Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 17

Од Петре Наковски · Дел 17 од 18 · Околу 21 минути

Читај на English

- Зошто македонските борци не застанаа во од- брана на тие 12- мина? Зошто не го дигнаа својот глас во нивна одбрана? Та не беа малобројни. Зошто не се спротив-ставија? Зошто? Кому повеќе веруваа? Зошто тогаш таму во Бурели кога ги тераа на импровизирана бина и на сет глас Захаријадис и неговите – редум, еден по еден, по име и презиме, ги прогласија за предавници и шпиони, никој од нас не застана во нивна одбрана? Зошто тогаш и потоа, додека тие беа во сибирските логори, пак никој не изрече збор во нивна одбрана, никој не праша каде се и дали се живи? И зошто по нивното излегување од логорите, пак никој не праша каде се и како живеат? Зошто тие, сега ослободените и очистени ( рехабилитирани) не отидоа кај поранешните борци и меѓу луѓето, меѓу народот нека биде речено, што го собраа и пратија во бој, велејќи дека ниту еден Македонец и ниту една Македонка да не остане надвор од борбените редови? И кај едните и кај другите што ли се случи и се случуваше во нивните души и мисли, што ли се случи и се случуваше во мислите на тие прекалени борци, па и кај оние малодушните, кои за жал таквите секогаш и секаде ги има? И таму во Ташкент продолжи борбата со душите, со духот, против себе и против сите. Таму во Ташкент не престанавме да се прашуваме зошто тие по излегувањето од Сибир, не најдоа храброст да се појават пред поранешните борци, сега работници во советските заводи, во фабриките на Чехо-словачка, Унгарија, Романија и во Полска? Зошто го оставија тој простор празен, а Захаријадис го пополни со новопроизведени и пак нему верни македонски кадри?

Зошто први се вратија во Скопје, а не со последните од народот, што го поведоа?

Се сместија - ги сместија - во Алма Ата, главниот град на Казахстан и таму цело време мислеа како и што побрзо да се вратат во Скопје. Први се доселија во Скопје, добија високи државни функционерски места. Лазо не ги заборави, не ги заборавија и тие во Белград, и овие не го заборавија Лазо и тие во Белград.

Така е со старите пријатели. Да паметиш, да не заборавиш. Токму така.

А тука во Скопје, одново се судрија противни- ците. Едните за другите велеа дека се дезертери, а другите дека се предавници. И така живна загноената заемна омраза меѓу едната и другата опција на тие кои се само-нарекоа бранители и душегрижници на Егејците, како што сами се нарекоа и ги нарекоа и тие во чие заблудување беа замешани нивните прсти и никој не прифати и не почув-ствува грижа на совеста, а рамнотежата меѓу двете скарани страни – грижливо ја чуваше Лазо, кој лично водеше сметка неслогата да не се претвори во кошмар.

А кој и зошто ја создаваше таа неслога?

И едните и другите, присобираа приврзаници со ветувања за подобри работни места, за побрзо добивање стан, избор на постојан престој. Оној кој не сакаше да влезе во едната или во другата дружина - остануваше на празната страна...

И се до судниот ден и едните и другите не најдоа заедничко место на националната софра и за навек се разделија без заеднички збор. Како да не се работеше за илјадит народ разнебитен и со нивна заслуга, туку за лична навреда. И едните и другите си велеа дека се вистинското раководство и постојано се караа. Меѓу нив никогаш не провеа ветерот на помирување.

До судниот ден се клеветеа и се плукаа на растојание и никогаш не си подадоа рака...

Во нивните мисли и однесување вриеше вгнез-дената и длабоко вкоренета македонска неслога и омраза, нетрпеливоста и разединетоста. Секој на свој начин делеше вистина, а вистинската вистина никој не сакаше отворено да ја каже...

И кога сме кај Егејците не сакам да го заборавам и ова. Прво така се нарекоа тие, кои беа на меко. Мислам на тие кои станаа Југословени, ама за да има разлика, се нарекоа или ги нарекоа – Егејци. Не Македонци од другиот дел на Македонија, туку Егејци.

