The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 04
Најголема активност во организирањето и дејствувањето на овој фонд покажа неговиот секретар Хенри Брејсфолд, кој во ноември 1903 година дојде во Македонија, во Битола и од собраната помош во Англија им разделуваше храна, облекло, покривка, лекови и други потреби на селаните во Битолскиот вилает. Со средствата од овој фонд беа формирани и екипирани со нужните потреби и три болници во Охрид, Битола и Костур, кои по Илинденското востание, во таква тешка ситуација, значеа висок хуман акт на англиските хуманитарни организации спрема македонскиот народ.
Гласот за помош на Македонците во тешката ситуација наиде на широк одѕив и прием и во словенска Русија. Таму беше формирано друштво “Црвен крст”, кое апелираше до рускиот народ за доделување прилози во олеснување на положбата на Македонците. Во Чешка и Швајцарија, исто така, беа формирани друштва за помош.
Во акцијата за помош не изостанаа и разни добротворни и хуманитарни организации, дури и во далечна Америка, каде што беа формирани комитети за помош. Најголема активност во овие комитети пројавувале нашите иселеници и печалбари.
Настојувањата за помош најдоа одѕив и во југословенските земји. Во Љубљана беше основан македонски комитет, кој ги повикуваше Словенците да им помогнат на настраданите Македонци. Во Србија беше формирана организацијата “Коло на српските сестри” и Одбор за помош и други друштва за помагање на настраданите Македонци. Слични такви друштва беа формирани во Хрватска и во Бугарија. Владите на Србија и Бугарија во своите буџети изгласаа посебни средства за настраданите во Македонија. Српската влада отпушти 1,500.000 динари, а бугарската влада 1,500.000 лева. Дури и турската влада, откако дозволи да бидат изгорени голем број села во Битолскиот вилает во текот на Илинденското востание, издаде наредба за давање помош во поправувањето на изгорените села.
Меѓутоа, голем број од селаните, кои иако имаа голема потреба од каква било материјална помош, откажуваа да ја примат помошта од турската влада.
Во таквата положба најмногу дојде до израз меѓучовечката солидарност, посебно на селското население во Битолскиот вилает. Во таквото меѓусебно помагање, по изгорените села набргу никнаа привремени живеалишта. Со тоа минаа и првите потреси и настапи извесно смирување и можност за продолжување на натамошната револуционерна дејност. Во таквата положба во изгорените македонски села во Битолскиот вилает престојувал како што спомнавме, видниот англиски општественик и секретар на комитетот за помош на Македонците Херни Брејсфолд. По овој повод Брејсфолд напиша книга на англиски јазик, во која ги опиша настаните од Илинденското востание. Давајќи реален опис на изгорените села, на измачените и ранетите, на обесчестените жени и девојки, тој никаде не забележа опаѓање на револуционерниот дух кај селаните, ниту пак критика упатена кон револуционерните комитети. Напротив, селаните секаде искажуваа желба во секој момент – до колку бидат повикани – повторно да стапат во борба против османлиската власт и систем во Македонија.
СОСТОЈБАТА ВО ВНАТРЕШНАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА Неуспехот на Илинденското востание, Македонската револуционерна организација ја стави во посебно тешка положба. Загубата на голем број свои кадри во текот на Востанието, како и злосторствата што беа направени врз востанатите села од турските војски и башибозук, остави длабоки траги на Револуционерната организација. На кадрите на Организацијата, кои и по Востанието останаа на теренот, една од првите грижи им беше средување и поврзување на организационите редови. Ова беше апсолутно нужно, посебно во реоните на Битолскиот револуционерен округ, каде што востанието најсилно се изрази. Во сите други револуционерни окрузи, состојбата на Организацијата, беше сосем поинаква, таа, речиси, остана незасегната.
Без секакво сомневање е дека неуспехот на Илинденското востание наметна многу прашања од идејно-тактички и друг карактер, што Револуционерната организација требаше да ги третира и да изнаоѓа соодветни посовремени решенија.
