Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 16

By Петре Наковски · Part 22 of 26 · About 20 minutes

Read in English

-Отидов во управата. Таму плева од луѓе. Излезе Караникас и објави дека партијата ќе решавала кој ќе се враќа. Рече дека во Грција се уште нема демократија, а кога ќе дошла демократијата, тогаш сите заедно во спални вагони ќе си одиме и таму ќе не пречекале со музика и цвеќе. Рече дека масовно и со крената глава сите ќе сме се вратиле. Партијата дозволува сега во Грција да се вратат само жените чии мажи се во Австралија, Америка и Канада, а од таму да си одат кај своите мажи... Така одлучи и така рече партијата...

- Тоа ќе рече дека нема да си одат во своите места?

- Така некако... така оди играта... Голема е таа играта и добро смислена, како сите досегашни игри во кои не тераа да играме...

Неколку дена подоцна баба Стојна го повика Михаил и го замоли:

-Тргни ја, бре Мијале, таа кутија од ѕидот. Само зборуваат и зворуваат. Оди кај Митре и Мара за да видиш каква кутија си купија. Си го слушаат само тоа што им е по ќеф. Ќе свртат тркалце лево или десно и ете ти наше зборување, наши песни. Прашај каде ја купија , па и ти купи една таква кутија која ќе ни пее наши песни...

Михаил, внукот на баба Стојна гласно се насмеа, па рече:

-Таа кутија, бабо, се вика радио.

- Ти, чедо Мијале, не ми се потсмевај, туку послушај што ти велам и оди кај Митре и Мара. Доста ми е да слушам нешто што не разбирам. Купи го ти тоа, како што го рече, а оваа кутија фрлија во трапот.

Михаил вечерта ги посети Митре и Мара. На крајот од посетата, рече:

-Јас дојдов со една молба да ми кажете каде сте го купиле радиото.

-Во градот, ама треба прво да го порачаш.

Дури по дваесетина денови Михаил го донеше радиото и ја научи баба Стојна како да го врти тркалцето, а кутијата од ѕидот ја тргна, се што имаше внатре извади и празна ја обеси на старата круша. Во неа ноќе спиеја птиците, а дење се криеја од дождот.

А баба Стојна, која не ги испушташе иглите и преденото, секој ден, плетејќи, го вклучуваше радиото и знаесливо ги слушаше од дома добро познатите и омилени песни што ечеа од радиото и цело време одобруваше и даваше совети.

Тој што ми прстен подари, Низ него да се пробива Низ него да се пробива…

Одајата се наполна со песната, а баба Стојна плетејќи го чорапот и целата внесена во песната, што гласно ечеше од радиото, прашуваше:

-Ами кај ти беа очите, мори пуста, зарем не си го видела?

Тој што ми даде јаболко Зелен да биде до гроба...

- Бре, бре лоша, бре лоша ем погана...

Тој што ми прстен подари Низ него да се пробива Низ него да се пробива

- Што ти е крив човекот, мори лоша?

Тој што ме мене целивна Дај ми го мајко. Дај ми го...

-Е, тоа де... ами како поинаку? – заклучуваше и продолжуваше да слуша.

Баба Стојна се радуваше кога ги слушаше песните што како девојка ги пееше со друшките кога се собираа на плетење, влачење, на дробење пченка... Неминовно таму беа и селските беќари. Весело беше...

Песните ги будеа нејзините спомени, се постелуваа и легнуваа во нејзиниот скут, ја враќаа дома, ја шетаа по зелените ливади...

Малку мигови на радост, многу мигови на тага...

Во полу мрачната одаја во една од пред некој ден стокмена дрвена куќа во Крошченко, сместија петмина довчерашни пациенти од болницата 250. По испишувањето од болницата научиле трактори да тераат и како такви ги испратија во колхозот НОВ ЖИВОТ. Такво име им напишаа на пропусниците и патниот налог. Сите разговори – во врска со војната и нивните доживувања се водеа по работното време кое завршуваше некаде пред полноќ. Најразговорлив беше Трајче. Под пораснатата коса над десното уво имаше голема лузна и во средината црвена дамка. Во болницата 250 му го извадија парчето железо од минофрлачка граната и еден куршум длабоко забоден во левата плешка.

