Front Matter - Part 01
НА ПАТОТ КОН НЕВРАТОТ ПЕТРЕ НАКОВСКИ petre.nakovski@gmail.com НА ПАТОТ КОН НЕВРАТОТ Published by:
Risto Stefov Publications rstefov@hotmail.com Toronto, Canada All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.
Чекаше, чекаше... и чекајќи Во болката, воздивите и тагата Согоре мајка Фимка...
Оф, лелееее, мајко...
Петре Наковски ПРВ ДЕЛ Илјада деветстотини четириесет и деветта година, март. Течеше третата гoдина од граѓанската војна...
Кој ја стокми? Каде? Зошто?
Двете страни се готвеа за решителниот бој...
Место – реонот на Вичо.
Двете завојувани страни ги вршеа последните чекори од подготовките за крвавата пресметка. Тука, во овој регион, каде одбранбената фронтовска линија имаше облик на потковица, беа собрани главните сили на ДАГ кои противникот веќе ги стави на нишан за нивно целосно уништување. И така едните ги завршија работите околу одбраната, другите околу нападот.
Се чекаше само денот на почетокот.
На селаните од селата кои беа во близина на фронтот, па дури и на тие кои беа подалеку, на собири им беше речено дека пред да почне бојот, заради нивна безбедност, со се што имаат најпотребно и најдраго и заедно со стоката, да се преселат отаде планините, зад фронтовската линија. Таму ќе бидат безбедни.
Митре мислеше и мачно му паѓаше на ум дали да стави катанец на порта и да се витоса заедно со сите селани или да остане и да чека? Сите ги имаше стегнато стравот што веќе со време беше посејуван меѓу селаните, кои не можеа да заборават како рано-рано, катадневно, над селата кои беа контролирани од ДАГ1, долетуваше авион и селските дворови и сокаци, бавчите, градините и нивите, ги полнеше со летоци и весници.
На тој начин и од небото се истураше стравот.
И така во секој двор, на нива и во бавча, кај секого и едните и другите го фрлаа змиското јајце, јајцето на омразата, одмаздата, стравот. Никој никогаш и никаде да не е сигурен. А ретки беа куќите од кои немаше некој, кој не беше во планина, во редовите на ДАГ. За некои заканите беа по име и презиме. Ама и тие, од другата страна, преку своите активисти и агитатори од НОФ и АФЖ2, кои најчесто ноќе, на селските собири не штедеа збор и глас за да не сеат страв и омраза кон спротивната страна. Тоа им беше исто како и повикот до сите да се кренат на оружје и се да дадат за победата со чие доаѓање, во секој двор и сокаче и во секоја селска куќа ќе завладее духот на редот, мирот и слободата.
На двете страни се истураа големи зборови на закана и ветувањата беа уште поголеми...
Во вриежот на војната која веќе трета година беснееше наоколу и едните и другите, со неодмерена умисла сееја страв кој во жилите ја смрзнуваше крвта, страв кој катадневно до коска вжилуваше уплав и од лицата и очите на селаните не се одвејуваше неговата сенка која и во душата и мислата им стана ноќна и дневна мора.
Костурските и леринските весници и тие од по на југ безумно ги прифаќаа клеветите и со пцости и закани ден по ден на насловните страници со големи букви навестуваа и извикуваа одмазда. Катадневно и секаде го сееја змискиот отров на злобата, омразата и стравот со единствена цел длабоко да се вгнезди во свеста на секој, кој не е од нивен род и кој се уште оди по земјата што допрва ќе гори...
1 Демократска Армија на Грција 2 НОФ и АФЖ – Народно Ослободителен Фронт и Антифашистички Фронт на Жените Никој – пишуваа – во чии жили не тече наша крв нема да се спаси од стрелање, колење, бесење, тепање, затвори и горење на куќите и ако сакаат да останат живи, тогаш за нив има само еден пат – да се витосаат што подалеку од нашите земји и штом не се од наш род, не се вредни да го носат и големото свето име... Да бегаат, само во бегството им е спасот или да ги преселиме на сувите и карпестите острови... Таму, на овие змии, им личи да живеат, хранејќи се со змии...
