Front Matter - Part 02
Со големи ветувања, измислувани на партиски пленуми и советувања, ги крепеа, им внушуваа верба – зарем тој клет душман ќе ги здроби тие, на изглед, големи и страшни дрвени и камени бункери нанижани на планинските и ридските врвови? Зарем душманот ќе успее да ја скрши народната волја вкопана во планините?
Од горе, од партискиот врв, па надолу се истураа ветувањата испишани на летоци, на карпи и голи камења, на ѕидовите на селските куќи и цркви. Големи беа ветувањата во кои до занесеност се нижеа надежите, кои за жал, се покажа, дека со валкан прст беа пишувани на матна вода.
Пред нив не гледаа пат на спасот, туку само непознат простор што треба да го прегазат, да претрчаат низ него и да се втурнат во небидницата што некој им ја стокми.
-Бегајте! – се истураше тревожен глас и викаше и довикуваше.
Бегаа и зад нив остануваше одземената светлина и спокојот на душата.
-Бегајте! – не замолкнуваше гласот кој до вчера ветуваше светлина и сонце...
Бегаа по непознатите патишта на своето искоренување, кое некој со однапред добро обмислена намера умислено им го удри трајниот печат на искоренувањето и изгнанството...
Ќе има ли некој, кој ќе и даде име на таа лоша судбина која ги влече по незнајните патишта на невратот?
Каде и кај кого ќе најдат потпир, под кое небо ќе најдат малку место за да се изнаплачат, да се избројат, да најдат мирување, почивка и издив од патилата?
На тие, кои со пизма и неограничена упорност со години си го присакуваа нивното искоренување најголема желба им беше за нив никогаш повратен пат да нема, а тие кои ветуваа, на погрешни патишта и порано и сега ги упатија.
А бегалците и за едните и за другите, сега, на патот кон непознатото, имаа само збор на презир и многу клетви...
Дали таа река од бегалци некогаш ќе го обнови својот извор?
Свирепоста на бегството носеше многу болка...
Шумите, ледините, патеките, премините меѓу распуканите карпи ги зарои голема, не бројна, развлечена толпа. Мажи, жени, расплакани деца, вудвосани старци и старици се збираа во купишта, се стискаа, се туркаа, се гмечеа и се газеа во налудничавата навалица што како бурно надојдена река, заедно со стоката, куп ги туркаше пред себе. Ваму се збираа во куп, таму и онаму се растураа, се довикуваа, во толпите се бараа жените со мажите, децата со мајките, роднините, пријателите, соседите, соселаните. Се распрашуваа за живи, за изгубени и за мртви. Викотници, плач, молитви и клетви. Крај нив, меѓу нив и пред нив - стока. Измешана.
Разблеана. Разрикана. Растурена на сите страни.
Таму, по настрана, во широката ледина - тие, исфрлените од рововите и бункерите, кои многу сакаа да го одбранат Вичо, а не го одбранија не по своја грешка, немоќ и страв; некои со завои на главите и рацете, под команда се постројуваа, нарамуваа оружје и со брз чекор тргнаа по некои други патишта, на нова задача за натамошно жртвување.
На беспатици и раздруми се слеваа долгите редици и толпи. Исплашени, натажени, нажалени, исполнети со клетви и презир, вудвосани од тежината на тоа што од куќата успеаја во вреќи, дисаги и бовчи да приберат и да фрлат на грб и рамена, одеа горени од душманите и од големата жега на жедта за да спасат гол живот, носејќи ја на врат и длабоко во душата неискажливо големата болка на бегството.
Одеа...
На небото што пред квечерина гори во пурпур, стрвниците не престануваат да кружат. Отаде планината го снема црвениот диск на сонцето. На лединката, отаде границата, под ведрото и оѕвездено небо, врволиката тивко потплачува, колне, пцуе, лелека, мачно изречува збор за помен. Од зад ридот огреа полна месечина. Крстовица виде парче незафа-тено место и се упати таму. Го одрами веленцето, до себе ја спушти торбата и дисагите. Со плеќите се потпре на каменот од кој с¢ уште зрачи топлина. Облак засени месечина и настана мрак. Покрај неа, во темницата, во која таа е небаре ништо и како да не постои, поминуваат непознати, натоварени, папсани, молчеливи, неми. Врват луѓето, врват, пред себе тераат добиток, се довикуваат, доенчиња заплачуваат, залипуваат старци. Жена се разбреа на сет глас, растура колнежи во црната темница и се дави во грчот на липањето...
