Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Macedonians and the Greek Civil War

ГЛАВА ПРВА - ЕДНОСТРАНА ГРАЃАНСКА ВОЈНА - Part 01

By Наум Пејов · Part 3 of 19 · About 18 minutes

Read in English

ГЛАВА ПРВА - ЕДНОСТРАНА ГРАЃАНСКА ВОЈНА

1. Ситуацијата по спогодбата во Варкиза и потезите на десницата Додека се водеа борбите во Атина и во моментот кога се потпишуваше спогодбата во Варкиза, ЕЛАС беше господар на ситуацијата во целата земја. Секаде беше воспоставен ред, беа разоружани и притварани сите поистакнати вооружени соработници на окупаторот. Меѓутоа, по потпишувањето на спогодбата, додека се вршеше разоружувањето на ЕЛАС, на друга страна се вооружуваа довчерашните соработници на окупаторот кои се пуштаа во еден разуздан терор против голоракиот народ. Во земјата завладеа вистински хаос. За тогашната ситуација може да се добие претстава ако се изнесат само неколку цитати од тогашниот печат.

Весникот “Ризоспартис” од 15 јуни 1945 година, откако донесува вести за трагедијата на населението во Источна Македонија и Тракија, завршува со зборовите: “Затворите на Александрополис, Ферон, Суфли, Дидимотико и Орестијада полни се со затвореници кои се уапсени без никаква вина.

Комисии од селата често ја посетуваат Дирекцијата на полицијата и Националната гарда, каде се оплакуваат на неподносливоста на положбата. Обласниот управител на Тракија тоа го знае. Комисиите кои отидоа во Александрополис и Комотини, се уапсени и уште се држат во затвор, а петициите им се искинати од припадниците на Националната гарда”.

Истиот весник од 13 јули 1945 година под наслов “Сто и педесет разбојнички банди со 18000 вооружани монархисти се денешната вистинска држава”, иронично ја коментира изјавата на регонтот Дамаскинос за “големата слобода во Грција” и ги дава следниве интересни податоци: “Повеќе од сто и педесет такви разбојнички банди ја држат власта на крал Горѓи II во сите реони на земјата. Еве некои од кралските банди

1. Пелопонез: Папанусис, Папапанос, Каралис, Гуменос, Пилитопулос, Доровицас, Христакис, Папатанос-Горентис, Лазанис, Зорвас, Папанастасополус, Цалбурас, Пападакос.

2. Румели: Кузелис, Катранзис, Галузис, Вуркалис, Ласијас, Папандонис, Герандодимос.

3. Ксиромеро: Веридос, Флорен, Бурвовилас, Карабекиос.

4. Кефалонја: Пападимакос.

5. Тесалија: Сурлас, Цандулас, Биджис, Мерманис,Кукудисис, Влатјокостас, Велетас, Калагрицас, Калјас.

6. Епир: Пентазис, Кацос, Балумис, Војдарес, Карабинис, Макас;

7. Македонија – Тракија: Чауш Андон, Капетан Катас, Кепетан Вангелис, Кондакос, Зисис, Прионис, Дарвелас, Мумцис, Сакас, Цакирис, Романдас, Костандинидис, Кукас, Кукуванис, Хараполус, Суан, Илијадис, Загронис, Стефанидис, Пентазис, Зевгие, Кимеридис, Манаси, Пацурис, Загранис, Топузоглу, Карапанојотис”.

Натаму весникот дава податоци за бројот на башибозукот во одделни реони и начинот на кој се вооружуваат и помагаат во нивната дејност од владината војска и полиција.

Весникот “Лаики Фони” од 17 јуни 1945 година под заглавие “Фашисти припадници на Националната гарда и башибозук го мачат народот во Македонија. Силуваа 12-годишни девојчиња и стари жени на 60 години. Вистинска разбојничка банда падарите но Ениджевардарско и еден интересен разговор” пишува меѓу другото:

“На 7 јуни кон полноќ, бившиот соработник на окупаторот Коскинас, сега офицер на Националната гарда, во град Кукуш појде во домот на жртвата на албанскиот фронт вдовицата Никополитиду и застрашувајќи ја со пушка се обиде да ја одвлече.

