Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 10

By Петре Наковски · Part 16 of 26 · About 21 minutes

Read in English

Можеби така ќе ми олесни, можеби така мојата болка што тече од срцето и душата, а не од исечените нозе, можеби ќе ми ја олесни болката. Грамос тој голем гроб. Кој го ископа? Колку изгореа таму под жешкото сонце не пограбани? Кој е крив? Чиј е гревот. Плачат мајките по градовите и селата на Грција, плачат мајките по собиралишата на испадените и на патиштата што ги носат кон никаде. Нема дом, има пустелија – има злоба, омраза, пустош, има лоши луѓе кои создадоа лоша судбина, го има тој страшен грев на тие кои останаа живи, на тие кои од еден или два оддалечени ридови од боиштето-кланица, со двоглед гледаа косење на животот и со прст покажуваа дека ете таму, зад онаа карпа, зад оној камен, на тоа ритче некој падна и не чекаа да стане зад него паѓаше друг и нивната љубопитност и радост растеше и не прашуваа чии се тие деца, на чии деца тие им наредија да се колат, да се убиваат, да се мразат. Така, да се изнаплачам, сега многу, многу ми се плаче...

Немам солзи, а плачот без солза не е плач, туку тежок и мачен лелек. Болка. Оставете ме да лелекам за мене и за мајките чии чеда останаа таму зад двете страни на карпите.

Ја покри главата со чаршавот кој долго трепереше над болката на оскатената девојка. Ја смири сестра Тереса, така се викаше болничаката , којабеше адолжена да се грижи за Сова, која дојде со количката за да ја изнесе на редовната прошетка се до високите дуни од каде се гледаше морето, а од таму во салата, на вежби.

Секој ден така – прошетка на чист свеж морски ветер, а потоа вежбање во топлата спортска сала.

По завршените вежби сестра Тееса ја врати во болничката соба и со помош на лекарот ја легна. Уморна беше. Тешки и мачни беа вежбите на телото без нозе. Болеше половината, болеа плеките, болеше и најмалиот дел на телото. И душата болеше. И трпеше. Загледана во таванот, рој мисли и се вртеа в глава и никоја, ниту една, не и го поткажуваше решението. И остануваше само да трпи и да мисли. Мислата и во неа надежта. Тоа ја одржуваше во животот. Понекогаш и паѓаше на ум едно по едно да ги собира апчињата и сите да ги голтне.

Да заврши со себе. Сакаше така да стори. Да ја снема. Но над неа и по крај неа стоеја и чуваа луѓето во бело кои ја тешеа, и ветуваа, ја уверуваа дека и таква каква што е, вреди да се живее. Ќе научи јазик, ќе научи писмо кое ќе и го отвори патот што води кон отворениот свет на животот. Се сомневаше, ама полека тие убедувања и се врежуваа во главата, ја охрабруваа...

Доктор Барчиковски53 влезе во собата насмевнат и седна на работ од креветот во кој лежеше Софка и со тивок, молежлив глас и зборуваше:

-Многу, многу се радувам што добро заздравува левата нога. Закрепнуваш. Десната малку ме загрижува...

- А што и е ...?

- Храбра, девојка си ти... Немој да се грижиш. Се ќе биде добро.

- Тоа ваше добро да не значи дека ќе ја сечете?

Доктор Барчиковски со парче памук ги избриша капките пот што се појавија на нејзиното чело и тивко, скоро молежливо, рече:

- Ќе ја лекуваме, ама ако не помогне лекувањето... – не дорече. Стана, и ги погали образите и рече: - Ќе спасуваме што може да се спаси од телото, ама сигурно ќе ти оставиме едно – најважното - животот... Тоа нека те крепи...

- Животот... што ќе мие таков живот? Саката... Велиш храбра... Зарем тоа ќе ме радува? Лицето ми е огрдено, целото ми е една голема лузна, а сега ми велиш да сум храбра.

- Лузната од лицето ќе ја отстраниме и пак ќе бидеш убава, дете...