Крстовица пред себе испружи раце, ги допре стапалата, а потоа земјата. Сега и е полесно да дише. Зема здив, ја брише потта од челото, потоа од лицето и одново се забрадува со црната шамија. Се загледува горе. Високо, таму во недостижното, мижуркаат ѕвезди. Повремено настанува кратка тишина и тогаш се слушаат глуви татнежи и одвај забележливи треперења на воздухот. Таа се навали на веленцето што го стави како возглавница и и се пристори дека е дома во глуво доба, крај своето огниште во кое сигурно с¢ уште тлеат жарчињата што ги покри со спуза; и се пристори дека е во шарената гостинска одаја во која го распосла излитеното веленце и мисли на своите рожби и на челадта од рожбите свои кои израснаа на ова веленце. А сега, каде ли се сега? За најстариот знае дека лежи под една карпа на Иван Планина. За вториот син знае дека работи во некој рудник во Канада, за Коца, дека е испратена на заточение на некој од сувите остови во Егејското Море, затоа што момчето и заминало со Егејската бригада. За двата внука знае дека лани парчосани останаа на Грамос, а за внука си слушна дека нешто жешко ја каснало за плеќи кога се повлекувала од Негуш и останала да лежи во окрвавениот снег. Така и рекоа и таа с¢ уште верува, дека внуката успеа да се исправи и дека с¢ уште го држи патот што води кон Вичо. И со мислата пак се враќа на почетокот, се пронижува низ с¢ што помина, а најмногу ја болат болките непреболени, болките недолечливи од кои срцето и е раскинато кога научи за Павле кој останал на Иван Планина. Тогаш и пратиле писмо со печат и царски знак дека синот јуначки загинал во албанските планини, јуначки бранејќи ја грчката патрида против Италијанците. Ама Крстовица не се осмели да го праша човекот кој и го читал писмото што носело царски знак зошто триесет и шестата година него, сега јунакот од Иван Планина, заради едно „добро утро” изречено и честопати повторувано на тој забрабет македонски говор, шест месеци прележа на еден од камените и суви острови во Егејско Море? И зошто ли тогаш му дале рицинус и го посрамотиле? И кога пак на грчки и го читале писмото за двајцата внуци кои лани останале меѓу карпите на Клефтис во Грамос, дека и тие јуначки отстоиле за славата на Грција, тогаш нејзиното срце не дознало гордост, не почувствувало достоинство, туку се згрчило во непреболот и во навредата затоа што тие, имајќи своја земја, свои корени натопени со крвта на толку други јунаци, во писмата и пишувале оти загинале како Грци за Грција, а неа затоа што не го знае грчкиот јазик и в црква не го разбира попот на грчки и не знае на грчки да му се моли на Бога, ја прези- раа. И кога Крсто не и се вратил од војната во Мала Азија, и тогаш и читале дека тој, Ставрос, славно паднал во Али Веран за величието, за славата и честа на големата мајка Грција. А кога пред тоа му ја облекле униформата, го нарекле незнамитис, затоа што на секое прашање поставено на грчки, не знаејќи го грчкиот, одговарал - не знам. Загинал ”нез-намитисот” во туѓа земја, а нејзе и испратиле писмо со печат и царски знак. И така мајкините и бабините најсакани гинеле за славата на Грција и вределе за Грција само тогаш кога знаеле да пукаат, да убиваат други, да отстојуваат, со својата крв да ја величаат Грција. Секогаш така со нив, со незнамитите кои биле сакани и величени само тогаш кога гласно свирела воената труба и најгромко удирале воените барабани. И тогаш им го земале зборот. А тоа било време кога им било забрането на својот јазик да ја искажуваат болката и жалта кон умрените и на умрените на крст да им го пишуваат нивното родовско презиме. И Господ, по силата на законот, не признавал други молитви освен оние изречени на грчки. А Господ единствен семоќен преку устата на сегрчкиот патријарх на едни им велел да се радуваат, а на други да страдаат во молчење и да се хранат не со добрината и љубовта Божја, ами со горчината на пониженоста. Така во тие времиња се славел еден христијански Бог, но на сите не им било дозволено на свој јазик да испраќаат молитви кон Него и да го величаат името Негово.
