On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 07
* * * По горниот, стариот пат, сега под асфалт, (подолу има уште еден поширок пат, граден е по доселувањето на Саракачаните), одиме на запад од селото. На излез – крај на асфалтот. Коцка. Старата коцка. Предвоената. Патот беше граден триесеттите години. Ангарија работеа селаните од околните села. А обележан и употребуван бил од Римја- ните. Тука е врската меѓу Костур - Билишта и Корча и натаму за Драч. Ритчето над патот и рамнинката под патот оградени се со бодликава ` рѓосана жица. И рамнинката лево од патот - оградена е со ` рѓосана бодликава жица на која виси подгниена штица со натпис – “Минско поле!” Никој досега не успеа да ги тргне мините. Тука тие чмаат и бдеат од август 1949 година. Ги поставија ми-нерите на ДАГ. Дваесетина метри понатака – раскрсница.
Во среди-ната - црквиче. Десно – широк, набиен пат, води за Кристалопиги.
21 Така пишува на сообрааќајниот знак.
Лево старата калдрма – патот за Крчишта. Право пред нас, малку прудолу, калдрма.
- Овој е патот – и велам на сопругата - џадето што води за Лобаница.
Калдрмата е обрасната со зелен мов и над неа од обете страни, висат шипови, страните покриени со закржлавени ниски брестови. Се гледа дека патот не е употребуван. Излеговме од колата и свртивме поглед на југ. Пред нас - се простира косинското поле, па натаму Стените ( Фалцата) и далеку планините - Одрето, лево Орлето и десно, на запад, се редат Круша, Горуша. Бел Камен, Петре Пелени, Свети Илија, Амуда, Николер, Аља-вица и зад нив Грамос. Зад нас, на блага угорнина - ри-диштата на Косиснец и Лобаница, обраснати со разрет-чена и ниска дабова шума – чемреат во молк и тишина.
21 Кристалопиги – тоа е новото име на Смрдеш и во превод значи - кристален извор. Името е изведено од изворот што тече покрај селската црква Св. Ѓорги.
Натаму угорнината, покриена со крш од камен, станува се пострмна и се врзува за ридовите на Мали-Мади.
Во бранови трепери топлиот воздух и тишината предизвикува морничав немир. Од раскажувања знам дека од тука владината војска сакаше да се пробие зад грбот на партизаните на ДАГ и на тој начин да им ја отвори вратата на тенковите за влегување во Смрдеш и затворање на патот за отстапување во Албанија. Тука, на овие ридови од 10 до 11 август 1949 година жестоко се спротивставија 105- та бригада на ДАГ и владината војска. Тука, во подножјата на овие ридишта беше онеспособена IX дивизија на владината војска, но и од партизаните многу не останаа живи. За тие денови генералот Зафиропулос во својата книга “Антибан-дитската војна 1945-1949”, на страница 619 запиша:
“ И така маневарот на IX дивизија целосно не успеа, оставајќи на бојното поле 354 убиени само од 41- та бригада.”22 Полека возам по раскопаната калдрма и кога излегов од сенките на високите и разгранети дабови, пред мене се отвори простор легнат во крш од камења. По окол-ните голи ридови и големата карпа, го познав местото.