Темелните прашања, као што беа поуките и искуствата од Илинденското востание и воопшто од дотогашната долгогодишна револуционерна нелегална дејност, демократизацијата и децентрализацијата во редовите на Револуционерната организација и сл., станаа предмет на расправии на сите конгреси, што Организацијата ги одржа во текот на 1904-1905 година. Општо земено, Револуционерната организација се до Рилскиот конгрес во октомври 1905 година бележеше еден постојанен подем во средување на организационите редови. На окружните конгреси, кои во текот на 1904-1905 година беа одржани како и на Рилскиот конгрес, кој беше општ конгрес на Организацијата, беа третирани вонредно важни и судбоносни прашања за натамошниот тек на Револуционерната организација. Меѓутоа, по Општиот рилски конгрес по разни идејно-тактички и други прашања, во Организацијата се појавија неединствени гледања и становишта. Како последица на неединствените становишта во Внатрешната организација се почувствува константен упадок и отворен расцеп, од што во тек на време се искристализираа две спротивни становишта. Како последица на таквите спротивни гледања по повеќе прашања за натамошниот правилен од на Организацијата и воопшто на Македонското национално-ослободително движење дојде до меѓусебно физичко истребување и борби, кои многу штетно се одразија во натамошниот растеж на Револуционерната организација. Во Организацијата се издиференцираа две струи наречени “левица” и “десница”. Овие струи, подоцна, се оформија во посебни групи и организации со оформени идејни основи. Тие, всушност, немаа за основа економско-социјални претпоставки во појавените неединствени гледања, туку предимно од национален и тактички карактер. Од ова би извлекле заклучок, дека за “десницата” повеќе би одговарал терминот пробургарска струја во Македонското национално-ослободително движење, отколку “десница”. Како последица на подвоеноста во Револуционерната организација, посебно по Рилскиот конгрес, дојде до меѓусебно пресметување. Беа формирани вооружени чети, кои ја подржуваа едната или другата струја. Сето тоа и нанесе голем удар на Револуционерната организација и му остави крајно тешки последици на Револуционерното движење во Македонија. Во таквата меѓусебна борба и подвоеност, како на револуционерните кадри така и на борбениот елемент, ги загубија животите многубројни работници верни и испитани борци во долгогодишните борби, посебно во боречките редови на Организацијата. Сево ова имаше одраз и на планот на општата борба против турските угнетувачи и против засилената интервенција на вооружените пропаганди на соседните земји.
Едно од основните прашања, по кое дојде до расцеп во Организацијата, беше и односот на Револуционерната организација спрема бугарскиот национализам и на другите балкански држави. Издиференцираните две основни групи во нејзините редови настојуваа за своите ставови да придобијат и приврзаници. Едната струја, која во Македонија ја претставуваше Јане Сандански, а во Софија Петре Поп Арсов и др., сакаа да остане доследна на набележаните принципи на Внатрешната организација, за независност и самостојност на Организацијата спрема Бугарија и другите балкански држави; и слично. Поради тоа, оваа група се противеше на секаква помош од официјална Бугарија, ниту пак сакаше дејноста на Внатрешната организација да ја потчини на потребите на бугарската надворешна политика.
Другата група, пробугарска, која во Македонија немаше некои видни приврзаници и која ја водеа Борис Сарафов, Христо Матов, Иван Гарванов и др., инсистираа дека Внатрешната организација треба да се потпира врз официјална Бугарија и од неа да прима помош; македонското прашање го сметаа како исклучиво бугарско прашање и затоа беше согласна да прима директиви за идната дејност на Организацијата, како и финансиска и друга помош од Софија, не барајќи соработка со други национални елементи во Македонија. Овие беа основните спротивности врз кои настана поделбата во Внатрешната организација. Таквата поделба, предимно во врвовите се настојуваше да се пренесе и во пониските органи на Внатрешната организација на теренот.
