Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

On the Road of No Return

ВТ0Р ДЕЛ - Part 14

By Петре Наковски · Part 20 of 26 · About 22 minutes

Read in English

- Па доволно е да знаеш да читаш и малку да пишуваш... и да пееш, народни, а најмногу борбени песни...

- Е, ако е само толку, тогаш подобар од мене нема да најдеш – потврдно врати Томе.

И така Томе, Фарцалата, селскиот момок од мали нозе, а во ДАГ помошник на готвачот, би даскал.

Томе убаво пееше и покрај народните знаеше и многу борбени и револуционерни песни. Покрај читањето и реткото пишување, Томе децата ги учеше и пеење. Море Изгреј зора на слободата, Во борба во борба македонски народе, А бре Македонче - се што се пееше таму во Вардарската Македонија за време на војната со Бугарите и потоа на Грамос и Вичо, се, додека некој некаде на некој собир не рече дека тие песни се Титови песни и престанаа да се пеат по партиска наредба, а се` беше земено од песнарката на Коста Рацин, што ја беше украл од библиотеката на болницата во Катланово, кога таму беше на лекување по загубената битка за Воден. Дали од завист или од некоја друга болештина, а во тоа време најголема болештина беше да те оцрнат како приврзаник на Тито, некој го наклевети во колхозниот партиски комитет и на Томе му ја затворија училишната врата и му го дадоа коњскиот огламник.

Не се пожали. Задоволен беше зашто платата сега му беше поголема...

Пред легнување, Митре триејќи си ги нозете, тивко и молежливо и рече на Мара:

- Маре некако тешко спијам. Ноќе ми мрзнат нозете. Ми студи. Те молам, исплети ми чорапи...

Мара седна до него, се налакти на неговите колена и се пожали:

- Немам ниту предено, ниту игли, Митре. Денес би почнала да плетам ако би имала предено и игли...

Митре нежно ја прегрна, и го бакна челото и рече:

- Утре во гратчето е пазарен ден. Ќе одам и на пазар ќе купам и предено и игли.

- Ако не најдеш предено, тогаш купи волна и да ми направиш фурка и вретено со не многу тешко прешленце. За ден - два ќе ја исперам, со прсти ќе ја извлачам, во кадела ќе ја соберам и на фурка ќе ја испредам – со блага насмевка се пофали Мара.

Доцна попладне Митре се врати од пазарење и пред нозете на мара фрли вреќа полна со бела волна. Мара ја истури волната на подот, од купот зеде неколку грстови и ја протри во дланките.

- Добра е и ако е груба и потна, ќе ја потопам во зовриена вода, а потоа добро ќе ја исперам во потокот.

Добра е – повтори - ама не е како нашата – мека и пувкава... Нашата волна, Митре... - не дорече. Гласот и го скрши длабока воздишка и заедно со неа мислата и полета некаде далеку. Со ракавот ја тргна нависната солза и праша: - А игли, Митре, игли те прашувам, дали ми донесе?

- Целиот пазар го пребарав, ама игли не најдов. Соседот, Павле, кој беше со мене, ми рече дека игли за плетење можат да се направат и од обична жица, како таа што виси на плетот. Колку ти требаат?

- Пет за чорапи, а за нешто друго, како за шал или фанела – само две, ама големи...

Утредента Мара во дворот распали оган и на пирустија го стави ѓумот до горе наполнет со вода. Мара со дебела прачка ја вадеше зовриената волна и ја развлекуваше на старото ќебе за да ја развее ветерот потната овча миризба и да ја подгрее сонцето. Под пирустијата дофрли нови суварки. Се распали огнот, пламени го лижат ѓумот и во него водата полека почна да врие. Клокоти и врие водата во ѓумот и во градите, во срцето и во главата на Мара нешто клокоти, клокоти и врие и врие...

