Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Macedonians and the Greek Civil War

Front Matter - Part 01

By Наум Пејов · Part 1 of 19 · About 19 minutes

Read in English

МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА НАУМ ПЕЈОВ МАКЕДОНЦИТЕ И ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА Published by:

Risto Stefov Publications rstefov@hotmail.com Toronto, Canada Originally published in Macedonian in June 1968 All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.

Сосема е разбирливо, со оглед на фактот што се располага со релативно мала изворна документација, како и со релативно мал број мемоарски материјале, што авторот не бил во состојба, нити имал такви претенции, да даде полна обработка на целиот тек на граѓанската војна во Грција и местото на македонскиот народ што го имал во истата. Ова е прв труд кој што ги третира настаните и проблемите и дава еден увид на граѓанската војна во Грција.

Со оглед на личното познавање на движењето, авоторот не можел насекаде да ја избегне емотивната страна, што честопати се чувствува со самиот стил. Меѓутоа, независно од недоволната документација, од стегнатиот обем на излагањето, читателите ќе можат да согледаат дека причините на граѓанската војна лежат во погрешните стратегиски конценции на раководството на Грчката комунистичка партија за водење на борбата во периодот на народноослободителната војна против германските, италијанските и бугарските окупатори, што доведе до реставрација на монархијата, до голема политичка нестабилност на новиот грчки режим, до избивање на површина дури и на такви елементи што соработувале со фашистичките окупатори.

И во граѓанската војна раководството на Комунистичката партија на Грција немаше јасни политички и стратегиски концепции чија неминовна последица беше познатиот нејзин исход, макар што демократското движење беше поддржано од најголемиот дел на грчкиот и другите народи што живеат во Грција.

Македонскиот народ под грчката власт, зеде масовно учество во борбите против италијанската агресија на Грција, во народноослободителната борба во Грција (1941-1944) и во граѓанската војна, со увереност дека со ослободувањето и тој ќе биде ослободен. Големи се неговите морални и материјални жртви, а особено жртвите во луѓе – борци против фашистичката окупација и реакционерните сили во Грција. Но резултатите беа поразни. Грчките режими после овие војни, не ги признаа националните права на македонскиот народ. Македонците беа повторно прогонувани. Додека после Првата светска војна Македонците под ненародните грчки режими се иселуваа во Бугарија и во земјите преку Океанот (Америка, Канада и др.) во текот и по граѓанската војна, Македонците од Егејска Македонија, како политички изгнаници и бегалци, се најдоа во голем број европски земји. Со нив овојпат се најдоа и голем број прогресивни Грци – патриоти.

Прилозите што авторот ги дава во превод се посебно интересни и од истите може донекаде да се согледаат причините на граѓанската војна, а од прегледот на населението индиректно може да се види судбината на македонскиот народ по граѓанската војна.

Акад. Михаило Апостолски Од почит спрема читателот нека ми биде дозволено уште во почетокот да соопштам некои работи кои можат да придонесат да се сфатат напорите на овој труд.

1. Пред се, треба да се знае дека овој труд е пишуван во времето

1953/55 година и на крајот на 1955 година ракописот му е отстапен на Институтот за национална историја во Скопје.

Според тоа, пишуван е во времето, речиси непосредно по завршувањето на Граѓанската војна, во услови на остер напад од тогашните раководители на КП на Грција врз македонското раководство, следен со клевети и инсинуации

2. При сегашната обработка за објавување, задржувајќи ја во целост структурата и методологијата на изложувањето, направени се интервенции со цел да се скуси и да се изнесат нови факти кои станаа достапни или познати подоцна, а одат во прилогот на оцените за политичката ситуација или се во прилог за расветлување на тезите на овој труд.

3. Целта со овој труд не беше да ја напишам историјата на Граѓанската војна во Грција, впрочем тоа не е моја задача и е надвор од моите можности.

