Macedonians and the Greek Civil War
ГЛАВА ТРЕТА - ФОРМИРАЊЕ ДЕМОКРАТСКА ВЛАДА
ГЛАВА ТРЕТА - ФОРМИРАЊЕ ДЕМОКРАТСКА ВЛАДА
1. Обединетата грчка десница во борба против демократското движење.
На 7 септември 1947 година, по длабоката владина криза, во Грција беше формиран кабинетот на Темистоклис Софулис, шеф на Либералната партија, која до тогаш, од денот на парламентарните избори од март 1946 година беше во опозиција. Со тоа што Софулис дотогаш беше во опозицијата и ја критикуваше владата на крајната десница за економскиот хаос во земјата, за теророт и тн. се беше здобил со глас на “мирољубив” и “умерен елемент”. Токму тоа му овозможи да стане, со доаѓањето за шеф на коалиционата влада, многу поопасен за демократското движење.
Преземајќи ја владата, Софулис објавува едномесечна амнестија за борците од Демократската армија кои би се предале; ослободи незнатен број затвореници и интернирци, за да се покаже “доследен” на своите опозициони ставови кои ги заземаше во парламентот. Меѓутоа, Софулис не дојде на власт со намера да се постигне некое компромисно решение, туку да ја продолжи истата политика за задушување со сила на движењето на отпорот. Во таа смисла тој не само што не престана, туку и го засили зацврстувањето на вооружените сили и од американците бара натамошна испорака на оружје. Но истовремено со воените подготовки тој продолжи и со политичките маневри. Во периодот на траењето на “амнестијата”, единиците кои оперираа против Демократската армија беа инструирани да не вршат отворен терор над населението, туку напротив да агитираат дека тие се бореле затоа што Демократската армија била против националните интереси дека владата на Софулис била претставник на вистинската демократија, дека ова се гледало и по тоа што дала амнестија итн. Софулисовата влада знаеше дека со амнестијата не може да ја растури Демократската армија. Најмногу што можеше да очекува е тоа да се предадат извесен број колебливци. Но тоа што сакаше да го постигне беше психолошкиот и политичкиот ефект, за да ја оправда својата однапред определена линија за општ напад против Демократската армија.
По истекувањето на роковите на “амнестијата”, Софулис објавува “тотална мобилизација на сите национални сили”, за борба против Демократската армија. Во врска со тоа ги презеде следниве мерки:
- реши да ги лиши масите во земјата од каков и да е контакт со движењето на Демократската армија. Масовно средство преку кое демократското движење имаше контакт со масите беше демократскиот печат кој под тешки услови излегуваше во поголемите градови. Тој забрани отпрво да се растураат демократските весници во северниот дел на земјата, каде движењето беше најмасовно, а подоцна е изгласан закон со кој беше забрането излегување на демократските публикации. Така беше ликвидиран демократскиот печат и од 28 дневни и неделни изданија приврзани на демократската армија, не излегуваше веќе ниту едно;
- продолжи со мобилизација на нови вооружени сили, затоа што силите со кои располагаше не беа доволни да се спротивстават на Демократската армија. Во однос на тактичките задачи организирани беа два вида војска. Од постарите набори и единиците МАИ формиран се единици на Националната гарда, баталјонски формации од по 500 души со задача да ги обезбедуваат градовите. Планот предвидуваше овие единици да бројат 50.000 луѓе. Другата војска, која требаше да израсне до 150.000 души, беше предвидено да се оспособи и вооружи за офанзивни акции против ДАГ. Во соодветност со горните цели објавена е мобилизација;
- во градовите и поголемите населени места, каде има своја војска и полиција или други вооружени формации, воведена е строга воено-полициска контрола и го контролираа речиси секое движење на луѓето. Сето тоа во намера да се изолираат масите од контактот со слободните територии. Голем број од населението го мобилизира за помошни работи, пренесување на муницијата и храна на единиците кои се бореа против ДАГ, чување на друмските патишта и чистење истите од мините, копање шанци во градовите и на положаите на владините единици;
- откако презедоа мерки да не се слуша друга освен нивната агитација, како за време траењето рокот на “амнестијата” така и по тоа, формирани се таканаречени пропагандни одбори од свои угледни личности, кои по градовите и селата развиваат усилена пропаганда, ширејќи разни исмислици и клевети против соседните земји, а во прв ред против Југославија. Токму во времето кога е спроведувана “амнестијата” се подготвуваше терен за мобилизација, монархофашистичкиот печат пишуваше дека во Југославија избувнала “револуција” против Тито, а по извесно време дека “бунтовниците се борат и зазедоа неколку места”, “на бунтовниците им се приклучува и Титовата војска” итн. Тоа е правено со намера да се изврши психолошка диверзија и да успее нејзината мобилизација;
- по истекот на роковите на амнестијата го засили теророт на демократското население. Палат цели села под изговор во нив “да не се вгнездат партизаните”, плачкосуваат жива стока и инвентар од селата под изговор дека “тоа го прават и партизаните”, иселуваат цели села во чија близина партизаните извршуваат некоја диверзантска акција. Воените судови изрекнуваат смртни пресуди повеќе од кога и да е порано.