Тука беше селото Лобаница. Го паметам по трите високи тополи што растеа крај рекичката над чиј брег беше големата црква Свети Димитрија и до неа – карпата од чии дамари течеше бистра вода. Ги нема тополите и црквата ја нема и водата што течеше од под карпата - ја нема. Ги паметам двокатните куќи изградени со делкан камен, покриени со турски керамиди и прозорците обоени со сина боја. Ги нема куќите градени по Илинденското востание, ги нема камењата и керамидите ги нема. Ја паметам високата бела куќа, градена високо на самоти крај од селото од чиј чардак се гледаше целата околината. Беше куќата на тета Зоја, која заедно со снаата и со двегодишното внуче две и половина години беше заточена во преспанското село Дреново и наречена народен непријател затоа што нејзи-ниот син пребегна на другата страна. Во таа куќа се вселивме есента 1947 зашто нашата ја беа изгореле. Ја нема куќата. Го паметам училиштето каде во доцна есен таа
1947 година, по зајдисонце, се отворија вратите на училиш-тето и во примракот и во растреперените пламенчиња на 22 “ Ουτω ο ελιγµος της IX Μεραρχιας απετυχεν ολοσχερος µ ετα µ εγαλων απωλειων, 354 εκτος µαχης µονον της 41-της Ταξιαρχιας....΄΄ кандилата за првпат отворивме буквари и учителката, Костандина Тодорова, облечена во воена униформа, ни ја учеше кирилицата. Го нема училиштето и учителката со партизанската капа и долгата плетенка, ја нема. Почина во Скопје каде се досели од Полска. Паметам и многу ликови на Лобанчени. И нив ги нема. Паметам дека во зорите стигнуваа партизани и истоштени од долгиот ноќен марш, остануваа на почивка и по зајдисонце си одеа. Паметам кога во примракот низ Лобаница поминуваа долги долони товарени коњи и маски водени од жени со бели долами.
Преспанкк беа и се шепотеше дека пренесуваат оружје.
Паметам како над Лобаница и околните села високо кружеше жолт авион и поради тоа деновите беа мртви, а ноќите живнуваа. Паметам кога долго во ноќта в куќи доаѓаа жени од АФЖ-ето и долго зборува со мајките.
Татковците тогаш ги беа собрале и копаа ровови и сечеа дабови, буки и борови и градеа бункери. За што тие АФЖ -итки толку долго зборуваа и ја убедуваа мајка? И денот го паметам, беше попладне, 24 март и се до зајдисонце, во толпи и долги редици, истоштени и капнати од долгото патување, стигнаа во Лобаница многу деца. Имаше мали, големки и поголемки. Малите ги носеа мајките во своите пазуви и на рамо, а големките се држеа за нивните фустани. Беа истоштени и капнати од долгото патување тие деца и мајки од Брештени, Галишта, Езерец и Ново- селени. Душа прибраа и преспаа во училиштето, во црквата и во куќите на Лобанчени, а денот го поминаа скриени во шумичките надвор од селото. Наредниот ден, цел ден стиг-нуваа децата од Долно Папратско, Крчишта и Косинец.
Првпат, на едно место, видов толку многу деца и толку многу мајки. И паметам дека попладнето воздухот во нашиот двор мирисаше на печена кокошка и топла погача и како мајка од сандукот ги извади пљачките и не облече така, како што не облекуваше кога не носеше во црква...
И паметам дека тогаш денот беше пролетно топол. Цутеа бадемите и се натпеваа славеите.
Продолжив да возам по кршот од камења над кој се дига омарнина и колку повеќе се доближувам до купиштата од камења и земја каде беа последните куќи, чувствувам дека ме лазат морници. Крај на купиштата од крш и земја. Десно благо се свиткува патот и тука застанав.
Тука застанавме тогаш на 25 март 1948 година.
Застанавме за збогум...
... Пред нас, онаму далеку, над планината Морава, заоѓашe сонцето. Предвечерните зраци тонеа во нашите расплакани очи. Во примракот се погласно се ронеше детскиот плач. Зад Морава зајде сонцето и мракот се исполни со липање. А зад нас, таму на угорнинката стоеја нашите мајки и камењарот под нив го растресуваа нивните болни, гласни и распарувачки липања и плачења и со разврзаните црни шамии ни мафтаа на збогување...
А ние одевме во мракот и не знаевме каде не води. Одевме, се сопнувавме, паѓавме, станувавме и вле- чевме чекор во долгата колона... Некаде во средината на долгата редица некој запеа, но никој не ја прифати песната што требаше да додади храброст и бодрост. Гласот на пејачот згасна. Секна. Се изгуби во плачот и липањето...
Пред да очекориме во туѓо, за кратко запре колоната.
Некој, од тие, кои не спроведуваа, ми ја одрами торбата со печената кокошка и со се уште топлата погача...