- Ех, пан доктор Барчиковски, ти си ни на сите утеха... Кажи што ќе ми е убавината без нозе?

53 Презимето и името вистински

- И без нозе ќе те сакаат... За да те убедам дека така е ќе ги викнам сите момци и ќе ги прашам: -Момци, кажете, убава ли е Софка или е грда. И нека се осмели некој да рече дека си грда. Сите ќе речат дека во оваа болница најубавата девојка е Софка...

- Добар сте вие пан доктор. Како што се вели – злато, а не човек... Знаете вие во душите да влевате голема утеха...

Доктор Барчиковски се наведна над нејзината глава и тивко, милосно и нежно и прошепоти:

- А ќе ти кажам нешто, ама тоа да остане меѓу нас. Знам еден мангуп, кој многу те сака. Денес, за време на визитата на уво ми рече:- Докторе, оди да видиш таму, како е Софка и кажи и дека многу ја сакам... И уште ми рече – таа девојка многу ми е мила. Ја имам не само во мислите, вели, туку и во срцето и воопшто не ми пречи што е со една нога. Па и без две нозе да е уште повеќе ќе ја сакам... Така ми рече... Сега мирувај, мисли на животот и радувај се што си жива и за тоа дека не само еден мангуп, туку многу мангупи, многу те сакаат.

И ако сакаш да знаеш, мила, и јас те сакам...

- Уф, па ти, пан доктор, шегаџио низаеден...

Софка, која последните денови чувствуваше големи болки во ногата, сфати дека наскоро ќе ја изгуби. Не туку така дојде доктор Барчиковски...

По два дена Софка лежеше и без десната нога...

Загледана во таванот целиот ден го поминуваше со прашања. И не бараше одговор. Само се прашуваше.

Не се смееше на глас. Се смееше со очите. Во тие очи беше и смеата и радоста и болката и тагата, по некогаш, во долгата осаменост се вгнездуваше и разочарувањето... И полека, ама и мачно, навикнуваше на својата осакатеност...

Во исто време, во кабинетот на главниот лекар, веќе втор час траеше состанокот. Долга и мачна расправа.

-Господо – се обрати главниот лекар, доктор Богдан - ова е воена болница и јас тука сум воен лекар и лекувам војници, а не партиски секретари. Тоа е моја задача...

- А наша задача е, другар доктор.....секојдневно да го јакнеме борбениот дух на нашите борци. Тие тука во многу добрите услови што ги создаде вашата народна власт да не се разлениват, туку...

- Другари грчки партизани – почна докторот со тивок и посмирен тон – пак ќе повторам дека ова е воена болница во која владеат воени закони. Вие другари, грчки партизани сакате од болницата да направите партиска школа. Моите соработници ми рапортираа дека до доцна во ноќта одржувате партиски состаноци. Тоа е надвор од правилникот што е задолжителен за сите наши пациенти. Да, тука имаме пациенти, а не партизани...

и членовите на вашата партија тука се само пациенти. И вие, додека сте тука, сте пациенти...

-Докторе – натаму настојуваше партискиот секретар – будноста мора да се запази. Имаме некои сознанија дека меѓу Славомакедонците, некои нивни типови сеат недоверба кон нашата партија...

-Простете – го прекина докторот – како рековте – Славомакедонци? Можете ли да ми објасните што значи тоа?

-Секако, докторе... Тие се Словени кои живеат во грчкиот дел на Македонија и за разлика од Грците кои живеат таму, ние ги викаме Славомакедонци...

Доктор Богдан тивко се насмевна и со тон на зачуденост, рече:

- Според таа ваша логика и Полјаците во Полска треба да се викаат Славополјаци, нели?

- Не.

-Туку?