Овие беа мерките на Софулисовата влада есента и зимата 1947 година, а во исто време се вршеа диверзантски напади, се подготвуваше за офанзива од поголеми размери во пролетта
1948 година.
Ахилова пета и на Софулисовата влада остануваше економскиот хаос во земјата. Производството не можеше да се совземе уште од окупацијата. Готовата американска стока и помошта од УНРА беше мизерниот материјален извор за егзистенција на повеќе од милион обезбедомени и безработни.
Не можеше да се воспостави никаква економска рамнотежа – стабилизација на пазарот и парите. Незадоволството во масите беше огромно, но тоа незадоволство владата настојуваше да го искористи за своите цели. Од изгладнетите маси врбува своја војска. Запослува само членови на профашистичките организации а со закон забранува секаква синдикална активност и штрајкови.
Сите овие мерки, сепак, не беа доволни наполно да ги охрабрат грчките контрареволуционерни сили. Затоа беше нужна и некоја отворена манифестација дека американците директно се ангажираат. Во таа мисла беше формиран заеднички генералштаб, а во секоја поголема воена формација имаше американски офицери кои раководеа со операциите.
Таква е состојбата во владиниот табор под коалиционата влада на Софулис спроти 1948 година – година која, како раководството на Демократската армија, така и непријателот во Атина ја оценуваше како решавачка за крајниот исход на борбата.
2. Формирање на привремена Демократска влада Демократска армија и воопшто демократското движење во земјата со доаѓањето на Софулис на чело на атинската влада со септември 1947 година, се најде пред една нова ситуација.
Политичките маневри на Софулис не беа за потценување, особено ако се земат предвид опозиционите ставови во парламентот кои често беа пофалувани од демократскиот печат.
А зад политичките маневри следеше засилената американка помош и мерките за зголемување на вооружените сили – војската, полицијата и вооружените цивили, таканаречени МАИ.
Амнестијата на Демократската армија беше навистина едно силно испитание. Дури траеше амнестијата се појавија поединечни дезертерства од редовите на Демократската армија.
Во текот на месец септември 1947 година од страна на кралските војски беше преземена офанзива и извршен напад на ослободената територија на планина Грамос. Таа офанзива имаше за цел да направи клин во слободната територија на Епир и Западна Македонија и ја засенчи одлуката на Главниот штаб на Демократската армија кој се прогласи за врховна власт на слободната територија до формирањето на Демократската влада. Оваа непријателска офанзива не успеа да го заземе Грамос, но успеа да и наметне позициона борба на ДАГ и со поголема ефикасност да се служи со тешкото вооружување – артилерија и авијација. Тој непријателски напад го осуети планот на ДАГ да ја прошири слободната територија, со што би се создале поволни услови за реализирање на замислениот политички потег – формирање на Демократската влада.