Целите на овој труд беа и останаа:

а) Низ анализа на тогашната општествено-политичка и воено- политичка ситуација на Грција и на Балканот да се откријат причините за текот на настаните и исходот на Граѓанската војна, и б) Да се изнесе положбата, улогата и придонесот на Македонците од Егејска Македонија во таа гигантска борба на прогресивните сили со силите на неофашизмот во Грција и империјалистичките интервенти.

Положбата, улогата и придонесот на Македонците во оваа војна се омаловажува, се премолчува или фалсификува од многу “пријатели” и непријатели на македонскиот народ.

За неполни дваесет години од крајот на Граѓанската војна во Грција е воведена една нова монструозна диктатура која на народот му ги одзеде најелементарните демократски права.

Земјата фактички е фрлена во една нова граѓанска војна.

Одново островите и затворите се полнат со интернирци и затвореници, чија единствена вина е политичкото убедување или националната припадност. По примерот на фашистичката диктатура на Метаксас од пред Втората светска војна, денес го Грција на Македонците им се забранува мајчиниот јазик и се создаваат корпуси од полицајци и свештеници кои треба да ги “превоспитаат”, односнода ги денационализираат. Ова е уште една сурова потврда дека борбата против тиранијата беше и си останува чест и достоинство на нашиот народ.

Авторот Скопје, ноември 1967 год.

ПРВ ДЕЛ - ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА 1945-1949 ГОД. - УБОД Во времетраењето на Втората светска војна во Грција постоеја објективни услови да биде урнат ненародниот режим на грчката буржоазија и да се воспостави народна власт. Меѓутоа, од субјективните слабости и грешки на раководството на движењето на отпорот против фашистичките окупатори и домашните предавници и грубото вооружено мешање на англиските империјалисти, движењето на отпорот, оличено во Национално ослободителниот фронт – ЕАМ и вооружените единици на Грчката народноослободителна армија – ЕЛАС, не успеа.

Напротив, уште во текот на војната, по отстапувањето на германските окупаторски војски, дојде и до вооружен судир меѓу единиците на движењето на отпорот во земјата – ЕЛАС и единиците на емигрантската влада, потпомогнати од англиската војска. Ова судирање, иако заврши со познатата спогодба во Варкиза од 12 февруари 1945 година, беше увод во Граѓанската војна во Грција.

Затоа нужно е во главни црти да се опише општествено-политичкиот развиток на оваа земја од периодот на националното ослободување, развојот на национално-ослободително движење за време на НОБ 1941-1945 година и самото судирање во Атина во декември 1944 година, за да може поправилно да се сфатат настаните од времето на Граѓанската војна, па дури и најновите настани во Грција.

Во триесеттите години на XIX век, по четиривековното робување под јаремот на Отоманската империја, како резултат на долгогодишни востанички борби и поддршката на тогашните големи сили (Англија, Франција и Русија) заинтересирани за уривање на “болниот на Исток”, Грците се здобија со национална држава. Меѓутоа, помошта за национално ослободување, кое и не беше целосно, зошто национални делови останаа надвор од новосоздадената држава на Грците, истовремено ја фрлија во игрите на големите империјалистички сили, мешања и игри кои ќе станат кобни за општествениот, националниот и политички развиток на таа земја до денешни денови.

Кога Грција се здоби со своја национална независност таа се протегаше на Атика и Пелопонез. Надвор од националната држава на Грците останаа островите во Егејското Море, потем Тесалија и Епир и територии на малоазиското крајбрежие врз кои свои аспирации имаа Грците. Националниот препород и обединување ќе се врши во еден подолг период врз крајно националистички и магаломански идеи, врз идеите за една “Мегали Елада” (Голема Грција), за обновување на Византија, а со примеса на интересите на империјалистичката сила зад чија кола беше врзана грчката владеачка класа.

До педесеттите години од нашиот век стана доминантно англиското влијание, кое во текот на Граѓанската војна му го отстапи приматот на американското, со позната Труманова докрина, кога во 1947 година САД грубо се вмеша во внатрешните работи на Грција.

