Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Macedonians and the Greek Civil War

ДЕЛ ВТОРИ - МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ГЛАВА ПЕТТА - СИСТЕМАТСКИ ПРОГОН - Part 03

By Наум Пејов · Part 12 of 19 · About 17 minutes

Read in English

Потоа ја уапсија младинката Славка Ангелова и ја одведоа во затвор во селото Герман. Исто така беа уапсени Христо Клковски, Вангел Трајков, Васил Чоламов, и одведени во леринскиот затвор. Уапсени и одведени во затвор беа и жените Доневица Дукова, Ставровица и четиринаесетгодишниот Ламбро Дуковски. При една потера на грчката џандармерија во околината на селото беше ранет младинецот Ване Гроздановски во моментот кога го чуваше своето стадо овци”.

Во село Буковиќ грчките власти веднаш штом дојдоа во Преспа ги уапсија и ги одведоа в затвор над 10 души меѓу кои: Пандо Ристовски, неговиот син Ристо, Васил Секуловски, Трајко Делевски, Илија Попов и Илија Георгиев.

Во селото Оровник, Преспа, го убија Никола Стериов без каква и да е причина.

На 20 јули 1945 година грчката чета го блокира селото Папли и откако го собраа целото население во зградата од селското училиште, поради теророт во селото беа останати повеќе старци, жени и деца. Затоа почнаа да ги тепаат од ред и да ги бараат мажите. Потоа жените ги натоварија на камиони и ги однесоа во затвор, а ги ослободија дури вториот ден по тешки мачења.

На 31 март 1946 година-денот на парламентарните избори – џандармериска група од станицата во Брезница и војската го блокира селото Рулја и под закана дека ќе бидат уапсени и интернирани, беа натерани да гласат. Бидејќи на тоа селаните им се спротивставија, наредниот ден, на 1 април 1946 година, одново е извршена рација во селото, беа уапсени 15 души и одведени во затвор во Лерин, меѓу кои: Илија Србинов, Илија Тошев, Митре Јованов, Доне Лазаров, Велјан Карадаков, Спиро Србинов, Митре Тачков, Лазо Рачков и Апостол Трендафилов.

На 15 јули 1946 година во селото беа уапсени и следните лица:

Тодор Цветков, Киро Костовски, Лена Карафилова, Софија Рамовска, Зора Марковска и Лозана Трендафилова. Откако беа уапсени пред очите на сите селани, беа тешко мачени, а особено 85-годишниот старец Киро Костовски и Лозана Трендафилова.

Во јули 1945 година уапсени се над 10 селани од село Штрково

– Преспа меѓу кои: Божин Костовски со неговата фамилија, Пандо Костовски, Алексо Георгиев идр.

При блокада на селото Граждано – Преспа покрај малтретирањето на населението, од митралирањето по нивите за да се собере населението летото 1945 година, ранет е Атанас Ристевски.

Селото Герман во Преспа одамна им беше трн во очите на грчките власти. Тоа е најголемото село во Преспа, каде што тешко можеше да се скрши македонскиот патриотизам. Со доаѓањето во Преспа, пролетта 1945 година, грчките власти веднаш воспоставија џандармериска станица и доведоа една чета војници. Требало тука во Герман да го скршат духот на народот за да можат полесно да господарат со Преспа. Затоа веднаш почнаа со застрашувања и терор. Му наредија на населението на куќите да истакнат грчки знамиња, се разбира за да најдат повод да го малтретираат мирното население. И навистина, тие почнаа масовен терор над старо и младо.

Селаните не сакаа да истакнат грчки знамиња и тогаш џелатите отпочнаа со својата работа: почнаа да мават на кого можеа и кого стигнуваа. Уапсија над 100 души, меѓу кои: Герман Стојчевски, Коста Гогаров, Коста Дојчиновски, Наум Којчевски, Мара Маджева итн., запалија неколку куќи и над 150 плевни и колиби. Како и во другите села, и тука долго време беше забрането движењето на селаните надвор од селото што причинуваше голема тешкотија за исхрана на селскиот добиток.

Каранфил Кировски, од село Кладораби, за маките кои го натераа да стане бегалец него и фамилијата, вели дека него заедно со фамилија го уапсиле и го мачеле една недела, а неговиот син бил задржан во затвор цели пет месеци.

Дола Костова Џингова и Велика Алексова Костова, од село Крушоради, во октомври 1946 година беа уапсени, затворени и малтретирани во с. Овчарени, и беа принудени да бегаат во Југославија. Од село Крушодари беа уапсени и лицата: Апостол Чекрев, Пандил Весов, Крсте Башов, Георги Башов, Борис Костанчев, и др. Во тероризирањето на населението особено се истакнуваше поручникот Теодорос Венеатос и учителот во селото Сетина, Милитијадис Дунукос.