Воден. Теророт во градот и околијата надмина секоја граница.

Припадниците на Националната гарда, Англичани и башибозук вршат блокади и апсат демократски граѓани. Припадниците на Националната гарда апсат секого кој би го фатиле да чита весник на левицата и го претепуваат до мртвило. Продавачите на левичарските весници ги застрашуваат дека ќе ги пребијат ако и натаму продаваат такви весници.

Повеќе од месец дена не циркулираат левичарски весници...”.

Солунскиот весник “Македонија”, орган на Либералната партија во својот број од 1 јуни 1945 година донесува “отворено писмо” од Иоанис Михаил, бивши пратеник на Демократскиот сојуз за Солун, со следнава содржина:

“До г.г. министер гувернерот на Македонија, управителот на Централна Македонија, командантот и јавниот обвинител на град Солун.

Во село Куфалија, Солунско, поставен е за командир на единицата на Националната гарда потпоручникот Иоанис Драгумис, за да го пази редот и безбедноста, за да ги пази селаните и нивниот имот. Откако ја презеде должноста, офицерот со своите постапки стана страв и трепет за населението.

Селани – домакини што немаа никаква врска со окупаторот се апсат и тепаат до изнемоглост и се застрашуваат дека ако јават за случајот одново ќе бидат тепани. Кога оние што настрадале и одговорните од селото се пожалија на воената команда и јавниот обвинител, воената команда испрати виш офицер да поведе истрага, но досега нема резултат, а јавниот обвинител им изјавил дека не бил надлежен да интервенира. На тој начин, благодарејќи на незаинтересираноста на владата споменатиот офицер продолжува со ѕверствата, а селаните се вчудоневидени од ваквите постапки на власта. Строгите наредби што му ги упати воената команда на офецерот изгледа дека немаат никакво дејство. Вчера е доведен во овдешната општинска болница чесниот селанец Христос Фока во тешка положба со искршени ребра од тепањето, само заради тоа што се јавил како заштитник и сведок на двајца свои соселани кои беа ослободени од судската власт.

Јавно ја обвинувам срамната работа на потпоручникот Иоани Драгуми и барам директно негово обвинување или на соодветната компетентна власт по тоа прашање, штом не останаа други средства да се заштитат правата на граѓаните.

Со Почит, Иоанис Михаил, бивши пратеник на Демократскиот сојуз.” Со вакви примери, обилуваше печатот од тоа време, а уште повеќе самиот живот.

Грчката десница, која по декемвриските настани ја имаше во свои раце легитимната влада во Грција, беше свесна дека ни од далеку не ја осигурала својата власт и дека дури од нејзините натамошни настојувања ќе зависи колку ќе и успее да го задуши демократското движење во Грција и да ја зацврсти власта.

Меѓународната ситуација не трпеше решенија какви што даде грчката десница кога се најде во политичка криза пред II Светска војна со воведувањето на фашистичката диктатура на Метаксас. Токму затоа мораше да се мисли на скорешни парламентарни избори и плебисцит, за враќање или не на кралот во земјата. Но грчката буржоазија беше свесна за големината на својот политички капитал во грчките широки маси. Во текот на војната во земјата се разви, без оглед на внатрешните слабост, масовно народно-ослободетелно движење против фашизмот и на тој начин се изврши најсилната поларизација на силите во земјата. Затоа грчката буржоазија не се одлучуваше за слободни парламентарни избори или плебисцит, се дури не осигура такви услови и такви избори кои ќе ја задоволат само формалната страна на прашањето и ќе и обезбедат на владата легитимација на “законита” влада на Грција.

За горната цел беше потребно во прв ред да се задуши движењето на ЕАМ; потоа да ја воспостави, зацврсти и консолидира својата власт во земјата – да направи свој државен апарат, своја вооружена сила-полиција и војска. Немаше на кого друг да се потпре, освен да ги рехабилитира соработниците на окупаторот. Така и постапи. На декларираните соработници на окупаторот им овозможи и понатаму да продолжат со теророт што го вршеа против народот за време на окупацијата. Таа мерка требаше да послужи да му се нанесе првиот удир на демократското движење, да се заплашат масите и владата да добие свои приврзеници. Ова беше основната карактеристика на јавниот и политичкиот живот во Грција во текот на целата 1945 година.