И дали по своја волја и убедување или по потреба и барање на власта, централната и локалната, си создадоа здружение на Егејците и читаа весник “ Глас на Eгејците”, и се собираа во клубот на Eгејците, и се грижеа за Егејците сместени во селата околу Скопје, Битола и Куманово, па и за тие во Војводина, ама се дотогаш до кога грчкиот крал Павле не одлучи со воз да оди во Белград и тоа преку Скопје. И, услови Павлето, ќе одам во пријателска Југосла- вија, кај славниот маршал, мојот пријател, ама тие Егејците со се весник и со се клуб и здружение да ги снема. И додека татнеше возот од Гевгелија до Белград и обратно, Егејците – беа заштитени едни во Идризово, други во Матка, а трети дури на Солунска Глава, што подалеку од Скопје. Останатите – по селата околу Скопје и дома да си седат и да не мрдаат се додека возот со драгиот гостин и пријател кралот Павле не протатни низ Скопје. Дали така сакаше кралот Павле или на властите доста им беше веќе од Егејците, не знам. Можеби и едното и другото? Што велиш, ти? А Лазо, умен човек, држеше рамнотежа. Им годеше и на едните и на другите. За него ниту едните беа потешки, ниту другите полесни. Можам само да верувам дека нему му беше најтешко со тие егејски групашења, кои и денес ги има со нивните грижи за браќата и сестрите Егејци.

Така беше. И гледај за да видиш. И едните и другите брзо станаа заштитници на Егејците кои се пресе-луваа од СССР, Полска, Чехословачка, Романија и Унгарија и првите и наредните денови по пристигнувањето ги поминуваа во Идризово не за да одморат по долгото патување, туку на распит за да откријат меѓу нив агенти.

Така, како таму во земјите каде што бевме меѓу нас бараа југословенски, како што велеа титови шпиони, така сега во Идризово меѓу нас бараа советски и други шпиони.

Шпиони сигурно не најдоа, но кодоши не само што најдоа, туку и ги размножија. И таму во земјите на народната демократија и тука во Идризово. И кога ме испрашуваше иследникот, јас му реков:

- Добро, бре другар, тој и тој, кои најмногу викаа против Тито, против Југославија и Колишевски, први ги примивте...

А знаеш што ми рече иследникот? Вака ми рече:

- Точно е дека тие таму викаа против, ама тука ќе викаат за. Ти таму си молчел и тука ќе молчиш..., туку на распит за да ги откријат меѓу нив агентите. Па некои од големите душо - грижници вработени во УДБА, дали од не искуство или од убедување, мислеа дека сите кои се доселуваа, се агенти. Мислеа или така им велеа да мислат?

И тогаш, таму во Идризово, му велам на иследникот:

- А бре другар, па тој и тој таму најмногу викаа и ја клеветеа Југославија и го пцуеја Тито и први ги примивте... А тој ми вели:

- Точно е, тие тогаш таму клеветеа и викаа против, а сега викаат за. А ти таму молчеше и тука молчиш...

Онемев...

Така тој ми рече, а јас си дофрлив - секоја власт секогаш и секаде во своите раце си има чигри...

Така беше...

А ние, осакатените, кој со една нога, со една рака, со по две и три дебели лузни на телото од раните добиени во граѓанската одевме и кај едните и кај другите за да ни се потпишат под изјавата дека бевме учесници во НОБ и во ДАГ и тие со нивниот потпис одлучуваа ќе добиеме или нема да добиеме боречка пензија.

Таков ни беше патот...

Лажам ли?

Нека докажи некој дека не беше така...

20.

Тот ураган прошел. Нас мало уцелело.

На перекличке дружбы многих нет...

С.Есенин Вчера си отиде B. Денес го испративме Д. Така велиме за тој ( тие) со кој ( кои) заедно бевме во строј, во долгите ноќни маршеви под дожд или снег, во рововите и бункерите, во влажните и студени земјанки, на боиштата и заедно долги години ја голтавме горчината на поразот, искоренувањето и туѓината. Не велиме почина, не велиме умре. Велиме отиде... Ако речеш отиде, тоа ти е како да има надеж дека ќе се врати... Со мачнина го слушнав говорот што го одржа другарот од одборот на борците.

Многу убаво зборуваше. Само пофални и големи зборови.

И додека тој зборуваше, мене во умот, како пчела околу главата, ми се вртеше прашањето – зарем човекот треба да умре, треба да го снема од овој живот, та за него да се зборува само убаво? Колку озборувања, клеветења, па кодошења доживеа додека беше жив? Зарем никој од нас и од тие кои си отидоа немаше греови? Зошто ли тогаш кога не е во состојба збор да изусти и само минути го чекаат за да биде покриен со земја, му велиме дека бил најдобриот?