Во месец октомври 1947 година одржан е Третиот пленум ан ЦК КПГ, на кој е констатирано: “Американската интервенција во Грција го затвори патот за спогодба на двата спротивни табори”. На основа на таа оценка на истиот пленум се поставува задача да се покрене народот на вооружено востание и во врска со тоа Пленумот го застапува следното становиште:
“Ослободување на земјата и осигурување на нејзината независнот и демократски развиток”.
Како непосредна задача се постави создавањето на поголема слободна територија, а за таа цел “Демократската армија да изврши мобилизација и бројчено да порасне, да се подигне борбеноста, да изработи генерален план за напаѓање и спроведување на постојани напади, да не се штедат жртвите како досега”.
Во врска со споменатиот пленум на ЦК КПГ, Главниот штаб на Демократската армија донесе решение за формирање регуларни воени формации и следните два документа за мобилизација пред одржувањето на самиот Пленум:
“ЗАПОВЕД Демократска армија на Грција Главен штаб Штабно биро I Број на проток. 722.
Во врска со број 132/25.VIII.1947 година и А.П. 307/25. IX.1947 година, заповед
1. ги повикуваме под оружје да служат во редовите на Демократската армија мажи и жени од следните категории:
а) сите граѓани кои служеле во редовоте на ЕЛАС, како борци и офицери кои зедоа отпусница по спогодбата во Варкиза.
б) кои служеле во Националната милиција како милиционери и офицери и кои зедоа отпусница по спогодбата во Варкиза.
в) оние кои служеле во интендантурата на партизаните и зедоа отпусница по спогодбата во Варкиза.
2) Се исклучуваат од погорната мобилизација инвалидите на Народно-ослободителната борба 41-45 (ЕЛАС) чиј процент на инвалидност ги направил неспособни за воена служба.
3) Погоре мобилизираните, каде и да се наоѓаат, ќе треба да најдат начин да се јават при најблиските во своето местожителство единици на Демократската армија Оние од мобилизираните што не ќе се јават со оваа заповед во редовите на Демократската армија, ќе се сметаат за непријавени.
4) Штабовите во области да издадат соодветни наредби на своите единици. Да се преземат мерки за навреме да се известат сите повикани.
Главен штаб, 30.IX.1947 год.
генерал Маркос.” А под бр. 721, следната заповед:
“Главниот штаб на Демократската армија, имајки ја предвид желбата на грчкиот народ да се бори со сите свои сили за слобода, демократија и независноста на Грција, Ги повикува сите демократски граѓани што се наоѓаат во градовите и селата држани од непријателот, да помогнат на кој и да е начин на делото на Демократската армија.
Наредени во редовите на Демократската армија ќе се сметаат сите демократски граѓани кои во градовите и селата ќе се состават во групи повеќе од по три члена, ќе положат клетвата на борец на Демократската армија и ќе работат енергично за успешно извршување на нејзините цели.
Главен штаб, 30.IX.1947 година генерал Маркос.” Задачите што ги постави III Пленум на ЦК КПГ не се остварија.
Мобилизацијата што ја објави Главниот штаб на ДАГ не ги даде очекуваните резултати. Непријателот имаше спроведено силна контрола над градовите и селата што ги држеше под своја власт. Покрај војската и полицијата вооружените цивили, таканаречените МАИ, беа јака опора на контрареволуционерната власт. Освен од оваа важна причина, за неуспехот на мобилизацијата влијаеше и фактот што дотогашната линија на КПГ беше двосмислена во однос на вооружената борба во Грција. Но мобилизацијата сепак бројчано ја засили Демократската армија и ја доведе во положба не само да ги одбие монархофашистичките напади на Пелопонез, Тесалија, Источна и Западна Македонија, туку да премине во офанзива. Така, наредните зимни месеци и пролетта 1948 година, единиците на Демократската армија презедоа офанзивни акции ширум цела Грција. Поголеми партизански одреди се јавија во близината на Атина. Се зачестија нападите на југ – во Пелопонез и Тесалија, а во Егејска Македонија, Тракија и Епир, тие зедоа најголем замав. Во споменатиот период преземен е напад против Солун, нападнати се градовите Нигрита, Негуш, Собоско, Ксанти во Тракија и Коница во Епир.
