Macedonians and the Greek Civil War
ГЛАВА СЕДМА - ОДНОСИТЕ НА НОФ СО КПГ
ГЛАВА СЕДМА - ОДНОСИТЕ НА НОФ СО КПГ
1. Разногласијата меѓу раководството на КПГ и НОФ Ставовите за вооружена или политичко-парламентарна форма на борба, што беа основата за разногласието меѓу НОФ и КПГ, за ситуацијата во Грција повлекуваа низа последици.
Придонесуваше, што е најважно, за колебањето кај НОФ дали да ја засили вооружената борба или не, а и по низа други прашања секогаш да зазема став на исчекување за да види како ќе постапи раководството на КПГ. Така беше по основното и судбоносно прашање за јакнењето на вооружените одрди; така беше по прашањето за стапувањето на повиканите Македонци во редовите на монархофашистичката армија за отслужување на кадровскиот рок; така беше по прашањето на парламентарните избори од март 1946 година и плебисцитот од септември истата година.
По однос на прашањето за одење или не во монархофашистичката војска, ставот на НОФ, во соодветност со општото гледање на ситуацијата во Грција, беше да не се оди, додека ставот на КПГ беше да се оди. Ставот на НОФ, пак, од друга страна, не можеше да биде до крај доследен, поради следното: неодѕивувањето на повикот за отслужување на кадровскиот рок, повиканиот автоматски стануваше илегалец, односно по силата на законот прогонуван и мораше да се склони во планина и да се приклучи во партизанските групи.
Меѓутоа, како што погоре видовме, групите воопшто немаа таква директива, тие немаа доволно оружје, а едно време (август 1945 година) добија директива и систематски да ги избегнуваат оружените судрувања со непријателските формации. А повикувањето на регрути или мобилизација на извесни годишта и категории на воени обврзници се совпаѓаа токму со овој период. Затоа ставот на НОФ за неодење во монархофашистичката војска не можеше да има полн успех.
Во еден документ – писмо, од 9 јули 1945 година, упатено до раководството на НОФ, читаме: “денес добивме писмо од нашата заднина во кое ми пишува: во село Буф дојде проглас во кој се вели дека на 18 овој месец треба да се јават на регрутна комисија сите младинци од наборите 1941-1945 година.
Поради тоа нашата заднина сака да му каже на народот како да постапи. Ви се молам по најбрз начин да меизвестите што треба да сториме и какво становиште да заземе нашата младина во оваа мобилизација”.
Во едно писмо со повеќе прашања од окружното раководство за Воденски округ до Главното раководство на НОФ, датирано од 7 декември 1945 година се вели: “ќе продолжиме ли со бојкотирањето на мобилизацијата во националистичката војска?” Не е напразно во врска со ова да се нагласи една многу битна работа во раководството на организацијата. Поради двоумењето по извесни прашања, или очекување за усогласување на ставотите на НОФ и КПГ, не и достигаше на организацијата јасен, точен и определен навреме став по многу прашања во процесот на работата и раководењето.
Флагрантен пример за тоа претставува ставот по парламентарните избори во Грција. Всушност, не може да се говори за став на НОФ, затоа што таков немаше, тој можеше да се нарече “став усогласен со ставот на КПГ”.
Парламентарните избори, како што е речено во првиот дел, се одржуваа фактички во услови на граѓанска војна во земјата, во услови на масовно прогонство на сите демократски настроени граѓани, во услови на политички хаос и беззаконие. Ставот по изборите нормално требаше да произлезе од основниот став:
дали ќе се поведе вооружена борба или не. И бидејќи ставот на НОФ беше за вооружена борба, тогаш за став по изборите немаше што да се мисли. Но од наведените причини тој став требаше да се усогласи со ставот на КПГ, и се додека КПГ не го објави својот став, а тоа го стори кратко време пред изборите, НОФ не заземаше определен став.