А кога се враќаме дома, тогаш почнуваме да ги оддиплу- ваме спомените и да го наоѓаме него и сите негови лоши и добри страни. Што преовладува? Добрината кај Н. ја нема-ше зашто цел живот и таму на боиштата и во туѓото и тука беше само кодош. Не кодошеше и добро му беше. А која власт може да опстане без кодоши? Тие како да се еден од нејзините столбови.

Многу добро, би рекол одлично, го познавам и Г.

Заедно се вративме во Грамос и бевме распоредени во истиот вод. Тој доби германски автомат, а мене ми това-рија пушка. Англиска. Заедно јуришавме, бегавме, се криевме, па фаќавме нови позиции, заедно јадевме со иста лажица од една порција, се покривавме со исто ќебе. Да, многу работи ни беа заеднички. Види, бога ти, треба човек да умре, па дури тогаш почнуваат неговите познати да го откриваат неговиот карактер и празнината што остана.

Некни пак бев на гробишта. Погребот помина тивко, без говори, без плачење, скоро во молк. И овој беше наш, иако анатемисан. Така некако на брзина фрливме шепа земја врз мртовечкиот ковчег и уште не покриен, се разотидовме.

На последниот состанок на општинскиот одбор не дојде, а секогаш беше меѓу првите. На пат за клубот го стегна левата страна од градите, се наведна, барајќи да се потпре врз нешто. Полека се наведнуваше и одеднаш се струполи на замрзнатиот плочник. Намерниците го внесоа во најблиската порта и некој поита да повика брза помош.

Смртта беше побрза. И отиде. Го испративме со целиот блесок на големите зборови. За неговите пороци не реков-ме ниту збор. Така тој отиде под земја очистен. Чист како кристал. А пред тоа што ли не се зборуваше! Се најлошо!

Сега се поначесто се сретнуваме на плоштатчето пред капелата. Види како дојдоа работите. Некогаш камба-ната од селската црква го најавуваше умирањето на човека.

Независно дали бил роднина, пријател, познаник. А сега наутро – дрн – телефонот и телефонската слушалка ќе ти ја каже лошата вест. Или ќе отвориш весник и сликата на роднината, на пријателот... И ти велам, дека се поначесто се собираме на плоштатчето пред капелата и се помалку не има. Некогаш калеши, исправени, сега белоглави, потсвит- кани, ќелави, згрчени, потпрени на патерица. Се поздраву-ваме и се прибираме во групи. Така тука пред капелата се создаде некаков обичај да се прибираме во групи. И на патот до последното почивалиште, па и таму, пак стоиме во групи. Ама не... тоа не се групи. Тоа се остатоци од водови, чети, баталјони, бригади. И зборот ни е околу тоа како поминавме на Грамос, па на Вичо и ројот битки и маршеви и загинати и ранети и патот по кој поминавме, та стигнавме во Ташкент и од таму до тука, како поминавме во болниците во Југославија и во Албанија, во Полска и Романија, во Унгарија и во Германија каде најчесто ги менувавме протезите, како си поминувавме во санаториу-мите и превенториумите во тие земји, како таму работевме и што заработивме... Така го одмотуваме клопчето на нашата судбина од младини до старини.

И слушаш некој малку погласно ќе изусти – ете отиде уште еден од нашата чета, нашиот баталјон, нашата бригада. Тогаш, таму во планините не велевме – загина или се уби, туку јуначки падна... Ако речеш падна, тоа ти е како да има надеж дека ќе стани... Да... Тогаш и пркосевме на смртта со нашата голема и неограничена вера во победата. Многу, премногу верувавме и не можевме да си замислиме дека можеме да бидеме победени иако од секоја битка се враќавме поразени. Млади бевме и верувавме.