Од времето на својата национална независност Грција се впушти во многу војни, не само за национално обединување, туку и за освојување на туѓи територии или како инструмент на интересите на големите империјалистички сили. Во 1864 година кон тогашната Грција се присоединија јонските острови, а по Берлинскиот конгрес и Тесалија. За време на Балканските војни се пресоединија кон својата матица Епир и островот Крит.

Но, младата грчка буржоазија и дворецот не работат само за ослободување на грчките територии, туку се стремат и да загосподарат со Македонија и Тракија. Со помош на Цариградската патријаршија се ангажираа сред христијанското население во Македонија да создадат свои позиции. Подоцна, како и другите соседи на Македонија, ќе почнат со испраќање на вооружени чети, до военото ангажирање во Балканските војни за да учестуваат во поделбата на Македонија заграбувајќи ја речиси половината од нејзината територија.

Победниците во Првата светска војна ги задоволија империјалистичките аспирации на грчката владеачка класа во Балканските војни, но не и аспирациите во однос на малоазиското крајбрежје и Кипар, по Грчко-турската војна од

1920/1922 година.

Непосредно по I Светска војна Грција и објави војна на Труција. По првите победи на грчката армија во Мала Азија, турската републиканска армија на Кемал Ататурк брзо се консолидира и ја принуди грчката армија на панично бегство Резултатите од таа војна за Грција беа катастрофални. Таа не само што не ги задржа териториите на Малоазиското крајбрежје што ги окупира по Версајскиот мир, туку изврши размена на населението и прифати четири до петпати повеќе Грци и други христијански припадности од Мала Азија, за иселените мухамедани од Грција. Околу 650.000 од овие доселеници ги насели во Македонија. Со тоа во Македонија создаде тежок општествен и национален проблем.

По малоазискиот пораз, земјата се најде во голема беда и сиромаштија. Излез се бараше во турењето на масите со мегаломански инационалистички идеи за неостварените соништа за една “Голема Грција” која трабало да ги реши сите тешкотии и неволи на Грците. Тие идеи систематски и со страст ги одгледува и до денешен ден ова мала и самата вазална, но со големи амбиции, владеачка класа на Грција.

И не може да не се одбележи дека тие големогрчки идеи оставија тежок печат врз општествено-политичкиот развиток на самото грчко општество, на политичките партии и движења и врз односите на оваа земја со нејзините соседи. Чувствувајќи се неспособна сама да ги оствари тие амбиции, грчката владеачка класа стануваше се повеќе и станува зависна од империјалистичките сили.

Благодарејќи на тие мегаломански идеи и на странското мешање и влјаење врз развитокот на Грција, таа од денот на ослободувањето не стапи на патот на мирна изградба, туку како што е речено погоре, се впушти во неколку војни кои и донесоа контраверзни резултати. На север Грција не ги ослободи само своите национални територии, туку зафати и дел од Македонија и Тракија. Не е мала заслугата на мегаломанските идеи за “Голема Грција” за односите на Балканот во изминатите десетилетија – десетилетија на затегнатост, империјалистички аспирации и војни, за поделбата на Македонија и аспирациите за нови проширувања.

Грција економски заостана и стана зависна од странскиот капитал. Не застана цврсто на патот на капиталистичкиот развиток туку, напротив, долго задржа многу елементи на феудалните општествени односи. Во Грција не се разби силен индустриски капитал, туку пред се, трговски кој се врзуваше со странскиот капитал. Буржоазијата направи компромис со големопоседниците и Грција остана аграрна и економски неразвиена земја. Во земјата се задржа монархијата со куси интервали на буржоаско-парламентарна демократија. Судирите меѓу каква-таква либерална буржоазија со династијата повеќе беа резултат на странските влијанија и интереси, одошто на суштината на односите меѓу феудалните остатоци и буржоазијата, бидејќи тие бргу се спогодуваа и заеднички истапуваа секогаш кога беше загрозен режимот, без тоа да значи дека тие судири за власт немаат определено место во општествено-политичкиот живот на оваа земја. Но, факт е дека династијата во Грција во поново време, двапати е воспоставена со помош (речиси без исклучок) на сите крила на буржоазијата.