Митре го донесе дрвеното корито што пред некој ден го најде фрлено во бурјанот, со вода го исчисти од гнилата трева и лисјата залепени на дното и во него ја сместиуваше жешката волната. Потоа полека, одмерено истураше зовриена вода врз волната, а Мара со дрвената лопатка ја мешаше, ја превртуваше, подигнуваше, ја спушташе, силно удираше со лопатката и така неколкупати очистена и омекната, грст по грст ја распоредија на плетот. Мара се тргна настрана и, бришејќи раце со престилката, задоволно рече:

- Сега нека се цеди... до утре ќе се исуши. Со прсти и низ прсти ќе ја извлачам, а потоа ќе ја собереме во кадели и на фурка...

Наредниот ден Митре го пребара густежот од лески и дренки и дома донесе дренова прачка на чиј врв имаше три гранки. Со чакијата ја истружи кората, страничните чатали ги потсече долги на педа, средниот на две и на него набоди кадела.

- Ете, ова ти е фурката... – рече и задоволен и ја подаде на Мара. – Еве ти Маре, фурка. На, земи ја.

- Добра е, ама малку потсечи ја, долга ми е. Каделата треба да ми е рамно пред очите. Сечи, до тука сечи.

Доста, не треба повеќе. Дај сега да почнам.

Мара ја стави фурката под левата мишка, ја притегна со лакотот и задоволна рече:

- Ај со здравје и Господ да е на помош – се прекрсти Мара и со двата прсти од левата рака повлече тенок прамен волна од каделата, а со трите прсти од десната лесно го заврти вретеното. Не и успеа да го задржи, и падна во скутот. Одново заврти и пак вретеното и падна во скутот. Одвикнаа прстите да предат. Одамна фурката ја немаше под нејзината мишка. Додека траеше војната фурката и вретеното ги покриваше прашина во мрачниот килер. Тогаш немаше ниту предење, ниту ткаење. И тоа што од волната беше останато набрзина се плетеше во чорапи и фанели и се даваше за таа ветувана слобода за која селаните повеќе беа на ридовите и планините каде копаа ровови и градеа бункери, отколку во нивите, бавчите и бачилата. Одвикнаа прстите од предење. Во тоа лошо време на таван или во килерите беа фрлени фурките, вретената и разбоите. Не и одеше, ама и не очајуваше. Се премести на другата страна на одајата, подалеку од прозорчето низ кое ридот веќе ја имаше фрлено сенката. Фурката посилно ја стегна под левата мишка, навлажи прсти од усните, повлече прамен волна од каделата, го засучи и со прстите од десната рака стегнати во светото тројство, го заврти вретеното. Тргна. Полека влечеше од каделата прамен по прамен од волната, го вртеше вретеното и конецот се сучеше и се навиваше на прешлето.

Мачно и тешко воздивна Мара и некаква чудна радост се појави во нејзините очи и колку повеќе растеше и се навиваше конецот, толку повеќе предењето ја враќаше дома, ја враќаше во тие тивки доцни есенски и долги зимски вечери, кога кај неа или кај соседите се собираа жените и под светлината на газиената ламба или боринката влачеа, предеа, плетеа... и ненаметливо, од срце и душа редум се редеа и се нижеа една по друга тие незаборавни песни кои беа и радост, и тага, и жал и надеж... Ечеа ,, Мори чупи Костурчанки”, ,,Твоите очи, Лено, мори’’, ,,Не русај, прусај, пред мене, мори лепа’’, ,,Една невеста калеша’’, ,,Ај да бегаме, мори, Васе’’, ,,Огреала месечина’’, Биљбило ми пее по росата’’, ,,Кинисала Милка за вода да оди’’, ,,Изникнало цвеќе во момини дворови”, ,, Три години севде”, ,, Мори Јано, бела Јано”, ,,Зора се зори’’, ,,Бог да бие, Тино, мори’’, ,, Разболела се, Калина’’, ,, Горо ле, горо зелена”, ,, Катинка болна легнала”, ,, Череша од корен се корнеше”, ,, Не се бели, Маре мори, не се црви”, ,, Пијан гредам од града”, ,, Извор вода извираше”, ,, Стани моме да заиграш”, ,,Учи ме мајко, карај ме”, ,,Отвори ми, бело Ленче”..., а момците кои ги задеваа девојките најмногу ја пееја ‘’Кој ти ги даде, море, тие црни очи.. “.

