The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ОСЛОБОДИТЕЛНИТЕ БОРБИ ВО ПЕРИОДОТ ОД - Part 02
Успешниот тек на востанието е резултат на поддршката што ја дадоа македонските селани и на значајните мерки што ги презеде востаничкото раководство. По првите борби, тоа ја усоврши воената и политичко-управна организација на силите.
Востаничките вооружени сили беа распоредени во четири големи одреди на чело со Стојан Карастоилов, Коста Георгиев, Стојан Торолинко и Крсто Аризанов. Карастоилов беше избран од војводите за “прв војвода”, т.е. за воен раководител на востаничките сили, нешто кое се потврдува и од самиот тек на востанието Адам Колмиков беше избран на атаман на востанието. Беше формирап “Штаб на Македонското востание”.
Од повеќе официјални документи на востаничкото раководсто се гледа дека самите учесници на востанието него го нарекоа “Македонско востание”, а како за такво пишуваше и европскиот печат. Штабот на Македонското востание го сочинуваа ајдутските војводи на чело со Карастоилов. За началник на штабот тие го избраа Димитар поп Ѓеорѓиев – Беровски, кој располагаше со печат, кој носеше назив: “Печат на началникот на Македонското востание од 1878 година”, со што тие го одредија не само името, туку годината и националниот карактер на востанието. Беровски се занимаваше главно со политичко-административните прашања, кои се појавуваа во текот на борбите и во ослободените области. Седиштето на Штабот беше во селото Влахи. Од карактерот на неговата дејност може да се рече дека штабот, покрај воените задачи, вршеше функција на востаничка превремена влада. Штабот го организира функционирањето на управата и на органите на народно-востаничката власт во ослободените области, одржуваше врски со комитетите “Единство”, водеше преговори со претставници на турската власт итн. Интересно е да се спомене дека во официјалните документи началникот на Штабот, кога третираше важни прашања, истапуваше од името на војводите или од името на Карастоилов, нешто кое сведочи за тоа дека врховното раководство на востанието го сочинуваа внатрешните македонски сили – војводите на чело со Стојан Карастоилов.
Од дејноста на востаничкото раководство се гледа дека организирањето на народно-востаничката власт во ослободените области за него беше клучно суштинско прашање, зашто тие претставуваа основна база од каде што востаниците можеа да црпат материјални (храна...) и нови воени сили за ширење на востанието во другите области на Македонија. Востаничкото раководство, базирајќи се врз внатрешните македонски сили, дојде до остар судир со луѓето на бугарските комитети, кои директно, или индиректно им служеа на големобугарските интереси.
Тие и бугарските владеачки кругови беа крајно вознемирени поради ваквиот тек на Македонското востание од 1878 година.
Тие гледаа дека под носот на новоформираната бугарска држава започнува да се формира и развива едно ново македонско револуционерно движење, кое претставува опасност за големобугарските аспирации во Македонија. Затоа тие презедоа (како што ќе видиме подолу) непријателски акции за да го отстранат востаничкото раководство на чело со Карастоилов и Беровски.
Во рамките на организирањето на народно-востаничка власт во ослободителните области, во селата функционираа старешински одбори и селска милиција, кои се грижеа за безбедноста и спокојството на населението, ги решаваа неговите спорови, ги помагаа востаниците итн. Со својата правилна политика спрема селаните, востаничкото раководство ги придоби на своја страна и селаните од Разлошко, Демирхисарско, Пехчевско и од други области, каде што населението беше во вриеж и готово да се дигне на востание. За одржувањето на редот и одбраната на ослободените области од нападите на непријателот посебно значење имаше селската милиција, чии стражи стражареа во разни истакнати места и ги информираа востаниците за движењето на непријателот.
Милицијата беше раководена од еден одбор, кој имаше седиште во село Кресна.