Четириесет монархофашистички војници предводени од офецерот Далис, пролетта 1945 година го блокираа и оплачкаа селото Ајтос, а истовремено уапсија 60 селани: старци, деца и жени и ги однесоа во затвор во Соровиќ. Истиот ден разурнаа повеќе и запалија три куќи: на Стефан Дифов, Кољо Миринов и Методија Зула. На уапсените Дончо Наов и Михајло Бошков со бричеви ги бодеа по телото, па потоа ги одведоа во затвор – вели бегалката Менка Сотирова Чонтова.

Со доаѓањето на монархофашистите во селото Неволени беа уапсени и малтретирани повеќе селани, меѓу нив: Филип Танев Димитров и неговата жена, Горги Хаџиев, Чуила Јуштикова, Спиро Штруимов, Илија Станичев, Георги Бибев, Атанас Бибев, Ване Жалев и Стојадин Панов.

Во текот на јуни 1945 година, грчката џандармерија и војска неколку пати го блокираа селото Баница, барајќи да уапсат поистакнати антифашисти, а истовремено извршија и гробежи во повеќе куќи. Во тие блокади го убија Пандо Мијајлов на 40-годишна возраст без каква и да е причина, а Алексо Стојанов го ранија. Токму поради таквиот див терор многу селани од Баница станаа бегалци уште со доаѓањето на монархофашистичките сили на власт.

Теророт во Кајларско.

Злогласникот и соработник на окупаторот Коларас со својата чета, познат е особено во Кајларско и Костурско. Тој ги запали селата Зогоричани, Бобишта, Мокрени и др. Тој на 18 септември 1944 година, уште кога Германците се наоѓаа во земјата, со својата вооружена чета го блокира Кајлари, го собра населението и веднаш побара да се одвојат Македонците од Грците. Откако се одделија Македонците ги построи и почна да ги малтретира барајќи да го предадат оружјето, да прекинат да ги помагаат партизаните и др. Ги издвоија од стројот Илија Коџа, Кољо и Киро Паскови и пред очите на селаните почнаа страшно да ги мачат. По спогодбата во Варкиза, штом дојдоа монархофашистичките единици, почнаа веднаш да ги прогонуваат Македонците и демократски располежените Грци.

Во мај 1945 година беа уапсени повеќе Македонци, меѓу кои Јани Велјанов, Поп-Хари Каравелчев, Леонид Бабалоку и др.

Во октомври 1944 година четата на Коларас навлезе во селото Дорутово, го уапси и стрела Трендафил Иванов, а неговиот брат Борис Иванов, откако го измачија го заклаа со нож. Истиот ден го убија и синот на Трендафила Андреа. Потоа навлегоа во куќите и пљачкаа скапоцености, Запалија 14 куќи. Населението исплашено од препадите на Коларасовата чета, пребегнаа во планината и се врати по неколку дена откако Народноослободителната војска го ослободи селото. Но мирниот живот на селаните потраја кратко време. Пролетта

1945 година на сцената пак се појави Коларас со својата чета.

На 10 мај 1945 година со помош од соработниците на окупаторот блокирано е селото, уапсени 13 селани и одведени во затвор.

Во март 1945 година Доларис од селото Галатија, припадник на контрашите на Коларас, со група вооружени бандити, го нападнаа селото Ракита, ги собраа селаните и побара од нив да соберат и да му предадат 150 златни наполеони. Во спротивно ќе дојде со целата банда на Коларас. Исплашени селаните собраа поголема сума пари и му ги предадоа. Но тоа ништо не помогна. Во текот на мај 1945 година во селото дојдоа Англичани на моторни возила во придружба на џандармериски офицери од Кајлари, истите оние кои доаѓаа и за времето на окупацијата. Тој ден уапсија повеќе селани и ги испратија во затворот во Лариса. Меѓу уапсените беа Стефан Чуков, Ѓорѓи Јанев, Димитар Кирков, Леонида Корованов, Симо Муцаров и Димитар Муцаров. Во август селото беше одново блокирано од вооружени контраши припадници на бандите Доларис, Коларас и џандармеријата. Го опљачкаа селото и ги уапсија следниве селани: Никола Маткаров, Вангел Мончов, Јордан Митов, Ѓорги Бојков, Ставро Куркитов, Крум Поп Димитров, Ѓорги Венков кои беа одведени во затвор во градот Кожани. По оваа акција на монархофашистите во селото беше поаставена џандармериска станица чиј командир беше познатиот гестаповец Манолис Карабелас. Овој гестаповец направи големи злодела во селото. Тешко беа малтретирани селаните:

Евгенија Гајтанова, Невена Илиева Атанасова, Антула Раденкова, Трпа Лазарова, Тола Лазарова и др.