Се преправи дека не го слушна прашањето, па продолжи:

-Да се вратиме на проблемот што се појави. Имено, Славомакедонците се собираат одделно од другарите Грци, пеат борбени песни што се пееја за време на војната во српскиот дел на Македонија. Тоа се титови песни, а се знае веќе каква беше и каква е улогата на Тито во меѓународното комунистичко движење и во нашата борба што ја водевме. И уште нешто. Имаме сознание дека тие подготвуваат театарска пиеса наречена ,,Крвава македонска свадба,, напишана од некој титов писател и најмногу изведувана во титовите театри во Скопје... И уште сакам да истакнам, дека и кај вашите соработници гледаме одредени неправилности. На пример забележливо е дека медицинските сестри на врат носат синџирче со ликот на Исус Христос. Тоа е неправилно, да не речам недозволиво нешто такво да гледаат нашите борци. Ние нив ги воспитуваме да се борци, а не верски поклоници...

Докторот Богдан замоли:

-Сфатете другари грчки партизани дека тука е воена болница и тоа под строго воена тајна. Религиозните чувства тука се лична работа на секој член на нашиот медицински персонал. Тоа не треба да е ваш проблем. И, ве молам, немојте да се мешате во процесот на лекувањето. Не сум во состојба да сфатам од каде ви се појави толкаво сомнение кон вашите соборци Македонците. Тие се дисциплинирани, кротки и имаат многу добар однос кон целиот колектив. Имам впечаток дека тие кај нас се почувствуваа слободни. Слободно си го зборуваат својот јазик и се водат според своите адети и обичаи. Колку што знам сето тоа во Грција им беше забрането... Вие, имам, впечаток, никому не верувате. Во се се сомневате. И пак ќе речам – немојте да се мешате таму каде што не ви е работата. Од вас барам, како војник кон војник, да сте дисциплинирани пациенти... Средбата е завршена. Вратете се во вашите соби и придржувајте се кон пропишаниот ред, а Македонците оставете ги на мира. И немојте во воена болница да правите партиски митинзи и да донесувате дисциплински мерки спрема нашите пациенти...

-Докторе, вака не може да ги поставувате прашањата. Ние ќе протестираме...

Доктор Богдан занеми. Молчеше, триеше чело и откако видливо се смири, праша:

-Вашето име?

-Капетан на ...

-Не прашувам за чинот, туку за името!

-Kарамузис...

-А вашето?

-Пaрисис... – имаше едно око и доволно му беше да гледа само кривовчини... Беше зол, мрша тип на лошотија, сомничавост и подлост... И насмевката му беше таква...

Доктор Богдан се сврти кон својот асистент и му нареди да ја викни главната сестра.

Сестра Јанина веднаш се појави.

-Сестро донесете ги болничките листи на, како рековте дека се викате?

-Карамузис и Парисис.

Доктор Богдан внимателно ги прелиста листите, и ги врати на сестра Јанина и смирено рече:

-Другари вие сте сосема здрави, а во оваа болница здрави не држиме. Досега од оваа болница во вашиот бегалски центар во Згожелец веќе испративме стотина оздравеници. Сестро подгответе отпусна листа за пациентите Карамузис и Парисис и донесете ми ги да ги потпишам. На интендантот кажете му да подготви испратнини – еден костим, две кошули, една вратоврска, палто, капа, чевли, две рала чорапи и исто толку долна облека... Храна за два дена. Се според правилникот... Вие, господа, проштевајте другари грчки партизани, да запаметите, дека ова е воена строго тајна болница во која лекуваме ранети борци, а не партиски пропагатори...

Доктор Богдан удри со дланката на масата и рече:

-Крај на состанокот...

-Протези ти направив, ама нема да се такви, какви што се потребни за една толку убава девојка

– се шегуваше мајсторот, убедувајќи ја Софка дека со новите протези првиот валцер на заедничката игранка задолжително ќе мора да го заигра само со него. Нека видат каква салонска дама е таа.

Малку ќе крцкаат, ама на сите ќе им се чини дека крцка ново поставениот паркет.

Павел и ги врза ремените, и помогна да стане и држејќи ја под мишки, лесно ја поттурна пред себе.

-Полека, така, сега со другата нога, полека, продолжи...

