ВТ0Р ДЕЛ - Part 18
Кога во колхозот дојдоа скоро сите политички бегалци кои работеа во колхозите (државни земјоделски стопанства), скоро две илјади луѓе, главно Македонци од Вичо, Преспа и Грамос, во раководството беа поставени тукуречи само луѓе од Румели, пред се луѓе на Т. Брацос, Аристидис Теохарис, претседател, Панос Караникас секретар на партиската организација, кој како што се покажа по професија беше крадец на пчели во Румели. Првата грижа им беше да организираат една група за безбедност, исклучиво под нивна команда, која скришно ја вооружија. Ги излажаа Полјаците, велејќи им дека во колхозот дејствува титова клика - титови агенти. Секој кој би се пожалил за некои неправилности, па и за измачувањата што ги вршеа нивните чувари, беше обвинуван за титов агент. Секој ден десетици луѓе, Македонци, доаѓаа во мојата куќа и плачејќи ми се жалеа дека им се скратени примањата и кога бараа правда, тогаш ги прогласуваа за титови агенти, саботери и слично. Јас се разбира не само што не ги поддржував таквите однесувања, туку отворено, со факти, ги запознавав надлежните, членовите на советот на колхозот и партиската организација. Со негодување ги осудував винов-ниците, сатрапите, расипниците и нивните потчинети. Поаѓав од партиската дисциплина и единството на колхозот и отворено пред органите зборував за неправилностите.
Правеа се за да се ослободат од мене, не со некакво обвинување против мене, бидејќи тоа не им успевало, туку со подла интрига, претставувајќи ме пред партијата како недоверлив и неспособен за да бидам испратен во школото на ЦК на КПГ во Романија во траење од две години, каде се подготвуваа кадри за праќање во Грција за да вршат илегална дејност – другар Захаријадис јас поверував дека ме побара ЦК на КПГ за да одам во тоа школо. И покрај тешката инвалидност и болната сопруга, со три мали деца, со куќа – плевна – недовршена, бидејќи јас пред се се интересирав да се средат куќите на другите колхозници. Дојде летото на 1953, оставив сопруга со три мали деца во куќа – плевна, со ветување дека партијата ќе се грижи за моето семејство. Ја оставија беспомошна. Помина една година и летото 1954 од Романија бев вратен во Полска, во колхозот, со пропусница за еден месец за се видам со семејство. Другар Захаријадис, кога дојдов во колхозот по едногодишно отсуство најдоа династичка состојба со веле ага Аристидис. Стотици активисти и тукуречи сите вработени беа осомничени за титови агенти. Целиот технички и друг персонал, вработените во гаражата, трактористите, возачите, кои 90% се Македонци. Ги излажаа Полјаците и го истераа шефот на трактористите, другарот Илија Благоев, многу способен, за шев поставија еден никаквец од Румели. За титови агенти и непријатели на партијата го обвинија Г. Бунциоти, Андон Гаљов, Љапче, кои беа единствените техничари во колхозот.
Полјаците кои јасно ги гледаа тие неправди не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на грчката организација и раководството. Кога јас стигнав од Романија во колхозот, на Полјаците им кажав за тоа што се случува и на Аристидис и Харизопулос им реков дека го уништија кремот на активистите, на творците на колхозот.
На подол начин ми пратија абер дека сум поддржувач на титоистите и главатар на титовата клика во колхозот и ми се заканија дека ќе ме пријават во партијата, дека ќе ме протераат од партијата и дека ќе ме истераат од партиската школа. Другар Захаријадис ќе ве потсетам на нешто слично што ми се случи во Вичо што вам лично ви е познато. Аминдас – Кацакос команданти на одредите на Вичо, септември 1947 година, кога непријателот тргна во напад со се штабот, куририте, готвачките и сл. ги снема, се сокрија во густите шуми и по 14 денови, кога прекина офанзивата, дојдоа во мојот баталјон, единствениот што беше останат во Вичо. За да го оправдаат дезертерството ме нарекоа херој и сл. Тогаш јас отворено ги нареков дезертери, страшливци, растурачи на ДАГ. Наредниот ден ме нарекоа сатрап, анархист, со партизански дух и од мајор ме деградираа во чин десетар.