Во јуни 1946 година, по сите села во Кајларско вршено е апсење на младината која потоа е жестоко малтретирана. Од селото Ракита беа уапсени до 75 младинци и младинки, од селото Палиор 120 души и одведени во џандармериската станица во селото Ракита. Уапсени беа младинци и младинки од селата Емборе, Добница, Кобој, Пердика и Налбан. Во селото Налбан беше убиен и Минче Минчев во моментот кога си ораше на нивата затоа што за време окупацијата беше претседател на НОО во селото.

Теророт во Костурско во ништо не заостануваше зад оној од другите реони на Егејска Македонија.

Во мај 1945 година двапати беше блокирано селото Апоскеп, вели бегалката Божана Анастасова Шантанова што било и причина да го напушти своето село. “При првата блокада го собраа населението в сред село и почнаа да го малтретираат, а во исто време опљачкаа поодделни куќи. Откако ја извршија плачката, уапсија повеќе селани меѓу кои: Никола Поп Јанов, Мито Влаов, Стефан Милјов, Тоде Бубев, Стефан Бубев, Трифун Бубев, Димитар Шалевски, Илија Шалевски, Танас Калајџиев и Андон Јакимов, и откако ги подложија на мачење, ги одведоа во затворот во Костур, каде тука ги подложија на мачење, а на жените им ги исекоа косите. Меѓу уапсените беа Евангелија Закова и Вена поп Димитрова”.

На 28 април 1945 година во текот на ноќта, беше извршен препад од група монархофашисти во селото Граче. Опљачкани беа повеќе куќи. На 25 мај истата година селото Граче пак беше блокирано, населението собрано на сред село и подложено на тешки мачења. Особено тешко беа тепани Софија Кирчова и Канза Веловска.

Селото Дреничево исто така беше опљачкано, а на 28 август 1945 година од вооружена група монархофашисти беше убиен Павле Дутовски, во моментот кога си работеше на полето.

На 4 мај 1945 година беше блокирано и опљачкано селото Добролишта од наоружена банда на чело со Андон Аманатидис.

Покрај пљачкосувањето многу селани – мажи и жени, беа мачени, а особено Ангелина Петровска, Каљопа Новачева и Лабрија Губиенова.

Бегалката Маки Томовска од село Света Недела, раскажува дека причина да го напушти своето село било теророт и неизвесноста за судбината на Македонците во нивниот крај. На 5 мај 1945 година било блокирано селото и вршена пљачка и терор. Уапсени биле двајца селани, а Сидера Соколова и други жени подложени на мачења. Во пљачката и теророт учестувале и познати соработници на окупаторот од село Света Недела Анастасис Стамбулидис и Андонис Анастасидис.

Населението на градчето Рупишта исто така настрада од теророт. На 19 април 1945 година беше извршена рација и уапсени повеќе граѓани учесници во движењето на отпорот.

Меѓу уапсените, чиј број достигна околу 50 души беа: Димитар Маровски, Леонид Џувара, Јорго Маловски, Никола Узуновски.

Тие беа одведени во костурскиот затвор, а потоа во логорот “Павлос Мелас” во Солун. Покрај тоа потполно ги демолираа просториите на комитетот на ЕАМ и АКЕ, а Мартула Вервери, која ја затекнаа во просториите на ЕАМ, ја тепаа до бесвест.

Протагонисти на овој терор во Рупишта беа Ѓеорги Митрушис, Василис Соколо, Никос Маридис, Кендрос Стејлис и др.

На 27 април 1945 година беше блокирано селото Песјак. При блокадата, покрај масовното малтретирање на селаните од болките умре Томе Димовски, а Димитар Колевски долго време не можеше да се дигне од постела. Во исто време и на ист начин постапија и во селото Марковени, каде Христо Манолевски беше мачен до бесвестие.

Селото Сетома беше два пати опљачкано од вооружани контраши и воени единици: на 10 мај 1945 година и на 20 јуни истата година. При тоа тешко од мачење беше повредена Зоица Лазарова.

На 21 јуни 1945 година беше блокирано селото Тиолишта, населението собрано в сред село и подложено на мачење. Од мачењето умре Василка Поп Панајотова, а Катина Делева ја фрлија од еден балкон при што и беше скршена едната нога.