Стравот ги избезуми луѓето. Тоа беше барано, тоа беше потребно, тоа беше цел – избезумување со страв и ништо повеќе од тоа. Токму тоа да води кон душевно насилство – таа неизлечива болест на умот, душата и телото, а другото, можеби и најважното – искоренувањето – лесно ќе тече...
Така во целото тоа време ужасен и понижувачки страв се ширеше и беше посеан и вовлечен во срцата, душите, мозокот и во коските на селаните кој не само што ги стегаше за грло и грклан, за гради и срце, туку не им даваше зборот без страв да го речат, мислата без страв да ја кажат и што ќе посакаат да прават само со страв да го прават. Стравот и омразата што ги ширеа двете страни беше усвитена мисла во уништувањето на духот.
Веќе беше навика кога до селата наближуваше владината војска, тогаш стравот секогаш ги тераше селаните да напуштаат куќи и спас да бараат во густите шуми и во планинските карпести пештери. Во долгите векови на робувањето така правеа и нивните предци, кои бегајќи од злото, по цели денови и ноќи остануваа во пештерите и шумските земјанки, чекајќи да помине лошото. Се враќаа во родното огниште и украденото и опљачканото го обновуваа, надоместувајќи го со домаќинска рака и пот, со маката на телото и душата и со вроденото трпение, изгорените и урнисаните куќи одново ги градеа од темел под кој не забораваа да копаат длабоки јами во кои го криеја стекнатиот имот. Од нив ги наследија патеките кои водеа до шумските земјанки и влажните пештери и дувла. Тогаш, во минатото, таму наоѓаа спас, ама сега...
А дали беа толку страшливци како што тоа го посакуваа други? Во таа тригодишна бура издржаа се – и страв и понижувања, но и храброст, истрајност и упорност и претрпеа многу болка кога им стигнуваа вестите за загинатите, опожарените куќи, разнебитеното стопанство, опљачканото домаќинство, големата сиромаштија и потта при носењето на ранети, копањето ровови, носењето на рамо дебели и долги трупци за градење бункери.
Сега, кога наближуваше пресметката меѓу двете завојувани страни и секој миг се очекуваше да тргне бојот, им беше останат само голиот живот окован во стравот.
На селаните постојано им се кажуваше дека тогаш, кога владината војска ќе се доближува до селото, сите треба да бегаат, да се кријат, зашто војската ќе ги прибере во градовите, таму ќе ги затвори во логори и секој ден ќе бараат да пишуваат писма до своите чеда кои се борат од редовите на ДАГ, да ги фрлат пушките, да се предадат и така ќе се спасат себе си и своите родители. Така ветуваше владината страна. А спротивната страна, за тие родители, чии чеда и се предаваа на владината војска, целото село Дреново, расположено на брегот на малото преспанско езеро, го имаа претворено во затвор и логор и целокупниот имот, куќи и стока им го земаа и по цели денови присилно работеа ропска работа, копајќи тунели во кои ДАГ го држеше оружјето.
Не беше тоа поединечен, туку сеопшт страв, уплав, чие менгеме и едните и другите го стегаа со умисла...
Наближуваше август и во нивите, под жешкото августовско сонце, се печеше јадрото пченично зрно.
Зрееше во него лебот. Жетварите не жнееја, туку на ридовите копаа ровови и градеа бункери. Сеопшта мобилизција во духот на паролата На Вичо неријателот нема да помине.
Подучени гласници, пеш и на коњ, се растрчаа по селата, се растурија по сокаците, затропаа на сите авлиски порти и со извици и повици - ја почнаа жетвата посеана од големиот страв на одмазда и ги кренаа луѓето, покажувајќи им го патот што водеше отаде планините, близу границата со Албанија.