По години, веќе возрасен, по долгата, неколку-годишна разделба и средбата под туѓо поднебје, од мајка ми ќе слушнам:
- Ни рекоа дека штом помини лошото децата ќе ни ги вратат и тоа по дваесетина денови. Така ни велеа и не убедија и ние сами за рака фатени ги доведовме до границата.
Таму на свиокот од патот кога ни рекоа дека само до тука можеме да одиме со вас, застанавме на угорнин- ката. Тука не застанаа. Од тука ги праќавме со молитви за да ни се вратат побргу...
Дали имаше некоја жена која не плачеше? Пла-евме, чендо, коса од глава корневме и рендевме како да испраќавме мртовец. Кога ве снема, кога се вративме дома, дури тогаш видовме што големо лошо ни се стори. Од пусто – попусто. Пуста, празна куќата, празен дворот, празно селото, секое сокаче пусто. И чекавме да слушнеме дали ќе се отвори порта, дали некој ќе викне, ќе заплаче, ќе се расмее. Ништо. Празнотија. Немаше детски глас, а толку сакавме да го слушнеме. И детско смеење и плачење да слушнеме...
Немаше дете. Немаше глас, немаше смеа, немаше радост. Тешко е кога некој ти ја пресечува радоста. А нам ни ја пресекоја радоста и ни отворија рана, болна, сечена, тешка, отворена рана... рана на срцето и рана на душата, рана што не се гои, и при секое спомнување на рожбата боли, се отвора, се обновува и крвари, гори и пече. Ничие срце не може да помогне за да се намали таквата болка, зашто та е длабоко вгнездена во срцето и во душата...
- Ете, тука - се удира по гради – како имела болкката се залепи, стега и гребе и шепоти, наслушнува, никаков глас, никаков шум не допира, само тишина, нема ништо, пусто е.... а тоа пусто боли, та не престанува. По некој ден почнавме сами да се кориме и да се чудиме и преколнуваме, како ли, зошто ли ги дадовме децата, зошто си откинавме живо месо од живо тело? Зошто во туѓи раце раце сме ја клале судбината на чедата?
Разделбата рана ни се стори. Отворена рана што крвари и пече. Раните од куршум, од нож, од кама, се гојат, ама раните од болка и од тага и од чемер не се гојат. Секој ден раните ни беа се поотворени. Колку деца - толку рани.
Отворени. Постојано отворени ни беа тие рани и градите ни беа распарани од тешките воздишки. Во двор ќе излезеш – пусто, од балконче или прозорец ќе погледнеш – пусто, на чешма ќе одиш – се е пусто, се е празно. Секаде празнотија и пустелија зееше. Секоја мајка е ранлива кога и го нема чедото. Ни се чинеше дека дури и птиците си одлетаа. И нивниот глас и песна не се слушаше. А мислите? На што друго да мисли мајката, ако најпрвин не помисли на своите рожби? На што да мисли мајката на која и ги собраа чедата, а со тоа и ја изматија и и ја отруја радоста? Молк и многу тага го поплати селото; молк во куќата, во дворот, само во умот неуморно кружи, гребе и длаби мислата и не дава да се смири срцето, да се прибере, ден да се пречека со надеж, ноќ да се преспие без болка...
Тешки деновите и ноќите уште помачни.
Судбина ли ни беше? Голема тежина, голема тежина падна врз нас.
Пеметиш? Прво ги собраа големите деца. Ноќе ги собраа, некаде во шума, во планина ги однесоа... И ни рекоа и нам и ним дека ќе се борат за слобода, за Македонија.
Потоа ве собраа вас, помалите деца. Ни рекоа дека таму, во државите, ќе останете само неколку денови, додека не биде истеран непријателот... Им поверувавме и ве дадовме...
И останавме сами...
Потоа една по една овца, коза, па кокошка, еден по еден коњ, вол, ни ги собираа и ни велеа за борбата и ливче ни даваа дека народната власт се ќе ни врати.
