Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 13

By Петре Наковски · Part 19 of 26 · About 21 minutes

Read in English

ниту во умот, ниту во срцата, ниту во душите. Не ги знаеја претходните стопани. Не им знаеја ниту име ниту презиме, ниту судбина. Од црквите, сфатија дека беа Рисјани. Ама штом ги нема тука, штом хатите им се празни, веројатно – си велеа – и нив некое лошо ги снајде, дека злото им тропна на врата и ги витоса. Оваа дома, во која сега живеат, беше дома на некои други, можеби откорнати, можеби протерани, можеби иселени и раселени, како нив, ама во оваа дома се чувствуваа туѓи и секој ден и секоја ноќ сакаа, многу сакаа да се вратат во својата дома, во своите ридови и планини, да пијат вода од своите извори, а не од бунарите во дворовите...

Тие им беа таа огромна сакана желба која во мигови на очај, фрлаа малку светлина врз мрачните небиднини и им ги топлеа душите... Тие вечерни седенки со мислите ги враќаа дома... таму далеку, далеку, само таму, таму, во нивната дома... Каков и за што да беше и да се водеше разговорот, секогаш завршуваше со зборот – дома...

во нашата дома...

Догоруваше свеќата и муабетот привршуваше. Со желби и молитви за добра ноќ, се простуваа од другата страна на прагот, пожелувајќи си ново видување...

Над ридот кривулеста светкавица расече мрак и само миг потоа - грмна.

- Ќе врне, да побрзаме да си одиме – рече Павле и забрза чекор.

- Пак да дојдете... со здравје... – аминуваше Мара и чекаше се додека Павлеви не се стопуваа во мракот.

Кога се сврти за да влезе во малото претсобје, дали виде или само и се пристори како некој да помина и се изгуби зад куќата.

- Митре нешто како човек да видов... ене таму.

- Таму ништо не гледам. Така ти се причини. Влези, не чекај тука.

- Море како да видов човек...

Тукушто почнаа да вечераат, до ушите на Мара допре тивко, одвај чујно тропање на прозорчето. Нагло сврти глава и на џамот забележа подигната дланка. Нозете и се потсекоа. Одвај прибра издишка и со исплашен глас прошепоти:

- Ми... Ми.. Митре... некој е таму - покажа со рака на замагленото прозорче.

Митре ја запали газиената ламба, ја подигна високо над главата и тргна околу куќата да проверува.

Ништо не виде и не слушна. Малку налутен се врати, ама смирено и рече на жена си:

- Само така ти се стори... Молчи и не се плаши...

- Море видов, како да беше човек. Не ме гледај така, туку залостија вратата... Не можеш да знаеш што крие мракот...

Митре ја залости вратата и неколкупати провери дали лостот добро се држи. Во тој миг слушна тивко тропање на прозорчето. Запре чекор, полека се сврти, ама ништо не виде. Се врати, ја одлости вратата и, држејќи ја високо над главата газиената ламба, излезе надвор и со одлучен и сигурен глас праша:

- Кој е таму!?

- Nie bój się pan...59 – со молбен глас рече на полски непознатиот. - Nie bój się pan... – повтори и подаде раце...

Митре помисли дека е некој питач.

59 Не се плаши, господине

- Кој си ти? Што бараш? Што ти треба? – прашуваше Митре подговтен за секој неочекуван случај. Ама кога ја доближи ламбата до лицето на непознатиот, во неговите очи виде добродушност, питомост и молба. Со лицето, а најмногу со очите – дојденецот молеше.

– Кој си ти? – пак праша Митре.

Непознатиот на полски и на украински молеше да му дозволат да влезе внатре. Така разбра Митре од тие негови неколку зборови.