Но, ако Демократската армија можеше да ја преземе иницијативата и да ги спроведе горните акции во зимата 1947-48 година и пролетта 1948 година, таа од летото 1948 година ја изгуби иницијативата и оттогаш, може да се рече, почнува крајот на востанието.
На основа оценката дека “американската интервенција го затвори патот за спогодба меѓу двата спротивни табори” и задачата за ослободување на поголема територија, беше донесен план за ослободување на Западна Македонија и Епир и фронтот да се пренесе во Тесалија. Тоа се поставуваше како минимум план за 1948 година, што ќе беше и услов за формирање на Демократската влада и таа да добие меѓнародно значење и тежина. Меѓутоа, Демократската армија не успеа да ја изврши таа задача и кога во декември 1947 година беше формирана Привремена демократска влада, немаше слободна една поголема поврзана територија со некој окружни или покраински град, за да послужи како седиште на револуционерната влада.
На 23 декември 1947 година беше формирана Привремена Демократска влада. Веста за формирањето на Демократската влада навистина предизвика коментари ширум светот, а забуна во Атина, Лондон и Вашингтон, зашто формирањето на Демократската влада требаше, всушност да значи нова фаза од развитокот на борбата на демократските сили во Грција и фаза на нов степен и од меѓународно значење. Меѓутоа, текот на настаните тоа го демантираа. Борците на ДАГ и демократските маси во Грција очекуваа демократската влада да биде признаена за законита влада на Грција од пријателски расположените влади спрема демократското движење. Но тоа не беше така. Тој факт одеше во прилог на пропагандата на непријателот и тој елемент беше од определено влијание за натамошниот развиток на работите.
Привремената Демократска влада донесе неколку законски акти од внатрешно-политички карактер, што за општествениот и политички живот на Грција означува општествена програма.
Донесен е Закон за народни одбори на народно-демократска основа, Закон за аграрна реформа, некои законски прописи за школството и признавање рамноправност на националните малцинства, а во одговор на атинската влада на Софулис, донесен е Закон за амнестија.
Но сите овие акти не можеа да го надоместат ефектот кој би имал признавањето на привремената Демократска влада од страна на еден број земји за легитимна влада на Слободна Грција.
Работите во текот на 1948 година не се развија ниту на војно, ниту на политичко поле според предвидувањата од демократското движење во земјата.
Прво, мобилизацијата на Демократската армија не ги донесе очекуваните резултати. Непријателот презеде една голема офанзивна акција во февруари-март 1948 година на една колона од новомобилизирани, борци, невооружени, од Тесалија и Румелија, и на теренот на планината Пиерија, успеа да ја разбие. Тој успех на непријателот беше голем морално- политички удар за ДАГ, а конкретно и една изгубена битка.
Второ, Демократската армија, иако презеде офанзивни акции со редица напади на повеќе градови низ цела Грција, не успеа да реализира ниеден територијален успех, според предвидениот план, ниту да ги уништи главните сили на непријателот.
Наспроти тоа, непријателот кога не успеа да однесе полна победа на Грамос – летото 1948 година, го прегази целиот терен на Румелија, изврши големи злочинства над мирното население, свлече по затворите нови стотици невини луѓе од дотогаш слободната територија во овој реон.
Трето, во јуни 1948 година се појави резолуцијата на Коминформ против КПЈ, што имаше директно негативно влијание по демократското движење, а го охрабри непријателот кој умешно знаеше да го користи тоа во пропагандни цели.
Четврто, како последица од ставот на Коминформ спрема раководството на КПЈ и Југославија, слабостите и грешките во демократското движење во текот на 1948 година, дојде до разијдување во раководството на Демократската армија.
Захаријадис се пресметува со своите противници, што предизвика криза во редовите на Демократската армија и воопшто во демократското движење.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/8 on October 29, 2026