Во целото село и околните села селаните во вреќи и дисаги го собираа најпотребното.
Колку можат да приберат од целиот имот што во времињата што изминаа се собираше од колено на колено? Што попрво да земат од се што со мака и труд беше внесено во куќата, беше највредно? Со растреперени раце одбираа и прибираа. Само најпотребното што на брзина успеваа да го одберат - покривачи, веленца, чинии, кадра на мртви и на војници во туќи војски и војни, на осакатени по затвори и логори, писма и адреси на печалбари во костими и паларии, со златни прстени на рацете и безгрижни насмевки на лицата... Се врзано во бовчи, торби, вреќи и дисаги. Толку фрлија на грб и на рамо од целиот имот што самите го сработија и од тоа што им го оставија претходните колена.
-Митре, ти отворај ја јамата, а јас ќе носам се што ќе можеме од домаќинството да скриеме. Не чекај – настојуваше Мара и собираше и носеше веленца, перници, покривачи, пљачки, черги, легени, алат и многу други работи од домаќинството. Не ја заборави и веќе остарената лулка што ја чуваше за нови рожби од своите рожби. Големиот ѓум и котленцето ги стави на страна, до полните торби, вреќите и дисагите во кои беше собрано највредното и најпотребното.
Што најпрво да земат од тоа што во времињата се собираше во долапите, во камарите, во келарите, во големите сандаци, во амбарите, каците и бочките? Многу ќе остане иако многу е скриено во јамата... А што ќе прават со тие десетина овци што останаа од големото стадо, со двата волови и кравата – молзница?
Јамата беше стара. Од прадедо беше копана длабоко под темелите и во неа криеја имот од Турци и од качаци Арнаути, од Грци андарти3 и грчки војници во Балканските војни, од Французи и Англичани во Првата голема војна и од маџирите4 кои по Втората голема војна ги пљачкосуваа македонските села.
-А овој – Митре покажа на големиот ѓум – си го заборавила? Нема да го скриеме?
- Не, Митре, не сум го заборавила. Ќе го носиме со нас. Ќе ни треба. Каде и да одиме, ќе ни треба. Добро ли ја покри јамата? Провери...
Со душата на рамо и таа, како и другите, на порта стави катанец и појде... Наеднаш застана, се сврти, погледна зад себе и се стрча на кај дома. Отклучи порта, здишана влезе во гостинската одаја, од ќошот ја зеде иконата, го сврти клучот во катанецот и трчаница се вмеша во толпата селани и стока која веќе дигаше прашина надвор од селото и се губеше во густата прашина.
Осамна 10 август 1949 година, пет часот утрото.
И почна!
Од зора до примрак авионите не го напуштаа небото. Топовските грмежи не престануваа. Под нив планините и ридовите во оган и пламен.
3 Андарти – грчки вооружени банди,таканаречени македоноборци ( македономахи) ги напаѓаа македонските села, вршеа колежи и пљачкање.
4 Маџири - Грци-бегалци од Турција, кои по поразот на Грција во војната со Турција (1918-1922 година), околу 600.000 беа населени во Егејскиот дел на Македонија.
А горе, под зачаденото небо, гореа ридовите и врвовите. Планините во чад и пламен и над нив без престан грмеа грмежите ... Ровји трештеа, грмежи во секој миг врзуваа рид со рид и врв со врв, во пламенот и жарта земјата се тресеше и губеше издишка...
Непријателот, за кого цела година се грмеше дека нема да помине на Вичо, во зорите ги пеплосуваше бункерите, во мракот ги прегазуваше рововите и траповите, крваво се искачуваше на ридовите, газејќи врз труповите на своите жртви, а борците на ДАГ окрвавени и осакатени ги бранеа планините...