Мара стоејќи зад грбот на Митре, сожаливо го гледаше дојденецот. Целиот наводен, тој стоеше пред вратата и со рацете подадени пред себе, молежливо исусти:

- Nie bójcie się, państwo, ja tutejszy... to mój dom... 60.- прошепоти, клекна и со растреперените раце го галеше и го бакнуваше прагот... Болно треперење го тресеше неговото тело. Во потресното, задушливо и безутешно липање се топеше болката на неговата душа... Целиот растреперен од големата возбуда, шепотеше со задушлив и одвај прониклив глас:

– To mój dom... mój dom... Boże dzięki Ci, stoi moja chata... mój dom...61 Вџашени и вчудовидени од глетката, Митре и Мара сторија пат и дојденецот го пуштија в куќи.

А тој крстејќи се, повторуваше:

– Boże dzięki Ci, stoi moja chata... mój dom - и чувствуваше како неизмерно смирување и среќа му го полнеше срцето кога го пречекоруваше прагот на својата хата.

60 Господо не се плашете, јас сум тукашен... ова е мојот дом...

61 Боже, ти благодарам, стои мојот дом...

На непознатиот ова не му беше прво доаѓање, ама му беше прво приближување, прво допирање на прагот по многу години и прво пречекорување и влегување во родната хата. Порано, криејќи се во мракот од страв да не го види некој, само се доближуваше до својата хата, со лицето стегнато во дланките, низ солзливата замагленост ја гледаше својата куќа и цврсто убеден дека се уште стои, олеснет од натрапливата болка на тагата, со некакво чудно олеснување на душата одеше на гробишта. Од гробовите ја откорнуваше засушената трева и запалуваше свеќи молејќи се за покој на душите на своите предци и, држејќи го пламенчето во дланките и откако трижди ги бакнуваше крстовите, молкома го снемуваше во мракот. На запустените гробишта мижуркаа малите пламенчиња. Со олеснета болка стегната длабоко во срцето и душата, на патеките што само нему му беа познати, во густиот мрак го фаќаше долгиот пат за север. Кришум се преместуваше од воз во воз, честопати пеш прегазуваше патишта, криејќи се од луѓето. Се враќаше во таа песоклива и рамна земја, во несаканата и омразена куќа во која го сместија властите. Не ги сакаше нејзините ѕидови градени со црвени тули, ниту покривот од сива ламарина, ниту прозорците со двојни стакла. За него таа куќа секогаш беше туѓа и студена. До болка тагуваше по својата дрвена хата во Лисковате, каде се му беше најмило, а таму на северот – несакано, недраго, омразено и туѓо...

Володимир се враќаше на север, носејќи ја благата радост, смиреноста на душата и чувството на благодарност кон Бога и кон тие непознати дојденци кои во неговата хата внесоа мир, топлина и светлина.

И кога, по смртта на Сталин, подувнаа потопли повеви и пориви на ветерот во кои тешко ама полека се топеше омразата и злото и во возовите проверките беа се поретки, тогаш Володимир со воз, патувајќи цел ден и цела ноќ, в зори се охрабри да чукне на прозорчето.

Од неговото тивко и лелекаво зборување, Митре и Мара ги доловија сличните зборови – ја, тукашен, мој, дом. Ги разбраа зборовите, а најмногу тивкото, потресното, болно и неутешно липање, галежното допирање и галење на прагот, бакнувањето на вратата и ѕидовите и православното крстење... Разбраа дека така можат да прават само тие, кои некогаш го изгубија и по големи патила и несреќи – иако за кратко, го најдоа и влегоа во својот дом...