Дали бевме вежбани во верувањето? Сигурно. Војнилакот е вежба како да убиеш и како да не бидеш убиен. Во тоа вежбање растевме. Секој погреб таму во планините почну-ваше и завршуваше со повици за победа, а одењето на соборецот беше само празнина во стројот, во ровот, во земјанката, во редот кога стоевме пред казан. Ете, сега, стоејќи пред капелата и чекајќи да го изнесат ковчекот, се потсетуваме за тие времиња невремиња. Сега секој погреб, би рекол секое одење на наш другар, не собира тука, на испраќај, а испраќањето не е само испраќај, туку и потсету-вање и будење на многу размислувања. И во тоа има многу мрачнина. И денот и ноќта ни станува помрачна и повеќе мрачнина и мачнина се собира и боли чемерот. Здишани се сретнуваме пред капелата и стоиме во групи ние од 102, 103, 105, 107, 18 и 14 бригада и сите други единици. Се поначесто се појавува таа мрачнина, небаре е сенка од светлина што трае. Не се гледа, ама тука е, се чувствува. И пак ќе слушнеш – ете, отиде уште еден наш од 102, 103, или 105 или 107 или 18 и 14 бригада.

Си одат полека. Дрн наутро телефонот и слушал-ката ќе ти шепне – си отиде П. И во одговор велиш – ќе се видиме пред капелата.

Еден по еден и се помалку не има нас дедовците на Маријан, Ангелина, Марија, Жаклина, Џони. А тие, кои си одат, заедно со себе си ги земаат и имињата на своите дедовци и баби. Потплакуваат Жаклина, Марија и Марина, Валентина и Маријан и Џони и Виктор... Се помалку ги има внучињата со име Кире, Крсте, Трајанка, Петранка, Трајче, Велика, Севда, Флоринка, Цвета, Душанка...

Намуртени се враќаме. Ако времето е убаво и нема дожд и не е зима, седнуваме на клупите пред зградите и во разговор си ја враќаме младоста што ни одмина во граѓанската и по тие земји далечни. Ја враќаме младоста на една цела осакатена генерација и си разговараме за пора-зените надежи и стремежи и во грлата секој изречен збор ни горчи. Околу нас си играат, си трчаат внучињата, некои се тепаат, плачат, се смеат. И по некој ден ќе видиш дека на клупата има едно празно место. Се разѕвонуваат телефо-ните и другиот ден на собир пред капелата. Таму пак ние кои останавме од 102, 103, 105, 107, 18, 14 бригада... И приоѓа некој и вели – отиде уште еден од нашата чета. И прашува – како е тој и тој?

Тука, пред капелата, се пребројуваме и секоја средба за некој е последно видување. И ми заличува на враќање од борба – тогаш се пребројувавме. Толку загина-ти, толку ранети, толку останати во стројот. И тогаш и сега не има се помалку. Полека, нечујно, тивко, се трошиме, си одиме кај другарите...

Ковчегот е ставен и колата поаѓа и ние зад неа тргнуваме молчаливи на почетокот, а како што се должи патот до последното почивалиште, се погласно се слуша крцкањето на протезите, некои подзастануваат да земат подлабок здив, други се поддржуваат под рака и така почнува нов разговор за тоа што беше наша младост во времето – невремето. Клук- клап, клук-клап – протезата на Павле, клап- клуп – клап-клуп – протезата на Лина и вијат и викаат мислите, бура во главите, оган во градите. Мрак пред очите. Ден е на жалост и во него нема бодра светлина, се влечеме под нејзината сенка. Криви, свиткани, боле-жливи, чекориме во маршот зад другарот од 102, 103, 105, 107, 18, 14 бригада.... А тој си лежи исправен и некако смален. И никој од нас не мисли дека и тој утре вака ќе биде испратен и дека можеби ова тивко чекорење зад црната кола покриена со цвеќе ќе му биде последниот марш од многуте маршеви. Тивко, полека, кроце чекориме, чиниш секој е внесен во чекорите од долгите ноќни маршеви под дожд и снежни виулици и намети. Таму ни се мислите... во долгите маршеви по планинските беспаќа.

Сега не сме во строј, а чекориме како да сме во строј... И тивко некој ќе потпраша – а паметиш ли? Паметам – одекнува тивок шепот... И така чекориме и знаеме дека никој ништо не заборави...

Како одблесок се нижат деновите и ние се враќаме со мислите на боиштата, во туѓината, се враќаме во тоа наше постоење таму и тука, во нашето вчера и денес и не поткачува прашањето – а утре чија слика ќе се појави во весниците и чие име ќе го слушнеш во телефонската слушалка?...