Зборува Трајче за војната, понекогаш толку многу и долго молчи, што на другите им се чини дека спие. Ама не. Одеднаш се фаќа за лузната над левото уво, полека ја трие, се згрчува и вели:

-Нас, довчерашните борци - војници, навикнати на строга дисциплина и војување, сега инвалиди, не пратија по државните земјоделски стопанства не за да работиме, туку да ги убедуваме тие кутри наши селани дека не ја изгубивме војната, туку мируваме со пушките крај нога. Какви пушки, бре? Знаете ли каде се тие пушки? Во магазините на албанската војска. Таму се. А гласно лажат, дека пушките се на мирување крај нога...

Ни рекоа, како што сега ги викаат- колхозниците, да ги заштитиме од тешките временски услови и за да им биде потопло со нашите раскажувања за победите, демек, ќе им го дигаме духот. Кутрите тие, a уште по кутри ние. Наместо тоа, ние ги потсетуваме на лошото и злото што сите не снајде. Правиме растур во нивните мисли, срца и души. Со леснотија катадневно омаловажувани, понижувани и навредувани како титови агенти, сега во времето кога престанаа да крвават, а кога беа најбарани за жртва, тогаш беа најмногу пофалувани и возвишувани. Сега – за тоа не си потребен, ама им требаш за да го оправдаат злото. Без нас, Македонците, Захарјадис со својата полуписмена банда, а да знаете дека тоа негово цело политбиро било составено од маџири71, и тој бил маџир, а во најголемиот број од командниот дел поставил полуписмени Власи и Маџири.

Кој од високите команданти не беше Влав или Маџир? Ништо не би можел да стори во војната без нас, момчињата и девојките од Македонија. Без нас не би одбранил ниту едно мало ритче, а камо ли два месеци да го држи во оган и пламен целиот Грамос. Ние, бре, се боревме еден против десет, па и еден против дваесет.

Ние, бевме неговата сила, неговиот прв чекор во борбата и неговиот грб во одбраната, ние бевме неговата тупаница, а не тие – ναφτεργατες72, белосветските синови на сиромашните работници од бродоградилиштата и доковите, за кои ни велеше дека се најборбениот дел на пролетаријатот, а ние, не знаејќи дури што е тоа пролетаријат, му верувавме. Прашавме ли некогаш? Не. Никогаш. Само верувавме на збор. Ни велеше - тие се пролетери, дека пролетерите се тие кои прават револуции, а селаните, значи ние, сме нивна резерва. Кутрите кога видоа шуми, уплав ги фати. Итромани, картаџии, лажговци, курвари, пробисвети, малку писмени и снаодливи, за разлика од нас, се испикаа по штабовите, во позадинските служби, како и тие кои од Румели и Тесалија, сега тука се испикани во канцеларии. Ги нема во фабриките, ги нема и во колхозите. Мераклиски живот си вртат низ полските градови, мамејќи ги Полјачките дека тие, таму во Грција, терале париска мода, а свињите ги хранеле со портокали иако дневна храна најчесто им беше бајатиот леб, кромидот и маслинките. А 71 Маџир – мухаџир- арапски збор – со значење: бегалец, доселеник. Маџир- маџири, Македонците ги викале доселените грчките христијани кои по грчко - турската војна (1919-1922) според договорот во Лозана (1923) беше извршена размена на населението меѓу Турција и Грција. Во Егејска Македонија беа населени околу 600 илјади со што се промени етничкиот состав. Во времето 1945-1946 маџирите во Костурско во времето на така наречениот бел терор (1945-1946) се запаметени како масовни учесници во пљачкосувањето на македонските села и тероризирањето на Македонците.