Потоа ни ги собираа покривачите, веленцињата, перниците, топлите палта, ракавиците, чорапите, фанелите, капите, волната, тенџерињата, чиниите, лажиците, виљуш- ките. Ни велеа - за болниците, за ранетите. И никој не не прашуваше дали уште нешто ни остана... Ни остана, чедо, ни остана голиот живот, болката, маката, чемерот, оболе-ната душа и мачната надеж на чекањето... и овие раце и рамената... со кои станавме дел од бурата што надоаѓаше се побучна и пострашна...
За тие кои беа на бој секогаш бевме оптоварени со најлошата мисла, со најголемиот страв, а за тие, малите, што ги собраа не потхрануваше мислата дека таму каде што ги однесоа нема бој, нема пукање, нема убивање, дека се живи и здрави. И иста молитва и за малите и за големите
– да се живи и здрави, нека се далеку, ама да се живи и здрави. Никоја работа не се држеше за нашите раце. Се што ќе фатиш, од рака ти паѓа. Отако ги изоравме и ги посеавме нивјето и ги посадивме градињето, тогаш пак дојдоа тие, кои ни ги собраа и големите и малите деца.
Рекоа – борби големи ќе има и за да биде победата наша, треба и ние да одиме не во бој, ама да копаме, да носиме и да пренесуваме.
Копавме ноќе, носевме и пренесувавме ноќе.
Дење не биеја со авиони и топови. И така денот го направивме ноќе, а болките во рамената од носење трупци и сандаци со оружје беа се поголеми. Немаш рамо, немаш нозе, немаш и глава за да мислиш за својата болка. Цел имот, ниви и бавчи, овци и кози говеда останаа на старите, на тие кои не можеа да држат угорнината со сандак на рамо или со ранет во носилка. И си велиш во себе, да не дај Господ и со мислата се крстиш, со мислата зашто рацете ни беа фатени од носилката, трупецот, сандакот, од лопатата, од секирата и казмата и каменот. И така сал со мислата се крстиш и крст со рака да направиш не можеш. И кога го носиш ранетиот си велиш во себе – дали некоја друга мајка така ги носи моите чеда? И те фаќа уплав, онемуваш од страв, нозе ти се потсечуваат. А ум немаш за да мислиш за нешто друго. Целиот ум се дави во таа мисла и сал со таа грижа фатен и оптоварен.
Така, ете, големо и ужасно лошо не погоди секој ден удар по удар не биеше и не сакаше од нас рака да тргне...
А во селото останаа само едно две или три деца.
Незаодени, неодлачени, нетргнати од гради. Кога тие ќе заплачеа сите плачевме и сите се радувавме. Кога тие ќе се насмевнуваа, сите се насмевнувавме и сите плачевме.
Нивната смеа, нивното гугање и плачење беше нешто како во мрак да пуштиш светлина. Тоа беше нешто како по бурата со црни облаци сонце ќе огрее.. Кратко траеше таа радост. Небаре светлинка ќе болснеше во мракот, небаре накратко сонце ќе светнеше и пак мрак – солзите никогаш не ни пресушија. Нив ги имавме и за мртвите и за здра-вите... Лошо, многу лошо време не погоди и не поплати.
Куп деца дома и наеднаш цела дома празна. Глуво. Болно.
Што правевме? Најмногу колневме. Ги колневме тие кои дома не ни влегоа за добро, ами дома ни влегоа и ни ја однесоа радоста и светлината и ни оставија мрак. Се молевме дома. Пред иконата на Богородица запалувавме боринка и се молевме. Така малку ни олеснуваше. И во црква одевме и се молевме. Ноќе. И кога носевме ранети, ако поминувавме покрај црква, застанувавме и се молевме за тие кои беа во носилките. Да останат живи.... Молитва ни се сторија деновите и ноќите. Зарем Господ слушнал ли некогаш толку многу молитви? И чудо е што Нему најмно- гу му верувавме...