ОРГАНИЗАЦИОНАТА ПОЛОЖБА НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА И АКТИВИРАЊЕ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ДЕЈНОСТ Потребата од средување на односите на Внатрешната организација посебно се чувствуваше во Битолскиот револуционерен округ. Кон средината на мај 1904 година, почна да работи Конгресот на Битолскиот револуционерен округ. Заседанието на Конгресот траеше се до крајот на истиот месец. Конгресот се одржуваше по селата низ Прилепско и поради тоа е наречен Прилепски конгрес. На Конгресот зедоа учество 13 делегати од Округот, меѓу кои се наоѓа Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Георги Поп Христов, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугаре и др., кои по Илинденското востание останаа на теренот. Присуствуваа и двајца делегати од Солунскиот револуционерен округ. Делегатите на овој Конгрес нашироко расправаа за причините што го условија неуспехот на Илинденското востание. Покрај ова, на Конгресот беше поставено прашањето и за натамошната дејност на Организацијата. Во дискусијата по ова прашање се изразија две становишта: едното беше за децентрализација во Организацијата, додека другото се стремеше да се задржи и натаму старата и веќе одживеана централистичка форма на раководење со Организацијата. Од сета дискусија по овие прашања произлезе Проект-уставот во кој беше прифатен изборниот принцип што претставуваше новина и навестуваше позитивна тенденција во изменувањето на застарените форми на раководење на Организацијата.
Во јануари 1905 година почна со работа и Конгресот на Скопскиот револуционерен округ. Овој Конгрес траеше една недела и се одржуваше во селото Кнежево, Кратовско. Новиот Проект-устав, дотогашната и идната дејност на Организацијата, односот на Организацијата кон пропагандите и други економски прашања беа предмет во дикусиите на Конгресот.
Прифатениот правилник на овој Конгрес, како и воопшто дискусијата што се водеше предимно одеше на линијата на десницата во Организацијата.
И Солунскиот револуционерен округ покажа прилична активност по Илинденското востание. Во овој Округ се одржаа два конгреса. Во јули 1905 година беше одржан првиот, а вториот во август 1905 година. На овие конгреси дојдоа до израз повеќе позитивни тенденции во развојот и односот на Организацијата по повеќе прашања. Посебно беше акцентиран принципот на автономијата, како и меѓународните аспекти на македонското прашање; односот на Организацијата кон Егзархијата, а беше истакната и потребата за казнување на Борис Сарафов. Солунскиот револуционерен округ застапуваше многу позитивни становишта по повеќе прашања за правилниот од на Револуционерната организација.
Во летото 1905 година беа одржани два конгреса и во Струмичкиот револуционерен округ. Едниот беше Конгрес на струмичкиот реон, а вториот на Округот. И на двата конгреса се третираа прашања за натамошниот развој на Организацијата, за односот на Организацијата кон пропагандите, за создавање специјален судски институт во Организацијата, за воведување систем на оданочување и друго. На овие конгреси во Струмичкиот револуционерен округ дојде до израз влијанието на левицата во Организацијата.
На 29 јули 1905 година, во месноста “Белемето”, на Пирин Планина, почна да работи Конгресот на Серскиот револуционерен округ. Меѓу делегатите се наоѓаше и Јане Сандански, кој по Илинденското востание со своите исправни становишта по многу прашања, стануваше се поистакната револуционерна личност. На Конгресот детално беше разгледана состојбата во Округот и на Организацијата, и им се обрна посебно внимание на стопанските проблеми во Округот.
И на овој Конгрес дојдоа до целосен израз интенциите за самостојност во развитокот на македонското ослободително движење.
Општо земено, на сите конгреси на Организацијата, кои во текот на 1904-1905 година се одржаа по револуционерните окрузи, освен на Скопскиот, становиштата на левицата во Организацијата однесоа победа. Организацијата по Илинденското востание повторно застана на цврсти нозе и беше во состојба да ја продолжи и натаму револуционерната дејност.