Така беше до последната криза и пучот на воената хунта од 21 април 1967 година.

Да потсетам Во 1935 година, монархијата е реставрирана и е воспоставена подоцна монархофашистичката диктатура на Метаксас благодарејќи на држењето на Либералната партија со Темистоклис Софулис начело, кој не сакаше да соработува во Народниот фронт за да се спречи патот на монархофашизмот.

Монархијата пак во 1946 година (т.е. по Втората светска војна)

е воспоставена со поддршка на сите тогашни граѓански партии.

Војните на Грција, како што е речено, не и донесоа само контраверзии територијални резултати, туку и бројна милитаристичка каста која игра голема улога во јавниот и политичкиот живот на оваа земја.

Како резултат на изнесениот развиток во времето меѓу двете светски војни, Грција попадна во големи економски тешкотии.

Големата економска криза во триесетите години ги заостри општествените противречности во земјата. Политичкото движење на работничката класа, од првин во лицето на Социјалистичката, а потоа во лицето на Комунистичката партија, нарасна во крупна политичка сила во земјата. Тој факт ги заплаши дворецот и буржоазијата и тие сложно, во 1936 година ја воведоа монархофашистичката диктатура на Метаксас.

Метаксас, кој имаше само неколку пратеници во Парламентот, откако ја доби довербата на Либералната партија и формира влада, по кусо време го распушти Парламентот и со помош на дворецот воведе фашистичка диктатура. Ги распушти сите политички партии, затвори или депортира на островите во Егејското Море и неколку истакнати личности од граѓанските партии. Меѓутоа, неговиот острец беше насочеен против работничкото движење, против работничката класа и Комунистичката партија. И против уште еден фактор – Македонците, стремејќи се со паролите за комунистичка и славјанска опасност да го затруе грчкиот народ со националистички идеи и шовинизам. На тој начин ја остави земјата неподготвена за одбрана од италијанскиот и германскиот фашизам и империјализам.

Меѓу проанглискиот расположен крал Ѓорѓи II и германскиот воспитаник Метаксас постоеја разлики во надворешно-политичката ориентација. (Метаксас беше жив кога Италија ја нападна Грција 1940 год. но, не беше жив кога Германците ја нападнаа Грција).

Во такви услови Грција ја пречека Втората светска војна.

Благодарејќи на антифашистичкото расположение на масите и слабостите на италијанската фашистичка војска, шест месеци

(октомври 1940 – април 1941) се задржа западниот – албански фронт, но за кусо време по нападот од Германија, со помош на петтата колона, грчката армија беше разбиена и виши офицери ја потпишаа капитулацијата. Грчкиот крал и владата ја напуштија Грција и емигрираа во странство. Како и во другите окупирани земји така и во Грција останаа народот на милост и немилост на окупаторските власти и нивните соработници.

Со капитулацијата на грчката армија, емигрирањето на владата и окупацијата на земјата беше, разбиена во голема мера и државната машина на грчката држава. Генералите, кои ја потпишаа капитулацијата, формираа квислиншка влада која правеше напори да го воспостави стариот државен апарат, а во прв ред полицијата и жандармеријата. Но, иако во тоа успеваше, сепак не можеше исцело да го воспостави државниот апарат зашто немаше армија. Што е најважно, во условите на окупацијата настана економски хаос и глад во земјата. Таквите објективни услови создаваа револуционерна ситуација во земјата, поволни услови за организациона активност на Комунистичката партија и за вооружено востание. Прва од партиите која се зафати со организирање отпор против окупаторот и домашните предавници беше Комунистичката партија на Грција, но под многу тешки услови. Со воведувањето на фашистичката диктатура на Метаксас во 1936 година Комунистичката партија беше подложена на прогонување, голем дел од раководството и членството беше затворено и организационо разбиено. Дел од раководството на Комунистичката партија, кој беше на слобода и извесни раководители кои успеаја да излезат од затвор по капитулацијата и по неа, презедоа мерки организацијата брзо да се реорганизира и зацврсти.