Ноќе клекнати пред запалена боринка, свеќи веќе немавме, вгледани во Богородица се молевме за сите. И за тие кои беа во бој и за тие кои беа по државите. И чекавме... не остававме боринката да догори. Ни требаше малку светлина и за другиот ден ако ни остануваше нешто од денот, и за другата ноќ, ако не бевме на носење трупци и камења за бункери или на носење и пренесување ранети.
Така при запалени боринки се собиравме во една одаја сите што бевме останати во селото, ги одврзувавме црните шамии, врз нив ги стававме кадрата на нашите дечки и ги гледавме, им шепотевме, а тие само не гледаа и не гледаа, а ние со шепот им зборувавме и со лесен допир, со прстите им галевме образи и чела, со болно навлажнети усни им бакнувавме очи, а тие само не гледаа и само молчеа. И тивко, молежливо им велевме – ајде, чедо, прозбори, насмеј се, мило... И така ние им зборевме, а тие молчеа и само не гледаа и не гледаа и така се гледавме во молк...
х х х Долго останавме на угорнинката. Стоиме онеме- ни. За миг затвораме очи и под клепките ја гледаме таа огромна толпа од жени и старци застанати на оваа угорнинка и со молк сподавен во липање не испраќаат... а во ушите ни одекнуваат нивните молитви и во молк го слушаме нивното сподавено плачење и липање...
И пак, и одново се потсетивме на денот кога не собраа и не одведоа и си спомнавме дека тогаш цутеа бадемите и во првутот на лисјето се натпеваа славеите.
Беше март. Денот пролетно миризлив и топол...
Не собраа и не одведоа, а зад нас остана недовр-шената приказна во гласот на дедо и баба... И си мислевме и се прашувавме: дали таму каде што не носат ќе има ли некој кој ќе не погали со топла дланка како дланката на нашите мајки, кој ќе не бакне пред спиење, како што не бакнуваа нашите мајки, кој нежно ќе не погледне како што не погледнуваа нашите мајки, кој ќе ни се насмевне со насмевка на нашите мајки, кој ќе ни раскаже приказна, ќе ни запее приспивна песна, ќе ни избрише стежната солза?
Ќе има ли нешто од нашата дома? Каде ли не носат? Кога ќе се вратиме дома?
Не одведоа и мојата мајка и сите мајки на сите деца останаа со празни скутови и прегратки и со секогаш вперен поглед на патот по кој не одведоа и постојано и без престан ќе мислат дека токму по тој пат ќе им се вратиме...
И покрај многу работи што многу ги присаку-вавме, најмногу сакавме да не го заборавиме патот по кој се одлачивме од дома...Да го запаметиме така, како што се паметат мајчините очи, мајчиниот глас, збор, насмевка...
Зарем многу сакавме?
Во кршот распален од жегата и испран од дождовите осамена, гола и тажна стои таа иста угорнинка и тоне во длабока тишина...
И ние стоиме смраморени - скаменети и со сето битие ја чувствуваме болката на разделбата што никогаш не сопре и што никој не најде лек за да ја излекува.
Има болки што никогаш не се лекуваат.
Болат и ќе болат ...
Молчејќи слегуваме на напуштениот друм и пеш го поминуваме патот што некогаш беше пат на разделба.
Но, тука не завршува нашето патување со времето и по трагите на спомените.
Одиме.
Одиме натаму и пред тоа свртуваме поглед уште еднаш за да го запаметиме подобро местото на одлачува- њето. Излегуваме на крстопатот и го фаќаме широкиот пат, веќе подготвен за асфалтирање.
7.
Кривулестиот шумски пат не однесе на ридот Лисец. Извишен е 1827 метри над морето. Гол е и на самоти врв се поставени антени. Од тука се отвора широка глетка на околните планини – Бигла, Лунѕер, Вичо, Сињачка, Мали-Мади и отаде Орлето, Одрето, Горуша, Бел Камен, Николер, Аљавица и далеку – далеку, во сивата змаглина, врвот на Грамос. Во нивниот круг е Костурското поле, Костур и Костурското Езеро.
