ВТ0Р ДЕЛ - Part 11
Институтот за протези беше на периферијата на градот кој не настрада од таканаречените дивански бомбардирања на американските авиони. Најмногу настрадаа прекрасните палати, музеите и се друго што стоеше, а градено со векови. Некои велеа дека без причина градот беше уништен, еден од најубавите во Европа. Колата застана пред големата железна врата, каде стоеше вооружен војник. Побара пропусница и откако ја прочита, го пропушти камионот да влезе во дворот. Секаде зеленило, многу цвеќе, чисти патеки.
Полека, накривувајќи на двете нозе, од две сестри придржувана под мишките ја внесоа во една голема сала.
На сите ѕидови дрвени справи, скали, ортоми, колички, патерици. И рекоа да седне и да чека. Не чекаше долго. Во салата за вежбање влезе маж облечен во бел мантил, средно висок, се доближуваше со сигурен чекор и блага насмевка. Се поздрави на германски. Софка ништо не разбра. Климна само со главата што значеше возврат на поздрав. По неколку минути стигна жена- преведувач. На грчки ја праша:
- Зборувате грчки?
- Да, разбирам, ама не зборувам течно.
-Ако, ќе се разбереме. Тука ве донесоа кај познатиот професор-мајстор за правење протези. Од утре ќе почнете со професорот – така го претстави – со земање податоци за досегашното лекување, а потоа, кога ќе бидат готови сите потребни испитувања, ќе почнат и вежбите. За денес толку, појдете со мене за да ве запознам со другите пациенти, да ви ја покажам спалната, трпезаријата, а потоа, откако ќе одморите, ќе одиме во паркот на прошетка каде заедно со професорот кој ќе ви објасни многу работи во врската со вежбите што ве чекаат.
Професорот Вили внимателно го водеше разговорот со Софка.
- Каде живеете во Полска? – ја праша гледајќи ја право в очи.
-Во Вроцлав... во интернат за инвалиди...
-Ви се допаѓа градот?
-Многу. Голем град, со широки и долги улици по кои возат трамваи. Вроцлав е град со многу паркови во кои на пролет најубави и најмиризливи се модриот и белиот јоргован, а најопоен е мирисот на јасминот.
Мене најмногу ми се допаѓа една мала улица која навечер е осветлена со фенери на гас. Честопати по таа улица одам до паркот во чија средина има езерце околу кое се посставени дрвени клупи. Милина е да ги дледаш двата лебеди како сложно пливаат. Пролетта во Вроцлав е многу зелена, а есента е златна...
Професорот ја прекина и тивко, со тажен глас, рече:
-Јас сум роден во Вроцлав. Таму пораснав, завршив факултет и станав тоа што сум денес. Живеев во западниот дел на градот. За дома од центарот на градот, кон запад, одев со тамвај по една двонасочна долга улица. Од двете страни растеа диви костени и липи, кои кога расцутуваа ширеа опоен мирис, така што со тој мирис луѓето ги полнеа градите. Скраја од улицата - многу зеленило, голем парк. Некаде пред крајот на долгата улица, лево, па потоа право одев кон мојата улица. Прво одев по старата, калдармисана улица, тоа е таа улица што ја спомнавте, улицата со фенерите... Памтам како еден пристар господин секој ден, по зајдисонце, качен на велосипед со еден стап на кој имаше запалка, ги запалуваше фенерите. Интимна светлина, мирис на липите, а околината исполнета со непрекинато пеење на птиците. Имаше многу птици и најразлични нивни пеења. Таму беше и мојата куќа. Приземје, два ката и поткровје, сместена во голем двор во кој беа насадени круши, јаболкници и сливи, а од двете страни на патеките – многу ружи...
Професорот од внатрешните џеб извади големо шамивче, ја избриша потта од челото и вратот и по подолго молчење, продолжи.
-Во јуришот на запад Советите го бомбардираа Бреслау кој од германската команда беше прогласен за неосвоива тврдина. Северното предградие на тој голем и прекрасен град што ние го викавме Бреслау, а Полјаците сега го викаат Вроцлав беше уништен од соетските бомбардирања. Од силната пропаганда на германските власти, под принуда и стравот што се ширеше дека Советите грозно се одмаздуваат, јас со семејството го напуштив мојот омилен град, значи ја напуштив вилата од која зедов само неколку алати и инструменти за правење протези и неколку медицински книги. Се друго оставивме и во најстуденото веме на имата пеш одевме на запад. Илјадници смрзнати бегалви од кои многу остануваа на патиштата... Ах, да не заборавам. Ги заборавив клучевите од вилата... Бегавме пеш. Повремено колоната беше напаѓана од советските авиони. Патот не водеше и не доведе тука, во овој град. И така, госпоѓо моја, јас и милиони Германци, со одлука на победниците, станавме бегалци или протерани од сопствената земја каде за нас нема повраок.