Во долгите зимски вечери, на заедничките седенки, ечеа тие песни и не само тие...

Така тогаш, таму, дома, со песна почнуваше вечерата и со песна заспиваше ноќта.

Заедно со предењето одживеаја, зазвучија во нејзината душа и срце тие драги и незаборавни напеви; ги пееше во духот и и се чинеше дека со нив се наполни целата украинска хата и дека низ полуотвореното прозорче излетаа во дворот, во градината и бавчите и звучеа така, како таму, дома... Влечеше Мара бел прамен волна од каделата, го сучеше и го навиваше на вретеното и заедно со него и тивкото певливо мрморење...

Сучеше Мара и белиот конец се навиваше, се береше во клопче над прешленот и заедно со него упорно и натрапливо, како во некаква сива и далечна замагленост се одвиваше нитката на спомените.

Со навлажнети прсти ја замазнуваше волната и меко, кротко влечеше од каделата. Посилно, ама и нежно го завртуваше вретеното и заедно со вртежот одново и одново дотекуваа, зазвучуваа тие драги, тие незаборавни домашни напеви...

,,Отвори ми, бело Ленче”... – пееја во нејзината душа дамнешни гласови...

,,Кој ти ги даде, море, тие црни очи”...?!!!- ја оживуваше духот омилената песна...

Посилно заврти Мара вретено и во тој вртеж завртија сред село Невестинското, Бајрачето, Левото, Женското, Пушченото и се слушна грмежот на тапаните и пискливите зурли и гарнети што ечеа и се ширеа отаде ридовите...

Предадена на предењето се потсети Мара и на тие драги, незаборавни мигови кога предејќи, на мајките децата им заспиваа – на едни во скутот, на други во лулката лесно нишана со нога. Заспиваа под шумолењето на вретеното и тивко пеените песни. Пораснаа тие, милите, созреаја за мажачка и женачка се сторија, ама пред олтар за венчавање не стигнаа... Ги собраа ноќе и ноќе ги однесоа некаде во густите шуми, во високите и карпести планини и од таму во бој... Дома остана болката, стравот, неизвесноста и долгото чекање на мајките.

И неодминливо на усните и стежна прашањето - ами сега, каде сега се тие?... Каде ги одвеа лошото?...

Под трите прсти на Мара вртеше вретеното и го собираше не само белиот конец, туку и сето тоа што и остана како спомен, се навиваше и одвиваше времето изминато, клето, црно, морничаво и злокобно...

Се вртеше вретеното и собираше конец... и одвиваше мисли, одвиваше спомени за времето кое и премина во прегор...

На вретеното навиваше Мара бел конец, во душата одвиваше Мара чемери... и во мигот, кога горчина голема ја догоре, Мара сал за кратко го прекина предењето и многу длабоко, тивко, колку душа и срце да смири, откина воздив:

- Така беше...

Откако ја испреди волната, фурката и вретеното Мара ги врза со конец и ги смести во ќошот. Преденото го собра во две големи клопчиња и наредниот ден почна да плети. Не брзаше. Времето беше во нејзините раце.

Плеталото секој ден растеше и легнуваше во нејзиниот скут. Мислите ја враќаа во протеченото време...

Плетеше Мара смирено, а секој нафрлен котелец и беше молба, болка, воздив, клетва, желба, чемер, копање по спомените, молитва...