На Лисец, каде на самоти врв, во големиот бункер се наоѓаше штабот на XI дивизија, чиј командант беше Пандо Војна, ноќта на 11 август падна наредба - повлекување.
Непријателот помина на Вичо...
Фронтот скрши..
И тогаш на селаните од Костурско, Леринско и Преспа им рекоа бегајте - на таа страна е спасот - им рекоа, покажувајќи им ги шумите, траповите и ридиштата зад кои е границата со Албанија. Таму им наредија да бегаат и нивните чеда кои бојот не го довршија и во панично бегање на врат на нос го фатија патот кон границата.
Црневина од луѓе и стока. Над нив викотници и облаци сива прашина. Надојдуваа и надотекуваа толпите, се згустуваа, бучеа, баботеа, се претураа и роеја, ги исполнуваа сите патеки и беспаќа, се пробиваа низ шумските густежи каде дотекуваа нови бранови жени и мажи натоварени со бовчи во кои го носеа тоа што им беше најпотребно и најдраго.
Тераат пред себе стока. Безредна, непрегледна и гневна е толпата, се турка, се превалува, расте, се збира и зад себе влече други, се дроби, бранува, се згрчува и згустува, се згушува и рика, та колни. Се згрвалија и луѓе и добиток, лошото ги подбра и ги тера пред себе, ги тутка се поблизу до границата. Некој на сет глас викна и со викот ја затера толпата, која уште побрзо се затрча кон угорницата – разврескана, расплакана.
Навалицата гази, толчи, се затркалува и никој не може да ја заузди. Врисок и плач на жени и дечиња кои грчевито се држат за мајкините поли. Заѕвиска коњ и откинат од узда – разглавен и разуздан високо затрептува и заврфлува нозе, удира и гази. Разрикани стада говеда, разбреани стада овци и зарипнат крик:
-Бегајте ! – само тој збор се слушаше на патот од Желево до Смрдеш...
А Преспани со се стока се втурнаа и го загазија патот што води кон Маркова Нога, кон границата со Југославија. Од најблиските ритчиња над нивните глави зaгрмија митралески рафали, а потоа и силни грлести гласови:
-Назад! Назад, враќајте се и фатете го патот кон Кулата и мостот и натаму кон Винени и од таму трчаница на кај Албанија. Назад! Тука е забрането! – викаа тие грозни гласови и се закануваа со митралезите и автоматите.
Жени во години, во толпа тргнаа на кај вперените цевки и молежливо замолија:
-Пуштете не да поминеме... Таму – покажуваа со испружени раце - во Долно Дупени, во Љубојно, во Брајчино си имаме наши роднини... Ќе ни отворат порти, ќе не приберат и кога ќе заврши лошото, ќе си се вратиме дома во нашите куќи... Тргнете се да поминеме...
-Не, не може кај Тито! – се подаде напред командирот на одредот.
Жена со бебе во пазувите клекна пред комнадирот и со плачлив глас замоли:
-Пушти ме синко. Во Дупени имам ќерка. Таму е мажена. Детулето ми е од помалата ќерка. Таа сега е со ранетите...
-Не може, луѓе, таква е нардебата. Не можете кај Тито...
- Ами јас – рече жената - јас кај ќерка ми ќе одам во Дупени, а не кај Тито. Ај, тргни ми се од патот, кај ќерка ми ќе одам...
Рафал во кој се губеше гласот на жената и на толпата, која стануваше се поголема и по развикана.
-Тргнете се, кај нашите во Дупени, Љубојно и Брајчино ќе одиме. Таму си имаме наши. Ќе не приберат и кога ќе заврши лошото, ќе си се вратиме дома...
Не се тргнаа. Со силата на автоматските и митралеските рафали ги натераа Преспани да се вратат на патот што води кон Винени и додека го претрчуваа тој правлив пат над нив долетаа авионите и пукаа и фрлаа некакви страшни бомби кои се гореа. Страшни беа тие бомби...