Промената на живеење во мирно време не е бегство, ама во воени услови, во кои е присутна закана од смртта -тогаш е бегство од сопствената земја, од своите корени. Новите комунистички власти, во Дојчланд Демократише Републик, нас специјалистите одлично не прифатија, работа, куќи, одлични услови за работа и се разбира молчење. Ние тука молчиме за тоа за кого работиме. Ама знаеме кои се тие на кои им правиме и им ги местите протезите и водиме грижа нашите пациенти да се задоволни и да се носат така, како да имаат сосема здрави нозе. Такви нозе им правиме.
Во текот на целиот престој чести беа прошетките и разговорите водени во работилницата, салата за вежбање, а најмногу во паркот, каде за време на долгите прошетки, кои беа програмирани за вежби во природа, Софка многу се радуваше на новите протези, забрзуваше чекор, се свртуваше, клекнуваше... Добро ги поднесуваше вежбите и во салата и во долгите прошетки во паркот. Тоа и помоѓна да присвои и еден скромен речник зборови од германскиот јазик. Секој ден се чувствуваше пободра, помалку ја болеше чувството дека е саката. Професорот, Вили, беше задоволен и неговата доверба кон Софка постојано растеше.
Еден ден, на зајдисонце со некаква мала несигурност во гласот, тој ја замоли:
- Кога ќе се вратиш во Бреслау, сега Вроцлав, сакам да ми исполниш една, за мене, голема желба.
- Бидете сигурен, докторе, дека тоа и без молење ќе го направам. Само кажете ми што треба да сторам.
- Да одиш на улица – докторот и го кажа германското име и веднаш потоа рече дека сега сигурно Полјаците го смениле, ама куќата би требало да стои, зашто тој дел на Бреслау не беше бомбардиран.. Ти реков дека е во близина на улицата со ноќните фенери. Ако одиш пред заодот на сонцето, можеби тогаш некој ќе ги запалува. Сврти лево и ќе ја видиши мојата вила. Сигурно е дека некој живее таму. Замоли ги новите стопани нека те пуштат. Ти, колку знам, веќе добро зборуваш полски и ќе се разбереш со нив. Замоли ги да те пуштат за да ја разгледаш, да видиш што има таму... внате, во надвор. Вети ми дека ќе одиш... Ќе ми направиш услуга.
Јас бескрајно си ја сакам таа куќа. Секоја ноќ ја сонувам. Татко ми беше архитект и со голема лубов и знаење ја градеше. Мајка ми, професорка во академијата за применети уметности, помагаше. Ветуваш?
- Ветувам, докторе. Се ќе направам и идната година кога, да сме живи и здрави, ќе побарам да ги сменам протезите, се ќе ви кажам. Ќе се погрижам да ја разгледам целата куќа, секоја просторија и ќош. Имајте доверба. Ви благодарам за довербата. Утре ќе отпатувам со возот. Не доаѓајте на станицата за да ме испратите... Од Вроцлав ќе ви се јавам со писмо на мојот јазик, македонскиот. Има тука неколку инвалиди кои се Македонци... Писмото ќе го испратам по мој доверлив пријател, а не по пошта...
Софка се врати во Вроцлав. По неколку денови отиде да ја бара вилата. Квечерината ја најде. Беше осветлена од фенерите и го виде човекот како полека возејќи велосипед, редум ги палеше газиените светилки на фенерите. Пламенчето на фенерите залулано од ветерот час растеше, час се смалуваше и пламенчето во сино ја осветлуваше улицата, калдрмата. Се тонеше во сината боја на светлината што се ширеше од ниските улични фенери. Застана настрана и долго гледаше во фенерите.
Утредента, пладнето влезе во дворот. Вратата беше отворено. Чукна на влезната врата од куќата. Отвори ниска, дебела госпоѓа.
-Повелете, која сте и што ви треба...
- Простете, госпоѓо... Јас, шетајќи ја видов оваа убава, прекрасна вила и си реков, оди, влези и види каква е внатре. Се осмелив да ве вознемирам. Простете, почитувана госпоѓо...
