On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 13
На ѕидовите, полуосветлени – уметнички слики. Само шанкот – накитен со најразновидни шишиња со странски налепници – го бие појарка светлина. Од таму ни пријде средовечен маж, многу пријателски се поздрави со нашите домаќини, Исмет и Марјета, така ни се претставија при првото ракување. По срдечноста на поздравувањето и тапкањето по рамо, сфативме дека добро се познаваат или се многу блиски. Исмет нешто му кажува на албански, неколкупати рече - Мачедоне – а тој не гледа со живнати очи, со широка насмевка и повторува – по... по...по... – Значи разбра. Од зборувањето на албански јазик, ние нешто разбравме – го слушнавме името на улицата што ја бараме и зборовите кафе и чај. Толку разбравме од албанскиот јазик.
Порачавме чај.
- Вие во Македонија пиете руски или кинески чај? – во превод праша Марјета.
- Имаме секакви, но најмногу ги претпочитуваме нашите домашни чаеви – одговори Дитта.
- Чајот е добар и кога има големи горештини, а денес е многу топло – рече Исмет.
Пријателот на Исмет чајот лично ни го послужи во стаклени чаши. Има боја на топен килибар. При првата голтка чувствувам вкус на мента, нане и мајчина душичка.
- По вкусот е сличен на наш народен чај – велам.
- Мојот пријател не послужи со ваш, македонски чај. Тој најмногу чај носи од Македонија. Во Струга го купува.
- По... по... по... – рече на албански пријателот, не поздрави со широка насмевка и ниско поклонувајќи се, го снема зад шанкот.
- Значи вие барате некоја сива трикатна зграда таму на Руга Анастас Дурсаку?
- Да... ја бараме таа зграда...
- А зошто?
- Затоа што таму, во таа зграда живеевме...
- Кога?
- Таму живеевме од крајот на мај до крајот на ноември 1948 година... Тогаш ние имавме не цели единаесет години. А имаше со нас и помалечки и малку поголемки деца... Бевме многу, многу... деца... – Прекинав.
Моето кажување Исмет и го пренесе на жена му и кога заврши, се налакти на масата и лицето го покри со дланките. Долго трае молкот. Го прекина Марјета.
- Заедно со родителите, ли?
- Прашува дали и родителите беа со вас – преведе Исмет.
- Не, госпоѓо, без родителите... Бевме само деца...
Не знаевме каде ни беа родителите и тие не знаеја каде сме ние...
И пак молк. Несакана ми се откина тешка и болна воздишка...
Исмет го допи чајот. Ја помести чашата и го впери погледот во нас. Долго и замислено не гледа...
- Да... – рече развлечено. Од неговиот замислен поглед и тивкиот тон на гласот сфатив дека во него нешто се прекршува. Молчејќи се гледаме в очи. Чувствувам дека сака нешто да каже, да ни открие нешто одамна доживеано, длабоко врежано во неговото паметење. – Рече дека во таа трикатна зграда живеевте пред шеесет години? 1948 година?...
- Да...
- И бевте многу деца и вие тогаш имавте единаесет години?
- Да...
- А јас тогаш имав дваесет години и служев војска. Бев поручник. Командир на гранична караула. Од таа страна на границата беше селото Лобаница...
Сега почна да ми се одмотува клопчето на паметењето.
- И по зајдисонце, скоро во мракот прифативте...
- Многу, многу деца. Мислам дека беа околу две илјади со се жени кои ги придружуваа. Неколку дена порано знаевме дека ќе дојдат за што не имаше известено повисоката команда, но не знаевме дека ќе има толку мали.
Наредбата беше да ги задржиме цела ноќ во близина на селото Трстеник и ...
- И јавајќи на коњи ги враќавте тие кои се обидуваа да се вратат дома, нели?
- Токму така...
- И бевте растрчани да ги гаснете големите огнови. Гореа купиштата папрат, нели?
- Од каде знаете ?
- Па ... меѓу тие, кои сакаа да се вратат дома и го запалија папратот, бев и јас...
Се насмеавме, но брзо насмевката ни згасна.