Не верувам, другар Захаријадис дека заборавивте. По ваша наредба во болницата дојде министерот за здравство Петрос Кокалис, ме зеде со отворени ранми и ме донесе во Главниот штаб каде лично ми наредивте да преминам во Сињачко. Тогаш, другар Захаријадис бев оправдан бидејќи го зазедов ридот кој други го напуштија. Сега тука во колхозот како да докажам со зборови дека убијците, опортунисти и кариеристи, за непријатели ги обвинуваат чесните и трудољубивите луѓе.
Другар Захаријадис со моето почитување кон водачот на партијата, генералниот секретар на ЦК на КПГ, безграничната верба кон него, секогаш бев готов, секој миг да се жртвувам за КПГ. Што се однесува на колхозот, како што ми рековте, таму ќе го собереме целиот Славомакедонски народ за да го заштитиме од тешкотиите во колхозите и затоа: вие малкуте кадри на Славомакедонците кои останавте чесни и верни на партијата да останете покрај нив за да ги штитите. Така ми рековте.
Вашите зборови многу ме убедија да го напуштам патот на кариерата и да останам покрај народот што ме роди, ме воспита и со тој народ се борев цели десет години со пушката в рака за слобода, демократија под раководство на КПГ.
Другар Захаријадис пред да стигнат во вашите раце случајните обвинувања против мене од страна на некадарните опортунисти, тврдокорните тирани на прославениот народ на Вичо и на Грамос, однапред изјавувам дека сум готов да се откажам од секоја одговорна работа во партијата ако продолжи прогонството до уништување на Славомакедонците тука во колхозот од луѓето кои со влечење ги донесоа во Албанија во септември 1949 од Јужна Грција по повлекувањето на ДАГ остатоците на Славо-македонските борци на ДАГ од петте баталјони кои беа испратени од Вичо и Кајмакчалан во времето од 1947 до 1948 за да го зајакнат партизанството во Румели. Тие поединци Румелјоти денес раководат со колхозот и кинат и крпат по своја мерка употребувајќи го страшилото на титовата пропаганда за да ја оправдаат својата некадарност.
Другар Захаријадис со целата храброст на мислата ви се обраќам бидејќи лично ме запознавте на Вичо, ама и тука во емиграција. Вие лично пак ме најдовте и ми дадовте задача за го организирам колхозот НОВ ЖИВОТ.
Во колхозот, како што рековте, го собравме поголемиот дел од Славомакедонците за да ги заштитиме, а не да ги уништиме тие кои ги дадоа своите деца, кои паднаа на боиштата, кои сите беа мобилизирани, тие кои немаа пушка работеа при утврдувања. Изгубија се од своите домаќинства и сега тука во емиграција наместо заштита како што рековте, се угнетувани.
За да го сфатите подобро, другар Захаријадис, тонот на ова пишување, преполнето со негодување, ќе ви изнесам само еден пример од десетиците што ги има во колхозот. Кога од Згожелец беа испратени двајца другари од школото (500) во колхозот, прв Тасос Боцис, втор Наумис Димопулос, капетани во мојот баталјон на Вичо со кои баталјонот секогаш победуваше (беа херојски борци на ДАГ) кога тие стигнаа во колхозот, секретарот на партиската организација П. Караникас на седницата на партиската организација и со писмо до ЦК соопшти – доаѓаат титовци да ги имате на ум...
Категорички изјавувам, другар Захаријадис, ако едни вакви јунаци на ДАГ, ама и сите другари Славомакедонци кои ги поставија темелите на колхозот се карактеризираат како титови агенти, тогаш таквиот јас сум првиот, а ако нашето жртвување во ДАГ не е доволно, тогаш дозволете го нашето целосно уништување тука во емиграција. Првата година од моето отсуство од колхозот, кога бев во школото на ЦК на КПГ, тука најдов луѓе кои дивјачки тепаа, како што беа истепани Д. Дукетис, Вајос, некои можеби помалку, ама многу беа измачувани.
Во врска со овие настани јас зборував со соодветни лица во колхозот и тие на одреден начин ми се заканија дека ќе ме пријават на партијата... Другарите од полското раководство длабоко се огорчени поради ваквите настани и се вознемирени дали поради тоа ќе опстане колхозот.
