ВТ0Р ДЕЛ - Part 12
-Не - потврдно рече Аргир. - Таму ќе има ресторан, таверна, клуб, кино-театар и две училишта. Кој од родителите ќе сака од домовите да си ги земе децата и со нив да живеат и учат во колхозот, ќе можат тоа да го сторат. А што се однесува до казанот, него ќе го нема. Секој дома ќе си готви што му се јаде...
Со овие ветувања и уверувања заврши средбата на Аргир со Костурчани и Леринчани сместени и вработени во тоа земјоделското државно стопанство.
Илјада деветстони и педесет и прва. Есен. Маглива, врнежлива, студена, намртутена и тажна. Дрвјата тукуречи соголени од лисјата. На старата, возобновена железничка станица во Крошченко, изградена во времето на Австро-унгарското царство, цела недела пристигнуваа железнички композиции. Од старите вагони слегуваа бегалците, Македонци и Грци, кои досега живееја и работеа во Државните земјоделски стопанства во околината на Згожелец. Со нив тука ги доселија и Македонците од Државното земјоделско стопанство во Кунув. Дојденците, на грчки, ги пречекуваше бело платно со големи црвени букви оптегнато над влезната врата на железничката станица:
ДОБРЕ ДОЈДОВТЕ ВО КОЛХОЗОТ НОВ ЖИВОТ.
Бегалците влегуваа во новото место на живеење и работење - напуштените села во крајниот Југо-Исток на Полска, во близина на украинската граница.
Грчката управа двете села ги стопи во едно име - КОЛХОЗ НЕА ЗОИ – КОЛХОЗ НОВ ЖИВОТ.
Надлежните полски околиски власти не го прифатија новото име. Во катастарот си останаа старите имиња, а новото го водеа како Spółdzielnia Produkcyjna w Krościeńku – Производна Задруга во Крошченко.
Се празнеа старите железнички вагони. Слегуваа од нив идните колхозници, на перонот се редеа со бовчите, торбите, дисагите и вреќите во кои го носеа тоа што им остана повеќе како спомен, а помалку за потреба. Се редеа по должината на перонот и чекаат да бидат прозвани. А ги прозиваа по села и број.
Тие од Кунув, како пред години, така, како по албанските патишта, на рамо, на грб, под мишка, во редица, еден зад друг или во толпа зачекорија по калливата калдрма што водеше за селото Лисковате. Од десно и лево високи голи ридови, во подножјето, скраја и подалеку од патот наредени ниски дрвени куќи, покриени со слама. Водичот застана и гледајќи во теферот, гласно викна:
-Митре и Мара, тука ли се?
-Јас сум - рече Митре.
Неознатиот на парче хартија ги запиша нивните имиња и презиме и, подавајќи им го, со раката покажа пред себе.
- Бројот ви е триесет?
-Така...
- Онаа куќа, таму, гледате? Бележана е со бројот триесет. Таа куќа ви е дадена. Земете си ги работите и нека ви е со среќа.
И отиде бројот триесет до бројот триесет...
И на двајцата раставарувачи водичот им нареди:
-Дај растовари два кревети, два душеци, две перници, четири ќебиња, една масичка, две столчиња, едно котле, две чинии, по две лажици и виљушки. Готово? Ајде, потпиши тука и останете со здравје и среќен долг живот...
Тоа беше целото ново домаќинство додадено до старото, тоа што беше во бовчата, дисагите и стариот ѓум.
А куќата - ниска, само приземје, градена од долги борови трупци, мали прозорци, покрив на две води.
Внатре две одаи и кујна со голема печка. Подот од широки рендани штици. Вода – во бунарот ископан во дворот. Во ќошевите лилјаци, а од таванот висеа густи и долги пајажини. Со водени крпи тукуречи го испраа подот, од ќошевите и таванот ги избришаа пајажините, дворот го исчистија од бурјанот...
Цела недела ја пастреа куќата и во неа ја почнаа новата живеачка.
Дека тука имаше живот сведочеа и другите празни куќи, некои без врати и прозорци, подивеаните сливи, јаболкници и цреши, големите ледини кои некогаш можеби беа плодни ниви.
На триесетина метри од куќата – православна црква. Изградена од дебели борови трупци. Пред влезот во дворот, голема порта. Дојдоа некои, рекоа дека се испратени од управата на колхозот. Насилно ја отворија црковната порта и со казми удираа и корнеа икони од ѕидовите и на крај ги откорнаа царските двери и целиот олтар. Големата и двете мали камбани ги симнаа и ги фрлија зад црквата. А дека се беше добро сторено, одобри и пофали секретарот на партиската организација на колхозот. Влезе во црквата, собра неколку икони и кога тргна да си оди, патот му го загради Мара и го прекори:
- Господ Бог ќе ве казни за ова што го сторивте...