Есента 1941 година формиран во Атина е Национално-ослободителен фронт – ЕАМ, во кој земаат учество и други групации и одделни личности на Грција. Со неуморната работа на илегалниот апарат на Партијата, во текот на 1941 – 1942 година воспоставена е мрежа од антифашистички организации, во земјата се вршат диверзански акции од вооружени герилци, а во 1943 година се формираа и регуларни единици на ЕЛАС.

Уште во текот на народноослободителното движење против окупаторот, можеа да се воочат многу слабости на движењето на отпорот.

Иако организацијата на отпорот во земјата, масовната политичка организација ЕАМ и вооружената сила ЕЛАС беа дело на Комунистичката партија, а комунистите беа најрешителните борци, раководството на Комунистичката партија направи крушни идејно-политички и принципиелни грешки во поставувањето и водењето на работите, кои доведоа до непринципиелни компромиси по основните прашања на револуцијата го условија текот на настаните и придонесоа за поразот.

Раководството на КПГ немаше јасни гледања за самиот карактер на народноослободитлената борба, имено, дека националното ослободување, во тогашните конкретни услови во Грција и на грчкото општество не може да се издвои од народнодемократскиот карактер на востанието и воспоставувањето на народнодемократската власт, и од самото водство на комунистичката партија. Народноослободителните задачи формулирани од привременото раководство на КПГ, на VI пленум на ЦК 1941 година беа:

1. Ликвидација на германо-италијанската окупација на Грција;

2. Ликвидација на владата – орган на окупацијата;

3. Секојдневно поддржување и одбрана на Советскиот Сојуз;

4. Поддржување со сите средства на секоја доследна антифашистичка сила;

5. Формирање привремена влада од сите партии која би ги воспоставила демократските слободи на народот, би му обезбедила леб и работа, би свикала национално уставотворно собрание и би го заштитила интегритетот и независноста на Грција од секоја странска империјалистичка сила. * Четириестет години на КПГ – 1918-1958 – избрани документи стр. 468 – издание на ЦК на КПГ.)

На X Пленум на ЦК на КПГ, одржан во јануари 1944 година, меѓу целите прокламирани со решенијата на ЦК, карактеристично може да се забележи следното:

“Се бориме за целосно воспоставување на интегритетот на Грција, стратешко обезбедување на границите од какво и да е надворешно посегање. За мирно спогодување и коегзистенција со народите кои веруваат во истите начела и во прв ред со соседите”.

Истата прокламација го содржи и следното:

“Затоа Комунистичката партија на Грција до усвојува и поддржува предлогот на Централниот комитет на ЕАМ за формирање привремена влада на национално единство и ослободување, од сите партии, организации личности, што ќе го преземе раководењето со националната борба и да обезбеди и по завршувањето на војната слободно изразување на народната волја” ** “Четириесет години на КПГ – 1918-1958 стр. 504-506

– избрани документи” издание на ЦК на КПГ.)

Паѓа во очи дека не се согледува потребата од хегемонијата на пролетаријатот и водството на КПГ во борбата и потребата врз урнатините на стариот и окупаторски државен апарат да се гради нов – да се гради народна власт.

Нема став за правата на потиснатите народи и посебно на Македонците и македонското национално прашање. Напротив, се прокламира ставот за “стратешкото обезбедување на границите” идеја зад која се криеја претензиите и големогрчките аспирации за нови – туѓи територии.

Раководството на КПГ премногу полагаше на собирање на бившите сили (политички лидери и воени личности) кои во новосоздадените услови немаа влијание во широките маси од градот и селото.

Таквата идејно-политичка збрка се огледаше во концесиите како од принципиелна така и практично политичка природа.