-Ќе паднам – рече и грчевито двете раце ги сплете на неговиот врат.

Првиот чекор тежок, вториот потежок. Секој чекор стануваше потежок и поболен, поизмачувачки. Мачно стигна до ѕидот, се потпре со рацете стоејќи свртена со грбот кон Павел.

-Не можам – рече со лелек во гласот. Тешки се и ме болат стегнатите ремени.

- Ќе навикнеш, само е потребно многу трпење и вежбање. Од утре веќе ќе почнеме со вежбање. Чекор в чекор од едниот ѕид до другиот ѕид на салата, а кога тој пат ќе го совладаме, тогаш ќе одиме на прошетка во паркот, а после ќе шетаме и покрај морето.

Со часови, од едниот ќош до другиот учеше да чекори и тоа секој ден, прво со едната патерица, а по една недела - без патерицата. И се врати одењето и беше се посигурна дека ќе може да оди без некој да ја поддржува и придржува и затоа со солзи во очите, со стегнато срце и душа секој ден претпладне и по попладне вежбаше. Мускулите навикнуваа, ама болеа и таа навикнуваше и најчесто плачеше од болка. Деновите поминуваа во неколку часовни вежби. Мајсторот Вавел настојвчиво ја тераше да вежба, па дури тогаш кога таа со плачење го молеше да престане.

-Не, дете, трај, оди, еднаш мал, другапат поголем чекор. Гледам чекорот секој ден ти е посигурен. Терај...

- А колку време уште вака ќе ме измачуваш, драг мој мајсторе Павел?

-Уште некој месец. Како што ти реков до првиот валцер што ќе го завртиш со мене. Ми ветуваш?

Продолжи. Само со вежбање ќе постогнеш успех. Продолжи и мисли на валцерот... – шеговито и рече и ја труна пред себе.

Половина година по тешките вежби, кои најчесто се одвиваа и завршуваа со плачење, Софка беше повикана кај директорот на болницата. Краток, војнички разговор. И беше речено дека таа е сосема здрава, оспособена сама да се грижи за себе.

Вечерта, пред да се изклучат светлата, согласо болничкиот првилник, во болничката соба на Софка, со прстот на усните тивко влезе сестра Тереса. Во очите и се гледаше некакво чудно задоволство, во набабрение усни – налегната насмевка. Седна покрај Софка, нејзините дланки го прибра во своите и, галејќи ги, шеплотиво и рече:

-Имам две вести за тебе. Едната е радосна, а другата уште порадосна.

-Кажи... – нетрпеливо замоли Софка.

- Првата е, дека веќе е донесена одлука идната недела ќе заминеш од болницата. Така одлучи главниот...

- Најпосле и јс, како другите ќе одам во светот. А втората вест, сестро Тереса?

- Втората вест – затвори очи и диши длабоко. Втората вест, Совфке, втората вест – гласот на сестра Тереса затрепери, зениците и се раширија, дланките ги покри пот...

Софка отвори очи и глано рече:

-Ајде, сестро Тереса, гукни! Која е таа втора порадосна вест?

- Мајка ти, Софке...

- Мајка ми, мајка ми – одамна, како да имаа поминато векови откако не го имаше изречено тој збор, па павтори – мајка ми - и се расплака.

- Мајка ти, Софке, е жива и е тука, во Полска...

- Мајка ми? Мајка ми? Мојата мајка? – низ солзи молеше Софка.

- Смири се, мила. Мајка е добра, здрава, работи во едно земјоделско стопанство. Ја пронајдовме преку грчкиот партиски комитет во Згожелец...

Софка покри очи со дланките и гласно, како некогаш, кога беше мала, гласно викна:

-Мамооо!!! – меѓу прстите и потекоа солзи.

-Мамо, мамо, мамооо!!! – викаше, како тогаш, кога беше мала.

Софка стана, се нурна во прегратката на сестра Тереса и гласно се расплака.

-Смири се, мила – ја молеше сестра Тереса, галејќи и ја косата. – Смири се. Имам уште нешто да ти кажам.