Секретарот само за миг застана пред неа и со тивок потсмев и рече:
- Во оваа пустелија нема ниту Бог ниту ѓавол... Оди си и гледај си ја работата...
По неговото заминување, во црквата дотераа стадо овци.
Се пушти глад, дека дома секретарот од иконите искова сандак и во него ја чуваше оцицерската униформа
- блузата, панталоните и чизмите. Повремено проверуваше дали молците не ја изедоа. Таму го чуваше споменот од граѓанската војна што сега го јаде мувлата. По некое време одново го отвораше колку за да се увери дека се е тука и униформата и чизмите и капата и спомените. Врз нив легнуваше сигурниот поглед и надежта дека по налог на партијата пак ќе ги облече. Ги гледаше и главата му беше полна со војна и посакувани победи. Нежно ги допираше и несакана вдишуваше гнил мирис на мувла. Од внатрешноста на сандакот со широко отворени очи зачудено гледаа осакатените светци. Имаат искршени глави, расцепени лица, исечени раменици, чиниш по векови, сега и тука, во колхозот Нов Живот некои нови Римјани го обновија нивното измачување.
Изветрената униформа, партизанските спомени, борбената надеж и големата, неизмерна верба во партијата со болка во душата ги враќаше во сандакот. До наредното проветрување...
Во поголемото село, Крошченко, и таму имаше две православни цркви. Дрвени. Градени од борови трупци. Само шарките и бравите беа од железо. Мајсторска рака со мерак и вера во Бога, со секира и глето ги имаше обработено трупците. Околу црквата – дебели дабови стебла. Високи.Разгранети. Немаше натпис за тоа, кога беше градена црквата. Круговите на напукнатите трупци ги покажуваа долгите години на староста.
Рускиот православен крст и камбаната ги симнаа и ги фрлија во трапот. Царските двери ги тргнаа, го снема и олтарот заедно со големите и малите икони. На негово место на дебели и делкани потпирачи заковаа широки и дебели штици. На местото на олтарот направија сцена. Челниот ѕид од сцената го покрија со црвено платно, во средината обесија голем портрет на Сталин во боја, десно од него, помал портрет на Бјерут и лево - портретот на Захарјадис. Новите светци молчаливо и строго гледаа на своите верници, освен Захарјадис, кој гледаше со таинствена насмевка во која на многу им се чинеше дека им се потсмева. Така, најголемата црква колхозничките и партиските власти, пред се, ја преправија во театар, клуб и кино, кое го нарекоа “Партизан”.
Името му го напишаа со големи букви на грчки и на полски јазик и високо над него обесија црвено знаме.
Пролетерско. Така одлучи управата и нејзиниот претседател, кој никогаш не бил партизан, кој пушка видел, ама пушка не фатил, туку целото време од војната само се врткал во околината на штабовите и таа негова одлука со радост и одушевеност ја прифатија тие кои навистина беа партизани. И така црквата веќе не беше црква. Еднаш беше театар на чија сцена се поставуваа простачки и будалести скечеви, друг пат концертна сала во која се пееја најмногу партизнски и други борбени песни, а најмногу беше посетувана, кога еднаш неделно стануваше кино. Прикажуваа само советски воени филмови и сите поранешни партизани и се восхитуваа на руската храброст, заборавајќи ја сопствената, докажана во партизанските битки во планините на Грција и Македонија. Кога завршуваше филмот, партискиот секретар се качуваше на бината и откако силно и долго ракоплескаше на што му се придружуваше целата сала, држеше долг говор што често беше прекинуван со пароли за Великиот Сталин, за партијата и нејзиниот водач, за народната власт извикувани по некој ред и список од однапред наговорени луѓе. Во ракоплескањата се мешаа и пароли во чест на помалите водачи и потоа краток говор држеше партискиот секретар и завршуваше со зборовите дека во колхозот сите треба така самопожртвувано да работат, како што самопожртвувано се бореа црвеноармејците, руските, белоруските и украинските партизани. За своите партизани - ништо – ниту збор. Можеби затоа што сега тие беа колхозници, беа облечени во сиви комбинезони, обуени во валкани гумени чизми, наместо во војнички кондури и далеку од своите планини...