Тие концесии дојдоа до израз при формирањето на највисоките органи на ЕАМ и Политичкиот комитет за национално ослободување на земјата и при кадровсиот состав и тактиката на вооружената сила на востанието – ЕЛАС. Развитокот на вооружената борба и на ЕЛАС премногу се потпираше врз помошта во оружје и воен материјал од западните сојузници, наместо низ огинот на борбите да се кали како револуционерна армија. Конечно тоа дојде до израз во конкретната соработка и аражмани со Сојузничката команда за Средниот Исток, во спогодбите и односот со некои националистички движења во земјата и спогодбите за формираше на “Привремена влада на национално единство”.

На 18 јуни 1943 година, вели командантот на Главниот штаб на ЕЛАС – генералот Сарафис, со шефот на англиската мисија при главниот штаб на ЕЛАС – полковникот Еди, потпишавме декларација согласно со која ЕЛАС е сојузничка војска под раководство на командата ас Средниот Исток и операциите што ги изведува ќе се спроведуваат по наредба на таа команда (стр.

120 во книгата ЕЛАС од Стефанот Сарафис).

Како резултат на оваа спогодба англиската команда влијаеше врз развојот на ЕЛАС, во одредувањето на неговите операции и односи со националистичките формации на ЕДЕС и ЕККА кои, иако не беа никаква значајна сила, му се наметнаа на ЕЛАС како партнери и во режија на англиските претставници беа потпишани две спогодби: спогодбата во Плака и спогодбата во Казерта, кои наполно го ограничуваа самостојното дејствување на ЕЛАС во најрешавачките моменти (види ги прилозите “Протокол на спогодбата од советувањето на Плака” и “Спогодбата во Казерта”).

Спогодбите на воен план беа резултат на политичката ориентација и платформа на борбата. Политичкото раководство не се ориентира кон масовно вооружено востание со народноослободителни, туку со тесни националноослободителни цели. Не сакаше да стапи во тесна врска со народноослободителните движења на Балканот, особено со тоа на Југославија, туку се потпре врз помошта на Англичаните, ја потцени силата на национално потиснатите Македонци и другите народности.

Пролетта 1944 година беше формиран Политички комитет за национално ослободување – ПЕЕА. За претседател беше избран социјалдемократот Александрос Зволос. Делегацијата на чело со Зволос стапи во преговори со емигратската грчка влада и во мај беше потпишан протокол – познат како “Договор Либан”. И покрај изричните инструкции на делегацијата, во владата движењето на отпорот т.е. ЕАМ да учесвува со 50% од ресорите, се согласија пет од ресорите на владата да им бидат дадени на претставниците на ЕАМ (види во прилог Договор во Либан). [Во самата спогодба во Либан нема податоци за составот на “Владата на националното единство”, бидејќи имаше спорни прашања: бројот на министерствата кои требаше да припаднат на ЕАМ (т.е. на ПЕЕА); кои од министерствата на владата, а и самата личност на претседателот.

Делегацијата на ПЕЕА, спроед инструкциите, бараше поголем број одредени клучни ресори и сменување на претседателот – Георгиос Папандреу со друга поприфатлива личност. Конечно со решение на ЦК на ЕАМ од 15 август 1944 година беше решено, ЕАМ да учествува во владата на Георгиос Папандреу со пет ресори: финансиите, сообраќајот, земјоделството, националната економика и трудот. Такви обврски презедоа претставниците на ЕАМ и ПЕЕА непосредно пред потпишувањето на “Националната конвенција” – како што го нарекоа Договорот во Либан.] Така спроти истерувањето на окупаторот од Грција, есента 1944 година, иако ЕАМ беше огромна масовна организација, ЕЛАС многупати побројна оружена сила (броеше 70.000 борци) од сите други оружени формации со кои можеше на основа постигнатите спогодби да раководи “Владата на националното единство”, движењето на отпорот беше доведено во декември 1944 година во вооружен конфликт во Атина и се согласи со капитуланската спогодба и разоружувањето.