По преземените мерки од страна на востаничкото раководство, востанието се ширеше уште поуспешно. На источната страна на реката Струма востаниците ги ослободија реоните се до селата Градешница – Белица, каде што се водеа долги и нерамни борби со турска војска и башибозук. Поуспешно востанието се ширеше на запад од реката Струма, каде што беа ослободени повеќе села од Петричкиот округ. Скоро целиот реон, наречен Каршијак, беше во рацете на востаничките единици под војводство на војводите Златко, Ѓорѓи Окото, Инџето, Митко Јурукот и др. Востаничкото навлегување на југ беше запрено од многубројна турска војска на реката Стрмешница. Востаниците напаѓаа и во правец на Струмица. Го ослободија село Сушица, но нивното натамошно напредување беше запрено од турските воени сили испратени од Струмица.
Најголеми и најдолги борби востаниците водеа на линијата Градешница – Белица. Тука тие ја употребија и востаничката коњица под војводство на Никола Македонски. Овие востанички сили ги помогна и четата на војводата Поп Костадин – Буфски од село Буф – Леринско. Борбите ги раководеше самиот Стојан Карастоилов, но востаниците не успеаја да ја преземат оваа линија поради тоа што тука беше насобрана многубројна турска војска и башибозук, кои употребуваа и топови.
На оваа линија, над село Градешница се водеа преговори меѓу турските власти од Мелник и претставниците на востаниците.
Предлог за преговори дадоа Турците. Од името на турската влада, тие ветуваа да им ги укинат на селаните даноците, но само за неколку години. Претставниците на востанатиот народ бараа многу повеќе од тоа што нудеше турската влада.
Преговорите завршија без успех.
Неуспехот на востаниците да ги пробијат непријателските линии кај Градешница – Белица и во други места и да го прошират востанието во други области, беше еден од факторите, кои негативно влијаеја врз натамошниот тек на востанието. Друг таков фактор беше односот на комитетите
“Единство”, кои на востанието му понудија помош, но според мислењето на рускиот историчар Левинтов, таа не беше помош, туку блокада на востанието. Во врска со тоа, началникот на македонското востание, обраќајќи се до комитетите, уште тогаш ја откри нивната антивостаничка улога со следниве зборови: “Надежите што ги имавме во вашата помош пропаднаа. Гледаме дека вие со нас се подигрувате”
“Преставете си колку чети се вооружени со вашите испратени први и последни 60 пушки...” Во друго писмо, началникот Беровски, истапувајќи од името на војводите, протестираше против мешањето на комитетите во востанието и ги предупредуваше: “Вашата должност е да ни помагате со средства. По прашањето на востанието вие мора да бидете прости набљудувачи”. “Затоа сметаме за наша должност да ви кажеме дека ако продолжите како досега... ќе бидеме принудени да дејствуваме по нашински...” Во судирот со комитетите исплива на површина и прашањето за употребата на името Македонец, Македонско востание итн.
Комитетите беа против употребата на ова име, а востаничкото раководство изјавило: “Ова име нема да загине, без зборот Македонец вашите писма ќе бидат враќани назад...” Истовремено, востаничкото раководство, кога се убеди дека некои од раководните лица на комитетите вршеа штетна работа, ги прогони од своите редови. Од ден на ден односите меѓу нив се повеќе се заоструваа.
Софискиот комитет, кој беше задолжен од бугарските комитети да контактира преку својата филијала во Горна Џумаја со востаничкото раководство, тајно реши да се уапси началникот и да се замени раководството на Македонското востание. За таа цел беше создадена една тричлена комисија на чело со Д. С.
Стателов, член на софискиот комитет и во придружба на повеќе вооружени лица беше испратена во востаничките области, каде што со мамка го уапсија кон крајот на ноември 1878 година началникот Беровски и го затворија во Ќустендил.
Востаничкото раководство – војводите остро протестираа против тоа злосторство, но не можеше да преземе нешто ефикасно, зашто беше зафатено со борбите против Турците.
Истовремено, софискиот комитет создаде една чета на чело со Бугаринот Братан Маринов, и ја испрати во Разлошко, со цел да дига шум во корист на големобугарската пропаганда. Еден дел од населението во Разлошко и неколку месни ајдутски чети, без да ги знаат задните цели на Софискиот комитет, се приклучија кон четата на Маринов, која се сли во мноштвото востанати селани и на 20 ноември го нападнаа гратчето Банско. По неколкучасовна борба, македонските селани го ослободија Банско и запленија 34 турски војници. Потоа беа ослободени и неколку други села. Во Разлошко тогаш дејствуваа четите на рускиот офицер А. Калмиков и Л. Војткевич, кои беа испратени од Софискиот комитет.