Бегаа...
-Бегајте! - викаше еден глас, па го преземаа други и стравот преминуваше во уплав.
-Бегајте! – довикуваше и некој друг.
Бегаа.
Толпа зад толпа.
Врвулица од луѓе и стока...
Довикувања, врисоци и плач...
Црнотија...
Над нив загрми и црниот облак што го развеваа топовите и авионите кои фрлаа некакви страшни бомби од кои камењата, дрвјата, карпите и земјата се топеа и пеплосуваа и од нив гореше се што беше допрено, гореа и луѓето и водата во езерото испаруваше. Високо пламен и чад, долу остануваше само пепел.
Страшни беа тие бомби...
Грмежи, ровји, секавици. Пламен висок и над него повисоко се издигаше црн чад и лелек. Небото над Преспа беше ниско за да го прими пламенот и чадот.
Со крвава преврска на главата и левата рака, на десното рамо обесен валкан автомат, накривувајќи, зад толпата се влече маж. Повремено застанува - стои исправен и онемен; со крвјосани очи замаглен поглед спушта врз огромната црневина и чуствува дека го фаќа замрачување. Закатенета му е устата и сал му се присторува ли дека во него се клокоти, дека дури сега од него се откорнуваат долго загоренетите пароли кои ја гласеа и утврдуваа вербата во некое подобро утре со кое тој растеше. Му велеа дека нему и на сите околу него и подалеку, животот ќе му биде замеден, а тој замелушен сал слушаше и замласкуваше со празна уста.
Па можеби затоа безизлезно влета во виорот без да размислува за последиците. Послушноста, вербата и довербата во водачот и партијата – му беа патоказ. Од горе па надолу го учеа – само еден е умен и само тој еден е за да мисли, а тој само да извршува. Се досега пред себе ја гледаше само онаа замислена прекрасна иднина која длабоко му ја беа вкорениле недоучени партиски секретари и ете, сега, со очај во очите го гледа безизлезот. Збунет е и се чини дека допрва прогледа и согледа. И каде ли сега отиде таа беспрекорна и безусловна, непоколеблива, слепа, тврда, огромна и нескршлива верба? Замаглено гледа на развиканата и расплакана бегалска толпа што како огромно црно платно налегна и ја покри целата ширина. И пак и одново му се присторува дека некој таинствен глас на разумот, совеста и осудата, допира до него некаде од срцевината на дебелите и многувековни дабје што растат на оброчиштето од спротива и го прашува: ЗОШТО?
ЧИЈ ГЛАС СИ СЛУШАЛ И ПОСЛУШАЛ?
Разгоден, разголен, распартален и разјадосен е. Се чувствува испразнет, загубен и измамен. Сега во што да верува и во што да има надеж? Погреши ли? Ја погреши страната? Го погреши патот? Сега од неговата свест не се одлепуваат овие прашања; ги чувствува како отворена рана, како удар зад удар, а болката, маката и чемерот се пластат и напластуваат.
Боли изгубената надеж. Зачмаен е, збогоросан, збобрен, се му згорчи, се му се зборави. Сега веќе не се плаши од докарок, туку само од закорок. Стои на ритчето обезличен, разголен и обескуражен. И разбра дека од злото што е веќе сторено - нема избав...
Пред себе гледаше запустеници, а зад себе запустување!
Се е изгорено, пепел сторено.
Занемен стои пред видикот што раздвижен и разовкан црнее во сончевата заодба.
Тој ден над Преспа ниско летаа авионите. Во нивната бучава и во грмежите на топовите и напалмот се губеше плачот, лелекот, врисоците и клетвите. Денот истураше оган, а ноќта дишеше со отворените крвјосани рани.
Нечистите сили на пеколот ги отворија патиштата на стравот, страдањата, несреќите и неисцелените болештини.
Тој ден беше денот на Голема Богородица.