72 Ναφτεργατες – пристанишни и бродски работници тој, нашиот најсакан, најмил, најумен, најголем син, мил, кроток, и сега ни е лек, мелем за рани... Велат, веројатно неговите најблиски соработници, а всушност, најголеми негови непријатели дека немал завршено дури и основно, бидејќи со татко му, трговскиот претставник на фирми за трговија со тутун, детските и момческите години ги поминал под покривот на многу градови. Живеел како дете и во Скопје. Лесно се фрла својата вина врз туѓ грб. Требаше некој да биде оправдан. Врвот – никогаш не е крив. Врвот праќаше таканаречени инструктори. Тие лагата да ја прават вистина. Се уште не можам да разберам зошто толку многу омраза се сееше, па и сега тоа се прави? И ние и сега жнееме неслога. Во тие мали штабови на партиски послушници своите поранешни соборци и нивните родители, сите таканаречени Славомакедонци, ги нарекоа агенти. Молчеа и трпеа. Никој не крена глас. Гневот сокриен длабоко во себе, го држеа силно, како што со ѓем се држи нескротениот коњ, а мојот командант Пандо Војната, го набедија дека го напушти Лисец и му стокмија столче за воен суд. А јас мислам дека тој добро стори кога со целиот штаб на единаесеттата дивизија го напушти Лисец. Да, така беше иако наредбата беше ниту чекор назад. Составот на дивизијата тукуречи целиот од наши момчиња и девојки. Се костурски, лерински и воденски момчиња и девојки. Биеја авионите, топовите.

Ридот и бункерите – пепел. Специјалците, тие што ги викаа локаџии73, на чекор од ридот. Ние се браневме и гиневме. Голема сила не биеше. Фронтот скршен. Таа голема сила сега уште посмртно не биеше. Нивната пешадија – плева. Напаѓаа во бранови. Мислам дека Пандо не сакаше сите да изгинеме. Тој сигурно процени дека нема никакви можности да го задржиме Лисец и затоа нареди отстапување, повлекување. Претпочиташе да оди на воен суд отколку на својата совест да ги носи непотребните жртви. Не му требаше слава. Му требаа животите на момчињата и девојките. За дезертер го прогласија тие кои ги изгубија битките за Воден, Саботско и Лерин. Битката за Вичо траеше се на се само три дена. Останатите два дена беше чистење. Броење на убиените и заробените, Се на се пет дена и беа потребни на владината војска да пеплоса се што скоро половина година селаните од Костурско и Леринско од Вичо направија тврдина. Ама таа тврдина ја урна голема сила.

Пепел бункерите. Нови бомби донесоа Американците. Јабана рововите, јабана бункерите. Нашите позиции една 73 Лохи оринон катадромон – чети за ридско-планинско војување по друга паѓаа. Голема војска не биеше. Велеа подоцна дека не биеја толку и толку авиони, толку топови, толку минофрлачи, толку тенкови и толку. Кој можеше на тој мал простор да издржи пред толкава сила? Ако сум жив тоа само благодарение на наредбата за повлекување. А таму во Бурели, таму во Албанија, тие, кои најмногу беа криви на Пандо му ја стокмија клупата за судење. Некој се охрабри и рече – ако му судите на нашиот командант, тогаш треба на сите да ни судите само затоа што останавме живи.. живи сме благодарение на Пандо. И да ви кажам... Кога ги гледам сите овие гадости што ни се прават, почнувам да размислувам за тоа што е тоа за кое сега најмногу жалам? Зошто сум останал жив... зошто таму не изгорев под напалмот, зошто не ме убиле?....

Та опла парапода. Пушките до нога. Какви опла, бре, кога уште на границата не разоружаа Албанците, ни ги собраа пушките, останавме голи без нив, навкнати три години со нив да спиеме, сонуваме, мислиме....