Затоа се обраќам до ЦК на КПГ со повеќе детали во ова подолго писмо, но довербата во вашиот лик, како генерален секретар на ЦК КПГ и вашата лична одговорност што ја имате во однос на колхозот, ви пишувам лично. Да ургирате што побрзо бидејќи се уништуваат темелите на колхозот кое е изградено врз пожртвуваните коски на првиот претседател Алекос Ексарху, агроном. Освен жртвувањето на Ексархос, е истурен пот во тешките услови на градењето. Себе се сметам плод и воспитаник на мојот народ од Вичо и Грамос и како што се жртвував во војната за овој народ и за цела Грција, така и сега, кога партијата ме има покрај себе, барам да го заштитиме другар Захаријадис остатокот од Славомакедонскиот народ кој ние го откорнавме и го пративме во емиграција.
Со изрази на почит, Аргирис Ковацис”77 Цела ноќ остана буден. Во главата му вриеја сите зборови што ги имаше напишано и го измачуваше сомнежот и стравот дали добро ќе биде сфатен од генералниот. Па нели со одобрување на генералниот раковдењето на колхозот го презедоа луѓето кои ги обвинува во писмото?
Го препрочита писмото и кога дојде до реченицата ,,барам да го заштитиме другар Захарјадис остатокот од Славомакедонскиот народ кој ние го откорнавме и го пративме во емиграција’’, двапати ја подвлече и почувствува болка и понижување. Ами затоа ли беше целото движење, целата борба, жртвите, 77 Копија од писмото – во арх. збирка на авторот.
самопрегорот, вербата во ширените идеали за да биде сега спасуван тој остаток? Колку се? Колку ги има растурени по немој каде? Го болеше оваа реченица. Го болеше вистината... До сржта на коските го болеше реченицата во која ја смести не само болката, туку и вистината - ,,барама да го заштитиме другар захарјадис остатокот од Славомакедонскот народ кој ние го оторнамве и го пративме во емиграција...’’ Знаеше дека ништо не се правеше без негово одобрување. Неговиот збор беше над се.
Над целото лудоло...
Писмото го читаше и го препрочитуваше и при тоа најмногу го вознемируваше последната реченица од писмото. Не го напушташе уверувањето дека наскоро ќе биде повикан и се подлабоко се убедуваше дека не за друго, ама сигурно за последната реченица ќе биде укорен, а можеби и искаран или не дај Господе, обележан како титов агент, а тоа би значело бришење од партијата и фрлање пепел врз сите заслуги. Тоа за него би била најголемата казна. Имаше мигови кога се каеше поради зборовите ние тој народ го откорнавме и го пративме во емиграција.
Таа мисла не беше негова. Беше стокмена додека траеја подготовките за одбраната на реонот на Вичо.
Тогаш, не едно од бројните советувања во кои се изнесуваше верувањето во конечната победа изразена со паролата на Вичо непријателот нема да помине, некој тивко му прошепоти – а што ако непријателот помине?
Се тргнаа на страна и соговорникот во доверба му објаснуваше дека е донесена одлука пред да почне непријателскиот напад целото население со се добиток, да ги напушти местата на своето живеење и да се прибере што поблиску до границата со Албанија и дека оваа работа треба да ја извршат само активисти на македонските организации. Зарем така не беше и лани, кога пред битката за Грамос илјадници костурски селани беа преселени во Албанија? Им велеа – бегајте, на непријателот ништо да не му остане, да наиде на изгорена земја, од каде нема да има никаква помош. А непријателот немаше никаква потреба од големата сиромаштија што војната им ја донесе на македонските селани. Токму тоа му требаше. А помошта која му требаше доаѓаше со претоварените американски бродови, а празната земја им дојде како подарено злато...
...барам да го заштитиме остатокот од славомакедонскиот народ кој ние го откорнавме и го пративме во емиграција...
До болка го измачуваше мислата дека тоа се зборови на тешко обвинување.
Кого обвинува?
Себе си?
Партијата?
Генералниот?
Целото движење?
Вербата во некој друг?
Зошто овие луѓе ги откорнавме?
Чиј е ќарот?
Кој го смисли?
И уште се прашуваше:
– Од кого сега да го заштитат остатокот од тој народ што го откорнаа?
И уште се прашуваше:
- Дали остана некој неоткорнат од тој народ и каква судбнина му е стокмена?
Направено е или не е направено зло?
И како да се нарече?
Има ли име?
-Тешки зборови – мислеше и постојано самиот себе се прашуваше: кој згреши? Партијата? Генералниот?