Востаниците во Разлошко, раководени од своите војводи, ја организирале народно-востаничката власт по примерот на востаниците од порано востанатите области. Но, ослободувањето на еден дел од населението во Разлошко беше краткотрајно – еднонеделно и заменето со големи страдања, поради тоа што раководителите на четите во Разлошко, кои беа испратени од Софискиот комитет, не само што не ја организираа безбедноста на населението, туку кога слушнаа дека иде турска војска, избегаа и предизвикаа збрка.
Во тоа време, во третата деценија на ноември 1878 година, турските подготовки за задушување на Македонското востание беа скоро прикрај. Тие подготовки започнаа веднаш по објавувањето на востанието, зашто според пишувањето на странскиот печат, за турската влада тогаш “востанието во Македонија беше најактуелно прашање”, и се плашеше да не го искористи Русија за да ја освои Македонија. Руската царска влада, одговарајќи на турските протести, прогласи дека нема никаква врска со востанито и е против него. За Портата тоа беше охрабрување. За главен командант на војската и башибозукот, кои беа испратени да го задушат Кресненското востание, беше назначен злогласниот Селим паша, кој пред тоа го задуши востанието во Крит. Во префрлувањето на турска војска од Азија во Македонија, помагаа и некои англиски бродови, а англиската влада ја подбуцнуваше Портата да го задуши востанието, за да не го искористи Австро-Унгарија да покрене акции за слегување во Солун, за кое одамна сонуваше.
По пристигнувањето многубројна војска и башибозук, востаниците остапија, а Турците пак ги освоија ослободените од востаниците области. Притоа, настрадаа многу македонски села. Неколку стотици куќи беа изгорени, ограбени се многу имоти и добиток. Селаните, кои не успеаја навреме да избегаат, како на пр. во Разлошко, беа малтретирани, а некои од нив и убиени. Голем број од востанатите селани, за да се спасат, емигрираа во Бугарија.
По сето тоа во европскиот печат се јавија информации, според кои востанието во Македонија беше задушено. Во тоа време востаничките сили претрпеа уште еден голем удар. Покрај затворањето на началникот Беровски, беше убиен од агентите на големобугарската пропаганда воениот раководител на востанието Стојан Карастоилов и неговиот другар војводата Г.
Чолакот. Според спомените на учителот А. Костенцев, кој тогаш служеше во руските управни органи во Горна Џумаја, “тогаш во Кресна дојде од Софија една комисија предводена од Стефан Стамболов...” Раководителите на оваа комисија “...бараа од Стојан војвода да им се потчини со својата чета. Стојан војвода им одговорил дека и натаму ќе продолжи да дејствува независен од никого, а своите другари не ги дава. Потоа, во неприсуство на неговата дружина, по наредба на Стефан Стамболов беше убиен во собата кадешто спиеше” во село Оштава.
Кога дознаа четниците и војводите – пријатели на Стојана за неговото убиство, се побунија и ги нападнаа убијците и агентите на Софискиот комитет “Единство”, кои се распрснаа на сите страни и избегаа во Софија. По убиството на Стојан Карастоилов и Чолакот, поради негодување на народот, Димитар поп Ѓеорѓиев беше ослободен. Потоа населението од Каршијакот – Петричко го повика Поп Ѓеорѓиева да му помогне во средувањето на положбата. Скоро цел овој реон, по заминувањето на турската војска, која учестуваше во задушувањето на востанието, остана слободна, а населението, кое избега по планините, поради зимата, се прибра во своите изгорени села. Востаничките кадри од овој реон, со помошта на Димитар Поп-Ѓеорѓиев – Беровски го искористија неприсуството на турската власт и организираат месна власт, која во голема мера претставува обновување на поранешната востаничка-народна власт.
Обновувањето на народната востаничка власт во Кршијакот започна да се врши во половината на декември 1878 година.