Плетеше Мара и секој котелец беше солза исцедена од болка. Плетеше Мара и натфрлуваше котелец до котелец и колку котелци натфрлуваше, толку тивки и длабоки, побожни и срдечни, тажни и жалосни воздиви и се откинуваа од нејзините гради... Срдечно воздивнуваше Мара за нешто што беше сега, за нешто што одамна беше и за многу други нешта што никогаш нема да се вратат... Длабоко, до болка, воздивнуваше Мара за многу нешта... за сите тие нешта кои беа таму... дома... и кои тука, во Лисковате, во таа сиромашна хата на тој украински искореник, Володимир, беа нејзино катадневие...

Нафрлуваше Мара котелец и секој котелец беше топла и покорна, страсна и занесна молитва кон Бога за покој на душите на тие кои останаа незнајни во македонските планини, за измачените и мачените во голите и суви острови и затвори, за осакатените, за искоренатите и за тие кои останаа на патиштата што водеа во туѓо.

Нафрлуваше, Мара, и дали и се пристори дека некој и шепна – нафрли, Маре, и еден котелец за покој на душата на непознатиот дедо кого од бродот мртов го фрлија в море.

Нафрлуваше Мара котелец по котелец и секој котелец беше жешка, усвитена желба за спас од несреќи и зло и за одврзување од канџите на неумирената болка. И наредниот нанижан котелец беше тивок, длабок, побожен и тажен воздив и заглушувачки лелек... Котелец до котелец, молитва до молитва, болка до болка, желба до желба, воздив до воздив, лелек до лелек во душата, клетви, стравови, немири, копнежи, смиренија, молба до молба - нанижани на иглите и притиснати од неовенатите спомени кои живнуваа и гмечеа, тлееја како жарчиња во спуза, топлеа и гребеа таму каде најмногу боли, удираа на оптегнатата струна на минатото и како надојдена и нескротена река – копаа и длабеа.

Плетеше Мара и како што на иглите, котелците се нижеа, така во нејзините мисли се нижеа со име, презиме и прекар добрите и лошите луѓе, се нижеа добрите и лошите времиња, одекнуваа песните свадбарски, жетварски, лозарски, молитвените и колнежните мисли.

Се нижеа и деновите и годините што останаа зад неа. Нафрлуваше Мара котелец и секој котелец - човек, име, куќа, песна, оро, рид, ливада, лозје, молитва за добро, за здравје, за покој на душите, молитва за светлина.

Плетеше Мара и на иглите нижејќи котелци, ги нижеше имињата на местата околу селото и со умот си велише:

- Долу, под селото е шупурка, таа голема чешма што ги вадеше сите бавчи и градини; натаму Ботковец, Ветричав костен, Големата Стена, Гошово, Дамко, Делје, Жачка, Жериште, Крлевица, Копадина, Мацанка, Петковец, Срненива, Чезмуле, Шекарица, Шемељка, Студеник, Почивалото и многу други кои луѓето од власта што дојдоа од Костур, со тефтери и моливи в раце, ги изодија и мислеа какво ново име да им дадат ним и на Мраморчето што извира од цепнатината на големата мраморна карпа.

Многу имиња изнададоа, ама старите од срцето, душата и умот никоја рака не успеа да ги избрише. -Ανωνυµο66 - запишаа - да се вика Мраморчето и така запишаа во тефтерите, а за другите ќе дошле, рекоа, друг ден. Дошле. И одново умниците умувале што име да им дадат на ливадите, на шумите, нивите, ридовите, изворите, чешмите, траповите, вировите, патиштата, патеките, ветровите и на кучиињата кои цел ден ги лаеја...

Некои ги крстија, а за многу напишаа: ανωνυµο – безимено и пред да заминат на поповите, даскалите и кметовите им оставија налог имиња да измислат за ората и песните, приказните, пословиците, гатанките, за 66 Ανωνυµο (грчки) - анонимо – без име ангелите и светците, за ветровите и дождовите, а новородените задолжително да ги крстат со имиња на нивните богови и божици и учените во писмото... за да бидат божествени и умни како тие...

Тогаш многу имиња изнададоа, додаваат и сега...

Шепотеше Мара и со шепотот на секој котелец што го нижеше на иглите му го даваше името на местото кое во сите времиња се пренесуваше од колено на колено... запаметено од прадедо и дедо и пренесено на внуците...