Како што е извесно, ставот беше да се апстенира од изборите и тој став НОФ со успех го спроведе. Но, од интерес е да наведеме некои факти од предизборниот период. Меѓу задачите поставени на својата седница од 1 февруари 1946 година, Окружниот одбор на Воденски округ под наслов “Политички задачи” во точка 9 се вели: “Ќе треба да извадиме изборни книжици, дали ќе гласаме или не уште не знаеме. Тоа ќе зависи од условите, но ќе треба да го проучиме прашањето за да најдеме погодни луѓе, верни Македонци и со авторитет, за кандидирање”.
Во насловот “Решенија”, под точка 5 се вели: “Да ги истакнеме во првата половина на месецот кандидатите за народни претставници”.
Значи, се вршеа сите подготовки за евентуално учество во изборите. Во едно свое директивно писмо до организациите, датирано од 1 март 1946 година, окружното раководство на НОФ, го поставува прашањето за изборите: “Во врска со изборите ставот ќе биде следниот. Ние ќе учествуваме само во вистински слободни избори. Неопходен предуслов за тоа е владата на Софулис да си даде оставка која е одговорна пред народот и земјата. Да се формира коалициона претставничка влада, со широко учество на демократските сили. Не само учество на ЕАМ во владата на Софулис. Тој став ние не го подржуваме, туку наполно сменување на владата на Софулис и формирање на широка демократска, претставничка влада. Исто така неопходен предуслов за слободни избори е повлекувањето на Англичаните од Грција, кои се орган на англиската империјалистичка политика и грчката плутократија.
Следователно, прво и неопходно е повлекувањето на англиските војски, урнувањето на владата на Софулис и коалиционата влада. Покренување, значи, прво на сите наши сили и безмилосна борба за тоа и потем покренување нашите сили за изборите.” Ќе го наведеме и следниот став од споменатото директивно писмо, бидејќи е доста карактеристично.
“Црниот фронт подготвува монархофашистички пуч. Нашиот став треба да биде определен. Ако ЕАМ и другите демократски странки во таков случај пројават вооружен отпор и ние масовно вооружено ќе учествуваме во демократскиот фронт на отпорот.
Во спротивен случај, бидејќи НОФ нема услови да држи сам проширен воен фронт на отпор, ако не се прошири и во останатата Грција, тогаш ќе се ограничиме на одделни спротивставувања со вооружена народна самоодбрана, во случај кога ќе бидеме нападнати (значи народот и ние) со оружје од црниот фронт и во случаи на субверзивна акција, бидејќи начелно веруваме дека ЕАМ вооружено ќе се спротивстави во случај на опасност од монархофашистички пуч. Затоа и ние треба да сме готови да се најдеме на страната на демократските сили.” Ги наведов овие два цитата за да му стане јасно на читателот како организацијата во тој период го поставуваше проблемот.
Од изнесеното јасно се гледа дека битката се водеше околу политичкото прашање на изборите, во кое демократските сили зазедоа негативен став во надеж, дека изборите ќе бидат пропаднати и дека ќе бидат одржани нови избори, под услови кои ги поставуваше ЕАМ. Таквата претпоставка се покажа наполно нереална, зашто како десницата во Грција, така и нивните господари во странство, беа свесни каде би ги одвело таквото решение. Покрај тоа, недовидлива се покажа и претпоставката дека ќе се изврши некаков пуч од класичен тип, па во таков случај “да сме готови за сопротива”.
Треба да се одбележи дека во ова време беше занемарено јакнењето на вооружените партизански групи, иако се зборуваше и за можен пуч – што се споменува и во вториот цитат. Таквиот став и кај НОФ беше резултат од влијанието на мислењето на КПГ, бидејќи во тоа време контактите меѓу раководителите на КПГ и НОФ на теренот беа почести, а единствениот став по изборите ги зближи за заеднички акции.