А таму каде секоја недела и секој празник гласно биеле црковните камбани - молитвите биле неми, зборувале само очите, се молеле челата, образите, метаниите ниски, ниски до самоти земја допирана со чело, одвај забележливите движења на усните. Знаеле гласно да речат – Амин, а тивко, нечујно “Христос воскресе“ и за
„многу години“. И кога од боиштата добивале писменца со лоши вести, тогаш престанувале да се плашат од рицину-сот, од камшикот, од сувиот остров на Егејот; пуштале писоци и лелеци на свој јазик зашто само така најдлабоко, нај-болно, најпотресно, за олеснување на болката и за долг спомен на покојниот, ја искажувале својата болка. Така трипати Крстовица одјареми страв и многупати, и на празник, и во делник, и на веселба, и на закоп, и на разбуд редеше гласно.
Пред бојот со Италијанците во оние вечерни училишта, со мака успеале да и ги научат на грчки првите редови на „Оче наш“ ама набрзо потоа стигнала лошата вест и ете и таа молитва не и помогнала иако попот и учителот ја убедувале оти Господ Бог сака само молитви шепотени на грчки. Во нејзиното паметење нема место за заборав, ниту за доброто, ниту за лошото.
Седи Крстовица потпрена врз студениот камен и низ солзи се мачи да продре во далечината во која низ замагли-ната на солзите се појавува нејзината куќа. Во неа веќе ги снема вечната топлина и светлината, добрината и тажниот поглед на Богородица пред која секој ден и ноќ без престан гореше маслениче. Сега угасна и тоа. Умре вечната и тивка убавина што се гледаше од високиот чардак. Вплетена во него се исуши лозата. Висат од жегата исушените гроздови.
Во дворот изгоре старата јаболкница. Од под нејзините стреа засекогаш одлетаа ластовиците и ветерот, презаситен со чад, далеку го однесе мирисот на џунџулето и босилокот што толку многу ги имаше во дворот. Пусто... Запустено... По-дига таа раце и со дланките си ги допира образите. И брише, та брише солзи... Во еден миг почувствува дека заслабнува и дека во неа нешто почна да се крши. Заплака... тивко, без треперење, без гласно липање, ама од сесрце. Откако се изнаплака, почувствува дека во неа влегува некакво олеснување, небаре долго очекувано смирување. Се обидува да стане ама и покрај целиот напор останува да клечи. Гледа наоколу и се обидува да ги долови ноќните шумови. И се чини дека до неа, покрај неа, нема никого. На чекор или два, во тревата се одгласи штурче, најпрвин тивко, испрекинато, срамежливо. Престана, небаре наслушнува; засвири одново, кратко и изгледа исплашено од светулката што неколкупати болсна со мешето крај патот - прекина. Се оѕва чекор подалеку - продорно, довикливо, го наполни мракот со себе. Таа сврте глава и тогаш почувствува како трепери ноќниот воздух од далечните подмолни татнежи.
Наслушнува. Шумат дрвјата во огромната пустелија што се шири околу неа. Во жешката августовска ноќ тивко под- дувнува ветер. Колку нежно и ги допира образите. Во неа нешто како да живнува и се пробудува, нешто што е затрупано со урнатините на животот. - Господе, зарем умирам или полудувам? - смирено и без уплав се прашува и дури сега почувствува дека ја болат колената од клечење. - Клечам? Пред кого? Зошто? - се прашува и полека стана.
Под превезот на мрачнотијата луѓето заедно со стоката се редат во колони. И кога и шумата, и ридовите се слеаја во едно, громовит глас ги поведе зад себе и сите тргнаа во мракот. Над нив, на огромното небо, во непроникнатата ноќна длабочина, небаре се размрдаа ѕвездите и полека, чекор по чекор тргнаа над колоните...
Се разденува. Намуртена, бледорозова развиделина се спушта од кај Бела Вода и мрзеливо се постелува отаде Преспанското Езеро. Крстовица го поправи веленцето, го префрли преку рамо, преку врат јаобеси торбата и дисагите, се наведна како да оди наспроти силни ветришта и појде по пустото правливо џаде. Оди право пред себе газејќи по трагите на тие кои појдоа пред неа. Сега не свртува опул зад себе. Во ноќта што ја помина на лединката скраја од правливото џаде, смртта, чиниш, помина покрај неа, се загледа во нејзините солзи и се врати таму, зад ридовите, кај езерото, во трските, во ширното поле на Мала Преспа.
Снеможени застануваа скраја од патот, толку, колку за да приберат издишка, од матна бара со дланка да црпнат малку вода за да навлажнат испечени усни, да згаснат оган во стапалата, малку да преместат тежина од грбот што гореше и болеше и од рамената што печеа.