Исмет ја избриша потта од чело и по подолго молчење, го врза разговорот:
- Тукуречи една година потоа, во утринските часови на 9 август 49 година ме разбуди дежурниот и со исплашен глас ми рапортира дека во наша насока летаат грчки воени авиони. Брзо се расонив од тешкиот сон, без униформа и бос излегов пред караулата. Не стигнав да повикам на аларм. Врз покривот на караулата паѓаа тешките куршуми од авионските митралези и само неколку минути потоа почнаа да паѓаат бомби врз селата Трстеник и Капештица. Авионите свртија десно и, летајќи долж албанско-грчката граница, ги митралираа нашите караули.
Веднаш по телефон ја известив командата на баталјонот во Билишта. Кога авионите одлетаа, врз нас отвори оган грчката артилерија чии батерии беа сместени надвор од селото Крчишта. Во кругот на двогледот видливо се гледаше како од ридот Фалцата во наша насока се спуштаа воени единици. Одново за ова јавив во командата на баталјонот. Добив наредба водот да го ставам во борбена готовност и доколку грчки воени единици влезат на наша територија веднаш да отворам оган. Трстеник од Билишта е оддалечен само петнаесетина километри. Ровови и бункери немавме. Борбата со Грците ја прифативме на отворено и за кратко време скоро половината од водот загина. Грците го зазедоа селото Трстеник и во јуриш тргнаа кон Капештица, каде ние се повлековме. Таму ни се придру-жија вооружените селани од околните села. Иако патот Капештица – Билишта беше под постојано бомбардирање од грчките авиони и артилеријата, на помош од Билишта трчаница пристигнаа две чети. Се заврза жесток и нерамен бој со добро вооружениот прортивник. Не успеавме да ги задржиме нашите позиции. Селото Капештица го зазедоа Грците и не напаѓаа со мали сили, додека со главните сили се втурнаа по џадето што води кон селото Смрдеш, кое се наоѓа од таа страна на границата. Истовремено се слушнаа долги митралески и автоматски рафали од кај границата.
Единици на ДАГ бочно ги нападнаа грчките кралски единици.. Од Билишта стигна ново засилување. Нашата артилерија веќе со баражен оган го биеше непријателот. До вечерните часови на наша територија останаа десетици мртви и ранети грчки војници. Од заробениот поручник дознавме дека целта на грчките кралски единици беше да го заземат селото Смрдеш и на тој начин од запад да ги опколат единиците на ДАГ кои држеа борбени позиции на ридовите над селата Косинец, Лобаница и планината Мали
– Мади.
- Тогаш – продолжи Исмет – имав дваесет години и таа борба беше моето борбено крштевање. Од неа излегов неповреден, но многу мои Албанци загинаа...
Траеме во молк. Исмет порача втора чаша чај.
Пие полека. Имам впечаток дека со мислите е вратен на онаа ливада недалеку од границата, надвор од селото Трстеник каде во примракот на 25 март 1948 година заедно со своите војници не прифати и не чуваше до наредната ноќ, кога со камиони не однесоа во Корча.
- Значи вие сте едни од нив?...
- Да. Од Корча, пак со камиони, не носеа цела ноќ и во зорите не сместија во едни куќи покрај морето. Куќите беа двокатни. До првиот кат беа градени од камен, а погоре од штици. Така ги паметиме. Местото ние го нарековме “Песуците” и од таму гледавме бродови и многу куќи од кои не делеше таа огромна пустелија од песок... Ми се чини дека денес поминавме покрај песуците, но не го видовме ниту морето. Изградени се високи згради, кои тогаш ги немаше.
- И од таму, од песуците, ве сместија тука?
- Мислам беше крајот на април. Патот до Дуреси го поминавме пеш. Пешачевме цел ден. Не сместија во еднокатни куќи, недалеку од центарот. Денес, возејќи низ центарот ја препознав зградата со часовникот. Таа зграда тогаш беше највисока. Сега е една од најниските... Потоа, некаде половината на мај, не преселија во едни бели згради покрај морето. Тие беа тука, на дофат, ама сега ги нема...
- И ја барате зградата во која тогаш живеевте?
- Сакаме да ја видиме. Таа е дел од нашето детство и врежана е во нашето паметење.