Ситуацијата по изборите нагло се влошува. Имено, десницата го засилува до нечуени размери теророт над демократските граѓани кои апстинираа на изборите. КПГ зазема став да исфрли партизански групи. Еве што во врска со тоа пишува секретарот на Леринскиот округ на НОФ Лазар Поп Лазаров до Главното раководство на 12 април 1946 година: “Дојдов во контакт со ОК на КПГ за Леринско, кој ми стави до знаење дека по решението на Политбирото на ЦК КПГ пренесено од Покраинскиот комитет, ОК за Леринско ќе исфрли четири партизански групи на леринскиот терен, за да одговори на нападот на монархофашистите и со перспектива за подготовка за развој и пошироко востаничко движење во Грција. Бидејќи организацијата НОФ во Леринско стана масовна и цврста, преминувајќи ја кризата, а тоа го покажа во битката на апстиненција, затоа се принудија да ја побарат нејзината помош во новата форма на борба што ја поставуваат. Сакам да го изложам развојот на ситуацијата овде, дали ќе треба да ја промениме тактиката, да ги решиме овде техничките тешкотии.
Значи и ние ќе исфрлиме партизански единици, како ќе ги вооружиме и да ја прочистиме нашата тактика”.
Во задачите од состанокот на Окружниот одбор на НОФ за воденски округ од 15 април 1946 година под точка 5 се вели:
“да го засилиме со сите средства во луѓе и материјали нашето партизанско движење”. (Наведов повеќе примери од Воденската организација која беше најактивна и постојана бидејќи постојано беше раководството – Вангел Ајановски и Мирка Гинова).
Значи, по изборите заземен е усогласен курс од КПГ и НОФ за јакнење на вооружената борба. Но, тоа, пак, не значи дека раководството на КПГ се определи за вооружено востание. Ние развојот на работите ги видовме и во првиот дел од овој напис.
Тој став имаше одраз и врз ставот на НОФ, оти во ова време беа почнати преговорите за спогодба. Одраз на таквиот став беше и решението за учество во плебисцитот од септември 1946 година. Но и плебисцитот покажа дека на грчката десница демократските форми за парламентарни избори и плебисцит – и служат само како измама пред надворешмиот свет. Така по плебисцитот дојде дефинитивно до спогодба на КПГ и НОФ, што стана основа за силен поттик на вооруженото востание во Грција.
2. Спогодбата меѓу НОФ и КПГ Интерисите на борбата бараа полна согласност по сите прашања од борбата, полна усогласеност на мислењата и акциите на КПГ и НОФ. Тоа стануваше поочигледно-императивно со течение на времето, со заострувањето на кризата и се поширокото разгорување на граѓанската војна. Но, да се дојде до спогодба требаше да се пребродат голем број пречки. Не беше доволна само единствената оцена на ситуацијата и единствен став по прашањето на формата на борбата која треба да се поведе во земјата, кои ги разделуваше КПГ и НОФ, но кое беше решено со промената на ставот на КПГ за потребата од вооружена борба. Требаше да се реши прашањето на односите меѓу организацијата на НОФ и КПГ, нејзиниот статус, прашањето за развојот на партизанските единици итн. За сите тие работи беше тешко, како што ќе видиме, да се постигне спогодба до толку повеќе, што поради лошото искуство во минатото кај Македонците и НОФ владееше голема недоверба. Од друга страна двегодишните разидувајња беа проследени колку со една принципиелна, толку и една непринципиелна кампања, општи и лични навреди.
Раководителите на КПГ развија широка кампања во текот на 1945 година против организацијата НОФ така што пресвртот не можеше лесно да се направи.
За да се избришат и заборават непријателствата, откако стана очигледно дека тоа само на класниот и општ непријател може да му користи, се дојде до решението за спогодба и обдинување, требаше од двете страни да се направат максимални усилби на добра волја, а од страна на раководителите на КПГ, како раководна организација, да се преземат и такви мерки кои навистина немаше да остават никакви сомневања кај НОФ и македонскиот народ за намерите и искреноста на раководителите на КПГ. Меѓутоа, случајот на беше таков. Раководството на КПГ не му пристапи на ова прашање комунистички. Кога еднаш се дојде до констатација дека НОФ е реален факт без кој не може да се замисли учеството на македонскиот народ во зедничката борба против општиот непријател – грчката контрареволуција и странските интервенти, требаше да ја признае целата беспринципиелност на дотогашниот однос спрема НОФ, и не само да ја признае, туку со натамошните мерки да докаже дека се откажува од таквата политика, само тогаш можеа да се очекуваат плодни резултати од спогодбата.