Откако го измачија населението и го опљачкаа селото, се повлекоа, а со нив одведоа две жени: Анастасија Грежова и Костадинова Софија. Во овие акции учествуваа и четите на Николас Коларас и Андреас Попандопулос. На ист начин ги опустошија сите села источно од Костурско Езеро и Кајларско.

Во селото Комуничево ги уапсија Самара Стефанова Влаова и Стефо Дуевски. Глигор Поп Атанасов од многу мачења, по неколку дена умре во кострускиот затвор. Од тешки мачења во селото умре и Димитар Дуевски.

“На 16 јуни 1945 година воена единица го блокира селото Жупаништа. Го собраа населението на сред село и почнаа да го малтретираат за да им ги посочат жените чии мажи се бегани.

Бидејќи народот не сакаше да ги открие бараните лица, почнаа да мачат кого стигнаа. Тој ден беа уапсени повеќе жени и мажи и опљачкани многу куќи. Меѓу уапсените и одведените во затворот во Костур, откако претходно на лице место ги претепаа, беа жените: Левтера Безова, Костадина Лазарева и 80 годишната Хајда Христова Влахова и мажите: Туваре Шишков, Васил Мангов, Павле Телачкин, Кољо Кољовски, Мито Шопов, Петре Желин, Алеко Шишковски, Кољо Бојкин, Јордан Дељов и др. Кога ги видов овие маки, вели бегалката Димитрула Лазарева – другиот ден на 17 јуни го напуштив селото и побегнав во Југославија”.

Летото 1945 година при првата блокада на селото Лобаница, го собраа населението и го подложија на малтретирање. Многу беа измачени: Пида Лазарева, Пандевица Мизова, Јани Марковски и др.

Во септември 1945 година беше извршен препад од вооружени џандари врз селото Дупјак. Уапсени беа 7 младинци, меѓу кои:

Глигор Панов и Атанас Този и ги подложија на тешки маки за да им ги кажат припадниците на демократските организации во селото. На малтретирање подложена беше и Евгенија Пачова со своето едногодишно дете, од што детото и умре.

На 9 септреври 1945 година, четата на Коларас го уби во моментот кога работеше на својата нива 15-годишното момче Крсто Мунџаров, од село Прекопана. Четата на Љакопулос жестоко ги тепа: Борис Бучков, Фоти Карадаков, Кузо Клеков и Јани Љољов, а потоа ги одведоа во леринскиот затвор.

“На 10 септември 1946 година беше блокирано селото Вишини од грчка џендармериска единица, потпомогната и од четите на Коларас и Пападопулос. Покрај пљачкосувањето и малтретирањето на населението, беа запалени куќите и плевните на следните селани: Глигор Пулев, Никола Ликов, Анастас Пандов, Коста Шолев, Стојан поп Димитров и Јани Андреев. Тешко беа тепани: Параскева Андрева, Каљопа Шолева и Елена Дулева, а осуммина селани беа уапсени и одведени во кожанскиот затвор. Меѓу нив беа: Алеко Пунков, Петре Аџиев, Алеко Тресинов, Пандо Чапов, Христаки Дуров, Пандо Калков, Коста Калков и Васил Гергинов. Бандите на Коларас и Пападопулос извршија многу злочини и во другите околни села – Блаца, Черешница и Тиолишта” – вели бегалката Викторија Панајотова.

Во селото Кономлати имаше џандармериска станица и населението постојано живееше во страв од џандармерискиот терор. Зимата 1946 година монархофашистите запалија 10 куќи и 40 плевни, а уапсија повеќе луѓе и ги одведоа во затвор.

Во март 1945 година вооружани цивили од селата Света Недела и Ошени, извршија препад врз селото Дамбени и опљачкаа 300 глави овци. Истите вооружени цивили надвор од селото ноќе ги убија селаните Елена Мушки и нејзината керка Левтера. На 25 март 1946 година беа уапсени од џандармеријата и одведени во станицата (во селото имаше џандармериска станица), Христо Трповски, Циљо Скивински, Спасо Караманов, Насо Кондов, Циљо Ралев, Лазо Ламбуров, Марко Вивков, Мито Пачков и др.

Во јули 1946 година, во моментот кога ги пасеше селските говеда, Димитар Блахов на ѕверски начин беше мачен до смрт, а потоа запален. Тоа злосторство го изврши четата на грчката војска што беше стационирана во селото Габреш. Во јули 1946 година беа уапсени и интернирани на островот Крв: Олга Трповска, жена на Лазо Трповски, познат антифашист и истакнат револуционер во Егејска Македонија, кој загина 1943 година, Донка Калкова, Слава Мангова, Софа Грбова, Нуша Кенкова, Фиљо Ралев, Марко Вивков, Ставро Нолков и Павле Калковски. Исто така беа подложени на маки, од што умре Кољо Чочов. Во исто време беа уапсени и одведени во селото Кономлати селаните Циљо Ризов, Крсте Шекров, Ѓорѓи Балев, Ристо Журчев и Андрико Кенков. Во џандармериската станица, во селото Дамбени, во јуни 1946 година беа повикани и подложени на мачења повеќе жени, меѓу кои: Грка Ралева, Цвета Ралева, Димана Трповска, Софа Нолкова, Лена Вивкова, Зоја Сидерова, Лена Пачкова, Лина Чонкова и др.