Сите, скоро без исклучок, сите ние бевме приврзаници на Захарјадис. Таа приврзаност кон него ни ја внушуваа од деца. Сега кога го нема и лесно е да се фрла по него камен и кал. Кој би бил јунак кој би се осмелил лош збор да рече за него? Бевме како хипнотизирани кога го изговаравме неговото име и лудувавме од радост кога го гледавме. Како Германците кои беа вљубени во Хитлер или како Русите и сите Кавкасци и Азјати и комунисти во светот во таткото на народите, Великиот Сталин, се се пишуваше само со големи букви... А и таму во Југославија се најде ли јунак да рече лош збор против Тито? Сите тие името и славата си ги штитеа со помош на логори. Таму не ги превоспитуваа туку... А нас, по налог на партијата и на тие наши недоделкани цепеници, до пред прогласувањето на резолуцијата на тоа проклето ИНФОРМБИРО74, не тераа 74 ИНФОРМБИРО – Информативно биро на комунистичките и работничките партии. Една од најважните институции на блокот земји кои беа под советско влијание. Неговата генеза треба да се бара во влошените односи меѓу САД и неговите западни сојузници и СССР. На Сталин му беше потребна потесна координација и контрола на активностите во државните организми припадници на источниот блок под влијание на СССР. Оттука во Москва беше донесена одлука да се одржи состанок на високи комунистички претставници на СССР,Југославија, Бугарија, Унгарија, Романија, Чехословачка, Полска, Франција и Италија. Состанокот се одржа на 22-27 септември 1947 година во Шкларска Поремба, во Западна Полска. На почетокот седиштето на централата се наоѓаше во Тито да го славиме, а по прогласувањето, не тераа да го мразиме, да го пцуеме и да го валкаме со највалкани зборови... И добивме вратка. Со некадарници влеговме во војна и со некадарници изгубивме војна. Тито ни ти бил крив, нели? Зошто грчките партизани, тие наши соборци не ги нарекоа титоисти, значи непријатели, туку нас, само нас Македонците? Ете, така тие тоа... Ќе почекаш да ги снема и тогаш стануваш храбар и почнуваш да ги мразиш... Ги мразиш како да се живи зашто мртви ништо не ти можат... Чудни сме ние луѓето, нели?... А затоа, за јазикот и азбуката... Тито е само сламката за која се фаќаат за да ја скријат намерата да го уништат јазикот. Ќе правеле славо-македонски, егејски јазик и азбука според руските и бугарските граматики и со тоа ќе отвореле фронт против титоизмот... како да не. Еј, овци ни заедни, чукнете се по лејките... Отвораат фронт против нас, против нас Македонците. Штом ни го искоренат јазикот, ќе не искоренат и нас... Удрија, луѓе, тие удрија по јазикот, по писмото, а јас ќе речам удрија по нас, како таму, во Грција. Која е разликата? Таму со закон и присила, тука со партиски решенија, партиска дисциплина, значи послушност или, да не речам – пониско главата, посвиткан рбетот... па тие, кои не водеа први прифатија дека се Славомакедонци. Рекоа така одлучи партијата. Кога беа на видување и поклонение кај Захрјадис, беа Славомакедонци, кога беа кај Колишевски, тогаш беа Македонци. Добро им беше кога седеа на две столчиња... Напошавме исорија на најцрната страна. Во неа одгооврни нема.

- И ти во тоа веруваш?

-Дали верувам? Сакам и тоа многу сакам да верувам, па дури и се надевам.

-Не можеш бре со луѓе воспитувани во три три држави, нити село да изградиш, а камо ли држава. И со уште еден куп дојденци, куп од секакви муцки, кои те клепаат по рамо, а со тоа ти ја цицаат земјата не како Белград, но по недоразбирањата меѓу Тито и Сталин, беше пренесено во Букурешт. Официјално Информбирото беше ликвидирано дури во 1956, кога веќе практично немаше потреба од неговото постоење. Комунистичката партија на Грција ја прифати резолуцијата што придонесе до остро заладување на односите со Југославија, а за поразот на комунистите во граѓанската војна, КПГ ја обвини Југославија. Македонското раководство и голем број активисти и поединци беа прогласени како агенти на Тито.

трговци, туку како шпиони и агенти. Лошо велам? Тука се е насобрано и убаво и грдо, а никој добро не ти мисли. Сите многу ни ветуваа, а залогот за тоа е – дајте крв. А најмногу тие тоа ти го бараат за кои велиш дека ти се најголеми пријатели, своето пријателство можат да ти го потврдат со некои нови напалм бомби или со нешто шолошо. А полошо е лагата...

-Ги собра тој сите кои му веруаа во тоа Бурели и ги стави на столче.

-Море требаше под бесилка!

-Ги прогласи за виновни и за шпиони, демек тие се криви за поразот.

-А што требаше да му речат?

-Требаше в лице, пред очи, да го плукнат, па да му речат - не ние, туку ти и твоите сте криви за поразот. Ние целиот наш народ го дигнавме на нога. Ако за поразот нас не обвинуваш, тогаш го обвинуваш нашиот народ кој од себе се даде. Тој е жртвата на поразот, а ти виновниот.