Покрај споменатиот терор на најразличните вооружени групи, почна и “легален” терор од самите органи на власта; и тој се повеќе растеше во зависност од тоа како се ширеше и зацврснуваше самата власт од центарот кон периферијата. Така, бројот на уапсените, затворени и интернирани борци на отпорот во текот на 1945 година достигна на десетина илјади. Заедно со теророт од башибозукот и органите на власта – полицијата и војската, се поттикнаа и десничарските елементи да пристапат кон политичка консолидација на своите сили со формирање на разни организации – младински, професионални, разни сојузи итн.

Натаму, почна интензивно зајакнување на полицијата и воопшто државниот апарат со најшовинистичките елементи во земјата, припадници на бившата полиција на Метаксас и сл.

Исто така се постапи и при формирањето на војската. Во прв ред целата војска беше очистена од демократски настроените офицери. Во секоја боена единица беше создадена воена полиција. При мобилизацијата се пристапуваше по системот на поединечно повикување што им овозможуваше на органите на владата да повикаат поголем број свои луѓе или неактивни оддносно и неопределени лица. Доколку и покрај сите овие мерки на предострожност во војската се инфилтрираа некои борбени демократски елементи, тогаш воената полиција вршеше последна чиска на тој начин што “сомнителните елементи” ги разоружуваше и ги користеше за помошни служби или ги упатуваше во интернација на егејските острови, Макронисос и др.

Во спроведувањето на гореизложените мерки грчката буржоазија имаше сестрана материјална и морална поткрепа од англиските окупациони сили во земјата, а организацијата на грчката полиција и војската беше доверена на англиски офицери. Покрај тоа во политички цели обилно се користеше помошта од УНРА која во Грција беше далеку поголема отколку во другите земји.

Како резултат на оваа еднострана граѓанска војна во Грција, што ја водеше грчката десница против демократските сили, во текот на 1945 година дојде до економски хаос во земјата. Не беа направени ни најосновните чекори за обнова на земјата и зголемување на производството. Единствено помошта во хранителни продукти и стока за широка потрошувачка од УНРА, служеше да се одржи опстанокот на народот.

Но, грчката буржоазија умешно манипулираше со таквата положба во земјата во своја корист, користејќи ја меѓу-народната ситуација – првата половина на 1945 година додека уште траеше Втората светска војна, а втората половина како период кој следи непосредно по војната. Сите напори ги насочи кон експанзионистичките територијални барања; на тој план ја префрли дури и борбата со демократските сили во земјата, обвинувајќи ги како “предавници на националните интереси”.

По Втората светска војна можеби нема друг подрастичен пример на безосновани анексионистички апетити во однос на своите соседи од тој на грчката буржоазија. Разгорувајќи ги во масите со десетилетија всадуваните шовинистички настроенија во однос на соседните народи и идејата за “Мегали Елада” (Голема Грција), грчките властодршци систематски ја труеја политичката атмосфера во земјата.

Доминантна политичка парола наметната од десницата беше “национални барања”. Не беа ретки случаите да се одржуваа митинзи и демонстрации под паролата “Тирана-Софија-Москва”. Дневните весници и специјални публикации ја разработуваат темата на “националните аспирации” и ги груеја масите со анкесионистички апетити. Еве ја во превод насловната страна на една брошура:

“Од Георги Н. Василиу е.е. м потпуковник на инженеријата” Грчкиот проблем

(како го разбираат северните Грци)

Нашите национални барања Повик од грчкиот народ до Конгресот на мирот И нашите територијални барања” Откако во брошурата авторот ги образложува барањата, дава табеларен преглед на “Голема Грција”, на територијата и населението.