Во подножјата – пределот наречен Корештата. На запад – Врба, Иван Планина, Галичица и двете преспански езера. Глетката е волшебна и со својот живопис пленува.
Но, тука не не доведе желбата за да му се восхитуваме на ретко убавиот пејзаж на овие македонски планини.
Дојдовме да видиме дали останаа траги од последните напори окрилени со паролата “Непријателот на Вичо нема да помини”. Илјадници селани од околните и подалечните македонски села заедно со седумте или осум илјади партизани на ДАГ цели седум месеци копаа ровови и градеа бункери. Сите ридови и планини во реонот на Вичо беа еден синџир на одбрана. Во предвечерието на големата офанзива, на осми и девети август противникот во Корештанската котлина довлече голема сила и цела ноќ од пушкарниците на бункерите партизаните ги гледаа светла-та на поставените шатори.
Командантите на партизанските бригади распоре-дени на околните ридови и планини со голо око ја гледаа плевата од војска и не добија наредба да отворат оган од 45-те топовски и минофрлачки цевки. Во корештанската котлина не пукна ниту една граната.
Што ли ќе беше во Корештанската котлина, каде беа концентрирани главните сили на владината војска пред големата и одлучна битка, ако би загрмеле оние 45 парти-зански топовски и минофрлачки цевки што беа поставени на околните планини?
Не загрмеа...
Упатените велат дека имаше предавство...
... Ноќта, меѓу 10 и 11 август владина бригада го нападна Лисец. Ридот неколкупати преминуваше од рака во рака и беше совладан од владината војска. Непријателот помина на Вичо и ширум се отвори патот за Преспа и за бегство во Албанија.
Стоејќи на самоти рид на Лисец, од ранецот го извадив бележникот и ги читам белешките што пред тргнување на пат, ги направив во Институтот за нацио-нална историја на Македонија каде се чуваат десетици монографии за селата од овој дел на Македонија. Пишу-вани се во изминатите 40- на години. Некои само како белешка, небаре само потсетник за да не се попадне во заборав, а други, пак, богато обработени со многу пода- тоци. Има во нив и историја, и имиња на топоними, описи на обичаи, народни песни, ора. Се за тоа дека селото некогаш беше село. Тоа што ми остави најболен впечаток се бројките. Број на население, број на мобилизирани, број на загинати во војните, број на умрени во затворите и логорите на сувитеострови, број на раселени и иселени. И така во бележникот запишав дека од селото во граѓанската војна беа од:
Аитос, мобилизирани 132, загинаа 39, Бесфина, мобилизирани 96, загинаа 25, Бапчор, мобилизирани 180, загинаа 62 Тиолишта, мобилизирани 55, загинаа 20 Мокрени, мобилизирани 188, загинаа 75, Кономлади, мобилизирани 367, загинаа 69, Добролишта, мобилизирани 53, загинаа 20, Езерец, мобилизирани 34, загинаа 12 Крчишта, мобилизирани 43 загинаа 29, В`мбел, мобилизирани 105, загинаа 19 Граче, мобилизирани 66, загинаа 38 Граждено, мобилизирани 46, загинаа 21 Загоричани, мобилизирани 87 загинаа 62 Герман, мобилизирани 288, загинаа 92 Нестрам, мобилизирани 127, загинаа 60 Статица, мобилизирани 185, загинаа 53 Сетина, мобилизирани 160, загинаа 65 Ошчима, мобилизирани 87, загинаа 26 Зеленич, мобилизирани 95, загинаа 23 Добролишча, мобилизирани 51, загинаа 20 Брешчени мобилизирани 41, загинаа 13 Косинец, мобилизирани 66, загинаа 22 Шештево, мобилизирани 87, загинаа 20 Старичени, мобилизирани 30,загинаа 12 Жужелце, мобилизирани 33, загинаа 11 Черешница, мобилизирани 54, загинаа 13 Новоселени, мобилизирани 32, загинаа 15 Крушоради, мобилизирани 62, загина 36 Дреновени, мобилизирани 42,загинаа 9 Руља, мобилизирани 125, загинаа 36.....