-Абе тие ќе беа обесени, ако така би рекле! Еден по еден ќе ги стрелаше или ќе ги обесеше.

-Па така требаше да постапи. Така тие ќе си го спасеа образот и ќе си го сочуваа достоинството, а не да молчат. А ние ќе ги славевме. Во некое таму идно време и споменици ќе им подигневме.

-Ајде, ре... Споменици на такви, кои седеа на две столчиња. Послушни во Преспа и послушни во Скопје. На такви споменици? И што сторија кога ги пуштија на слобода од логорите во СССР? Ги собраа во Алма-Ата во Казахстан, наместо да се растурат меѓу бегалците во источните земји и цело време се караа и се договараа како што поскоро да се вратат во Скопје. Се зборува дека, кога Хрушчов беше на посета во Алма-Ата, се договорија да му достават писмо со барање да им дозволи да се вратат во Југославија. Напишаа писмо и ја пуштија Уранија, тогаш најмлада меѓу нив да се растрча и од толпата да вика: - Товаришч Хруштов, пожалујста вазмите ето писмо. Ми југославските комунитисти и позвољте нам уехат в Југославију. Хрушчов им ја удоволи молбата. И пак ќе речам, наместо да се растурат меѓу луѓето што ги растурија по источните земји и да станат нивна глава, како во војната и пред тоа, тие се вратија во Југославија и станаа поголеми Југословени. А Павле, кутриот,75 на тие Југословени им рекол отворено: - Другари, ние тој народ го дигнавме според ветувањата на КПГ, која сега се распаѓа, а главниот, мислам водачот, веќе го носи ѓаволот. Па затоа мислам дека е најдобро ние да се распоредиме по државите каде се нашите и последни да се врартиме во Скопје. Рекол човекот и станал нивен крвен неистоимисленик. Море непријател. И продолжија да се караат и со своите неистомисленици, кои добро заседнале во Скопје. Само што крв не течеше, а меѓусебните обвинувања и клевети беа на дневен ред и на наекој добро му одеа од рака. Така со нив ние си останавме без глава, обезглавени.

-Е, еј, бре, а бре, шутраци, кој сега ним ќе им поверува, а? Нашинците по земјите каде што се сега, проучија и научија и нешто сфатија дека си имаа работа со неписмени или полуписмени, како некои од нас, со завршено или незавршено четврто одделение, со завршена или недовршена гимназија или учителска школа, па некој и со факултет, им поверуваа не неписмени, ама затоа харизматични големци. Бре недовршени попови станале сила, обични механилари станале мозок, а за Захаријадис, пак велат за него, дека никогаш како ученик зад клупа не седнал, ама затоа бил добар ученик кај Сталин и најдобар кај Лаврентија Берија. Знаете кој беше Берија, нели?

И сите станаа силни, недопрени. А западњаците тераа со ум. Додаваа и одземаа, множеа и делеа, врзуваа и одврзуваа и тоа со голем ќар. Само ние – секогаш будалаци. Кој стигнуваше побрзо да ни подаде валкана рака, него го прифаќавме. Еј, што ми сте чудни. Правда барате. А бре, не се занесувајте. Барате правда. Правдата, бре, лежи во рацете на посилниот. Тој одредува што е и што не е правда. Тој, силниот ја пишува правдата и, кога му е потребно, тој ја брише... Договори тој пишува, договори тој брише и тогаш ако му пречиш, ќе те згази. Тој е тој, а ти си никој или некој само ако му станеш послушник или алајка, без разлика. А сега, кога го

75 Станува збор за Павле Раковски, еден од поранешен организатори и член на главниот одбор на НОВ нема милиот и умниот, ние како зајаци играме околу мртов лав. Него го нема и мислиме дека дојде времето на нашиот глас. Силниот, бре, будали, врзува и одврзува. Можам уште многу така да зборувам, ама ако се појави некој друг насилник, дали и тогаш гласот ќе ми биде ваков како сега или ќе ми секне, а мислата ќе ми смрзне во мозокот. Не е туку така речено – најмногу да се плашиш од човекот. Од човекот велат се плашат и најголемите ѕверови. А знаете зошто? Затоа што човекот мисли и со мислата убива, значи со мислата прави се што ќе посака. Велат дека само Господ не греши. А јас мислам дека греши, се разбира не секогаш, ама еднаш згрешил.