Не биеја камбаните и наместо верниците да бидат собрани во дворовите на црквите и на големите панаѓури, без здив ги претрчуваа тесните шумски патеки и планинскиот крш биени од топовските ѓулиња и авионските митралески рафали...
-Бегајте!!! - викаа тие кои до вчера громогласно ветуваа и проповедаа слобода и први ја пречекорија границата.
- Бегајте! - викаа тие кои за борбата земаа данок во животи, имот и стока.
- Бегајте! - викаа тие кои најпрвин им ги собраа големите чеда. Потоа им ги собра и малите. Големите во планина, на бој, малите отаде граница и никој досега не им кажа каде се и како се. Само им велеа дека наскоро непријателот ќе го протераме и децата ќе ви ги вратиме. И стоката едно по едно бравче, им ја собираа со ветување за враќање.
- Бегајте! - фронтот скрши – бегајте!!!..
-Бегајте! – викаа гласниците.
-Бегајте! – се пренесуваше гласот на стравот.
Силен, моќен беше тој ист глас кој на селските собири ветуваше.
Што остана од ветувањата?
Веруваа. И каде ли сега отиде таа беспрекорна и безусловна, непоколеблива, слепа, тврда, огромна и нескршлива верба? А тие, кои сега ги водеа замаглено гледаа на развиканата и расплаканата бегалска толпа. И пак и одново им се присторуваше дека некој таинствен глас на разумот, совеста и осудата допира до нив некаде од срцевината на дебелите и многувековни дабје исправени над оброчиштето од спротивната страна и им се чинеше дека прашуваат: КАДЕ? ЗОШТО? Чиј глас слушаа и послушаа што сега овој народ, разгоден, разголен, распартален и разјадосен го тераат пред себе? Се чувствуваа празни, загубени и измамени. Во што да веруваат и во што да имаат надеж? Се изрони таа верба и чувствуваа пустош. Погрешија ли? Ја погрешија страната? Го погрешија патот? Сега од нивната свест не се одлепуваат овие тешки прашања, ги чувствуваа како отворена рана, како удар зад удар, а болката, маката, чемерот се пластеше и напластуваше во барањето одговор. Зачмаени, збогоросани, здробени, се им се згорчи и зборави.
Бегаа...
Бегаа обезличени, разголени, обескуражени и разбраа дека веќе нема избав. Пред нив запустеници, а зад нив запустување. Занемени чекорат пред видикот кој оптоварен со неизвесноста, развикан и разврескан црнее во сончевата заодба.
До вчера тој глас им ги украсуваше животите со големи ветувања што дури и не успеваа да ги избројат и запаметат, а го слушаа и во него веруваа. На секој собир ги крепеа, им внушуваа верба во ветувањата стокмени на партиски пленуми и советувања.
Во таа бура од викања најпрепознатлив беше гласот на Вера.
Тој глас многу често го слушаа на селските собири на кои таа им кажуваше за среќните денови кога ќе стигнат заедно со победата за која треба, велеше, да не ги жалат животите на своите мажи, синови и ќерки, кои херојски се жртвуваа за победата и по неколкупати потсетуваше, дека за неа, за победата, се треба да се даде - од луѓе, покуќнина до бериќет и стока. И животи! И со паролата Смрт на фашизмот – слобода на народот – и да живее најсаканиот водач, заминуваше и истиот говор го држеше во некое друго село. Често ја гледаа опашана со војнички појас, кожана чанта на рамо со нанижани моливи и валкани цокули. Ја запаметија и по тоа што на селските собири таа најревносно ги убедуваше родителите да ги дадат децата да заминат во државите, а само година потоа ги посетуваше домовите во тие држави каде беа сместени и со гласот во кој имаше само победи, ги убедуваше петнаесет и шеснаесетгодишните момчиња и девојќи дека уште тие се потребни во борбите за конечната победа.
-Готови сме, води не! – се дереа веќе убедени дека без нив нема да има победа.