Не, партијата не греши, не греши ниту генералниот... Така ги учеа...Тогаш кој? Можеби ние?... Можеби ние згрешивме што прифативме партијата да ни биде заштитник?... Партијата, која беше само во едни раце, да ни биде водител? Можеби ние згрешивме затоа што безгранично поверувавме во сите убедувања и ветувања кои во нас внесуваа верба и будеа надеж? Умот, срцето, духот, телото – се заедно вплотено во една мисла и одлучност и ги имаше дадено на партијата – таа му беше семејство, татковина и надеж и вера. Но сега е скршен, разочаран, празен, изгубен.
Зошто така се случи? – тоа прашање не се одлепуваше од неговаа мисла. Беше заварено длабоко во духот, беше како лузна што не се одлепува од телото...
Се чувствуваше скршен, здробен и фрлен на раздрум...
Се множеа и се преповторуваа прашањата и стравот што нависна над него. А најмногу го измачуваше прашањето: дали да се замолчи или одмолчи злото?
Кон крајот на јуни завршија предавањата и практичните вежби во партиската шпионска школа. Освен една промена долни алишта, еден костим, две кошули и приборот за бричење, немаше што друго да пакува во старото, изнесено куферче што го имаше купено на пазарчето за стари алишта. Од брзиот воз Букурешт – Варшава, слезе во Катовице и со две менувања на возови во Краков и Жешув, пладнето, по два дена патување, се врати во Крошченко.
На прагот од дрвената украинска хата без трошка радост стоеја жена му и четирите малолетни деца. Не се стрчаа да го пречекаат. Стоеја молчаливи. Во нивните очи и образи не виде радост. Беа тажни. Меѓу нив го немаше цели две години и во тој временски простор како да се прошири јазот на отуѓеноста. Растеа без татковата грижа и топлина. Во другарувањето и во игрите со другите деца, не ја споделуваа детската радост и кога честопати другарчињата ги гледаа во прегратките на своите татковци, тогаш се чувствуваа како напуштени сираци. Дома се враќаа натажени и оптоварени со чувството на осаменоста. Не беа сираци, ама во душите ја носеа болката на сираците и таа се гледаше во нивните очи и образи...
Ноќта не ја преспа во мир. Го измачуваше мислата, а можеби повеќе совеста и безбројните прашања – дали добро стори што партијата и вербата кон неа ги стави над животната сопатничка и децата? Што му беше поважно и повредно партијата или семејството? Дали долгата разделба не го направи туѓ, не го одлачи од семејството, од другарите-соборци, од пријателите? Како на децата да им ја врати изгубената радост и татковата топлина? Таквите и многу други слични прашања го разјадуваа нанесувајќи му чувство на вина и гризење на совеста. Многу прашања му се вртеа во главата за кои наместо одговор – добиваше болка... Дали во таа и многуте други не преспиени ноќи во неговото подаништво кон партијата и водачот- идол, нешто се смени?
Чекаше. Деновите му изгледаа долги и месеците уште подолги откако се врати од Букурешт. Потајно се надеваше дека додека беше отсутен, нешто се променило во колхозот. Ги најде истите луѓе и истите проблеми.
Во себе си велеше, дека ќе има промени откако другарот генерален ќе го добие писмото. Задолжително ќе има промени. Таквата надеж не го напушташе. Беше убеден дека писмото стигнало до рацете на генералниот, ама сигурно тој е зафатен со други прашања, поголеми, посериозни.. Стрпливо чекаше и тоа чекање му беше сон.
Сигурно ќе стигне писмо со одговор во кој ќе бидат сите решенија... Писмо не стигна... А и таму, во Букурешт, не го оставаше на мир помислата дека ако го сретне генералниот, тогаш во четири очи за се ќе му раскаже....
Не се случи да има средба. Цели две години беше сигурен дека ќе има таква средба и чекаше. Таму, во Букурешт, не дочека да се види со генералниот. Затоа му напиша. Откако се врати чекаше одговор и не губеше надеж дека и лично ќе се сретне. Во разговорите со луѓето од управата покажуваше нервоза, нетрпеливост, вознемиреност, се караше и честопати навраќаше дома да провери дали поштарот не остави писмо. И здравјето му попушти, особено тогаш, кога еден од управата, со кого беше во добри односи, му потшепна – пази. Не му кажа на што да пази, ама го фрли црвецот на сомнежот. По некој ден истиот, кога шетаа крај реката веќе отворено му рече:
- Се подготвува проширен состанок на партиската организација. Ќе има одлуки и една од нив ќе биде предлогот за негово исклучување од партијата, а тоа може да значи и протерување од колхозот. Изминатите месеци на некои веќе нешто такво им се случи.
