Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Macedonians and the Greek Civil War

ГЛАВА ПРВА - ЕДНОСТРАНА ГРАЃАНСКА ВОЈНА - Part 03

By Наум Пејов · Part 5 of 19 · About 11 minutes

Read in English

Откако работите се сварија во Лондон, овде се применуваат. Со англиски натисок се вршат усогласувања меѓу сите буржоаски и други партии. Одат кон тоа арамиски да ги поделат пратеничките места и по декември да спроведат и “избори” со изборните списоци на Булгарис, на тој начин во Грција да триумфира парламентаризмот и демократијата, исклучувајќи го в сушност ЕАМ! Во овие пазарлоци земаат учество и демократските и социјалистичките водачи, со сосем мали чесни исклучоци. Се работи за најбезобразно предавство на демократијата од сите што до денеска ги имавме во Грција”.

Откако ќе се прочитаат сите овие оценки и ставови, линијата на партијата стануваше нејасна и неразбирлива за членството.

Затоа што откако се констатира “еднострана граѓанска војна”, се инсистира на политичка борба, избори и парламент, а десницата, од своја страна, го уништуваше целиот борбен цвет и авангарда на масите.

По спогодбата во Варкиза оружјето не го предаде комесарот на ЕЛАС – првиот организатор на партизанскиот отпор во Грција

– Арис Велухиотис (Атанас Кларас). Тој во еден свој говор во Лариса отворено ја осуди безобзирната терористичка политика на десницата и истакна дека “оружјето не треба да го предадеме, затоа што не ја исполнивме светата клетва што ја дадовме пред нашиот народ да му донесеме слобода и посреќен живот”. И навистина, со тој идеал и загина. Арис не го предаде оружјето. Со една група од стотина борци се одметна во планина и крена во правец на Македонија. Во април 1945 година, кога Арис дојде во Костурско во селото Калевишта, се судри со владините единици и поради фактот што не му беше позната ситуацијата на север: Корештата – Вичо и Кајмакчалан, тој крена одново на југ, таму каде што теренот му беше познат и каде што дејствуваше за време на германската окупација.

Арис сакаше да знае и за ставот на соседните комунистички партии и за таа цел премина во Албанија. Но во Албанија не беше примен од одговорните функционери, ниту беше даден јасен одговор за неговиот став.

Откако Арис разви прилична активност во реонот на Коница и Џумерка, во текот на мај и првите денови на јуни, на 10 јуни беше опколен од два баталјона на “Националната гарда” и на другиот ден, на 11 јуни 1945 година, Арис и многу од неговите блиски соработници храбро загинаа.

Се тврди дека пред да биде заробен, се самоубил.

Со уништувањето на Арис грчката десница навистина ликуваше. Окружниот управител на Трикала го извести соследната телеграма Министерството на внатрешни работи:

“Радосна вест, бандата на Арис е растурена и уништена. Од рано утро двете глави се обесени и јавно се изложени во Трикала...” Со смртта на Арис, Грција го изгуби човекот кој навреме ги согледа последиците од капитулантската спогодба во Варкиза, човекот што ја согледа неопходноста од продолжување, на востанието до крајна победа. Многу е карактеристичен фактот што раководството на ЕАМ Ариса го зеде во заштита, раководството на КПГ го осуди. Раководството на КПГ се плашеше (она фатално плашење) за да не го обвини буржоазијата и тоа онаа најреакционерната, која беше на власт, за “екстремизам”. А раководството на ЕАМ добро го процени расположението на демократските маси спрема Ариса – на новите општествени сили во земјата кои се бореа за една нова Грција. Тие нови општествени сили, пролетерите од градот, сиромасите од селото и сите оние борци на отпорот кои беа подложени на жесток прогон од контрареволуционерните сили.

Тие беа убедени дека само отворена, одлучна и тоа вооружена борба, а не спогодувачката политика во тогашните услови во Грција, може да доведе до конечна победа; тие самоуверено гледаа во своите сили. Но политичката линија им ги врзуваше рацете.

Договорот во Варкиза го предвидуваше и правото на властите да ги апсат и да ги држат 6 месеци во истражен затвор сите оние кои “непосредно учествуваа во злосторствата”. Со овој мотив беа апсени илјадници борци на отпорот, со овој мотив можеше да биде уапсен и суден и Арис. Размерите на тие апсења и теророт беа зеле таков замав што протестираа дури и претставниците на “буржоаско-демократскиот центар”. Ете како ја опишува таа состојба во месец јули списанието

“Комунистички преглед” (месечен политичко-теоретски орган на ЦК КПГ) во своето издание од август 1945 година, во рубриката “внатрешни прегледи”.