Најкрупен настан од животот на организацијата во поилинденскиот период претставува Општиот конгрес одржан во Рилскиот манастир, наречен Рилски конгрес. По прашањето за местото на одржувањето на овој Конгрес меѓу делегатите дојде до прилично големи расправии. Еден дел од делегатите од внатрешноста на Македонија бараа Конгресот да се одржи на територијата на Организацијата, во Македонија. На крајот се дојде до согласност Конгресот да се одржи во Рилскиот манастир, бидејќи на Конгресот му претстоеше огромна работа, та поради тоа беше нужно тој непречено да работи.
Конгресот почна да работи во почетокот на октомври 1905 и траеше до крајот на месецот. Меѓу делегатите се наоѓаа тогашните најистакнати работници на Организацијата како Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев и други. На Конгресот беше разгледана дотогашната и натамошната дејност на Организацијата; потоа, устројството и раководењето на Организацијата, културно-просветната дејност, судството, финансиите, печатот и друго. Со посебен акцент се дискутираше по прашањето за односот на Организацијата спрема пропагандите и спрема бугарскиот државен национализам и Егзархијата, за врховистичките групи внатре и надвор во Организацијата и др.
По долгите дискусии, на Конгресот беа избрани нови раководни органи на Организацијата. Избран беше нов Централен комитет во кој влегоа: Даме Груев, Пере Тошев и Тодор Поп Антов, додека во Задграничното преставништво на Организацијата влегоа: Ѓорче Петров, Димитар Стефанов и Петре Поп Арсов.
За редактор на официјалниот весник на Организацијата “Револуционерен лист” беше одреден Димо Хаџи Димов.
По прашањето за устројството и раководењето на Организацијата се водеше најдолга дискусија, во која дојдоа до израз разбирањата на левицата и десницата. На крајот од дискусијата беше донесен и нов Устав и Правилник на Организацијата, во кои концепциите и становиштата на левицата беа целосно прифатени. Самостојноста на Организацијата и нејзиниот револуционерен карактер и принципот на демократскиот централизам беа основа во натамошната дејност на Организацијата. На Конгресот му беше обрнато и посебно внимание на културно-просветната, социјалната и стопанската дејност на Организацијата, а Мирцштегските реформи Конгресот ги окарактеризира како некорисни и штетни за македонското национално-ослободително движење. За активноста на врховистите околу групата на Цончев, како и за активноста на Борис Сарафов беа изречени многу остри зборови и се побара од нив да ја прекратат натамошната активност. Меѓутоа, очекуваната единственост во гледањата и акциите што требаше да настапат по Рилскиот конгрес не беше постигната. Настана трагичен расцеп во Организацијата, кој имаше извонредно тешки последици во натамошниот тек на Македонското национално ословодително движење. Десните елементи во Организацијата, всушност неоврховистите, под влијание на надворешни фактори, туѓи на македонското национално-ослободително движење, не ги прифатија одлуките на Рилскиот конгрес и почнаа самостојно и деструктивно да дејствуваат.
Организацијата почна да бележи упадок во натамошата револуционерна дејност.
ЕМИГРИРАЊЕТО И ПЕЧАЛБАРСТВОТО Процесот на иселување од Македонија не стивна и по Илинденското востание. Напротив, тој стана уште поинтензивен, како последица на вложените општествено-економски и политички услови во Македонија, а конкретно на тешките економски услови во Битолскиот вилает и на засиленото дејствување на вооружените пропаганди. Голем број селани бараа засолниште во поголемите места и градови во Македонија, та дури и надвор. Најсилно беше бегалското движење во Битолскиот вилает, односно во одделни реони на Вилаетот, како што беше Крушево. Голем број жители од ова некогашно китно и напредно гратче, мораа да побараат засолниште во други места, главно во Битола, кој како релативно голем град и вилаетски центар, овозможуваше до некаде засолниште. Во прифаќањето на бегалците најмногу се ангажираа нивни роднини или разни добротворни организации.