На ова одговори дека тој не е од тие кои лесно клекнуваат. Времето на неговото надевање дека ќе стигне спасоносниот одговор од генералниот, од цедење премина во течење.
Од Ташкент стигна вест дека таму крваво се степаа членовите на партијата. Голем раскол, поделба во приврзаници и противници на генералниот. Во неговата глава почна да се одмотува клопчето. Сфати дека столчето на генералниот веќе не беше сигурно.
Во меѓувреме во Москва заврши Дваесеттиот конгрес на КПСС.78 Митот на Сталин падна. Конгресот ги одврза устите, мислата се ослободи и реките потекоа.
78 КПСС – Комунистичка Партија на Советскиот Сојуз.
Наредните месеци во кои бурно тргна реката на големите промени, му ги донесоа и одговорите не само на прашањата во врска со состојбите во колхозот, ами и многу пошироко и подалеку.
Реши да се сврти на другата страна. Отпатува во Варшава. Побара да го прими другарката Пташевска задолжена за односите меѓу полската и грчката партија. По долгиот разговор, Пташевска на крајот кратко му рече:
-Во Полска нема да има партиска организација на грчката комунистичка партија. Кој сака да е член на партијата, тука е полската партија. Така ќе расчистиме и со Крошченко...
А во меѓувреме Хрушчов ја почна десталинизацијата...
Полска вриеше...
На 24 октомври 1956 година на трибината поставена на Плоштадот на Победата, во центарот на Варшава, се појави тој, Гомулка79, популарниот Вјеслав, како што го викаа Полјаците. Мал беше плоштадот за да ги собери сите кои сакаа да го слушнат уверени во тоа, дека ќе им каже нешто што одамна го очекуваа. Во настанатата тишина грмна гласот на Гомулка:
- Другари! Граѓани! Работен народ на Престолнината! Ве поздравувам во името на Централниот комитет на Полската Обединета Работничка Партија, кој на својата последна пленарна седница кормилото на партијата го стави во рацете на новото раководство...
Стоилјаден народ на плоштадот на Победета во Варшава и други триесет и нешто милиони низ цела Полска, работници, интелектуалци, младинци, воени ветерани од сите фронтови на војните, стуткани еден до друг, со одушевување и исполнети со долго очекуваните надежни бранови за нешто подобро, го слушаа 79 Władysław Gomułka (Владислав Гомулка, 6 февруари 1905-1 септември 1982) – полски комунистички политичар.
долгиот говор на Гомулка, кој што туку беше пуштен од затвор и веднаш избран за нов прв партиски секретар.
Замреа фабричките хали, универзитетските сали, училиштата, рестораните, кафеаните, на отворени пруги застанаа возовите, во становите цели семејства со здржан здив го слушаа радиопреносот. Улиците беа празни.
До сите допираше тоа што со години самите потајно и со стишен глас си го кажуваа, очекуваа и се надеваа...
Тој знаеше што треба да им каже на своите Полјаци за да ги погоди во умот, во срцето, во духот, да им влее надеж и сите кои го слушаа, а најмногу очекуваа да им ја каже горката вистина, да ги охрабри, да им влее доверба и надеж...
-Во текот на изминатите години – грмеше гласот на Гомулка - во животот на Полска се насобра многу зло, омраза и болни разочарувања. Идеите на социјализмот проникнати со духот на слободата за човекот и почитувањето на правата на граѓанинот, во практиката претрпеа длабоки изопачувања. Зборовите не наоѓаа покритие во стварноста. Тешкиот труд на работничката класа и на целиот народ не ги даваше очекуваните плодови. Длабоко верувам, дека тие години бесповратно преминаа во минатото...
Со здржан здив Полјаците го слушаа и му поверуваа, го славеа во мигот и во наредните неколку години, се колнеа во него, ги повторуваа неговите зборови во кои беше содржана целата вистина која други долго ја премолчуваа и ја криеја.