Исмет погледна на часовникот. Сфатив дека треба да се разделиме.
- Простете – му реков – ви го одзедовме скапото време...
- Ни беше задоволство. – Тој пак погледна на часовникот и, удирајќи со прстот на сказалките, рече: -Утре во ова време – покажа на деветката – ќе ве чекаме таму на раскрсницата, на почетокот на Руга Анастас Дурсаку и заедно ќе ја бараме вашата зграда... вашата куќа...
Сопственикот на кафулето не прифати да му платиме за македонскиот чај.
- Куќата чести – рече и со широка насмевка не испрати до излезот.
Се збогуваме со Исмет и Марјета, ветувајќи дека утре, токму во 9,00 часот ќе се сретнеме покрај раскрсни-цата, на почетокот на Руга Анастас Дурсаку.
Со извесно олеснување се упативме кон хотелот, но не влеговме. Не повлече бранот шетачи. Кој знае колку ги има. Се чини дека сите жители на градот се дојдени тука. Широкото и долго крајбрежно морско шеталиште е исполнето до последниот сантиметар. Клупите се запосед-нати од луѓе во одминати години. Живо расправаат, но нивните гласови не се слушаат во жагорот на реката шетачи облечени во лесна летна демодирана облека со белези од сите европски земји. Млади парови – насмеани и гласовити, прегрнати во од си делат бакнежи и никој не им обрнува внимание и воопшто не им е гајле што и како мислат другите. Си имаат свој начин, видување и разби-рање за светот чии задоволства сакаат да ги користат сега, овој миг со неизгасната желба убавото, пријатното, сла-достното што го дава животот да го доживеат сега и во од се бакнуваат, делејќи си насмевки, страстни погледи и воздишки. Впечаток оставаат и шетачи во групи. По децата од разни возрасти што одат или потрчуваат пред нив или покрај нив – изгледа тука се дојдени и цели семејства.
Продавачите на семки и праматарите со секакви дребулии се нераскинливиот дел на шеталиштето. Имаме впечатокот дека и натаму не влече реката шетачи. Стигнавме до големата современа бензиска пумпа лоцирана пред влезот на пристаништето. Тука свртуваме и назад чекор в чекор се до новоизграденото бетонско моло кое длабоко е вовле-чено во морето. Тука завршува корзото. Натаму купишта земја, искршени бетонски блокови, понастрана градежна механизација. Изгледа тука ќе никнат нови висококатници.
Се враќаме и бараме место да седнеме за да напочинеме и да ги средиме впечатоците. Залудно. Поми-навме скоро по сите кафеани, кафулиња, ресторанчиња, пицерии и никаде ниту едно слободно место. И ниту едно кече, ниту една жена облечена во палто и забрадена со шамија. Не, овие Албанци како да не личат на Албанците во Македонија. Седнавме на бетонскиот ѕид што го дели морето од копното. Не заплиснува по некоја солена капка од морската вода. Високо над нас – полна месечина. Полна е на небото и полна е во морето од каде лесни повеви ја разблажуваат запурнината останата од жешкиот ден.
Шеталиштето полека се празни. Месечината фати пат поназапад, се чини дека ѕвездите пребледнуваат, а на клупите и на бетонскиот ѕид се уште во топла прегратка траат ненаситени вљубеници...
16.
По појадокот излеговме од хотелот и тргнавме кон раскрсницата долж морското шеталиште. Поединечно, во јата и во бранови летаат гулаби и се спуштаат на кејот, собираат се што сношти оставија зад себе шетачите. Од под нозе ти ги колват трошките, семките, лушпите од овошје. Не се плашат, се спитомени и слеани со местото и луѓето.
Пред нас високи згради и зад нив се извишуваат крановите на пристаништето. Сретнуваме ретки шетачи.
Ретки се и камионите и колите. Градот допрва се буди.
Камиони – цистерни ги мијат улиците и кејот. Ја преми-навме улицата и стигнавме до раскрсницата. Лево – на аголот, на едно два метри над тротоарот, на ѕидот табла со натпис: Rruga Anastaѕ Dursaku.