Престани да плашеч и внимателно слушај ме. Договорено е идната недела да се сретнеш со мајка ти на жалазничката станица во Вроцлав. Таму таа ќе те чека... А сега прибери се и легни. Добра ноќ...

Софка ноќта не ја преспа. Цело време пред очите и беше мајка и, која последен пат ја виде преде шест години, вечерта, кога заедно со други девојки ја собраа. Зад неа останаа тешки години и секогаш мислата за мајка и. Во мракот гледаше во таванот и се силеше да си го спомни лицето на мајка си, се потсетуваше на нејзината црна коса, на сините, секогаш тажни очи, на благата насмевка, на своето детство поминато во ејините широки и секогаш топли прегратки и пазуви...

По една недела пред неа се отвори големата порта од болницата, ширум се отвори и светот. Лево и десно стоеја лекари и болничарки. Сестра Тереса силно ја прегрна Софка и скришум, шепотејќи, во џебот и стави коверт.

- Таму е адресата на мајка ми и нешто ситно за да ти се најде. На мајка ми ќе и пишуваш каде си и што правиш. Така ќе знам каде си.

Лекари и медицински сестри, со кои како да беше сродена, ја испраќаа Софка, која најдолго остана во болницата. Некои со насмевка, некои со солзи. Џипот полека тргна и сите раце се размавтаа. Ја испраќаа Софка. Доктор Барчиковски се оддели од масата лекари и болничарки, дотрча до џипот, ја прегрна Софка и долго ја држеше во својата прегратка.

-Со среќа, дете.

Софка по две години ја напушти болницата оставајќи голем дел од себе. На нејзиното лице и во насолзените очи беше врежана болката, тагата и благодарноста. Пред неа се отвори долг и непознат свет. Како ќе го прооди? Веќе од сега џипот, а потоа возот ќе ја пренесува во некој друг свет во кој ќе биде меѓу други непознати луѓе во земја што не ја познава. Гледаше пред себе, носејќи го крстот на болката. Кога се збогуваше со лекарите и болничарките не прозбори ниту еден збор. Им бакнуваше очи, образи и чела и со молкот ја изразуваше својата благодарност.

Замина од болницата и со себе ги носеше сите лица на лекарите и сестрите, на мајсторот Павел, кој беше многу задоволен од постигнатиот успех и во извештајот што го прати до управата на болницата напиша дека најголем успех постигна со Софка, ама цени дека за да постигне уште повеќе, предлага да биде испратена во институтот за протези што го води познатиот германски специјалист за протези, доктор Вили. Со милина се зботуваше и со раболничкиот персонал, сесрдно благодана за нивните зборови на утеха, нивните погледи во кои имаше повеќе надеж и секој ден помалку болка и многу, многу приврзаност. Ја засакаа сите и таа нив ги засака. Сега, кога ја напушташе болницата и џипот беше се подалеку од големата порта, Софка сфати дека заминувапше во некој друг свет. Непознат. Дали ќе го совлада, како што ја совлада болката што траеше тие две години и болката од самото чувство дека е саката. Ги запамети и зборовите на Барчиковски, кој на збогување и рече:

-Ти не ќе се изгубиш во светот. Не тој, туку ти него ќе го ставиш под нозе. Гледам чекорот ти е сигурен и зад себе оставај само длабоки траги, како оние на песокот крај морето...

Железничка станица во Вроцлав. Тука Донка стигна пладнето. И беше речено да не го заборави бројот на перонот каде ќе стигне возот и таму да чека. Нетрпеливо, со растреперен чекор од едниот до другиот крај го одмеруваше долгиот перон. O д време навреме во големата хала и на сите перони одекнуваше зарипнаниот и поспан глас на најавувачот за пристигнатите или заминатите возови. Ја тревожеше неговата безнадежна најава.

- Opóżniony pociąg pospieszny ze Szczecina do Przemy śla przez Pozna ń-Wrocław-Opole-Katowice-Kraków jest opóżniony pół godziny.54 По триесетина минути истиот глас:

-Opóżniony pociąg pospieszny ze Szczecina wjeżdzia ne peron pierwszy55...