“Најважниот настан во месецот е судското гонење на ДВИЖЕЊЕТО НА НАЦИОНАЛНИОТ ОТПОР. Констатирано е дека 20.000 борци се држат во затвор. Исто така задржувањето во притвор повеќе од 6 месеци, и покрај договорот во Варкиза, се мотивира со смешното обвинение за “грабежи” и на сите им го залепуваат тоа обвинение, бидејќи не се нагласува изрично во спогодбата во Варкиза”.

Во изданието на ЦК КПГ 1952 “Хроника на борбата” за ситуацијата во земјата по Варкиза читаме: “Декември 1945 година”: “Монархофашистичка терористичка организација во целата земја. Во текот на првите девет месеци по спогодбата во Варкиза се извршени 1.000 убиства. Бројот на задржаните во притвор достигна 75.000 души, а преследуваните со судска потерница за апсење 65.000 души...” Има ли поочигледни факти за тоа како десницата ја спроведуваше Варкиза и дали требаше да се ревидира тактиката на “исчекуваања”, на барање “Коолициона влада” и “слободни избори”?!

Откако дојде до судрувањето во Атина во декември 1944 година меѓу ЕЛАС и десницата и како резултат на тоа беше потпишана спогодбата во Варкиза со одредбите кои таа ги содржеше, при тогашната констелација и односот на силите во Грција беше јасно дека беа исклучени условите за “мирен развиток”, условите за “слободни избори” и “коалициона влада”. Грчката десница ја усвои линијата на свиреп и безобзирен терор против револуционерните сили.

3. Кризата на буржоаското општество во текот на 1945 година Со воведувањето на фашистичката диктатура на Метаксас во Грција во 1939 година, сите политички партии беа растурени.

Петгодишниот период на таа диктатура, а особено периодот на окупацијата, од основа го разниша лицемерјето на буржоаските партии и нивната доверба кај широките маси. По истерувањето на окупаторот двете најголеми буржоаски партии познати од времето на парламентарните игри во Грција -Популистичката и Либералната – тешко можеа да се совземат.

На Популистичката партија, како отворена монархистичка, со помошта на власта полесно и појде од рака да ги прибере околу себе остатоците од Метаксасовата фашистичка диктатура, соработниците на окупаторот и неофашистите. Додека Либералната се разби на неколку групи. Најголема беше онаа под раководството на Софулис, потоа следеа групата на Стилианос Гонатас и групата под водството на Софоклис Венизелос. Натаму, беше обновена Партијата на прогресивните либерали на Кафандарис и Социјал демократската партија на Георги Папандреу. Потоа постоеа и други партии, како Национална партија на Грција на Наполеон Зрвас, Национална-унионистичка партија на Панајотис Канелопулос итн.

Во текот на 1945 година (заправо од октомври 1944 год.) во Грција станаа шест промени во владите. На 18 октомври 1944 година имигрантската влада на Георги Папандреу од Каиро дојде во Грција. Во неа учествуваа и 5 министри од коалицијата на ЕАМ. На 24 октомври беше извршена реорганизација на владата, а на први декември поднесуваат оставка министрите на ЕАМ. По крвавите настани во декември, на 3 јануари 1945 година формирана е владата на Николаос Пластирас, владата што го потпиша примирјето и договорот во Варкиза. Но по неполни два месеци владата на Пластирас, која свечено се обврзуваше да ја спроведе спогодбата во Варкиза, поднесува оставка затоа што во земјата не владееше владата, ами беззаконието; дејствуваа “црностотињашите”. На регентвото – застапништвото на кралот Георгиос II му беше потребна влада која најмногу ќе одговара на тогашните потреби – немилосрдно да се пресмета со демократските сили во земјата. Такво решение најдоа со формирањето на “административната влада” на поморскиот офицер Петрос Вулгарис. Владата на Петрос Вулгарис беше орган на крајната десница. Таа и овозможи на крајната десница да мине во општ напад против демократските организации. Од неговата владавина се “уплашија” дури и либералите и бараа други решенија. На 11 август владата на Вулгарис претрпува извесна реорганизација, но на 17 октомври 1945 година паѓа и со владата раководи регентот, архиепископот Дамаскиност. На 1 ноември е формирана владата на Георгис Канелопулос, која остана на власт само до 22 ноември, кога е формирана владата на Темистоклис Софулис.

Софулис беше шеф на партијата која во периодот меѓу двете светски војни се афирмира како противмонархистичка-републиканска партија, макар што таква доследно не беше. Но, важно е дека таа со таквата легитимација можеше да се користи благодарејќи и на оценките на раководството на КПГ, дека Либералната партија не е претставник на круната, ами на ситната буржоазија, еден дел од интелегенцијата, чиновништвото, иако на раководството на КПГ добро му беа познати следниве факти:

Прво, дека либератите, и тоа под водството на Софулис во текот на политичката криза во Грција во 1935 година го изневерија договорот за парламентарната соработка меѓу КПГ и либералите и го расчистија патот за повторно воспоставување на монархијата;

Второ, дека во 1936 година Либералната парламентарна група и тоа под водството на Софулис, и изгласа доверба на владата на генерал Метаксас и фактички го легализира на власта за да може да воведе фашистичка диктатура;

Трето, дека либералот Софулис одбиваше секоја изборна соработка со КПГ за спречување реставрацијата на монархијата во Грција.