Од табеларниот преглед се гледат барањата спрема Албанија, Југославија, Бугарија, Турција, Италија и Англија. Потоа колонии од Италија и Велика Британија во Африка и на крајот барање за присилно иселување на милион и половина Славјани од Грција. Според мислење на овој потполковник, изнесено во брошурата, Грција од земја, која според пописот од 1940 година зафаќала површина од 129,879,8 кл², со население од 7.335.672 души и 56,5 жители на еден кл² би станала земја со површина од 1.745.413,5 кл², со население од 21,763.926 односно 12,5 жители на еден кл².

На 28 октомври 1945 година во Солун одржан е собир таканаречен “Конгрес за националните права”. На тој собир свој реферат поднесоа двајца професори – Киријакидис и Воѓазидис, во кој се потрудија да ги образложат “историски” и “научно” грчките апирации према своите соседи.

На “Конгресот на национални права” покрај останатите одржа говор и генерал Лумбас, кој 1946 година излезе во брошурка под наслов “Потребната стратегиска реформа на грчките граници”. Лумбас својот говор го почнува со зборовите:

“Нашите граници кон север определени се со договорите во Букурешт и во Нејги и договорот во Флоренца.

Определувањето се изврши без да биде земен предвид општиот принцип за обезбедувањето поволни услови за сигурност на заинтересираните страни”.

Откако генералот ги образложува “потребите” од измена на границите, за “сигурни граници на Грција” предлага: “Поради тоа, граничната линија спрема Албанија, според горното треба да оди како следува: остров Сашо, линијата која ги дели водите на реките Шкумби и Аржан до котата 1425, каде што се сретнува со споменатата погоре наша линија на сигурност спрема Албанија.” Во врска со грчко-југословенската граница, бидејќи постојните теснини и пречки меѓу сегашните граници и Солун, на Костурино и Демир Капија, малку се оддалечени од Солун и во правец на висорамнините Лерин – Кожани не постоела никаква природна пречка и линијата на сигурност “кон Југославија” требало да биде следнава:

“Северните приоди на планинските масиви Сува Гора и Караџица, северно од Велес, северно од Штип сливот на реката Брагалница и нејзината притока Злетосвска Река, течението на реката Брегалница до околината на Царево Село” Нема сомневање дека кога имаат смелост да бараат “исправки” спрема Албанија и Југославија, ќе побараат исто така и спрема Бугарија.

Откако набројува “аргументи” за оваа негова теза, заклучува:

“Поради споменатите причини во околиите меѓу Струма и Места нашата пограничка сигурност е незначителна, а во областа помеѓу реките Места и Марица не постои ниту трага од погранична сигурност. Поради сето тоа станува нужна потребата од стратегиско исправање на нашите граници со Бугарија на начин, кој во иднина да спречува секаква можност за анексионистички претензии против нас. Но тоа може да успее единствено со општото завладување на планинските масиви на Пирин и Родопите од наша страна, зашто овие планински масиви од една страна претставуваат многу сериозни природни пречки за нападни операции од бугарска територија против нас, а од дурга страна – на овој начин се добива нужната длабочина на нашите застрашени околии за водење на одбранбена борба.” Поздравен говор на “Конгресот за национални права” од 28 октомври 1945 година во Солун, одржа и генерал потполковникот Димитрие Какавос, кој наскоро беше отпечатен во посебна брошура под наслов: “Македонија во последните 40 години и нашите национални права”. Тој фрла летимичен поглед на блиската историја на Македонија, гледана низ призмата на грчките мегаломански очила и откако, оплакува за тоа дека Грција не била наградена како што требало, прелага.

“Нашите граници веќе минуваат покрај клонот на Пирин, кој исто така е клон на Родопите, но и Родопите се клон на Хемус.

Ако, значи, сакаме справедливо да ги разделиме воените предности на територијата, потребно е, бездруго, да стигнеме до Хемус и оттаму линијата да се отправува западно кон Црно Море.