Кога раководството на КПГ се согласи со потребата од постоењето на НОФ во Егејска Македонија, а се согласи да разговара со нејзиното раководство и да постигнат спогодба, требаше да биде доследно и искрено према НОФ. Затоа што во случајот не се работи за некоја идеолошки и класно туѓа организација и привремен сопатник на КПГ, ами за една народна, национална организација раководена од социјалистичките принципи, со определена цел во тој правец.
До толку повеќе беше потребно раководството на КПГ да му пристапи на горниот начин по тоа прашање, затоа што дотогашното непријателство и ставот по македонското национално прашање од темел ја разниша довербата на македонскиот народ во раководството на КПГ и самата Комунистичка партија на Грција како таква. Токму затоа македонскиот народ од Егејска Македонија се собра така масовно и цврсто околу својата организација и смело ги бранеше нејзините принципи. Затоа, раководството на КПГ требаше да води сметка за тие факти ако искрено, без задни намери и револуционерно гледаше на тоа прашање.
За успехот на борбата против општиот непријател, за поуспешно организирање на широките Македонски маси и за закрепување на довербата на македонските маси спрема КПГ, беше нужна една таква политика спрема НОФ, која ќе значеше олицетворние не само на формалната, туку и вистинската независност на организацијата, нејзиното идејно и организационо јакнење и афирмација на оној раководен кадар кој дотогаш веше застанат на чело на организацијата, кадарот кој идеолошки му припаѓаше на НОФ. Но раководителите на КПГ не постапија на горниот начин ами спротивно. Тие ја гледаа потребата од спогодување и обединување со НОФ во вооружената борба која се повеќе се разгоруваше. Но токму затоа што ова беше станало нужда, од која не можеше да се избегне, бараа НОФ безусловно да се стави под раководство на КПГ.
Контакти за заеднички политички акции на КПГ и НОФ постигнати се уште за време на парламентарните избори во март 1946 година, а по тоа и за некои воени акции на теренот.
Но тие контакти беа одржувани на теренот за конкретизирање на тактичките задачи. До средба на претставник на Главното раководство на НОФ со секретарот на КПГ, кога веќе беше постигната начелна согласност за обединувањето, дојде дури во летото 1946 година. Согласно на таа начелна спогодба, членовите на Главното раководство на НОФ се заложија да ги спроведат тие решенија во живот.
Во втората половина на септември 1946 година Марко Вафијадис, тогаш партиски функционер, подоцна командант на Демократската армија и претседател на Привремената демократска влада, на раководството на НОФ му ги соопшти условите врз кои требаше да се врши обединувањето.
Условите се состоеја во следното:
1. Да се расформираат постојните македонски партизански групи и борците да се приклучат кон одредите на ЕЛАС.
Бидејќи според мислењето на КПГ постоењето на македонски партизански групи ја слабеат контролата на Партијата над нив, (пред два месеци при начелната спогодба, КПГ се согласуваше во Егејска Македонија да постојат посебни македонски единици со свои штабови, а таму каде би имало и грчки единици, да се формираат заеднички повисоки штабови).
2. По прашањето за составот на раководствата и командите на воените единици КПГ си го задржуваше правото да постави “добри команданти” во кои има полна доверба КПГ. Тие можат да бидат Грци, а пак групите што ќе ги водат, да бидат наполно составени од Македонци, ако Партијата ги најде за погодни – беше ставот на КПГ.
3. По однос на кооптерањето Македонци од НОФ во раководството на КПГ во македонските провинции кое можеше да биде како израз на одредено влијание на НОФ во раководството, ставот на КПГ гласеше: “не мора во македонските области меѓу раководните партиски органи да има бездруго и Македонци раководители. Важно е кои се поспособни и кои имаат повеќе доверба во Партијата”.
Лесно може да се замисли, на основа таквите ставови на раководителите на КПГ, каква можеше да биде положбата на НОФ, на Македонецот – борец во редовите на ДАГ и судбината на македонскиот народ. Тоа беше положба на една подредена организација, на нерамноправен борец и судбина на македонскиот народ во целина исполнета со неизвесност.