По вечерата - леб, сирење, кромид и сол, Митре и Мара, доловувајќи многу полски и украински зборови слични на македонските, со душите стегнати од болка, повремено бришејќи насолзени очи и длабоко воздивнувајќи, ја слушаа приказната на дојденецот кој рече дека се вика Володимир и дека е Украинец.62

- Денот беше 28 април 1947 година. Утрото, не беше добро разденето – со растреперен глас прозбори Володимир – целото село беше опколено од војска. Војниците се стрчаа, влегоа во куќата и со викотници и пцости наредија да се пакуваме. Рекоа: имате само два часа да соберете се што ви е потребно и потоа надвор, сите на собир. На џадето беа поставени воени камиони. Дојдоа други војници и рекоа – имате само дваесет минути и надвор. Што да собереш прво? За толку кратко време може само душата да се собере. Имот во куќата, во шталите стока – два коња, ждребе, три крави, теле, во дворот запрежна кола на четири тркала. Успеавме нешто да товариме на колата, војската дозволуваше да земеме само 25 килограми од куќниот имот и, терајќи ги пред нас коњите и стоката – насока железничка станица, триесет километри долг пат. Таму – вагони за стока.

Во нив – и луѓе и стока, коњи, говеда, кокошки, овци, кози и долго патување. Не знаевме каде. Не чуваше војската, која на попатните станици ни делеше по малку храна и вода. Колку за да не умреме од глад и жед.

Денови и ноќи траеше патувањето во засмрдените вагони. Далеку од нашите места не растоварија на рамница.

Многу не изорана песоклива земја и борови шуми. Не распоредија во празни куќи во кои од некои Полјаци, демобилизирани војници, на кои државата им додели куќи и земја, ни рекоа дека порано во нив живееја 62 Станува збор за Операцијата “Wis ła” – пацификациска акција од воен карактер извршена во годините 1947-1950 против Украинската Востаничка Армија и организацијата на Украинските Националисти кои дејствуваа на државната територија на Република Полска. Акцијата опфаќаше масовно и присилно иселување на цивилното украинско население од територијата на Југо-Источна Полска и преселување на таканаречените Ziemie Odzyskane ( Вратени Земји), до 1945 година населени од Германци, кои според договорот во Јалта и беа одземени на Германија и присоединети кон Полска. Вкупно масовно и присилно беа иселени 150.000 Украинци на кои државата трајно им ги зеде имотите.

Германци. Дознавме дека и нив, Германците, ги протераа. Куќи ни доделија, ама не и работа. Со месеци работевме кај Полјаците само за парче леб. На секој чекор не нарекуваа непријатели и не омаловажуваа, ни бранеа да се викаме Украинци, да се собираме на молитва. Оние пописмените ги одделија од нас, поповите ги тргнаа, ни бранеа да се посетуваме, а камо да мислиме на нашите родни места. Слава му на Бога останавме живи... – тешко воздивна Володимир и трипати се прекрсти. – Има многу да се кажува, ама засега толку од мене. Можеби во некои други времиња - повеќе.

Володимир со дланката избриша натежната солза, се налакти на масата и тивко рече:

-Во оваа куќа сум се родил.... тука ми се корените.... тука пораснав, тука донесов невеста, тука ми се родија децата. А таму горе, на гробиштата ми се дедо и баба и нивните родители, таму се мајка и татко. Ќе одам свеќа да запалам, да има малку светлина за нивните души... А пред тоа, можам ли малку да ја разгледам куќата? Во оваа одаја имаше полици на кои беа наредени книги. Беа останати од дедо. Тој не тераше да читаме. И на украински ги читавме книгите на Иван Франко, на Тарас Шевченко, Лесја Украинка, на руски го читавме Мицкјевич и руски книги од многу руски писатели. А дедо најмногу читаше црковни книги. Беа дебели, со дрвени корици и рачно пишувани... Гледам дека сега нема ниту една книга... Дедо велеше дека беа пишувани со кирилско писмо и дека го измислиле некои светци, кои се викале Кирил и Методиј и дека тоа писмо до украинските земји дошло од далечните јужни краишта...

- Куќата ја најдовме празна – го пресече Мара. – Сосема празна, запустена, мувлосана и секаде висеа пајажини... беше гнездо на лилјаци... Со денови ја чистевме, а книги, што велиш, не најдовме...