Но, ако истакнувањето на овие наши справедливи барања би се окарактеризирале евентуално како шовинизам, а не како неопходна мерка за сигурноста на државата од насилија, единствена согласност која би можело да биде примена, е да се ограничи нашата гранична линија до горните Родопи, оттаму преку Габровица, откако ќе ја надмине железничката линија Пловдив-Софија, да мине на Панаѓуриште и да заврши на Црно Море, така што да стане наша национална област делината на Марица заедно со, до пред извесно време развиените грчки центри Пловдив, Станимах, Кавакли, Бургас, Созопол, Агатопол.” Откако накратко и лажно ги интерпретира воените настани од I и II балканска војна авторот се свртува на барањата према Југославија и вели: “По горното сметам дека нашата гранична линија од горните Родопи треба да минува низ масивите на Пирин и Арвин и да стигнува на Малеш и од таму да завршува над височините на Охридското Езеро, така што сите споменати грчки центри – Струмица, Дојран, Гевгелија, Прилеп, Крушево, Битола да преминат во грчката држава, со што покрај нашата воена сигурност прилично се задоволува и прашањето на нашето економско засилување со приклучувањето на Пелагонското Поле.” На крајот, заокружувајќи ја замислената граница на Грција до Јадранско Море, Какавос вели: “И денеска, продолжувајќи го одредувањето на нашата гранична линија до Јадранското Море, сметаме дека таа од северниот крај на Охридско Езеро треба да се насочува кон устието на река Скумби, така што Јужна Албанија, која правилно е наречена Северн Епир, заедно со развиените грчки центри, херојската Хумара, Авлона, Гинокастро, Корча, да преминат во нашата национална територија”.

Еве какви националистички и мегаломански идеи се ширеа во Грција од грчките шовинисти по најстрашната војна која до денес ја помни човештвото. Земајќи го овој факт во вид, може да се дојде до заклучок какви можеа да бидат односите на оваа влада спрема обичниот, мирниот работник и селанец кој се бори за гола егзистенција. Во Грција буржоазијата беше доведена во положба да падне. Таа паѓаше, но со помош од империјалистичките сили од странство таа одново застана на нозе, и тогаш со десетпати поголема жестокот се нафрли против својот гробар – работникот и работниот селанец, против работниот народ-револуционер. Само така може да се објаснат настаните во Грција по истерувањето на окупаторот.

Лично верувам дека како организаторите на “Конгресот на националните права” така и говорниците и учесниците, на него, ако кај нив останало елементарна мерка на реалност, и самите не можеа да веруваат во задоволувањето на таквите лудачки аспирации на мировните конфереции за сметка на соседите. Но она што е точно е фактот дека се тие непоправливи шовинисти.

Во Грција, каде општествената криза дојде до израз уште пред Втората светска војна, и беше задушена со воведувањето на крвавата фашистичка диктатура на Метаксас од 1936 година, пламна во време на војната и окупацијата, што се изрази во Народно-ослободителната борба, а по војната го постави прашањето на патот по кој ќе тргне Грција, дали ќе избере нов, или ќе оди по стариот? Ќе победат ли новите општествени сили или ќе останат на власт старите? Како што е познато, со помошта од странската интервенција, во Грција се реставрира старата власт. Но, на неа и беше потребно создавање на извесна основа и база во масите. А токму тоа сакаа да создадат преку оваа пропаганда, преку пропагандата за “националните права”.

Сакаа да ги заведат масите со примамливи пароли за проширување на плодни територии кои и “историски” им припаѓале.

Целата 1945 година мина и во знак на одредување времето за одржување парламентарни избори и пребисцит, за тоа дали изборите за парламент или плебисцитот воопшто ќе се одржат и каков да биде системот на изборите. Во името на тоа, во текот на таа бескрајна анархија која владееше во целата земја, за време на владата на Вулгарис беа подготвени изборните списоци, кои всушност претставуваа нечуен и без преседан масовен фалсификат.

Откако административната влада на Вулгарис доследно ја изврши својата задача, во почетокот на 1946 год. истата беше заменета со владата на водачот на Либералната партија Темистоклес Софулис. И оваа промена не е од мало тактичко значење во смислените потези, како што ќе видиме понатаму, на грчката буржоазија во нејзините усилби со комбинација на насилство и фалсификат да ја зацврсти својата власт и пред светското јавно мислење да се претстави како “законита”

2. Оцените на раководството на КПГ На 25 јуни 1945 година беше одржан XII Пленум на ЦК КПГ.