Така – се за победата и младо и старо, и машко и женско... Сите на оружје, не смее, викаше на конгресите на АФЖ и НОФ ниту еден Македонец и Македонка да остане без пушка... само, ете, од голема презафатеност меѓу народот, на нејзиното рамо не натежна пушка. И сега е таква меѓу нив и го слушаат тој нејзин зарипнат глас, до пред некој ден моќен, одлучен, глас кој повикуваше, возбудуваше, охрабруваше и ветуваше... Таква неа и другите околу неа, пред да скрши фронтот, ги запаметија Костурчани, Леринчани и Преспани. Ги гоштеваа, им постелуваа топла постела кога доаѓаа на конак. Ноќе доаѓаа, в зори си одеа. Торбите им ги полнеа со тоа што им остануваше по повиците на селските собири – Се за борбата – се за победата... Даваа од се што имаа и ги испраќаа со надеж дека тоа за што им зборуваа и повикуваа на селските собири брзо ќе дојде и веруваа. На сите устите им беа полни со зборови за доброто што ќе го донесе победата, ама ако сите се кренат за бој. Ами кој не го сака доброто? Си велеа и шепотеа селаните - убаво ни зборуваат, да се живи и здрави, кутрите, Господ да им даде здравје и да ги поживи. Така до пред некој ден посакуваа, а сега?
Сега ги колнеа.
До само пред некој ден тој глас беше глас на надеж, сега беше глас кој сееше уплав, беше глас на очај.
Запаметен глас, кој на собири сред село не сееше само верба, туку и омраза и страв што преминуваше во уплав. Не поединечно, ами се општо. Со широки мавтања на рацете и со злоба на лицето, со долги говори го замрачуваше умот со омраза кон душманот, ја внесуваше несигурноста на денот и ноќта.
И ветуваше многу.
А сега дали тој глас беше глас на спасот или беше глас на очајот?!
И тие распалени очи, од кои се чинеше дека избувнуваат светкавици и ровји, тие широки мавтања со рацете кои се закануваа со разгром на душманот, спласнаa, како да беа скршени суварки и само покажуваа каде да се бега. А меѓу нив, таа, која пред некој ден градеше столбови на надежта, сега личеше на сенка на исплашена лисица...
Бегајте!
Толпа пред себе толпа тераше.
Мажите пцуеја, жените колнеа. Од нивните пцости и колнења се излеваше целата насобрана жолч, гневот и изгубената надеж сега потоната во големите измами и ветувања...
Бегаа избезумени, исплашени, изгубени и со гласови на плач, лелек и со уплав на лицата и очите, се довикуваа, се бараа...
-Бегајте! – силно викаше гласот на очајот.
Бегаа наврапито, што побрзо до границата, трчаница по стрмната угорнина, да стигнат што побрзо до горе, а потоа отаде, прудолу, зашто таму им велеа, ќе се спасат од стравот, од одмаздата, од злото... Брзо надолу, по удолништето, таму ќе останат живи... Трчаница превалија угорнина. Фатија удолница. Стрмна, тврда, каменлива, грудлива, правлива, трнлива. Бегаа и во таа удолница никаде потаму не гледаа светилник кој би им го покажал и би им го осветлил патот кон повратот.
Во тоа очајничко бегство дали имаше миг за да размислат каде ќе ги одведе патот и каде ќе им заврши сетнината?
Каков ли им е тој чекор во бегство?
Каде ги носи?
Како и каде ќе завршат?
Каде ќе приберат здив?
Тоа убавото, тоа долго ветеното време, сега им стана отворена крвава рана и време на очај, време на барање спас во бегството...
Светилникот на големата надеж, со кој ветуваа одушевена светлина која ќе го растури мракот на мачеништвото и во најмрачните ќошеви на страдалничкото битие ќе внесе нови зрачења, згасна.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/1 on October 29, 2026