Митре, подзастануваше за да префрли тежина од рамо на рамо. Ситен му беше чекорот и израмнет со бавниот чекор на Мара, жена му. И таа на рамена носеше дисаги. На левото рамо и тежеше веленце и покривач, на десното бовча со пљачки, чинии, лажици, виљушки, чаши, котленце, на десното - ѓум, голем и до половина наполнет со вода. Влечеше Мара ситен и разнишан чекор и болно го чувствуваше силното печење во рамената и честопати молеше да подзастануваат за да премести тежина. Никој не намалуваше чекор.
-Ти велев, бре Маре – ја кореше Митре кога гледаше дека се повеќе се свиткуваше од тежината. – Чуму ти е ѓумот што го зеде, а ти настојуваше - ѓумот, па ѓумот...
-Ќе ни затреба, Митре... ќе ни притреба и не барај, нема да го фрлам... - не попушташе Мара и откако одново го почнуваше чекорењето покрај него, го потсетуваше. - А паметиш ли што велеше дедо ти, Бог да го прости, за овој ѓум? Слушај за да ти кажам. Велеше, кутриот, дека ѓумот бил постар од него и постар од неговиот дедо. Да. Велеше дека кога ја граделе куќата, тој како дете со овој ѓум им носел вода на мајсторите.
Си заборавил дека така велеше?
Митре не одрече. Застана и замоли:
-Дај, Маре, застани и наведни се да турам малку вода. Ми се исуши, ми се испече грлото од жед...
Наведни се, пониско, така ...
Мара се наведна напред, во грлото на ѓумот заклокоти водата и се наполни шепата на Митре. Тој отпи малку и со остатокот го овлажи лицето, челото и засушените усни и со остатокот ги навлажи краевите од шамијата на Мара и со лесни и нежни движења ја избриша потта и прашината од нејзиното лице.
Одеа...
Жени, мажи, деца, цицалчиња во пазувите и во лулките носени под мишка, старци и старици, болни и сакати влечеа чекор гладни и жедни и желни за малку сенка за да се скријат од жешкото сонце, кое им го сушеше телото, пиејќи им ја потта и солзите на мачеништвото. Заемно се потпираа, заемно си додаваа сила, заемно го делеа парчето леб и капките вода.
-Ајде, уште малку – викаа предводниците – уште малку до таму - и не им велеа дали од таму ќе одат потаму и натаму.
Зад големата редица луѓе и стока, сите не стигнуваа да го држат одот. Некои папсани, истоштени заостануваа зад големата црновина. Заостануваше и Ристана. Натечени и беа босите стапала. Боса го врвеше тешкиот пат, како што целиот живот го помина боса. Од сиромашна во посиромашна куќа ја дадоа. Мажот десетина години постар, прв на играње карти во селската меана. Прв таму влегуваше, последен излегуваше.
Добиваше, ама и губеше. Последната загуба беше единствената нива. Ја изгуби на карти и потоа упорно играше и се повеќе се задолжуваше. Некои му ги простуваа долговите, а некои за возврат бараа Ристана да работи кај нив. Аргатка. Најчесто кај тие чии куќи беа без мажи. Печалбарските. Не еднаш, Ристана, расплакана лежејќи до мажот, без да ги жали се уште своите млади години, во мракот, со горки солзи влажнејќи ја перницата наполнета со слама го молеше и преколнуваше - оди, бре, мажу и ти на печалба, како што отидоа толку други... Печали таму како другите. Види ги Пандови. Сиромаси беа, а сега јас аргатувам кај нив...
Ристана прва стануваше заедно со бледата зора, последна легнуваше. Од како се запамети – аргатка во селото. Од утро па до вечер на туѓ имот. Аргатуваше за шепа-две грав, леќа, парче сирење и малку урда, ока- две брашно. Со тоа ги прехрануваше секогаш парталавите синчиња кои честопати легнуваа гладни. На едното рамо торбуле со едно или две парчиња леб, малку сирење или само леб и сол. На другото рамо - мотиката. Со неа ги прехрануваше двете деца и мажот. Не жалеше многу кога ги даде заедно со другите деца од селото. На ум и легна помислата дека таму каде што ќе ги однесат, сигурно ќе имаат доволно храна и можеби и нешто од облеката и дека нема да одат боси... Ристана од тој ден остана сама. Мажот го подбраа и како на стотици други му го дадоа ѓемот од коњот натоварен со сандаци полни со патрони и рачни гранати. Таму некаде на патот до местото каде што беше одредено да го однесат товарот, в зори авион ја нападна колоната. Од тој пат Ристановиот маж не се врати и така Ристана остана угул сама.