Народот со задоволство го прифати новото уредување, но, чорбаџиите, чие влијание беше отстрането или ограничено, негодуваа и заедно со калугерот Пахомии, испратен од Софискиот комитет, ги клеветеа водачите Беровски и Златков.
Како последица на тоа, Беровски беше повторно затворен.
Интересно е што чорбаџиите во своите махинации против Беровски и народната востаничка власт се базираа врз помошта на бугарските комитети, грчкиот владика во Мелник и Турците.
За време на Кресненското востание дојдоа до израз желбите и стремежите на македонскиот народ за извојување слободно, самостојно државно уредување во својата татковина. Според спомените на Иван Хаџи Николов, подоцна раководителите на ВМРО – црпеа искуства од Кресненското востание.
БРСЈАЧКАТА БУНА Положбата беше вонредно тешка не само во североисточна, туку и во Западна Македонија. Народот страдаше од многубројните пљачкашки банди, кои во повеќе случаи дејствуваа во соработка со месните турски власти, така што луѓето никаде не можеа да најдат заштита и правда. И тука народот сам се погрижи за својата егзистенција.
Незадоволството и отпорот на народот од овие области започнаа да прераснуваат во едно организирано движење, кое го доби името Охридска завера или Брсјачка буна. Заверата опфати многу села и неколку градови. Во неа учествуваа неколку заверенички кружоци, меѓу кои најактивен беше кружокот создаден во Крушево, кој започна да работи од крајот на 1878 година.
Тогаш Крушево го посети Диме Чакре кој беше еден од водачите на доброволцитте учесници во руско-турската војна.
Таму тој се состана со поп Христо, Ицо Карев, Никола Ковачот и др. Тие решија да преземат мерки против несносната положба. За таа цел донесоа решение да ја прошират заверата по селата, да собираат пари за купување оружје и да создадат вооружени чети, за да ги казнуваат мачителите на народот. Тие се поврзаа со месните ајдути и со заверенечкиот кружок во Охрид. Постепено заверата се прошири од Прилеп и Битола до Охрид и Кичево, така што опфати доста голем дел од Западна Македонија.
Како нејзин центар служеа и Демирхисарските планини.
Заверениците се поврзаа со рускиот конзул во Битола Њага и се трудеа преку него да се снабдат со оружје и муниција. Њага ги охрабруваше заверениците. Тие агитираа меѓу народот дека во подготвуваната борба ќе бидат помогнати од Русија и Србија.
Поврзувањето на крушевскиот со охридскиот кружок се оствари во 1897 година. Кружокот во Охрид го сочинуваа неколку трговци и учители, меѓу кои беа Зафир Белев, Ангел Спространов, Коста Лимончев, К. Блажев, Д-р Константин Робев, К. Манолов и др. Членовите на овие два кружока одржаа и заеднички состаноци, на кои решија: да продолжат акциите за проширување на заверата, да се набавува оружје, да се бара помош од рускиот конзул и да започне истребувањето на турските и другите мачители и пљачкаши на народот. Во периодот 1880-1881 беа ликвидирани повеќе такви насилници, така што народот за извесно време се ослободи од нивните злодела.
Такви акции беа изведени, на пример, во горниот тек на реката Треска. Селаните од село Лупште, Кичевско, кои многу страдаа од пљачкачките банди, бараа заштита од властите, но бидејќи не ја добија, се побунија и создадоа свои вооружени чети под команда на браќата Стеван и Кузман Петревски. Со нив се солидализираа и многу околни села. Со помошта на оружјето, побунетите селани ги прогонија од своите места пљачкашите и убијците и до извесна мера им откажаа послушност на власта.
Тие решија сами да се управуваат. На властите им јавија дека тие самите ќе ги собираат и ќе им ги доставуваат даноците во Кичево. Во почетокот властите ја признаа оваа ситуација, но потоа постепено ја ликвидираа. Со мамка го заторија и го отруја раководителот Стефан. По една година, разбојничките банди ги изгореа селото и луѓето во нивните куќи.
Вооружени македонски чети дејствуваа и во други области.