-Бронек, дојди, некоја госпоѓа е дојдена и моли да ја види вилата...
На вратата се појави висок, сув, болничав маж, држејќи на усните бело шамивче. Откако долго и болно се искашла, рече:
-Повелете, госпоѓице, да одиме – со широк замав ја покани да влезе.
Софка редум ги разгледа просториите во приземјето, првиот, па вториот кат.
-Тука, госпоѓице, во оваа вила – почна да објаснува пан Бронек, живеел угледен германски архитект и лекар ортопед, повеќе познат по правење одлични протези. Како што гледаш тука ништо не е сменето. Истиот мебел, истите кревети, истите слики на ѕидовите. Се е направено со големо знаење. И јас како архитект одлучив тука ништо да не менувам. Не гледам потреба. Ништо не е сменето... Се остана така, како што беше средено од претходите сопственици...
Откако ги разгледаа сите простории, пан Бронек праша:
- И што одлучивте? Ќе ни се придружите заедно да живееме во оваа вила? Имате слобода да си одберете соба по ваш вкус. Ние, со мојата Ела веќе сме стари и понекогаш ќе ни затреба и скромна помош... Верувам дека ќе го имаме задоволството да не услужувате ако затреба... на пример да одете до аптеката да ги купите лековите? Што велите за ова?...
-Со огромно задоволство ќе ви стојам на располагање, почитуван господине. Мене, иако сум тежок инвалид, не ми пречи да прошетам до аптеката или продавницата. Дури и лекарите ми препорачаа да пешачам.
Најчесто на работа одам пеш, а ретко со трамвајот...
- Зарем работите?
-Да, во една инвалидска задруга...
- А што работите таму?
-Четки за заби, за алишта, за чевли, папучи...
Пан Бронек ја прекина и ја праша:
-А какво образование имате?
- Никакво. Јас растев во две војни. Во првата како дете на село, а во втората како борец на седумнаесетгодишна возраст... и тешко ранета ме излекуваа полските лекари во една прекрасна болница во која останав две години и таму го научив полскиот јазик... Медицинската сестра многу се грижеше за мене и постојано водевме долги разговори за се околу нас... и ме учеше...
- Убаво го совладавте нашиот јазик...
- Благодарам...
-Да одиме во дворот. И таму се е како порано. Само јаболкниците, крушите и сливите се постари. Се исуши само црешата. Нова насадивме. И нови ружи насадивме.
- Бронек – се огласи од кујната дебелата госпоѓа, жената на архитектот. - Доста од шетањето, кафето е готово…
Пиејќи го кафето, пан Бронек забележа, велејќи и на Софка дека по акцентот има впечаток дека таа не е Полјакинка.
-Да, господине, јас не сум Полјакинка. Јас сум Македонка и со моето раскажување како се најдов во Полска, почитуван господине, не би сакала да ви го одземам скапоценото време.
-Добро, нека е така. Јас ќе ве држам за збор кога ќе се видиме наредниот пат, тогаш, госпогице, се ќе ми раскажете. Имам впечаток дека вие сте искрена и добродушна девојка... Тоа ви се гледа од очите, но и од тажниот глас. Само кажете ми еден збор. Од каде сте?
- Од Македонија, од делот што го зеде Грција.
- Значи сте емигрантка? Знам дека таму се водела војна... Сум чула дека во Вроцлав има доста голем број емигранти од Грција. И ние, тука сме емигранти. Емигранти ни се и децата. Постариот син, живее во Велика Британија, градежен инженер, за време на војната пилот - мајор на Кралското воено воздухо-пловство.
Помалиот – лекар и тој се борел против Германците, живее во Франција, а ќерката се омажила за болшевички полковник и заедно со него и двете внучиња живее во Одеса. Гледате, ние сме разбиено семејство.
Потекнуваме од Лвов, денес во Украина. Лвов, драга госпоѓице, беше срцето на полската наука и култура.
Мојот Бронек на Лвовската политехника предаваше архитектура, а јас полски јазик и литература. Специјалност
– полскиот романтизам – Мицкјевич, Словацки... Ќе повторам, Лвов беше средиштето на полската научна, културна и интелектуална елита. Врвни имиња во сите науки. Затоа се вели дека Лвов, покрај Краков беше умот на Полска. Варшава? Ништо од тоа. Збирштина на ситни трговци, распојашани аристократи сместени во големи палати градени од просечни италијански архитекти. А Лоџ? Лоџ имаше значење. Беше облекувалната на Русија. Евреите таму развија моќна текстилна индустрија и ја облекуваа Русија со секаков текстил. Меѓу еврејските индустријалци имаше и еден Полјак, кој немаше благородничка титула и грб, ама имаше многу пари. Наместо грб, секаде ја истакнуваше латинската буква ,,P”. Што значеше дека е од Познањ и дека е Полјак.