Другата црква, онаа западно од селото – ја преиначија во магазин и третата, исто така голема и просторна – во клуб. Иконите ги тргнаа и тие кои стигнаа да прикрадат, од нив си направија сандаци и сандачиња за чување алишта и рафтови на кои наредија иззабени чинии купени во соседната селска задруга Тука се собираа вечерите, играа јуч, табла, шах, пушеа ефтини цигари, во долгите разговори се давеа во спомените. Мажите, кои беа сами, дома, во своите села, си беа навикнати да пијат вино и ракија, тука пиеја евтино пиво и скиселено вино направено од компири или јаболка, а најчесто пиеја вотка...
Од клубот си одеа доцна, оставајќи зад себе пот, смрдеа на непрани чорапи и долна облека и така маглосани, легнуваа без да ги собујат валканите гумени чизми и во испарините ја преспиваа ноќта или само дел од ноќта. Честопати се собираа во една куќа и до зори раскажуваа и прераскажуваа за борби, тивко, скришум ги пцуеја неспособните команданти, фрла отров-збор врз политичките комесари и врз тие кои не ги трпеа, па и тие кои пушка не допреле, а псалваа за јунаштини и големи херојства. Во вотката ја давеа не само тагата и болката, разочарувањето, ами и омразата и злобата.
Тие кои немаа жени, се переа во реката или во поточињата што течеа покрај куќите или црпеа вода од бунарите што претходните домаќини ги имаа ископано во дворовите.
Најчесто другиот дел од ноќта им го одземаа за да им држат говори и предавања кои најчесто преминуваа во заемни обвинувања и караници, се валкаа и се плукаа со најпогрдни зборови. Тогаш кога најмногу се караа, од некаде им доаѓаше Захарјадис кој со збор и закана ги смируваше страстите, но само дотогаш до кога тој беше таму. Си одеше и одново – валкање и плукање. Бргу до него стигнуваа вестите.
Имаше таму тој свои луѓе. И одново доаѓаше и знаеше да ги смири. И да ги подели на непријатели и пријатели на Тито. Тој меѓу нив беше најголемиот лажго, а тие навикнати на неговите лаги и ветувања. Некој прашуваше
– што му треба на слепиот? Да прогледа. Што му треба на болниот? Да оздрави. Што му треба на гладниот? Да се најади. Да е сит. Што му треба да голиот? Да е облечен. Е, токму ова Захарјадис им го ветуваше со ист тон и зборови со кои тие самите зборуваа. Седнуваше тој меѓу нив, ги прегрнуваше, ги држеше за рака. А тие како омаѓосани велеа:
- Наш човек е... Од народот е излезен. И народски ни се однесува Да ни живее долго - велеа и цела ноќ го пцуеја фрлајќи ја вината врз испиената вотка. Научија да ја пијат зашто им се чинеше дека во неа наоѓаа ослободување од насобраната горчина...
Младоста ја оставија по планините, а тука, во оваа туѓа земја, каде ги зафати друго време кое го носеа некои нови ветрови, револуцијата за која толку многу им зборуваа таму во влажните земјанки, полека се смируваше во нивните добро испрани мозоци и секој ден бледеа сличните пориви. Сега не беа истите во мислите и убедувањата.
Во средината и во новите настани се менуваа, стануваа позрели, па оттука се почесто сами се прочистуваа од идеолошките наслаги и партизанските соништа...
Стануваа луѓе со друга мисла...
Мара го печека Митре пред вратата и му рече:
- Помина еден човек од долното село и рече да одиш во тоа, како ја велат, управа, одбор ли или комитет. Не рече зошто те бараат.
Митре ги собу валканите гумени чизми, астрана ги фрли влажните чорапи и рече:
- Тие од раководството рекоа дека кој сака може да земе една или две и три крави, кози, овци, кокошки и од платата да дели за да ги засвои. Што велиш ти. Да земеме нешто?
- Да земеме, Митре, ама не крава. Кој ќе ја паси? Земи една коза, молзница. Многу за неа не треба. Ќе ја врзиме во дворот, трева има наоколу колку сакаш. Земи и едно две - три кокошки. Ќе имаме по некое јајце. И немој да заборавиш - задолжително петел... Петел да земеш. Ќе им треба на кокошките, а и нас ќе не радува.