Процесот на иселување и напуштање на родните огништа не беше помал и во другите реони на Битолскиот вилает. Од Костурско, Леринско, Преспанско, Прилепско, Охридско и од други места низ Македонија непрекинато и незапирливо беше бегалското движење. Приличен број Македонци за постојано или привремено се преселија во соседните балкански земји, како и во внатрешноста на самата Отоманска империја, каде што покрај засолнувањето бараа и работа за егзистенција. Во Цариград, Смирна, потоа, Египет, Бугарија, Грција, Србија и Романија Македонците бараа и наоѓаа засолништа. Во прилично помал обем емигрирањето беше насочено кон европските земји. Одењето во европските земји, посебно во Австро-Унгарија, Германија или Франција предимно беше диктирано од потребата за работа. Прилично беше масовно преселувањето и одењето на печалба во Северна, а многу помалку во Јужна Америка. Многубројни беа разните претставници на американски и други компании, кои во таквата специфично тешка состојба во Македонија врбуваа луѓе и ги испраќаа во Америка, наоѓајќи и обезбедувајќи си на тој начин евтина работна рака. Според едни податоци, што Ѓорче Петров ги изнесе во една негова студија по ова прашање, се гледа дека во 1903 година, 9-10.000 Македонци заминале во Америка; во 1904 година 10-12.000, додека во 1906 година тој број уште повеќе се зголемил. Оттука наши сонародници можат да се сретнат во повеќе европски и воневропски земји. При ова треба да се истакне фактот што иселениците и печалбарите во новата татковина никојпат не ја прекинуваа врската со стариот крај.
Таа врска тие постојано ја одржуваа, а при разни поводи тие и на дело ја потврдуваа секојпат во прилог на своите браќа, кои не ја прекинаа борбата против причините што нивните сонародници ги натераа да ја напуштат својата татковина.
МИРЦШТЕГСКИТЕ И ДРУГИ РЕФОРМИ ВО МАКЕДОНИЈА И покрај фактот што моменталните интереси на “најзаинтересираните” европски сили по македонското прашање – Австро-Унгарија и Русија – беа свртени на други поневралгични точки, тие не можеа во целост да се апстрахираат и оглушат од настаните во Македонија. Настаните во Македонија најдиректно ги загрозуваа нивните општи интереси на овој дел од Светот. Оттука, со цел да се ублажи и смири ситуацијата во Македонија, Австро-Унгарија и Русија, по претходни подолги преговори и консултирања и со другите европски големи сили, се зазедоа да го решаваат македонското прашање. Рускиот цар Николај II и австрискиот император Фрањо Јосиф се состанаа во Виена кон крајот на септември 1903 година. Двајцата монарси средбата и разговорите ги продолжија во штаерското место Мирцштег. Како резултат на тие преговори произлезе реформна програма, која според местото каде што беше донесена е наречена Мирцштегска реформна програма. На 3 октомври 1903 година, амбасадорите на Австро-Унгарија и Русија во Турција беа задолжени да ја известат и запознаат со содржината на реформната програмна турската влада за бараните реформи во Македонија. Турската влада на тоа остро реагираше, сметајќи дека со тоа се повредува нејзиниот суверенитет. Но набргу, по разни совети и притисоци таа формално ги прифати, постојано тежејќи во текот на нивното спроведување да ја затаи нивната содржина и суштина.
Во Мирцштегските реформи се предвидуваше при главниот инспекотр за европските вилаети Хилми Паша, кој имаше седиште во Солун, да се назначат двајца цивилни агенти, кои ќе ја претставуваат Австро-Унгарија и Русија. Цивилните агенти имаа задача да го надгледуваат работењето на турската администрација во спроведувањето на реформите. Освен цивилните агенти, требаше да се назначи и еден странски генерал со европски офицери и потребен број советници. Овие воени лица требаше да ја спроведат реорганизацијата на турската жандармерија во Македонија. Разделувањето на Македонија на сектори требаше да овозможи поефикасно извршување на планираната реорганизација на жандармеријата, со што се целеше да се постигне поголема нејзина ефикасност во борбата против револуционерното движење во Македонија.