Велиш ми затрепери гласот? Не затоа што сега ми е слаб, тивок, одвај чуен. Пак ми е силен и позрел и поумен. Гласот може и треба да е поумен. Дали одам на гробишта? Одам. И одејќи се присетувам дека таму на Копанче, Харо, Бухеци, Орлето, Полената, Лисец, Баро, Јамата, Чука, Чарно и каде ли уште не, гробовите на паднатите не се разликуваа еден од друг. Сега, по толку изминати години, кој ќе им го најде местото? Сакаш да ги најдеш, оди таму во планињето. Плитко ги покривавме со земја, а и поначесто само со гранки. Без свеќа и без крст и име врежано во камен, а имињата најмногу им се живи во споменот и болката на роднините и запишани се во тефтерите кои на архивските полици ката ден ги гризе прашина. Таму сите се исти. А тука, на овие гробишта – се разликуваат. Врз едни мермерна плоча од бела побела, од црна поцрна, од дебела подебела, од светлива посветлива и венци од големи поголеми и букети цвеќе од убави поубави, врз други обична бетонска плоча, а земјата иста и црвецот ист...

Понекогаш само присакувам да одам, зашто и здравјето понекогаш заслабнува. Не често, ама времето, годините... одам јас на гробишта, по пат купувам свеќи и евтино цвеќе – со делче од пензијата - и седнувам јас покрај гробот на другарот или другарката од стројот и си прикажуваме. За денес и за вчера. Најмногу за вчера.

Прашувам – паметиш ли кога врз нас се истури снежна бура? Во долга редица, еден зад друг, го газевме снегот и над нас светеше полна месечина. И наеднаш од горе, од планината се слушна бучава и како облак слегуваше надолу. Се растуривме на сите страни. Кога се собравме, меѓу нас во стројот немаше шестмина. Останаа тие под снегот, а ние го продолживме маршот. Цела ноќ одевме...

Прекинувам, молчам и во молкот го слушам одговорот. А во него во говорот велам, што има? Од се по нешто – и болка, и јачење, и извици ура, радост и плачење... И пак тоа постојано прашање – а паметиш ли? Да, треба да се памети, да се памети зашто во паметењето сме такви какви што бевме... А ако не се памети, значи не сме биле... запиши дека сме биле такви какви што сме биле.... само не пишувај дека сме биле малодушни, зашто такви не сме биле;

запиши дека сме биле премногу верни и премногу измамени, но истрајни и цврсти... така запиши...

Си прикажуваме ние за нашата младост и во тоа прикажување наоѓаме и двајца наши кои јабана загинаа.

Насмевките и намигнувањата што си ги праќаа, ги платија со животите. Забрането беше момче да сака мома и мома да возвраќа. Цела ноќ во црквата им се судеше и на сабајле, во бели мугри ги стрелаа надвор од селото. Ја стрелаа нивната љубов. Ја стрелаа љубовта за да ни биде моралот посилен!

А има ли нешто посилно од љубовта? Паметиш, му велам, кога поминавме еднаш покрај местото на стрелањето, како се одделија неколку наши и набраа полско цвеќе и го растурија таму? За кого беше цвеќето? За мртвите или за љубовта? Молкум и скришум од куршум си ја браневме љубовта. А паметиш, му велам, како беше стрелана дамата од костурската јавна куќа. Ја пратија во нашата единица тие од таму за да ги кодоши момчињата, дека и барале, дека сакале да ја имаат, дека и предлагале. А нашите од командата не собираа на ноќни судења и им судевме – смрт. Не издржа дамата глад и студ и удри да бега. Ја фативме на бегање и призна кој ја прати. Лично во неа го истурив целиот шаржер и мртва ја плукнав кучката.

Наредниот ден ти си го стрелал момчето кое беше осудено за кражба на парче леб. Не одрекувај, му велам, ти си го стрелал по наредба. А наредбата беше да не си изразуваме љубов, да не крадеме, зашто ние бевме народна армија, излезена од народот, така ни велеа. И како народна армија да не бараме леб од селаните и многу гладувавме. Паметиш ли, му велам, како пролетта 48, кога зазелени тревата, кога набабреа пупките, како јадевме трева и собиравме пупки?

Чекам одговор и го наоѓам во молкот...

Така беше.

И ти велам дека сега поретко одам на гробишта.