Некој голем и млад да е. Опашката да му е китнеста и гребенот да му е голем, одењето горделиво, а пеењето такво, што кога ќе запее гласот да му се слуша отаде ридовите. Да е таков како нашиот, фудул петел, оној, што ни го изедоа тие кои ни беа на конакување заедно со онаа, како ја викаа? Да не беше Вера? Сигурно таа беше, таа, велам. Ликсурот, што не остави куќа без маменици и постела без вошки... Ни го изедоа петелот, најфудулџијата во целото село. Кога ќе удреше со крилјата, целата прашина ја снемуваше од дворот, па кога ќе запееше, сите, во целото село знаеја чиј петел пушти глас. Така, а не поинаку... Друг не сакам. Ами каде тие голотии најдоа крави, овци, кози и кокошки, та ги даваат по луѓето?
- Е-е-е-е – застенка Митре
- Што тие, што енкаш?
- Такви петли, Маре, какви што сакаш ти, само таму кај нас можат да се испилат...
- Така е... Ами од каде ќе им е толку многу стока? – праша Мара.
- На Полјаците им рекоа дека ние сме селани и треба со селски работи да се фатиме тука и полските власти одобрија и дадоа, како што се зборува, пет милиони од нивните пари. Со тие пари овие денови тие од раководството ќе оделе по сточните пазари и таму ќе ги купувале. Ќе ни ги дале со отплата. Нема да се подарок... А некој, демек за шега, рече дека тоа што комунистите ни го зеле за борбата, тука ќе ни го врателе, ама со отплата...
- Како да не... – подвикна Мара. – Море што влезе во казан од казан не излезе... Тоа што беше твое никогаш нема да е твое...
- А што велиш и една мачка да имаме? Дворот е полн глувци, а и в куќа влегуваат... За мачка многу не треба, таа сама со глувци ќе се храни...
Утрото на вратата тропна млад маж. На рамо торба полна со разновиден алат, а в раце држеше кутија.
Откако се поздрави со Мара, рече:
-Јас, нино, дојдов да ви ја ставам на ѕидот оваа кутија. На кој ѕид сакаш?
- А што ти се бре чедо тие кутии што ги ставаш по куќите, а? Кажи ми - замоли Мара, покажувајќи со раката на ќошот од одајата - што чудо е ова?
- Тоа чудо, нино, го има во сите куќи.
- Да не се фурни?
- Не се фурни, туку печки, нино. Претходните стопани на нив спиеле. Тука, нино, кога зиме ќе стегне студот, стеблата на буките од студот се цепат, плунката на усните – мраз, а од стреите висат мразулци долги како големи ластагарки. Не дај Бог, да те погоди некој таков мразулец, па на место заклана ќе останеш. Тука, нино, зимата е тешка, долга, студена и ледена. Ќе излезеш по водата во бунарот ќе најдеш мраз, а патиштата – сите затворени. Со окит ги покрива дрвјата, ги смрзнува траповите, а студот, нино, сече, се пробива низ проѕирките на прозорците и вратите. Водата во бубарот – мраз. А пак на пролет или лето или есен кога ќе заврни, тогаш цели денови знае да грми и да врни. А маглата, нино, тука толку е густа што прстот пред нос не можеш да си го видиш. А кога ќе заведри, така знае да запечи, што од големата гореа земјата се цепи. Такво е ова место, нино... А оваа кутија, нино, што прашуваш, секој ден, прво наутро со песна ќе те буди, а потоа цел ден ќе ти зборува, ќе ти пее, ќе ти свири, ќе ти кажува за работи што други сакаат ти да ги знаеш... А ако не ти се бендисува нешто, ти тогаш само ова тркалце сврти го лево и кутијата ќе занеми. Така, нино, цел ден кутијата ќе биде со тебе, и како што ти реков, ќе ти зборува, ќе ти пее и ќе ти свири. Токму така, нино, оваа кутија и ќе ти пее и ќе ти свири и можеби и ти заедно со неа ќе запееш и оро ќе свртиш...
- Ти, синко, да им кажеш на тие кои те тераат да ги обесуваш овие кутии, да дај господ, поп да им запее на глава. Види го ти него, кутија ќе ми зборуваа, та ќе ми пее...
Мара не ги сакаше перниците наполнети со пердуви. Кога добро запролети, ги однесе во дворот, таму ги распара и пердувите ги растури. Ветерот ги повеа и целата околина ја облече во бели пердуви.
Откако Мара од себе ги истресе пердувите, замоли:
-Оди бре Митре и покоси трева. Растурија добро да се исуши. Оди Митре горе, таму до голиот рид и собери чембрица, а јас ќе побарам да наберам ѓозмо и пчелинок. Вчера барав, ама не најдов. Кој знае дали тука тие растат...