Ја најдовме улицата на чиј почеток, до разгра-нетата палма, се договоривме на средба со Исмет и Марјета. Не чекаме долго.
Заедно и возбудени тргнуваме пругоре, на кај кралската палата.
Десно дебелите ѕидишта на старата тврдина. Од улицата ја дели паркот со наредени клупи и високи палми меѓу кои се уште стојат старите фенерите од сурово леано железо.
- Исти се – му велам на Исмет – исти се како тогаш пред шеесет години.
Одиме и ја бараме куќата во која сме биле сместени и.. ја најдовме. Ја препознавме по зеленкавите метални прозорски капаци и по балкончето. Тука е железната, сега ‘рѓосана и искривена порта на фабриката за цигари. Двете крила се врзани со дебел синџир на кој виси голем катанец. Тука, на овој дел од улицата, ништо не е променето. Само од спротивната страна - палмите се пови- соки. Тревата ниско искосена, клупите обоени, патеките чисти. Стоиме вгледани во сивата трикатна зграда, со малите прозорци и затворените капаци. Долу, на призе-мјето чии прозорци се скоро на иста висина со тротоарот беа сместени децата од селото Езерец. На првиот кат, децата од селото Крчишта и на вториот – децата од селото Граче. Има уште еден кат, но тогаш го немаше. Доградба е и се гледа дека одбегнува од старите ѕидови сега со напукната истрошена фасада. Никој не живее тука. Меѓу зградата и фабриката за цигари опстојува тесната уличка.
Тогаш, да речеме во наше време, тука имаше вратиче опковано со четири редови бодликава жица. За нас тоа беше забранет излез.
Неколкупати им рековме на Исмет и Марјета дека оваа е куќата. По изразот на нивните лица, сфативме дека ја споделуваат нашата возбуда. Тие седнаа на клупата во паркот, а ние продолживме со посетата на некогашното гнездо.
Влегуваме во тесната калдрмисана уличка. Лево – имаше голем двор и од него влегувавме дома. Во еден од ќошевите, оној најоддалечениот, под високата црница, постојано гореше оган на кој во голем котел секогаш имаше жешка вода во која вриеја нашите алишта. Дворот сега е скриен зад високата дрвена порта од делкани штици.
По повеќекратно чукање ни отвори девојка облечена во летна проѕирна горна кошула и многу тесни сини џинси.
Со тие два-три зборови на нашиот албански јазик се поздравуваме и потоа стегна сопирачката. Не можеме да се разбереме, а многу голема ни е желбата да влеземе во куќата.
Од ниското куќаре, веројатно диво изградено во дворот, излезе маж и нешто не прашува. Покажувамe на вратата од зградата и велиме дека сакаме да влеземе внатре. Човекот рашири раце, вчудовидено замавна и го снема во куќарето.
Дворот е непрепознатлив. Ја нема големата црни-ца и чешмата до неа. И портокаловите стебла ги нема. На нивно место и во дел од некогашниот двор се извишува десеткатница во изградба. Излеговме на улицата Анастас Дурсаку, преминавме на другата страна, и стоејќи под сенката на разгранетата палма, гледаме во прозорските капаци зад кои се собите, тесното ходниче и двете лавабоа во кои никогаш не видовме вода. Се миевме надвор, во дворот.
Сега, по толку изминати години, стоиме загледани во тие прозорски капаци зад кои поминавме седум месеци...
Заедно со нашите Исмет и Марјета ( подоцна Исмет ни кажа дека е полковник во пензија и дека воена академија завршил во Киев, дека по караницата меѓу Никита Хрушчов и Енвер Хоџа, бил отстранет од војската и пет години проживеал во логор), ја напуштаме улицата Ананстас Дурсаку и низ преминот што води кон центарот, врвиме по тесни сокачиња, мал остаток од стариот град.
Ниски, еднокатни стари куќи и веднаш до нив синџир од нови десетокатници го опкружуваат центарот на градот. Ги бараме куќите, во кои бевме сместени по преселувањето од “Песуците”. Нема ниту трага. На нивно место изградени се нови станбени висококатници. Тесната улица, која тогаш беше нашето единствено место за играње футбал со топка крпеница од партали, е широка и само мерцедеси се движат во колони.