И тој грев не може да му се прости. Ете, зошто. Погрешил Господ тогаш кога создал нешто на свој лик и го нарекол човек кого го затворил во еден логор, што го нарекол рај. А ма за да не му биде досадно и да не е осамен во тој логор каде имале секакви убавини и јастија и едно дрво од кое му забранил да не го јаде неговиот плод. Така, тате Господе рекол создадениот. Ама дали од сожалување или од некоја друга причина, Господ на човекот му исекол едно ребро и од него му направил нешто што го нарекол жена на која и рекол да му биде верна и да не го наговара и тера да прави лоши работи. И се било добро до тогаш, до кога неверната, ја послушала змијата која на таа негова добра душа, му дала да гризне од јаболкото. Господ кога тоа го видел, се налутил та го викнал и налутено го прашал – нели сум ти рекол бре абдал да не јадеш јаболка? А ти што си направил? Не си ме послушал. Затоа ај сиктер од рајот, непослушнику низаеден. И така за непослушност божјиот човек бил протеран од рајот. Со времето кое растело во епохи, векови и години, од тој непослушник се родиле многу луѓе, на чие чело најчесто застанувале такви кои барале да имаат многу послушници со чија помош создавале свои рајови, во кои добро живееле, а таму жените не ги слушаа и најмногу ги казнуваа со тоа што спиеле со туѓи жени, а непошлушниците ги затворале во други рајови кои се викале логори и во кои немало јастија. Во тие рајови затворале илјадиници, море милиони непослушници. И од голема желба за власт, се рабира нудена за добра услуга и од страна на странци, не знам дали таму ги јаделе живи, ама се зборува дека една бабичка пред некое време во сон видела и утрото на селаните им претскажала дека во една мала земја, денес поделена на три рајови, во едно село ќе се роди еден кој кога ќе дојде до моќ, тогаш ќе создаде свој рај во кој своите малу бројни непослушни сонародници нема да ги праќа во некој рај, туку живи ќе ги јаде. Така претскажала бабичката... Не дај Боже пак нешто слично да се згреши... Мислам дека не реков нешто лошо туку само предупредив – мои човечиња, мои бумбарчиња, црвчиња, бубачки и други животни што лазат, немојте многу да трескате за некои договори, закони, прописи. Силниот ги пиши, силниот ги бриши... А вотка во шишето ни капка. Дај, види таму под перницата да не лежи нешто. Ај, наполни ја чашката, ако сакате да ви кажам и нешто повеќе. Нели сега сум најумниот од вас? А вотката, ви велам, е како партијата. Ќе те издигне, а потоа ќе те кутне. И партијата, ако си послушник, ќе те издигне, а ако станеш непослушник, тогаш ќе те кутне и ќе се најдеш во некој рај... Е, море Адаме, море Адаме... што ти требаше да се излажеш и да го изедеш тоа пусто јаболко... Види, види, за едно јаболко да бидеш протеран од рајот и да се најдеш пред закана дека некој си таму кој се готви да биде голема власт веќе најави дека ако не го слушаш, тогаш жив ќе те изеде... Ете, некако вакви будалаштини ми доаѓаат на ум... И да ви кажам, јас дури и кога не спијам сонувам само огнови, огнови, огнови, оган до оган, пламен до пламен висок во кој горат цели ридови. Во сон гледам како гореше Аљавица, Краставец ( Грците го прекрстија - Псорјарика), Чарно, Голио Каменик. Огновите беа огнови на победата, се разбира не на нашата победа, нивната. За нивната победа беа големите огнови. Огнови на радост за нашиот пораз. Легнати на албанската земја, на чекор од границата, гледавме како горат планинските врвови.

Гореа врвовите, гореа и нашите души. Во тие огнови гореше и изгоре нашата верба. И ние горевме. Гореше и изгоре нашата надеж...

- А токму во Бурели каде не собраа, таму со денови, на собири, не убедуваа дека не сме поразени, туку само пушките на готово ги ставивме крај нога... Кои пушки, бре. Та нели уште на граница ни ги зедоа Албанците? Кои пушки ставивме крај нога? Таа ли која никогаш никој од тие кои не водеа, не ја зел в рака?