Котелец до котелец – име до име, тогаш и сега исто во срцето, душата и умот... секогаш исто и секогаш само едно...

- Шепотиш, Маре, ами за што шепотиш?

-За нашите места, Митре... име му давам на секој котелец... шепотам и во шепотот на котелците им ги давам имињата на нашите места...

Плетеше Мара... Нафрлува котелец до котелец и заедно со котелците на иглите одново и одново нижи молитви, желби, молби, болки, воздиви, чемери, тага, жалење... Сите гласови од тоа време и тагата и чемерот од сега, во котелците ги нижи Мара..

Плетеше Мара и во плеталото ја нижеше и својата и туѓата тага, која имаше почеток, а крај нема и брег нема на кој би се задржала, за која дно нема во кое би потонела, безмерна и нескротена, неискажлива и безутешна, неизразлива и разјадувачка, ни лек ни мелем за неа нема и затоа непрестајно боли...

Мара го нафрли последниот котелец, трижди го врза конецот, на колено го посла чорапот, го погали, со дланката го стопли и, воздивнувајќи, дали од мака или од радост, рече:

- Митре, еве ти ги чорапите. Со здравје да ги носиш. А ако ми донесеш повеќе волна и фанела ќе ти исплетам... Само долги игли купи ми. А предивото, Митре, не е како нашето, меко и топло... не е, велам, како нашето... Нашето, Митре... – не дорече.

Зборот и се скрши на усните.

Солзи и го замрачија виделото...

А за тоа што боли во мислите, душата, срцето, надежта и тагата – дали има лек?...

Ќе прегорат ли болката?

Мара ја прегази педесеттата, ама ликот велеше дека векувањето и беше подолго. Видливи беа брчките околу очите и на челото што и ги набележа времето – невреме. Од товарот што го носеше по заминувањето на домаќинот на печалба во Америка, лицето се повеќе и венеше. Врз нејзиниот грб легнаа сите грижи за децата, ќерката и синот, нивите, стоката, куќата. Не успеваше сама да ги изврши сите работи, па затоа за орање и жнеење, како и за чување на стоката, најмуваше момоци и селски аргати, на кои за извршената работа им даваше од прибраниот бериќет. Чековите што ги праќаше Митре ги држеше врзани во крпче и ги чуваше во камарчето зад иконата на Богородица. Таму се собираа во купче, како што се собираа и годините поминати без Митре, без неговата топлина и прегратка. Во камарчето чековите не зборуваа, не топлеа, не галеа, не гушкаа, лежеа тие таму неми и глуви за болката што ја доживуваше во миговите кога во долгите непреспани ноќи врз нејзиното срце осаменоста легнуваше и ја гнетеше со неискажливо голема тежина. Таму, во мракот на камарчето, беа осамени, како што беше осамена и Мара кога ја совладуваа поривите на бескрајната тага.

Митре и се врати на Мара една година по доаѓањето на власт на генералот Метаксас. Во банката ги смени чековите и купчето пари и го даде на Мара, која на чување ги стави во истото камарче, кое сега веќе беше полно, ама затоа кај неа не се пополнија празнините што ги создаде големата и долга разделба со Митре.