Во Резолуцијата меѓу другото може да се прочита и следново:

“Пленумот на Централниот комитет на ЦК КПГ констатира сериозно влошување на внатрешната ситуација од XI Пленум до денес. Владата се покажа неспособна да воспостави внатрешен ред и не ја покажа својата зрелост за денешните критички моменти. Терористите на десницата на чело со Воениот сојуз кој дејствува како помошник на олигархијата на крупната буржоазија, со смислената толеранција од владата и извесни кругови од странство и помошта на државните органи (националната гарда, жандармеријата, градска полиција) се готови да извршат фашистички пуч., да воспостават фашистичка диктатура. Подготвуваат меѓународни вооружени авантури. Имаат регистрирано десетина илјади демократски граѓани за да ги стрелат првата ноќ на пучот.

Грција е единствена земја во Европа од таборот на победниците каде фашисти, соработници на окупаторот, квинслинзи и предавници одново ја задушуваат демократијата. Движењето на отпорот се наоѓа во жестоко прогонство. Стотици лица се убиени и се убиваат. Десетици илјади се наоѓаат во затвор.

Стотици илјади се наоѓаат во прогонство. Тоа е белег на еден политички авантуризам кој управува со земјата и ја тера во внатрешни и надворешни катастрофи.” По наведената констатација, под заглавие “Спасението на народот” се вели:

“Пленумот на ЦК на КПГ констатира дека само коалициониот демократски свет во земјата, земајќи го во свои раце и управувањето со земјата, може да ја спаси ситуацијата.

Политичката коалиција на партиите од ЕАМ, која го претставува поголемиот и демократски дел од народот, треба да го подигне високо и решително знамето на борбата за да ги собере сите демократски сили во една приемлива програма за заштита на Републиката и воспоставување демократски ред во нашата земја. Пленумот нагласува дека одбивањето на бившите демократски и политички припадници за една елементарна демократска соработка и конкретните напори што се чинат од одделни нивни фактори за да се разбијат единствените демократски организации, во основата претставуваат кршење на секое демократско начело и морална норма. Тоа и користи само на реакцијата, дури и сега и дава поткрепа, мошне ја охрабри и ја направи дрска. Нагласуваме дека истата тактика во есента 1935 година доведе до пучот и “плебисцитот” “на Кондилис и до враќањето на Глигзбурк, до Метаксас, до 4 август, до предавството и капитулацијата. Истата опасност се испречува одново непосредно, како резултат од разбивањето на демократските сили, што ќе му послужи на Глигзбурк за неговото враќање”.

Откако во Резолуцијата на Пленумот се истакнува напред изнесеното, се бара спроведување на спогодбата во Јалта меѓу трите големи сили и со нивна интервенција и во Грција веднаш да се формира коалициона влада од сите партии кои не соработуваа со окупаторот и се против насилните фашистички решенија. Таквата влада да воспостави политички и синдикални слободи, демократски ред и спокојство, и во рок, најмногу од 4 месеци да спроведе слободни избори за уставотворно собрание со пропорционален изборен систем.

Натаму, откако е даден горниот предлог за “коалициона влада од сите партии” во Резолуцијата се поставуваат извесни задачи на таквата влада за подготовка на изборите.

Од изнесените констатации, недвосмислено може да се согледа каква беше ситуацијата во земјата. Во каква положба беше доведено движењето на отпорот и неговите припадници. Со какви средства се бореше десницата која беше на власт, каков беше државниот апарат кој беше во формирање, каква беше полицијата и војската.

Задачите кои ги постави Пленумот беа следниве:

“Пленумот потцртува особено: а) дека убиствената терористичка дејност на десницата императивно наложува веднаш организирање на МАСОВНА НАРОДНА САМО-ОДБРАНА за престанување на теророт. Мажите, жените, младината, целата демократска Грција ќе ја скршат раката на убијците – фашисти, секој пат кога ќе се крене вооружена; б)

дека масовните борби на сите слоеви на работниот народ и демократските маси воопшто (протести, штрајкови, собранија, демонстрации, затворање на чаршијата) сенароден погреб на жртвите од фашизмот итн. е првенствен демократски долг за да се спречуваат конкретните терористички дела на реакцијата; в)