Четврто, дека либералите му предлагаа на регенството да се востанови парламентот од 1936 година, во кој можеа да учествуваат и фашистите, а само неколку пратеници на КПГ.

Либералната буржоазија во Грција всушност тргна по неминовниот пат, имено: секогаш кога буржоаското општество во Грција запаѓаше во криза, во најсудбиносните моменти се определуваше против револуцијата. Лениновите мисли изнесени во неговиот труд “Поуки од револуцијата” (што се однесува на првата руска револуција 1905 година), како да се пишувани и за односот на грчката буржоазија.

“Кога револуцијата стапи во одлучна борба со царот, во декемвриското востание 1905 година, либералите, сите од ред, подло ја предадоа слободата на народот, се повлекоа од борбата. Царското самодржавие го искористи предавството на народната слобода од оние што им веруваа на либералите и ги разби работниците кои го дигнаа востанието. А кога пролетаријатот беше разбиен, никакви Думи, никакви слатки зборови на кадетите, никакви нивни ветувања не го задржаа царот да не ги уништи сите остатоци на слободата, да не го обнови самодржавјето и семоќта на феудалоспахиите”.

Раководството на КПГ, меѓутоа како да заборавило на овие вистини. Заборавило дека буржоазијата, па и либералите, кога се во прашање одлучни пресметувања, ќе застанат на своите класни позиции. А во Грција имаше такви пресметувања. Затоа не случајно либералите од петни жили ја критикуваа со своите постапки крајната десница да не предизвика отпор, револуција

– она од што најмногу се плаши буржоазијата. Затоа повикуваше на “мир и ред” и ги подржуваше паролите на КПГ и ЕАМ, само со една “ситна” разлика: во коалиционата влада да не учествува ЕАМ, туку главниот збор да го има “центарот”.

Откако на стотина места, резолуции и статии се констатира дека во земјата беснее “еднострана граѓанска војна” и фактички таква владее и тоа со повеќе жртви отколку “обострана”, откако се констатира дека се подготвени фалсификувани изборни списоци, доаѓањето на Софулис за шеф на владата, раководството на КПГ не го оценува како успешна маневра на Обединетата десница. Во декемврискиот број на “Комунистички преглед”, во рубриката “Внатрешен преглед”, откако на кратко ги опишшува заткулисните игри до именувањето на владата и после тоа, карактеристично пишува:

“Владата на водачот на либералите г. Софулис ја има во начело подршката, согласно и на неколкукратни поранешни изјави на КПГ и целата ЕАМ на левица.

Понатаму се вели:

“Составувањето на владата на г. Софулис ќе наиде на огорчена реакција и отворена акција на монархофашистичката десница:

Црниот фронт, САН, Кситосите и компанија. Целиот демократски свет, како граѓаните, така и оние што се наоѓаат во вооружените сили, имаат денес врховен национален долг со сите средства да го спречат пучот на монархофашистичката десница, слушајќи ги и следејќи ги директивите на кабинетот Софулис”.

Понатаму Резолуцијата продолжува:

“Што се однесува до владата на г. Софулис, Политбирото на ЦК КПГ изјавува дека ќе поддржува секоја мерка на владата на Софулис, што ќе оди кон тоа во Грција да воспостави рамноправност, ред и мир, со крајна цел што поскоро да дојдеме до слободни избори. Политбирото на ЦК КПГ, имајќи во предвид дека навистина катастрофална е за земјата економската ситуација, дава дополнителна изјава дека до изборите ќе ги поткрепи владините напори за економската стабилност, ако тежината се подели рамномерно т.е. ако се принудат да платат и експлоататорите што се збогатија и се богатат. Политбирото на ЦК КПГ констатира дека отстранувањето на неговото свештенство – владиката од регенството претставува суштествен елемент за внатрешниот ред и спокојство и за воспоставување на морален ред во политичкиот живот, кој толку многу опадна во времето на неговото регенство. Политбирото на ЦК КПГ им дава директива на сите партиски организации својата работа веднаш да ја усогласат во духот на оваа резолуција...”.

Сметам дека беше потребно да се дадат сите погорни извадоци од Резолуцијата на ЦК КПГ, затоа што на тој начин најрелефно се изразува ставот на раководството на КПГ кон крајот на 1945 година. Се гледа ставот спрема кабинетот на Софулис, спрема кабинетот за време на чие владеење се одржаа изборите од 31 март 1946 година, со помошта на кои се легализира и се “озакони” беззаконието и се отвори патот кон реставрација на монархијата и повторно зацврстување на власта на контрареволуцијата во Грција.