Истиот ден, Аргир, со вечерниот воз замина од Варшава. Отпатува за Крошченко, веќе решен најотворено да се вклучи во чистењето на валканиот поредок. Најпрвин - мислеше – да се расчистат луѓето. Од нив да почне. Тие го носат злото, а не злото нив. Од врвот до дното. Општо чистење. Не само на луѓето, туку и на политичкото слепило, на таа неразумна, срамна и опасна болест. Во раните часови стигна во Крошченко и на пат за дома, од првите кои му пожелија добре дојде, дозна дека генералниот веќе не е генерален. Наредните денови носеа се повеќе вести за тоа, дека веќе во источниот блок многу генерални веќе не беа генерални.
Во тој зовриен котел се вареше целата земја. Тој ден и наредните денови цела Полска беше на нога...
Во политичкиот речник се појави нов поим: - полски октомври 1956. Гомулковско отопление.
Октомвриско отопление – прифатено и применето како движење за промена на внатрешната политика поврзана со централната власт и либерализацијата на политичкиот систем, ослободување на политичките и духовните затвореници, десталинизација на земјата и намалени советските стеги. Таа вистина силно одекна во Полска и небаре како зараза ја споплати цела Источна Европа. Прва во поддршката на Полска се огласи Унгарија, чиј силен глас прерасна во унгарска револуција...
Пламна и прокрвари Унгарија.
Слобода - беше крикот на Унгарците, кој не ја спречи омразата и одмаздата да излезат на улиците.
На будимпештанските бандери Унгарците бесеа Унгарци.
Советските тенкови газеа, топовските и митралеските цевки нишанеа во прозорците и балконите и во востаничките редови...
Унгарија во оган.
Запад во лажна поддршка...
Се усвити Истокот...
Вриеше и во Крошченко и Лисковате и во сите други места каде имаше Македонци. Бараа во Полска да имаат свое македонско здружение за што не успеале, ама издејствуваа името Здружение на грчките бегалци во Полска, да добие ново име: Сојуз на политичките бегалци од Грција во Полска, за да се знае дека сите бегалци не беа Грци; бараа и добија во училиштата каде учеа македонските деца да се врати македонската кирилица и македонскиот литературен јазик, а во тоа време во Полска престојуваше Маркос, оној истиот генерал Маркос, кој му се спротивстави на Захаријадис и кој за казна беше отстранет и пратен во СССР, сега рехабилитиран и вратен во Политбирото на ЦК на КПГ, на собирот на просветните работници во излетничкото место Шкраљска Поремба, изјави дека со одлука на Политбирото на партијата во училиштата се враќа јазикот на кој се студира на универзитетот Кирил и Методиј во Скопје и, не рече како се вика тој јазик.
По таа одлука престана печатењето на веќе изготвените учебници и се отстранија од наставата учебниците со вештачкиот јазик печатени од издавачот НЕА ЕЛАДА во Букурешт и со финансиска помош на полското министерство за просвета на македонски литературен јазик и со македонска кирилица во Полска беше изготвен и отпечатен со македонска кирилица и македонски литературен јазик комплет учебници од прво до седмо одделенија и неколку помагала за македонските училишта во Полска и во другите источни земји каде имаше македонски училишта. Во времето на тоа Гомулковско отопление се врати македонската кирилица во македонските училишта во Шчечин, Полице, Пјењск, Згожелец, Легница, Вроцлав, Крошченко и Лисковате и беа пуштени во печат учебниците за основното образование изготвени од неуморните бранители на македонштината Коле Симичиев и Пандо Шапкарев со стручно знаење, залагање и голема, самопрегорна помош на пан Вацлав Копчињски..
Некој месец подоцна се отвoрија и патиштата за послободен прилив на македонски весници, книги и грамофонски плочи со македонски народни песни од Народна Република Македонија. Македонските песни од плочи на делник и празник ечеа низ прозорците и балконите. Минувачите вчудовидени застануваа, слушаа и се прашуваа каква ли е таа музика, таа песна, тој кавал, таа зурла, тој тапан?... Во таа активност најгласна и најбунтовна беше македонската средно школска и студентска младина во Вроцлав и Шчечин.
Гомулковското отопление ја зајакна македонштината во Полска со духот што му прилегаше на новото време.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/24 on October 29, 2026