-А што ќе правиш со тревата?
-Перниците ќе ги наполнам. Тие со пердувите не ми се по мерак... Зарем си заборавил дека цел живот си го поминал спиејќи на возглавие наполнето со сено? Нашите баби и мајки во возглавијата заедно со сеното или сламата секогаш ставале ѓозмо, пчелинок, невен, босилок и чембрица. Целата куќа мирисаше и никакво животинче не се доближуваше. Ниту пајак, ниту комарец. Ниту болва и вошка таму не се гнездеше. Со тој сладок мирис и сонот беше сладок. Зарем си заборавил?...
Откако ја наполни перницата со сувото пресно сено, во кое додаде ѓозмо, пчелинок, невен, чембрица и босилек, се исправи, се загледа во неа, милно ја погали и глава навали врз неа, тогаш срцето и затрепери, тогаш душата и живна и во мислите и зовреа спомените. Мирисот и шушкањето на таквата перница на Мара и ја стоплуваа душата. Тој мирис и тоа шушкање во ушите и душата го имаше од раѓање.
На такви перници растеше и порасна и невеста бидна и мајка... И тогаш, во деновите и ноќите поминати крај џадето, во влажната земјанка каде чекаа да биде одбиен непријателот, навалуваше глава, го вдишуваше мирисот на сеното и ги слушаше далечните бучења на топовите. И сонуваше соништа поплавени со крвта и со болката на осакатените... Колку ли соништа пресони на таква перница, колку ли солзи пролеа, колку ли ноќи не проспиени протекоа... И тука, во веќе стокмената стара украинска дрвена куќа, навалена на перницата наполнета со сено, мирисот и шушкањето ја потсетуваа на перницата од дома...
Сонуваше и во сонот слушаше само блиски и драги гласови. Едни ја викаа, други молеа... Тој сон секоја ноќ сакаше да го сонува. Само во сонот покрај себе ги имаше своите најблиски. Желба и беше ноќта да е долга и сонот да нема крај. Сонот како да стана дел од неа, дел од секојдневието. Сите тие кои и ги носеше сонот и ја смируваа душата, ја правеа пожива, полесно и биеше срцето, ама од утро до заод ја измачуваше болката на разделбата, а сонот, покрај радоста и носеше и смирување и трошка надеж... и болка... Дење сонот не носеше зборови на олеснување, од засушените усни тешко се одлепуваше зборот, а толку и се сакаше да има само зборови за добра надеж, зборови за топли молитви... сакаше Мара, многу сакаше да сонува само соништа кои ќе ја држат во кругот на најблиските. Кога се будеше перницата и беше накисната од солзи. Во нив имаше и радост, имаше и болештини...
Во тие лоши и погани времиња и деновите и ноќите не само за неа, туку и за сите околу неа, не носеа радости. Писмата секој ден пристигнуваа и вестеа лоши вести. За многу беа очај и безнадежност... И дење и ноќе се собираа и ги оплакуваа најмилите што останаа на боиштата... Велеа дека така му било пишано и на тој што загина во бој и на тој непознат дедо кого завиткан во старо ќебе го фрлија во морето и на тие кои осамени оставаа здравје во туѓа земја. Осамените си одеа без плачот на блиските, без поп и без тажното ѕвонење на камбаната. Нивното име го немаше испишано на дрвен крст и по некое време не се знаеше кој лежи под купчето обраснато со трева; го имаше само во споменот на се уште живите. И тие таму, во македонските планини, и тие – фрлените во морето и тие погребените во туѓа земја, сега и со години ќе бидат дел од големата болка, тагата и изгорот на искорнатите... Ниту во долгите и топли воздишки никогаш нема да најдат мир.
Тие ќе лачат само болка...
На падините на ридовите и во дворовите слабо цутеа подивеаните јаболкници и цреши, а во густите борови шуми рано заблеаја срнчињата Се стопија снеговите и од ридовите реки вода се влеваа во траповите. А преку ланската пролет – беше многу студена. Снег врнеше и во април, а мајот, со се празници – прележа во снег. Годинава – мешано време. Претпладне ведро, а по пладнето – од североистокот се надаваа црни облаци, молскавици расечуваа небо и грмежи ја полнеа целата котлина. Небото се отвораше и цела ноќ шуркаше дождот. Ноќите влажни, утрата студени. Задоцнето на север летаа жеравите. Гнездата на птиците се уште беа празни. Тракторите не излегоа на орање. Мраз ја имаше стегнато земјата.