54 Задоцнетиот брз воз од Шчечин за Пшемипљ преку Познањ-Вроцлав-Ополе-Катовице-Кракоњ доцни половина час.

Се растрчаа луѓето. И тие кои чекаа свои и тие кои патуваа кај свои. Управникот на стааницата, со црвеното капче на главата и жолтата лопатка во раката даде знак. Свиреж на локомотивата, наоколу се разлеа облак пареа, возот полека тргна и по кусо време го снема.

Од крајот на долгиот и празен перон, полека, накривувајќи, со бавен чекор наближуваше жена. На рамо ранец, со десната рака држеше куферче, со левата се потпираше на патерица. Тешко откинуваше нозе од бетонираниот перон. Одеше полека, загледана пред себе. Миг застануваше, гледаше и лево и десно и воздивнувајќи, продолжуваше право пред себе. Застануваше. Се свртуваше. Гледаше и одново одеше.

Оставаше впечаток дека некого бара. Застануваше. Седнуваше на најблиската клупа. Одрамуваше ранец, се навалуваше на наслонот од клупатаи и со очите го пребаруваше перонот. Сеедејќи на клупата клупата, со погледот ги пречекуваше и ги испраќаше возовите од кои едни слегуваа, други се качуваа, се довикуваа, се прегрнуваа, се смееја, се радуваа и прегрнати излегуваа во градот. Не им љубомореше. Им се радуваше. Си велеше во себе – камо и јас така да си ја пречекам ќерка ми, да си ја прегрнам, да и ги избакнам усните, образите очите...

А возовите пристигнуваа, заминуваа. Од каде толку многу луѓе? Каде одат? Седеше. Гледаше. Стануваше да види дали таа што слегуваше од воот што пристигна, е таа. Рашируваше раце, дотрчуваше, мавташе, довикуваше... Не, не е таа. Се враќаше на клупата. Тешка издишка и се откинуваше од градите. Скрстуваше раце и гледаше како многу луѓе од едни возови слегуваа, во нив се качуваа други, се довикуваа, си пожелуваа добар пат и добро видување.

Свиреж и татнеж на локомотивата. Замина и овој воз и другиот. Само неколку мигови потоа пристигнуваше друг.

Луѓе, луѓе, од каде толку луѓе – ги гледаше и се прашуваше зошто од толку возови што пристигнаа и заминаа не слезе нејзината ќерка? Сигурно не стигна да го фати возот со кој требаше да допатува. Сигурно задоцни. Ако. Има и друг воз. Нека задоцни, само да дојде.

55 Задоцнетиот брз воз од Шчечин влегува на првиот перон Донка стана од клупата и тргна на кај жената чии чекори гласно и рамномерно тропаа на плочникот.

Помина покрај неа, по неколку поминати чекори застана. Се сврти. Гледаше. Жената продолжи натаму, зад неа остануваше тропањето на чекорите и тропањето на патерицата. Отиде до крајот на перонот и кога го фати обратниот пат, непознатата и се доближуваше. На разминување за миг застанаа се погледнаа в лице и очи.

Перонот празен. Немаше возови. Немаше и луѓе. Празни беа и клупите.

-Не, не е таа... – си рече Донка продолжи натаму. – Мојата е висока, стројна, весела, насмеана, секогаш чекорот и беше сигурен. Таква ја имаше секогаш пред очи.

-Не, не е таа... – си велеше. Подруга не можеше да ја замисли. Само таква, каква што ја виде последниот пат... - висока, витка, стројна... - А оваа е свиткана, оди како да е саката, како да нема сила во нозете и насекирана е, како да е болна.

Кога помалку се слушаше рамномерното тропање по плочникот, се сврти и гледајќи како оди потпирајќи се на патерицата и навалувајќи се од колк на колк – прошепоти: - Кутрата жена... Млада, а саката. Каква мака ја спотера та тргна со возови да оди. Можеби некого испраќа и чека ?