- Од тие книги – продолжи Володимир – учевме за Украина. Во книгите пишуваше дека ја поробувале Татари, Турци, Руси, Полјаци, Германци... Со омраза сите многу не сакаа, а ние најмногу ги мразевме... Од Украина Татарите и Турците одведуваа девојки за нивните хареми. И да ви кажам дека една Украинка на турскиот султан, како ли му беше името, не ми текнува, му родила многу султанчиња, а тие кога замомчувале меѓу себе се труеле или се убивале со остри ками или се давеле со свилени шамии само затоа кој да биде прв султан... Така... Крв украинска, руска, татарска, турска, полска, германска и каква ли уште не има испиено украинската земја... и широката река Днепар, ревејќи и стенкајќи, многу украинска крв одлеа во Црното Море...

Володимир прекина, се сврти кон прозорчето, и покажувајќи со раката, рече:

-А таму – таму се простира мојот имот, моите ниви. Од оној до овој трап и до горе, до ридот, лево и десно.

Кога дојдоа болшевиците на власт, ни го собраа целиот бериќет и фати голем глад и од глад умреа неброени.

Голодомор63 ја покри Украина. Ми ја зедоа земјата. Сите селани не пикнаа во тој нивен колхоз. И стопаните и мрзливцие и неранимајковците. И никој асално не работеше. Тешко и со голема мака истрајавме. Останавме живи. Единствено место каде можевме да најдеме нешто за јадење беа скришум собираните зрна во колхозните ниви. Ноќе, под светлината на месечината, иако знаевме дека тоа беше казниво, ги собиравме64. Кога заврши големата војна, Советите и Полјаците со договор се согласија да извршат размена на земјата. Така се најдовме во Полска. И мир немавме. Украинските националисти, така ги викаа тие кои со оружје посакаа да прават голема Украина и на оваа страна се биеја со Советите и Полјаците и на таа се биеја со Чехословаците. Ја изгубија војната. Победниците нив ги столчија, а нас не откорнаа и...

Му секна гласот. Со дланките го покри лицето. Се чинеше дека од секоја негова издишка и по секој изречен збор капка по капка се излеваше чемерот и болката.

63 Голодомор- украински – дословно: истоштување со глад.

Во раскажувањето на Володимир станува збор за вештачки предизвиканиот глад од советските власти во екот на принудната колективизација во Советскиот Сојуз. Во периодот 1932-1933 на територијата на Украина, според разни извори, од глад умреле околу 7, а во другите делови на СССР-околу 3 милиони луѓе. Голодомор ( гладомор) се смета за една од најтрагичните катастрофи во украинската историја и понекогаш е нарекуван Украински генoцид или Украински холокауст. Со декрет број 1310/98 на претседателот Леонид Кучма, Холодомор е прогласен за национален празник - День пам’ятi жертв голодоморiв – Ден за паметење на жртвите на гладоморот.

64 По наредба на Сталин, Молотов и Каганович изготвиле декрет за заштита на општествената сопственост, честопати нарекуван закон за петте класови, со кој, тој, кој ќе скинел толкав број класови, бил казнуван со смрт или 10 години во логор. Врз основа на тој декрет биле казнети над 125 илјади лица.

Во одајата завладеа молк.

Наместо зборови - тешки воздишки.

Очите на Митре и Мара - тажно загледани некаде далеку, многу, многу далеку... Во грлата – грутка, стежнати солзи во очите – разбудените спомени им разјадуваат души и отвораат не исцелени рани - молкома, занемено го слушаат очајничкиот глас на Украинецот и гласот на своите премрежија...