Заверениците работеа доста успешно, но и турските власти презедоа строги мерки и пролетта 1880 година успеаја да ја откријат и ликвидираат заверата. Во тоа им помогна и предавничката улога на грчкиот игумен на манастирот Слепче – Демирхисарско, каде што заверениците се состануваа. Неколку десетици луѓе-раководители и учесници на заверата-беа уапсени и фрлени во затвор. Во април 1881 година, поради предавство, беше откриена и уништена во една куќа во Прилеп и четата на браќата Чакревци. И покрај неуспешниот крај на оваа завера, таа сепак претставува чекор напред во организирањето општо македонско револуционерно движење.
Зборувајќи за настаните во Западна Македонија, треба да ја спомнеме и соработката на нашиот народ со нашите соседи – Албанците, кои во тоа време, исто така, се раздвижија и водеа борба за слобода и национални права.Во таа борба раководна улога играше “Албанската лига”. Се смета дека Исај Радев Мажовски од Лазарополе, беше македонски претставник во “Албанската лига” и од порано работеше за македонско-албанско зближување и соработка. Тој беше приврзаник на идејата за самостојна Македонија и независна Албанија. Еден од изразите на албанско-македонската соработка беше заедничката акција на Албанци и Македонци за отстранувањето на кајмакамот во Дебар во 1881 година. Имаше и други такви акции, но со истовременото ликвидирање на заверата во Западна Македонија и на “Албанската лига”, тие беа превремено задушени, но пак беа обновени во наредниот период и особено по 1885 година, кога беше создадена “Македонско-албанската револуционерна лига”.
Во 1887 година “Македонско-албанската револуционерна лига” издаде апел, со кој ги канеше Албанците да се вкулчат во нејзините редови за заедничка ослободителна борба. Таа работеше за обединување на Македонци и Албанци, со цел да се извојува посебна автономија за двете земји – Македонија и Албанија. Во тој апел, меѓу другото, се вели: “Ние не сакаме Албанија и Македонија да паднат од власта ни на Бугарија, ни на Србија, ни на Грција. Ние сакаме на Македонија и на Албанија да им се даде автономија...” Овој апел меѓу Албанците го ширеше споменатиот Мажовски. Лигата предвидуваше да се дигне заедничко востание, но поради разни причини овие планови и напори не дадоа повидливи резултати.
СТРАНСКИТЕ ПРОПАГАНДИ ВО МАКЕДОНИЈА И ОТПОРОТ ПРОТИВ НИВ Како што видовме, уште за време на источната криза и особено по неа, странските пропаганди во Македонија, пред се бугарската грчката и српската, ја засилија својата непријателска дејност како никогаш пред тоа. Тие му направија на македонскиот народ големи штети и го кочеа развитокот на неговите борби за национално и социјално ослободување.
Како најстара пропаганда во Македонија се јавува големогрчката пропаганда, спроведувана и раководена од грчката Патријаршија во Цариград. Таа имаше цел да работи за реализирањето на “мегали идеја” (“голема идеја”), т.е. за обновување на Византија и во рамките на тоа за заграбување на Македонија. Од редовите на грчката буржоазија како најистакнати агитатори и финансиери на големогрчката пропаганда беа големотрговските семејства Скулудис, Зафирис, Карапанос, Зографос и др., кои живееја во Цариград и други градови. Тие, покрај тоа што уживаа привилегии од турските власти, во втората половина на 19 век беа истиснати од странскиот капитал и принудени да се приберат во Атина.
Сакајќи да си ги повратат поранешните позиции и богатства, тие уште повеќе ја активизираа големогрчката пропаганда.
Давајќи за таа цел одредени суми пари и претставувајќи се како “добродетели” добиваа од грчките влади разни привилегии, кои им овозможуваа да остварат големи богатства и да се здобијат со министерски и претседателски функции.