Еден пролетен ден 1946 година беше извршена рација во селото Габреш-Костурско од единиците на грчката војска. Собрани селаните на сред село, во Долната маала, беа подложени на туртура. Сите присутни мажи ги натераа да направат полукруг, да клекнат на колена и да ги кренат рацете во вис. Потоа неколку души извлекоа од скупот и почнаа да ги тепаат со стапови исечени за таа цел од големото дабово дрво во селските гробишта. При оваа блокада на селото најмногу беа тепани, Левтер Битовски, Ванчо Скендеровски и Ѓорѓи Шолдовски, кој падна во несвест.

На 6 јуни од село Габреш беа уапсени: Лена Макриева, Стоја Диклова, Пандо Робовски, Ристо Робовски, Тодор Робовски и други. Ги одведоа во џандармериската станица во село Кономлати и ги подложија на физичка туртура. По некој ден беа ослободени, но не сите. Некои беа задржани во затвор до крајот на граѓанската војна.

Само по кратко време од горниот настан во селото беше уапсен Ванчо Кизевски. Него не го одведоа во затвор, ниту го изведоа пред суд. Го подложија на дивечко тепање до сврт во просториите на седиштето на воената единица на грчката војска. Кога се уверија дека ќе умре од болките, ја повикаа неговата фамилија да си го земе. Веднаш потоа умре.

Податоците од една непотполна анкета на организацијата на НОФ за теророт од април 1945 до мај 1947 година, изнесени во рефератот на претседателот на Главното раководство на НОФ Михаил Керамитчиев на Конференцијата на НОФ, одржана на 20 мај 1947 година на Кајмакчалан, ја дадоа следнава слика за теророт над Македонците во четири окрузи.

Костурско Леринско Енице Воден Вардар

1. Уапсени 596 3000 810 2.050

2. Пресудени 320 1500 430 1.950

3. Осудени 285 1200 430 1.300

4. Интернирани 122 500 115 550

5. Убиени без пресуда 56 90 48 74

6. Малтретрирани 1369 10000 1080 1.080

7. Полудени од ќотек 5 5 1 2

8. Наполно изгорени села 6 - -

9. Изгорени куќи 110 968 - 813

10. Ограбени села 10 60 10 -

11. Ограбени куќи 215 1000 100 38

12. Насилно евакуирани села - 10 10 25

13. Насилно евакуирано 300 4500 1190 7.818 население Според тоа човек некаде немаше мир: ниту на нива, ниту на пат. Никаде неговиот живот, чест и достоинство не беа поштедени од органите на власта, која како збир на терористи беше издигната на степен на државна власт.

Изнесено е само дел од оној неизмерен, сестран и најразновиден терор што се вршеше во Егејска Македонија по Варкиза, теророт кој не престана ни кога беше истеран германскиот окупатор ни за врмето на граѓанската војна. Ова е дел само затоа што не остана град, село или населба, куќа и колиба македонска да не биде засегната. Не остана македонска фамилија да не биде измачена и да не настрада. Примерите за теророт од периодот 1945-1946 година покажуваат:

Прво, во каква положба се најде македонскиот народ по истерувањето на германскиот окупатор односно по спогодбата во Варкиза во февруари 1945 година, со враќањето на старата власт, за да се согледа што го натера нашиот народ да емигрира и со оружје да се спротивстави на ѕверскиот напаѓач. Тука може да се најде објаснение за ставот на македонскиот народ, на организацијата на НОФ и развојниот пат на работите во Егејска Македонија.

Второ, Анкетната комисија на ООН, која анкетираше на Балканот и Грција во почетокот на 1947 година, добро се запозна со таквата ситуација, но таа остана индеферентна кон овие човечки патила. Токму затоа грчките монархофашисти охрабрени од поткрепата на меѓунароната реакција, можеа да станат носители на мачилишта, какви што станаа Макронисос и Јарос, пред кои отстапуваат сите досега познати човечки мачилишта. Тука, покрај Грците антифашисти, тешки денови поминаа илјадници Македонци, а стотици најдоа маченичка смрт.