Паметам дека во оваа насока беше футбалскиот стадион. Таму не носеа не за да гледаме футбалски натпревари, туку во трчање и играње на зелениот килим од ниско искосена трева да го поминеме половината ден.
Потоа, построени и со песна, токму напладне поминувавме по центрaлната улица што води право кон пристаништето, свртувавме десно и, удирајќи строев чекор пред касарната на албанската воена морнарица, последното чекорно уди-рање го завршувавме под врбата.
Не го најдовме “нашиот” стадион. Не ја најдовме и големата нива каде по една голема дождовна бура ги собиравме налегнатите и неожнеани класови. Ги фрлавме во купови што растеа покрај машината за вршење.
Марјанти одеше од група до група и, бодрејќи не, велеше дека на овој начин и помагаме на народната власт и се бориме против англоамерикснакскиот империјализам.
Воопшто не ја болеше глава за тоа дека нас олуглавите не пржеше летното сонце и не гореше жед. Се натпрева-рувавме кој вод, која чета ќе собере повеќе класје, ќе направи поголем куп и на враќање погласно ќе пее и посилно ќе удира строев чекор. Така, преку трудот и излеаната детска пот во големата нива требаше да станеме поцврсти и похрабри во издржувањето на горештината и жедта и да ја челичиме нашата подготвеност за големите идни дела. Во нашето детско паметење имаше многу место, та затоа не ги заборавивме овие зборови што секој ден беа преточувани во дневни пароли. Ја нема големата нива, но за тоа на тоа исто место има големи станбени згради кои го надополнуваат ликот на новиот, за разлика од некогаш-ниот, сега непрепознатлив, Драч или Дуреси.
Малку се белезите што не потсетуваат на неко-гашниот Драч – Дуреси. Општинската зграда со големиот часовник, улицата што сега го носи името Анастас Дурсаку, сивата зграда во која бевме сметестени и скоро недопрената од новото време - кралската палата. Тука се уште не стигна албанската преродба. Лево ги препознаваме ниските куќарки, истата калдрма, а пред палатата прекопан е малиот паркинг, ширум е отворена искривената железна порта. Никогаш не сме влегле во дворот, не влеговме и сега иако нема вооружени стражари. Од тука, од високо, на дланка е некогашното мочуриште на кое изграден е современиот најубав дел на Драч и натаму пристаништето, бродовите што чекаат ред на отворено море и уште понатаму, во лесната летна замаглина, пак високи згради што од морето ги дели долг, многу долг песочен појас.
Онаму далеку, далеку, одвај видливо со голо око, мал свиок. Тука копното впловува во морето и го обележува крајот на песочниот појас – големата плажа...
* * * Такви ги запаметивме. Колку ли пати сме ја претрчувале оваа улица се до горе, до затворената железна, дебела и висока порта на кралската палата, пред која тогаш постојано имаше вооружен стражар? Колку ли пати пругоре и прудолу трчавме со ист чекор, во кој мораше да се слуша само едно крап-крап-крап... Во спотивно не чекаше повторување на трчањето се до крај на издишка, до болка во бочините, до гуѓење воздух, трчање, трчање па дури и до бесвест. Така сакаше таа Марјанти. Во нејзиното уво секогаш мораше да удира само еден звук на чекорот во трчање, а тој звук мораше да звучи војнички. Крап – крап – крап! Крап-крап - крап!!!
И сега, во навратот кон времето од пред шеесет години, ми се присторува дека го слушам тоа тропање и ми се чини дека имам болки во бочините, дека ми недосува воздух и целиот сум испотен...
Крап - крап - крап!!! Крап - крап - крап!!!