По создавањето на грчката држава, раководството на големогрчката пропаганда постепено преминува во нејзини раце, така што Патријаршијата стана нејзин орган. Кон крајот на 19 и во почетокот на 20 век, дури и митрополитите беа назначувани според укажувања на атинските влади. Во спроведувањето и раководењето на големогрчката пропаганда беа ангажирани неколку атински министерства, а пред се Министерството за надворешни работи, кое дејствуваше во Македонија преку грчките конзули, од кои првиот беше назначен во Солун уште во 1835 година. Заради пропагандни цели, грчките влади во договор со Портата во почетокот на 20 век го зголемија бројот на своите конзулати и нивниот персонал до максимум. Такви имаше во Солун, Битола, Скопје, Серес и Кавала. Одделни конзулски службеници ја раководеа и контролираа работата на грчките училишта, општини, цркви и др.
Грчките влади во Македонија дејствуваа и преку разни друштва (силогоси). од кои најзначајни беа: “Образовното друштво” (основано во Атина во 1836) и “Друштвото за ширење на грчката писменост”, формирано според инструкции на грчката влада во 1869 година. Тоа се финансираше од државната каса.
Во 1891 година, на пр., тоа доби од владата 400.000 драхми.
Истата година грчката влада даде за финансирањето на големогрчката пропаганда околу 790.000 драхми.
Како резултат на засилената дејност на големогрчката пропаганда, бројот на грчките училишта растеше скоро секоја година. Во 1877 година во Солунскиот и Битолскиот вилает имаше 256 училишта со 10.968 ученици. За нецели десет години (1896), тие бројки се покачија на 907 училишта со 53.633 ученици. Во наредните години овие бројки пораснаа (до 1902)
само за неколку десетици, а потоа стагнираа.
Овие податоци, кои не се точни, им служеа на големогрчката пропаганда во докажувањето на тоа дека Македонија е “грчка земја”, оти Македонците се “гркогласни Грци” итн. За истата цел големогрчката пропаганда, имено “Друштвото за ширење на грчката писменост” и други собираа и исфабрикуваа разни лажни етнографски и бројни податоци за населението во Македонија. Тие им беа ставени на располагање на некои странски автори на книги, или карти, во кои се бранеа големогрчките завојувачки стремежи и акции во Македонија.
Во нив и во некои грчки карти и книги, грчките заграбувачки претензии стигнаа до Качаник, Ќустендил и погоре, а оттаму до Црно Море. Тие ја претставуваа т.н. максимална програма на “мегали идеја” која настојчиво ја пропагираа грчките друштва, Патријаршијата, повеќе банкари, големотрговци и др. Со неа се согласуваа и грчките влади, но тие или некои од нив, имаа и една друга, т.н. минимална програма, формулирана од Х.
Трикупис, кој како министер за надворешни работи во 1866 година ја нафрли идејата за поделба на Македонија.
Според оваа програма, Грција ја бараше т.н. “Историска Македонија”, чии северни граници беа одредени со линијата, која тргнуваше од Родопите и реката Места, минуваше северно од Неврокоп – Струмица и Демир Хисар – Прилеп – Крушево – Охрид и низ Албанија завршуваше во Јадранското Море. Врз база на оваа програма, грчките влади повеќепати водеа преговори со српските влади за поделба на Македонија на влијателни сфери, но не беше постигната (до 1912) согласност, зашто и големосрпските претензии беа големи.
Големосрпската пропаганда во Македонија поизразито се појави по 1868 година, но извесни нејзини идеолошки начела беа поставени уште во 1844 година, во т.н. “Начертание” на Илија Гарашанин, во кое се вели дека кнежевство Србија треба да се грижи и за приклучувањето на Македонија кон Србија.
Во 1868 година, според директиви на српската влада, беше осниван во Белград “Просветен одбор”, кој се зафати со отварањето српски училишта во Македонија. До 1873 година, тој отвори 61 училиште. Во 1877 година, се формира т.н. Главен одбор под претседателството на архимандритот Сава. Овој Одбор работеше за приклучувањето на Македонија кон кнежевство Србија. За таа цел организаторите и агитаторите на големосрпската пропаганда од типот на Ј. Драгашевиќ, П.
Сречковиќ, М. Милоевиќ и др. работеа за создавање “Велика Србија” и ги “докажуваа” српските права во Македонија.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/revolutionary-struggle-mac/3 on October 29, 2026