Почетокот на март најавуваше топло време.
Од кутијата обесена во ќошот прозвучи тажен глас:
-Внимание, внимание, великиот водач, другарот Сталин е болен...
Само толку рече кутијата и од тој миг веќе не ечеа песни, туку некаква тажна долго влечена свирба без зборови. По цели денови се зборуваше за Сталин, кој бил, што бил, што сторил, како сторил... само тој и само тој и дека без него не би имало, не би имале... Тука Марија лево го завртуваше тркалцето и кутијата замолкнуваше.
Петтиот ден од месецот, рано, се уште беше мрачно, на вратата чукна Павлевица и праша:
-Маре, Маре мори! Слушнавте ли?
-А што тоа?
-Како, мори, што!!! Сталин умре!
-Уф, кутриот! Каква болест го кутна? Господ нека му ја прости душата... – се прекрсти Мара -Денес цел свет плаче и жали, Maрo…
-Денес плаче, утре ќе се радува ... – дофрли Мара.
Тој ден и наредните денови, до погребот и по погребот, едни плачеа, други се радуваа.
Секој си имаше своја причина за радост или за жалење...
Жалеа и тие од комитетот во колхозот. Врз големото црвено знаме врзаа црна широка панделка и тргнаа да го подигнат пред малиот споменик на Сталин што уште во советско време беше поставен наспроти домот на културата, кој во царско време беше селска крчма. Споменикот го немаше. Партискиот секретар веднаш по телефон се јави во милиционерската станица во градот. Со џип стигнаа двајца милиционери и заедно со германскиот волчјак ја пребараа околината. Со обезглавено тело и скршени раце споменикот на Сталин го најдоа фрлен во реката. На градите му беше напипано: ZBRODNIARZ57...
Партискиот секретар на Колхозот Неа Зои изјави дека воопшто не се сомнева во некој од бегалците, туку се сомнева во шоферите – Полјаци кои превезуваа борови трупци до пиланата. Нив ги пријави.
57 Zbrodniarz - злосторник Вечерта, на Митре и Мара, им дојдоа комшиите, Павле и Павлевица. Така секогаш, по заодот, во првиот блед мрак се посетуваа. Мара мажите ги почести со по една чашка вотка, а жените со слатко - џем од сливи. И тука го донесоа и го чуваа домашниот обичај - на мажите чашка вотка, на жените слатко, а шишето не го остави на маса, како што веќе некои навикнаа.
Пламенот од големата лоева свеќа, струјата честопати ја снемуваше, во средните куќи во Лисковате, час се намалуваше, час се зголемуваше и така се зголемуваа или се намалуваа нивните сенки на дрвените ѕидови.
Тивок и мек им беше разговорот, ама повеќе се разбираа со молкот. Таму, во молкот, како рој од пчели, секогаш им беа собрани мислите. Во молкот им беше болката за изгубеното. Зборовите небаре броени, стоплени со тешките и долги воздишки. Во нив сето тоа што беше вчера, тоа својствено и најубаво, од најмилото и најдрагото што им го уништи злото. Во очите тага облеана со болката на душите. Повеќе во молк, отколку во зборување им течеше вечерното време во полумрачната одаја. Долги мигови на тишина испрекинувана со воздишки. Намнисувањата им носеа враќање дома и благо олеснување на душите. Им се стоплуваа срцата кога тоа далечно време, времето на младоста, кое никогаш не се враќа, а само споменот го чува, им беше како мелем, живнуваше под сламениот покрив на оваа дрвена украинска хата58. Дома, таму де, дома, така велеа, дома, таму во нашата дома - повторуваа и тој збор бескрајно им беше врежан во умот и зборот и секогаш кога го спомнуваа, кај нив будеше долги и тешки воздишки оптоварени со болка, нескротлива тага и призрачна надеж.
Велеа и повторуваа:
- Кога си бевме дома... - и тогаш почнуваше да тече реката на спомените, се одвиткуваше клопчето на животот .
А оваа дома, дрвената украинска хата, никогаш не ја нарекоа дома. Таа дишеше со друга душа, за неа тагуваа други срца, мислеа други умови. Не беше нивна и макаршто секој ден ја пастреа, за неа не најдоа место 58 Хата – селска куќа изградена од дрвени трупци. Најчесто таквите куќи ги има во Југо-Источна Полска, Белорусија и Украина.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/18 on October 29, 2026