Госпоѓа Елжбјета прекина за миг и откако ја избриша сронетата солза, рече:
-Ние, со мојот Бронек, само еднаш во годината одиме во Лвов. На 2 ноември, денот на мртвите. Таму, во најубавите гробишта почиваат нашите родители и предци. Бевме голема и угледна фамилија на лекари, архитекти, инженери, универзитетски професори... Одиме, реков, да ги чистиме гробовите, полагаме убаво есенско цвеќе и палиме свеќи за да има светлина за нивните души и за нашиот спомен и болката за нашиот мил Лвов. На тој ден не сме таму само ние. Илјадници Полјаци и тој ден Лвов пак е полски, има полска душа, воздишка, болка и тага и се слуша само полскиот говор и тивко, со болка и тага во душите се пеат старите песни... и се фрлат клетви за денот кога Советите не втераа во товарни вагони заедно со стоката и не преселија тука во Вроцлав. Ние, драга госпоѓице, тука се чувствуваме како бегалци, а не како Лвовјаци...
- Ела – се огласи пан Бронек – те молам, не ја заморувај годпоѓицата...
- Ја заморувам, велиш? Не, туку и кажувам зошто денес ние не сме дома, во нашата куќа во Лвов, туку сме оттргнати од таму, откорнати, испадени... Па, нели не протераа, мој мил Бронек?
- Да, тоа е точно – тивко прозбори пан Бронек – ама сега лошо е времето за да се зборува за тоа. Поради таквото зборување некои веќе настрадаа во новиот режим. Сега е време на возвишени пароли, кои се украс на јалови, неостварливи надежи...
- Не, не е така, мој мил Бронек. Неостварливи надежи? Зарем ние, Полјаците, некогаш сме изгубиле надеж? Никогаш, мој мил. Живеевме како што живеевме, ама надеж не губевме. Што не учеа нас нашите стари?
Што ги учевме ние нашите деца? А сега што ги учат во училиштата овие новите властодршци? Под кој услов можеш да се запишеш на факултет? Да си член на Сојузот на полската младина, да потекнуваш од пролетерската класа, а не од интелектуалните слоеви ... А во наше време кој беше условот за запишување на факултет? Знаењето, мој мил... Туку, ајде, доста и за ова. Дојдете, пак, госпоѓице. Ќе испечам колач и тоа таков што прстите ќе си ги лижете. Сега тоа ми остана. Да печам колачи, наместо да сум тоа што сум била – универзитетски професор. Сакав и тука, во Вроцлав тоа да бидам, ама ми рекоа дека сега е друго време и таквите како мене се отпадок. Многу истрпивме и ова ќе го истрпиме... Како во изминатите 120 – тина години.
Секогаш нашето најголемо оружје, мила гопоѓице, беше нашата не пресушена надеж...
Госпоѓа Ељжбјета, стана и рече:
-Госпоѓице драго ми беше. Дојдете пак. Соба ќе имате кај нас, наместо да живеете во тој работнички интернат. За киријата ќе се договориме. Ние со мојот Бронек заедно веќе старееме педесет години и сега ретко некој не посетува. До видување и пак дојдете. Ќе испечам колач специјално за вас и за мојот Бронек, кој многу сака такви колачи да јаде, пиејќи јак индиски чај што ретко го добиваме под тезга... Господ да е со вас, до гледање, мила госпоѓице...
ТРЕТ ДЕЛ Доцна ноќе на вратата од станот на Аргир се слушна тивко чукање. Аргир се нагрна со ноќната наметка и полека до половина ја отвори вратата.
-Облечи се и слези. Долу те чека водачот – прошепоти непознатиот.
Вчудовиден од веста, само тивко и кажа на сопругата кој го чека, набрзина се облече и брзаница, прескокнувајќи скалила, застана пред големата влезна порта на зградата пред која беше паркирана црна валкана кола ВОЛГА. Непознатиот му ја отвори предната десна врата. Влезе и седна до возачот.