Јадот за изгубеното не им даваше умир, измамничките пароли што неретко ги слушаа од кутиите обесени на ѕидот, ги чувствуваа како јаже стегнато на вратот. И сега, тука, во оваа котлина што честопати тонеше во маглата, им зборуваа за некои нови победи, а тие, Мара и Митре и стотиците други како нив, не заборавија кога за победата, понекогаш и со закана, им се бараше да даваат од житата, гравот и леќата, брашното и благотата, покривачите и перниците, кошулите, фанелите и ракавиците, волната и преденото, виљушките и лажиците, чиниите и чашите, на секои десет овци по три и повеќе, едниот или двата волови и задолжително коњот... И така за таа ветувана победа им останаа празни амбарите, каците, трлата, нивите недоорани и куќите празни.

Добиваа ливче во кое пишуваше, дека кога ќе дојде победата, тогаш народната власт се, до влакно, ќе им врати... А пред тоа? Пред тоа? Пред тоа – најболното. Им ги собраа големите и после нив и малите чеда. За нив не им дадоа ливче. Останаа куќите празни и занемеа дворовите, занемеа селските сокаци и вигните; занемеа и зурлите и гајдите и тапаните занемеа и камбаните занемеа... И секој миг исполнет со страв, чекање, плач и несигурност голема и изгор уште поголем...

Не дојде победата, туку... големиот и крвав пораз кој по крстоносни патеки, и долги патишта и раздруми ги донесе во оваа украинска хата...

Седеа неподвижни и чемрееја потопени во мислите во кои копнежот длабоко ги имаше впиено своите канџи.

Цело време, се додека траеше раскажувањето на Володимир, Украинецот, кој скришум дојде од многу далеку само за да види дали се уште стои неговата хата – тие со мислите ги изодуваа сите патишта и веќе со мислата беа во својот дом...

Таму секогаш ги носеше безмерната и безутешна тага која е неискажлива со збор...

-Господ да ве благослови, мили луѓе – го прекина молкот Володимир. - Благодарност за лебот, сирењето, кромидот и солта. Во овие безутешни времиња ништо послатко не сум јадел... Господ Бог да ви даде долг живот и многу здравје... Мили и драги, цел живот, додека Господ не ме повика, ќе се молам за вас... – рече Володимир, трипати се прекрсти и трипати ниско се поклони...

На одење, Володимир застана пред вратата каде еден до друг стоеја Митре и Мара, ниско, до земи се поклони, трипати православно се прекрсти и замоли:

- Добри луѓе, Господ Бог нека ве награди, благодарам за добрината и, молам, заедно со... – не дорече.

Се врати во големата одаја. Отиде до ќошот и од таму откина парче штица. Трипати се прекрсти и од мрачната камара извади нешто завиткано во дебела шајачна крпа целата покриена со прашина. Полека, како од пелени да одвиваше новороденче, ја оддипли крпата, пак се прекрсти и кога се сврти, Митре и Мара видоа дека во растреперените раце држеше мала икона на Богородица. Володимир полека и нежно ја издува прашината, се прекрсти, ја бакна запрашената и зачадена икона и со занемена молба во насолзените очи, дорече:

- Заедно со Богородица чувајте ми ја хатата, мојот дом...

Замина ноќе.

Во хатата ја остави својата душа и болка, а со себе понесе искра од надежта и вербата дека некогаш тука ќе се врати...

Мара воздивна и жаловито рече:

-Кутриот ми тој... и ние кутрите... кутрите ние, кои во туѓо место и во туѓа куќа сме како плева извеана од ветерот...

Иконата ја ставија во истиот ќош.

Митре, кандилцето што пред некој ден го најде во ѓубрето расфрлено пред црквата, откако до белина го исчисти, го наполни со масло, на парче од ламарина вдена фитил и го стави пред иконата. Во растреперената рака се скрши шкорчето од кибрит. Мара смирувачки му шепна:

- Пополека и понежно удри...

- Знам - глуво одекна гласот на Митре и при вториот обид шкорчето пламна. Полека, со згрчено дишење го доближи пламенчето до фитилот, го помрдна лево и десно, го подигна, со друго шкорче го подмачка со масло.