Со споменатите услови не можеше да се согласи ни последниот член на организацијата НОФ и вооружен македонски герилец, но сепак таа спогодба конечно беше спроведена.
Другарите од НОФ, кои беа добиле задача да го спроведат првобитниот договор (тој од јули 1946 година), кога отидоа на теренот наидоа на други ставови, се сретнаа со студенот натисок од претставниците на КПГ.
На 25 август 1946 година беше одржан состанок меѓу претсавници на Окружниот комитет на КПГ за Леринско и преставници од раководството на НОФ на планината Вич. На тој состанок претставниците на НОФ настојуваа да се спроведе првобитната спогодба, но претставниците на КПГ одбиваа. Тие не се согласуваа да се создаде заеднички штаб, туку бараа македонските единици да се расформираат. Командниот кадар на партизанските единици ќе требаше да го одреди КПГ, а НОФ ќе требаше да престане да има било какво влијание во војската
– беше ставот на претставниците на КПГ.
Ист беше случајот на планините Кајмакчалан и Пајак. Еве, што во врска со тие тешкотии се вели во извештајот на Главното раководство на НОФ од 27 септември 1946 година:
“1. Во Пајак (ениџевардарско и Гуменичко) претставник на КПГ е другарот Статис. Овој другар како услов за соработка и заедничка дејност во воените единици го постави растурањето на македонските групи и нивното сврстување во грчките. Нека се одбележи дека таму 115 партизани се повеќе наши и 100 Грци под команда на Статис. Неговиот предлог не беше примен од другарот Павле Раковски и тој тогаш се закани со прекинување на секакви односи и оттогаш наваму не сака никакво соработување. При сето тоа, по наредба на другарот Павле Раковски, нашите јавки и организации го опслужуваат, бидејќи во овие места нема други организации освен на НОФ, кои правилно функционираат.
Истиот другар, борците на НОФ ги нарече предавници на КПГ и органи на Охраната и на Интелиџенс-сервис и отворено го проповедува ова со јасна цел да посее смут и фанатизам меѓу грчките маси...
2. Другарот Панос е инструктор на Покраинскиот комитет во околиите Воден, Ениџе Вардар, Гумениџе, Негош. Овој другар пред неколку дена стигна на Кајмакчалан каде што македонските партизани се 200, а Грците 30 и се обиде да ги растури македонските групи, заплашувајќи го Џоџо дека ќе треба да се потчини. Истовремено отворено ги напаѓаше кадрите на НОФ дека се влијаеле од КПЈ и дека тоа нема да им излезе на добро.
3. Другарот Тасо инструктор на Покраинскиот комитет за Западна Македонија, Костур, Лерин, Гревена, Кожани, во разговор и состаноци што ги имаше со разни другари кажа дека не гледа никаква причина да постои одделна антифашистичка организација на Славо-Македонците т.е. НОФ. Неговото мислење било да се растури “и сигурно ќе се растури”, а пак Славо-Македонците да влезат во грчките антифашистички организации...
4. Другарот Фотис Пападимитрију, секретар на Окружниот комитет на КПГ на еден состанок што го имал со другарот Павле Дувалевски, член на Окружниот одбор на нашата организација за Костурско, во доверба му предложи да го напушти НОФ и да премине во ЕАМ и во КПГ. Му рекол дека во таков случај ќе биде член на Окружниот комитет за Костурско. “На овој начин ќе се распаднат НОФитите и ќе се растурат” – рекол тој, јавува другарот Дувалевски. Истиот Фотис конспиративно пропагира, Македонците да не се организираат во НОФ, а пак јавно агитира дека не било задолжително Македонците да се организираат во НОФ.” Цитирав поголем дел од овој извештај, затоа што има дирекна врска со крајот на оваа драма на македонскиот народ. Тој не беше сојузник во борбата, ами просто се третираше како неплатен наемник. Може ова да звучи чудно, но тоа беше така!
Како што се гледа од изнесеното, раководителите на КПГ од првиот момент сакаа потполно да го обезглават македонското движење. Тие не сакаа да допуштат македонски партизански групи т.е. не сакаа да остават во рацете на НОФ сила. А без воена сила во условите на вооружена борба, организацијата НОФ можеше да претставува само послушен орган.