Ова претставуваше еден од битните елементи на реформната програма за смирување во Македонија. При ова треба да се истакне дека иницијаторите на реформната програма најмногу инсистираа на овој битен елемент, при што може да се констатира за целите на настојувањата на Австро-Унгарија и Русија, како и на другите европски сили за задржување на фамозното status quo (дотогашната положба) во Македонија.
Освен барањата за назначување цивилни агенти и реформата на жандармеријата, беше поставено и барањето турските власти да ги реформираат администрацијата и судството, потоа вклучување месно население во администрацијата, формирање комисии составени од христијани и муслимани, кои требаше да се задолжат со иследување на злочините сторени во времето на Илинденското востание. Турција, исто така, требаше да се обврзе во надоместување на трошоците за изгорените села и да ја распушти нередовната војска.
Турската дипломатија и администрација и при овој повод ја покажа својата карактеристика и способност за одолговлечување на такви и слични акции. По низа натегнувања, во втората половина на јануари 1904 година, цивилните агенти ја започнаа својата работа. За ненавремено почнување работа на реформните органи, во голема мера придонесе и несогласувањето меѓу европските сили околу изборот на лице коешто требаше да ја раководи реформата на жандармеријата, како и за распределба на секторите. При ова дојдоа до израз интересите на соодветните земји кон одделни делови на Македонија. На крајот силите се согласија со реформирањето на турската жандармерија во македонските вилаети да раководи италијанскиот жандармериски генерал Ди Џорџис. Во оваа смисла Македонија беше разделена на сектори, при што големите сили се зафатија со реформата на турската жандармерија. Така, Австро-Унгарија го доби Скопскиот санџак, Италија Битолскиот вилает; Русија Солунскиот вилает;
Франција Серскиот санџак, додека Велика Британија Драмскиот санџак. Германија, која беше најдобар пријател на Османлиската империја, ја доби управата над жандармериските училишта во Солун. Одвај, по сите натегнувања, странските офицери во април 1904 година ја започнаа работата за реформирање и реорганизирање на турската жандармерија во Македонија.
Рускиот и австрискиот цивилен агент, кои дојдоа во Македонија всушност беа поставени во многу незгодна ситуација. Тие беа сосема ограничени во вршењето на својата дејност. Честопати патуваа низ внатрешноста на Македонија, наводно го надгледуваа изведувањето на реформите, примаа разни поединечни и групни поплаки од теренот без да можат да преземат конкретни мерки, бидејќи според обврските тие беа само задолжени да реферираат на своите претпоставени за она што ќе видеа или за што ќе беа известени. Врз основа на тоа му обрнуваа внимание на главниот инспектор Хилми паша за потребата од преземање нужни мерки во овој правец.
Повеќе успех во работата со реформирањето на жандармеријата постигнаа странските офицери. Тие настојуваа да ги отстранат од редовите на турската жандармерија сите неспособни и неписмени луѓе, да им обезбедат на жандармите редовни примања, бидејќи нередовното примање на принадлежностите беше една од причините за корупција и други злосторства од страна на жандармеријата. Во Солун, Скопје и Битола беа отворени жандармериски училишта, а бројот на жандармериските станици беше значително зголемен, воспоставувајќи на тој начин општа контрола преку меѓусебни врски. Така, турската жандармерија во Македонија стана подобар и поефикасен чувар на државните интереси на Османлиската империја со помошта, што во овој случај, и ја даваа европските големи сили. Реформаторите прокламираа дека во жандармеријата ќе се примат и христијани, но поради негативниот однос на Револуционерната организација кон нив, бројот на пријавените Македонци за служба во турската жандармерија беше сосема незначителен.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/revolutionary-struggle-mac/8 on October 29, 2026