Бледото пламенче, разлулано, немоќно се навалуваше, легнуваше, полека трепетливо растеше, се набабруваше, пораснуваше, го пробиваше мракот и кога се извиши, ја растури темнината и разлеа светлина пред лицето на Богородица.

Во одајата питомо се разлеваше топла светлина. На ѕидот големи пораснаа сенките на Митре и Мара чии срца со утеха ги полнеше пламенчето од малото кандилце.

Душите на Митре и Мара, со топлина ги обвиваше светлината и ги потхрануваше со бодрост. Двајцата занемено стоеја пред пламенчето загледани во натажените очи на Богородица. Молкум се молеа, вткајувајќи ги во молитвите сите насобрани и пред светото лице до сега недоискажаните желби за добрина.

- Богородице златна – одвај чујно се молеше Мара - отвори ни ги и осветли ни ги патиштата... – долго, тивко, шепотливо, со умот, со срцето и душата шепотеше целата вдадена во молитвата – врати не дома...

Согоруваше фитилот. Се смалуваа сенките и се стопуваа во мракот преполнет со молитви.

Утрото, по појадокот, откако Мара се крена од масата, тивко, тукуречи шепотливо му рече на Митре:

-Митре, дури сега ми текна... Оној Украинецот, знаеш, вчера, на заминување ми шепна: - Стрино, замоли го – рече – панот65, ако може нека ја искоси тревата на гробиштата. Кутриот, многу молежливо рече дека ќе здивнат душите кога ќе ги огрее сонце. Ајде, Митре, оди и купи една коса. Искоси ја тревата... за да им олесни на душите, Митре, да здивнат и Божја и сонцева топлина и светлина да ги огрее... Оди, оди Митре...

Над дрвената хата, рамна височинка. Бурјан и трева над колена. Ваму-таму искривен, искршен православен крст, скршенa надгробна плоча...

Заборавени, напуштени гробишта...

Чија болка легнала тука? Чиј изгор?...

-А дали тоа што секој ден одиш таму и палиш свеќа, дали ти дава утеха?.. .- праша Митре.

-Не... само ми ја зголемува болката и тагата... затоа што болно и тажно е да гледаш напуштени, заборавени гробишта... тоа е така како да си ги заборавил тие, кои тука си ги оставил...

На украинските гробишта во Лисковате освен плочата што ја остави Володимир немаше други надгробни плочи и крстови.

Со искршени надгробни плочи и православни крстови полн беше најблискиот трап. На гробиштата само една нагробна плоча оставена врз сувата трева. Нема белег за тоа каде имаше гробови. И врз гробиштата се истури злото на времето - бесот, гневот и одмаздата. Тука имаше победници и поразени. И едните и другите зад себе оставија пустош. Гол рид обраснат со бурјан и шипови. Над камбанаријата ветерот го нишаше 65 Панот – на полски: pan - господин искривениот православен крст, на кој понекогаш кацнуваше гавран и од таму од високото гракаше. Над пустошот гракањето растураше болна тага.

Црна осама околу и над светото место.

- Митре, Митре, бре, разбуди се. Некој тропа на врата.

- Станувај, Маре. Павле дојде и моли да одиш. Павлевица...

- Оф, слатката, и дојде часот.

Мара набрзина облекувајќи се, без збор да изусти, затрча на кај Павлеви. Од таму се врати доцна попладнето и радосно рече:

- Машко е... Павлевица е добра и Павле е среќен...

- Да им е живо и здраво - рече Митре и трипати се прекрси.

Вечерта Мара отиде да ја види леунката, која на свет донесе трето дете, покрај двете што ги гледаше само на слики. Беа во дом во Унгарија. Мара седна до неа и долго се загледа во нејзините очи во кои вирееше радост и среќа. Се наведна над роденчето, му го допре челото, молејќи се во духот да расте здраво и кога ќе порасне да посее семе на добра надеж...

Во Лисковате се роди дете – ново семе во туѓа земја. Дали ќе пушти корен, тука, каде веќе почна да зрее нов живот, ќе порасне ли тука и ќе процути или еден ден ќе фати други предели?