До неа, по прашливиот пат заостануваше и баба Илина. Ситна женичка на дедо Тоде. Зад неа чекореше и баба Дочка. Цел живот осамена. На млади години милиот замина на печалба и таму го снема. Во времето што течеше таа често го сонуваше и го чекаше. Лебот што го јадеше и беше од чистењето на црквата каде гласно се караше со ластовичките кои постојано го валкаа подот. Имаше голема куќа во која беше само таа и сиромаштијата. Не се премажи. Животот си го тераше сама. Овој пат не беше осамена. Беше малечок дел од големата толпа зад која се влечеше нејзината сенка. Сите кои заостануваа, напред маченички ги туркаше новиот бран бегалци кој ги измеша, ги прибра пред себе и ги понесе со себе...
Влечливо одеше баба Илина и во големата толпа се оддели од дедо Тоде, небаре потона во реката од папсани непознати луѓе.
Одеа....
Одот разлулан, влечкав и тежок. На лицата видлива длабока болка не толку од маченичкото одење, колку од горкото и страшно разочарување и вриежот на гнев, бес и озлобеност.
Одеа и со секој исчекорен чекор одот им го отежнуваше големиот безнадежен, горчлив и ужасен сомнеж дали тие се само жртва на некаква голема измама и смислен чекор за нивно искоренување?
Одеа и молкома - само така се прашуваа и долго како да немаше крај, во себе си велеа и повторуваа – кој и зошто ова ни го стори?
Се знаеше крвникот, се знаеше и жртвата, ама никој гласно не сакаше името да му го изговори.
Одеа...
Тесните и правливи патеки не ја собираа големата толпа - луѓе и стока заедно се туркаа, се газеа, паѓаа, стануваа и врвеа по стрмните угорнини и удолници.
-Продолжете! Не застанувајте! – продорно ечеше машки глас. - По мене! - викаше и со рацете покажуваше на патот што се ширеше пред него.
Држеа пат и не знаеја каде ги води. Никој не им кажуваше каде ги водат. Луѓето занемени го слушаа зарипнатиот глас и по него чекор в чекор, влечливо врвеа. Купишта луѓе, говеда, овци, кози – се заедно по прашливиот пат. Ја газеа од сонцето испржената и правлива земја и одеа без запир за издишка, молеа само малку да седнат, горчина да исплукаат, со капка вода црпната од трапчето или некоја матна локва испечени усни да навлажнат и уште само некој миг да приседнат за да приберат сила, од оболените рамена, плеќи и папсана душа, тежок товар да растоварат, да се најдат, да се видат, да се распрашаат за свои, за видени и невидени, за здрави и болни, за живи и мртви да слушнат, збор два да разменат, издив да издивнат за да им олесни живото страдање и болка во душата да смират.
Обезумени и папсани, наведнати под тежината на бовчите, дисагите, вреќите и торбите, во кои го носеа најпотребното, терајќи пред себе жива стока, со разлулан и тежок чекор го прегазија стрмниот превал и без задршка се спуштија прудолу и се разлеаја во ширната рамница.
Жега. Печеше сонцето. Време на жетва. Во нивите низ кои поминуваа, албанските селани жнееја. Во големи снопови го собираа зрното набабрено во класот.
Дедо Тоде и од него некоја година помладиот Борис, триејќи си ги колената и стапалата и, плукајќи ја насобраната горчина, се загледаа во нивата и врзаа тивок разговор.
-Гледај - рече дедо Тоде - си жнеат, си вршат луѓето, си го прибираат лебот во амбарите... А дома, кај нас
– кој ќе ги ожнее нивите? Таму на страк – веќе се рони зрното од класот. Кој ќе ја прибере пченицата? А? Кој?
Што велиш, а?
Борис не рече кој ќе ги ожнее нивите и кој ќе ја прибере пченицата. Некоја друга болка го мачеше, па рече:
- А кај нас, кога дојдоа тие од раководството за да ни речат дека по нашето село ќе помине бојот, та затоа да си земеме, рекоа, што ни е најпотребно, другото да го скриеме, а се што е на нива, пред да се мавнеме отаде планината, да не го оставиме да остане простум. На се, рекоа, оган да им се клади, се нека се стори пепел и ништо да не остане за непријателот. Тука тој нека најде само пепел, нека најде изгорена земја... Така ни рекоа и ние, послушниците, да не речам будалите, со наша рака ставивме оган на класот. Оган кладовме на нашата пот и ништо, ни од нива, ни од бавча и градина, ништо не остана простум... Токму тоа му требаше на непријателот...