Неговото враќање беше враќање на радоста, што значеше нов живот, иако не траеше долго. Дојдоа полицајци од градот и врзан го одведоа. Во судницата му пресудија заточение под сомневање дека таму, во Америка, одел на собирите на кои се бараше автономна Македонија. И така, Митре, осуден како автономист, опасен за државата, одлежа две години, кршејќи и пренесувајќи камења на еден од сувите острови во Егејското Море. А парите, што мирисаа на пот истурена при градењето на долгата железница во Америка, собираа прашина и чемрееја во тоа скришно место во малото одајче, како што чемрееше Митре на тој остров – карпа, од кој никој не можеше да избега. Во предвечерието на војната со Италија, Митре се врати дома. Во селото вриеше од војска. Ден по враќањето, во име на владата му врачија налог ангарија да работи при градење на бетонски бункер. Не се противеше. Му рекоа дека токму тој бункер и стотиците други кои селаните од Костурско и Леринско што со ангарија ги изградија по должината на грчко-албанската граница ќе помогне да биде спасена земјата. Но, не бидна така. Големата радост на грчката војска од победата над Италијанците заврши во албанската земја, надвор од Корча. Загрме глас дека од север Грција ја нападнаа Германците и Бугарите. По неколку денови во селото стигнаа Италијанците. Бункерите ги минираа и ги дигнаа во воздух, а на селаните им рекоа – седете си мирно, вратете ги пушките што грчката војска бегајќи, по нивите, патиштата и крстопатите ги фрли, а вие сте ги собрале. Колку за очи среде селото, се собра купче пушки, а се друго, лесни и тешки митралези, многу пушки, сандаци со муниција - во темелите на плевните и куќите, во скривниците ископани во шумите и под карпите... за да затребат. Затребаа, а најмногу кога комунистите ја почнаа граѓанската. Митре од темелите ги откопа десетте пушки, трите лесни митралези и двата сандаци со фишеци, ноќта ги одмасти, ги товари на коњот и отиде да ги однесе таму, каде скришум го собираа оружјето за новите борби и победи. Дома се врати без коњ. На ливче му напишаа дека по победата ќе му го врати народната власт. И од тогаш за многу работи му даваа на Митре слични потврди, кои Мара врзани во крпче ги ставаше во мрачното камарче зад иконата на Богородица. Чемрееја таму заедно со парите, кои веќе немаше каде да ги трошат.

На една од вечерите, мажите собрани кај Митре, имаа врзано разговор за тоа што се случуваше во колхозот.

- Слушнав – рече Митре - дека Лазо тука ќе градел куќа?

- Така нешто се слуша... Јас – рече Михаил, иако нешто заштедив, тука куќа не би градел. Таму, во нашето место една куќа изградив, ја урнаа, ја пеплосаа, немост посадија околу, само темелите тлеат под бурјанот, шипот и трнот. Во туѓа земја нема да градам друга, зашто во мојата душа нема да има место за нова, бидејќи во неа споменот и болката постојано ќе бидат живи... Таква болка не ми треба...

Завладеа молк. Тишината ја прекина Павле, врзувајќи го скинатиот конец од вчерашната средба.

-Така ние – продолжи тој - останавме без раководство, да не речам обезглавени... Костурчани не останаа обезглавени само еднаш. Останаа обезглавени и по Илинденското востание. Вистина е. Удри вотанието, Костуско гореше, а главешините ги снема. Како? За ова по многу години зборува Пандо Кљашев со зборови запишани од Милетич и објавени во Софија во 1925 година. Таму е зазапишано дека тој, Пандо, вели дека кога гореа костурските села, тој испратил во Битола околу 800 жени за да се жалат кај конзулите. Жените не биле примени од конзулите, ги пресретнал само англискиот конзул, кој двапати ги фотографирал. Толку помош од странците. А во исто време Пандо на 17 октомври, си спомнува Пандо, заедно со Чакаларов и со сестрата на Чакаларов и со околу 20 други души ја поминаа грчката граница десно од селото Велемиш. Чакаларов, си спомнува Пандо, беше облечен во влашка облека. Поминавме, вели во спомените Пандо, качени на пајтон по Трикала. Момчињата Грците ги уапсија и по две недели ги пуштија, а тие преку Варна стигнаа во Софија. Јас и Чакаларов, вели Пандо понатаму, поминавме по Арта – Лезвос - Корфу-Триест- Фиума и стигнавме во Белград. На 8 ноември јас, вели Пандо, стигнав во Софија и на 10 ноември 1903 во Софија стигна и Чекаларов.