Вијат болките во нозете и колковите, ама и покрај тоа јас ги посетувам, си прикажувам за тоа што заедно го изми-навме и им кажувам за тоа како е денес. Потоа им кажувам дека вчера тука го донесовме тој и тој, а тој е во болница, оној прилегнал и ретко станува од кревет, а другите се здрави.

Дали се собираме? Се собираме на роден денови на внучињата, а мажите откако ќе ги донесат покупките, ќе појадат и до пладне бистрат политика во кафеаните.

Чепкаат во тоа што го поминале по планињето, без престан ги бараат виновниците за изгубената рака, нога, големите лузни, за опустошените села и уништените куќи, за осака-тените и загинатите, за изгазената верба и лажните вету-вања, за удолницата што ни ја направија многу стрмна и по која се уште не сопираме... Потоа се враќаат намуртени, налутени и пцујат и се караат, велејќи кој чини, а кој не чини. Му кажувам и за многу други работи што самиот ги знае, ама не ги гледа и не ги слуша.

И така скоро си отидоа сите командири. Тие, нашите, со пониските чинови, тука се, а тие со големите чинови кои никогаш не биле ранети во бој, си отидоа дома, во Грција. Добро се сместија таму, државата против која се бореа не ги обвини, за една рецка подолу им ги призна чиновите макар што војнички беа неуки и објавија книги за тоа како ја поминале граѓанската. И во тие книги заемно се плукаат, се валкаат, се клеветат, тврдејќи дека сите се криви освен нив и дека ако другите би правеле така, како што тој мисли сега, победата ќе била наша. Тогаш кога командуваа со нас, да ми велеше некој дека тие се многу расипани луѓе, ќе им пукав меѓу очи. Многу им верувавме.

И верувавме и на партијата, а најмногу на водачот.

А таа, партијата, се откажа од нас. Главниот рече дека не постоиме. Во парламентот гласаа дека за да се вратиме дома, треба да не бидеме ние, туку такви , какви што тие сакаат да бидеме ние. А водачот се обесил во Сибир и мртов го вратија во Атина. Пред тоа, некој кој го заменили со Тодор Живков си потпишале некој договор сите ние Македонците да сме се преселиле во Бугарија.

Отидоа некои и брзо се разочараа. И ни праќаа писма во кои ни пишуваа дека ги растурија низ цела Бугарија и дека тој кој нема да потпише изјава дека не е Бугарин, тешко дека ќе добие стан и работа што прилега на неговата професија и образование.

Им велевме да не одат. Да почекаат, да се средат работите и ќе се преселиме во Република Македонија. Си велевме и таму ќе наидеме на тешкотии, ама никој нема да не тера да не сме Македонци.

Пред шеесет години заврши војната.

И по секоја војна луѓето се враќаат дома. Се враќаат обезбедомените за да се одомат, се збираат расту-рените, се пребројуваат, чекаат, се надеваат, долекуваат рани, доболедуваат болки, вртат стари фотографии, се присетуваат, намнисуваат, спомнуваат. Одново создаваат живот врз старите дамари на темелите...

Само ние по таа војна не се вративме дома... ни ја зедоа нашата дома, ни ги зедоа нивите наши и ливадите наши, и лозјата наши и бавчите наши ни ги зедоа... и луѓе туѓо дојденци сместија во дедовите огништа наши... Луди, безумни и неразумни времиња и во нив и луѓе кои од туѓата болка си направија широка и мека постела распо-слана врз тој тежок и ужасно болен, страшен и уништу-вачки удар што не раздроби, откорна и разнебити...

Така беше. Да се памети. Треба да се памети...

Тоа беше наше време, наша мака, наше страдање, наше верување, наш пораз... Да, наш, тежок, страшен пораз што не уништи, не здроби, не искорени и не витоса... Кој може и како да и се суди на непромисленоста?

Што може да те спаси од слепа непромисленост и од глава наведната пред други која својот народ го поведе кон негово искоренување?

А за поразот, колку и да е тежок, треба да се зборува и да се памети... Барем заради умење...

Телефонот ли ѕвони?

Да. Од другата страна ми рекоа дека си отиде Ј.

Од 105 бригада. Му реков –ќе се видиме утре во дванаесет пред капелата.

поговор На враќање во Македонија неодминливо патот не води низ Перењас и во бележникот бележиме дека Прењес сега не е тој Прењес што беше пред шеесет години – место на болка и плач, место на секојдневно битисување, на исчекување и безнадеж...