-Ами нам, мислиш - дедо Тоде му го прекина зборот - ни остана ли нешто што пред нашето бегање беше простум и не беше изгорено? Плодни ни беа нивите со пченица, пченката - на, до над глава висока, кочан долг, рамен со лактот - дедо Тоде крена рака над главата и пушти длабок издив. - И ние на нивите сами им го пуштивме огнот... гледавме како горат и плачевме... Да ти кажам, кога ќе ми текне за ова, не знам дали некогаш душата ќе ми најде олеснување и проштевање за таквиот грев. Лош, голем грев е со свои раце да пуштиш оган во нивата, наместо да го собереш бериќетот. Со плач гледавме како гори лебот. Така ни рекоа -оган, само пепел за врагот... А пченицата, ти велам, висока, класот, ти кажувам, долг како плетенка и во него зрното јадро. Жив леб, ти велам, со своите раце горевме... Голем и лош грев сторивме...
- А, ти, сам ли си тргнал? – праша Борис.
- Со домаќинката, Борисе, ама некаде ми се изгуби. Ја барав, ама во оваа бркотница, ми се изгуби и сигурно оди по некои други патишта. Белки некаде ќе се прибереме и таму ќе се најдеме. Само да ми е жива и здрава...
-Станувај! Одиме!!! – одекна силен и зарипнат глас.
Се пресече разговорот. На усните на дедо Тоде се залепи и згасна зборот. Во ширната рамница останаа толку, колку што успеаја да приберат здив, пот и прав од чела да избришат, грб да исправат, нозе да протријат.
- Станувај! Одиме! – повикуваше гласот.
Станаа. Се довикуваа. Се береа. Нарамија бовчи, торби, дисаги, се собраа и тргнаа, одејќи на кај таму, каде заоѓаше сонцето, кое уште некој миг светеше и само по неколку издишки, ја снема светлината. Високиот рид над нив фрли дебела сенка. Мракот бездушно ја помрачуваше ширната рамница и булуците луѓе и стока.
Само таму високо над ридовите се уште дишеше и полека замираше денот, а небото гореше во пурпурен пламен.
-Одмор!!! До утре тука! - викна предводникот.
Одрамија тежина од рамена и грб. Издишаа мачнина и чемери од душата, исплукаа горчина. Во мракот наоѓаа малку смирување и блага почивка во тоа кратко време што им беше одредено за да отпочинат толку, колку за да соберат здив, да исплукаат чемер, да приберат кувет, од кратката почивка да откинат и малку време за да им се врати мислата, да им се смири болката, да се средат, да се најдат, да се видат, да се избројат, да се изнаплачат и во плачот да најдат малку смирување и олеснување.
Дедо Тоде легна на крајчето од сенката под која веќе лежеа други, дојдени пред него. Лежеше под разредчената сенка и со широко отворена уста едно подруго длабоко во себе ја вдишуваше сликата на тоа што засекогаш остана зад него, без престан му беше пред очите – сокачето што водеше од дома до црквата, патот до нивите, лозјето и бавчите, до чешмата и изврочето близу црквата Свети Атанас, кое од незнајни времиња течеше од под корените на старите дебели и високо разгранети дабје. Пред неговите очи стои тоа што беше живо кадро и во него беше целата негова душа заедно со големата болка. Жар го жареше, кога го фати патот зад другите по кој со секој направен чекор ги влечеше и своите спомени. Последното што го виде пред заминување беше црниот облак што го засени сонцето. Зад него и во него остана урнатина. Големата болка за изгубеното не беше само болка, тука тежок удар со остар нож право во срцето, таму каде најмногу боли и најбрзо се умира. Сега ја носи во себе таа болка и остриот удар. Беше и тој од многуте кој поверува. Сега ја плука горчината од многу ветуваната добрина и големото зло. Влечкум чекореше на патот на големата загроза. А зад толпата со расплетена коса, со ширум подадени раце неутешливо и очајно викаше и молеше Грозда:
-Луѓе, децата, децата ми ги нема... каде ми се децата!!!
Кога лани ги собираа децата, таа не ги даде. Ги сокри. Сега во неразмерното бегство трча, ги бара, вика, моли.
Големата толпа ги голтна и како надојдена река ги влечеше со себе. Таму ги најде...
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/2 on October 29, 2026