-Здраво, другар Аргирис - познат глас. Морници по целото тело. Полека се сврте и со растеперен глас, тивко, испрекинато отпоздрави махинално подигајќи десна рака за војнички поздрав. Зад него седеше тој, водачот, кој се подаде понапред и по вообичаениот разговор, рече:
- Другар Аргирис дојде време сериозно да се зафатиме со животот на нашите политички бегалци. Ние во политбирото одлучивме бегалците да ги прибереме на едно место. Во врска со тоа ги замоливме полските власти да ни доделат едно две или три празни села во крајниот југо-исток на Полска, каде има напуштени села. Другарот Бјерут, претседателот на Полска, изрази согласност. Таму, другар Аргирис ќа прајме колхоз.
Значи полските власти ни доделија две села и таму ќе ги собереме пред се твоите славомакедонци. Твоја задача ќе биде нив да ги посетиш во тие земјоделски стопанства и да им ја пренесеш и објасниш целата работа. Тие тебе ти веруваат. Ние ќе се договориме што и како да им објасниш, а натаму постојано ќе ја имаш помошта на партијата и лично мојата. Оди во станот земи си ги најпотребните работи, на сопругата кажи и дека те викаат по важна партиска задача и дека ќе се вратиш дури по неколку денови.
Тоа што Захаријадис го кажа, Аргир го сфати како најсериозна партиска задача, па дури и како борбена наредба. Набрзина се врати во станот и, собирајќи ги најпотребните работи во малото и старо куферче, истовремено тивко и раскажуваше на сопругата со кого се виде и каква задача доби и дека ќе го нема извесно време.
Во селата кои Бјерут, полскиот претседател, му ги додели на својот пријател, стигнаа по четири дена.
Еден ден се задржаа во Краков, каде откако се избањаа и одморија во хотелот, ги разгледаа неговите знаменитости и рано-наутро тргнаа на пат. По лоши и калливи пратишта вечерта стигнаа во гратчето Устшики Дољне. Таму ги пречекаа членот на грчката комуниситчка организација во Полска и секретарот на околискиот комитет на Полската Обединета Работничка Партија во придружба на десетина вооружени цивили. Во строго обезбедената сала за вечери за специјални гости во придружба на команадантот на пограничниот воен одред и началниот на околиската удба, седнаа да вечераат. По богатата вечера со печено срниче и унгарски вина, ноќта ја преспаа во гостинскиот апартман на една вила изградена исклучиво од борови трупци. Не појадуваа. Се напија само кафе и по получасовно возење по многу лош локален пат, стигнаа во селото Крошченко и се упатија кон училишната зграда. Тука појадуваа и тргнаа во посета на двете села – Крошченко и отаде нискиот рид, Лисковате. Секаде дрвени, ниски куќи, некои покриени со ламарина, а повеќето со слама. Ѕидани беа и покриени со ќерамиди само многу запоставените училишни згради и зградата на железничката станица.
Наоколу борови шуми, огромни ниви легнати долж ниските ридови, обраснати со висока трева. Некогаш, изгледа, плодни ораници. Во дворовите на куѓите закржлавени стебла на јаболкници, круши, цреши, сливи.
Глетката оставаше впечаток дека тука некогаш татнеше живот.
Захаријадис го фати Аргира под мишка и откако се оддалечи од придружбата десетина метри, рече:
-Ете тука на твоите славомакедонци и еден доста голем број Грци ќе им отвориме простор за живот. За нов живот. Тука ќе формираме колхоз и ќе го именуваме со надежно име – НОВ ЖИВОТ.
Аргир застана, строго се загледа во очите на водачот и без колебање праша:
-Другар Захаријадис, ова да не биде некој нов Булкес?56 Зарем тука, во оваа пустелија каде ноќе ѓаволот не вели добра ноќ ќе градиме нов живот? – со насмевка на чудење и разочараност, рече Аргир.
- Да. Тука, другар Аргирис. Тука, другар Аргирис, ние ќе дадеме една голема битка за да го вратиме животот. Работите почнаа. Веќе се формираат бригади од столари и електричари, кои ќе наместат врати и прозорци и ќе спроведат струја и дури потоа ќе ги донесеме тука нашите. Твоја партиска задача сега е, другар, Аргирис, да одиш по колхозите околу Згожелец и да ги убедиш селаните костурски и лерински да го прифатат 56 Булкес- село во Србија во кое до крајот на втората светска војна живееле Германци, кои во текот на војната им се придружија на нацисстите и поради тоа биле протерани. По договорот во Вваркиза, по чија сила комунистите го предадоа оружјето на властите поддржани со помош на Англичаните, поради теророт и прогонот, неколку илјади истакнати команданти на ЕЛАС и политички активисти на ЕАМ и КПГ пребегнале во Југославија. На почетокот биле населувани во Струмица, Битола,Прилеп,, Велес и Куманово од каде биле преселени во Тетово во старите касарни. Во тоа исто време во Федерална Македонија преку Бугарија пристигнале голем број протерани Македонци од Егејска Македонија, пред се од Воденско, Кајљарско, Серско, Драмско. Касарните биле испразнети од грчките бегалци и на нивно место биле населени македонските бегалци, наречени Егејци, кои подоцна биле преселени во Војводина.