Одѕвонува нашиот детски чекор на улицата сега Анастас Дурсаку... И кој не држи чекор, кој си стега бочини од болка, го губи појадокок и пред сите е осрамутуван. Така сакаше таа Марјанти на која и се чинеше дека сме пораснале за војници... И кога се враќавме испотени и истоштени, пред портите од бодликава жица не пречекуваа наши врсници со нарамени пушки. Зошто? Така сакаше Марјанти... која постојано велеше дека неа од борбениот строј ја откина генералот Маркос и ја прати тука, во Драч нас да не чува, да не учи како да ја сакаме борбата и брзо да растеме за да го продолжиме делото на нашите татковци и браќа кои храбро се борат против англо-американскиот империјализам. Така ни велеше. А нашата учителка во декември 1947 година, кога се отворија македонските училишта, постојано ни велеше дека нашите татковци и браќа се борат за Македонија. Кому да веруваш? Неа, нашата учителка ја разбиравме и ја сакавме, ама Маријанти не ја разбиравме и ја мразевме. Во нашите детски срца немаше место за неа. И кога се слушна дека таа се фати со Албанецот кого го викавме Форца Кароца (веста ја пушти ноќниот чувар, Грк од Епир), ние најмногу викавме да си оди, извикувајќи под нејзиниот прозорец најпогрдни зборови.
Маријанти си отиде при крајот на септември и наредниот ден веќе не го слушнавме острото ѕвонење на парчето шина кое не будеше во раните зори и трчаница, се уште по мрак, носејќи го сонот во заспаните очи, моравме да се построиме на плоштадот и со строев чекор што побрзо да ја заземеме малата лединка лево од касарната на која секое утро, во пропишано време, припадниците на албанската воена морнарица истрчуваа на утринска гимна- стика. Морнарите кога излегуваа од касарната се сретнуваа со нашето гаврење и исмејување за што најмногу не бодре-ше Марјанти. На овој начин бевме појунаци, похрабри и поподготвени за големи дела за разлика од албанските бранители на морето.
Евдоксија воведе нов ред. Будење во шест, седум десет минути гимнастика (помалите не правеа гимнастика), потоа миење, облекување (алиштата ни беа се попарталави)
и потоа појадок. Веќе го снема стројот, строевиот чекор, долгото трчање по макадамот покрај морето и трчањето прругоре се до кралската палата, немаше марширање и со песна, на морнарите не им ја земавме лединката, и под разгранетата врба не стоевме во строј и не се колневме во генералот Маркос. Ја симнаа кутијата – радио и го снема гласот на двете жени кои секој ден во исто време, напладне, во дванаесет часот, почнуваа да гласат за големите борби и победи на ДАГ. И чудно ни беше што сето тоа наеднаш го снема и дека во нас завладеа некаков мир во кој се почувствувавме деца и почнавме да си играме како деца...
И дојде октомври и заедно со него и студот. Од кај морето дуваа студени ветришта и подот бетонски беше се постуден.
А во собите спиевме на бетонски под. На секои пет деца ни беа дадени две ќебиња. Едното го постелу-вавме на бетонскиот под, а со другото се покривавме и наредени како фишеци на реденица, се пригушнувавме еден до друг за да ни биде потопло.
Алиштата со кои тука дојдовме од дома, беа летни и ни се искинаа. И чевлите веќе беа скинати и тукуречи газевме на голо стапало. Ден или два по замину-вањето на Марјанти, тие од албанскиот градски комитет, така се слушна, го истераа и Форца Кароца. Остана носачот, кој немајќи работа, по цели денови дремеше под врбата. Првите денови немаше кој да не снабдува со храна, но набрзо донесоа некој друг Албанец. Тој покрај редовно-то снабдување, ни подели чевли и чорапи. И храната се подобри. На секое дете за цел ден ни делеа по едно ‘ржано пешниче леб, големо како две тупаници, по една лажица шекер, а во големиот казан, за ручек, скоро секој ден вареа надолж посечени компири зачинети со брашно и многу црвен благ пипер.
Новиот Шоку Кароца, така во прифатилиштето го викавме единствениот албански службеник кој беше задолжен да не снабдува со храна, навреме го носеше јастието. Него постојано го придружуваше исто така Албанец (знаеше малку македонски) кој ја влечеше двокол-ката ( слична на индиските рикши) до врв наполнета со вреќи. А во нив најчесто имаше макарони. Од мај до крајот на август таа 1948 година за ручек јадевме само макарони.
Храна – по мера и тежина добивавме повеќе од Албанците.
Не гладуваше никој, но и никој не беше доволно сит.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/na-pat-so-vremeto/13 на 29 октомври 2026