По кој владин закон, а влада не постоеше, беа мобилизирани. Во текот на војната во една од наредбите се велеше – одете десет, вратете дваесет. Толку момчиња и моми требаше да донесат в планина насилно извлечени од дома.... А гинеа на сите боишта, а најмногу 48- та и 49- та на Грамос, и на Вичо, во Негуш, во Воден, во Лерин. Толку внесов во мојот бележник...
А колку ги има?
....................................................................
....................................................................
....................................................................
……………………………………………
……………………………………………
……………………………………………23 На секој читател или истражувач ќе му должам огромна благодарност доколку празните редови што можат да продолжат и во многу страници да ги дополни со имињата на селата и бројот на мобилизираните и загинатите што погоре не се наведени. Ова не е пропуст или незнаење, туку намерно го направив со цел читателот да вложи личен труд во дополнувањето на списокот кој го 23 Редовите обележани со точки му ги оставам на читателот за да ги дополни според свое знаење, паметење и коментар.
обележува македонскиот влог во сопствената трагедија и пораз, во сопственото уништување и по заслуга на сопствените водачи.
И тоа не e се. Колку ли се тие кои засекогаш останаа на гробиштата во источно-европските земји, поранешниот СССР и во поранешна Југославија?
Бројки.... бројки... бројки....
Зад секоја бројка - болка, зад секоја бројка солза, страдање, безнадежност во чекањето, зад секоја бројка вдовица, сираци, зад секоја бројка незнаен гроб, зад секоја бројка долги маршеви под дожд и студенило, зад секоја бројка неуспешни битки, глад, рани...
Бројки... и зад секоја бројка затворена куќа, пресечени корени. Бројки во кои се најмилите, најсаканите, најблиските, најсонуваните, најчеканите,...
Бројки... и штом затвориш очи чиниш живнуваат, се насмевнуваат и ветуваат дека денес, утре, задутре, в година ќе си дојдат.
Бројки... зад кои се тие, кои останаа на Копанче, Аљавица, Чарно, Краставец, Свети Илија, Круша, Горуша, Ќафа, Клефтис, Горнаи Долна Арена, Вичо, Мали-Мади, Баро, Јамата, Рото, Плати, Крсто, Бигла, Лунѕер, Бела Вода, Врба, Гревена, Негуш, Воден, Лерин, Преспанското Езеро, болниците во Корча, Драч, Елбасан, Тирана, Сукт, Јасеново, Катланово...
Бројки... бројки... бројки...
Ставивме нога на Вичо и Бигла, на Лунѕер, Лисец и на Мали-Мади и сите други ридови што изгледаат како да се врзани со еден синџир и во круг имаат лик на венец...
И ми доаѓа да викнам и да провикнам:
Луѓе, луѓе, о луѓе!...
Каде сте, бре, луѓе!!!
Нема одѕив. Сал молк тежок и длабок како мрачна бездна, молк кобен како најтешка клетва... и болка како од отворена рана...
Така посакаа други... – да нема луѓе... и човечки одѕив...
8.
На граничниот премин Кристалопиги – како што погоре е речено -по старо селото се вика Смрдеш, името го носи по кристално чистата вода што извира од планин-скиот извор покрај црквата Свети Ѓорги, една од најубавите во костурскиот крај, полицаeцот лист по лист ги прелистува пасошите. На парчето хартија што е виза за мојата сопруга удри печат, а мојот пасош одново почна да го прелистува. Час гледа во мене, час на сликата и остава впечаток дека се сомнева во сличноста, а можеби и во пасошот.
- ФИРОМ? – удира со прстот на корицата од пасошот.
- Пишува горе. На два јазика.
- Аха, тоа по ваше...
- Да, господине – наше, се разбира дека е наше.
- А виза? Каде виза? – ме прашува и упорно ме гледа в очи небаре ме фати на крадење.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/na-pat-so-vremeto/7 на 29 октомври 2026