По четириесеттиот ден од раѓањето, со денови хатата на павлеви беше полна со гости, кои им носеа повеница и ја споделуваа нивната радост.

А пред тоа и потоа честопати се собираа во една куќа. Тука ги обновуваа домашните адети иако несвојст-вено им беше во тие дрвени куќи зашто веќе знаеја дека домаќините беа протерани и растурени таму каде порано се зборуваше и стопанисуваше немски, без право не само да се вратат во своите огништа, ами и да не мислат на нив.

Дали си личат?

Дали нешто ги поврзува?

Што?!

Некои не издржаа во Крошченко и Лисковате. Се прибраа во градовите и таму изучија занаети, во фабриките ја шиеја и крпеа живеачката, станаа градски граѓани, работници, пролетери, ама во душите си останаа селани и тврдокорно траеја во своите адети кои љубоморно ги чуваа. Рацете не им одвикнаа од мотиката и ралото и затоа туѓото го прифаќаа површински и тоа толку, колку што им беше потребно кај полските соседи да не бидат немили и недраги. А други, пак, полека ги голташе средината, па оттука двапати славеа Велигден. А тие кои остаснаа во Крошченко и во Лисковате ги обновуваа домашните адети, во ливадите, нивите и ридовите, тивко, колку за душа и спомен си ги пееја своите песни, во долгите зимски ноќи се прибираа на седенки кои личеа, а не беа исти како оние дома... ама ги враќаа во родното огниште. Спомените им ја олеснуваа тагата и душевната болка, ги враќаа дома и ги правеа да се чувствуваат и да бидат свои.

Во напуштените и ограбени украински хати по години болсна светлина, одново прозвучи човечки глас и над сламените покриви зачади чад.

Живнаа дворовите, ливадите, нивите. Таа зелена котлина која со години дремеше мрѓу запустените ридови и ниви без своите стопани, живна со трудот и потта на бегалците, Македонци и Грци –кои не ја засакаа оваа непозната ридска и зафрлена земја; не ги засакаа зелените борови шуми и полјанките на кои пасеа срни;

окото им се радуваше кога во бранови ветерот ги лулаше набабрените класје на житата, од градите тажна воздишка се откинуваше кога на ридовите се истураше блеење и одѕвонување на клопотарци...

Не се приврзаа кон оваа земја. Не ја чувствуваа своја. Знаеја дека некои други многу ја сакаат, дека болно тагуваат по неа, дека ја сонуваат, дека многу сакаат да и се вратат и одново со истата љубов, мака и пот да ја ораат, од неа со радост и за среќа да го собираат плодот, тука да умираат, тука да почиваат, да ја топлат со својата душа и срце и да ја чувствуваат нејзината топлина како тогаш, кога по неа чекореа, кога клекнуваа врз неа, кога на неа легнуваа, кога на оваа земја се раѓаа и за неа умираа... Тука го поминуваа и тука го завршуваа својот измачен и настрадан век... Кога клекнуваа, кога легнуваа, кога одеа и чекореа, во неа се гледаа себе, во неа го чуваа своето минато, во неа го чекаа новиот ден и својата сетнина, но, некој, посилен поинаку посака...

Имаа ли право на избор?!!!

8 Привршуваше летото. Децата кои родителите си ги донесоа од Романија, Унгарија и Чехословачка, а некои и од Југославија, ги запишаа за на училиште. А учител во Крошченко, за да ги учи македонски – немало.

Партискиот секретар на пат го сретна Томе Фарцаловски – Фарцалата го викаа – и му рече:

- Ти, другар Томе, треба да си даскал – учител, сакам да речам.

- А што треба да се знае за да се биде учител? – шеговито праша Томе. Чекорот секогаш му беше разигран и во очите секогаш имаше магла.

Велеше – тоа ми е вотката.