската револуција да ја кренат не слободата на робот, туку кралската круна на бугарскиот престол...
Борбата е започната и таа треба да биде доведена до својот крај.
Среден пат нема. Разбивањето на пеколните планови на сите војнички гении на царедворци, ако сака да биде и преку труповите на нивните жалосни орудија – ете каде е крајот на таа борба. Македонските револуционери веќе стапија во таа борба и да го кажеме отворено, тие ги имаат и сите наши симпатии на своја страна. Не сме ние тие што ќе жалиме за последиците, ќе жалаат оние кои преку ками и терор го кренаа сегашниов комитет а исто така и оние кои преку своето престапно молчење продолжуваат да го помагаат...” Водачите на Организацијата отпрвин се обидуваа со помошта на зборот да ги убедат четите испратени од Врховниот комитет дека нивното дело е антинародно и престапно. Но не успеаја во тоа, а и тешко можеа да се сретнат со врховистичките чети бидејќи тие системно ги избегаваа средбите со четите на Организацијата.
Основната агитација на врховистите во Македонија се состоеше во следново: Внатрешната организација, т.е. Македонците не можат сами да се ослободат, туку нив ќе ги ослободи бугарската армија; не треба да ги слушаат водачите на Организацијата, тие се “багабонти”, “коцкари” и сл.; треба што поскоро да се дигне востание за да може бугарската војска, помогната од руската, да се замеша и да ја ослободи Македонија итн. итн. Организацијата мораше да вложи посебни усилби за да ја сузбие таквата антиреволуционерна и големобугарска агитација на Врховистите. Јане Сандански вели: “Планот беше да му се објасни на народот... во што се разликуваат врховистите од нас. Зборуваме дека тие се луѓе на дворецот (бугарски б. м.), дека сакаат да ги фатат чишките на Организацијата, за да можат да играат со делото... Зборуваме дека по наше мислење, востание може да се дигне само ако сите се подготвени, без да се надеваат на надворешно ветување...” Антимакедонската дејност на врховистите предизвика редица судири меѓу нивните чети и четите на Организацијата.
Сандански, на пример, неколку пати се судри со врховистичките чети на Дончо, Саракинов, капетан Стојанов.
Дончо ја нападна четата на Сандански со цел да и ја одземе пленетата Мис Стон. Врховистите не само што ги издаваа на турските власти, туку правеа обиди и да отрујат чети на Организацијата.
Тоа што непријателот не можеше да го постигне со помошта на оружјето, го постигна на друг начин. Имено, со цел што поефикасно да го пречи револуционерното движење на македонскиот народ, Егзархијата во 1897 година формира сопствена организација во Солун т. н. “Благодетелно братство” (нешто подоцна преименувано во “Револуционерно братство”), составено од егзархиски кругови на чело со Бугаринот Иван Гарванов, проф. во Егзархиската гимназија во Солун.
“Братството” реши да бидат убиени Даме, Пере и др. Тоа стапи во тесни врски со ВК во Софија, од каде што доби налог да се вклучи во Внатрешната организација. Тоа и стана во 1900 година со помошта на Матов, Татарчев и Х. Николов, без да бидат прашани Гоце, Ѓорче, Даме. Влегувањето на луѓето од “Братството” во Револуционерната организација се покажа фатално за нејзината иднина.
По апсењето на ЦК во Солун во јануари 1901 година, Гарванов стана член на ЦК на Организацијата. Членот на ЦК Хаџи Николов, под изговор дека и тој ќе биде уапсен, му ги предаде на Гарванов печатот, шифрата и врските на Организацијата и со тоа свесно или не изврши предавство кон револуционерното дело на својот народ. Двајца од тројцата членови на ЦК беа веќе врховисти. Така, ползувајќи ја ситуацијата кога речиси сите повидни, легални раководители на Организацијата беа во затвор или на заточение, врховистичките агенти од Софија го презедоа врховниот орган на Организацијата – ЦК. Брзо потоа новите луѓе на ЦК решија да ги отстранат од задграничното претставителство Гоцета и Ѓорчета како најопасни противници на врховизмот, а Сарафов планираше и да ги убие. Гарванов му испрати на ВК во Софија пет бели бланка, со печат на Организацијата, за да им послужат како полномоштва на бугарските офицери, кои требаше да бидат испратени од ВК во Македонија за инструктори, со право да можат, ако треба, и востание да дигнат. Со влегувањето на Гарванов и неговите истомисленци во Централното раководство на Револуционерната организација, врховистите можеа без поголеми пречки да си ја наложуваат волјата и да работат за што поскоро дигање востание во Македонија.
ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ Солунскиот (јануарски) конгрес По иницијатива на Гарванов, на 15, 16 и 17 јануари 1903 година во Солун беше свикан Конгрес на Организацијата, на кој присуствуваа 17 делегати кои не ги претставуваа рамномерно сите окрузи на Внатрешната организација. На Конгресот не присуствуваа многу видни револуционери, меѓу кои Гоце, Ѓорче, Сандански, П. Тошев. Во врска со тоа, Костурскиот војвода Пандо Кљашев пишува: “Конгресот... не беше окружен, ниту општ македонски конгрес, како што требаше да биде, туку беше Конгрес на неколку градски раководители и учители, слабо запознати одблизу со состојбата на работите. Од град Кукуш имаше еден претставник, од цело Битолско пак еден и тоа градски раководител”, А. Лозанчев. Серскиот делегат на Конгресот Лазар Димитров беше сосема во право кога тврдеше:
“По својот состав Конгресот беше незаконит...” А и самиот ЦК со Гарванов беше нелегален, бидејќи од никого не беше избран.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/revolutionary-struggle-mac/6 on October 29, 2026