А сега некој ќе ме праша – зошто ни го кажуваш ова? Ви го кажувам за да знаете како водачите најдоа покрив во Софија, а обезглавеното Костурско остана под голо небо и со турската сабја над вратот. Така тие, водачите, се спасија. Така и сега водачите уапсени во Бурели и испратени во Москва, најдоа засолниште во советските логори, од сликите не ми личат на советските логораши, туку тоа е друга приказна. Така Костурско по трет пат остана без глава. И, ете, сега, во оваа пустелија, на која и вдахнавме малку живот, тој, водачот, заедно со своите верници, сака да ни измисли нови водачи, значи да ни стави нови глави. А ние, тука, врескаме кој беше крив и зошто. А во таа кривица и во тоа зошто сами не се гледаме? Водачи ни требаат, а не празноглавци носени од таканаречени наши пријатели. Меѓу нас има многу празноглавци кои сакаат да се војводи. Ете, така нашите водачи без пајтон, брод и воз 1945 година преку ридишта, трапови, шуми, беспаќа се сместија во Скопје и Битола, а Костурчани, Леринчани и Воденчани останаа на милоста и немилоста на новите грчки власти. Таму се караа, се делеа, се клеветеа, а потоа пак по истите шуми, трапови, ридишта и беспаќа се вратија и во екот на најтешките бојови се поделија – едните, таму во Преспа останаа на столче пред водачот како славомакедонци, кој многу им ветуваше, а кога одеа во Скопје, на столче пред Колишевски,, беа Македонци. А тие, пак, кои се сместија во Скопје, пиејќи горко кафе во кефеаната на хотелот МАКЕДОНИЈА, на Захаријадис му праќаа пораки дека лаже и го поучуваа како да ја води војната.. Така беше или не беше така?

- Може и така да се рече, ама сега, кога ние сме во емиграција другарот Захарјадис, сега, кога ние сме во емиграција, цело време мисли како да се организираме за...

Разговорот го прекина гласот на Мара, која застана во полуотворената врата и налутено извика:

-Името да му се сотре... што побрзо до пеколот да стаса... Тој, ли, непрокопсаникот, тој ли, кој не запусти и не донесе во оваа пустелија... Тфу!

-Не вели така, Маро... Тој за нас е најдобар бранител... Зарем не гледаш дека дојде тука од Букурешт, а можеби и од подалеку за да ни направи борбена, револуционерна организација која ќе не спасува од Тито и од Колишевски, а ти, ти како некој непријател, го напаѓаш... Не зборувај така. Човекот се грижи за нас, секогаш прашува како сме...

- И дали се уште сме живи... нели? – го прекина Мара. - Така де, се виде што ни направи и си го видовме алот и среќата – не попушташе Мара – туку ти и сите вие сега подобро можеби ќе биде да смените муабет, да си зборувате за некои повредни работи... Што туку само дробите Сталин, па Сталин, Никос па Никос, Тито па Тито... Тие си ги ваѓаат очите, ние останавме слепи... Така ести или не ести така?

- Грешиш, Маро...

- Како да не, јас грешам, а ти си во право... – не се предаваше Мара. – А затоа, што рече, да примиме некој тука од тие кои дојдоа на тој, како рече?...

- Конгресот...

- Е, тоа, конгресот... Нема да примам. Доста ми беа три години што примав и хранев и поев, и перев и чистев вошки и нечистотии... Види ги ти... ќе ми правеле нова, како рече?

-Организација, Маро, ем борбена, ем револуцинерна, Маро, а најважно е тоа што ќе биде нова и тоа револуционерна, разбираш?

- А што ќе прави таа нова органнизација? Да не почне некој нов почеток? Со кого и против кого? Многу ли останавме? Или од нас што постанавме ниту трага ниту прашина да не остане? Борбена... револуционерна...

тфу, да ти се посерам во зборот...

- Од почеток не, ама од таму каде запра и ќе продолжи да се бори со Колишевската банда и тие кои таму во Скопје си направија некој клуб на Егејците и дење и ноќе ја клеветат нашата партија и другарот ...