Пристигна воз и перонот го наполнија толпи луѓе. Брзаа, се туркаа, се довикуваа, прегрнуваа, збогуваа.

Свиреж и пувкање на локомотивата и ги наполни ушите. Замина возот. Тие, кои слегоа се истурија во градот.

На перонот пак само тие – две осаманеи жени. Одеа едната наваму, другата натаму и разминувајќи се, скришум се гледаа.

Донка одеднаш застана. Праменот руса коса и долгите руси трепки, лицето бело и тркалезно како погача потонаа во нејзините очи. Продолго, долго вкова очи во жената со ранецот и патерицата.

-Таа е?... Не, не е таа... оваа е саката - прошепоти. - Ја погледна косо ама очи не откинуваше од русата коса, русите трепки и белото лице на непознатата.

-Море како да е таа – си шепотеше, треперејќи од возбуда. Таква руса коса и такви долги трепки имаше само таа, нејзината Софка. Секогаш кога мислеше на неа, пред очите и беше русата коса и тие преубави долги руси трепки и сините очи чиниш целото ведро небо беше потонето во нив. Други такви девојки во целото село немаше. Таква беше само таа, нејзината Софка...

Донка се сврти, застанa пред непознатата, ја праша:

-Чекате некого?

-Да. Мајка ми... – рече тивко.

Очите им се сретнаа. Оганче во зениците. Возбуда на образите. Скаменети се гледаа. Стоеја на спроти себе, се гледаа, им затреперија образите и ниту збор да изустат. Вкочанетост.

-Мајка ми... мајка ми ја чекам...

На Донка познато и прозвучи гласот, се стресе, залипа и плачливо праша:

-А ти, ти да не си?...- гласот на Донка се скрши. Рашири раце и силно ја фрли во својата прегратка. Каква ли сила ги фрли во таа прегратка, та ги направи едно тело? Силната и топла прегратка ги врза. Долго и молчаливо останаа гушнати. Стоеја гушнати среде перонот и со шепот се прашуваа:

- Ти... ти ли си, чедо?...

- Ти... ти ли си, мајко?...

Покрај нив поминуваа луѓе. Некои за миг застануваа, ги погледнуваа вчудовидени и брзаа да го фатат возот.

Свиреж. Замина возот. По него стигна друг и од него се истури толпа луѓе. Довикувањата стивнуваа, луѓето во прегратки го празнеа перонот. Само тие – Донка и Софка - стоеја на перонот гушнати, стегнати образ до образи, солзи до солзи, тело до тело, издишка до издишка, споени како едно срце и една душа. Стоеја во стегната прегратка и тивко, одвај чујно шепотеа:

- Чедо..

- Мајко...

На перонот само тие, две гушнати жени, стегнати во прегратка и облеани со бакнежи и солзи, кои од лицата ја переа лошата болештина на разделбата што беше нанесена од дивите времиња...

Стигнуваа и одминаа возовите. Толпи луѓе се пречекуваа и се испраќаа. Пероните се полнеа и испразнуваа. Само на еден перон долго останаа две гушнати жени. Гушнати во неразделна прегратка, со нежен, тивок, топол и галежен шепот, мајка и ќерка, полека ја смируваа и ја исцелуваа големата болка...

-Чедо...

-Мајко...

Дали таа голема радост ќе го оттргне мракот што во тие изминати мачни години царуваше на нивните лица?

Заминуваа, одминуваа возовите. Пероните беа преполнети со две гушнати жени...

Беше листопад.

Земјата се уште дишеше со мирисот на полската златна есен. Над позлатата од лисја се уште траеше топлото циганско лето...

Беше листопад и се гледаше крајот на втората година во туѓо...

Софка долго не се радуваше од средбата со мајка и. Ја погоди голема несреќа кога на само два чекори од неа, на самиот свиок од улицата, тежок камион ја удри и не се најде сила да ја подигне, да ја крене на нозе...