Раководителите на КПГ од првиот момент и непосредно до повлекувањето на Демократската армија и крајот на вооружената борба во Грција, систематски работеа врз подривањето на организацијата на НОФ, на лишувањето од каква и да е независност – лушувањето по тој начин, во суштина, на организацијата од нејзината душа. Македонските партизани во редовите на ДАГ беа обесправени и спрема нив се вршеше дискриминација. Специјално се омаловажуваа оние Македонци кои како припадници на НОФ, кога тој делуваше во несогласност со КПГ, се истакнаа со својата дејност за развојот на организацијата и мобилизација на македонскиот народ во борбата против своите непријатели. Но, и покрај тие сериозни недостатоци и слабости, по спогодбата и по одлучниот курс за вооружена борба, имаме широк замав на востанието. Пролетта 1947 година, имаме ослободени цели реони во Егејска Македонија. Годината 1947 мина под знакот на успон на револуцијата во Грција, а тоа особено беше видливо во Егејска Македонија.
3. Првиот конгрес на НОФ И покрај сериозните слабости на демократското движење и во односите на КПГ и НОФ, вооружената борба во Грција по спогодбата, доживеа врз развој. Силите на атинскиот режим пролетта 1947 година, под притисокот на се посилните удари од партизанската војска, се најдоа принудени да евакуираат цели реони и да се концентрираат за одбрана во градските и сообраќајните центри. Така, на пример, пролетта 1947 година беше евакуиран реонот на Преспа, кој со масивот на планината Вич до Грамос, стана поврзана слободна територија.
Планинскиот масив на Кајмакчалан, Џена и Пајак, исто така беше слободен. Слободен беше и масивот на Каракамен (Вермион). Во Источна Македонија исто така беа создадени слободни територии. Вооруженото востание успешно се ширеше и во цела Грција, Централен и Јужен Пелопонез и на островите.
Учеството на македонскиот народ беше сенародно. Тоа создаде благопријатни политички услови на 13 јануари 1948 година да се одржи Првиот Конгрес на НОФ и да се донесе Програма и Статут на организацијата.
До Конгресот во редовите на Демократската армија имаше вкупно 10.147 партизани Македонци 9.477 мажи и 670 жени.
Организацијата располагаше со професионален заднински организатори од 25 мажи и 12 жени окружни организатори; 61 маж и 23 жени реонски организатори и 16 мажи организатори на сектори. Организацијата издаваше свој печата и тоа:
“Непокорен”, орган на Главниот одбор на НОФ, весникот “Победа”, орган на Воденскиот округ, весникот “Зора” орган на Леринскиот окург и весникот “Единство” орган на Костурскиот округ. Економски организацијата исто така стоеше многу добро
(според податоците на рефератот поднесен на I Конгрес на НОФ).
I – Што е НОФ?
Конгрес на НОФ, исто така беше историски настан во борбата на Македонскиот народ за слобода, по тоа што на него беа донесени два историски документи: Програмот и Статутот на организацијата.
Под наслов “ПРОГРАМ” НА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНИОТ ФРОНТ (НОФ) НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ГРЧКА МАКЕДОНИЈА”, објаснети се идејните основи и условите во кои се појави организацијата, основите и посебните цели на вооружената борба. Еве некои карактеристични поставки на Програмата:
“Народноослободителниот фронт (НОФ) се појави како сенародно антифашистичко движење на македонскиот народ, внатре во условите на отворената интервенција на англоамериканскиот империјализам во внатрешните работи на нашата земја и варварскиот напад на монархофашизмот против демократските сили во земјата и особено против македонскиот народ. Народноослободителната борба што ја водеше во последните години македонскиот народ, заедно со народните антифашистички сили на грчкиот народ, против политиката на националното угнетување, која ја води владеачката капиталистичка олигархија на товар на македонскиот народ.
Исто така таа е продолжение на борбата што ја водеа заеднички
– грчкиот и македонскиот народ против фашистичката окупација.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/macedonians-and-the-greek-civil-war-macedonian/14 on October 29, 2026