До крјот на 1945 година во Булкес биле населени над пет илјади грчки воени и политички бегалци и доста голем број цивилно население. Во Булкес грчките бегалци со дозвола и помош на југословенските власти формирале грчка општина со своја цивилна администрација, полиција, радиостаница, печатница, основно и средно образование, школа за офицери и подофицери, политички комесари и своја парична валута. Булкес беше расадник на командниот и политичкиот состав на ДАГ. Од Булкес за Грамос, преку Албанија и Југославија, во 1946 година беа префрлувани во Грција првите партизански единици. Кон крајот на 1949 година останатите 1200 лица од Булкес беа префрлени во Чехословачка. Булкес во паметењето на голем број политички бегалци остана запаметен како место на голем број извршени злосторства против неистомислениците.
новото место на живеење. Куќите во кои тие сега живеат, како што ми е речено во Варшава веќе е донесено решение да им бидат доделени на иселените Полјаци од Западна Украина и Белорусија, територии, кои тие ги викаат Креси. Сега да се вратиме во гратчето и со локалните власти да позборуваме за некои работи, што со нивна помош, треба итно да се извршат. По вечерата и преспиената ноќ, ќе се вратиме во Згожелец, каде на земскиот партиски комите на КПГ за Полска ќе му ги објасниме новите задачи, а потоа вие ќе тргнете по колхозозите, кои Полјаците ги викаат Државни земјодрлски стопанства во кои сега живеат и работат нашите политички бегалци. Јасно?
За Аргир, стар комунист и командант на батаљон во Граѓанската војна, сега како обичен работник во една текстилна фарика во Легница, зборот на водачот, устен или напишан, секогаш беше јасен и приман без поговор.
А имаше пред себе голема желба. Долго во ноќта и во секое слободно време учеше полски јазик. Му беше потребен за да се запише во двегодишната гимназија која даваше можност за продолжување на образованието на посебен курс , а од таму на факултет. Сакаше да студира механика. Да биде инжинер. Тоа му беше голема желба и во неа го вложуваше целото свое слободно време. Но, се прекина врвцата на големата желба. По недела дена тргна да ги посетува земјоделските стопанства во кои живееја и работеа бегалците за да им каже и објасни дека наскоро ќе го сменат местото на живеење. По некој ден го посети зејодлското стопанство Кунув каде беа сместени Костурчани и Леринчани. Не му беше прва средба со нив. И тој беше еден од нив – костурско селско дете, воловарче, овчарче и на младешки и возрасни години борец во две дојни. Во текот на војната честопати ги посетуваше нивните села, во нивните куќи наоѓаше леб и вода и постела за спиење, нивни синови и ќерки беа борци во неговиот баталјон и многу од нив засекокаш останаа на боиштата. Се обидуваше да ги теши, да им ја намали болката. И затоа секоја средба со нив му беше тешка, но во срдечните разговори наоѓаше олеснување. На собирот што долго траеше попладнето и до полноќ им објаснуваше дека полските власти доделија две села во кои наскоро ќе бидат преселени. Таму, веќе е формиран колхоз, убедливо велеше Аргир, каде секој ќе си има своја куќа, со двор, парче земја на која ќе може да сади домати, компир, кромид, па дури и бостан и таканатаму, да чува по неколку кокошки, а во догледно време и по една или две крави, а тие, кои ќе работат во колхозот ќе добиваат редовна државна плата.
Ете така, мои мили, секој од вас со својата фамилија ќе си има свое домаќинство... Вишокот од бавчите иградините и јајцата ќе може да ги продава на пазарот со гратчето и така ќе заработи некоја пара повќе...
-А ти, Аргире, каде ќе бидеш? – се слушна глас од задните редови.
Аргир се насмевна и рече:
-Таму, во колхозот, заедно со вас...
-На верно?
-Најсигурно!
-А таму, во тој колхоз, ќе има ли менза како тука и јадења од ист казан?
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/17 on October 29, 2026